Во текот на ноќта меѓу 4 и 5 декември, меѓу 19 и 7 часот, еден напис на блогот
„СФ Обзервер“, кој е „made in Macedonia“, во рок од 12 часа прими над десет илјади посети. Поуките како дојде до овој успех се полезни за сите заинтересирани за маркетинг и промоција на информативни содржини во светот.
Овој блог беше отворен токму заради испробување на новиот софтвер на Блогер, учење низ работа со социјално вмрежување како алатка за промоција, како и за презентирање на вести, ставови и мислења на членовите на блогот за научната фантастика и сродни теми.
1. Веб-сајтот треба да биде соодветен за намената
Блоговите се добра алатка за експериментирање во областа на веб-маркетинг и е-издаваштво поради тоа што почетните финансиски трошоци се минимални, а самата природа на медиумот обезбедува брзо поврзување меѓу сајтовите, кои се веќе оптимизирани за машините за пребарување. Нивната публика во голема мерка се други блогери, кои по дефиниција сурфаат повеќе од обично, па и резултати може да се добијат во далеку покус рок во споредба со целокупниот интернет-простор.
2. Презентирајте релевантни информации
Во текот на викендот сурфајќи наидов на вест која сметав дека се вклопува во концепцијата на блогот, надоврзувајќи се на некои претходни постови, а која во онаа форма која ја имаше по сајтови не ја даваше комплетната информација. Се работи за дополнувања на законската рамка за авторски права во САД во специјални случаи, со кои се овозможува пристап до софтвер кој веќе не се дистрибуира комерцијално (abandonware) – меѓу кои некои стари игри за DOS. Освен линк до веста, го пронајдов и оригиналниот текст на новиот пропис и ставив линк до него и цитат од најважниот член. Со тоа обезбедив информацијата да е комплетна, но и да овозможи понатамошно истражување за заинтересираните.
3. Вложете во промоција преку интернет
Основната адреса на веб-сајтот веќе ја имав промовирано преку сервисот „Стамбл апон“ благодарение на што блогот доби околу 1000 посети неколку дена пред тоа. За оваа вест се одлучив да го искористам сервисот „Диг“ и тоа неговиот „канал“ за компјутерски игри, чии читатели сметав би биле најзаинтересирани. Обата сервиси нудат вмрежување преку создавање на мрежи на пријатели кои меѓусебе на разни начини си препорачуваат линкови. Предноста на „Диг“ е што е целосно базиран на веб, додека „Стамб апон“ бара да се инсталира лента со алатки (toolbar). На „Диг“, доколку еден линк добие доволно гласови, тој се појавува на првата страница која е исклучително многу посетувана.

Тоа беше случајот и со нашиот напис. Откако доби иницијална поддршка од неколку десетици гласа, посетеноста се вивна на неколку стотици. Престојот на насловната го „заврши“ со 1440 „дигови“, а блогот во текот на наредните неколку дена оствари над 14.000 посети од целиот свет, оти некои од посетителите самоиницијативно имаа ставено линкови до написот и на своите блогови и веб-сајтови. Најголем дел од посетите беа од локации каде што живеат потенцијални странски инвеститори (САД, Западна Европа, Австралија, Источна Азија).

4. Следете ја ситуацијата и реагирајте соодветно
Во текот на вечерта, на самата страница за гласање одговарав на коментари од гласачите, што исто така помогна во промоцијата, оти нивните пријатели имаат можност да видат дали се активни во таа област и може да станат љубопитни зошто. Исто така, ги известив и пријателите што во моментот беа на интернет да се вклучат во журката. Во овој случај, вложувањето на финансиски средства беше минимално, но беше вложено искуство и знаење за начините на функционирање на системите.
5. Анализирајте и правете простор за понатамошен развој
Според анализите на агрегаторот Дигимак, кој се потпира на податоците од јавните бројачи на околу 88 македонски блогови, еден македонски блог во просек има нешто под 40 посети на ден. Оние најпопуларните ретко ја преминуваат границата од 200, со исклучок се порнографските, кои се сепак свет за себе. Голем број деловни македонски веб-сајтови веројатно имаат сличен обем на посети, ако може да се суди според оние кои имаат поставено јавни бројачи.

Значењето на овој случај е во тоа што не само што придонесе за светска промоција на конкретниот производ (сторијата и блогот), туку придонесе и во
подигање на просекот на посетеност на целата македонска блогосфера. Доколку на македонските фирми или институции им треба деловна промоција преку интернет, неминовно е да ја земат предвид потребата од проактивен веб-маркетинг и потребата од стручна помош.