Блекаут

07 March 2006

Горан Каран за цар на Македонија

Веќе некое време некои луѓе во македонскиот печат ја промовираат тезата дека единствен начин да се спастри Македонија е да се воведе монархија (односно, наследна диктатура), од која ќе произлезе „ред и работа“ и национално единство. Наводно, другиве балкански земји така се опраиле - со тоа што имале кралеви, особено оние кои тогашната меѓународна заедница им ги увезла од западна Европа. До душа, Умберто Еко не би ја одобрил таа теза:
Поради квалитативниот популизам, Ур-фашизмот мора да биде против „расипаните“ парламентарни влади. Кога некој политичар ќе фрли сомнеж на легитимитетот на парламентот бидејќи тој веќе не го претставува Гласот на народот, може да намирисаме Ур-фашизам.
Арно ама, по интернет има многу податоци за родословите на европската аристократија, наспроти напорите на просветителството, според Дејвид Брин:

Сиот тој стремеж станува многу појасен, доколку се сетиме дека самоволни господари и поглавари владееле со нас за време на 99,4% од постоењето на човештвото...

Поминаа само околу двеста години, еден миг, а „научното просветување“ почнало да се бунтува против скоро-универзалниот модел наречен феудализам, хиерархиски систем кој што владеел со нашите предци во секоја култура, за време на кој се развила металургијата и земјоделството. Секогаш кога луѓето се стекнувале со плугови и мечови, некоја банда на силни мажи го одземала второто, и ги грабнувале жените и житото на преостанатите. (Шовинистичкиот јазик овде е правилно употребен; тие култури не го употребувале зборот „шовинизам“, затоа што го сметале за природна појава која се подразбира.)

После тоа, истите тие мажи прогласиле закони и воспоставиле „традиции“ со кои им обезбедиле на своите синови да наследат сè.

Во секој случај, лесно е да се најде дека незнамтикој таму и таму „благородник“ е потомок на снаа му на Цар Самуил, на пример, па такви се посочуваат за добри кандидати. Особено обилуваат бугарски сајтови на таа тема, од кои за да препишеш, не треба ни англиски да знаеш. Секако, има и други алтернативи, прифатливи кај оние кои ја сакаат поговорката „јебеш државу без краља“.

Ако веќе прифатиме да увеземе цар (што не значи дека тој не би имал локален шогун/регент/администратор, нали овај), мислам дека е најдобро да го поканиме сплиќанецот Горан Каран. Според презимето, тој има појаки корења и од Самуила - првиот крал на Античка Македонија се викал Каран.

06 March 2006

Зачетоците на македонската е-музика

Во емисијата Јади бурек со Анастас Вангели од Вуна, водителот Јанко Илковски често се навраќаше на тоа на времето имало бран на македонски композитори кои ги користеле компјутерите за создавање на електронска музика, која потоа била промовирана на Канал 103.

Во написот „Мал интернет“, Васил Буралиев, еден од музичарите од таа генерација, ја објаснува улогата на бибиесите (BBS) во процесот.

Дел од таа информатичко-уметничка сцена беа и авторите на првите македонски видео-игри, како Климент Андреев - Чомбе. Од неговиот веб-сајт „Фјучер бит“ (Future Bit) сеуште може да се симне играта Клинг, во која беше вградена одличната истоимена композиција од Златко Цеков, што и до ден денешен се врти во етерот. Снимена е во миди-формат и може добро да послужи и како ринг-тон. :-)

05 March 2006

Повеќе информации за Елена Ристеска на веб, под итно!

Мило ми е што Елена Ристеска победила на локалниот избор за песна на Евровизиja - барем 50% се оствари моето залагање од 2004 тоа таа да го стори во дует со Адријан Гаџа. Тој не поминал лошо ни во дует со Есма - второ место на телевоутингот.

Не ја гледав емисијата, па не можам да навлегувам во квалитетите на комбинациите, песните, изведбите и организацијата. Но мислам дека е навистина греота што нејзиниот официјален веб-сајт, ниту „Официјалниот македонски сајт за евровизија“ не се освежени со информации.

Сликичката ја земав од Музика.нет.мк, на кој има обемно досие за Елена, но тој информациски систем оперира само на македонски јазик.

Како поддршка на напорите за успех на Евросонгот, одговорните мора што побрзо на официјалните веб-сајтови да се качат податоци (особено слики, аудио, видео) оптимизирани за машини за пребарување на англиски и најголемите балкански јазици - барем на грчки, српски, албански, хрватски, бугарски и романски.

Елена да отвори блог на англиски и да ги сподели своите мисли, известувања за подготовките и фотографии со Европа. За блогот да се направат убави, мали банерчиња (не во Флеш, туку ЈПГ) во разни форми и да се понудат на интернет-јавноста да ги стави на свои сајтови и блогови - да се дигне под итно рангот на таквиот сајт.

Во што е посебноста на хипиците?

Благодарност до Двр Будр што ме потсети на провокативниот напис за македонските хипици од „Форум плус“ (25.02.2006). Покрај коментари на тезите за уникатноста на периодот (на нивната младост), ќе го искористам постов и за експериментирање со методот за делење на текстот од постови на делови што се гледаат на насловната страница и преку пермалинк. Цитат:

Бојс: „Водно, каде што одеа младите тогаш, ечеше од транзисторите на кои се слушаа нашите музички емисии. Луѓето имаа можност од радио (Радио Скопје, Втора програма) да слушнат за групите кои тогаш се јавуваа, како Лед цепелин, Ролинг стоунс, Ерик Бардон...
Се појавија многу бендови кои како последица на хипи-движењето, кое потекна од Сан Франциско, наметнаа нови стандарди и нивоа. Дел од нас беа заинтересирани да го прифатат тоа и да го пласираме. Колку успеавме, не знам, ама мислам дека оставивме некоја трага".

Водно, каде што одеа младите тогаш, ечеше од автомобилските радија на кои се слушаа нашите музички емисии. Луѓето имаа можност од радио (Канал 103 при МРТВ) да слушнат за групите кои тогаш се јавуваа, како Андерворлд, Продиџи, Карл Кокс...
Се појавија многу диџеи кои како последица на техно-движењето, кое потекна од Детроит, наметнаа нови стандарди и нивоа. Дел од нас беа заинтересирани да го прифатат тоа и да го пласираме. Колку успеавме, не знам, ама мислам дека оставивме некоја трага.

Капан ан, Пони, Арт... каде што одеа младите тогаш, ечеа од звучниците на кои се слушаа нашите музички нумери. Луѓето имаа можност од касети (Југотон, пиратски тезги, преснимени од другари) да слушнат за групите кои тогаш се јавуваа, како Ајрон Мејден, Металика, Џо Сатријани...

Се појавија многу бендови кои како последица на гранџ-движењето, кое потекна од Сиетл, наметнаа нови стандарди и нивоа. Дел од нас беа заинтересирани да го прифатат тоа и да го пласираме. Колку успеавме, не знам, ама мислам дека оставивме некоја трага.

„Тие години беа нешто карактеристично", коментира Хаш. „Се случуваа многу работи, единствени работи во целиот век. Тогаш се појавија Битлси, направија 250 песни и сите се хитови, војната во Виетнам, луѓе прв пат на Месечината, многу настани во културата, музиката, науката итн. Сето тоа даваше некаква енергија. По ова, ништо толку силно не се случи“.

Тие години беа нешто карактеристично. Се случуваа многу работи, единствени работи во целиот век. Тогаш се појави Мадона, направи 250 песни и сите се хитови, војната во бивша Југославија, луѓе прв пат на интернет, многу настани во културата, музиката, науката итн. Сето тоа даваше некаква енергија. По ова, ништо толку силно не се случи.

Тие години беа нешто карактеристично. Се случуваа многу работи, единствени работи во целиот век. Тогаш се појавија Блек ајд пиз, направија 250 песни и сите се хитови, војната во Ирак, луѓе прв пат клонираа, многу настани во културата, музиката, науката итн. Сето тоа даваше некаква енергија. По ова, ништо толку силно не се случи.

„Ние живееме изворно, а денешниве виртуелно.“ (!?)

Која трага ја оставиле македонските хипици? Сите работи наведени во текстот се однесуваат на нивните лични животи: избор на музика, имиџ, промискуитет, седење во парк, излети - и може да се наведат за било која друга конзумерска супкултура, а нивниот „бунт“ не се однесувал на спротивставување на политичката репресија. Од текстот се насетува дека семејствата на повеќето од интервјуираните биле со натпросечен статус и ресурси (како и на најекспонираните супкултурни дејци од од деведесеттите), а тие сами кажуваат дека во меѓувреме извршиле успешно вклопување во општествените текови, што заличува на примена на черчиловата формула: ’либерал до 30, конзервативец потоа‘.

Како хипиците ги пренеле „добрите вредности од тоа време“, како спротивставувањето на војната, во денешново? Дали ги искористиле нивните сегашни високи позиции за спротивставување на учеството на Македонија во војни, како оние во Авганистан и Ирак?

За појаснување на посебноста добро би дошол уште еден напис, или пак, ако ја нема - серија написи со сведоштва на преживеаните припадници и на други супкултури.

Шест книги за пуст остров

Подготвувајќи го постот за блог/овите во весниците, се потсетив на интервјуто што го дадов за „Утрински весник“ (29.8.2005) на тема „шест книги за пуст остров“. Со оглед на тоа што линковите во текстот не се активирани како што треба, решив да го пренесам целиот текст и тука (кликнете на „повеќе!“).

Индикатори на здравјето и просперитетноста

Од моментот на појавувањето на електронските формати на книжевните дела се појави дилемата дали романтичниот занес при читањето на класичните книги (црни букви на бели листови хартија) ќе успее да опстане пред фантастично брзиот налет на електронското издаваштво? Дилема која и во блиска иднина ќе биде основа за расправа меѓу поклониците на класично објавениот книжевен збор и оние, сè уште помалубројните, но сепак се чини поагресивните, следбеници на новите технологии и форми во издаваштвото.

Филип Стојановски е информатичар чија специјалност е интернет-комуникацијата, особено анализите на веб-решенија. Уредник е на веб-магазинот Агора и член на експертската работна група која ја изработи Националната стратегија за информатичко општество на РМ. Работи како програмски координатор во Метаморфозис, фондација за одржливи информатички решенија од Скопје.

Со еден општ поглед кон овој текст, во кој тој ни го открива својот избор на книги, освен спознанието за неговите афинитети кон пишаниот збор, мошне едноставно може да се заклучи дека тој на пуст остров освен книги би понел и - компјутер. Во обид да го откриеме неговиот „личен опис“, тој ни го кажа следново: „Себеси се дефинирам како љубител на стрипот како медиум и научната фантастика како жанр, и обете ги сметам за индикатор на здравјето и просперитетноста на дадена култура. Едновремено, мислам дека не може да се биде доволно добар љубител ниту на СФ-от, ниту на стрипот, без познавање на постигнувањата во другите области на книжевноста и уметноста, воопшто.“

Конечно, еве го неговиот книжевно - електронски избор:
  1. "Безимотниот“ (The Dispossessed) - Урсула ле Гвин
    Најзначајната жива американска писателка врши мисловен експеримент - ставајќи ги во контраст анархистичкото со други форми на општествено уредување - капиталистичкото и социјалистичкото. Таа ги истражува индивидуалните избори и можности преку топлата лична приказна, проткајувајќи ги влијанијата на таоизмот, феминизмот, гандиевското ненасилство и западната анти-утописка традиција („1984“ на Орвел, „Ние“ од Земјатин, „Железната петица“ на Лондон).
    Романов е преведен на српски како „Човек празних шака“. Иако може да се чита самостојно, овој роман е дел од одличниот „хаински циклус“, чии претставници може да се најдат и по скопските библиотеки.

  2. „Разбирање на стрипот“ (Understanding Comics) - Скот мек Клауд
    Скоро комплетна анализа на стрипот како медиум, се разбира, во форма на стрип. Оваа уметничка форма е една од ретките за чие создавање нема потреба од корпорациско или државно спонзорство, туку зависи од индивидуалната волја и интегритет на авторот. Особено што со користењето на интернет и електронска трговија тој или таа може да ги прескокне и издавачите. И другите дела на Мек Клауд се информативни, инспиративни и забавни, проткаени со хумор и насоки за читање други добри стрипови.

  3. „48 закони на моќтаа“ (The 48 Laws of Power) - Роберт Грини
    Книгава е амбициозно создание на современиот теориски макијавелизам, кое преку историски примери, анегдоти и анализи детално ги објаснува начините на којшто луѓето меѓусебно си влијаат. Не е преведена на македонски, но со оглед на популарноста на слични дела ("Умеењето на војувањето" од Сун Ѕу, "Владетелот" од Макијавели) кај нашата политичка елита, може да послужи како добра основа за самоодбрана. Во тој поглед одличен избор се и непреведените "Влијание" од Чиалдини и "Стратегија" од Лидел-Харт.

  4. „Дервишот и смртта“ (Дервиш и смрт) од Меша Селимовиќ
    Како и другите класични дела, од кои некои се вклучени во училишната лектира, добро е романов да се препрочитува барем еднаш во текот на секое десетлетие. Маестралните описи на тескобноста на меѓучовечките односи во балканската касаба наспроти идеализмот на верата, љубовта и другите вредности го прават секое ново читање сосем ново доживување.

  5. „Панонски легенди“
    Житијата на Св. Кирил и Методиј се интересни сами по себе како историски извор и како приказна за премрежијата потребни да се воведе нова информатичко - комуникациска технологија, во нивниот случај - писменоста. Историјата, ако не се разбере како шаблон кој што мора да се копира, туку како архива на примери/грешки што треба да се избегнуваат, може да биде исклучително полезна. Особено ако се комбинира со критичкото размислување на преживеаните културни богатства од минатото, како "Одисеја", митовите и народните приказни.

  6. „Одвлекување внимание“ (Distraction) - Брус Стерлинг
    Сајбер-панкот е правец на научната фантастика во чија основа се современите технолошки и општествени трендови. Стерлинг е еден од неговите основоположници и со овој политички трилер овозможува разбирање на многу од нештата кои допрва ќе ни го менуваат животот: климатските промени, клонирањето, биотехнологијата и нанотехнологијата, како и неминовната глобална промена во режимот на авторски права.
(Т.Д.)

Колку македонските весници се спремни за блогирање?

За проценка на капацитетот за прелевање на блогерството во главните текови (мејнстрим) на македонската јавност, решив да ги испитам веб-сајтовите на весниците со помош на пребарувачот „Најди!“. Се добиваат индикативни резултати, но не и сеопфатни, оти веб-сајтовите не ги содржат сите написи од печатените изданија.

Податоците се претставени во две ранг-листи, според стаж (од кога споменуваат блогови) и според посветеност (број на објавени написи на темата).

Стаж Прв напис
Посветеност Вкупно написи Удел
Време1 10.05.2004
Време2 46 52%
Капитал 20.05.2004
Форум плус3 31 35%
Дневник 23.02.2005
Утрински весник 5 6%
Утрински весник4 29.08.2005
Капитал5 3 3%
Вест 19.09.2005
Дневник 2 2%
Форум плус 19.11.2005
Вест 1 1%
Вечер -
Вечер 0 0%
Нова Македонија -
Нова Македонија 0 0%

Забелешки:

  1. Првото регистрирано споменување на блог во македонски печатен медиум е претставувањето на „Блогер“ во рамките на рубриката „Веб-сајт на денот“ на „Време“. Мислам дека имаше некои имаше и претходно, но не можам да докажам.
  2. При индексирање на „Време“, „Најди!“ засега не ги зема предвид и написите од додатокот „Мали нешта“ во кој во текот на 2005 г. излегуваше фељтон за блогерство од Ивица Антевски.
  3. Написите од „Форум плус“ поделени на повеќе страници се сметаат како еден.
  4. Првото споменување на блог во „Утрински“ е во интервју со Филип Стојановски О:-), а второто е во колумна на Ивица Боцевски (5.11.2005).
  5. „Капитал“ има и други написи за блогерството, кои сеуште не се индексирани од „Најди!“.
  6. Од добиените резултати за „Дневник“ е исфрлен написот со печатна грешка („Блогај Ханџиски“).
PS
Ова е нешто како надоврзување од муабетот од блогерската средба, а ме поттикна написот на Моби за популарност на веб-сајтовите на весниците.

04 March 2006

Полициски упади во медиуми

Ова што горат се весници неизвадени од печатарска преса:

Весници на кладаДали може да се споредат неодамнешните упади на македонската и на кенијската полиција во редакциите на медиуми? Боинг боинг (Media shutdown in Kenya -- TV station, newspaper torched) пренесува дека:
Маскирани неуниформирани полицајци, вооружени со автоматски пушки, извршија полноќен упад во просториите на најстариот весник во земјата и неговата сестринска ТВ-станица во ноќта меѓу средата и четвртокот, палејќи десетици илјади весници во најдраматичниот напад во историјата на печатот на Кенија.
Две коинциденции: поклопувањето на тајмингот со тоа што баш пред некој ден читав извештаи за „мека цензура“ низ светот („А и во Бугарија, ЕУ-кандидат, познато е дека весниците кои разоткриваат финансиски злоупотреби добиваат селективни и внимателно темпирани посети од даночни инспектори“ - The growing threat of soft censorship, pdf, 174K) и тоа што последниот пост од фељтонот „имало бетер и од нас“ на Ивица Боцевски е токму за Кенија, па нуди одредена позадина за настанот.

Препорака: Чести правописни и правоговорни грешки

Во „Чести правописни и правоговорни грешки“, Даниел Медароски, сертифициран и овластен со закон лектор по македонски јазик, презентира примери од професионална коресподенција. Еве мал избор од споменатите изрази:

Правилно неправилно
т.н. тн.
м-р Мр.
д-р Др.
г. г-дин
г-ѓа/г-ца г-гица
РМ Р.М.
акциски акционен
севкупно сe вкупно
од 14 до 16 јуни/14-16 јуни од 14-16 Јуни
ненасилна не насилна

Во текстот има уште десетици други, одличен е за брзи проверки на било кој текст.

Прикажување на код во пост, без да се активира

При пишување на постови оние за è, ѝ, ò и за формуларот од Најди!, се јавува проблем како да го прикаже изворниот код без тој „да се активира“, односно да не биде автоматски интерпретиран. Во такви случаи најчесто користам и поддршка од програма за веб-дизајн, како Фронтпејџ (FrontPage), но веројатно и Дримвејвер (DreamWeaver) и било која друга програма за графичко уредување на ХТМЛ (WYSIWYG) ќе послужи.

За блогови на Блогер/блогспот:
  1. Го пишуваш кодот во обичен текст формат (на пример во ноутпад)
  2. Отвораш нова страница во Фронтпејџ, ставаш во пејџ пропертис/јазик/енкодинг да ти биде УТФ-8 (Page Properties/Language/HTML encoding/Save document as:/Unicode (UTF-8)) за случај во кодот да имаш некој кириличен текст.
  3. Кодот од ноутпад го копираш во отворена страница од Фронтпејџ, во дизајн вју (се избира „Design“ најдолу најлево)
  4. Одиш во „коуд вју“ (Code) или во „сплит“ (Split) и од таму го копираш кодот каков што го генерирал едиторот. При тоа, знаците за помало и поголемо и сличните делови на тагови ќе бидат претворени во кодови од типот &нешто;.
  5. Таквиот код го вметнуваш во „компоуз“ (Compose) варијантата на едиторот на Блогер.
За блогови на Блогерај:
  1. исто
  2. исто
  3. исто
  4. Го копираш кодот директно од „дизајн вју“, не од другите видови приказ.
  5. Таквиот код го вметнуваш директно, со вклучен графички ХТМЛ-едитор.

Визно гето: до кога со понижувачките ѕидини и глоби?

Поттикнат од написот За визи арчиме 10 милиони евра (Дневник, 3.3.2006) Волан предлага да учиме од раководството на Бугарија, кое наводно своевремено ултимативно се заканило дека ќе го прекине процесот на приближување кон ЕУ ако веднаш не се олесни визниот режим за нивните граѓани „со навредени национални чувства дека само заради тоа што се Бугари, наметнато им е да омаловажено чекаат во ред и ја молат ЕУ да им даде виза за да ги посети.“

Во оригиналниот пост се има развиено солидна дискусија на пошироката тема со визното гето со разновнидни ставови: од нескриен евроскептицизам, до објаснувањата на Јован за критериумите за укинување на визниот режим и појаснувањето:
Од моја страна без навреда - не може Македонија да дава ултиматиуми на ЕУ. Бидејќи ЕУ не ја моли МК да дојде кај неа, туку обратно - МК ја моли ЕУ да влезе во неа. Исто така Договорот од Шенген е вон класичниот концепт на ЕУ и е договор кој е потпишан од само определен број на членки.

По ослободувањето на визниот режим за Романија и Бугарија (кој следеше по исполнување на критериуми, а дефинитивно не со ултиматум од било која страна) 4 милиони Романци и 2 милиони Бугари се иселија...
Друг предлог од постот на Волан е:
Под итно да се поапсат сите луѓе кои не си ја завршиле работата (пасош, гранични премини, реадмисија) или најмалку да се отпуштат од работа. И да им се забрани со судска одлука идно запослување на државни јасли.
Ова е невозможно во тековнава партизирана Македонија, туку само во земја која навистина ги исполнува европските критериуми за правна држава. Проблемот добива облик од класата „кој е постар, кокошката или јајцето“.

Инаку, во однос на одливот на пари за визи Боби Христов во написот Осум милиони евра годишно за визи (Време, 3.3.2006) известува дека „нема прецизни податоци, но пресметките покажуваат дека меѓу осум до десет милиони евра годишно се одлеваат од земјава за визи во касите некоја од странските амбасади.“ Интересно е дека „Дневник“ за наслов ја одбрале поголемата, а „Време“ помалата граница на интервалот. Причина за излегување на овие написи е најавеното двојно покачување на глобите.

03 March 2006

Пребарување на вашиот блог преку Најди!

Македонскиот пребарувач Најди! нуди нов тип на услуга на сајтовите што се регистрирани на него, особено на блоговите - формулар за пребарување на нивните содржини со користење на неговиот индекс. Ова е кодот кој ќе креира формулар за вашиот блогрол:
<FORM method=get name="prebaruvanje" action="http://najdi.org.mk/najdi" >
<INPUT name="extraq" type="hidden" value="izvor=razvigor">
<INPUT name="encoding" type="hidden" value="utf-8">
<INPUT name="sort" type="hidden" value="timestamp">
<INPUT name="reverse" type="hidden" value="on">
<INPUT id="baranje" name="query" type="text" maxLength="50" size="16">
<INPUT type="submit" value="Najdi!"><br>
<INPUT type="radio" name="useextra" value=1 checked="checked" />во Развигор на МК<br>
<INPUT type="radio" name="useextra" value=0 />цел Најди!<br>
</FORM>
За да работи пребарувањето, треба оној првиот термин означен со болд да го смените со терминот што го користи најди како ознака за вашиот блог.
  • За блоговите што се на Блогспот, тоа е првиот дел од адресата (razvigormk.blogspot.com)
  • За блоговите што се на Блогерај, тоа е целата адреса (razvigor.blog.com.mk)
  • Блоговите кои имаат поинаква адреса од овие два типа, треба да видат каква е ознаката со која тој извор е означен на Најди, а се гледа во списокот на постови од тој блог (под „Сајт:“). На пример, за Блогот на Јован адресата е jovansblog.dobroutro.com со ознака jovansblog, но за блогот е-Бизнис адресата е blog.ebiznis.info, а ознаката ebiznis.info blog.
Освен Развигор, оваа можност ја користат и аНТИблог, Комуникации и Вуна.

Што толку гледаат граѓаните на Македонија во телевизијата

Disposable Heroes Of Hiphoprisy: Television, The Drug Of The NationПреку Комуникации дознав дека Центарот за развој на медиумите објавил нова „пратка“ резултати од нивното опсежно истражување спроведено минатата година, под наслов Програмски потреби на публиката на електронските медиуми во Македонија.

Кај ТВ-сериите води „Вила Марија“ која има двојно поголема гледаност од вицешампионот „Пријатели“. Овој пример го потврдува заклучокот и од истражувањата на Метаморфозис, и од Националната стратегија за развој на информатичко општество, дека нашите гледачи, инаку големи потрошувачи на овој медиум (Macedonians аre European Recorders in Watching TV) бараат содржини на јазици кои им се разбирливи.

Друг дел од гореспоменатото истражување беше објавен претходно под наслов Технички услови и потенцијал во радиодифузната дејност во Р. Македонија.

02 March 2006

Број на постови на Блогерај од октомври до вчера

Од време на време во едно екселче си ги внесувам податоците за број на постови по денови од календарчето на насловната страница на Блогерај. Со оглед на тоа што правењето споредба на посетеноста на најпосетените македонски блогови одзема прилично време, решив наместо тоа да го објавам тековното графиконче од овој мониторинг (клик на сликата за поголема верзија).

Инаку, според оваа евиденција, околу 7% од постовите после некое време се бришат.

Добра додавка за објавување на Пејџ-ранк (Гугл ранг)

На блогот Будна правда наидов на модулчето од „Проверувачот на Пејџ-ранк“ (Page Rank Checker) кое го прикажува рангот од Гугл на веб-страницата на која се наоѓа.

Check Page Rank

Ги споредив резултатите што ги дава со рангот што го дава лентата со алатки на Гугл (Google Toolbar) за неколку веб-страници и - се совпаѓаат. Па решив да го вклучам во блогролот.

Повеќе за Пејџ-ранкот, според Вајерд (Wired 13.08: The Birth of Google) наречен според Лери Пејџ, автор на алгоритмот и еден од основачите на Гугл, на англиски може да прочитате и на Википедија (PageRank), а на македонски јазик во текстот Што да сторам блогот да го има на Гугл? на Ивица Антевски објавен во „Форум плус“.

01 March 2006

Купување на вестите: „мека“ цензура на медиумите (во Аргентина)

Извештајов (Buying the News: A Report on Financial and Indirect Censorship in Argentina) звучи многу поучно, а достапен е и на англиски и на шпански (за оние кои се фалат дека го имаат научено од ТВ-серии):

„Купување на вестите: Извештај за финансиската и индиректната цензура во Аргентина“ ги разоткрива многуте суптилни, но моќни начини на кои владините функционери влијаат врз медиумите во Аргентина - од злоупотреба на владините фондови за реклами до примената на приватен притисок врз новинарите и уредниците. Ваквите нарушувања на независноста на медиумите се во голем број случаи неразоткриени и неказнети.

...

Многубројните сведоштва откриваат како владиниот притисок врз медиумите предизвикува бранови на автоцензура кои смрзнуваат цели редакции и ги замолчуваат дури и најхрабрите новинари. Некои од нив се тргнати од програма на барање на владини функционери.

На истото место може да се најде и комплементарниот текст „Растечката закана од мека цензура“ (The Growing Threat of Soft Censorship) кој го разгледува проблемот на глобално ниво. Тоа не е сеопфатен извештај, туку преглед на состојби на разни места и со него не е опфатена Македонија.

Офчарот кај Јанко - ова не се пропушта

Ма каква салса-вечер во „Ван Гог“, какви бакрачи - вечерва не е за мрдање од пред телевизор: Офчарот од Вуна и НБА Македонија ќе биде гостин во емисијата Јади Бурек на Јанко Илковски.

Поздрав и - добра журка! :-)

Интернет без граници

Internet bez graniciСе придружувам на иницијативата на Јован (и на Горан и на Теко) Интернет без граници!, со поддршка на оригиналните барања и заложби:

Интернет без граници! е мало банерче кое се поставува лесно на Вашиот блог - секако доколку сакате да се придружите на оваа неформална иницијатива. Најдобро е да го линкувате кон Ваш пост во кој ги наведувате Вашите барања за интернет без граници. Доколку сакате - дизајнирајте си ново, но задржете го слоганот.

Следат моите нашите барања:

  • Провајдерите да прекинат да си го блокираат меѓусебниот сообраќај. Не само што немаат пиринг, туку активно се блокираат. Со тоа вршат цензура и повредуваат човекови права. Поправањето на состојбата не значи трајно решение. Трајното решение се вика интернет ексџејнџ (Internet eXchange, препорака од Јован - правец сите во МАРНет). Простата пазарна логика би требало да ги принуди провајдерите на ова, но по се изгледа не и во Македонија. Резултат на овие проблеми се цензурата на многу блогови и сајтови за определени „непријателски“ провајдери.
  • Провајдерите од една страна да не го лимитираат, цензурираат и филтрираат сообраќајот, но од друга страна да не поставуваат самите сервери со пиратски содржини како мамка за корисници.
  • МТНет да ги испочитува договорите на своите постојни претплатници и да ги врати условите за нив според договореното. Новите корисници да добијат цени и услови барем како оние на хрватскиот Т-Ком. Ова барање е поврзано со иницијативата бидејќи и ненајавеното ограничување и прескапите услуги се реални граници за потрошувачите.
  • Државните органи (АЕК, Министерство за транспорт и врски, Влада, инспекторати) да бидат независни, ефикасни и праведни. Да се регулира правилно етерот, да го убрзаат разврзувањето на локалната јамка по европски цени, да се донесе и имплементира бродбенд стратегијата по можност со државна интервенција во бекбоунот, неодложна е имплементација на Националната стратегија за развој на информатичкото општество со акциониот план и почитување на принципот - праведност за сите - од градежни дозволи за предаватели и кабелски носачи до наплата на ДДВ. Кога сме веќе околу ДДВ, тој за ИКТ опрема и услуги треба да биде 5% - бидејќи интернетот е човеково право - како и лебот, солта и водата!
  • Локалниот сообраќај (внатрешниот + оној на другите македонски провајдери) треба да не се наплатува и пресметува во однос на крајната цена на ограничените пакети на широкопојасен интернет. Исто така брзината на пристап за локалниот интернет треба да биде на ниво на технолошкиот максимум за соодветниот пристапен уред. (Пример доколку на АДСЛ кон интернет се пристапува со половина мегабит во секунда, тогаш македонскиот сообраќај би било логично да оди со брзина од барем 4-8 мегабита во секунда).

Овој протест ќе застари во моментот кога трејсрутот помеѓу сите провајдери нема да скока преку Австрија, Унгарија и Германија. И секако, нема да има блокирани сајтови. Срамота!

Од колегите блогери очекувам солидарност и поставување на банерот. Најсмешно ќе биде поставувањето на банерот на блогови се блокирани за определени провајдери.

Придружете се! УАА ШНАЈДЕРИ!!!

Дисклејмер: Интернет без граници! не е ниту има намера да биде движење, невладина организација, партиска акција, провајдерска врхушка, конкуренција на други иницијативи или слично. Единствената цел заради која го поставувам ова е насобраниот револт. Се работи за пасивен отпор во форма на банер и линк кон лични барања за интернет без граници.

Основни работи за блогирањето - за почетници

Форум плус има одлични написи, што ги читам во сабота сабајле, ама се воздржувам да ги коментирам поради тоа што ги ставаат на веб по повеќе од недела дена. Еден од таквите е и интервјуто со блогерката Ребека Блад, од кое би сакал да свртам внимание на следното:
Кои се основните работи за блогирањето што треба да ги знае еден почетник?
Запомни дека објавуваш. Блогирањето може да стане толку лично, што луѓето може да почувствуваат како да се во обичен муабет. Но, она што го пишуваш е трајно и многу лесно може да се најде, на Гугл или каде било. Секој може да го најде. А правилото е: ако не сакаш некој да дознае што пишуваш, тој најверојатно и ќе дознае. Па, така, мисли пред да постираш и запомни што си објавил. Запомни дека има разлика помеѓу личните и приватните работи. За многу блогери постирањето значи да зборуваш за реалните работи, но тоа не значи дека треба да пишуваш за сè. Биди искрен во она што го пишуваш, но почитувај ги твоите граници. Неоткривањето на приватните работи не е нечесно, туку е здраво.
Споредете со сличниот совет на Јакоб Нилсен.

Заборавање дека пишувате за вашиот иден шеф

Стручњакот за употребливост Јакоб Нилсен, во неговите „Употребливост на блогови: Десетте најчести дизајнерски грешки“ (Weblog Usability: The Top Ten Design Mistakes) советува:
Заборавање дека пишувате за вашиот иден шеф
Секогаш кога објавувате нешто на интернет, било на блог, во дискусиона група, или дури и преку е-пошта, помислете за тоа како тоа што сте го напишале ќе му изгледа на директор што би ве вработувал за десет години. Штом напишаното излезе од вашиот компјутер, тоа се архивира, кешира и индексира на многу сервиси за кои вие веројатно и не сте свесни.

За многу години, некоја фирма може да ја разгледува можноста да ве вработи и како мерка на претпазливост ќе провери што има за вас на интернет. (Ако мислите дека Гугл е опасен, знајте дека во иднина ќе се појави некој супер-шпијунски сервис што ќе може да ископа сè за вас што било кога било ставено во дигитална форма.) Што ќе може да најдат објавено под вашето име: наивно чисти „анализи“ или гадни навредливи пораки по дискусии?

Размислете малку пред да ставите нешто на блогот. Ако не сакате вашиот иден шеф да го прочита, не го објавувајте.
За споредба: „Сталин во душата“ од Урсула К. ле Гвин.

Приватност за децата

Веб-сајт на американската влада за приватноста на децата (Kidz Privacy) на интернет.