Блекаут

12 March 2008

Бесполезни петиции и активизам од фотелја

Деновиве добивам некои повици за потпишување петиција во која наводно треба да се стигне до 200.000 потписи, а моментално има скоро 38.000. Никој од тие што ми препраќаа досега не можеше да ми одговори што ќе се случи ако се постигне целната бројка. Некои и се налутија што ги прашав. Следи релевантен извадок за активизмот од фотелја (armchair activism) од мојот напис „Станете махер/ка за е-пошта“:
Таканаречениот активизам од фотелја се базира на учество во кампањи преку препраќање на петиции по е-пошта или потпишување петиции на веб-сајтови. Со оглед на тоа што не бара многу напор, оваа практика е добра за луѓето кои сакаат да имаат добро мислење за себе, но се мрзливи и кога би требало да направат нешто повеќе за каузата, всушност и не би го направиле. Таквите „активисти“ веројатно не би отишле да потпишат петиција на плоштад или да демонстрираат во врска со некое важно прашање.

Во најголем број случаи, петициите по интернет се неефективни оти не даваат јасна слика за бројот на потписници. Методите кои би овозможиле точно следење на потписниците истовремено би ја загрозиле нивната приватност, па нема смисла да се применат. Затоа петициите преку интернет се еквивалент на петиции на кои сите потписи изгледаат како да се со ист ракопис – било кој може да додаде колку сака имиња на нив. Ниеден сериозен политичар не би ги зел предвид како глас на народот.

Особено бесполезни се повиците за петиција кои немаат краен рок. Така, една порака за спас на амазонската џунгла може да се врти по интернет со години откако бразилските парламентарци (за кои ѓоа била наменета петицијата) ја донеле клучната одлука – за која никому од тие што потпишуваат препраќаат всушност и не му е гајле, оти да му е гајле би бил во тек со состојбата на теренот.

No comments: