Блекаут

07 February 2011

Делата на Вито Волтера и Ф. Скот Фицџералд влегуваат во јавниот домен

Еден од настаните со кои на европско ниво беше прославуван Денот на јавниот домен беше организиран од Центарот НЕКСА при Политехничкиот универзитет во Торино на 22 јануари 2011 г. Тема на настанот беше значењето на влегување во jавен домен на делата на двајца автори кои умреле во 1940 година: научникот Вито Волтера и писателот Френсис Скот Фицџералд.

Законите за авторски права и во Италија и во САД со навршување на 70 години по смртта на авторот го „враќаат“ делото на јавно користење, при што наследниците или оние кои во меѓувреме биле носители на правата веќе немаат можност да го ограничуваат нивното користење. На пример, сега било кој може да ја реиздаде книгата „Големиот Гетсби“, да објави нов превод, или да направи нов филм базиран на неа, без да има потреба да бара дозвола или плаќа било каков надоместок на семејството на писателот.



Манифестацијата Ден на јавниот домен има за цел да овозможи на јавноста да осознае кои сè дела ’и станале целосно достапни во текот на претходната година, со цел да се овозможи забрзан културен развој. Застапниците на движењето за слободна култура сметаат дека ниедно дело не може да се создаде без авторот да „позајми“ елементи од „неговата“ или светската култура, така што престанокот на ограничувањата за слободна употреба од други во иста смисла го сметаат за „враќање“.


Проф. Хуан Карлос де Мартин, координатор на мрежата КОМУНИЈА во рамки на која е основан Денот на јавниот домен смета дека првата прослава во Италија е многу важна бидејќи...
„...јавниот домен е од суштинска важност за нашиот културен и економски живот. За жал луѓето не знаат што е тоа и зашто е важно, затоа и ја организиравме оваа прослава - да им кажеме на луѓето дека тоа се дела што може слободно да се користат. Со цел да го направиме тоа поопипливо, одбравме два автори... и им раскажавме на луѓето за нивниот живот и дело. Со цел да им помогнеме да сфатат дека сега може да ги користат овие прекрасни дела на било кој начин... Планираме вакви прослави да одржуваме секоја година за да ја зголемиме свеста за јавниот домен.“


Во текот на прославата во Торино, Примавера Де Филипи, претставник на Фондацијата Отворено знаење, која има докторирано на тема авторските права во дигиталната средина, го изјави следното:
„Важно е да се промовира јавниот домен, да се информира и сензибилизира населението за богатството на европското културно наследство. Јавниот домен служи како потсетник дека секоја година, нова група дела од културата стануваат достапни за користење и реискористување. Овие дела ја претставуваат основата на нашата заедничка култура и се елементи од кои се произведува нова култура.“

Проф. д-р Вито Волтера (1860-1940) бил италијански математичар и физичар, познат по придонесите за математичката биологија и интегралното сметање, како и како борец против фашизмот. Во 1931 година бил еден од само 12 од вкупно 1250 професори кои одбиле да ја дадат обврзната заклетва на верност на режимот на Мусолини.

Писателот и драматург Френсис Скот Фицџералд (1896-1940) е најпознат по книгата „Големиот Гетсби“ (1925) која се смета за класик на американската литература. Прогласена е за една од стоте најдобри книги на XX век и има големо влијание на популарната култура и преку други медиуми, особено филмот со Роберт Редфорд од 1974 г. Пример за ова влијание е и фактот дека во Радовиш има пицерија наречена „Гетсби“.

Во Македонскиот правен систем јавниот домен не е екплицитно дефиниран како посебна состојба, туку се дефинира индиректно како престанок на важење на авторските права. Како и во повеќето други земји членки на Светска организација за интелектуална сопственост (WIPO), тој престанок автоматски стапува на сила 70 години по смртта на авторот.

За жал, обемот на дела од модерни автори од Македонија кои починале до пред 70 години е релативно скромен, но со изминување на времето растат и можностите. На пример во 2013 година ќе биде овозможена јавна употреба на делата на Кочо Рацин, основоположникот на современата поезија на македонски јазик.

Како дел од напорите за ширење на слободната култура, Фондацијата Метаморфозис настојува во правниот систем на РМ да се дефинира јавниот домен како поим и да се развијат мехамизми за што поголема легална достапност на содржините. Една опција е влегување во јавен домен на сите содржини направени со јавни пари, како што се производите на државните служби и резултати од научни истражувања, како и културни проекти субвенционирани од државата. Овие настојувања се во согласност со активностите на мрежата КОМУНИЈА, меѓу чии основачи се вбројува и Метаморфозис, која работи на оваа тематика на европско ниво.

Метаморфозис е исто така застапник на движењето Криејтив комонс, кое нуди правни алатки – лиценци, прилагодени на националниот правен систем. Со овие „договори за неекслузивно пренесување на авторските права“ индивидуалните автори предаваат дел од своите материјални права на јавноста, под определени услови. Меѓу условите е обврзно наведување на изворот, што овозможува дополнителна промоција, особено на интернет. Еден од корисниците на овие лиценци е најголемата светска енциклопедија – Википедија.