Блекаут

26 February 2007

Во потрага по совршена стратегиска игра

- Дали стратегиските игри може да послужат како средство за учење стратегија? Дали преку нив нашите политичари може да научат подобро да раководат со ресурси, да предвидуваат потези, да планираат активности за добро на државата? Да, но само ако ги користат игрите кои сеопфатно ги применуваат акумулираните сознанија од оваа област.

Филип Стојановски

Основниот предизвик со кој се соочуваат авторите на компјутерски игри е урамнотежувањето на степенот на симулација и игривоста. Играта треба што поверно да ги одразува реалните околности, но и да ја кондензира комплексноста и апстрахира здодевноста на војната. Таа ќе биде неинтересна и неуспешна и ако е претешка и ако е прелесна.

Основа за тоа дали дадена игра ја бива за учење стратегија е споредбата со знаењата кои човештвото ги има акумулирано низ историјата, преку класиците од оваа дисциплина.

Древниот кинески генерал Сун Цу учи дека „секое водење војна се темели на измама“. Во книгата „Вештина на војувањето“, тој наведува пет фактори кои генералот треба да ги владее:
  • „Моралниот закон од луѓето бара да бидат наполно согласни со својот владетел за да го следат по цена на живот, без разлика на каква опасност ќе се изложат.
  • Небото значи ден и ноќ, студ и жештина, време и годишни времиња.
  • Земјата опфаќа растојанија, големи и мали; опасност и сигурност; откриен терен и тесни премини, можност за живот и смрт.
  • Командантот значи отелотворување на доблестите на мудроста, искреноста, благонаклонетоста, храброста и строгоста.
  • Под метод и дисциплина се подразбира поделбата на војската на помали единици, редоследот на чиновите на старешините, одржувањето на патиштата преку кои се снабдува војската и контролата на воените трошоци.“
Британски воен теоретичар Базил Хенри Лидел-Харт, од кого учеле и такви легендарни генерали како Ромел и Патон, ги синтетизирал историските искуства од изминатите 2.500 години во неговата книга „Стратегија“ (Strategy, 1967). Тој открива дека „ефективни резултати во војна ретко се постигнувале без примена на индиректност која осигурува неподготвеност на непријателот да и се спротивстави“. Таквата индиректност „обично е физичка, а секогаш е психолошка“. Тој вели:
„Сè појасно и појасно на површината се издигна поуката дека директниот пристап со следење на „линијата на природно очекување“ на противникот кон менталната или физичката цел, доведува до негативен резултат. Причината за ова Наполеон ја изразил преку неговиот живописен диктум: „моралното е трипати поважно од физичкото“. Научно ова може да се искаже преку тврдењето дека, наспроти тоа што јачината на противничките сили или земја надворешно лежи во нивната бројност и ресурси, овие фундаментално зависат од стабилноста на контролата, моралот и снабдувањето.”
Концептот на четири генерации на модерна војна на американскиот стратег и поранешен маринец Вилијам Линд ја нуди следната интелектуална рамка:

Првата генерација (1648-1860) – државите го монополизираат војувањето, а воената култура е култура на ред, наметната дисциплина и строга хиерархија која се одразува и на начинот на однесување на армиите на бојното поле, подредени во редови и колони.

Втората генерација (1860-1939) реагира на самоубиственоста на инсистирање на поредок наспроти индустријализираните оружја како митралезот, па во Првата светска војна се става акцент на масивна огнена моќ, претежно индиректен артилериски оган. Според Линд: „Целта била нанесување што поголеми загуби, а Французите ја сумирале доктрината со „артилеријата освојува, пешадијата окупира“. Централно-контролираната воена моќ била внимателно синхронизирана преку детални планови и наредби за пешадијата, тенковите и артилеријата, при што се водела „диригирана битка“, односно командантот бил диригент кој раководи со оркестар.”

Третата генерација претставува германска реакција на претходните, разработена во текот на Првата, а успешно применета на почетокот на Втората светска војна. Таа се темели на „брзина, изненадување и ментално и физичко изместување на противникот” и се потпира на решавање на проблеми на теренот, а не на слепо следење наредби. Развиени биле „првите нелинеарни тактики. При одбрана, цел било да се вовлече противникот и потоа да се отсече, наместо да се одржи линија на фронтот. При напад, движењето е како вода низ одбраната на непријателот, при што секогаш се бара најслабата точка за пробив, а потоа свртување кон останатите позиции од зад нивниот грб. Операционо и тактички, целта обично било заобиколување.”

Современите војни од четврта генерација не ги водат само држави, туку и нерегуларни, герилски, терористички и/или мафијашки мрежи, а дополнително се комплицирани бидејќи се одвива и конфликт меѓу култури, врз племенска, етничка и/или идеолошка и религиозна основа, со конвенционални и неконвенционални средства и методи. Ваквите војни претставуваат „мешавина на старовремското и модерното“, со очевиден примат на индиректноста и на моралот, особено во поглед на развивање лојалност кај населението, а наспроти акумулацијата на ресурси, бројност и огнена моќ.

Популарноста на една игра не значи дека таа е добра алатка за учење стратегија. Надминувањето на технолошките ограничувања од минатото главно е искористено само за подобрувања во визуелниот приказ и обемот на дејства. За жал, најголем дел од современите игри не се помрднати од втората генерација – главна цел е решавање на равенката на нанесување/избегнување физички загуби.

Во ваквите игри, победник е оној кој ќе заграби повеќе ресурси, со кои ја зголемува бројноста и ударната моќ на својата војска. Војниците дејствуваат како машини кои работат додека имаат „гориво” или не се доволно оштетени, без умор и без страв, дури и во безизлезни ситуации. Делумно, ова е одраз на историскиот успех на игрите во кои единиците се налик на роботчиња, како „Дина II“ (1992). Хиерархијата на управување е апсолутна, информациите и ресурсите патуваат непречено и моментно, а улогата на играчот повеќе личи на сеприсутно и сезнајно божество, а не на воен командант од крв и месо.

Класични примери се серијалите „Ера на империи“, „Подемот на нациите“, „Козаци“, „Воркрафт“ и „Старкрафт“, во кој играчите се ограничени на делумна контрола на само два од петте фактори на Сун Цу (растојанијата, патиштата и трошоците), односно само на надворешните фактори на Лидел-Харт (бројност и ресурси). Играчите имаат мала или никаква контрола врз моралот и индиректноста, па добиваат впечаток дека може да ги земат здраво за готово, или да воопшто да не ги земаат предвид.

Суштинската причина за ова е во тоа што главните текови на американската култура се се уште заглавени во Линдовата втора генерација на војување. Наместо со артилерија, се изведува разорно бомбардирање од воздух, по кое следи инвазија поддржана од добро организирана логистика. При тоа, ресурсите на САД се многу поголеми од оние на противникот, овозможувајќи пресудно дополнување на евентуалните загуби, до целосно економско исцрпување на непријателот или истребување на оние кои даваат отпор, без разлика на високата цена во човечки животи и материјални добра.

Кај војните од четврта генерација, не само што е препорачливо загубите на обете страни да бидат што помали, туку и не треба да се понижуваат и уништуваат институциите на противникот, оти во постконфликтниот период токму тие ќе одржуваат ред и поредок наспроти хаосот кој го поттикнуваат анархичните и криминални групи. Ваков пристап, во „Владетелот“, препорачува и ренесансниот мислител Николо Макијавели.

Во реалноста, стремежот за уништување на сета непријателска жива сила не е препорачлив и поради намалените разлики меѓу воините и цивилите, што ги зголемува волјата за отпор на загрозените и негативното јавно мислење, а во некои случаи може да има и правни реперкусии. Првите две години од окупацијата на Ирак ја покажаа смртоносноста штетност од грешките од овој вид.

За жал, ретко која од стратегиските игри воопшто го зема моралот како фактор на успех, па најчесто војниците се прикажани како слепо послушни извршители на сите наредби на играчот, со постојано високо ниво на храброст, без разлика на последиците, а геноцидот врз „непријателот” е најчесто се подразбира.

Ваквиот пристап може да создаде драматично погрешна слика кај идните стратези, кои заборавајќи дека имаат работа со луѓе прават катастрофални грешки при меѓучовечките односи и со потчинетите и со противниците, занемарувајќи ја пресудната улога на емоциите и емпатијата. Овие елементи се позастапени кај жанрот на симулации за раководење со градови, како „Сим сити“ (SimCity) и „Цезар“ (Caesar), или цели држави, како „Цивилизација“, каде што доминираат економските фактори и задоволувањето на потребите на населението, или авантурите како првиот дел на „Дина“ (1992). Сепак, овие игри најчесто опфаќаат само глобална стратегија, без тактички елементи „во реално време“, заради што не се предмет на подетална анализа во написов.

Уште еден особено нереален елемент кај некои стратегиски игри како „Ерата на империите” е изградбата на светско чудо (build wonder) – најчесто огромни градби како пирамидите или вавилонската кула, што доведува до брза победа. Во реалноста, ваквите проекти се прескапи и со премал ефект наспроти изградбата и јакнењето на капацитетот на целиот економско-општествен систем: земјоделство, стопанство, наука, образование и одбрана.

Зачетник на земањето предвид на моралот како елемент во стратегиските игри е „Центурион“ од 1990 година, кај која дејството, во согласност со концептот на Лидел-Харт, е поделено на стратегија (висока политика, дипломатија, пропаганда, избор на сојузници, непријатели, одлуки за движења) која се води на мапа слична на таблата од „Ризико“ (Risk) и тактика (позиционирање на војската, маневрирање и водење битки). Кај оваа игра, на пример, нападот од зад грб носи огромна предност, а гинењето на водачот може да доведе до бегство на неговите единици.

Во тој поглед, оваа игра и немаше вистинска конкуренција се до појавата на „Шогун“ во 2000 година, првиот дел од серијалот „Тотална војна“, направен според истите принципи, надополнети со поуките на Сун Ѕу и самурајот Мијамото Мусаши.

Ограничувајќи ја сезнајноста на играчот, беше воведена и шпионажата како активност, а приказот на борбите од вообичаениот изометриски беше заменет со тридимензионален. За разлика од повеќето други серијали, кај новите изданија на „Тотална војна“ освен усовршување на дизајнот се додаваат елементи на симулација кои овозможуваат задржување на интересот и на поискусните играчи, како и на пробирливите љубители на историјата. Така на пример, пресудно влијание може да имаат заморот на војниците и видот на теренот, но и улогата на непотизмот при изборот на команданти.

Елементите на современите војни од четврта генерација се присутни и во оваа игра, но не сите, делумно и поради нејзиниот историски контекст. Една игра која експлицитно упатува на нив е „12 септември“. Се работи за симулација чија цел е да ја покаже бесполезноста на тактиката „терористите“ да се суредуваат со примена на непропорционална сила - воздушни напади при кои гинат цивили. Во играта, роднините на таквите цивили и самите стануваат „терористи“, а единственото што се добива е зголемувањето на уништувањето.

Љубителите на компјутерски игри, кои истовремено ја учат стратегијата како вештина, во минатото беа исправени пред дилемата дали да користат игри кои се многу популарни, како оние на Мајкрософт и Близард, но не многу образовни, или да користат игри кои бараат големо вложување во опрема или време за учење. Наспроти името, серијалот „Тотална војна“ ја решава оваа дилема на најдобар начин – неговите нови продолженија покрај насилните, вклучуваат и нови други методи од други видови за постигнување на целите.

Стратегиското размислување, како и било која друга човечка вештина, може да се научи. Во минатото главни алатки за тоа биле изучувањето на историјата и критичкото размислување, како средства за учење од туѓите грешки. Компјутерските игри се особено поволна дополнителна алатка за тоа, оти овозможуваат безболно учење на сопствените грешки.

Написов за прв пат е објавен во Неделно Време, број 995, 25.02.2007.

Стратешки книги достапни бесплатно на интернет на англиски јазик

Тотална војна (Total War)

Место: Прво (златен медал)
Име: Тотална војна
Инфо: Total War
Производство: САД, 2000-2006
Период: Стар и среден век
Локации: Јапонија (Shogun), Европа, Блиски Исток и северна Африка (Rome, Medieval)
Генерација: 4

Најкомплетна стратешка игра досега, која ги почитува реалните односи на силите, моралот и историските детаљи. Бара најсовремена графичка картичка.

Ненадеен напад (Sudden Strike)

Место: Второ (сребрен медал)
Име: Ненадеен напад
Инфо: Sudden Strike
Производство : Русија/Германија, 2000-2004
Период: Втора светска војна
Локации: Европа
Генерација: 3

Го има воведено снабдувањето со гориво и муниција како клучен фактор. Фокусирана на тактика, од играчот бара голема упорност и волја за микроменаџмент. Не бара големи ресурси.

Подем на нациите (Rise of Nations)

Место: Трето (бронзен медал)
Име: Подем на нациите
Инфо: Rise of Nations
Производство: САД, 2003-2004
Период: Цела историја
Локации: Цел свет (поедноставен)
Генерација: 2

Применува поделба на глобална стратегија и тактика, а потребата за снабдување ја поврзува со престојот на своја или туѓа територија, строго дефинирани на мапата. Моралот е занемарен.

Козаци (Cossacks)

Место: Четврто
Име: Козаци
Инфо: Cossacks
Производство: Украина/Германија, 2002
Период: 17 и 18 век
Локации: Европа и околина
Генерација: 2

Одлично изведена контрола на огромен број единици и нивно групирање, со минимални барања за компјутерски ресурси.

Ера на империите (Age of Empires)


Место: Петто
Име: Ера на империите
Инфо: Age of Empires
Производство: САД, 1997-2006
Период: Цела историја
Локации: Цел свет (поедноставен)
Генерација: 2

Голем популаризатор на жанрот, но со нереално претставени односи меѓу единиците.

Центурион, бранител на Рим (Centurion: Defender of Rome)

Место: Заслуги за жанрот
Име : Центурион, бранител на Рим
Инфо: Centurion: Defender of Rome
Производство: САД, 1990
Период: Стар век
Локации: Европа, Блиски Исток, северна Африка
Генерација: 3

Наспроти рудиментарната изведба, оваа класична игра за ДОС до денешен ден нуди одлично искуство. Бара многу мали ресурси.

Старкрафт и Воркрафт (StarCraft & WarCraft)

Место: Почесно споменување
Име: Старкрафт и Воркрафт
Инфо: StarCraft & Warcraft
Производство: САД, 1998/1994-2003
Период: Далечна иднина, митско минато
Локации: Измислени светови
Генерација: 2

Немаат врска со историја, но иновациите воведени во овие игри, од развојот на интересни приказни со филмски елементи до ефективно учество на повеќе играчи, имаа огромно влијание на развојот на жанрот.

Цивилизација (Sid Meier's Civilization)

Место: Вон конкуренција
Име: Цивилизација
Инфо: Sid Meier's Civilization
Производство: САД, 1990-2005
Период: Цела историја
Локации: Цел свет
Генерација: 4

Легендарна игра за еден играч во која дејството се одвива исклучиво преку потези. Ги опфаќа елементите на политички, економски и научен развој, како и дипломатија и трговија од аспект на глобална стратегија.

19 February 2007

Кратка историја на енциклопедиите

  • 77 Римјанинот Плиние Постариот ја објавува својата „Историја на природата“ (Naturalis Historia) во 37 тома.
  • 1377 Тунискиот историчар Ибн Калдун ги поставува основите на научната мисла и здравиот скептицизам кон пишаниот збор (меѓу другите).
  • 1408 Довршена е енциклопедијата на кинескиот цар Јонгле од династијата Минг, најобемна до подемот на „Википедија“.
  • 1751-1780 Објавени се 35 тома на „Енциклопедија“ на француските енциклопедисти предводени од Денис Дидро, најважното дело на просветителството.
  • 1768–1771 Прво објавување на „Енциклопедија Британика“, најдолговечно такво издание на англиски јазик.
  • 1979 Даглас Адамс го објавува „Автостоперскиот водич низ галаксијата“, научнофантастичен роман за вселенска енциклопедија, пародија на „Енциклопедија галактика“ од „Фондацијата“ на Исак Асимов.
  • 1993 Врз основа на откупените содржини од неколку други енциклопедии, Мајкрософт ја објавува „Енкарта“, првата целосно дигитална енциклопедија - на ЦД-РОМ, без печатено издание.
  • 1996 „Енциклопедија Британика“, која во осумдесетите години проценувајќи дека продажбата на книги непречено ќе продолжи одбила понуда за соработка од „Мајкрософт“, е купена по драстично снижена цена од швајцарскиот милионер Жаки Сафра. Продажбата паднала откако „Мајкрософт“ја вклучил „Енкарта“ како бонус за купувачите на компјутери со „Виндоуз“ во 1995 г.
  • 2001-2007 „Википедија“ на англиски јазик, моментно има 1.636.804 статии. „Британика“ има околу 100.000, „Енкарта“ над 68.000.
  • 2003-2007 „Википедија“ на македонски јазик, моментно има 8.834 статии.

Консензуалната демократија на Википедија

Како и пред две недели, и овој текст објавен во „Неделно Време“ (број 988, 18.02.2007) на сајтот од весникот излезе без соодветно интегрирање на линковите, па го пренесувам на блогов во целост.

„Википедиите“ на разни јазици примаат околу 60 милиони посети дневно, од кои 55 отсто отпаѓаат на англиската верзија, проценува сервисот „Алекса“. Најзаслужни за ова се википедијанците, корисници на енциклопедијата што не само што ја читаат, туку и ја дополнуваат и уредуваат.

Иако „Википедија“ има поставено строги критериуми за објективност и научна издржаност на написите, дел википедијанци не секогаш ги почитуваат. Најголема замерка за овој огромен систем за ширење на знаење е недостатокот на филтрирање од страна на стручњаци од дадените области.

Некои автори, како антипод ги претставуваат научните списанија во кои постои ригорозен процес на рецензирање на написите од други научници – пред тие да се објават. Тие се значително поспори во пренесувањето на информациите, а дел од нив бараат читателите да им платат за пристап. Видни научници спас гледаат во реструктурирање на целото научно издаваштво врз принципите на отворен пристап. Тоа е и препорака на Европската комисија, врз основа на студијата од 2006 година.

Всушност, „Википедија“ не е непријател на научното издаваштво – како еден огромен, добронамерен Борг, таа настојува да го вклучи во себе сето знаење што е во јавна сопственост. Така, не само што како референца настојува да ги користи научните списанија со отворен пристап, туку и класични енциклопедии и други изданија штом за нив истекуваат авторските права (постари од 70 години). На пример, дел од написите се копија на „Енциклопедија Британика“ од 1911 година. Гледано долгорочно, ако ги преживее детските болести поврзани со несовршениот систем на одлучување, вики-концептот претставува иднината на ширењето знаења.

Јаки играчи

Најголеми губитници од подемот на „Википедија“ се комерцијалните енциклопедиски проекти кои го губат своето значење кај широката јавност. Во голема мерка ова се должи на тоа што тие самите ставаат пречки за пристап до нивните содржини поставени на интернет, како барање претплата, поради што самите ги бркаат корисниците во прегратките на слободната алтернатива. Во случајот на Македонија, ниту едно од енциклопедиските изданија објавени на локални јазици не е достапно во дигитална форма.

Непрофитната Фондација „Викимедија“, издавачот на „Википедија“, собира донации од обичните граѓани, но добива поддршка и од големи американски корпорации, како „Сан мајкросистемс“, еден од најголемите конкуренти на „Мајкрософт“ кој го поддржува и развојот на слободниот софтвер Опен офис. Се шушка и дека „Гугл“, уште еден конкурент на „Мајкрософт“, од 2005 година го има сменето својот алгоритам за да фаворизира пренасочување кон статиите од „Википедија“.

Од друга страна, општопознато е дека обичните луѓе, а особено независните издавачи како блогерите, едноставно се навикнати и сакаат да ја користат како референца, некои поради духот на спротивставување на авторитети, но повеќето поради квалитетот. Стручњакот за пребарување преку интернет и автор на „Најди!“, Петар Кајевски, на своите предавања посочува дека „Википедија“ е најдобриот избор кога се бара концизно објаснение или дефиниција на поим или концепт – подобар и од „Гугл“.


Енциклопедија

Од Гугл

Од Соуш’л митер

Од Мајкрософт

Википедија

1,560,000

8,378,155

1,584,754

Британика

146,000

165,191

67,104

Енкарта

8,680

32,372

84,724

Број на линкови (врски) од други веб-сајтови кон трите најпознати енциклопедии
на интернет на англиски јазик, како индикатор на влијанието.

Разликата е уште подрастична ако се споредат резултатите на „Соуш’л митер“, кој во своите пресметки го инкорпорира бројот на линкови од Гугл заедно со други пребарувачи и системи за следење линкови. Во случајот на „Википедија“, тој евидентира над 5,5 милиони линкови од блогови, регистрирани од „Технорати“.

Кои се македонските википедијанци?

Македонските википедијанци се занимаваат со две главни дејности: проширување на „Википедија“ на македонски јазик и дополнување или исправање на написите на написите поврзани со Македонија во англиското издание.

Со оглед на тоа што секој корисник на интернет има право и можност да ги врши овие дејности, не постои точна евиденција колку се македонските википедијанци – од 1251 регистриран член, постојано активни се околу 20 момци и девојки. Во потесна смисла на зборот, се работи за група граѓани кои дејствуваат и како администратори на македонската верзија, со право да интервенираат во случаи на злоупотреба.

Групата администратори, која работи и на организиран развој на македонска вики-заедница, е составена од седум млади мажи – претежно студенти, дипломец и постдипломец. Иако македонската википедија неформално ја користат и некои универзитетски професори, досега институционален интерес за неа и нејзино вклучување во наставата изразиле само неколку асистенти од Правниот факултет и Институтот за информатика при ПМФ.

Низ самоиницијативна активност, македонската „Википедија“ ја дополнува и Фондацијата Метаморфозис, чиј тим редовно локализира написи од областа на информатичкото општество и ја подига јавната свест за википедија преку месечниот е-билтен и настаните што ги организира.

Заради ниската вклученост на академската и стручната јавност во нејзиниот развој, „Википедија“ на македонски јазик има најниска стапка на раст во регионот. Споредбата на бројот на написите во мај 2006 и јануари 2007 година укажуваат дека балканско ниво на дното се википедиите на македонски (25%) и српски (26%) јазик.

Како одговор на овие поразителни податоци, авторот на блогот „Панта реи“ објави анализа што го споредува бројот на статиите со бројот на население.

Според оваа анализа, дури и јуначките напори на малиот број посветени википедијанци сепак доведуваат до пропорционално повисок развој на системот, што дава надеж дека проширувањето на заедницата може да доведе до силен отскок.

Наредниот собир на македонски википедијанци (Втората вики-средба) е закажан за 20 часот на 20 февруари во „Пјаца Либертас“, спроти гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Скопје.

„Топовско месо“ во борбата против пропагандите

И додека развојот на содржините на македонски јазик сепак оди по нагорна линија, ситуацијата со верзиите на светските јазици стои малку поинаку, особено на највлијателната, англиска верзија. Со оглед на тоа што во случај на спор се гласа со консензус или други форми на демократско одлучување, групите на интерес со поголем број членови имаат можности да влијаат на резултатите.

Тоа особено се однесува на ангажмани како постојано менување на содржините на дадени страници – верзиите на оние кои имаат повеќе луѓе на располагање и се поголеми инаетчии ќе бидат подолго време пред очите на читателите, дури и ако се неточни заради што на крај ќе бидат тргнати и заклучени од администраторите.

Милош Столиќ

Милош Столиќ, еден од најактивните македонски википедијанци и демонстратор на Институтот за информатика од Скопје, како голем успех го наведува тоа што успеале наместо „Македонски Словени“ (Macedonian Slavs) да наметнат користење на терминот „етнички Македонци“ (Macedonians (ethnicity)).

Според г. Столиќ, на почетокот, дури и самата „Википедија“ на македонски јазик била заземена од бугарски националистички пропагандисти, кои ја користеле за ширење на нивни вистини преку педесетина статии. Во почетокот на 2004 година основната група македонски википедијанци дале барање до Фондацијата „Викимедија“, со што покренале процес на аргументирано гласање, по што тие добиле администраторски привилегии и можеле да продолжат со развој на системот. (Во моментов се решава сличен спор за Црногорската википедија).

Иако секој корисник може да ги менува содржините на „Википедија“, едно од правилата е дека сите податоци мора да бидат поддржани со референци (фусноти) до независни научни извори. Недостатокот на македонски научни содржини на Интернет, особено на англиски јазик и на веб-сајтови со висока репутација доведува до тоа при било какви културни и историски спорови, македонските википедијанци всушност да се впуштаат во борба „без муниција“, истовремено трошејќи огромни количества од својата лична енергија.

За поголема афирмација на Македонија во светот преку „Википедија“, неопходно е македонските научници и стручњаци да објавуваат во странски научни списанија.

Доколку соодветни трудови не се објавени во научни списанија со светски глас, откритијата што во нашата јавност се претставуваат како епохални ќе останат непознати за светската наука, чија колективна меморија ја сочинуваат токму тие списанија.

На пример, тоа што на античката македонска гробница која г. Паско Кузман ја откри во тврдината во Охрид е претставена во туристичка репортажа на Јаху, или што веста за дешифрирањето на античкиот македонски јазик со Каменот од Розета од страна на проф. Тентов и проф. Бошевски ја пренесоа сите македонски медиуми нема повлијаено на присуството на овие наоди во научниот дискурс на светско ниво.

Дури откако стручни трудови на овие теми ќе може да се пронајдат преку специјализираните научни сервиси како „Гугл сколар“ и „Лајв академик срч“ ќе може да се зборува за нивно влијание надвор од рамките на нашата држава. А за да се случи тоа треба такви трудови прво да бидат објавени соодветно. Една алтернатива за тоа се научно-стручните списанијата со отворен пристап, како оние од Јавната научна библиотека.

14 February 2007

Хепи Свети Трипун, конграчулејшнс!

Им го честитам празникот Свети Трипун на сите што го слават.

12 February 2007

Загрозените конкуренти на Википедија

Википедија најчесто се споменува како антипод на Енциклопедија Британика. Но има и една друга енциклопедија, која пред сè излегува во дигитална форма (ЦД) и која го загуби приматот со подемот на слободниот проект.

Број на линкови (врски) од други веб-сајтови кон трите најпознати енциклопедии на интернет. Вредностите варираат и на кратки периоди.

Разликата е уште подрастична ако се споредат резултатите на „Соуш’л митер“, кој во своите пресметки го инкорпорира бројот на линкови од Гугл заедно со други пребарувачи и системи за следење линкови. Во случајот на Википедија, тој евидентира над 5,5 милиони линкови од блогови, регистрирани од Технорати.

11 February 2007

Промоцијата на книгата на Венера - накратко

Вчера имав чест да присуствувам на најавената промоцијата на поетската книга „Полиглот на тишината“ на Вероника Костадинова - Венера, која се одржа во Неготино. Настанот беше одлично осмислен и организиран, при што писателката Тамара Арсовска ја прочита рецензијата на делото (препорачувам!) при/по што заедно со впечатливата Трајанка Митрова, медиумска личност од Кавадарци, презентираа и избор од поезијата.

Настанот беше надополнет со модна ревија на Лепосава Дабевска Јанакиевска и дегустација на вина „Св. Елена“, во согласност со античката традиција на баханалии, а и симпозиуми (= заедничко пиење). На настанот учествуваа и други видни личности, од општествениот, политичкиот и деловниот свет, меѓу кои и „делегацијата“ на МБЗ во состав Арвена, Анастас, Гершанина, Волан, Хулахопа, Рибаро и Орде, Намерник и музата Марина.

Вегетаријанска субверзија во „Еквестријан“

Отидовме во „Еквестријан“ по препорака на вегетаријанците во друштвото, кои биле задоволни од понудата според нивни барања. Но ни тие не очекуваа дека при преводот на менито на ресторанчето се вметнати субверзивни сублиминални пораки во духот на оние кои одбиваат да јадат мрши од животни.


Англиско-македонски речник:
  • main course = главно јадење
  • main corpse = главен труп, главнa мрша

09 February 2007

Добромир



Добар е овој Моби, што ги пронаоѓа јунаците од цртаните филмови - еве го нашол и Добромир.

Промоција на книгата „Полиглот на тишината“ во Неготино

Вероника Костадинова, авторка на блоговите Оксиморон и Венера известува:
На 10 февруари (оваа сабота) со почеток во 12 часот, во просториите на „Хотел Парк“ во Неготино ќе се одржи промоција на мојата трета книга со поезија - „Полиглот на тишината“.


Како и во случајот на Букаро, се работи за книга чии содржини веќе биле објавени во дигитална форма - што воопшто не пречи да си добијат и печатена инкарнација. Мојата теза е: и обратно.

Првата рецензија на книгата може да ја прочитате на Археолошкиот дневник.

06 February 2007

Веб 2.0 - спој на технологија и идеологија

„Неделно Време“ (број 974, 04.02.2007) го објави овој мој текст за Веб 2.0. Го пренесувам во целост оти на оригиналниот сајт линковите не се соодветно интегрирани. А на темата, ѕирнете и на Комуникации.


Веб два нула (Web 2.0) е еден од оние нови термини што за едни значат револуционерен чекор кон светлата иднина, а за други уште една компјутерџиска финта за продавање стари идеи и експертски ангажмани во ново пакување.

Официјално, со веб 2.0 се означува „втората генерација“ на е-услуги. Кај „првата генерација“, доминантна парадигма беше „клиент-сервер“: компјутерот на корисникот-клиентот се обраќа до „главниот“-серверот со барање или молба да му овозможи пристап до дел од информациите што ги чува, како на пример насловната страница од определен веб-сајт, или е-поштата од соодветно сандаче.

Кај втората генерација, информациите се чуваат децентрализирано, распоредени на многу сервери, но и на компјутерите, па и во главите на самите корисници, кои играат улога на јазли во мрежата. На пример, со користење на технологијата на РСС-фид, вестите внесени и објавени на еден веб-сајт, со посредство на компјутерска програма што е снимена на друг, може да се прикажат на илјадници „трети“.

Директната соработка и споделување помеѓу корисниците овозможува ефект на синергија - крајниот резултат да е поголем од простиот збир на составните делови - оти сите заеднички придонесуваат за подобрување на системите од кои се дел.

Платформите од втората генерација често се поврзуваат со социјалното вмрежување, односно создавањето заедници преку Интернет. Таканаречените социјални медиуми ги опфаќаат: блоговите, фидовите, агрегаторите, википедиите, алатките за директна комуникација и фолксономија - означување содржини преку клучни зборови. Заедничко за сите нив е дека користат информации добиени доброволно од самите корисници во најразлични форми: линкови/врски, оценки, одговори, коментари, текстови, слики, аудио и видео записи.

Демократско промовирање содржини

Платформите од веб 2.0 наменети за промовирање содржини од Интернет им овозможуваат на членовите да предлагаат и да гласаат за линкови, кои потоа во зависност од бројот на позитивни или негативни оценки добиваат поголема или помала посетеност. Овие сервиси служат и како еден вид јавна архива на вкусот за своите корисници, но тие пред се имаат значење како средство за разбивање на монополот во ширењето на информациите што ги одржуваат медиумските конгломерати.

Познатите претставници на овој жанр, како „Диг“ и „Стамбл апон“ имаат милионско членство и се во состојба да пренасочат илјадници нови посетители кон веб-адреси што добиле добри оценки од нивни влијателни членови.

Нивната основна привлечност е во тоа што овозможуваат демократичност - за да се промовира некоја содржина, треба „само“ да добие поволни оценки од критична маса корисници, наспроти рекламните кампањи платени од големите корпорации. Меѓу мерките против злоупотреби е и затворање на корисничкиот пристап ако се отворат повеќе кориснички сметки од иста адреса.

Смрт за телевизијата?

Набргу откако „Ју тјуб“ надмина 100 милиони прикажувања видеоклипови на ден, неговите сопственици, кои пред помалку од две години го склопиле софтверот „во гаража“ од „Гугл“, за него добија 1,6 милијарда долари. Ова на многу луѓе им ги отвори, па и ококори, очите. Аналитичарите на рекламниот пазар во САД, како Боб Гарфилд во „Вајерд“ (октомври 2006), почнаа да укажуваат дека „Гугл“ зазема позиции за заграбување на пазарот „тежок“ 67 милијарди долари, кој во моментов го држат телевизиите. Тие стануваат се поздодевни, попредвидливи и помалку гледани, присилувајќи ги огласувачите да се селат на Интернет. Дури и Бил Гејтс, за многумина задоцнето, неодамна во Давос почна да предвидува дека за пет години класичната телевизија ќе го загуби приматот.

„Ју тјуб“ на своите корисници им овозможува да објават или преземат најразлични видеоклипови: од домашни видеоснимки до инсерти од филмови и музички спотови. Огромната посетеност ја прави оваа заедница особено шаренолика, со своја култура, легенди и фолклор, херои и негативци.

Меѓу нив, покрај смешните клипови во караоке-стил, се истакнува личниот видеодневник на „Осамената девојка“. За него се испостави дека е режиран и дека главната протагонистка е актерка. Со по 500 илјади прикажувања по епизода, оваа сапунска опера снимена и емитувана од спалната на режисерот има достигнато поголема гледаност од просечна ТВ-серија. Нејзините автори веќе не ја сметаат за отскочна штица во светот на филмската продукција. Тие имаат откриено нов медиум.

„Ју тјуб“ има многу имитатори, од кои најинвентивен е „Слајд шер“. Наместо видеоклипови, овој веб-сајт овозможува споделување едукативни презентации.

Муабетчиска интеграција на ново ниво

„Мибо“ е класичен пример за техничка примена на принципите на веб 2.0 - поврзување на разни дотогаш одвоени апликации во една целина. Неговите членови може да „ги пријават“ своите лозинки за користење низа сервиси за директен разговор (ICQ, MSN, Yahoo, GTalk), а „Мибо“ им овозможува да пристапат до сите нив одеднаш, со една лозинка и во едно прозорче.

Сето тоа се одвива директно на веб, без потреба корисникот да инсталира што било на својот компјутер. Освен муабетењето со старите пријатели, „мибовци“ од неодамна овозможуваат сопствениците на веб-сајтови, особено блогови, да стават уред со кој и нивните до неодамна анонимни посетители може директно да им се обратат.

Позиција и опозиција

Поддржувачите и навивачите за веб 2.0 ги истакнуваат неговите добри страни, а возбудата и оптимизмот што ги генерираат се заразни. Сериозните забелешки, кои доаѓаат од искусни дигитални претприемачи како Ендрју Кин или аналитичари како Сем Вакнин, обично се однесуваат на паѓањето на академското ниво на квалитет на содржините на големите колаборативни проекти како Википедија.

Ваквите критичари укажуваат дека не се работи за демократија, туку за груба анархија во која оние најупорните компјутерџии, со најмногу време на располагање, може дарвинистички да се изборат да го водат главниот збор во дигиталните заедници, наметнувајќи го своите ставови. Така, луѓето со многу пријатели на „Диг“ може да промовираат секакви, па и неквалитетни линкови. На „Википедија“ повластен статус се добива со интервенирање во многу написи, благодарение на квантитет, а не на квалитет и научен углед, за разлика од „елитистичките“ академски публикации.

Промоторите на веб 2.0, пак, тврдат дека ваквите детски болести ќе бидат надминати, а особено дека нема да бидат повторени грешките од минатото. Нивна главна грижа е да најдат начини да се „опарат“ - сите овие прекрасни сервиси да почнат да носат реални пари, пропорционално со големиот број корисници.

Таквата одржливост би придонела да не се повтори „пукањето на балонот“, кој во 2000 година го означи крајот на инвестицискиот „дот-ком бум“. Оние интернет-играчи од деведесеттите што ја преживеаја таа криза, како „Гугл“, „Амазон“ и „И-беј“ своите бизнис-модели ги имаа изградено токму врз принципите на социјално вмрежување.

При тоа, имаа посветено особено внимание на еден аспект - овозможување на нивните корисници да заработат од своето членство, преку добивање процент од огласи или директни продажби. Младите лавови, како „Ју тјуб“, откако го почувствуваа мирисот на парите, тргнуваат по тие стапки. Пред неколку дена најавија дека приоритет им е да овозможат споделување на приходот од огласи со членовите на нивната заедница.

Експертот за нови медиуми Дарко Булдиоски смета дека се работи за навистина нов феномен, а не рециклирање на старото, поради тоа што:
„Принципите се поставени на различни основи од порано, не од маркетинг-агенции или медиумски корпорации, туку од корисниците. Допрва ќе се гради хиерархијата, со тоа што големите ќе се обидат да завладеат, штом ќе најдат начини од него да извлекуваат профит. Најголемите светски медиуми веќе се еден чекор пред конкуренцијата. Веб-сајтовите на „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“, „Гардијан“, „Дејли телеграф“, „Ројтерс“... успешно користат некои делови од светот на веб 2.0.“

04 February 2007

Време: „Мајкрософт“ и со „Виста“ продолжува да не фиромизира

Во саботниот број на „Време“, новинарот Владимир Николовски открива дека „Мајкрософт“ и со „Виста“ продолжува да не фиромизира:
Како македонски од Поранешната Југословенска Република Македонија или „Macedonian (Former Yugoslav Republic of Macedonia)“ е именуван нашиот јазик во „Windows Vista“, најновата верзија на оперативниот систем на „Мајкрософт“. Со полуфиромизацијата на македонскиот јазик, во „Мајкрософт“ само делумно ја исправија неправдата од оперативниот систем „Виндоус ХП“, каде што нашиот јазик беше наречен „ПЈР македонски“ (FYRO Macedonian).

На искривувањето на името на нашиот јазик во постарата верзија на „Виндоус“ реагираа повеќе корисници што сметаат дека „Мајкрософт“ безобѕирно и без никаква консултација го прекрстил нашиот јазик. Домашните компјутерџии реагираат и на тоа што многу во фонтовите на постарите верзии на „Виндоус“ се јавуваат бугарски наместо македонски букви.
Мислам дека второво прашање е уште поважно од првото. Тоа со земјата ќе се реши, како и да е, но она со фонтовите кои не се по македонски правопис или се приправени-недоправени е голем проблем не само за неговите муштерии, туку и срамота за самиот Мајкрософт, оти испорачува блатантно неквалитетен производ. Се надевам дека е исправено во Вистата. Сликичката е од Икс-пето, немам Виста на располагање - засега.

02 February 2007

Журка на скопското лизгалиште - препорачувам

БЕСТ Скопје прави журка на лизгалиште, сабота вечер од 22 часот. Ако се пријавите до петок во 23, ви следува гратис.

Огромен интерес за обуката за Опен офис - од странство

Обуката за Опен офис на службениците од 22 општини привлече огромно внимание, но „само“ од светската јавност. Со тоа, овој настан доби и дополнителна димензија, освен подигањето на капацитетот на локалната самоуправа: афирмација на Македонија во странство.

Веста беше пренесена и на официјалниот веб-сајт на Опен офис, како и на други сајтови за вести и блогови.

Веста помина добро на полето на социјално вмрежување, особено на Стамбл апон. Диг, Елексер и Нетскејп во овој случај не беа премногу ефективни. Дел од горенаведените се вклучени и на Гугл њуз, па известувањата пристигнуваа ден-за-ден, подгревајќи ја атмосферата.

Од неодамна, на написите на веб-сајтот на Метаморфозис е додаден бројач кој покажува колку пати биле прочитани.