За сите што знаат што значи зборот „веге“ на унгарски ќе биде интересен текстот на Окно посветен на цртаниот филм Густав, во кој е вметнат и еден цртан филм - за комплексот на помала вредност.
Блог на најразновидни теми, меѓу кои стрип, анимација, тековни настани, историја, палеонтологија и интернет, со препораки или кудења на нешта што може да се прочитаат, изгледаат или ислушаат. Другото сè е сеир.
Блекаут
23 April 2009
Густав - цртани филмови
22 April 2009
Животна средина? - Баш ни е гајле!
На Денот на Земјата, истражувањето за општествената одговорност спроведено од МЦМС открива дека:
Со Владата презафатена со други приоритети, ако и на граѓаните не им е гајле (и за нивното лично однесување и на што се трошат нивните пари), тогаш не е ни чудо што Македонија е меѓу најнечистите земји во Европа.Поразителни се информациите за одговорноста за заштита на животната средина. Само еден од пет граѓани чувствува одговорност за зачувување на животната средина. Иако е висока поддршката за мерките за заштита на животната средина, само 21,3% чувствуваат лична одговорност за нејзина заштита.
19 April 2009
Велигден: Исус се залагал за секуларност
Основата на страданието на Исус е во тоа што организираната религиска организација, лукративно етаблирана во општеството и водена од лицемери го злоупотребува своето општествено влијание врз толпата да ја присили државата да го убие оној кој во себе ја носи вистинската духовност.
Библијата и на други места го прикажува Исус Христос како се залага за одвојување на црквата од државата, на пример во Св. Евангелије по Матеј 22:21 со познатата изрека да му се даде на Цезар што е негово (данокот), а на Бога она што е божје. Иако низ историјата имало различни интерпретации и на ова поглавје (што на светот не е од Бога?), Библијата потоа нуди дополнителни аргументи дека државниот апарат треба да е секуларен.
Претставникот на државата, намесникот Пилат (Pontius Pilate) бил свесен дека Исус нема политички амбиции да предизвика бунт против римскиот режим и не го крши законот, но подлегнал на притисокот од свештениците воопшто да го суди, а и од толпата народ (контролирана од свештенството) на кои популистички им препуштил да изберат кој да биде распнат.
Како резултат, настанува огромна несреќа, вистинскиот духовник е убиен, а и целото општество по некое време се распаѓа, што кулминира со војната во која е уништен Ерусалим и Вториот храм.
И пред да ја оспорите универзалноста на поракава со обвинувања дека Страданието се однесува само на Евреите и еврејските свештеници, земете предвид дека и Исус Христос бил Евреин, роден во еврејско семејство, го поминал животот како еврејски верник и во ниеден момент не се откажал од своето еврејство. (Христијанството првобитно било движење или секта во рамките на Јудаизмот, која вовела иновација дека не мора да си етнички Евреин за да бидеш член на оваа верска заедница. Таквото отворање, односно надминување на националистичкиот начин на размислување и придонело за ширење на пораката и станување засебна, светска религија.)
Да потсетам на (во Македонија) скриеното значење на Велигден ме поттикна тоа што на Фејсбук видов дека има луѓе кои на своите деца (со најдобри намери) им даваат јајца со нацртани државни или партиски симболи - целосно спротивно на духот на празникот, а и колумната на Горан Михајловски „Северна Ирска“:
Многупати не се согласувам со ставовите на евроамбасадорот Ерван Фуере. И многупати се лутам кога ни се меша во работите. Ама деновиве прочитав негова изјава во "Нова Македонија" со застрашувачка препорака: „Уставот е јасен во поглед на поделеноста меѓу црквата и државата. А секој што ќе се обиде да ја гледа религијата како политичко средство, треба да оди во Северна Ирска и да ги види последиците, односно она што се случува кога религијата ќе се измеша со политиката“.Не е само до Уставот, туку и до Библијата. Ама, кој ја чита кај нас, или смее да дискутира за неа?
Човекот е од Ирска, и треба да му веруваме. Може треба да ги пратиме нашите пратеници, особено тие што на Интернет повикуваа на пребројување, и партиските лидери на мала турнеја низ Северна Ирска за да видат на што личи тоа. Мене ми беше доволно и ова што минатата сабота го видов на плоштадот Македонија.
18 April 2009
Чиста Македонија? Не во 2008!
Најчисти земји во светот се Швајцарија, Шведска, Норвешка, Финска и Костарика, според најновото годишното истражување со кое се оценуваат постигнувањата во врска со животната средина на светско ниво (Environmental Performance Index 2008) на Центарот за социоекономски податоци и апликации на американските универзитети Колумбија и Јеил.
Од 150 испитани земји, Македонија е на 75 место, зад сите земји од Балканот и зад сите земји од ЕУ со исклучок на Романија, при што во истражувањето не се влезени Србија, Косово и Црна Гора. Веднаш пред нас е Хондурас, а веднаш зад нас Украина, која со осумдесеттретата Романија и Молдавија која е на 87 место се единствени Европски земји (сосе Кавказ) во кои животната средина е во полоша состојба од кај нас.
За мерење со комшиите:
- Словенија е на 15 место,
- Хрватска на 20 (и пофалена во написот на Форбс што го цитираат светските агенции),
- Албанија е на 27 место,
- Грција на 44,
- Босна и Херцеговина на 48,
- Бугарија на 56 место и
- Турција на 72 место.
Би сакал барем медиумите да побараат мислење и одговорност од Владата на РМ и од Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ за оваа тажна состојба. Последиците од негрижата за животната средина се ненадоместливи и катастрофални, за целиот жив свет.
Дали некој воопшто го поврзува влошувањето на условите со епидемијата на смртоносни болести, меѓу кои е ракот?
17 April 2009
Обама и Спајдермен - изгубени во времето
До душа, само за македонската јавност, ако го земеме предвид написот „Најмоќниот човек на светот како стрип јунак“ на Утрински весник од 11.04.2009 година, кој најавува настан кој се има случено пред четири месеци - дека (следи линк до коректен напис на темава од американски извор) компанијата Марвел објавила пригодна епизода на Спајдермен за инаугурацијата на Обама. Го цитирам написот од Утрински:
Новиот американски претседател Барак Обама дури ни за време на претседателската кампања не криел дека многу ги сака стриповите и дека е колекционер на сите стрипови на „Марвел“, во кој се вклучени и оние за Конан Барбара од седумдесеттите години на минатиот век. Со оглед на тоа дека Обама станал новиот жител во Белата куќа, наскоро на пазарот би требало да се појави стрип со неговиот лик, со што би се зголемила колекцијата на претседатели што добиле свое стрип-издание.
Написот ми го привлече вниманието бидејќи се гледа дека една од работите што преведувачот ги нема разбрано е дека Марвел е компанија која ги издава стриповите со Спајдермен и Конан Варваринот. Затоа, следи возбудлива интерпретација со пресврт:
Но, ова не е прва адаптација на Барак Обама во стрип-издание.
Сама по себе реченицава е точна, но не како што се објаснува понатаму во написот. Додека траеше кампањата Обама се појави во негова стрип-биографија (Presidential Material), исто како и неговиот противкандидат Џон МекКејн.
Пред извесен период и креаторот на „Спајдермен“ посакал да го стави во својата анимација ликот на Обама, но, по се' изгледа, „Марвел“ успеал подобро да го убеди Обама да даде согласност во неговите стрип-изданија.
Па... Марвел е компанијата за која работи ко-креаторот на Спајдермен, Стен Ли. Марвел е сопственик на авторските права. И на крај, шлаг на торта:
Инаку, според концептот на Обама - Спајдермен, неговото алтер-его претставува новинарот Питер Паркер, кој пристигнува на неговата инаугурација со цел да го види чинот на неговото прогласување за претседател.
Ај ќе ја занемариме недоветната конструкција на реченицата, фоторепортерот Питер Паркер е Спајдермен во секоја епизода од стрипот, со Обама или без него, како и во мегапопуларните филмови со истиот лик во главната улога... Го пишувам ова оти еве, доказ дека е можно да има луѓе во Македонија кои немаат основни познавања од општа култура.
Инаку, во галеријата со претседатели на САД во стрипови линкувана во написот од Балтимор сан недостасуваат низа важни стрипови, на пример оној во кој Реган го забранил Супермен, или портретот на Никсон во стриповите за Електра од Френк Милер и Бил Сенкијевиќ (Electra Assassin).
Дополнително, она „Конан Барбара“ е индикатор дека можеби е преведувано од хрватски, со непознавање на функционирањето на падежи. Неодамна Марвел ги издаде класичните стрипови со Конан од седумдесеттите во едиција „Дивјачкиот меч на Конан“ (Savage Sword of Conan) во форма на омнибуси (дебели книги со многу епизоди заедно), а минатата година Дарк хорс комикс започна нова серија со реинтерпретација на неговиот живот со вклучување на неколку врвни цртачи, меѓу кои и Ричард Корбен, под наслов „Конан Симеријанецот“ (Conan The Cimmerian).
13 April 2009
Практична употреба на магија во светот и кај нас
Веста на ББЦ за порастот на суеверието во Британија потсетува дека трендот на средновековизирање не е само македонски феномен.
Мора да се земе предвид дека нарушувањата на менталното здравје ги прават луѓето поподложни на сите видови на психолошки влијанија.
Освен во контекст на неодамнешните предизборни препукувања, кај нас клетвите се користеа и во црковно-народна-политички-коруптивната афера со расколот во МПЦ. По својата епска структура на особено интересен е магискиот дуел за кој известува Дневник од 22.07.2002 година:
Пред да го напушти манастирот, Јован држејќи го крстот во рацете ги проколна присутните:И околу последувателното судење за проневера имало закани од проколнувања, како средство за присила (25.11.2005).
- Аир да не видите - рече тој.
Верниците му возвратија:
- Од твоја уста во твои пазуви - свикаа во хор неготинчани и му ја расчукаа камбаната, за да го запамети нејзиниот звук.
И најпосле, најсвежото од асортиманот во Македонија:
„Заколни се жими деца дека ќе гласаш за нас!“Што мислите колкава е ефективноста на ова превентивно средство за осигурување лојалност при гласањето?
„Луѓето се делат, а проблемите се множат.“
Духот на Александар не знае македонски?!
Канал 5 вечерва вечерта на 12 април 2009 г. објави една бизарна „ексклузивна“ „вест“ за тоа како некојси бизнисмени му платиле на еден човек да отиде во Флорида кај некој „јасновидец“ на кој наводно му се прикажал духот на Александар Македонски.
Додавка: Фала на video_poddrska за коментарот со линк до клипчето.
Прилогот ќе беше релативно забавен да не беше истовремено и реклама за книгата која клиентот на врачот демек ќе ја објавел за настанот, а и поради некои штетни политички ставови вткаени во приказната кои во нашава средновековна атмосфера баш не ни се потребни.
Имено, едниот став е промовирањето на монархизмот (наследната диктатура), со нагласување дека токму тој фиљан чоек што отишол со камерман да го снима како му гатаат е потомок на Александра - значи треба да ни стане цар. Башка што според достапните податоци, Александар Македонски имал само едно дете - син убиен пред да создаде потомство.
Второто нешто е многу повознемирувачко. Имено, Александар се претставува како да нема врска со денешните Македонци, оти наводно, според тој медиумот, „сакам да знам за вашата лингвистика.“ Зар на Александар нашата лингвистика му е туѓа?! (Чиви интереси се всадуваат како прикриен црв на сомнеж со овој прилог?)
Според прилогот „духот на Александар“ не знае ништо за современиот македонски јазик и писмо. Исто така не беше објаснето на кој јазик Александар му се обраќал на медиумот, кој во прилогот зборува само на англиски. Дали духот знае англиски и каде научил? Ако можел да научи англиски (јазик создаден пред 700-500 години) додека бил мртов, зошто не можел да го научи современиот македонски?
Друго, разочарувачка е општоста на муабетите што „јасновидецот“ ги пренел од „духот“. Ништо ново, некои мумлања за култура, светот како поле, нива, Персија. Ќе беше интересни ако навистина имаше ексклузивен податок, изјави од типот : „копајте на север од Лихнидос на третиот рид татко ми основа тврдина во која има гробница со три оки азно“ или „мојот гроб е таму и таму“ - што може да се проверат, да се извадат нови докази во полза на Македонија! А ова, ниту свежо-бајати трачови од типот „меѓу мене и Хефајстион немаше физичка привлечност, само бевме ептен добри другари“ или „Селеук ме отру да ја прикрие проневерата од кралската каса, семката да му се сотре, самиот ми призна кога дојде во Адот“.
11 April 2009
Кејти Пери - Топол и ладен (Katy Perry: Hot 'n Cold)
На пример, целата воведна атмосфера со свадбата, како и крајот, се поврзани со легендарниот „Дипломец“ (The Graduate) со Дастин Хофман, а асицираат и на комедиите „Светот на Вејн“ и „Четири венчавки и погреб“ - во однесувањето на старосватиците и старосватите (сосе американската верзија на Боки).
Сцената со вовлекување во ноќен клуб во забутано сокаче потсеќа на случаите со Барот „Сина школка“ (Blue Oyster Bar) од серијата филмови „Полициска академија“ (Police Academy). За жал не успеав да го најдам инсертот во кој буквално ги вовлекуваат.
Сцената со разочараните невести со размачкана шминка бездруго потсетува на борбата со бандата „кловнови“, односно Бејсбол фјурис од култниот филм „Воините“ (кој на времето беше познат и по српскиот превод „Ратници Бронкса“).
07 April 2009
Затворен профилот на МВР на Фејсбук
06 April 2009
Македонија, Колумбија: полиции на интернет 2.0
Неодамна Глобал војсис онлајн објави вест дека полицијата во Колумбија отворила канал на Јутјуб со цел да информира за своите активности.
24 March 2009
Денот на Ада Лавлејс
Денот на Ада Лавлејс е меѓународен ден чија цел е со блогирање да се обрне внимание на жените кои придонесуваат во областа на технологијата.
Августа Ада (Ејда) Кинг, грофицата од Лавлејс (Augusta Ada King, Countess of Lovelace, 1815-1852) е првата програмерка на светот, која работела во времето на стимпанкот (steampunk) со Чарлс Бебиџ, творецот на „аналитичката машина“ - првиот модерен компјутер на парен погон.
Била и ќерка на Лорд Бајрон и со душа и тело учествувала во аристократско-интелектуалниот свет на „секс, дрога и рокенрол“ на своето време, кои тогаш имале форма на „секс, дрога и романтизам“.
За да ја поддржите меѓународната акција за подигање на свеста дека и жените имале и имаат важна улога во технолошкиот напредок, потпишете го заветот ;-) и објавете пост на вашиот блог посветен на една од вашите техно-хероини.
Ова е многу важно за жените во светот, особено девојчињата, кои се пренатрупани со непропорционална застапеност на машки авторитетни ликови во сите области на општественото живеење. Во Македонија, таквиот притисок е сеприсутен, од основното образование (погледнете го само односот на машки и женски ликови по учебниците, на пр. по литература) до политиката.
Конкурс за изработка на апликација за Фејсбук, 2.0
Поради недоволен број квалитетни понуди, го повторувам конкурсот за веб-програмер/ка за изработка на апликација за Фејсбук, со нов краен рок за поднесување пријави 1 април 2009 година во 16 часот.
Следи текстот на конкурсот:
Објавувам конкурс за ангажирање веб-програмер/ка кој/а ќе треба да ми изработи апликација за Фејсбук, за потребите на магистерско истражување за улогата на социјалните мрежи на полето на интернет маркетинг.
Апликацијата ќе треба да биде поврзана со веб-апликација со база на податоци за чување на информациите. Целиот систем ќе се работи од почеток. Апликантите треба да испратат
- работна биографија (CV) и
- нацрт-план за работа на проектот со буџет со сите потребни трошоци
по е-пошта на развигор ет џимејл точка ком.
Услови на конкурсот:
- еднократен хонорарен ангажман (исплата преку авторска агенција)
- нарачателот ги задржува авторските права на спецификациите, кодот и документацијата
- рок за пријавување: 01.04.2009 во 16 ч.
Критериуми за избор:
- квалитет на планот за работа
- способност за спроведување на побарувањата од нарачателот
- добро познавање на англискиот јазик и способност за прецизно писмено изразување на англиски и македонски
- претходно искуство со веб-програмирање и програмирање апликации за Фејсбук.
- висина на буџетот
Сите квалификувани лица без разлика на пол, род, етничка, национална, верска или расна припадност се поканети да земат учество на конкурсот. Најголем дел од комуникацијата ќе се одвива преку интернет, така што географската локација не е одлучувачки фактор.
Заинтересираните може да ја користат горенаведената адреса за е-пошта или можноста за оставање коментари за дополнителна комуникација.
19 March 2009
Проблемот на самоубиство
Основното прашање е колку ние сме засегнати од информациите кои допираат до нас. Влијанијата може да дојдат во разни форми, од културата во која сме израснати, до она што го примаме преку медиумите.
Дилемите од типот „дали стиховите на Еминем го предизвикале самоубиството на тринаесетгодишната Кејли Дејвис [Kaylieh Davies]“ се стари повеќе од двесте години. Основното прашање е колку ние сме засегнати од информациите коишто допираат до нас. Влијанијата може да дојдат во разни форми, од културата во која сме израснати, до она што го примаме преку медиумите. Текстов ги изложува основите на темава, преку обезбедување низа полезни информации.
Културата како фактор
Луѓето кои се под влијание на религиите кои потекнуваат од јудизмот, христијанството и исламот, го осудуваат самоубиството. Ретки исклучоци се ситуациите во кои со самоубиството се помага на другите, како на пример, партизанот кој се самоубива за да не падне жив в раце на непријателот и со тоа спречува предавство на другарите изнудено преку мачење.
Но, осудата на самоубиството не е универзална пракса. На пример, јапонските традиции не го сметаат чинот на одземање на сопствениот живот за грев, па и бројот на самоубиства во Јапонија бил значително поголем од оној во Европа и во Америка. Со отворањето на Јапонија за странски влијанија, се почувствувало намалување на бројот на самоубиствата.
Медиумите и ефектот Вертер
Во 1774 година, Јохан фон Гете го објавил романот Страдањата на младиот Вертер (Die Leiden des jungen Werhers, превод на англиски), кој за кусо време постигнал огромен успех кај публиката. Во романот, главниот јунак се самоубива поради несреќна љубов. Продажбата на романот била проследена со бран самоубиства извршени на начин сличен на оној со кој Вертер си ги скратил маките. Состојбата станала толку аларамантна што романот бил забранет во неколку западноевропски земји (Cialdini, 1988, 137-138). Овие проблеми не влијаеле на Гетовата популарност, кој е запомнет како великан на германската литература. Како последица на овој случај, појавата кога медиумите предизвикуваат самоубиства е наречена "ефект Вертер".
Вертер е измислен лик од роман, но ефектот Вертер е документиран и во денешно време. Социологот Дејвид Филипс од Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего докажал дека бројот на самоубиства драматично се покачува по објавувањето вести во медиумите за самоубиства. Според него, луѓето кои се наоѓаат на работ на самоубиство го толкуваат објавувањето на такви вести како сигнал дека чинот на самоубиство е одобрен и прифатен од општеството, дека е во ред и тие да го сторат тоа.
Што има тоа врска со мене?
Дали гореневедените резултати укажуваат дека треба да се воведе цензура која би ги „чистела“ медиумите со цел да пренесуваат само весели вести? Не. Ефектот Вертер во нормални околности има влијание на релативно мал процент од вкупната популација, и колку се луѓето посвесни за него, толку полесно може да им се помогне на таквите лица. Тоа се обично луѓе кои се во некој вид криза, кои имаат нарушувања на расположението (на пример, депресија), или се вознемирени на некој друг начин, на пример од општествените и хормоналните промени во адолесценцијата. Така, иако не значи дека Вие ќе се самоубиете по слушањето на песните на Еминем, можеби некоја личност Вам блиска е на работ на самоубиство. Со оглед на негативните психолошки влијанија во денешна Македонија, би било вистинско чудо да нема такви луѓе.
Според американскиот психолог Вејн Вејтен (Weiten, 1997, 414-146) „Секој може да изврши самоубиство. Ниеден сегмент на општеството не е имун“. За да се помогне некому кој е во опасност, основното нешто е да се расчисти со неколку предрасуди, односно „митови“ за самоубиството.
- Мит 1: Луѓето кои зборуваат за самоубиство всушност нема да се обидат да се самоубијат. Не може да се погоди дали некој ќе се обиде да се самоубие врз основа на тоа дали зборува или не зборува на таа тема. Иако луѓе се закануваат дека ќе се убијат без да го сторат тоа, некои „успешни“ самоубијци во периодот пред самоубиството ги обзнанувале своите намери.
- Мит 2: Самоубиствата обично се извршуваат ненадејно, без предупредување. Во 80% од документираните самоубиства, жртвата давала некои предупредувачки знаци. Можноста да се работи за најава на вистинско самоубиство расте кога заканата е јасна, што укажува на веќе оформен детален план. На пример, девојчето од почетокот на написов кое се обесило, опишувало бесење во своите записи.
- Мит 3: Луѓето кои се обидуваат да се самоубијат имаат цврста решеност да умрат.
Само 3-5% од самоубијците го прават тоа со јасна намера да умрат. Околу 30% самоубијци се двоумат, и затоа кога вршат подготовки, ги поставуваат работите така што оставаат случајот да пресуди. Остатокот (67%!) самоубијци всушност и не сакаат да умрат, туку да пратат „драматичен сигнал за опасност“. Ваквите луѓе оставаат поголема можност да бидат спасени. Психолозите сметаат дека токму поради овој фактор само една осмина од самоубиствата завршуваат фатално. - Мит 4: Оние кои се обидуваат да се самоубијат остануваат такви засекогаш. По изминување на кризата, најголем дел од луѓето продолжуваат нормален живот.
Што треба да се стори?
До колку се сомневате дека некој од вашата околина е на работ на самоубиство, преземете ги следните чекори:
- Обрнете сериозно внимание на зборувањето за самоубиство. Директно прашајте ја личноста дали размислува да се самоубие.
- Обезбедете емпатија и поддршка. Покажете му на самоубиецот дека се грижите за него/неа. Често луѓето кои се решаваат на овој потег го гледаат светот околу нив како студен и се чувствуваат дека никому не му е гајле за нив. Дури и ако не ја познавате добро личноста, покажувајќи дека ви е важно што се случува, може многу да помогне. Некои луѓе самоубиството го користат како повик за помош. Понудата да се помогне може да го спречи.
- Расчистете што е клучниот проблем. Самоубијците се често збунети и изгубени во множество од фрустрации и проблеми, така што тие им се чинат бескрајни. Ако проблемите се расчистат, се именуваат, притисокот се намалува, а со тоа и збунетоста којашто ја намалува моќта конструктивно да се расудува.
- Предложете алтернативни решенија. Самоубијците го гледаат самоубиството како решение на нивните проблеми. Предлагањето порационални решенија може да помогне, бидејќи во својата збунетост, самоубиецот можеби и не помислил на нив.
- Искористете го сомнежот. Самоубијците најчесто се сомневаат во одлуката за самоубиство и споменуваат причини да се продолжи да се живее. Зајакнете ги сомнежите кои ја разјадуваат одлуката да се умре.
- Поттикнете барање професионална помош. Со оглед на степенот на вознемиреност на потенцијалниот самоубиец, вашата интервенција може да не биде доволна. Охрабрете ја личноста да се обрати на психолог, психијатар или социјален работник. Брз начин да се стапи во контакт со професионалци од тој тип е преку некој од многубројните С.О.С. телефони. На пример, бројот на Центарот за кризни состојби за деца и млади во Скопје е 136-400.
Користена литература
Cialdini, Robert B. (1988). Influence - Science and Practice, Second Edition. HarperCollins Publishers.
Weiten, W. (1997). Psychology: Themes and Variations, 3rd Ed., Briefer Version. Pacific Grove, CA: Brooks/Cole.
17 March 2009
Помош за бебето Ангел Костовски
Ракот на дојка и алкохолот - опасна комбинација
На А1 е објавена вест за истражување во кое е утврдено дека вината не се исклучок од другите алкохолни пијалоци во однос на ризикот од рак на дојка. Тоа е во согласност со друго истражување за кое известува Рак.мк, според кое конзумирањето на било кој алкохолен пијалок го зголемува ризикот од заболување од рак.
Како што пренесува и Вајерд во бројот од јануари 2009 година, тековниот тренд во врска со ракот е да се посвети внимание на превенција и рано откривање, оти на тој начин се спасуваат најголем број луѓе.
- Зошто раното откривање е најдобриот начин да се победи ракот: ако го откриеме ракот рано, 90% преживуваат. Ако го откриеме доцна, 10% преживуваат (Why Early Detection Is the Best Way to Beat Cancer: If we find cancer early, 90 percent survive. If we find cancer late, 10 percent survive.)
Повеќе информации за најновото истражување со виното има на веб-сајтот на Истражувачкиот центар за рак „Фред Хачинсон“ од Сиетл:
16 March 2009
Избори 2009: Анализа на користењето на интернет во кампањите
Драги читатели, колеги блогери и партиски војници,
Како и во 2004 и 2005 година, Метаморфозис и за овие претседателски и локални избори спроведува истражување за употребата на интернет во предизборната кампања, со фокус на претставувањето на кандидати кои лично преземаат определена функција, наспроти партиски и други листи.
Како и во минатото, анализата ќе опфати посебни веб-сајтови на индивидуалните кандидати за претседател и градоначалник, а новина е што оваа година ќе биде опфатено и користењето на социјални мрежи (Фејсбук).
Потешкотија во истражувањето претставува определувањето дали даден веб-сајт е официјален или само направен од обожаватели кои немаат директна врска со кандидатот, поради тоа што не сите политички партии на своите официјални веб-сајтови имаат објавено список на своите градоначалнички кандидати и линкови до нивни сајтови, ако ги имаат.
Дополнително, Државната изборна комисија освен што ги објавува списоците на кандидати на многу непристапен начин (слики на скенирани хартиени документи), не објавува нивни контакт информации, меѓу кои би бил и официјалниот веб-сајт или адреса за е-пошта.
Затоа, доколку имате сознанија дека кандидатите (од било која партија или независните) во Вашата општина имаат официјални веб-сајтови и страници на Фејсбук кои ги водат тие или нивните изборни штабови, ве канам да ги наведете преку коментари.11 March 2009
Понови истражувања за користење интернет во Македонија
- Министерството за информатичко општество има објавено ИКТ-статистки за 2007 година за кои се повикува на Државниот завод за статистика, според кои ако може добро да видам во графиконите, 30% од населението користеле интернет.
- Специјалното издание Капитал „Телефонија и интернет“ од 12.02.2009 година (ПДФ) вели: „Според Заводот за статистика, во првиот квартал од 2008 година, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, Интернет користеле 41,5%, што е пораст од 11,8% повеќе во однос на споредбениот период.“
- Агенцијата ГФК неодамна објави резултати од истражување според кое процентот на интернет корисници постари од 15 години во Македонија изнесува 50,3%.
Овој пост се надоврзува на претходниот на истата тема, кој ги опфаќа истражувањата и документите за состојбите со ИКТ во Македонија направени до почетокот на 2007 година.
Конкурс за веб-програмер/ка за апликација за Фејсбук
Објавувам конкурс за ангажирање веб-програмер/ка кој/а ќе треба да ми изработи апликација за Фејсбук, за потребите на магистерско истражување за улогата на социјалните мрежи на полето на интернет маркетинг.
Апликацијата ќе треба да биде поврзана со веб-апликација со база на податоци за чување на информациите. Целиот систем ќе се работи од почеток. Апликантите треба да испратат
- работна биографија (CV) и
- нацрт-план за работа на проектот со буџет со сите потребни трошоци
по е-пошта на развигор ет џимејл точка ком.
Услови на конкурсот:
- еднократен хонорарен ангажман (исплата преку авторска агенција)
- нарачателот ги задржува авторските права на спецификациите, кодот и документацијата
- рок за пријавување: 16.03.2009 во 16 ч.
Критериуми за избор:
- квалитет на планот за работа
- способност за спроведување на побарувањата од нарачателот
- добро познавање на англискиот јазик и способност за прецизно писмено изразување на англиски и македонски
- претходно искуство со веб-програмирање и програмирање апликации за Фејсбук.
- висина на буџетот
Заинтересираните може да ја користат горенаведената адреса за е-пошта или можноста за оставање коментари за дополнителна комуникација.

