Блекаут

31 May 2008

Македонија (со целосен копирајт) засекогаш!?

Од Панта реи дознав за линкот кон проектот Македонија засекогаш, преку кој може да се симнат нови верзии на македонски народни песни. Арно ама, долу на страницата стои „Агенција за млади и спорт, сите права задржани“. Како што веќе имам напоменато...
Тоа „сите“ значи и правото на симнување, изведување и дистрибуција. Значи, иако се ставени на располагање, нашиот закон (ПДФ) пропишува дека граѓаните што ќе бидат „фатени“ да ги поседуваат овие датотеки може прекршочно да одговараат - доколку не покажат документ со дозвола да ги користат или дистрибуираат потпишан од сопствениците на авторски права.
Без употреба на соодветна правна рамка од страна на носителите на авторските права со која јасно се укажува неисклучиво пренесување на дел од авторските права, како на пр. Криејтив комонс, ова значи дека ако ги симнете тие дела и ги споделувате, може да бидете сметани за криминалци.

Дополнително, со оглед на тоа што проектов е направен со државни пари, најдобро би било Агенцијата наместо целосно да ги задржува, целосно да ги пренесе авторските права на граѓаните, односно да ги означи сите производи произлезени од него како јавна сопственост или во јавен домен (Public domain).

Било која од варијантите да ја одберат, Македонија ќе стекне дополнителна промоција во светот, оти веста за ваквиот избор и потег сигурно ќе се прошири низ мрежата на Криејтив комонс и другите движења поврзани со промовирање на слободната култура.

Романот „Грабежот“ објавен под Криејтив комонс

Грабежот - романот од Дејан ВелкоскиНајновиот македонски роман „Грабежот“ од Дејан Велкоски е достапен во форма на е-книга (ПДФ), објавен под лиценца Криејтив комонс.

Информацијата е пренесена и на Кајмакот, како и на блоговите Баба ми Трајанка и Пишуванки. Придружете се во ширењето на веста - ставете линк во пост на вашиот блог.

27 May 2008

И Мистер Но се врати

Mister No: Zemlja i slobodaОвие неколку недели коинцидентно повторно се појавија некои икони од осумдесеттите. Покрај Индијана Џонс, во Македонија повторно излегува и серијал со Мистер Но, еден од (за мене) најинтересните јунаци на италијанските „петпарачки“ романчиња, кој за многумина беше меѓу првите стрипови во кои покрај црно-белите ликови се зборува за теми кои се малку и сивкасти, а богами и односи кои се малку повозрасни.

Нејсе, серијалот на „Весели четвртак“ започнува со приказна во повеќе делови во која се зборува за повторната средба на Мистер Но со татко му, кој бил во затвор 20 години поради... Океј, не ми се прераскажува оти и впрочем досега кај нас се излезени само две епизоди од најмалку три. Слично како и други српски изданија пристигнуваат со 1-2 месеци задоцнување.

Она што особено ме привлече е што во рамките на приказната се открива дека татко му на Мистер Но учествувал во Шпанската граѓанска војна во Интернационалните бригади.

Falange crnog redaВтората епизода е омаж на единствениот стрип-албум од Енки Билал објавен во бивша Југославија: „Фалангите на црниот ред“ („Фаланге црног реда“ на српски, во издание на Дечје новине од Горњи Милановац, во оригинал на француски „Les Phalanges de l'Ordre Noir“). Во рамките на приказната има фотографирање на ликовите во 1937 година во иста поза како ликовите на Билал на насловната на албумот. Дури и некои од нив имаат исти особини, на пример девојката е од Полска итн.

24 May 2008

Честитки за Букарски за преводот на бугарски

Преводот на првата книга на Алекс Букарски на бугарски може да се купи преку интернет. Покрај што е пионер во објавувањето е-книга со користење на Криејтив комонс, веројатно е меѓу првите македонски писатели чие дело може да се е-купи. Честитки!

23 May 2008

Политичките партии и вебот

Написот на Комуникации

толку ми се свиде што решив да го претставам и на англиски за Глобал војсис како

Ако сте по кампањите, еве и еден постар пост од таа област.

Предизборна реклама - родова анализа

Подлабинска анализа на пораките од еден рекламен спот открива повеќе импликации во врска со родовите импликации на македонската политика од очекуваните.

22 May 2008

Цртањето на Белиот Лорд - збогум за молив и туш

На својот блог, цртачот тхе Мичо има објавено видео за тоа како го црта Белиот Лорд од стрипчето за сокчињата Грејт. Како што се гледа и од сликата, тоа го прави целосно дигитално, со таблет.

Истиот начин на работа го има и Скот Мек Клауд, кој во својата книга „Правење стрипови“ (Making Comics) го објаснува и стариот метод, кој се состои од цртање со молив на хамер, по што она што треба да остане се тушира, па се друго се брише, па потоа боите може да се додаваат одвоено на паус итн.

Во последно време читам претежно* веб-стрипови, и забележувам дека многу од нивните автори сеуште цртаат на хартија, па потоа скенираат и дигитално тушираат.

* Читам и на хартија, кога ги наоѓам. Сепак нивниот пропорционален удел во вкупниот број стрипови прочитани во последно време е помал, во однос на дигиталните.

Грчко-македонски дијалог - ширење на веста

Линк до извештајот за дијалогот помеѓу грчките и македонските пацифисти во Скопје објавен на блогот Вуна достапен на македонски и англиски, е објавен и на Глобал војсис онлајн, исто така на македонски и англиски.

21 May 2008

Индијана Џонс повторно јава

Барт Симпсон во улогата на Индијана Џонс

На Археолошки дневник има напис во врска со кристалните черепи кои се појавуваат во новиот филм со Индијана Џонс. За повеќе информации, имаше и една книга од Артур Кларк на времето, ама мислам дека во неа демаскирањето не беше експлицитно. Иако филмот сеуште не е излезен, од извори блиски на Спилберг едно е јасно: дејствието нема да се одвива во Криволак.

Во секој случај, цитатите од првиот филм (а втора епизода) се неодоливи, како и класичните игри за Инди:

[Army Intelligence officer describing Indiana Jones]
Major Eaton: Professor of archeology, expert on the occult, and how does one say it? Obtainer of rare antiquities.

--

Marion: You're not the man I knew ten years ago.
Indiana: It's not the years, honey, it's the mileage.

19 May 2008

Тајни... повторно во акција

По подолга пауза, забележувам дека блогот Тајни - види тајна... сподели тајна е повторно активен. По многу нешта блогов е единствен во македонската блогосфера, а како што пишав во рецензијата пред повеќе од две години:

Овој веб-сајт претставува независна локализирана верзија на блогот „Пост сикрет“ и има голема вредност во поттикнување на интерактивноста и на сеирџиството кај мнозинството од македонската популација, кое сепак не го владее англискиот јазик на доволно високо ниво за да го користи како алатка за двонасочна продуктивна комуникација.

16 May 2008

МК Блогосфера и во Маседониа дејли њуз

Написот за македонската блогосфера, првпат објавен на Глобал војсис онлајн

денес го пренесува и Маседониа дејли њуз (Macedonia Daily News). Овој печатен дневен весник излегува во Скопје. Има 16 страници, целосно на англиски и е достапен по цена од 20 денари. За жал моментално сеуште не им е активирано изданието на интернет, но изгледа дека го спремаат и тоа.

Дополнително: текстот е достапен на македонски, но и на бенгалски јазик - значи им се видел интересен на луѓе од Бангладеш кои вложиле напор да го преведат. Бенгалскиот или бангла е меѓу јазиците со најмногу говорители на светот, според тековниот напис на Википедија е петти или шести, со 230 милиони говорители.

Островот на цвеќето

Рокси го прикажува документарецот „Островот на цвеќето“. Сесрдна препорака - тие 17 минути што ќе ги поминете гледајќи го се далеку подобри дури и од политичкине реклами кои посредно се платени со наши пари.

Нов напис на ГВ за МК блогосфера и Грција

Глобал војсис онлајн објави нов напис од долупотпишаниот, на тема македонските блогери и комуникацијата за/со Грција. Содржи краток приказ на различни примери за ширење информации.

Наскоро освен на англиски се надевам ќе биде достапен и на други јазици. А многу ми е интересно што оној претходниот, за Сакура, е преведен и на јапонски.

15 May 2008

Солидарност за Бранка

Благодарение на постовите на Надежна, Кими и Струмјан, и јас добив поттик да свртам на бројот 070 143 155 да приложам скромни 100 денари помош за непознатата Бранка Сигерова. Поддршка за акцијата.

„Влажната“ фаза во постанокот на луѓето?!

Малата сиренаБебето од албумот на Нирвана

Виолетова пишува за засега недокажаната хипотеза за акватична фаза во човечката еволуција. Има и „женска“ верзија на оваа хипотеза која ја промовирала Елеин Морган, чија најпозната книга е „Постанокот на жените“ (1971) и во која нуди објаснување дека човечките женски гради и коса пораснале токму поради губењето на телесни влакна во „сиренската“ фаза - за да има на што да се држат бебињата.

Уште поинтересно од самите објаснувања е прашањето зошто оваа теорија не е прифатена од научната јавност. Има врска со недостатокот на докази повеќе од било која друга причина, како мизогинија и сл. Исто така, важно е да се имаат на ум прецизните разлики во научната терминологија за хипотеза и теорија, како и тоа дека разликата меѓу наука и шпекулација е во способноста за предвидување.

Инаку, инстиктот за пливање што го имаат ептен малите бебиња при раѓање набрзо им се губи, па мора да научат да пливаат ако сакаат да преживеат во водна средина.

13 May 2008

Среќен роденден, Петар Сабат

Јустинијан IИзутринава на Скај нет имаше емисија посветена на годишнината од раѓањето на царот Јустинијан I (482-565), кој во Македонија е претежно познат поради теоријата дека потекнува од скопското село Таор и поради тоа тука во околината го изградил градот Јустинијана Прима која била религиозен центар, а и дека неговото име го носи еден правен факултет во Скопје.

A во животот на Flavius Petrus Sabbatius Iustinianus има материјал кој филмот за Александар III на Оливер Стоун може да го направи да изгледа како емисија за мали деца. Иако голем дел од сочните детали се премолчени во написот за него на македонската Википедија, само мало загребување под површината, на пр. преку англиската верзија или читање на Прокопиј, открива живописен, револуционерен, контроверзен живот од епски размер:

  • Провинцијалец во најголемиот град на светот, американскиот сон за детето чиј вујко бил буџа, па цар.
  • Спротивставувањето на традиционалниот морал со женачката со плебејка, па уште симбол на низок морал - актерка, дури и куртизана Теодора - која подоцна е прогласена за светица.
  • Ширењето религиозна нетолеранција, инквизиторското „искоренување“ на паганството и ересите низ царството.
  • Средувањето на бунтот Ника, спротивставувањето на војската под водство на Велизар на толпите хулигански навивачи - византиска верзија на Аркан.
  • Разноразните војни и освојувања за возобновување на севкупноста на Римското царство, борбата со чумата (негова, преживеал), ракот (на љубената Теодора, која починала).

Делфин си игра со балончиња воздух


Македонско-грчки дијалог

Анастас има најавено многу интересен настан во Скопје за спротивставување на македонско-грчкиот национализам, преку дијалог на мировни и антимилитаристички активисти.

Дискусија има и на Кајмак.от и на Јади Бурек.

11 May 2008

Кралските лози

Честите муабети за влијанието на кралските лози на нашите надворешнополитички фијаска ме поттикнаа да потсетам на мојата препорака

Еден особено погоден извор на „сина крв“ може да биде некој поглавар од племето Тата Ашаци што Букарски го открил во Андите. А за да не се удриме со свој камен од Розета по своја глава, треба да се потсетиме дека и на друго место има докази за заедничкото потекло, до душа од праисторијата.

07 May 2008

Обуки за блогирање во Скопје, оваа сабота

Во рамките на конференцијата ГЛокал која се одржува од 8 до 10 мај предвидени се и работилници за основни и напредни техники на блогирање. Топло ги препорачувам како одличен начин бесплатно да се здобие знаење и помине саботно попладне.

PS
Дали ненапредно блогирање би можело да се дефинира како користење блогови за ширење назадни идеи?

Сакура во Скопје, нов напис на Глобал војсис

На Глобал војсис онлајн излезе нов мој напис на тема хепи пипл дуинг хепи тингс. Засега е достапен на англиски, македонски и португалски:

04 May 2008

Калигула - првобитниот Баја Патак


Гај Светониј Транквил во неговото дело Дванаесетте римски цареви (2001, Култура, Скопје, стр. 251) опишува една појава кај Калигула:


Но кога му се родила ќерка, тој се пожалил дека е сиромашен, а освен тоа и дека сега, покрај товарот на царството, треба да го поднесува и родителскиот товар, па затоа собирал доброволни прилози за одгледувањето и миразот на девојчето. Објавил дека ќе прима и новогодишни подароци, па на јануарските Календи застанал на влезот од палатата за да ги фаќа паричките што, од свои раце и скутови, му ги дофрлала толпа од секакви луѓе. Најпосле, разгорен од желбата да допира пари, на некое отворено место често истурал огромни купови златници и шетал бос врз нив, па дури и пливал во нив со целото тело.
Музичка илустрација: ЕКВ - Новац у рукама.

03 May 2008

Ден на бесплатни стрипови

горе: Супермен, Спајдермен. Долу: Лав енд кејпс, ХелбојНа 3 мај седми пат по ред се прославува Денот на бесплатни стрипови. Книжарници што продаваат стрипови даваат бесплатни работи, одржуваат средби со автори, а издавачите имаат специјални изданија наменети за делење.

Повеќе информации и на Салон, од каде што е и сликичката. Во врска со бесплатноста како бизнис модел, ѕирнете и на Вајерд.

01 May 2008

Афро-Италијанец пратеник во тамошниот парламент

На ЦНН има сторија за првиот пратеник со директно потекло од Африка во Парламентот на Република Италија. Прикажан е како претставник на големиот број емигранти кои се натурализирани и асимилирани во тамошното општество.

Историски гледано, ова е само враќање на старо. Стариот Рим бил мултикултурна држава која се простирала и во Африка, и веројатно многу црномурни луѓе си живееле низ целата негова територија, особено во метрополата каде што имало голем прилив народ од провинциите во потрага по работа.

Во средновековието Италија интензивно тргувала со Северна Африка, особено со Египет. Еден од изворите на финансии за ренесансата бил токму профитот од таа трговија, особено со зачините. Шекспировата драма Отело (1603) за главен лик има црнец на висока државна функција во Венеција.