Блекаут

13 December 2008

Лагите водат кон неуспех во промоција на Македонија

Вистината за Македонија никогаш нема да се прошири со помош на лаги. Дури и кога тие лаги се кажани со добра намера, или од глупост, а особено со очигледно незнаење.

Им благодарам на читателите на постот за ракометниот дебакл кои укажаа дека сепак постои официјален сајт на првенството. Сајт со целосен македонски интерфејс, и со неколку написи на англиски скриени зад линкови на македонски јазик. Како случајните странски посетители кои ако некој директно им посочи ќе налетаат на сајтов и не знаат македонски ќе сватат дека линкот „градови“ им е наменет нив, воопшто не ми е јасно. Но, нема потреба да се повторува, дека катастрофалното ниво на маркетинг воопшто применето на целиот настан се одразува и на е-маркетингот.

Зборот ми беше нешто друго. На сајтов Охрид е посочен како најстар град на светот. Ова епохално тврдење е поткрепено само со еден податок: дека местото првпат е споменто во „грчки документи“ од четврти век пред нашата ера. Нешто слично како што некој Бугарин малку поскромно, но исто толку наивно тврди дека „Пловдив е еден од најстарите градови во светот, никој не знае колку е стар, ама многу научници истражуваат...“

Од општа култура, било кој поинформиран човек би се зачудил на вакво тврдење, а би ги посочил Чатал Хојук, или сеуште населените Дамаск или Ерихон како најстар град на светот. Нивната потврдена старост е над десет илјади години, што е четири пати постаро од Охрид. Дури и Карал, наводно најстариот град во „новиот свет“, е две илјади години постар.

Ваква самобендисаност може да успее само кај некој што нема поим од наука + има конфликт на интереси со емоционална инвестиција = кај очајните македонски народни маси. Повторно испаѓа дека се работи за пропаганда за домашна употреба, додека најдобро што може да добиеме од странците е учтиво криење на потсмешливото сожалување.

2 comments:

Дамјан said...

предавнику, кои градови постари од 10000 години кога светот постои само 6000

</сарказам>

GoodBytes said...

Текстот тврди „Archaeological finds indicate that Ohrid is one of the oldest human settlements in all of Europe.“, значи Европа, не светот. Секако, тоа вистински не ја намалува непоткрепеноста на тврдењето. ;-)

Инаку Охрид како населба постои и пред четвртиот век п.н.е., бидејќи има наоди на алатки, накит, и садови од порани периоди.

Дамјан, 6100 години, да бидеме понаучни. ;-)