Блекаут

05 March 2006

Во што е посебноста на хипиците?

Благодарност до Двр Будр што ме потсети на провокативниот напис за македонските хипици од „Форум плус“ (25.02.2006). Покрај коментари на тезите за уникатноста на периодот (на нивната младост), ќе го искористам постов и за експериментирање со методот за делење на текстот од постови на делови што се гледаат на насловната страница и преку пермалинк. Цитат:

Бојс: „Водно, каде што одеа младите тогаш, ечеше од транзисторите на кои се слушаа нашите музички емисии. Луѓето имаа можност од радио (Радио Скопје, Втора програма) да слушнат за групите кои тогаш се јавуваа, како Лед цепелин, Ролинг стоунс, Ерик Бардон...
Се појавија многу бендови кои како последица на хипи-движењето, кое потекна од Сан Франциско, наметнаа нови стандарди и нивоа. Дел од нас беа заинтересирани да го прифатат тоа и да го пласираме. Колку успеавме, не знам, ама мислам дека оставивме некоја трага".

Водно, каде што одеа младите тогаш, ечеше од автомобилските радија на кои се слушаа нашите музички емисии. Луѓето имаа можност од радио (Канал 103 при МРТВ) да слушнат за групите кои тогаш се јавуваа, како Андерворлд, Продиџи, Карл Кокс...
Се појавија многу диџеи кои како последица на техно-движењето, кое потекна од Детроит, наметнаа нови стандарди и нивоа. Дел од нас беа заинтересирани да го прифатат тоа и да го пласираме. Колку успеавме, не знам, ама мислам дека оставивме некоја трага.

Капан ан, Пони, Арт... каде што одеа младите тогаш, ечеа од звучниците на кои се слушаа нашите музички нумери. Луѓето имаа можност од касети (Југотон, пиратски тезги, преснимени од другари) да слушнат за групите кои тогаш се јавуваа, како Ајрон Мејден, Металика, Џо Сатријани...

Се појавија многу бендови кои како последица на гранџ-движењето, кое потекна од Сиетл, наметнаа нови стандарди и нивоа. Дел од нас беа заинтересирани да го прифатат тоа и да го пласираме. Колку успеавме, не знам, ама мислам дека оставивме некоја трага.

„Тие години беа нешто карактеристично", коментира Хаш. „Се случуваа многу работи, единствени работи во целиот век. Тогаш се појавија Битлси, направија 250 песни и сите се хитови, војната во Виетнам, луѓе прв пат на Месечината, многу настани во културата, музиката, науката итн. Сето тоа даваше некаква енергија. По ова, ништо толку силно не се случи“.

Тие години беа нешто карактеристично. Се случуваа многу работи, единствени работи во целиот век. Тогаш се појави Мадона, направи 250 песни и сите се хитови, војната во бивша Југославија, луѓе прв пат на интернет, многу настани во културата, музиката, науката итн. Сето тоа даваше некаква енергија. По ова, ништо толку силно не се случи.

Тие години беа нешто карактеристично. Се случуваа многу работи, единствени работи во целиот век. Тогаш се појавија Блек ајд пиз, направија 250 песни и сите се хитови, војната во Ирак, луѓе прв пат клонираа, многу настани во културата, музиката, науката итн. Сето тоа даваше некаква енергија. По ова, ништо толку силно не се случи.

„Ние живееме изворно, а денешниве виртуелно.“ (!?)

Која трага ја оставиле македонските хипици? Сите работи наведени во текстот се однесуваат на нивните лични животи: избор на музика, имиџ, промискуитет, седење во парк, излети - и може да се наведат за било која друга конзумерска супкултура, а нивниот „бунт“ не се однесувал на спротивставување на политичката репресија. Од текстот се насетува дека семејствата на повеќето од интервјуираните биле со натпросечен статус и ресурси (како и на најекспонираните супкултурни дејци од од деведесеттите), а тие сами кажуваат дека во меѓувреме извршиле успешно вклопување во општествените текови, што заличува на примена на черчиловата формула: ’либерал до 30, конзервативец потоа‘.

Како хипиците ги пренеле „добрите вредности од тоа време“, како спротивставувањето на војната, во денешново? Дали ги искористиле нивните сегашни високи позиции за спротивставување на учеството на Македонија во војни, како оние во Авганистан и Ирак?

За појаснување на посебноста добро би дошол уште еден напис, или пак, ако ја нема - серија написи со сведоштва на преживеаните припадници и на други супкултури.

No comments: