Картман: „...Сите знаеме зошто сме овде и мислам дека сите знаеме што треба да се направи... Но, мислам дека е најдобро да не зборуваме на глас за тоа, додека повеќето од нив не се натоварени во возовите упатени кон логорите...“ 1. Срамота е еден строен македонски маж да испраќа закани со тепање до млада жена со чии ставови не се согласува. На било која возраст, да го правиш тоа на некој што не е физички посилен од тебе е чисто кукавичко силеџиство. Дали е навистина строен не знам, блогерот Трн освен мала сликичка нема храброст да го користи своето име и презиме, иако во постот се осудува да ги употребува тие лични податоци за својата жртва. Башка, ако некој се претставува како борец за Македонија, мора да ги исполнува највисоките стандарди на чесност и витештво. Заканата со тепање е кривично дело според законите на Република Македонија, а со секое нивно кршење или желба за кршење државата ослабува. Колку што сватив, Трн не можел да најде аргументи со кои ќе ги оспори пишувањата на Благица Иванова против национализмот, па си ја применил и својата омраза кон жените (мизогинија), попат со хајката глорифицирајќи го и семејното насилство. 2. Спротивен пример во врска со национализмот. Не се согласувам со Лавот кој се обидува да ги приближи поимите патриотизам и национализам. Има причина зошто се различни - првиот се однесува на љубов и должност на одбрана на својата заедница и потекнува уште од античко време (patria = татковина на латински), додека вториот е деветнаесеттовековен концепт кој е во тесна врска со романтизмот, а се однесува на создавање и водење нации-држави преку етничка хомогенизација, изведена со асимилација, етничко чистење или геноцид. Фашизмот е краен резултат на романтизмот и национализмот. Без разлика на несогласувањето го почитувам и неговото право на изразување и аргументираното претставување на своите ставови, па мора да предупредам дека не треба сите десничари (или левичари, или било кои) да се ставаат во ист кош. 3. Во постов како илустрации поставив клипчиња од една од според мене најдобрите епизоди на Саут Парк - Страданието на Евреинот (The Passion of the Jew), во која се разобличуваат разни стереотипи. Ги посветувам на сите оние кои се спремни храбро да погледнат пошироко од своите желби и да ги надминат своите сосем човечки ограничувања. Национализмот во суштина е ирационален и доведува до парадокси и контрадикции - мешање на религија со идеологија и извитоперена и недосфатена наука, декларирани христијани да воспеваат пагани кои во библијата се опишани како негативци, декларирани муслимани да воспеваат христијани кои се бореле против исламот, луѓе чии предци биле жртви на фашизмот да воспеваат фашизоидни тенденции, луѓе од народ кој е еден од ратките во Европа без дамка на холокаустот да промовираат антисемитизам и теории на светски заговори итн. По неминовниот пораз потоа се чудат и вината ја префрлаат на други... Тоа што Македонија е жртва на национализмите на соседите нема да се реши со зголемување на македонскиот национализам. Ајнштајн не рекол за џабе „Не може да ги решиме проблемите користејќи ист начин на размислување што ги создал“.
Пред да почнете да пишувате коментари, ве молам да ги прочитате следните текстови од луѓе кои сепак се истакнале надвор од своето село како разумни мислители: |
No comments:
Post a Comment