Блекаут

28 November 2010

Кучиња пуштени од ланец

Нека не ве залаже насловот, во постов не се работи за партиските мегафони, туку за проблемот за кој пишував пред скоро три недели: дозволувањето низ скопскиот Градски парк да се шетаат кучиња без да бидат врзани и со заштитна маска. Дневник решил да го испита случајот…

…и во саботниот број (27.11.2010) има објавено два написи

Моето согледување…

Во паркот се возат и мотори, а и за тоа како и за кучињата без заштитна маска немам видено да интервенира полицијата ниту некој од чувариве.

Арно ама, еве јавниве служби ги бркаат младите што спортуваат, како што беа избркани и разни други супкултури…

…е потврдено во првиот напис (мој болд):

Од Градот велат дека инспекторите сè уште не казнуваат, туку само предупредуваат. Згора, сметаат дека имаат поприоритетни комунални проблеми. Не се многу загрижени ниту од Ветеринарската управа, која е во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Оттаму констатираат дека, главно, се почитуваат одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните.

- Главно се почитува одредбата според која сопственикот треба миленичето да го држи на подводник. Сметаме дека нема потреба од казнување – велат од надлежното министерство.

Се надевам дека комерцијалниве медиуми ќе почнат да ја следат и темата на бркање на младите од јавните простори, која исто така беше зачната во мојот претходен пост.

27 November 2010

Аферата Опсада ја рестартираше блогосферата

Како што веќе реков на Твитер, ако има една полза од аферата #opsada на #A1 тоа е дека ја „рестартира“ хибернираната македонска блогосфера.

Луѓето се распишале од сите страни и про и контра, а и редно беше. Групата „политика“ на Пинг.мк е доста добро средство за следење на мислењата оти собира фидови и од Блогерај (ако самите автори така ги категоризирале) и од други платформи како Блогспот и од поединечни сајтови со/и блогови.

Еве мал примерок од линковите:

и на други сајтови

а овие се понови, при што беше забележително и активирањето на блогери поврзани со партијата на власт (немам баш премногу време да следам, па сигурно ќе има доста испуштени, разгледајте сами...)

од странци (бонус!)

реакции и од НВО-а


24 November 2010

ЗОО и СОРОС не се акроними

Два примера за потреба на обраќање до колешките од блогот Лектор, од нашиот јавен живот.

Пример 1: Фајромизирање на ФИООМ во „СОРОС“

Луѓе од владеачката политичка партија во РМ и нејзини блиски медиуми, фондацијата основана од унгарско-американскиот бизнисмен и филантроп Џорџ Сорос (анг. George Soros) ја нарекуваат СОРОС – со сите големи букви како акроним. За тие што не знаат, цитат од Википедија:

Акроними се кратенки составени од првите букви од некоја фраза или име. Под „први букви“ може да се подразбира само по една буква од секој збор (како во САД) или неколку почетни букви од секој збор (како во Бенелукс).

Конкретно

Всушност фондацијата се вика Институт Отворено општество (на светско ниво, на англиски името е Open Society Institute – OSI), а македонската фондација која е дел на таа мрежа се вика Фондација Институт Отворено општество – Македонија и го користи акронимот ФИООМ (анг. Foundation Open Society Institute Macedonia – FOSIM).

Да се нарекува една институција што си има свое име друго е форма на фајромизација (обид да се наметне друго име наспроти сопственото), па уште кога името се пишува со големи букви како акроним, изгледа без врска… Аналогно, нели би било смешно ако:

  • ВМРО би се нарекувало Организација ХАЏИ НИКОЛОВ,
  • или ВМРО-ДПМНЕ да се нарекува Партијата ГЕОРГИЕВСКИ,
  • ТВ Сител да се нарекува – ТВ ЅИНГО,
  • а весникот Вечер – весникот БОЈО.

Пример 2: Зоолошка не се скратува со ЗОО

Лого на Зоолошка градина Скопје

Лого на Зоолошка градина Скопје

Зоолошка градина Скопје нејзините вработени ја нарекуваат „Скопје ЗОО“ (на лого) или на латиница „ZOO Skopje“ на официјалната страница на Фејсбук. Во било кој случај оние буквине „оо“ не треба да бидат големи, туку мали – на англиски „Zoo“ како дел од наслов, „zoo“ во сред реченица.

Вака излегува дека тоа ЗОО е акроним, а не проста кратенка од „зоолошка“. Јас лично ги поздравувам и низ цел свет ги фалам позитивните промени во зоолошката, но мора да напоменам дека за сите нивни изданија, особено официјалниот веб-сајт, има потреба од лекторска интервенција. И тоа е дел од брендирањето и односите со јавноста.

23 November 2010

Сè уште може да се пријавува на конкурсот на ВИДИ

„Заради голем интерес, пријавувањето е продолжено до утре“ - односно, денес - 23 ноември во 12 часот.

Номинирајте свои или туѓи сајтови од регионот. Ова е добра прилика и за промоција на квалитетното од нашата и соседните земји.

Имате саат време. :-)

22 November 2010

Што рекол Милчо Манчевски?

Сабајлево на социјалните мрежи имаше многу коментари за нападот врз Милчо Манчевски од Д.П. Латас, па се обидов да дознаам зошто баш сега.

Колумната во Вечер е од типот argumentum ad hominem (на латински) или обид за нарушување на честа и угледот (character assassination на англиски). Со оглед на тоа што негативностите изложени во овој текст не се однесуваат на некој скорешен настан и можеле да бидат објавени најголем дел во претходните десетина години, а оние преостанатите во претходните неколку месеци, се прашав што била причината куќниот пријател на тековниот премиер токму сега да преземе вакво дејство.

Некои од дискутантните на Фејсбук го посочија интервјуто на Манчевски за А1 ТВ од пред неколку дена. Го има и на Јутјуб, па кој сака да ги споредува двете авторски дела, може да се послужи…



Малку метрика: во моментов на објавување на постов, бројот на гледања на трите видеа беше {128, 131, 106}.

21 November 2010

Промоција на вашиот сајт преку конкурсот на ВИДИ

Хрватскиот ВИДИ (VIDI), еден од водечките ИТ-часописи во регионов, веќе подолго време на крајот на секоја година има избор на најдобрите веб-сајтови од Хрватска. Оваа година во изборот има и една нова категорија „Top10 exU“ во која може да конкурираат сајтови од нивното странство, односно од просторите на бивша Југославија.

Со оглед на тоа што учеството е бесплатно и безусловно, ова е и добра прилика за промоција ако имате добар, комплетен и интересен сајт. Дури и вашиот сајт да не влезе меѓу првите 10, сепак добивате линк кон него како кандидат, што помага во дигањето на неговиот рејтинг на Гугл.

Рокот е понеделник, 22 ноември, во 12 часот. Ако првпат слушате за ова од постов што излегува околу 12 часа пред тоа, имате кратко време за реакција. Но уште пократко е потребно за да номинирате сајт – неколку минути.

На Твитер: #webtop100.

Напомена уште еднаш: другите категории освен VIDI Top10 exU се за хрватски сајтови. Ако вашиот сајт нема врска со Хрватска или не е на хрватски, пријавете го во оваа, без разлика на тоа од кој жанр е.

16 November 2010

Мистериозниот извештај на Европската комисија

Hollow Book
Фото: Маурицио Балванера

Ме интересираше дали блогерите ќе го прочитаат и коментираат Извештајот за напредокот на Европската комисија оти веднаш по неговото објавување беше една од главните теми во традиционалните медиуми. За жал, мислам дека тоа не се случува... Од оние неколку блогерски реакции кои претежно беа во врска со спорот со името не можев да увидам дека некој решил да се задлабочи малку и во прашањата кои ЕУ ги бара од нас да се решат и кои имаат директно влијание врз квалитетот на животот на луѓето во Македонија.

Нејсе, затоа решив да ставам линк до оригиналната верзија на извештајот, како и напомена дека треба да се очекува и негов превод на сајтот на Секретаријатот за европски прашања при Владата на РМ. Тоа е пракса секоја година и мислам дека навистина има потреба од премостување на јазичниот јаз. Исто така објавувам линк и до анализите на Македонскиот центар за европско образование и емисијата Ние кои беа објавени на блогови.

Најголем дел од нашето население не чита. Плус, најголем дел од нашето население не може да чита на англиски. Плус, извештајот е напишан со дипломатски јазик во кој нема место за „ова ептен не го бива“ туку ќе стои нешто како „забележан е многу мал напредок“. Нели поентата на целава државна активност е да се постигне голем напредок. Затоа решив да ги пренесам и описните оценки од извештајот според ниво на тежина, ако некој навистина сака да чита да знае што пишува.

  • significant progress (значаен напредок = петка? четворка?)
  • good progress (добар напредок = тројка?)
  • some progress (извесен напредок = ...)
  • limited, uneven, partial progress (ограничен, нерамномерен, делумен напредок)
  • no progess (без напредок)

Ако стои зборчето напредок тоа не значи дека се напреднало. Исто како кога некој политичар ќе каже „ценетиот колега“ не значи дека мисли дека тој на кого се однесува фразата навистина смета дека е ценет или дека вреди. Форма и обичај. Башка пристапот на ЕУ не е да го уништи оној кој и се спротивставува со деструктивни пориви, туку да му помогне и да го охрабри да се промени, да постигне напредок.

Бидејќи јас многу сакам аргументи со факти, читањето секогаш го почнувам од позади (стр. 78+), каде што се статистичките показатели. Ќе забележите дека за некои многу важни фактори кај нас воопшто не се врши мерење иако тоа е обврска заради споредба со другите земји од ЕУ, на пример:

  • каматни стапки за депозити
  • македонски инвестиции во странство во земјите на ЕУ
  • степен на прерано напуштање на образованиот процес
  • трошење за човечки ресурси за иновации и истражувања
  • емисии на гасови на стаклена градина (јаглерод диоксиод)
  • ...а за 2009 г. недостасуваат и низа други еколошки и енергетски параметри кои се мереле претходно

09 November 2010

Бркање на скејтерите од Градски парк во Скопје

Во саботата во скопскиот Градски парк бев сведок на две идиотски случки.

1. На тревник си играа мали деца од 2-3 години. Поминува поголема група возрасни и деца што со себе водат куче, бел булдог мажјак, пуштен од ланец и без заштитна маска. Булдогов се стрчува кон едно од децава што си играат и го преплашува на смрт – иако кучето сака да си игра, не треба да бидеш мало дете да те преплаши кога кон тебе трча куп заби и мускули – резултат на генетска предодреденост за давење и убивање.

Кога родителите се побунија, сопствениците на булдогот го заврзаа со каиш (не му ставија заштитна маска) и пробаа да ги убедуваат дека кучето само сакало да си игра. Секоја чест на кучето, ама сопственикот ем има законска обврска да се шетаат само на ланец и со маска, ем ако детето добие уплав од кучиња, тешко ќе го утешиш со тој податок. Секако тие нема да се занимаваат со последиците од тој проблем.

2. Малку подоцна, на платото кај споменикот на Гоце Делчев, три млади момци си возеа ролерки и вежбаа некои егзибиции. Се појавија двајца постари мажи на околу 50-60 години облечени во темно тегет униформи (оние јакни што може да поминат и како обични јакни) без никаков знак и им пријдоа:

Колку години имаш? – 15.
А ти? – 15… – 16.
Што да ти правам сега? Да викам полиција?

Сите во околината се зачудија, а најмногу тинејџериве. Се испостави дека изгледа агресивните старци се некаков вид чувари на паркот кои им забранија на момциве да возат околу споменикот, на многу нападен начин и без никакво образложение.

Кога младиве почнаа да си ја собираат опремата продолжија да ги малтретираат така што еден од жртвите мораше да праша „Што сакате, дали треба да ги симнам ролеркиве и да се тепаме?“ Одговорот беше: „Да не имаш пиштол?“

Младиве си отидоа да си спортуваат „на жардињери“, а чуварите ги снема.

Во паркот се возат и мотори, а и за тоа како и за кучињата без заштитна маска немам видено да интервенира полицијата ниту некој од чувариве.

Арно ама, еве јавниве служби ги бркаат младите што спортуваат, како што беа избркани и разни други супкултури, па прават кампањи „спорт да, дрога не“ да звучат уште попразно.

Дали ова второво беше инцидентно, оти луѓево од јавново претпријатије си ги извршиле сите други задачи па убиваа досада во пауза со покажување кој е газда на територијата, не знам.

02 November 2010

Корелација меѓу број на твитови и читатели?

Овој пост е достапен и на:
македонски на Блогерај · Корелација меѓу број на твитови и читатели?
English · Correlation between number of tweets and followers?



Пред некој ден со хаштагот #kvantitet иницирав мала анкета меѓу македонските твитерџии на тема колку твита имаат до сега. Резултатите за сите кои земаа учество во тој муабет се претставени во графиконот подолу. На X-оската се број на твитови (tweets), на Y-оската се број на следачи (followers), односно читатели.

Кликни на сликата за поголема верзија.

01 November 2010

Анџелина Џоли и лустрацијата во Македонија

Овој пост е достапен и на
- македонски на Блогерај: Анџелина Џоли и лустрацијата во Македонија
- English: Angelina Jolie and Lustration in Macedonia


Со оглед на вителот на нејаснотии, шпекулации и „филмови“ што произлегоа во врска со лустрацијата во Македонија, очекувам уште еден елемент со кој ќе се овозможи дополнително проширување на кругот на сомнителни, односно на лица кои од непознати извори ќе може да бидат обвинети дека биле соработници на тајните комунистички служби.

Деновиве во Скопје почнува прикажувањето на филмот „Солт“ со Анџелина Џоли, во кој таа глуми вработена во американските разузнавачки служби. Арно ама испаѓа дека дека неа уште од бебе ја обучувала Советската тајна служба и како дете ја подметнале како „заспан“ таен агент во САД.

Ако земеме предвид дека комунизмот бил меѓународно движење и можностите за размена на искуства меѓу Тито и Брежњев, како и традицијата на јаничарство (одземање на децата од мали од семејството за да работат за интерес на државата) на Балканот, испаѓа дека е многу возможно такво нешто да се случувало не само во СССР, туку и во СФРЈ.

Ако се прифати оваа претпоставка, тогаш како соработници на тајните служби од комунизмот ќе може да бидат посочувани и лица кои не биле ни полнолетни кога Југославија се распадна. Доволно да биле родени пред 1991 г. за да може да се посочи дека биле „програмирани“ соодветно.

Со ова ќе се прошират можностите за дискредитација и уцена за уште една генерација, без разлика дали се тоа комуњари или ретро-комунисти (самонаречени левичари или десничари), а богами имаме и изговор за да ја споменуваме госпоѓа Џоли во врска со Македонија (ко-брендинг).

Значи, очекувам за вакво нешто наскоро да се дознае на дежурните емисии за сеење страв, омраза и теории на заговор, штом некој од големите интелекти на македонската преродба го изгледа филмот. Секако, за тоа време никому не му е гајле кој сè од тековниве дрматори бил на кои функции во стариот систем, а и зошто би му било.

А филмот сам по себе го гледам како еден обид да се креира нова франшиза со елементи на темелите поставени од серијалот за Џемс Бонд, нешто како женски Џејсон Борн, со користење на авто-мото елементи од Матрикс, без толку добро објаснение за тоа како се останува жив при смртоносни акробации.

Најпрофитабилни дејности во Македонија, според личен доход

Се прашувате во која дејност во Македонија најдобро се заработува ако работиш „за плата“? Ова е пост за вас.

Преку Пинг.мк дознав дека Здружението на финасиски работници ги има пренесено најновите официјални податоци, меѓу кои и висините на просечни плати по сектори. Според нив, најголеми плати имаат вработените во:
  1. Помошни активности во финансиско посредување (36.368 денари)
  2. Воздушен сообраќај (34.805 ден)
  3. Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и топла вода (26.877 ден.)
  4. Финансиско посредување, освен осигурување и пензиски фондови (26.241 ден.)
  5. Осигурување и реосигурување, пензиски фондови освен задолжителна социјална заштита (26.020 ден.)