Во дискусијата околу научниот текст за Каменот од Розета, која толку забега што стана предмет на обемна анализа забележав дека како навредлив термин за Бугарите покрај „Татари“ се користи и „коњољупци“ - како алузија дека нивните предци биле номадски коњаници.
Ми се виде доста чудно гордиот термин „коњољубец“ да се користи пежоративно, не само затоа што е многу убаво да се сакаат животните, особено коњите, туку и поради тоа што доаѓа од луѓе кои ја глорифицираат античката македонска држава. Овде се најдов и лично засегнат, оти моето име, Филип всушност го има токму тоа значење - оној што ги сака коњите, или скратено коњољубец.
Истото значење го има и името на Филип II Македонски, од грчките зборови филос (сака) и хипос (коњ) - заедно Филипос (Φίλιππος). Тоа име го носеле и други антички македонски кралеви, кои ги искористиле рамничарските предели на нивната земја да одгледуваат коњи. За разлика од грчките градови-држави кои ја немале оваа предност, античка Македонија можела да развие комбинирана армија составена од пешадија и коњаница, која служела да го зададе решавачкиот удар откако двете војски ќе се вклештат, како на пр. на Нултиот Илинден, битката кај Херонеја.
Љубовта кон коњите во македонската традиција не се огледа само во фактот дека коњот Букефал е една од најзначајните личности во митовите за Александар, туку и од народните песни, во кои коњот Шарец има скоро рамноправна улога со Марко Крале - кој со него дели дури пола од својата пијачка.
Поради сите овие причини, апелирам терминот „коњољубец“ да не се користи како синоним за „Бугарин“, оти со така се отвора можност за злоупотреба, со проста логика: ако Филип = коњољубец и коњољубец = Бугарин, тогаш следува дека Филип = Бугарин.
Со овој апел би сакал да го спречам потенцијалното изедначување и на личните именки „Филип“ и „Бугарин“, бидејќи имам развиен македонски идентитет кој се темели на свеста дека Македонците и Бугарите чинат посебни етнички заедници. И сакам да си ги сакам коњите на раат!
1 comment:
късно е чадо, късно е ;-)
Post a Comment