Блекаут

12 July 2006

Историјата на Земјата на тоалетна хартија

Ми се допаѓа активноста за претставување на историјата на Земјата со помош на тоалетна хартија (The History of the Earth in a Toilet Paper Roll), како аналогна визуелна алатка за добивање претстава за улогата во општиот поредок...

Како е тинк-тенк (think tank) на македонски?

Дали постои концизен и прецизен превод на англискиот израз „тинк-тенк“ (think thank) на македонски јазик?

Ако го знаете, ве молам пратете ми го по е-пошта или ставете го во коментар.

11 July 2006

Нема веќе мега, кило, заборави сè што било

Борба за нов стандард! Институтот на инженери на електрика и електроника (IEEE) предлага (IEEE 1541) да не се користат префиксите кило, мега и слично, кои означуваат степени на десет, наместо степени на два, туку нови попрецизни префикси:
  • kibi (Ki), 210 = 1.024, наместо kilo (K), 103 = 1.000;
  • mebi (Mi), 220 = 1.048.576, наместо mega (M), 106 = 1.000.000;
  • gibi (Gi), 230 = 1.073.741.824, наместо giga (G), 109 = 1.000.000.000;
  • tebi (Ti), 240 = 1.099.511.627.776;
  • pebi (Pi), 250 = 1.125.899.906.842.624;
  • exbi (Ei), 260 = 1.152.921.504.606.846.976;
Благодарност до Кире (DreamLog) за информацијава.

10 July 2006

Французите, Блажо... Французите!

За оние на кои им е криво што Зидан се избламира синоќа, препорачувам еден текст од грубиот и безобразен, но секогаш фактички точен Гери Бречер (The French) напишан при кулминацијата на антифранцуската хистерија во САД, по повод одбивањето на Франција да учествува во војната за Ирак.

Мојот дневник во Неделно време

Тековното Неделно време (број 773, 09.07.2006) во рубриката „мојот дневник“ под наслов „Средата целосно ми го измести чувството за време“ објави мала хроника на некои од настаните кои ми се случија изминатата недела. Ја искористив приликата да изнесам една покана...
Вечерта, при излегување на сладолетче, имавме блиска средба со госпоѓа-возач со црвено пунто (SK 038 OK) на семафорите пред Соборниот храм, која наместо напред тргна во рикверц. Беше љубезна, но не почека додека ја испитував малата вдлабнатинка на мојата хауба. Доколку го чита ова, би сакал да ја поканам на заедничка дијагностичка посета на автолимар (тел. 3109-325 во раб. време).
Ова е инаку втор пат да пишувам јавен дневник за во печатен весник. Првиот пат беше за словенечкото културно списание Бал-канис (Balcanis), летото 2001 година. Во обата случаи повеќе се концентрирав на тековната работа од јавен интерес, а помалку на интимата.

06 July 2006

Линукс за почетници

Текстот за шесте работи што не ги знаете за Линукс (Six Things You Didn't Know About Linux: A Beginners' Guide) може да ви овозможи подобро запознавање со овој оперативен систем и неговите 350 (!) дистрибуции...

Ги нема веќе цртачот и цајканот

Уметничкото дело што го нареков „Цртач и цајкан“ веќе не е на своето место.

Снимајте го она што ви се допаѓа. Можеби така ќе ја сочувате од заборав урбаната култура која лесно ја снемува.

Извор на бесплатни, а легални фотографии

Доколку на Вашиот блог користите фотографии, Ви го препорачувам пребарувачот Јотофото (yotophoto.com).

Јотофото индексира снимки лиценцирани под некоја од таканаречените „копилефт“-лиценци, како Криејтив комонс (Creative Commons) или Лиценцата за слободна документација на ГНУ (GNU Free Documentation License).

Прашања и одговори (Q & A)

Како коментари на постов може јавно да поставувате прашања и добивате одговори на теми што не се опфатени со постоечки постови или ви текнале онака.

05 July 2006

Тема: Историја (istorija, history)


Постови на теми поврзани со историјата.

Репринт на „Македонска искра“ (Macedonian Spark) на интернет


Весникот „Македонска искра“ (Macedonian Spark) бил првиот македонски весник во Австралија, а излегувал од 1946 до 1957 година . Според нивната објава, Политекон пабликејшнс има проект преку кој повторно ќе ги објави сите изданија на весникот на интернет (во вид на скенови).

До овој момент се стигнати до 1952 година, а во содржините има директни извештаи за граѓанската војна во Грција и протерувањето на етничките Македонци од таму - вистинско богатство за историчарите.

Прашања за кои ова може да биде примарен извор се и транслитерацијата и употребата на придавката „словенски“ во однос на идентитет од разни страни.

Тема: историја, македонски јазик.

Препорака: HTML Keyboard за букви со цртички

Со новата алатка на Гуд бајтс наречена ХТМЛ киборд (HTML Keyboard) веќе нема да ви требаат поуките за кодови за специјални знаци. Авторот објаснува:
Намената на оваа веб-алатка е да овозможи лесно внесување Јуникод (Unicode) знаци преку соодветен HTML код. Треба само да се избере и кликне знакот (буквата, симболот) и да се ископира добиената вредност. HTML Keyboard најмногу е наменет за блогерите, но генерално може да се користи за било каков HTML документ. HTML Keyboard ги листа сите Unicode знаци од 1 до 30 илјади (во стандардизираната табела има и некои „дупки“) и е еден вид проширена тастатура.

Секоја табела (страница) покажува по 100 (10 х 10) знаци, а движењето низ табелите оди преку навигациските ленти, кои се веднаш над и под табелата: Home, 1, 2, 3...

На пример, кириличното ...подмножество почнува од страницата 10, грчките букви се на страницата 9 и слично.
Тоа би било. Нема утка. ҉

PS
Кој не ги знае, нека ги ѕирне и другите корисни алатки од истиот автор: конверторот за кирилица и Технорати мак топ.

Теми: македонски јазик, блогерски алатки и техники.

04 July 2006

Пофалби за „Разговор со Спиноза“ на Смилевски во странство

Од бесплатниот весник Шпиц дознав дека уредниците на веб-сајтот Реди стеди бук го прогласиле англискиот превод на романот на Гоце Смилевски „Разговор со Спиноза“ за роман на неделата на 26 јуни 2006.

Книгата е достапна преку Амазон.ком (Conversation with Spinoza: A Cobweb Novel). Го немам прочитано англискиот превод на Филип Корженски, па не можам да дадам оценка за тоа издание. Оригиналот ми се допадна, не само поради воведувањето на персонализирана интерактивност во македонската литература, туку и поради добро устроеното раскажување.

Честитки за Гоце за објавувањето на преводот и за високата оценка, критика до Шпиц за продолжување на лошата македонска весникарска традиција во текст чија главна тема е еден веб-сајт да не се спомене веб-адресата на сајтот. Инаку, хартиеното издание на весникот е бесплатно и го има во подобрите трафики, а штета е што му недостасува и издание на веб.

03 July 2006

Блогот на ВесНа додаден во блогрол

За Блогот на ВесНа дознав од мојот сајтмитер. Во моментов нема многу постови, но тие што ги има ми се интересни. Во блогрол ставам линкови до блогови што од време на време ги посетувам, во зависност од тоа колку често ги освежуваат содржините. Се надевам ВесНа ќе почне да пишува почесто.

02 July 2006

Два потенцијално полезни портали

...Полезни од аспект на привлекување посетители, доколку се занимавате со фото-галерии.

За словенечкиот Изклоп и српскиот Ма немој, кои изгледаат и функционираат сосем идентично, дознав од сајт-митерот на Ексблог. Регистрираните корисници на обата сајта може да ги пренасочуваат нивните посетители со поставување линкови кои одговараат на тамошната уредувачка политика.

Спотот од Си-Ен-Ен на интернет

Преку Панта Реи и Блогот на Јован има можност за гледање на една верзија на спотот за Македонија наменет за Си-Ен-Ен.

Немам нов коментар, само потсетуваење.

Разбивање на деникеновштината за босанските пирамиди

Од Археолошкиот дневник дознав за сајтот на списанието Археологија на кој се следи случајот со таканаречените пирамиди од Босна (More on Bosnian "Pyramids"). Препорачувам да го прочитаат сите што се заинтересирани за развој на науката, знаењето и критичкото размислување. Методите со кои ја анализираат ситуацијата и доказите се исклучително поучни.

Товар на докажувањето
(burden of proof) - ако некој тврди нешто, негова должност е да докаже дека е вистина. Додека не добие валидни докази, научната заедница не треба да го прифати тврдењето како точно. Ова исто важи и во правото - тужителот е должен да докаже дека обвинението е точно, а не обвинетиот дека е невин.

Научната репутација
на оној кој што го изнесува тврдењето. Доколку доказите се неоспорни, ова не е важно. Но ако нема докази, тогаш понатамошното вложување во истражувањето зависи и од авторитетот и мотивите на оној кој ја промовира приказната.

Има разлика ако тоа е признаен, а не самонаречен, експерт за даденото поле, локален хотелиер и фалсификатор, или ловец на слава што не отишол подалеку од прераскажување на идеите од стрипчињата со Марти Мистерија. Особено полезно е да се прочита писмото од египтологот д-р Захи Хавас (PDF, 101 KB) кое е дадено како прилог во дебатата.

Тврдењата на швајцарскиот хотелиер Ерих фон Деникен (Erich von Däniken) отсекогаш биле популарни на југословенските простори. Дури имаше и локални имитатори кои во секоја гребната карпа или грмушка „откриваа“ „докази“ за некој мистериозен феномен, обично поврзан со вонземјани. Така, во една книга од тој тип насловена „Посјетили су и нас“ (која ја немам при рака за целосно цитирање) беше изложено дека одредена група неандерталци била спржена од вонземјани со нешто ко бластер. Германски криминолог го реконструирал лицето на еден од нив врз база на черепот, со зачуден израз на лицето. Во книгата буквално стоеше дека ’еве, гледате како се чуди праисторискиов човек... веројатно смртта настапила во моментот кога првпат ги видел вонземјаните“.

01 July 2006

Со свој камен од Розета по своја глава

Читам за презентацијата на проект во МАНУ со кој академик Башевски и проф. Тентов наводно го дешифрирале Каменот од Розета (Rosetta Stone, British Museum). Доколку истражувањето е валидно, ова е епохално откритие на светско ниво.

Во текстот објавен во Утрински не најдов аргумент со кој се опвргнува општоприфатената теза дека средниот текст е напишан на антички египетски јазик. Изнесеното ги дава техничките карактеристики на текстот, но ништо за содржината на „демотскиот“ (= народен) текст. Во извештаите во другите весници имаше уште помалку податоци. Оти не гледам на грав, решив да го побарам интегралниот текст на истражувањето, но веб-сајтот на МАНУ воопшто не работи.

Всушност, не беше наведено дали истражувачите воопшто го публикувале истражувањето некаде на англиски. За да го видат други научници, тоа треба да излезе во некое научно списание, по можност престижно. Само така има шанса да излезе од границите на МАНУ, односно на неколку новински написи, а да се референцира само во некоj од романтичарските памфлети на локалните историчарски аматери... Научна мисла се создава со документирање и објавување, а не со криење.

PS
Освен една вест од македонски сајт што понекогаш преведува текстови од весници, на Гугл њуз нема ништо за откритието...

Тема: историја.

Вуна и Народот на Сонцето

Еее, не се само Македонците народ на Сонцето. Еве Вуна ни дава текст и спот од Рејџ агејст д машин на таа тема - се раскажува за геноцидот врз индијанците, особено оние од Мексико. Целта на спотот била да се влијае на немешање во внатрешните работи на Мексико, колку што се сеќавам во врска со нео-запатистичкото востание.

Секако, како припадник на култура која била буквално колонизирана до 1944 година, моите симпатии се на страната на колонизираните. Индијанците особено. Уште од основно, самоволно и доброволно се имам индоктринирано во полза на нивната кауза, не само преку романтичните Ункас, Чингачгук, Текс Вилер, Кен Паркер и Мистер Но, туку и преку документарни дела како „Погребете ми го срцето кај Рането Колено“ (Burry my heart at Wounded Knee) од Ди Браун.

Арно ама, сепак работите не се црно-бели. Мора да се спомене нешто во врска со Маите и Мексиките (= Ацтеките) кои се споменуваат во песната.

Шпанската колонизација вистина донела економска експлоатација, дури и ропство за дел од населението, геноцид преку нови болести (ненамерен, за разлика со некои северноамерикански племиња), сурова религиозна и културна асимилација. Но причината зошто Шпанците прилично лесно ги победиле и затекнатиот император Монтезума и востанието на внук му Куахтемок (споменат во песната) била тоа што повеќето Мексиканци веќе биле поробени. Поробени од Ацтеките - едно од многуте локални племиња, кои не само што им го правеле многу слични работи, туку тоа го правеле и многу посурово.

На пример, нивната религија (а и на Маите) барала принесување човечки жртви на боговите, меѓу кои и на Сонцето. Сосе она познатото расцепување на градите со нож од кремен на врвот на пирамидата, па подигање на сеуште пулсирачкото срце кон небото. Нишката Ќеле-кула (Skull tower) е обична шупа во однос на нивните храмови. Жртвите ги земале најчесто од редовите на воените заробеници. За да имаат заробеници, постојано или освојувале нови територии, или поттикнувале бунтови или „откривале“ заговори во вазалните држави, само за да имаат изговор за војни. Шпанците ги донеле конквистадорскиот католицизам и инквизицијата. Веројатно за мнозинството Мексиканци тоа било подобрата алтернатива.

Тема: историја.

Препорака: Тест по археологија

Испробајте го своето знаење на тестот по археологија на Археолошкиот дневник. Ама не ги читајте коментарите, има спојлери.