Блекаут

28 June 2011

Глобал војсис за протестите против полициска бруталност во Македонија


Постов е достапен и на
- македонски на Блогерај: Глобал војсис за протестите против полициска бруталност во Македонија
- English: Global Voices Posts about Macedonian Protests Against Police Brutality

Ова е обид да се документираат сите постови за протестите против полициска бруталност во Македонија кои се појавиле на разни јазици на Глобал војсис, почнувајќи од 6 јуни – до денес во 12 ч.
Англиски | English
Грчки | Greek | Έλληνικά
Француски | French | Français
Шпански | Spanish | Español
Кинески – традиционален | Chinese Traditional |  繁體中文
Кинески – поедноставен | Chinese Simplified | 简体中文
Унгарски | Hungarian | Magyar
Малагашки | Malagasy
Бангла | Bangla | বাংলা
Португалски | Portugues | Português
Корејски | Korean | 한국어
Македонски | Macedonian

13 June 2011

Филмови за протестирање и заташкани убиства

Предлог за неколку филмови што би биле интересни во контекст на протестите околу смртта на Мартин Нешковски и општите напори за демократизација на земјава преку разбивање на монополот на партиите и овозможување граѓаните да земат индивидуално учество во политичкиот живот.

Може да си ги гледате и на само, во друштво, а не би било лошо и да се видат на телевизија, може ќе поттикнат некоја сива мозочна клетка да проработи, што би рекол Поаро (лик на Агата Кристи)

Црвена прашина (Red Dust, 2004)



Хилари Свонк глуми адвокатка која од САД се враќа во Јужна Африка каде што зема учество во расчистување на случај на полициска злоупотреба на овластувања, односно мачење и убиство на противници на режимот во времето на апартхејдот. По воведувањето демократија во оваа земја се воведени Комисии за вистина и помирување, преку кои е спроведен процес на дознавање што всушност се случувало, заедно со доделување амнестии на злосторниците... Филмот добро го објаснува процесот кој веројатно би било добро да се спроведе во секоја земја после трауматични периоди, заедно со масовно психолошко советување/психијатриско лечење.

Ганди (Gandhi, 1982)



Кога го прочитавте насловот, веројатно прво ви текна на овој филм, кој често се прикажува кај нас. Бен Кингсли одлично го има одглумено Ганди, човек кој ненасилството го претворил во сила со која овозможил ослободување на својот народ, но не успеал да ја спречи неговата поделба по религиозна основа... За протестанти, поуката на овој филм е за истрајноста и дисциплината, како и важноста за добри односи со јавноста и особено, со самите новинари - од било која страна.

Малколм Екс (Malcolm X, 1992)



Дензел Вашингтон бриљира во улогата на еден од поконтроверзните водачи на движењето за човекови права во САД. Филмов исто така дава нагласок на дисциплината на која треба да бидат обврзани членовите на едно движење што има намера да предизвика промени во поларизирано општество.

Кои филмови вие би ги препорачале на вакви теми?

09 May 2011

Грција: Документарецот „Долгократија“ достапен на англиски


„Долгократија“ (анг. Debtocracy), документарен филм на Катерина Китиди и Арис Хаџистефану за причините и можните решенија на грчката должничка криза, од 6 мај може да се гледа со англиски превод.

Филмот, кој до тогаш наводно имал над 1 милион гледања, е дистрибуиран под лиценцата Криејтив комонс наведи извор-сподели под исти услови 3.0. Овој „документарец чиј продуцент е публиката“ е направен со 8.000 евра надокнадени преку мали донации (грчки) од индивидуални граѓани и синдикати. Содржи споредби со случаите на Аргентина и Еквадор.

04 May 2011

Предизвиците на современото новинарство во дигиталната ера

Денес и утре Амбасадата на САД во Скопје организира конференција на тема „Предизвиците на современото новинарство во дигиталната ера“ (вести).

Хаштаг на твитер за настанот е #goingD - виџетот во Јаваскрипт за пренос на твитови во живо не функционира во рамки на пост и на Блогерај и на Блогспот. Плус, Зоран Ричлиев обезбедува и лајв-стрим во моментов.

Утре заедно со Сеад Џигал ќе презентираме на сесија посветена на блогирањето и анимирањето на јавноста преку веб.

03 May 2011

Нова шема за крадење лозинки од Фејсбук по е-пошта

Пример како да се постапи во врска со нова шема за измами преку интернет, а во врска со Фејсубук.
Пред некој ден ми се јави една пријателка која ме праша:
Добив утрово мејл од Фејсбук со предупредување дека од мојот акаунт е пуштен спам и ми ја менуваат лозинката, а новата ми ја праќаат во истиот мејл како атачмент. Сè уште ништо не сум презела, ниту го отворив атачментот, зашто се секирам да не е некоја ујдурма.
Како да постапам, совет? До сега не сум имала вакво искуство со Фејсбук.
Бидејќи ова навистина изгледа сомнително, за да провериме дали лажат прво ја прашав да се логира со директно впишување на адресата www.facebook.com во разгледувачот да провери дали нејзината „стара“ лозинка функционира. Значи, да не клика линкови во пораката и да не го отвора атачментот.
Испадна дека лозинката функционира. Со оглед на тоа што се покажа дека содржината е лажна, ја посоветував да не ја послуша. Претпоставувам дека
  • кога се отвори атачментот тој наведува да се отиде на страница кај што ќе ја побара „старата“ (т.е. важечката) лозинка, по што автоматски се логира на Фејсбук со неа во позадина и прави некои лоши работи
  • или пак со кликањето на атачментот корисникот без да знае дава дозвола да се активира скриено програмче што ќе му украде некои податоци од компјутерот или ќе му инсталира нешто лошо.
Ваквите пораки се форма на фишинг и најдобро е одма да се бришат.

20 April 2011

Анкети со мноогу различни резултати: телефонски наспроти теренски

Една од актуелните дискусии што се води на Твитер е врз основа на прашањето од @banekoma:
#kakotoa 2 анкети со апсолутно различни резултати :)
1. Анкета: ВМРО – ДПМНЕ убедливо пред СДСМ [28% : 12%, Курир]
2. Анкета: ВМРО-ДПМНЕ 22% : СДСМ 20% [Прес 24]
#samovomk
Под претспоставка дека обете анкети се без штелувани бројки, сепак може да се добијат различни резултати поради тоа што едната е анкета е телефонска, другата е направена теренски.

Телефонските анкети се прават преку фиксна телефонска мрежа. Има општествени слоеви за кои плаќање на фиксна телефонска претплата е луксуз. На пример со појавата на релативно ефтини припејд мобилни опции, посиромашните граѓани на РМ масовно се откажуваа(т) од нивните фиксни броеви. Според извештајот на Кулен интернешнал од декември 2010 г. објавен на сајтот на АЕК, стапката на „раст“ на фиксна телефонија во Македонија била негативна. Во јануари 2005 г. имало 29,21 фиксни телефонски линии на 100 жители, а во јануари 2010 г. – 20,56, скоро една третина помалку.

Наводно, ова особено е присутно во поруралните средини. Така, анкетата што се базира на јавување на луѓето  на фиксен телефон не е доволно само да праша ист процент на населението како онаа со анкетари по куќи, туку би морала да содржи дополнителни механизми за да се обезбеди репрезентативност на примерокот  од населението што воопшто (веќе) не користи фиксна телефонија. Ако не го зеле тоа предвид, ќе имаат разлики од реалноста. И за претседателските избори имаше примери политичари кои повеќе се насочени кон руралното население да „изненадат“ со повеќе добиени гласови во однос на анкетите.

Второ, постои разлика и во комотноста при одговарањето – веројатно има прецизна психолошка формула како да се опушти испитаникот, ама мислам дека кога некому му се јавуваат дома по телефон тој е свесен дека некој може да ги поврзе неговите лични податоци (тел. број од кој може да се дојде и до име и презиме и адреса) со политичката определба и одговара повнимателно. Поради политизираноста на нашето општество и реалните влијанија на личната и семејната добросостојба, веројатно дел од идните гласачи би одбиле да одговорат, би се прогласиле за неопределени или би кажале нешто што сметаат дека ќе им користи во случај некој од кого се плашат да има увид во нивниот одговор.

За жал, на веб-сајтот на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања нема податоци за анкетата со објаснување на методологијата. Цитираниот Институт Димитрија Чуповски изгледа како воопшто да нема веб-сајт. Има некоја страница на Фејсбук со тоа име на која како е-пошта за контакт е посочена адреса на Џимејл, што не буди многу доверба. Било кој може да си отвори таква, за буквално 4 минути, што не придонесува за каузата на нивниот кредибилитет.

Во текот на истиот муабет @JankoL посочи пример на позната анкета во САД (анг.) што била утната баш поради нерепрезентативен примерок, иако бил опфатен огромен процент на населението.

16 April 2011

Во врска со резолуцијата на Европскиот Парламент со избришан македонски јазик

Читајќи за разочарувањето на Гуд бајтс од бришењето на придавката „македонски“ од последната резолуција на Европскиот Парламент, се запрашав дали некој од Македонија му кажал фала на пратеникот Чарлс Танок кој се обидел да го спречи тоа.
Потоа му пишав една кратка порака со благодарност за напорот преку неговиот веб-сајт.
Интересно е да се прочита и самата резолуција (има линк до неа малку подолу на страницата со известување за гласањето). Делот кај што наводно го замениле македонски јазик со официјален…
19.  Underlines the utmost significance of ensuring that the education system supports ethnic integration; to this end, welcomes the strategy of integrated education and calls for its swift implementation, amongst other things by phasing out segregation on ethnic lines and increasing the learning of all the official languages in the former Yugoslav Republic of Macedonia; calls on the government to improve the process for consulting the different communities and to cooperate with them closely in implementation of the strategy;
…како да изгубил смисла без точното одредување. Нејасно е дали сакале да препорачаат учење на македонскиот за граѓаните на кои тој не им е мајчин, оти само тој е официјален на целата територија.
(На локално ниво официјални јазици се и оние кои ги говорат над 20% од жителите, или тие што решила општината да ги воведе. На пр. Гостивар има под 20% Турци, ама и турскиот е официјален, по решение на Советот на општината. За учениците кои се припадници на поголемите етнички заедници, официјални јазици во државното образование се нивните мајчини јазици – македонски, албански, турски…)
Или пак бидејќи „сите  официјални јазици“ е ставено во множина, можеби сметаат дека земјата има повеќе официјални јазици и препорачуваат сите да се учат за подобро да се разбираме меѓу себе. Што не е лоша препорака сама по себе, би сакал да можам да одвојам време да научам албански, но тоа нема врска со официјалноста.
Гуд бајтс пишува:
Притоа, парламентот со мнозинство гласови ги прифати грчките амандмани со кои во текстот на резолуцијата, секаде каде што постоеја (јазик, култура, историја, институции…) се избришаа придавките „македонски“. Нашиот, инаку научно одамна потврден јазик, за европската унија стана „официјален“.
Арно ама, зборот официјален јазик не се споменува никаде другде во резолуцијата, во која нема баш споменување на култура, историја, институции во етничка смисла. Ова отвора нова димензија на прашањево, од аспект на тоа што било пренесено за самата резолуција, а што било пропуштено преку леќата на медиумите.
Башка што во однос на историјата и образованието, резолуцијата бара хармонизирање со Грција и Бугарија преку заеднички комитети и прослави на заеднички празници, а во областа на културата поголема грижа околу гробишта, фрески и артефакти „кои припаѓаат на бугарското културно наследство“ кај нас. Има тука разни детали, како ова…
35.  Calls on the authorities of the former Yugoslav Republic of Macedonia and Bulgaria to re-open the cross-border line for pedestrians and cyclists between Staro Konjarevo and Gabrene, in order to improve the section of the Iron Curtain trail between Strumica and Petric;
…и се прашувам дали ги чита цели некој овие документи во РМ, особено Владата и Парламентот, споменати како примарни добитници, заедно со раководството на ЕУ и владите на земјите-членки.

05 April 2011

Како започнала револуцијата во Тунис

Пред неколку дена успеав да го допреведам текстот од првата вест за тоа како започнала револуцијата во Тунис која доведе до далекусежни ефекти и во таа земја и во светот.
Текстот го препорачувам, а е достапен и на други јазици:
Nederlands · Tunesië: Zelfmoordpoging werkloze lokt ongeregeldheden uit
Español · Túnez: El intento de suicidio de un desempleado provoca disturbios
বাংলা · তিউনিশিয়া: বেকার এক যুবকের আত্মহত্যার প্রচেষ্টা দাঙ্গার সূত্রপাত করেছে
Français · Tunisie : Emeutes après la tentative de suicide d’un chômeur
Malagasy · Tonizia: Korontana nateraky ny fikasana hamono tena nataonà lehilahy iray tsy an’asa
简体中文 · 突尼西亚:失业男子自杀引发暴动
繁體中文 · 突尼西亞:失業男子自殺引發暴動
Português · Tunísia: Tentativa de suicídio de desempregado causa onda de protestos
日本語 · チュニジア:失業中の男の自殺未遂が暴動に火をつける
English · Tunisia: Unemployed Man’s Suicide Attempt Sparks Riots

Во текстот се споменува зборот холокауст во неговото изворно значење – „жртва паленица“. Зборот холокауст денес најчесто се употребува како синоним за „геноцид“, бидејќи со тој збор се означува геноцидот на Евреите од нацистите во Втората светска војна, настан кои тие самите си го викаат Шола – оти такви жртви се поднесуваат доброволно, а нивното страдање било наметнато.

Кога веќе споменуваме протести, овој денешен пост на еден нов блог за „најопасните протестанти“ е доста интересен. Колку што можев да видам, се работи за луѓе кои застапуваат најразлични каузи, а ќе беше добро авторот на постот да објавеше и линкови до изворите на фотографиите односно повеќе информации за самите конкретни настани.

31 March 2011

Листата на УНЕСКО за културно наследство

Го разгледувам сервисот ТаргетМеп и наидов на една интересна мапа, за број на членови на  листата на светско културно наследство на УНЕСКО по земја. (Има опција за вметнување во код, па ја испитувам како функционира на разни платформи.)



За нашата суета, не е лошо да се спореди Мaкедонија, која има 1 член на листата, со други земји.

30 March 2011

Најкоментирани написи за Македонија на Глобал војсис

Ми се виде интересно да ѕирнам кои написи за Македонија што во последниве неколку години биле објавени на Глобал војсис онлајн се најкоментирани. И тоа на „главната“ англиска верзија, што ја читаат луѓе од цел свет и служи како основа за преведување на разни јазици, меѓу кои и македонскиот и албанскиот.
Наслов Коментари

Macedonia: Bloggers Discuss NATO Summit and Greece 96
Macedonia: Bloggers Emphasize Need for Open Communication with Greece 38
Macedonia: Online Rebellion Against “Skopje 2014″ Plan 28
The Balkans: “Whose is This Song?” 16
Macedonia: Violent Inter-Ethnic Incident on Skopje Fortress 14
Macedonia: Student Protest Ends in Violence 13
Macedonia: Alexander the Great as Media Bait 11
Macedonia Timeless 8
The Balkans: Byzantine Nostalgia 6
Macedonia: Grassroots Effort to Preserve Folk Music Online 5
Macedonia: Early Elections Imminent, Date Uncertain 5
Macedonia: Sakura – Cherry Blossom Cebration in Skopje 5

07 February 2011

Делата на Вито Волтера и Ф. Скот Фицџералд влегуваат во јавниот домен

Еден од настаните со кои на европско ниво беше прославуван Денот на јавниот домен беше организиран од Центарот НЕКСА при Политехничкиот универзитет во Торино на 22 јануари 2011 г. Тема на настанот беше значењето на влегување во jавен домен на делата на двајца автори кои умреле во 1940 година: научникот Вито Волтера и писателот Френсис Скот Фицџералд.

Законите за авторски права и во Италија и во САД со навршување на 70 години по смртта на авторот го „враќаат“ делото на јавно користење, при што наследниците или оние кои во меѓувреме биле носители на правата веќе немаат можност да го ограничуваат нивното користење. На пример, сега било кој може да ја реиздаде книгата „Големиот Гетсби“, да објави нов превод, или да направи нов филм базиран на неа, без да има потреба да бара дозвола или плаќа било каков надоместок на семејството на писателот.



Манифестацијата Ден на јавниот домен има за цел да овозможи на јавноста да осознае кои сè дела ’и станале целосно достапни во текот на претходната година, со цел да се овозможи забрзан културен развој. Застапниците на движењето за слободна култура сметаат дека ниедно дело не може да се создаде без авторот да „позајми“ елементи од „неговата“ или светската култура, така што престанокот на ограничувањата за слободна употреба од други во иста смисла го сметаат за „враќање“.


Проф. Хуан Карлос де Мартин, координатор на мрежата КОМУНИЈА во рамки на која е основан Денот на јавниот домен смета дека првата прослава во Италија е многу важна бидејќи...
„...јавниот домен е од суштинска важност за нашиот културен и економски живот. За жал луѓето не знаат што е тоа и зашто е важно, затоа и ја организиравме оваа прослава - да им кажеме на луѓето дека тоа се дела што може слободно да се користат. Со цел да го направиме тоа поопипливо, одбравме два автори... и им раскажавме на луѓето за нивниот живот и дело. Со цел да им помогнеме да сфатат дека сега може да ги користат овие прекрасни дела на било кој начин... Планираме вакви прослави да одржуваме секоја година за да ја зголемиме свеста за јавниот домен.“


Во текот на прославата во Торино, Примавера Де Филипи, претставник на Фондацијата Отворено знаење, која има докторирано на тема авторските права во дигиталната средина, го изјави следното:
„Важно е да се промовира јавниот домен, да се информира и сензибилизира населението за богатството на европското културно наследство. Јавниот домен служи како потсетник дека секоја година, нова група дела од културата стануваат достапни за користење и реискористување. Овие дела ја претставуваат основата на нашата заедничка култура и се елементи од кои се произведува нова култура.“

Проф. д-р Вито Волтера (1860-1940) бил италијански математичар и физичар, познат по придонесите за математичката биологија и интегралното сметање, како и како борец против фашизмот. Во 1931 година бил еден од само 12 од вкупно 1250 професори кои одбиле да ја дадат обврзната заклетва на верност на режимот на Мусолини.

Писателот и драматург Френсис Скот Фицџералд (1896-1940) е најпознат по книгата „Големиот Гетсби“ (1925) која се смета за класик на американската литература. Прогласена е за една од стоте најдобри книги на XX век и има големо влијание на популарната култура и преку други медиуми, особено филмот со Роберт Редфорд од 1974 г. Пример за ова влијание е и фактот дека во Радовиш има пицерија наречена „Гетсби“.

Во Македонскиот правен систем јавниот домен не е екплицитно дефиниран како посебна состојба, туку се дефинира индиректно како престанок на важење на авторските права. Како и во повеќето други земји членки на Светска организација за интелектуална сопственост (WIPO), тој престанок автоматски стапува на сила 70 години по смртта на авторот.

За жал, обемот на дела од модерни автори од Македонија кои починале до пред 70 години е релативно скромен, но со изминување на времето растат и можностите. На пример во 2013 година ќе биде овозможена јавна употреба на делата на Кочо Рацин, основоположникот на современата поезија на македонски јазик.

Како дел од напорите за ширење на слободната култура, Фондацијата Метаморфозис настојува во правниот систем на РМ да се дефинира јавниот домен како поим и да се развијат мехамизми за што поголема легална достапност на содржините. Една опција е влегување во јавен домен на сите содржини направени со јавни пари, како што се производите на државните служби и резултати од научни истражувања, како и културни проекти субвенционирани од државата. Овие настојувања се во согласност со активностите на мрежата КОМУНИЈА, меѓу чии основачи се вбројува и Метаморфозис, која работи на оваа тематика на европско ниво.

Метаморфозис е исто така застапник на движењето Криејтив комонс, кое нуди правни алатки – лиценци, прилагодени на националниот правен систем. Со овие „договори за неекслузивно пренесување на авторските права“ индивидуалните автори предаваат дел од своите материјални права на јавноста, под определени услови. Меѓу условите е обврзно наведување на изворот, што овозможува дополнителна промоција, особено на интернет. Еден од корисниците на овие лиценци е најголемата светска енциклопедија – Википедија.

19 January 2011

Борбата со ракот да не се сведува на кампањи

Оригинално објавено на развигор.блог.мк на 17.01.2011.

Самопреглед на дојкитеПред некоја недела ме зачуди веста дека е запрена бесплатната мамографија (Дневник, 8.1.2011 г., мои болдови во цитатот):
Нема веќе бесплатни мамографски прегледи на дојки, иако ракот на дојката е првата причина за смртност кај женската популација во земјата. Од оваа злокобна болест годишно се разболуваат најмалку по 900 жени, а умираат околу 400 кои не ја откриле болеста навреме. Ракот на дојката се открива со рендгенско снимање на дојки (мамографија) кај постарите од 40 години, а токму овој и ехо-прегледот беа бесплатни за пациентките на оваа возраст во изминатите три години.
Но, од 1 јануари годинава, Министерството за здравство ја прекина практиката да обезбедува бесплатни прегледи, со која во изминатите шест години десетпати се зголеми бројот на прегледани – од 3.500 во 2004 година на 35.000 жени што во 2009 се снимале преку превентивната програма. Од Министерството повторно ветуваат бесплатни мамографски прегледи, но дури од 1 јуни.
Веднаш по Нова година, на 3 јануари, и на скопската Клиника за радиологија почнале да ги наплаќаат снимањата на дојките.
- Непријатно се изненадив кога на шалтер ми побараа да платам 350 денари за снимањето на дојките. Не дека немав пари да го платам, но знам дека на сите ѕвона разгласија дека овие прегледи се бесплатни. Таман јас стасав на ред, на шалтерот кусо ми ја објаснија причината со зборовите: „Кампањата заврши!“. Зарем државата кампањски, а не системски се бори со ракот? И како може други кампањи и проекти непречено да продолжат, а на ова да се штеди – реагира 43-годишна скопјанка.
Основно за борбата со било кој вид рак, особено рак на дојка, е раното откривање.
Ако нешто треба да направи Владата, тоа е системски да субвенционира ваков тип прегледи за сите жители на земјава. Неброени пари ќе се заштедат со тоа што тие луѓе ќе останат здрави и продуктивни.
Денес преку Пинг.мк видов напис за вршење самопреглед на дојките. Го препорачувам на сите жени.

13 January 2011

Цените на храна и ние

Преку Пинг дознав за написот на Зорив за растењето на цените на храна на светско ниво. Тој за сега не ме убеди дека дигањето на цените во Македонија е резултат на рипнувањето на цените на светско ниво.

Имено податоците што ги цитира Зорив се последица, а не причина на дигањето на цените во разни земји – меѓу кои и Македонија. И самиот кажува дека на светско ниво се намалила цена на млечни производи – како е кај нас?

Она што е клучно е
  • дали Македонија (како аграрна земја) увезува храна која може поефтино да се одгледува тука,
  • каква е политиката на Владата за земјоделие по тоа прашање?
На пр. ако пченката (од Аргентина) или житото (од Русија) е фактор, зошто се даваат субвенции за тутун, а не за овие култури?
  • Кои други услови треба да се исполнат за да се исполни приоритетот: поефтина и квалитетна исхрана?

04 January 2011

Наполеон во Скопје?!

Овој пост е достапен и на:
македонски на Блогерај · Наполеон во Скопје?!
English @ Razvigor · Napoleon Bonaparte in Skopje?!


Списанието на Кроација ерлајнз (што го делат во нивните авиони бесплатно) има статија за Скопје. Некои од податоците за историјата на градот во неа се прилично зачудувачки.

Статијата за Скопје, како една од дестинациите што ги покрива хрватскиот државен авиопревозник, може да се најде во есенскиот број за 2010 г. на стр. 106-116. Најголем дел од неа е посветен на Мајка Тереза и последиците од земјотресот од 1963 г. Фотките не изгледаат премногу тазе, иако во текстот се споменуваат понови градби.




Остатокот е посветен на историјата на градот, ама добив впечаток дека авторката како да ја избрифирал некој трчила... преголем ентузијаст, што имал желба да ја истакне важноста на Скопје низ вековите, а со малку интерес за вистината. На пример...
  • ...До 1453 година бил престолнина на турските султани...
  • ...Низ таа немирна крстосница на трговски патишта, култури и религии, минувал и Наполеон на патот за Средниот Исток...
Наполеон навистина во 1798 г. водел поход кон Средниот Исток, ама патот го водел по море до Египет, по копно до Сирија и потоа назад до Египет со враќање по море кон Франција. Историјата би била прилично поинаква ако во било која насока поминал низ Скопје, оти тоа би повлекло уништување на Османлиското царство.

Сепак, најголема забелешка имам на следното тврдење од написот:
„Од минарето над Чаршијата и денес се слушаат повици на молитва, живо потсетувајќи на мултикултурното минато“.
Како сегашноста да не ни е мултикултурна, или да нема џамии со минариња кои функционираат и на други места низ градот.

PS
Илустрацијата во постот е направена врз основа на две дела што се во јавен домен (со истечени авторски права) и иако не сум обврзан да го наведам тоа, мислам дека е добро да кажам дека се работи за сликата на Жан-Антоан Грос „Наполеон Бонапарта, првиот конзул, врши смотра на трупите по битката кај Маренго“, настан кој се случил во 1800 година па сметав дека таа претстава би била блиска на времето кога војсководецот наводно поминал низ Скопје. Позадината е направена врз основа на стара фотографија.

31 December 2010

Омилени цртани филмови на син ми (деновиве)

„Со Шиљо и клави[р]чето“ е снимен во времето на Големата депресија и во него јунаците на Дизни се претставници на работничката класа кои го изгубиле домот оти немаат пари за кирија, па се обидуваат да го спасат мебелот од властите кои сакаат да им го стават на аукција.


„Со музичарите“ го предизвика најчудното барање за подарок што сум го чул: „Тато, купи ми бура! Голема, да си иг[р]ам со неа.“


М, да. :-) СНГ на сите!

29 December 2010

Би сакале инвеститори од Северна Кореја, ама нема кандидати за промотори?!

Цитат од вест за економските промотори од МИА што ја пренеле Иди види и МТВ (мој болд):

За одредени земји како што е Северна Кореја тешко се наоѓаат кандидати од аспект на возраст, познавање јазик или образование воопшто. Засега ротирање на промоторите не се планира зашто евалуацијата се уште не е завршена.

Новинарот Борис Георгиевски од чиј профил на Фејсбук дознав за оваа чуден, но не и невозможен податок (за македонски услови), смета дека најверојатно се работи за грешка на новинарот на МИА кој ги „помешал северот и југот“.

Зошто веста е чудна, може да согледате и од текстот за тоа како конзумеризмот навлегува во Северна Кореја што денес го објави Он.нет.

27 December 2010

Викиликс - тема на вестите на А1 од 19 часот

Поканет сум вечерва на вестите на А1 на муабет за Викиликс.

Би сакал да ги претставам мислењата од блогосферата. Ваши сугестии и насоки?

25 December 2010

Промоција на книгата „Лицата на невидливиот град“

Денес (сабота 25.12.2010) во 20 часот во ГЕМ-клубот (Менада во Стара чаршија) ќе биде одржана промоција на книгата „Лицата на невидливиот град“ од Иван Блажев и Владимир Јанковски.

24 December 2010

Историја: Македонски „протекувања“ наспроти Викиликс

Денес на панелот на Центарот за истражување и креирање политики кажав дека не се сеќавам дека во македонската историја имало случај да се смени нешто преку правење документи достапни до народот во нивната целосна и изворна форма, како што тоа го прават Викиликс. Низ дискусијата беа споменати неколку случаи на протекување, но сите беа на доставување до медиуми, кои потоа објавувале делови или можеби и цели. Подоцна дознав дека и Александро објавил негова топ листа на протекувања.

Не се согласувам дека овие случаи се споредливи со Викиликс. Денес ниеден од тие документи не е јавно достапен. Исто има разлика ако се каже достапен „на јавноста“, односна на една мала група новинари, наспроти до било кој заинтересиран. Второто нешто е овозможено токму со Интернет - и беше скоро невозможно претходно. Прво ќе наведам како ги сфаќам карактеристиките на Викиликс, а потоа да видиме кои наизглед слични случувања од Македонија ги задоволуваат критериумите.

  • се објавуваат цели документи (освен прецртани лични податоци)
  • документите/записите се достапни и за обичните граѓани, не само за медиумите
  • за корисникот е лесно да дојде до копија од документите (Интернет)
  • содржините укажуваат на корупција и други злоупотреби
  • изворите се веројатно поединци, инсајдери од институциите кои ги контролираат тие документи
  • изворите не бараат пари (колку што знаеме)
  • посредник меѓу изворот и јавноста е невладина организација која промовира идеали

Еве ги случаите што досега беа споменати од Александро:

  • Афера „Сина птица“ (1992) - политичка партија емитувала снимки направени од тајни служби
  • Афера „Дувло“ (1992) - политичка партија вади документи - докази дека била прислушкувана од МВР
  • Афера „Големото уво“ (2001) - политичка партија вади документи - докази за прислушкување од МВР. Дел од транскриптите мислам се појавија на веб, по форуми?
  • Афера „Латас, српски шпијун“ (2010) - весник цитира документи од странски тајни служби за државјанин на РМ.
  • Афера „Водство на ОНА/ДУИ, српски шпијуни“ (2010) - извори блиски до политички партии доставуваат фотокопии од наводни документи до медиуми и државни органи. Вториве ги прогласуваат за фалсификат.

На дискусијата Роберто Беличанец ги спомена и:

  • Лични записи од висок воен старешина (1996?) за недостатоците на раководителите на касарните кои некој службеник му ги зел од фиока и ги предал на неделникот Фокус. По нивното објавување посочените како пијаници и србомани биле тргнати од одговорните позиции, а државата иако се заканила, не тужела.
  • Документи за ТАТ од МВР објавени во весникот Дневник (1997).

Барем во првиот од овие случаи беше посочена клучната улога на информаторот (свиркач, позитивна тужибаба) што го прави сличен со Викиликс, но повторно во обата случаи немаме широка јавна достапност на оригиналите. Дури и ако биле објавени како факсимили или преписи во весниците, нема нивна копија на веб.

Беа споменати и „протекувања“ кои изгледаат дека не се направени не од поединци, туку од центри на моќ за дискредитација или рокади. Во последните година и пол за таа намена се користи Јутјуб, па демек не може да се дознае кој ги качил, нема ниту една судска разрешница или макар информација за резултати на истрага. Објавени беа претежно извадоци.

  • Снимени телефонски разговори на директорот на пазарна инспекција и дискотеките
  • Снимки од сведочења на/за судењата за воени злосторства во Хаг
  • Афера „Надеж“ - извадоци од презентации или извештаи нарачани од претходниот претседател
  • УЈП-ликс, мислам не на Јутјуб туку на Фејсбук - со објавување лични податоци

Кога сме кај тема дискредитација, мислам дека треба да се спомене и случајот на книгата „Крив правец“, за која се прошири глас дека е забранета заради споменување на политичари. Таа некаде околу 1997 година масовно се фотокопираше, особено „бесплатно“, од службеници по државни институции. Да се прогласи нешто за цензурирано или скоро испродадено е познат маркетиншки трик, недостапноста ја зголемува привлечноста.

За мене, има два случаи во кои дигиталната технологија е клучна, кои би биле невозможни без неа. И тие ги немаат повеќето горни карактеристики, но сепак...

  • Пред 5-10 години се зборуваше дека на Автопазар за 100 денари може да се купи ЦД со именик со телефонски броеви, според една верзија наводно копиран од украден хард диск од телекомуникациски оператор. Ова е апла анти-викиликс стил, оти се работи за лични податоци на обични граѓани.
  • Протекувањето енциклопедијата на МАНУ како е-книга (2009). Прво еден бивш премиер кажа дека фајлот со графичката подготовка кружи низ Скопје, го продаваа на ДВД шиткачи на пиратски дискови за 100 или 150 денари, потоа на веб осамна ПДФ во верзија од гига и кусур на линк проширен преку Фејсбук, па Вечер и Сител го промовираа линкот, па се појави и пооптимизирана верзија од околу 60 мега на некој ewarez.com.mk сајт што сега не работи, ама фајлот веројатно лесно се наоѓа по разни сервери... Во поглед на примена на технологијата 0ва веројатно беше случај наблизок до Викиликс, но повеќето алки во синџирот не ми личеше дека постапуваа од алтруистички побуди (шиткачите, медиумите). И ова протекување не смени нешто во аферата, тиквата веќе беше пукната од оние кои имале пристап до печатеното издание, само овозможи обичните граѓани да се уверат во точноста на обвинувањата за фушерај и тенденциозност и да се забавуваат со наоѓање пропусти за теми и области кои им се интересни. (Забелешка: за МАНУ е најдобро ако веќе прави енциклопедија да примени вики софтвер и јавен процес кој ќе биде многу поефикасен... Или едноставно да почнат соработка со Википедија на македонски...)

Треба да се спомене и случајот на Филип Петровски кој на својот блог/Скрибд кој во последниве неколку години има поставувано скенови од официјални документи, кои подоцна беа промовирани и преку Фејсбук. Мислам дека се работеше за документи од неговата (бивша) партија стари неколку години, во функција на давање историска перспектива на случувања во неа, неговата и улогата на други современи функционери, со импликации за тековните политички процеси.

Комерцијализирано истекување - плус инфо по денешниот панел за Викиликс

На брзинка ќе изнесам податоци кои денес на панелот ветив дека ќе ги објавам на блог, а понатаму планирам да објавам малку поопширни постови за тој настан и вчерашната дебата во ГЕМ-клубот.

Споменав дека истекувањето информации не е нов концепт, дека постои и комерцијална примена во Русија, за која дознав од Вајерд (16.08) од јуни 2008 г.:

[Сергеј] Горшков го води kompromat.ru, страница за скандали со која од 1999 го има здобиено непријателството на владеачката елита и која го има направено еден од врвните интернет личности во земјата. Тој не објавува негови сопствени стории туку линкува кон истражувачки репортери чија работа инаку би била превидена или замолчена. Во текот на годините Горшков објавил засрамувачки експозеа за некои од најмоќните членови на руската влада. Линкувал до написи со кои функционери на Кремљ се обивинуваат за пренос на државни пари на лични офшор сметки, обвинувања за Борис Јелцин за криење на аутистичниот внук, или наводи за тоа како Владимир Путин наредувал политички атентати како директор на Федералното биро за безбедност (ФСБ). Ваквите индискреции на комопромат.ру му носат месечна публика од над милин руски новинари, политичари, бизнисмени и одбрани медиумски мршојадци. Од 2000 година, полицијата вршела упади кај неговиот интернет провајдер, цариници ги одземале неговите лаптопи и снагатори од ФСБ неколку пати без најава го посетувале неговиот стан.

…Најдобрите проценки укажуваат дека компромат.ру носи околу 1 милион долари годишно. Горшков не сака да го потврди тоа, но смета дека неговиот бизнис вреди 15 милиони. „Кога луѓето ми го читаат сајтот, замислуват личност која е лута на сè и секого, активист, идеалист. Но јас не сум таков. Ова е само бизнис…“

И тоа мистериозен бизнис. На сајтот нема огласи, од каде доаѓаат парите? Горшков признава дека прима пари за да објави некои од линковите, нудејќи услуга за плаќање по пост за сите кои сакаат ефтин начин со кој ќе ги дискредитираат противниците без да се знае кој го сторил тоа. Горшков не сака да дискутира за деталите, но неговата цена е меѓу 600 и 800 долари по парче, зависно од нивото на ризикот од тужби за клевета. Околу половина од околу дузината постови дневно на сајтот се проценува дека се заказука, сленг-збор што означува платено, „нарачано“ новинарство – иако е невозможно да се каже која половина.

Горшков ја брани својата практика како форма на слободен говор. Тој вели:

„Никогаш не заземам страни. Освен тоа, природата на бизнисов е таква што кога една страна на конфликтот ќе нарача напис, нивните противници неминовно одговараат, обично истиот ден. На овој начин, сите страни добиваат видливост и се одржува објективноста.“.

Случајот со МАРНет и wikileaks.mk е опишан од IT.com.mk.