Блекаут

29 December 2014

Македонија поздравена од вселената (од @AstroSamantha)

Граѓани и граѓанки на ‪#‎Македонија‬, можеби не знаевте (дека ви сервираа многу поважни вести деновиве), но вчера лично нè поздрави астронаутката Саманта Кристофорети. Оваа „Европјанка со италијанско државјанство“ моментално живее и работи на Меѓународната вселенска станица како дел од вселенската програма на ЕУ.
Би било убаво да го пренесете поздравот од астронауткава (да, жена-космонаут, што би се рекло по старомодно) до вашите деца, особено ако се женски. Да знаат до кај може да стигнат, ако не се помират со нашево status quo.

Ова чисто да се потсетиме во кој век живее Европа - XXI, додека нас нè бутаат во XIX, барокниот XVII, Мрачниот Среден, па до III пне. итн. сè до „македонскиот неолит“.

21 December 2014

Прв приоритет на нацистичката пропаганда бил да го претстави Хитлер како економски гениј

Раширена заблуда е дека Хитлер „ја оправил“ економијата во Германија. Тоа е траен резултат на тоа што прв приоритет на нацистичката пропаганда во која биле впрегнати сите ресурси на заробената држава била да го претстават фирероот како економски гениј.

Вистината е дека нацистичка Германија живеела „на кредит“, а почетниот прилив на пари не бил од создадена нова вредност, туку од заеми, а потоа, од грабежи - прво од сопствените граѓани, како Евреите и политичките противници (конфискација на имотот), потоа преку освојувачки војни и воведување буквално ропство, при што државата била најголемиот робовладетел. Робовската работна сила се користела и директно од неа и била делегирана на капиталисти кои користеле логораши и воени заробеници во своите фабрики, фарми и други стопански објекти. На окупираните територии воведувале и нови парични единици без покритие, а ги краделе златните резерви. Затоа постојано им требало да освојат нови територии.

Германија кога Хитлер дошол на власт имала невработеност од околу 33%. Нацистите се фалеле дека за неколку години ја намалиле драстично. Некои од мерките биле:
  1. Бришење на жените од евиденција на невработени. Бидејќи според нивната доктрина, „природно“ место за жените е да седи дома и да раѓа повеќе деца. Овие „семејни вредности“ имале одраз и во нивната уметност.
  2. Бришење на „непожелните“ етнички малцинства, како Евреите и Ромите, од евиденцијата на невработени. Тие биле отпуштани од работа, им биле земани бизнисите, ама како граѓани од понизок ред немале право да се пријавуваат во Агенција за вработување. Како „непожелни“ во логорите на смртта биле праќани и луѓето со попреченост.
  3. Бришење од евиденција на сите што биле посочени како „неподобни“, односно „предавници“ - луѓето пратени по логори и затвори по било кој основ, на пример членство или симпатизерство на „погрешна“ политичка партија, вербален деликт, сомнение за хомосексуалност, роднински врски или пријателски односи со членови од (2)... 
  4. Бришење од евиденција на „лојалните граѓани“ кои биле мобилизирани во војска, потребна за освојувачките војни, аншлуси итн. 

Графикон „Невработеноста
кај другите“ (1938)
 Графикон „Социјална помош за
семејствата на војниците“ (1939).

Еве два линка со примери на нацистичка пропаганда во врска со економијата. Од вториот се извадени графиконите со споредби од типот „колку во странство е полошо од кај нас“.
Го препорачувам и написот „Заводливата економија на нацизмот“ од Ѓурѓа Кнежевиќ, објавен на Окно:
„Експропријацијата и продажбата на имотите на Евреите биле фискално-политички цели, и тоа не само за Германија и во 1938 година. Оваа постапка се претворила во модел кој преку окупацијата на другите земји и со воспоствувањето на сателитските држави се извезувал и систематски се користел и во тие земји.“
Да посочам дека на овој аспект од историјата на пропагандата прва ми има укажано Билјана Бејкова.

17 December 2014

In Memoriam: Игор Исаковски

Со Игор се запознав на Информа. Го доживував како своевиден доброќуден Бајрон на неговата генерација поети - посветен и страствен, избувлив и понекогаш мрачен, многу своеглав но и многу принципиелен, а никогаш злонамерен.

Покрај екстровертноста во промовирањето на работите кои му беа важни, беше и на некој начин скромен во својата работливост и не се фалеше самиот себе, туку секогаш ги истакнуваше заслугите на другите членови на тимот или луѓето кои на било кој начин, барем малку, придонеле. Се сеќавам пред да го прави првиот сајт за Блесок малку правевме муабети за ХТМЛ, алатки и слично, и потоа во многу прилики ме споменуваше со благодарност - иако јас само го насочив - а тој си ја заврши целата работа со веб-сајтот.

Ретко се гледавме последниве години, ама сега, кога таа реткост прераснува во бесконечна невозможност за нова средба, сфаќам колку ќе ми недостасуваат макар оние случајни попатни разговори кога ќе го сретнев како го бутка точакот низ скопските уличиња.

И уште не ми се верува. Уште ми доаѓа надеж дека сепак ќе испадне дека жалната вест, сето ова, е некоја реинтерпретација на една од случките во „Том Соер“, дека главниот јунак ќе се појави жив и здрав додека сите ожалостени само погрешно мислат дека загинал.

Го пренесувам соопштението на Метаморфозис по повод смртта на Игор Исаковски.
Тимот на „Метаморфозис“ упатува последен поздрав до Игор Исаковски, нашиот поранешен колега, еден од пионерите на електронското издаваштво во Македонија.
igor-isakovski-2Игор Исаковски беше дел од групата ентузијасти кои во 1998 година ја започнаа иницијативата за формирање на Центарот за електронско издаваштво „Метаморфозис“, кој во 2004 година прерасна во денешната Фондација „Метаморфозис“.
Игор даде исклучителен придонес во развојот на информатичкото општество во Македонија, особено преку Културната институција „Блесок“ и континуираното објавување на првото европско интернет списание за култура и уметност „Блесок - литература и други уметности“. Како поет, издавач, уредник, медиумски работник и промотор тој успеа да го премости јазот кој ја делеше современата македонска литература од дигиталниот свет, а преку преводи и други видови соработка да ја одржуваше жива и поврзаноста со современата светска поезија и проза. Неговото дело беше проткаено со поврзаноста со блузот, во уште една синтеза - на зборовите и музиката -  од која тој знаеше да го извлече и пренесе најдоброто.