Блекаут

13 May 2009

Племенскиот пристап при ширење на идеи - видео вовед

Говор на Сет Годин на ТЕД во кој објаснува дека новите технологии овозможуваат организирање на принцип на племиња - групи собрани поради заеднички вредности и предводени од лидери. И таквото организирање е поефективно од скапиот традиционалнен маркетинг насочен кон широките народни маси.

При тоа, членството во племињата е доброволно, не се мисли на националистичкиот поим на племе како поширока семејна група на генетски поврзани луѓе (кои сметаат дека имаат со ист заеднички предок).

Фала на Јован за линкот.

12 May 2009

Жртви на предрасудите - препорака

Слика од Каролин ХвангВо право е Ирена Цветковиќ во нејзиниот текст „Жртви на предрасудите“, кога ја раскажува позадината за последниот хуманитарно-здравствен скандал во Македонија:

Додека ние дебатираме дали државата треба да гради црква на плоштадот, меѓународниот Глобален фонд ги повлече парите за изградба на центри за лекување од зависност. Имавме отворено дилема дали да градиме болници со подарени пари или цркви со наши пари - и решивме. Решивме дека ќе ја браниме изградбата на црква со сите сили, а уште еднаш ќе ги заборавиме зависниците од дроги. Пресудивме конечно кои луѓе ни се важни, чии потреби ни се приоритет, чии животи се вредни за спасение. Останатите комотно може да ги снема, само затоа што некому тие не се допаѓаат. Сега слободно можам да кажам дека нашите власти, сите комплет, се убијци.

Во контекст на разбирање на животот на луѓето кои имале искуства со дроги препорачувам да ги погледнете видео-клиповите од работилницата за дигитални приказни „Сите имаме минато“.

Автоцензура во македонската блогосфера?

Question?Од повеќе извори имам слушано дека бројот на написи и бројот на посетители на македонските блогови опаѓа, што е чудно ако се земе предвид дека бројот на луѓе со пристап до интернет во Македонија расте. Би било логично зголемувањето на бројот на потенцијални читатели и автори да има обратен ефект.

Прилично е јасно дека користењето различни форми на притисок против неистомислениците има доведено до определена доза на автоцензура во традиционалните медиуми во Македонија. Имаме класичен пример за примена на морковот и стапот, со широк спектар на мерки од тепање, преку заканување и вознемирување, преку одбивање соработка и неможност да се добијат информации, до легално подмитување во форма на закупување огласен простор.

Ми се чини дека и во блогосферата имаме сличен ефект на автоцензура, односно губење на волја да се пишува и општо, да се разговара, особено на општествени теми. Поларизацијата на политичката сцена влијае на голем дел од луѓето кои не се радикални застапници на некоја опција да одбираат да молчат за разни прашања, од страв некој партиски војник да не ги етикетира или стави на „црна листа“ во неговата организација.

Иако неколку блогери се спротивставија на етикетирањето, сепак за мнозинството, особено околу изборите, влијаеја делата на партиски активисти или симпатизери. Некои од тие активности, како отворање нови блогови за кандидати, беа сосем легитимни, но придонесоа кон чувството за сеприсутна политизација. Уште полошо, беа применувани нелегитимни форми на притисок, особено често успешни обиди троловски да се задуши дискусијата на дадена тема со пренатрупување коментари кои немаат врска со постот, преку спамирање надвор од темата, со навреди и закани.

Од она што може да го видам од сервиси што споредуваат посетеност како Дигимак блог ми се чини дека бројот на посети некако не се зголемува - во моментов не може да кажам дека посетеноста опаѓа оти овој сервис покрива само мал процент од македонските блогови. Има начини да се провери и дали продукцијата стагнира, на пример преку броење на написите што ги бележи Најди блог, но во моментов немам можност за такво истражување. Ако имате податоци на темава, пишете...

Неколкупати имам читано написи во кои блогери велат дека се откажуваат, не можат да го издржат притисокот и/или се жалат на опаднатиот квалитет. Дали и вие мислите дека сето тоа обесхрабрување доведува до автоцензура - одбивање да не се блогира на одредени теми, или одбивање да се блогира воопшто?

11 May 2009

Што е донација?

Волан се спротивставува на погрешното користење на терминот донација, покренувајќи многу логични прашања:

Вака како што се прави сега, имаме чиста манипулација со јавноста - со цел некакво рејтингување... Каква е таа донација на контејнери за смет за потребите на општините, со истовремено сликање на сите телевизии, претварајки го настанот во медиумска еко атракција? А кој треба да ги купи контејнерите, нели за тоа плаќаме ѓубретарина - погледнете ги комуналните сметки ке видите колку плаќате на комуналните служби ...

Зошто редовната работа на трошење (буџетски!) пари заради решавање на било каков проблем на граѓаните се нарекува донација?

(Малку лексички интервенирав во цитатот. Ако ве интересира дебата на темава, веројатно коментари ќе има и на другата верзијата на истиот пост.)

08 May 2009

Пецко: (у)кажувања

На веб-сајтот Граѓани за Европска Македонија во вид на фотогалерија и слајд-шоу е поставена целата содржина на книгичката со стрипови со Пецко „(У)кажувања“ од Дар Мар.

Големите патриоти

07 May 2009

(Само)залажување на Македонија

Self deceptionВо нејзиниот напис „Постојат лаги, проклети лаги и мрзливи новинари“ Ана Ангелова го покренува прашањето на зачинување и автоцензурирање на вестите во Македонија и неговите последици.

Го препорачувам за читање, особено затоа што често се осврнував на овој проблем и во минатото, од навидум бенигни случаи на фалење на нашата „уникатност“, до сензационалистичко експлоатирање на патриотски подобни мотиви.

Последен пример е веста за клип на Јутјуб во која изјава даде Волан: додека новинарката „од терен“ ја кажува точната бројка од околу 6.000 гледања за пет дена, претходната најава зборува за „незапамтен интерес“ и „десетици илјади посети“. А ако некој од гледачите поттикнат од најавата дека „Македонци ја добиваат интернет-војната за името“ реши да го погледне и самиот клип „I am Macedonian“, може да забележи дека сроден (related) му е и еден со наслов „Macedonia is Greece“ кој има над 3.000.000 гледања!

Исто така интересна е и неодамнешната вест за македонските хакери што демек возвратиле удар (со тоа што хакирале сајт што нема врска со виновниците што „први почнале“). Крајната реченица на веста е:

Во март минатата година руски хакери извршија напад на компјутерите на американската централна команда на Пентагон, а минатиот месец хакерска шпионска мрежа презеде контрола во 103 држави.

И? Што било после? Имало некое решение за проблемот што 103 држави (!) се контролирани (!!) од неколку хакери и шпиуни. Ако немало разрешница, значи дека таа ситуација сеуште трае. Ми се чини како прилично значаен податок што бара дополнителна истрага и информации, а не како попатна занимливост.

Сликата ја надополнува и медиумската експлоатација на стравот, за која пишува Сеад Џигал.

05 May 2009

Американскиот „Стоунхенџ“ - медиумски траги

ГајдстоунсМинатата сабота Дневник објави текст, наводно преземен од Ројтерс, за комплексот „Гајдстоунс“ („Карпи-водилки“) во американската држава Џорџија. Го забележувам затоа што текстот ми личи на прераскажување на (воведот на) текст од тековниот број на Вајерд, на иста тема (American Stonehenge: Monumental Instructions for the Post-Apocalypse), објавен пред некоја недела.

Ќе беше убаво да го навеле изворот, ако не заради моралните авторски права, тогаш макар поради тоа што во оригиналниот напис на интернет го има целиот текст од камењата, дополнителни фотографии, па дури и книга-водич во ПДФ за симнување.

Инаку, комплексот е изграден од приватни пари, ама е доделен во сопственост на општината како јавно добро - градителите сметале дека така ќе остане заштитен за навек поради „граѓанска гордост“ (civic pride).

03 May 2009

Најава: Предавање „Молекуларен дарвинизам“

На 8 мај, петок, во 14:00 часот, во биолошки амфитеатар на Природно-математичкиот факултет во Скопје Горан Кунгуловски ќе одржи предавање со наслов „Молекуларен дарвинизам“.

Предавањето е дел од светското прославување на јубилеите 200 години од раѓањето на Чарлс Дарвин и 150 години од објавувањето на книгата „Потеклото на видовите“.

Darwin NowПо истиот повод, во Природонаучниот музеј на Македонија, Британскиот совет има организирано изложба „Дарвин сега“ која ќе биде поставена до 10 јуни 2009. На веб-сајтот на изложбата може да се симне и брошурата спомената во поканата за предавањето.

Главното дело на Дарвин било објавено во 1859 година и предизвикало широка расправа во Западна Европа. Интересно е да се спореди нивото на развој на науката во Македонија во тоа време...

Достапните информации укажуваат дека врв на интелектуалното творештво кај нас било во областите на филологијата и етнологијата, на пр. збирката народни песни на Миладиновци била објавена две години подоцна. Речникот од три јазика (ПДФ) на Ѓорѓија Пулевски бил објавен 17 години потоа, додека--колку што се сеќавам, исправете ме ако грешам--во неговата „Славјанско-маќедонска општа историја“ (1892) тој се потпира на библиски објаснувања за потеклото на човекот. По сè изгледа дека зачетникот на биологијата во Македонија е д-р Станко Л. Караман, кој својата работа кај нас ја почнал околу 1922 година, седумдесетина години подоцна...

01 May 2009

Јутјуб ја признал Македонија

ЈутјубОд Моби дознав дека Јутјуб престанал да ја употребува привремената референца и официјално го користи името Македонија за нашата земја.

Честитки до сите на кои им е гајле, особено до оние кои се придружија на иницијативата што ја покренав пред скоро две години со повик да пишеме до „Ју тјуб“ да не нè фиромизира, или пишале без воопшто да знаат за мојов блог и повик.

Терминолошка забелешка: името Јутјуб го пишувам заедно а не Ју тјуб, ем затоа што е споено во оригиналното име на фирмата (YouTube), а и по аналогија на тоа што името Њујорк во македонскиот јазик не се пишува одвоено (Њу Јорк - неправилно), без разлика што во оригинал е (New York). Аналогно, правилен македонски збор е фотогалерија, а не фото галерија или фото-галерија...

Познати плоштади

Squares
Актуелна тема: колку ги познавате плоштадите по познатите градови низ светот? (Квиз со фотографии)

30 April 2009

Шпанија: Награда за дружината на Зоран Попоски

Уметнички проект на македонскиот визуелен уметник Зоран Попоски, во соработка со Ева Петрич (Словенија/Австрија) и Маркуз Вернли Саито (Швајцарија/Јапонија), е награден на меѓународниот конкурс за јавни уметнички проекти во баскискиот град Сондика во Шпанија.

Честитки!

29 April 2009

Сакура 2009 - одгласи во странство

Сакура 2009: работилница за оригамиКако што најавив, Глобал војсис онлајн го објави кусото известување за прославата на Сакура 2009 во Скопје, кое досега е преведено и на англиски и француски, со што се зголемуваат можностите луѓе од поголем дел на светот да се информираат за тоа случување кај нас.

28 April 2009

Приказни раскажани преку компјутерски игри

КериганНа темата на приказни раскажани преку компјутерски игри, се согласувам со Розов зајак дека „Старкрафт“:

...е најдобрата приказна што се има појавено во рил тајм стратегија, жанр каде што обично сите се трудат да скрпат некаква си епска приказна и не успеваат или поради тоа што премногу комплицираат, или поради тоа што на никој не му е гајле. StarCraft некако успеа да раскаже приказна што беше разбирлива и интересна за сите. Додуша, тоа може да се должи на фактот што порано приказната во овие игри се развиваше исклучиво во формата на пишан текст меѓу нивоата, а во StarCraft имавме вистински гласови и интермисии на сред ниво.

Би дополнил дека и „Фриленсер“ (Freelancer) имаше сличен пристап, надградувајќи го системот развиен во „Елит“ (Elite) и „Винг командер“ (Wing Commander) со прилично реалистично градење на научнофантастичниот универзум на играта.

Слично: Во потрага по совршена стратегиска игра

Категорија стрип на Блогерај

Јуху! Блогерај воведе категорија стрип. Засега не е многу пополнета, па линкот е срамежливо малечок во облакот со категории на насловна.

Арно ама, ако сте член на Блогерај и имате пишувано за стрипови и таквите постови припаѓаат во оваа категорија, најдете си ги и означете ги. Нек се множат! :-)

27 April 2009

Хепи брдеј ту ју

На блогот Комуникации е отворена дилемата во врска со идеалистичкиот и реалистичниот пристап кон градењето на современата македонска култура, преку примерите на како комуницира обичниот народ (децата) и владината иницијатива за измислување нови македонски зборови за компјутерски термини.

26 April 2009

Стрип за Спок во Вајерд

Спок свири на млади годиниАко сте љубители на Ѕвездени патеки и/или на стрипот, во најновиот Вајерд може да прочитате стрипче со господин Спок во главната улога, како раскажува за своите рани години и потребата да се усогласат разлики во потекло и стилови на живот.

Апел до управата на Блогерај: би било супер да воведете категорија стрип.
Колеги блогери, поддржете ја оваа иницијатива со пост на истата тема!

Латинска америка како музичка велесила

Passion de Buena VistaПоучно е да се прочитаат два поста во врска со музичко творештво и културна промоција низ светот:

Прашање: што имаат овие институции, а го немаат Македонската филхармонија, Ансамблот „Танец“ или за мене сеуште непознатите друштва во кои млади или други музичари од Македонија би свиреле класична музика или би пееле староградски песни и повоени шлагери низ светот?

25 April 2009

Сакура во Скопје 2009

Пример за културен производ по потекло од ЈапонијаБи објави дека оваа година фестивалот на цветање на црешите Сакура ќе биде прославен во Скопје утре денес, на 25.04.2008, на старо место. ;-)

Овој настан не само што придонесува за разубавување на културната понуда во градот, туку е многу убаво средство за меѓународна промоција на Македонија. Доказ: написот на Глобал војсис за Сакура во 2008 година е преведен и на јапонски, шпански и португалски, покрај првобитните англиски и македонски верзии.

24 April 2009

Науката е следна за одстрел според македонските времепловци

Карикатура: Еволуција на образовните стандардиОд постот на Мојон блог за тоа како учесник на протестот против укинување на веронауката во државниот образовен систем украл паричник на новинарка дознав и за написот во Дневник за самиот протест во кој забележав една симптоматична изјава:

Секаде во светот се учи дека човекот бил создаден од Бог и дека е наследник на Адам и Ева, а кај нас и понатаму децата се учат дека се создадени од мајмуни - ја објасни причината за протестот битолскиот вероучител Плури Велиу.

Ако Авганистан, Саудиска Арабија и некои креационистички енклави збутани на Дивиот Запад од САД се цел свет, тогаш јас сум вонземјанин!

Ваистина има луѓе кои целава земја ја претвораат во еден огромен времеплов... Арно ама: од Теа модерна (22.04.2009.) дознав „Македонија го чествува јубилејот на творецот на теоријата за еволуцијата“, преку изложбата на Британскиот совет „Дарвин сега“ која ќе се отвори во Природонаучниот музеј во Скопје (сместен во Зоолошката градина) на 28 април.

Браво за Британците што го користат целото свое наследство, особено научното (причинител на драматичен напредок во квалитетот на живот на целата планета) и за промоција на нивната земја. Прашање: дали македонската наука е толку падната на колена што нема ниедна домашна иницијатива во слична насока.

Терминолошки забелешки: сметам дека е подобро и појасно

За наравоучение, еден цитат припишан на Чарлс Дарвин:

Незнаењето ја подига самодовербата почесто од знаењето... Токму оние кои знаат малку, наспроти оние кои знаат многу, ќе ги чуете да тврдат дека науката не може да го реши некој проблем.