Блекаут

28 January 2006

Македонски стриповски аналфабети и нивната „Илустрована политика“

Во последниве две недели имав прилика два пати да чујам како, при јавен муабет за стрип на македонска национална телевизија се повикуваат на „Илустрована политика“.
А ова е Забавник, дунстери!Прво, во емисијата „Зебра“ од 8 јануари на тема околу-наоколу насилство во анимирани филмови, на прашањето на водителката за омилени стрипови, Срѓан Јаниќиевиќ се истакна со начитаност, особено со преферерирањето на „Стрипотека“ и на „Принц Валијант“. Дарко Мијалковски пак, потона со изјавата дека како дете баш и не читал стрипови, промрморувајќи нешто за „Илустрована политика“.

Второ, синоќа на „Кој сака да биде милионер“ на прашањето за тоа која е титулата на Командант Марк од Есе Гесе, една девојка која инаку прилично високо се пласира, исто спомена дека не читала баш стрипови, повторно промормувајќи за „Илустрована политика“.

Сироти Трендо и Срѓан, ставени во незгодна ситуација пред камера на соговорниците да им објаснуваат дека можеби мислат на „Политикин забавник“.

Ова е „Илустрована политика“Каде, како и во какви семејства растеле овие стриповскиве дунстери? Како побогу може да ги помешаат „Илустрована политика“ и „Политикин забавник“?

Првиот е трачерски весник, троа пософистицирана верзија на „Свет“ или „Сабор“ - ред естрада, ред политичка пропаганда, ред потресни судбини од црна хроника. Освен издавачот, има малку заеднички работи со легендарниот „Политикин забавник“, кој сеуште излегува и покрај низа други рубрики барем третина му е посветена на разни и често врвни стрипови, но и новости од науката и техниката, катче за научна фантастика и други занимливи и поучни содржини. А и „Стрипотека“ излегува редовно, со месечен ритам.

На времето во Топанско поле и најсиромашните деца чии родители не купуваа ни книги ни весници имаа поголеми знаења од оваа област од горенаведените лоши примери.

Командант Марк инаку излегуваше во „Златна серија“, а Есе Гесе е име на тимот автори што го правеше, настанат од нивните иницијали (EsseGesse: Sartoris, Guzzon, Sinchetto). Кои оптимисти ги прават прашањата во квизот „Милионер“, како на такви незнајковци да им прави разлика дали авторот е Магнус или Мебиус. Титулата на Командант Марк приучените ја мешаат со онаа на Капетан Мики, ренџерот вундеркинд, ама тоа е друга приказна.

На оние кои би сакале да си го освежат или изградат знаењето од оваа област, за теориски знаења им го препорачувам одличниот Стрипови.ком или барем написот „Стрип за блефери“ од ХИЕС, а може да ја ѕирнат и рубриката за стрип на Агора.

No comments: