Блекаут

04 March 2006

Визно гето: до кога со понижувачките ѕидини и глоби?

Поттикнат од написот За визи арчиме 10 милиони евра (Дневник, 3.3.2006) Волан предлага да учиме од раководството на Бугарија, кое наводно своевремено ултимативно се заканило дека ќе го прекине процесот на приближување кон ЕУ ако веднаш не се олесни визниот режим за нивните граѓани „со навредени национални чувства дека само заради тоа што се Бугари, наметнато им е да омаловажено чекаат во ред и ја молат ЕУ да им даде виза за да ги посети.“

Во оригиналниот пост се има развиено солидна дискусија на пошироката тема со визното гето со разновнидни ставови: од нескриен евроскептицизам, до објаснувањата на Јован за критериумите за укинување на визниот режим и појаснувањето:
Од моја страна без навреда - не може Македонија да дава ултиматиуми на ЕУ. Бидејќи ЕУ не ја моли МК да дојде кај неа, туку обратно - МК ја моли ЕУ да влезе во неа. Исто така Договорот од Шенген е вон класичниот концепт на ЕУ и е договор кој е потпишан од само определен број на членки.

По ослободувањето на визниот режим за Романија и Бугарија (кој следеше по исполнување на критериуми, а дефинитивно не со ултиматум од било која страна) 4 милиони Романци и 2 милиони Бугари се иселија...
Друг предлог од постот на Волан е:
Под итно да се поапсат сите луѓе кои не си ја завршиле работата (пасош, гранични премини, реадмисија) или најмалку да се отпуштат од работа. И да им се забрани со судска одлука идно запослување на државни јасли.
Ова е невозможно во тековнава партизирана Македонија, туку само во земја која навистина ги исполнува европските критериуми за правна држава. Проблемот добива облик од класата „кој е постар, кокошката или јајцето“.

Инаку, во однос на одливот на пари за визи Боби Христов во написот Осум милиони евра годишно за визи (Време, 3.3.2006) известува дека „нема прецизни податоци, но пресметките покажуваат дека меѓу осум до десет милиони евра годишно се одлеваат од земјава за визи во касите некоја од странските амбасади.“ Интересно е дека „Дневник“ за наслов ја одбрале поголемата, а „Време“ помалата граница на интервалот. Причина за излегување на овие написи е најавеното двојно покачување на глобите.

No comments: