Блекаут

Showing posts with label Промоција на Македонија. Show all posts
Showing posts with label Промоција на Македонија. Show all posts

03 November 2009

Нова авантура на Општина Бутел на интернет

Веројатно веќе знаете дека МАРНет го има затворено веб-сајтот opstinabutel.gov.mk како дел од акцијата за потсетување на тие што не платиле претплата. Изгледа дека Општина Бутел од претходно се откажале од МК домен, туку уште во март решиле да се изградат нов сајт со странски домен резервиран за комерцијални компании (opstinabutel.com).


Покрај дизајнот од рана 1996, сосе застарени кирилични фонтови и гифчиња и триста тракатанци, она што им упадна в очи на читатели на блогов е англиската верзија на сајтот на Бутел. Добронамерно се обиделе да им пишат со цел да им понудат помош, ама пораката по е-пошта им се вратила поради преполнета квота. Цитат:
Dear co-citizens and others why viewed this pages,

I�m honor do you presents Web pages of Municipality of Butel. This is one of ten municipality of City Skopje, capital of Republic of Macedonia. Municipality have 36 514 habitants, majority of peoples is Macedonian and have most ethnics minority (Albanian, Turks, Serbs, Montenegrins, Boshnjaks, Rom, Valhi and others).

This Web pages I presents first time and their bee my satisfaction of first mayor of Municipality. March 16, 2005.

My primary principal is excellent Municipality and good satisfaction of people.

Information below and next of pages presents my Municipality and peoples, history, industry, tourisms, projects, infrastructure, urbanism and communal services, statistics, financial report of municipality and many more�

Its Time to test of cites, coming very soon� please bee patients.

Yours truly,
Mayor, Petre Latinovski

Иако постои можност дека се работи за кражба на идентитетот на општината, односно лажно претставување и дека тој сајт го има објавено некое неовластено лице, во податоците за регистрирање како официјален сопственик фигурира токму општината.

06 February 2009

Придобивање на Ајрон Мејден да бидат за Македонија

Iron Maiden, Somewhere in TimeНа концертот на Ајрон Мејден закажан за 10.02.2009. во Белград, Авалон продукција и Влатче од Бекстејџ (екс Морал), имаат шанса да исправат една историска неправда и да постигнат една гооолема победа од Македонија.

Авалон се организатори, а на Сител ечат реклами дека емисијата Бекстејџ ќе обезбеди пристап зад сцената на концертот, па обете фирми со здружени сили да излобираат:

  • Стив Харис да го ажурира текстот на Alexander the Great прилагодувајќи го и на мислењето на современиците на Филип II како Демостен, кои го сметале за варварин, како и на модерните неутрални историчари, меѓу кои и американецот Јуџин Борза, кои античките Македонци и античките Грци ги сметаат за различни етнички заедници.
  • На пример, доволно е само делот

    Near to the east (близу до истокот)
    In a part of ancient Greece (во дел на античка Грција)
    In an ancient land called Macedonia (во старовремска земја наречена Македонија)

    да се замени на пример со

    To the north of ancient Greece (на север од античка Грција)

    и за почеток да го испее новиот текст на концертот. Да им направи кеиф на моите пријатели што ќе бидат на лице место.
  • Бекстејџ да објави интервју со Харис, а по можност и со Брус Дикинсон, познатиот познавач на историјата, за овие прашања. Ако не успее планот за промена на песната, барем нека прашаат јавно.
  • При тоа, Харис да се натера да признае дека солото што се свири некаде меѓу 3:50 и 4:35 минутa е направено врз основа на етничко македонско оро. Тоа е оној познатион дел со там-да-дадада-дам-да-дам. Ако не сака да ги прифати погорните предлози, да се конфронтира со прашање зошто не употребил грчко сиртаки како подлога наместо мелодија „од народното творештво на мнозинското население на северниот сосед“.
Како и сите други битки за идентитетот и оваа треба да се води со усул и љубезност, а не со обвинувања и арогантна навредливост. Да се има за цел да се создадат пријатели и сојузници, а не нови и поубедени непријатели, без разлика на нивниот досегашен став или можеби и ненамерна работа против нашата кауза. Измената на песната може да ја прогласат за ремикс, верзија 2.0, итн. При убедувањето да се искористат големи количества македонски производи, па ако треба „и вода од парно ако е над 40 степени“ (топаанска народна изрека).


09 January 2009

Фајромизација во изборот за светски чуда

Реагирајќи на поттикот за учество на изборот на светски чуда, Жарко Трајаноски изнесува една многу валидна забелешка:
Ако гласам „патриотски“, како што препорачуваш, тогаш практично треба да се согласам на името „Republic of Macedonia (FYROM)“.
„Некронимот“ FYROM е изум на грчката пропаганда со која се понижува нашата држава, па оттаму сите „патриоти“ што ќе го притиснат копчето на кое стои „FYROM“ ќе станат жртви на непријателска пропаганда.
Тој предлага директна акција со која на организаторите на настанот, но и на други нешта со кои се промовира фајромизација - како Мајкрософт кој македонскиот јазик во своите производи го нарекува бившојугословенскорепубличкомакедонски (FYRO Macedonian), ќе им се укаже зошто треба да ги исправат ваквите пропусти или провокации.

Во некои случаи навистина може да се работи за пропусти, оти во недостаток на македонскиот глас на светско ниво, се користат туѓи информации или информации од меѓународни организации во кои (сакале нејќеле) членуваме како БЈРМ. Затоа, било да се организираат петиции, акции преку е-пошта или социјални мрежи, од огромна важност е да се задржи нивото на комуникација од кое може да зависи дали аргументите ќе бидат прифатени или отфрлени.

08 January 2009

Поддршка за промоција на нашите природни убавини

Две локации во Македонија - Охридското Езеро и пештерите Врело кај Матка се пласирале во вториот круг за избор на нови светски чуда на природата.

Ова е убава прилика за мобилизирање околу промоција на нешто што е заедничко на сите наши сограѓани, без поделби по етничка или партиска основа, ами со вистински патриотизам.

Затоа ја поддржувам иницијативата и ве поттикнувам и (повторно) да гласате на официјалниот сајт за избор на нови 7 светски чуда и да ја ширите веста преку постови на вашите блогови или со зачленување, активности и канење пријатели во групата на Фејсбук.

13 December 2008

Лагите водат кон неуспех во промоција на Македонија

Вистината за Македонија никогаш нема да се прошири со помош на лаги. Дури и кога тие лаги се кажани со добра намера, или од глупост, а особено со очигледно незнаење.

Им благодарам на читателите на постот за ракометниот дебакл кои укажаа дека сепак постои официјален сајт на првенството. Сајт со целосен македонски интерфејс, и со неколку написи на англиски скриени зад линкови на македонски јазик. Како случајните странски посетители кои ако некој директно им посочи ќе налетаат на сајтов и не знаат македонски ќе сватат дека линкот „градови“ им е наменет нив, воопшто не ми е јасно. Но, нема потреба да се повторува, дека катастрофалното ниво на маркетинг воопшто применето на целиот настан се одразува и на е-маркетингот.

Зборот ми беше нешто друго. На сајтов Охрид е посочен како најстар град на светот. Ова епохално тврдење е поткрепено само со еден податок: дека местото првпат е споменто во „грчки документи“ од четврти век пред нашата ера. Нешто слично како што некој Бугарин малку поскромно, но исто толку наивно тврди дека „Пловдив е еден од најстарите градови во светот, никој не знае колку е стар, ама многу научници истражуваат...“

Од општа култура, било кој поинформиран човек би се зачудил на вакво тврдење, а би ги посочил Чатал Хојук, или сеуште населените Дамаск или Ерихон како најстар град на светот. Нивната потврдена старост е над десет илјади години, што е четири пати постаро од Охрид. Дури и Карал, наводно најстариот град во „новиот свет“, е две илјади години постар.

Ваква самобендисаност може да успее само кај некој што нема поим од наука + има конфликт на интереси со емоционална инвестиција = кај очајните македонски народни маси. Повторно испаѓа дека се работи за пропаганда за домашна употреба, додека најдобро што може да добиеме од странците е учтиво криење на потсмешливото сожалување.

12 December 2008

Ракометниот дебакл во дигиталниот свет

Поради зафатеност со некои лични обврски, не навлегував многу во скандалот со пропуштената прилика Европското првенство во ракомет да се искористи за промоција на Македонија или за средување на некои инфраструктурни проблеми низ државава.

Ги поднесував и шпиците на МРТ направени на аматерско ниво. Многу нешта недостасуваа, па меѓу нив не забележав дека недостасува нешто навистина клучно.

Арно ама, еден ден сватив - организаторите дури не се ни потрудиле да направат посебен веб-сајт за настанот, како што е ред, обичај и потреба во последните десетина години.

Како и во случајот со извиканиот спот за ЦНН, повторно странската публика нема шанса да види ниту една македонска веб-адреса, да биде поттикната да погледне сајт уредуван од луѓе од Република Македонија.

Тоа што билети може да се купат преку Експлоринг Маседониа или што МТ направил свој потсајт со вести за Првенството (само на македонски) не ми е утеха.

11 April 2008

Македонските блогерски реакции на Глобал војсис, за прв пат

Како што веќе пишав на насловна (во својство на уредник на Блогерај за април), пред некој ден беше објавен првиот напис од Македонија на порталот Глобал војсис онлајн, во моментов достапен на англиски, македонски и албански.

Излегувањето на написов ми е многу важно оти овоможува ширење на изворни информации од нашата земја во светот преку медиум кој е влијателен во круговите за човекови права. Ако се согласувате, стамблирајте го, или поддржете го преку Диг или Кајмак.от.

Дополнително, мене лично ми беше важно за да го исполнам ветувањето. Инаку, наидов на потешкотии оти сакав да го украсам текстот со пригодна илустрација, затоа што повеќето од блоговите кои ги цитирав не користат Криејтив комонс со што се отежнува ширењето на такви содржини:

  1. За да преземам фотка треба да трошам и свое и време на авторот за добивање дозвола.
  2. Содржините на Глобал војсис се објавени под лиценцата на Криејтив комонс наведи извор, за да може да ги преземаат и други медиуми. Ако фотката e со целосен копирајт, другите медиуми веројатно нема да ја преземат оти е преголема гњаважа да чекаат на одобрение од оригиналниот автор...

Затоа во идните вакви написи пред сè ќе ги имам предвид блоговите кои користат Криејтив комонс (може и сами да додадете линк во базата).

Повеќето наши автори пишуваат на мајчиниот јазик и за локалната публика, па допирот во странство им е максимално ограничен на дел од дијаспората. Бројот на повеќејазични сајтови од Македонија е сеуште многу мал, особено на оние кои имаат јасен фокус за пренос на вести и тоа го прават редовно, како на пример Метаморфозис на тема информатичко општество. Затоа е важно да објавуваме на што повеќе јазици, и светски и регионални.