Блекаут

30 July 2008

Мил ми е Платон, но помила ми е вистината - за Каменот од Розета

На блогот Граммата е објавен научен текст од академик проф. д-р Петар Хр. Илиевски кој дава стручна анализа на новото читање на Каменот од Розета.

Читателот на текстов многу брзо се оспособува да направи разлика меѓу примената на научни методи и пристрасни анализи чија цел е исполнување на желби и потврдување на предубедувања. Исто така станува јасно зошто наспроти сензационалистичкиот прием во македонската ненаучна јавност, светската научна јавност сметала дека е губење време воопшто да се обрне внимание на ваквото „откритие“.

Излегува дека нашата колективна мисла, која беше понесена со еуфорија поради доказите од истражувањево, е некаде 600 години зад онаа од Западот. Уште тогаш Макијавели, најавува дека има два пристапи - да ги опишуваме работите како што би сакале да бидат, или онакви какви што се, без разлика што на вториот начин не добиваме ласкави резултати.

Во текстот се провлекува и еден неласкав детаљ за МАНУ. Иако горенаведената научна расправа била објавена уште пред две години, тоа било сторено само на хартија. Ограниченоста на тиражот и општо на тој медиум изгледа дека си го направила своето - ефектот кој се постигнал бил далеку од соодветниот. Верувам дека во електронска форма ова значајно дело за развојот не само на лингвистиката, туку и за критичкото размислување во нашата култура, ќе има далеку поголемо позитивно влијание.

Забелешки:

29 July 2008

Српското прислушкувачко сценарио

Глобал војсис онлајн објави напис со повеќе непосредни информации на тема новите прописи за прислушкување во Србија, која ја зачнав со претходниот пост:

25 July 2008

Македонија и Србија - браќа по прислушкување

Волан веќе пиша за неодамнешното легализирање на државното прислушкување без можности за контрола во Македонија „и тогаш кога не можат да се обезбедат докази кои се неопходни за успешно водење на кривичната постапка или, пак, постојат тешкотии во нивното обезбедување.“

Само што добив информација дека слична појава има и во Србија. Тамошната Републичка агенција за телекомуникации (пандан на нашиот АЕК) вчера објавила нови прописи со кои се бара од интернет-провајдерите да обезбедат инфраструктура за прислушкување. Активистот за човекови права на интернет Слободан Марковиќ пишува:

Под маската на наводни „технички услови за мрежата Интернет“ во Србија се воведува досега невиден масовен и неограничен надзор и архивирање на сите видови електронски комуникации за потребите на безбедносните служби. Дури ни во најлошите времиња на терор на режимот на Милошевиќ не се правеше ваква регулатива.

Ерменија како пример за Македонија

Човек не мора да има симпатии кон Ерменија за да го пренесе линкот до оваа вест:

Ерменија: Блогери поканети на претседателска прес-конференција

На 21 јули на прес-конференција одржана во претседателската палата по повод стотиот ден од претседателскиот мандат, покрај 38 новинари беа поканети и двајца блогери. Дозволувајќи им да постават по едно прашање, блогерите беа третирани рамноправно со новинарите.
Патриотски моменАт: дали сте знаеле дека според некои историски извори кои ги пренесува Википедија на македонски, Цар Самоил имал ерменско потекло (истото го има и на ЦДто „Македонски древности“). Можеби наместо да си бараме цар по Пакистани или Далмации, треба да пратиме делегација во Ерменија, во областа Дерџан.

Дискусија на Блогерај

19 July 2008

Гејмерите на мета, симптом на поширока дискриминација

Написите за гејмерите како закана за општеството ме поттикнаа да ја покријам темата со написот

Без разлика дали некој се смета за гејмер или не, мислам дека треба да биде загрижен од шемата за дискриминација, со која група по група од нашето општество се означува како ненормална, штетна, дури и опасна. И ова не се однесува само на разните видови компјутерџии, не е само технофобијата во прашање. Како што поучува Умберто Еко во есејот „Вечен фашизам“, зачетоците на вакви движења го поттикнуваат стравот од различното.

Тоа не само што дури и во оваа форма може да доведе до реални проблеми, како потешкотии при вработување („Што прави во слободно време? Дота? Кантер? Абе како да примам ваков у фирма, сите ќе нè испотепа ако му дое жута минута.“), туку ми се чини дека е дел од тактиката подели па владеј, со која општеството наместо да се обединува, се дели, сегментира на што помали изолирани групи кои кога тоа ќе им одговара на оние кои ја имаат реалната моќ е лесно да се прогласат за изроди и да се решат.

Размислувајќи за ова, се осудив да го парафразирам антифашистичкиот цитат од пасторот Ниемулер:

Прво дојдоа по хакерите,
но јас не бев хакер, па не проговорив против тоа.
Потоа дојдоа по пиратите, заборавајќи на Исусовото
„Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен...“*
но јас не препродавав туѓ софтвер, па си ќутев.
Потоа дојдоа по гејмерите,
но јас не се сметав за гејмер, па не проговорив ни против тоа.
Кога почнаа да ги ловат блогерите,
немаше останато никој да зборува во моја одбрана.

Ако ова што го пишувам има смисла за вас, може да помогнете во дигање на свеста за дискриминацијата преку Кајмак.от и Диг (на англиски) или со ставање линкови и искажување на вашите мислења во постови на вашите блогови.


* Свето писмо (Библија), Нов завет, Св. евангелие според Јована, 8.7-11.

18 July 2008

Прашање за Криејтив комонс и Дигиталниот архив на македонскиот јазик

Преку коментар на постот за примената на лиценца од Криејтив комонс за Дигиталниот архив на македонскиот јазик, Дамјан Георгиевски го постави следното прашање:

хмм ... чекај чекај... делата од XIX и правата половина на XX век некој ги лиценцирал под Криејтив комонс???
како е можно тоа? по секое правило овие дела мора да бидат public domain [јавно добро].

М-р Неда Здравева од Центарот за образование за интелектуална сопственост го обезбеди следното стручно мислење како одговор:

Законот за авторското право и сродните права авторско дело го дефинира како индивидуална и интелектуална творба од областа на книжевноста, науката, уметноста и од други области на творештвото, независно од видот, начинот и формата на изразување.

Согласно Законот за авторското право и сродните права, за авторско дело особено се смета и:
- пишано дело, како, книжевно дело, напис, статија, прирачник, брошура, научен труд, расправа и слично.

Збирка на авторски дела, на дела од народното творештво, на други дела или друг материјал (како што се на пример енциклопедии, антологии, зборници, избор на текстови или музички дела, бази на податоци, збирки на документи и други збирки) претставуваат самостојни авторски дела, ако според изборот или распоредот на содржината претставува индивидуална и интелектуална творба. При тоа, треба да се нагласи дека заштитата на овие збирки не ја опфаќа нејзината содржина и не влијае на заштитата на правата кои се однесуваат на содржините на збирката.

Авторот на книжевно дело се стекнува со авторското право во моментот на настанување на делото. Авторското право трае за време на животот на авторот и 70 години по неговата смрт. По истекот на рокот на заштита, користењето на авторското дело е слободно, при што корисниците имаат обврска да ги почитуваат моралните права*.

Издавач е правно или физичко лице што законски ќе издаде авторско дело во книжен облик. Издавачот има исклучиви права на своето издание. Издавачот има исклучиво право да дозволува или забранува неговите изданија да бидат репродуцирани од друго правно или физичко лице, под име на лицето по пат на фотографирање, копирање и било кој друг начин на умножување. Во случај да дозволи репродуцирање, на репродуцираното издание задолжително се наведува името, псевдонимот или ознаката на издавачот на користеното издание. Ова право не влијае на остварувањето на правото на авторот.

Издавач што прв пат законски ќе издаде или лице кое прв пат јавно ќе соопшти необјавено авторско дело врз кое истекло авторското право, ужива заштита еднаква на материјалните права на авторот**.

Правата на издавачот настануваат во моментот на издавањето на авторското дело. Овие права траат 25 години од првото законско издавање на делото. По истекот на рокот на заштита, користењето на изданието е слободно.

Резимирано

Дигиталниот архив на македонскиот јазик е издавач на збирка на дела и според законот ги ужива материјалните овластувања, што вклучува да дозволи или забрани дистрибуција, јавно соопштување, преработување и сл. Одлука е на издавачот е истите да не ги користи во целост т.е воопшто да не ги користи односно збирката да ја направи достапна до јавноста на тој начин што ја „лиценцира“ со лиценцата Криејтив комонс Наведи извор 2.5 Македонија. Делата вклучени во збирката се во „слободно користење“ – public domain, и иако врз нив нема никакви материјални овластувања сепак уживаат заштита од аспект на моралните права на авторите т.е најмалку наведување на авторот.

Во ситуацијата корисниците на збирката „Текстови“ единствено имаат обврска да наведат дека делото е преземано од таа збирка, што впрочем е во согласност и со препорачаните стандарди за цитирање на извори преземени од Интернет.


* Авторското право е единствено право и е неразделно од авторското дело. Тоа содржи лично-правни овластувања (морални права), исклучиви имот¬но-правни овластувања (материјални права) и други овластувања на авторот (други права).

Моралните права го штитат авторот по однос на неговата индивидуална и интелектуална врска со делото. Авторот има морално право:

  • да одлучи дали, кога и како ќе биде прв пат објавено неговото дело;
  • на признавање на авторството на своето дело;
  • да одлучи дали при објавувањето на делото ќе се наведе неговото авторство и со каква ознака;
  • да бара при секое користење на делото да биде наведено неговото име, псевдоним или друга ознака;
  • на зачувување на целината на делото и да се спротивстави на секакво деформирање, сакатење или менување на неговото дело, односно да се спротивстави на секое користење на делото што може да и наштети на неговата личност, чест и углед;
  • да го измени делото, доколку со тоа не се нарушуваат правата стекнати од други лица и

да го откаже правото на носителот на негово материјално право, согласно Законот за авторското право и сродните права.

** Материјалните права ги штитат имотните интереси на авторот. Всушност тие му овозможуваат на авторот да ползува од делото во материјална (имотна, економска) смисла.
Користењето на авторското дело е дозволено кога авторот го пренел материјалното авторско право, согласно закон и согласно условите што ги определил.

Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело. Други лица може да го користат делото ако авторот, согласно закон и условите коишто ги определил, го пренел своето право. Понатаму авторот има право да дозволува или забранува користење на делото за:

  • Издавање
    Издавање е репродукција на авторско дело во доволен број примероци и нивна дистрибуција.
  • Репродукција
    Репродукција е изработка на примерок од авторско дело, или дел од него, снимено на материјална подлога, директно или индиректно, повремено или трајно, независно од видот на подлогата на примерокот, бројот на примероците и постапката)
  • Дистрибуција вклучувајќи и изнајмување и позајмување
    Дистрибуцијата опфаќа пуштање во промет или понудување на јавноста заради продажба или друг вид пренос на сопственичко право, вклучувајќи ги и изнајмувањето и позајмувањето на оригиналот или примерокот на авторското дело, како и нивен увоз за натамошен промет, независно дали биле легално направени.
    Изнајмување е користење на определено време на оригиналот или примерокот на авторското дело, заради непосредна или посредна економска корист.
    Позајмувањето значи користење на определено време на оригиналот или примерокот на авторското дело, без непосредна или посредна економска корист, кога тоа се врши преку организации до кои јавноста има пристап.
  • Јавно соопштување
    Јавното соопштување е користење на оригинал или примерок на авторско дело во нематеријална форма, на следниве начини:
    • јавно изведување, под што се подразбира претставување во живо или со помош на технички средства, вклучувајќи претставување во живо на сцена,
    • јавно пренесување, што е претставување надвор од просторот или местото на изведувањето преку звучник, екран и слично,
    • ставање на располагање на јавноста, што е поединечно користење на оригинал или примерок на авторско дело до која јавноста има пристап, безжично или жично, во место и време коешто корисникот самиот го избира,
    • радиодифузно емитување е претставување авторско дело преку радио и телевизиски програмски сигнали безжично, вклучувајќи сателит или жично, вклучувајќи кабелски или микробранов систем.
    • радиодифузно реемитување што е истовремено, во целина и непроменето пренесување на радиодифузно емитувано дело доколку го врши друга радио и телевизиска организација или се врши преку кабелско реемитување - пренесување преку кабелски или микробранов систем со повеќе од сто кабелски приклучоци, под услов делото почетно да се емитува од друга држава
  • Преработување.
    Преработување е преведување, обработување, приспособување, аранжирање или на друг начин приспособување на изворното авторско дело
Во ситуации, определени со Законот за авторското право и сродните права, и без да се пренесе соодветното материјално право, може да се користи објавено авторско дело. Тоа се случаите на законските дозволи - законски дозволено користење со обврска за давање надомест и слободното користење - законски дозволено користење без надомест.

Еден убав глобален блог, на кој има и за Македонија

Како што веќе реков во препораката на Глобал војсис на македонски:

Две Американки, авторки на блогот Грлс гон глобал (или грубо преведено Девојки што настапуваат глобално) добија многу пофалби од читателите, особено корисниците на Кајмак.от, за нивните постови за забавата во Македонија и секојдневните впечатоци.

Блогот е навистина кеифски и срдечно пренасочувам кон него. Особено мило ми беше што ја споменуваат и бозата!

16 July 2008

Дигиталниот архив на македонскиот јазик со Криејтив комонс

Ептен ми се направи кеиф што од денес Дигиталниот архив на македонскиот јазик користи лиценца од Криејтив комонс со цел да ја подигне достапноста на книгите што ги преобјавува. Целта е на посетителите да им се укаже дека делата се достапни за користење, споделување, ширење.

Меѓу нив се наоѓаат книги од слависти и други јазичари на разни јазици објавени во XIX и правата половина на XX век кои содржат непроценливи научни податоци. Досега голем дел од тие книги беа недостапни и за истражувачите од таа област, а интересни се и за лаици заинтересирани за историја, но и за оние кои се интересираат за приказната за македонскиот идентитет.

Еден цитат од Речник на три јазици (1875 г.) на Ѓорѓи Пулевски:
Сите људи, и ако имајед разум, но сите, не се токмо разумни, едни се научиље и знајед се штоје, које, бидувад во веков, тије умејад да читајед и да рисувајед, и можад да правад секакви рабоќе и да пронаидад нешто ново, такви људи се вељад просвештени, и изобразени, а пак други људи, који, неумејад ништо друго, но само гљедад кољку за да се ранад, да уловад нешто и да отнад од другога, такви људи, се вељад, диви и самоједи.

А што е со „Пато“?

Пато

Нели би било екстремно интересно некоја новинарска екипа да го најде јунакот на клипот „Пато“ и да го интервјуира во врска со неговото мислење за неговиот статус на една од најславните личности на македонскиот веб-простор (интернет-селебрити).

Баш сум љубопитен дали човекот знае дека неговото лице им е познато на илјадници сограѓани.

15 July 2008

Македонски на хрватски виа бугарски = папазјанија

Во Сајтмитерот кај реферери си најдов еден интересен линк. Некој читател од Сплит, Хрватска се послужил со автоматскиот преведувач на Гугл за хрватски и тоа од бугарски, оти изгледа не можел да го разбере постот за Џибони напишан на македонски.

Резултатот е карам-каша, но целата постапка доста јасно укажува кои земји и култури се напред, а кои каскаат во развојот на дигиталните технологии... А можеби е и индикатор за тоа како во недостаток на други информации некој од страна може да нè перципира.

Каролина Гочева на Мајспејс (не Фејсбук)

Прво да се извинам што во насловот на постот Каролина Гочева на Фејсбук го погрешив името на сервисот за социјално вмрежувања на кој таа се жали во написот од „Вечер“. Веројатно несвесно ми проработела пристрасноста кон сајтот на кој имам профил наспроти оној на кој немам. Плус открив дека на Мајспејс има не еден, туку неколку профили за Каролина.

Второ, се обратив до ДЗЛП и како одговор експресно добив соопштение со препораки за користење на сервисите за социјално вмрежување, или како што тие ги нарекуваат портали за социјална интеракција:

Во последно време до Дирекцијата за заштита на личните податоци се почесто стигнуваат известувања за злоупотреба на личните податоци на интернет, конкретно на порталите за социјална интеракција. Креирањето на лажни профили на порталите за социјална интеракција не е во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци и со основните принципи за заштита на личните податоци.

Дирекцијата е во постојана соработка со тимовите на порталите од ваков тип што придонесува за брзо и ефективно откривање и решавање на проблемите врзани со повредата на личните податоци, но сепак, најважно е сите оние кои ги користат ваквиот тип на веб страници и портали да внимаваат кога објавуваат свои, но и туѓи податоци на интернет.

Целиот текст на ставот на ДЗЛП за користењето сервиси за социјално вмрежување содржи и конкретни препораки за фирмите што нудат вакви услуги и граѓаните - нивни корисници. Објавен е на веб-сајтот на Метаморфозис, а ќе го има и на други места. Доколку сметате дека е важно и полезно, ширете го линкот преку ваши постови, со гласање на Кајмакот, по форуми и сајтови за социјално вмрежување.

Дополнително, треба да се има на ум дека ДЗЛП има надлежност за постапување само на територијата на РМ и дека ако некој врши злоупотреба преку странски сервис или случајот се решава преку неофицијална соработка со фирмата или жртвата мора да се обрати директно до надлежните за заштита на лични подоатоци во фиљан-земјата.

Во тек е процес со кој во нашето законодавство ќе се доразрешат разни отворени прашања за додефинирање на надлежностите и постапките за истрага и прогон во случај на нарушување на приватноста. За жал тој процес трае со години затоа што зависи од политичката волја на властите која не е секогаш на ниво на задачата...

Дигитален архив на македонскиот јазик

Илина веќе пиша за Дигиталниот архив на македонскиот јазик, а и јас се придружувам во препораката да се користи овој исклучително важен културен и научен ресурс.

Ваквите иницијативи ќе овозможат вистинско ширење и на македонската култура и научна мисла. На сајтот за сега има неколку дигитализирани книги во ПДФ-формат, од кои мене лично најсимпатична ми е „Речник од три јазици“ од Ѓорѓи Пулевски, „Мијак гаљички“. Објавен во 1875 година во Белград, речникот ги опфаќа македонскиот, албанскиот и турскиот јазик.

Во скоро време планирам да објавам нова верзија на списокот на извори на е-книги на македонски јазик, ако знаете за други вакви веб-сајтови, пишете.

14 July 2008

Конкурс за најдобра фотографија или видео клип од мобилен телефон

Криејтив комонс МакедонијаКриејтив комонс Македонија објавува конкурс за најдобра фотографија или најдобар видео клип направени со помош на вградена камера од мобилен телефон.

Темата е „лето“ по повод стапувањето на ова годишно време, а конкурсот ќе трае до 23 септември, односно до крајот на летото.

Сите пријавени фотографии и кратки видеа ќе бидат достапни преку веб-сајтот за авторски содржини: www.cc.org.mk под лиценцата Наведи извор 2.5 Македонија. Тоа значи дека секој ќе може да го употреби вашето дело, но при тоа ќе биде обврзан да го наведе изворот на оригиналното дело. Целта на овој конкурс е поттикнување на што поголем број корисници на мобилен телефон од Македонија (и аматери и професионалци), да споделат e-содржини со остатокот од светот.

Посетете ја страницата посветена на конкурсот за повеќе информации околу условите. Ако ја поддржувате слободната култура и развојот на наши локални е-содржини, помогнете во ширење на информацијава преку ставање на линк во пост на вашиот блог.

Каролина Гочева на Фејсбук

Како Каролина Гочева лично да посака да Ве запознае?

Направете „нејзин“ профил на некој сајт за социјално вмрежување. Поточно ваш профил со нејзини податоци. И потоа не се правете на три и пол.

До душа, ова може да биде и нелегално, оти лажното претставување при електронски комуникации е санкционирано со законите за електронски комуникации и заштита на лични податоци. Баш ќе ги прашам во ДЗЛП што мислат за случајов.

(Фала Дарко за линкот до написот.)

13 July 2008

Кнезот Владимир (Князь Владимир; Prince Vladimir)

Князь ВладимирГо препорачувам рускиот анимиран филм „Кнезот Владимир“ (Князь Владимир) од 2005.

Ми се допадна дека ликовите се слоевите, дека добрите момци имаат и темна страна, дека ликовите од руската историја не се претставени црно-бело, туку самокритично на пр. коегзистенцијата и разбојничките походи со викинзите (на руски наречени варјази), дека има исклучително важни воспитни елементи, на пр. дека суштината на власта не е во силата, туку Законот се поставува како највисока вредност...

Напомена за конфликт на интереси: со филмот се пропагира христијанството и има добиено благослов од РПЦ.

Го има кај скопските трговци со ДВД-а со српски превод, а еве го и на Ју тјуб само на руски.

11 July 2008

Човекот што сакаше да биде крал, втор дел (по трагедија, фарса)

Сабајлево на вестите на Сител бев сведок на изјава од некоја НВО кои најавија дека ќе барале од УНЕСКО да го заштити македонскиот генетски код (! - да да, буквално) оти бил непроменлив извор на цивилизацијата или така нешто. Какво тотално извртување на научни поими од очигледни аналфабети од областа на генетика. Испаѓа деака нашле начин да се генетски да се дефинира етничка припадност - што би било епохално откритие! Особено од полза за сите што планираат разноразни истребувања.

Тоа што да се простор на национален медиум е доволно да се тропаат било какви глупости со „македонистички“ предзнак ми личи на симптом на тотален очај, како и знак дека македонскиот идентитет е навистина загрозен по сите неуспеси во странство поради непримена на разумски аргументи базирани на принципите на човекови права, меѓународно право и наука.

Човекот што сакаше да биде кралСо големо задоволство го очекувам настапот на гостите од братски Пакистан на главниот плоштад во Скопје за да ја изведат својата обработка на светскиот хит „Лет ми би јоур фантази“ (Let me be your fantasy - Baby D). Од полокална предгрупа имаме и изведба на „Гастербајтерска“ со радосен и тажен ритам.

Мислам (!ако веќе не е казниво ова?) дека

  • Хунзите имаат право да се сметаат за потомци на кого сакаат, без разлика на тоа што лозата на Александар и Филип Македонски била прекината. Единствениот син на првиот бил погубен пред да влезе во пубертет (но тоа е приказна за другпат).
  • Супер е што се воспоставуваат културни врски со други земји - без ронче иронија. Стварно.
  • Арно ама, мислам дека ваквиот етно-роднински ријунион може да се примени за промоција на Македонија низ цел свет, а особено земјите во развој. Веднаш:
    • делегација на видни локални лидери на нашите Јуруци да се прати во посета на Турција, Азербеџан, Туркменистан и сите други туркофонски територии, за тие таму ќе бидат пречекани од премиерите или претседателите (кој е поважен)
    • градоначалникот на Куманово да се прати под итно во Молдавија да ги обнови историските врски со тековното етничкото малцинство и некогашно моќно племе Кумани, според кои и тој град го има добиено името.
  • Да се провери зошто принцезата се вика Рани Атика, а не Рани Тиквеш или нешто слично, наше. Сличните зборови се нели крунски доказ за поврзаноста меѓу јазиците, а Атика е името на полуостровот на кој се наоѓа Атина. Да не е таа инфилтрирана од античко-грчката фракција кај Хунзите. Секако да се прашаат гостите што мислат за грчкиот културен центар и дали е тој во нивното или во соседното село (со кое како вистински Македонци мора да се скарани и да се мразат). Да не испадне што би рекла другарка ми Џасмин (принцезата од Аладин - (Багдад е наш!)) „Рани Атика = рани куче да те лае“.
  • Кога веќе сме кај поврзаноста на јазиците, радо би да чујам како звучи разговор или песна на јазикот на Хунзите, оти овие нешта сосем отсуствуваа од документарецот на авторката на проектот што ги носи луѓето кај нас.
  • Истата госпоѓа има изјавено дека постои и генетска поврзаност, би молел или да се докаже тоа или да се побара одговорност, особено ако во проектов е вмешано финансирање од државни пари.
  • На телевизија бездруго по стопати да се емитува репризата на филмот со Шон Конери и Мајкл Кејн, „Човекот што сакаше да биде крал“ (The Man Who Would Be King).
  • Ако се испостави дека освен оние сликине на русокоси Хунзчиња се испостави дека има и малку потемни луѓе кои се сметаат за потомци на Александар--тоа ќе доведе и до намалување на дискриминацијата кон Ромите кои исто така доаѓаат од Индискиот Потконтинент.
  • Главниот аргумент на ТВ Скај нет дека Хунзите ни биле сродници во спот што немилосрдно се врти во вид на слајд-шоу е убавината на нивните лица. Дали тоа значи дека меѓу Македонците нема грди луѓе? Дали грдите етнички Македонци треба да се истребат, а грдите меѓу Хунзите да не се прифатат за наши роднини? Да не е сето ова заговор од моќните козметичари кои веќе владеат по македонските национални медиуми, да привлечат повеќе муштерии. Дали едната третина сиромашни граѓани на Македонија кои немаат пари за козметичари треба да се „суредат“?

Бездруго препорачувам читање на коментарите на темава:

Линкови до овој блог запис