Блекаут

26 March 2007

Кој се плаши од компјутерот лош?!

Технофобијата - пречка за развојот на Македонија

Филип Стојановски

Во последните неколку години во македонските медиуми често се обработува темата „зависност од Интернет“, заедно со целата стигма што таа „наркоманска“ терминологија ја носи со себе, а веќе е клише дека во медиумите предност имаат негативни, сензационалистички содржини од типот „заканата од хакери“ и „криза на моралот поради користење нови технологии од страна на младите“, „компјутерите ги згрбавија децата“, додека темата „како до поголема информатичка писменост за сите“ е најчесто занемарена.

Притоа како авторитети се претставуваат психолози што во практиката не ги познаваат доволно новите технологии, ниту се занимаваат со случаи поврзани со нив, а си дозволуваат паушални изјави како „Интернет колку е добар толку е и лош“, наместо да поттикнуваат анализа преку критичко размислување и емпириско истражување на проблемите. Би требало да произлезе некое навистина огромно зло за да се „урамнотежи“ оваа генерализација со сите полезни работи што произлегуваат од употребата на Интернет.

Во денешно време изгледа апсурдно да се дига паника за новите технологии за стекнување и ширење знаење, кои станале дел од нашите животи во последните пет века: „зависност од печатени книги на народен јазик“, „библија што не е на латински = морален распад“, „користењето телескоп противречи на познатите вистини, да се забрани“ итн. Секако и санкциите од страна на „старото“ се во многу поблага форма од горење на клада, но таквиот начин на размислување влијае на уназадување на целото наше општество.

На Запад ништо ново...


Постоењето на технофобни тенденции не е ништо ново и често се повторува низ историјата. Веројатно и откритието на огнот во почетокот било отфрлано од некои, кои сметале дека само живото месо е вистинска храна, а печеното опасна новотарија. Во почетокот на деветнаесеттиот век, отпорот кон индустриската револуција во Британија имал две драматични форми.

Кај сиромасите, особено кај отпуштените работници поради тоа што машините овозможувале поголема ефикасност по пониска цена, овој отпор имал форма на насилните „лудистички“ нереди, наречени според името на водачот Нед Луд. Отпуштените работници ги напаѓале фабриките и ги кршеле машините. Ова движење не нудело излез од ситуацијата, ниту разумни решенија како да се задоволат потребите на населението само со мануфактура. Било задушено во крв. Интензитетот на неговиот бес и фрустрации оставил психолошки печат и биле предвесник на насилните националистички и идеолошки револуции низ цела Европа во подоцнежните децении.


Богатиот и образован слој на тоа време, пак, се свртел кон воспевање на природата, го измислил туризмот и го зачнал романтизмот. Романтизмот исто така го поттикнал и развојот на национализмите, а с
е уште има огромно влијание врз културните производи како филмот и телевизиските серии. На пример, Толкиновиот „Господар на прстените“ е типично романтичарско дело, во кое се идеализира „природниот“ селски начин на живот наспроти индустријализацијата. Ваквите дела често ја пропагираат употребата на сила како единствено средство за решавање конфликти, стереотипизацијата, потребата од силни водачи наспроти демократија, како и размислувањето во категории црно-бело.

Како магија

Не можејќи реално да го спречат напредокот на науката и технологијата, кој е вткаен во ткивото на денешната цивилизација, луѓето со технофобни тенденции најчесто ги изживуваат на своја лична штета, ускратувајќи си ги можностите што ги уживаат технофилите. Тие имаат заеднички особини со застапниците на различните политички идеологии што ги прегазило времето, особено во поглед на тоа што често не се свесни за својата состојба, а истовремено шират дефетизам и нихилизам. Прашањето е како да им се помогне да ја надминат таа состојба.

Причина за отпорот кон новите технологии често е непознавањето на начинот на нивната работа и последиците од примената. Технофобијата често се јавува во поблаги форми, при што луѓето што се нејзини жртви не искажуваат отворено спротивставување, но сепак преку своите дела искажуваат одбивност и неприфаќање. Неразбирањето често се манифестира со припишување магични својства на компјутерите, на кои од страна се гледа како на семоќни алатки, еден вид „духови од ламба“, кои сами од себе ја завршуваат зададената задача, без никаков напор за нарачателот.

Ова е во согласност со согледувањето на Артур Кларк дека „секоја доволно напредна технологија не може да се разликува од магија“ за оние што не ја познаваат. Ова мислење се дополнува и од страна на производите на популарна култура. Во филмовите, компјутерџиите најчесто се претставени како волшебници, кои со едно стискање на копчето ги добиваат сите информации за некој случај или личност.

Во реалноста, често се случува раководители на фирми што не се отворено технофобни да имаат нереални очекувања од информатичките технологии. На пример, при нарачување на веб-сајт, најчесто не планираат ресурси за негово одржување, особено не земајќи предвид дека за веб-сајтот да биде „жив“ не е потребно да се постави анимација што ќе мрда, туку дека треба да се алоцираат луѓе што постојано ќе го ажурираат со нови информации. Тоа е одраз на честиот став дека штом веб-сајтот е изработен и објавен на Интернет, тој потоа сам си брка работа.

Донекаде ова е резултат и на тоа како корисниците се воведуваат и иницијално им се претставуваат новите технологии. Честа метафора што се користи во информатиката е метафората на канцеларија - компјутерскиот интерфејс има изглед на канцелариска маса, записите се оставаат во папки што се чуваат во регистри и слично.

Според сајбер-гуруто Марсел Марс, ваквиот пристап доведува до создавање „култура на глупави корисници“. Авторите на софтвер не искажуваат доверба во своите корисници, туку им овозможуваат само минимум од можностите што им се достапни. За жал, голем број корисници остануваат на тоа ниво.

Илустративен пример е тоа што најпознатата серија прирачници за почетници во САД се наречени буквално „за глупави“ (For Dummies), користејќи иронија свртена кон самите себе како средство за привлекување на муштериите со мала самодоверба.

Излез од ваквата состојба е овозможување на корисниците да дознаат повеќе, преку укажување дека компјутерот не е само скапо средство за работа, туку и алатка што може да помогне при другите аспекти на секојдневниот живот. На пример, единствена шанса да видат компјутер за повеќето македонски пензионери е кога одат во банка - и тоа само оддалеку, обвиен со превез на мистерија зад шалтерот.

Кај помладите, огромна улога во тоа имаат компјутерските игри, кои ги поттикнуваат да ги користат машините на нови начини, надминувајќи го природниот страв дека нешто може да расипат. Еден елемент од компјутерските игри, тоа дека и ако се загуби, може повторно, од почеток или од некоја претходно снимена позиција, да се обиде да се реши поставениот проблем, е особено полезен во оваа смисла.

Марс исто така смета дека новиот, Веб-два-нула, пристап кон Интернет, кој подразбира активно учество на корисниците во обезбедување смисла на содржините, е начин за надминување на културата на глупави корисници. Во ова особено важна улога имаат блогерите и другите видови самостојни издавачи и автори што дејствуваат надвор од медиумскиот естаблишмент.

Бегство од реалноста?

Наспроти широкораширените мислења дека компјутерските игри и честото користење Интернет доведуваат до отуѓување на децата и слично, тие всушност служат како најдобра подготовка за животот во 21 век.

Технофобијата во Македонија води кон бегство од реалноста на современиот свет и глобалната економија, бегство во идеализираната идила на руралното минато во кое немало потреба за дополнително образование по задолжителното основно училиште, кое можело да се помине и само формално.

Иако ниското образовно ниво, па дури и празноверието имаат голема кочничарска улога, технофобни ставови во Македонија се присутни и кај луѓе со високи академски титули. Индикатор за тоа е ниското присуство на македонската наука и образование на Интернет, оти голем број еминентни институции, наспроти техничките можности, не го користат неговиот потенцијал.

За подобрување на состојбите од голема важност се постапките на јавните личности, особено на политичарите, кои би требало што почесто, јасно и гласно, да го промовираат позитивниот став кон употребата на новите технологии. Македонија можеби некогаш и ќе има можност да стане земјоделски рај за извоз на здрава храна, со што ќе се задоволат идеалите на голем дел од гласачите со рурални корени. Арно ама, во моментов е исклучително потребно нејзините водачи и граѓани и реално да ги прифатат информатиката и другите нови технологии како средство за поефикасно работење, што ќе доведе и до подобрување на нивните можности и животни услови.

Современиот свет користи Интернет и новите информатички технологии како основа за развојот и подобрување на условите за живот, а доживотното учење се подразбира како интегрален дел од модерниот живот. Никој од „младите“ не се родил учен, со тастатура в рака, ниту пак ги „преснимил“ вештините со копирање од диск, како во „Матрицата“. И тие секојдневно се соочуваат со предизвикот на новото, а успеваат во неговото решавање затоа што го прифаќаат фактот дека за да се постигне успех, мора да се вложи во знаење. А откако ќе направи првиот чекор, потоа се станува полесно - како игра, а не како робија.


Написов е првпат објавен во Неделно Време, 25.03.2007.

1 comment:

Anonymous said...

Еве линк колку за поткрепа на почетните реченици од написов.