Блекаут

19 March 2009

Проблемот на самоубиство

(Текстов го имав објавено на Агора на 29.09.2002 година, но сеуште ми се чини актуелен, особено со последните настани во Скопје и Охрид.)

Основното прашање е колку ние сме засегнати од информациите кои допираат до нас. Влијанијата може да дојдат во разни форми, од културата во која сме израснати, до она што го примаме преку медиумите.

Дилемите од типот „дали стиховите на Еминем го предизвикале самоубиството на тринаесетгодишната Кејли Дејвис [Kaylieh Davies]“ се стари повеќе од двесте години. Основното прашање е колку ние сме засегнати од информациите коишто допираат до нас. Влијанијата може да дојдат во разни форми, од културата во која сме израснати, до она што го примаме преку медиумите. Текстов ги изложува основите на темава, преку обезбедување низа полезни информации.

Културата како фактор

Луѓето кои се под влијание на религиите кои потекнуваат од јудизмот, христијанството и исламот, го осудуваат самоубиството. Ретки исклучоци се ситуациите во кои со самоубиството се помага на другите, како на пример, партизанот кој се самоубива за да не падне жив в раце на непријателот и со тоа спречува предавство на другарите изнудено преку мачење.

Но, осудата на самоубиството не е универзална пракса. На пример, јапонските традиции не го сметаат чинот на одземање на сопствениот живот за грев, па и бројот на самоубиства во Јапонија бил значително поголем од оној во Европа и во Америка. Со отворањето на Јапонија за странски влијанија, се почувствувало намалување на бројот на самоубиствата.

Медиумите и ефектот Вертер

Во 1774 година, Јохан фон Гете го објавил романот Страдањата на младиот Вертер (Die Leiden des jungen Werhers, превод на англиски), кој за кусо време постигнал огромен успех кај публиката. Во романот, главниот јунак се самоубива поради несреќна љубов. Продажбата на романот била проследена со бран самоубиства извршени на начин сличен на оној со кој Вертер си ги скратил маките. Состојбата станала толку аларамантна што романот бил забранет во неколку западноевропски земји (Cialdini, 1988, 137-138). Овие проблеми не влијаеле на Гетовата популарност, кој е запомнет како великан на германската литература. Како последица на овој случај, појавата кога медиумите предизвикуваат самоубиства е наречена "ефект Вертер".

Вертер е измислен лик од роман, но ефектот Вертер е документиран и во денешно време. Социологот Дејвид Филипс од Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего докажал дека бројот на самоубиства драматично се покачува по објавувањето вести во медиумите за самоубиства. Според него, луѓето кои се наоѓаат на работ на самоубиство го толкуваат објавувањето на такви вести како сигнал дека чинот на самоубиство е одобрен и прифатен од општеството, дека е во ред и тие да го сторат тоа.

Што има тоа врска со мене?

Дали гореневедените резултати укажуваат дека треба да се воведе цензура која би ги „чистела“ медиумите со цел да пренесуваат само весели вести? Не. Ефектот Вертер во нормални околности има влијание на релативно мал процент од вкупната популација, и колку се луѓето посвесни за него, толку полесно може да им се помогне на таквите лица. Тоа се обично луѓе кои се во некој вид криза, кои имаат нарушувања на расположението (на пример, депресија), или се вознемирени на некој друг начин, на пример од општествените и хормоналните промени во адолесценцијата. Така, иако не значи дека Вие ќе се самоубиете по слушањето на песните на Еминем, можеби некоја личност Вам блиска е на работ на самоубиство. Со оглед на негативните психолошки влијанија во денешна Македонија, би било вистинско чудо да нема такви луѓе.

Според американскиот психолог Вејн Вејтен (Weiten, 1997, 414-146) „Секој може да изврши самоубиство. Ниеден сегмент на општеството не е имун“. За да се помогне некому кој е во опасност, основното нешто е да се расчисти со неколку предрасуди, односно „митови“ за самоубиството.

  • Мит 1: Луѓето кои зборуваат за самоубиство всушност нема да се обидат да се самоубијат. Не може да се погоди дали некој ќе се обиде да се самоубие врз основа на тоа дали зборува или не зборува на таа тема. Иако луѓе се закануваат дека ќе се убијат без да го сторат тоа, некои „успешни“ самоубијци во периодот пред самоубиството ги обзнанувале своите намери.

  • Мит 2: Самоубиствата обично се извршуваат ненадејно, без предупредување. Во 80% од документираните самоубиства, жртвата давала некои предупредувачки знаци. Можноста да се работи за најава на вистинско самоубиство расте кога заканата е јасна, што укажува на веќе оформен детален план. На пример, девојчето од почетокот на написов кое се обесило, опишувало бесење во своите записи.

  • Мит 3: Луѓето кои се обидуваат да се самоубијат имаат цврста решеност да умрат.

    Само 3-5% од самоубијците го прават тоа со јасна намера да умрат. Околу 30% самоубијци се двоумат, и затоа кога вршат подготовки, ги поставуваат работите така што оставаат случајот да пресуди. Остатокот (67%!) самоубијци всушност и не сакаат да умрат, туку да пратат „драматичен сигнал за опасност“. Ваквите луѓе оставаат поголема можност да бидат спасени. Психолозите сметаат дека токму поради овој фактор само една осмина од самоубиствата завршуваат фатално.

  • Мит 4: Оние кои се обидуваат да се самоубијат остануваат такви засекогаш. По изминување на кризата, најголем дел од луѓето продолжуваат нормален живот.

Што треба да се стори?

До колку се сомневате дека некој од вашата околина е на работ на самоубиство, преземете ги следните чекори:

  • Обрнете сериозно внимание на зборувањето за самоубиство. Директно прашајте ја личноста дали размислува да се самоубие.
  • Обезбедете емпатија и поддршка. Покажете му на самоубиецот дека се грижите за него/неа. Често луѓето кои се решаваат на овој потег го гледаат светот околу нив како студен и се чувствуваат дека никому не му е гајле за нив. Дури и ако не ја познавате добро личноста, покажувајќи дека ви е важно што се случува, може многу да помогне. Некои луѓе самоубиството го користат како повик за помош. Понудата да се помогне може да го спречи.
  • Расчистете што е клучниот проблем. Самоубијците се често збунети и изгубени во множество од фрустрации и проблеми, така што тие им се чинат бескрајни. Ако проблемите се расчистат, се именуваат, притисокот се намалува, а со тоа и збунетоста којашто ја намалува моќта конструктивно да се расудува.
  • Предложете алтернативни решенија. Самоубијците го гледаат самоубиството како решение на нивните проблеми. Предлагањето порационални решенија може да помогне, бидејќи во својата збунетост, самоубиецот можеби и не помислил на нив.
  • Искористете го сомнежот. Самоубијците најчесто се сомневаат во одлуката за самоубиство и споменуваат причини да се продолжи да се живее. Зајакнете ги сомнежите кои ја разјадуваат одлуката да се умре.
  • Поттикнете барање професионална помош. Со оглед на степенот на вознемиреност на потенцијалниот самоубиец, вашата интервенција може да не биде доволна. Охрабрете ја личноста да се обрати на психолог, психијатар или социјален работник. Брз начин да се стапи во контакт со професионалци од тој тип е преку некој од многубројните С.О.С. телефони. На пример, бројот на Центарот за кризни состојби за деца и млади во Скопје е 136-400.

Користена литература

Cialdini, Robert B. (1988). Influence - Science and Practice, Second Edition. HarperCollins Publishers.

Weiten, W. (1997). Psychology: Themes and Variations, 3rd Ed., Briefer Version. Pacific Grove, CA: Brooks/Cole.

No comments: