Блекаут

Showing posts with label Палеонтологија. Show all posts
Showing posts with label Палеонтологија. Show all posts

30 November 2008

Неандерталци, научници и дивјаци

Го препорачувам октомврискиот број на хрватското издание на Нејшнал џиографик (National Geographic Hrvatska, listopad 2008) кое од неодамна го има во македонските трафики (240 денари). Прво, заради одличната сторија за реконструкцијата на изгледот на светлооката и црвенокоса неандерталка (на сликата), како и за сторијата за откривањето на неандерталците во Крапина во 1899 година.

Тогаш од општината го викнале докторот по геологија да ги провери остатоците на местото каде што копале песок.. и веднаш ја прекинале таа економска активност кога се потврдило дека навистина има фосили. А кај нас кога во 2005 година во рудникот Суводол најдоа фосилизирани остатоци од мастадонт, копањето на истото место не ни прекина, со што веројатно во печките на РЕК Битола се изгорени многу други фосили.


Rekonstrukcija Kennis &Kennis
Rekonstrukciju snimio Joe McNally
Во истиот број многу интересни се и репортажите за загрозените китови, племето што живее на дрвјата и автопатот низ Индија.

15 May 2008

„Влажната“ фаза во постанокот на луѓето?!

Малата сиренаБебето од албумот на Нирвана

Виолетова пишува за засега недокажаната хипотеза за акватична фаза во човечката еволуција. Има и „женска“ верзија на оваа хипотеза која ја промовирала Елеин Морган, чија најпозната книга е „Постанокот на жените“ (1971) и во која нуди објаснување дека човечките женски гради и коса пораснале токму поради губењето на телесни влакна во „сиренската“ фаза - за да има на што да се држат бебињата.

Уште поинтересно од самите објаснувања е прашањето зошто оваа теорија не е прифатена од научната јавност. Има врска со недостатокот на докази повеќе од било која друга причина, како мизогинија и сл. Исто така, важно е да се имаат на ум прецизните разлики во научната терминологија за хипотеза и теорија, како и тоа дека разликата меѓу наука и шпекулација е во способноста за предвидување.

Инаку, инстиктот за пливање што го имаат ептен малите бебиња при раѓање набрзо им се губи, па мора да научат да пливаат ако сакаат да преживеат во водна средина.

21 March 2008

Најстариот, ама од најмладите (балканци)

Како и обично, во веста за откривање праисториски човечки скелет во Грнчарица, се провлекува опасен пристап кој ја нарушува нашата објективност, а ја храни македонската суета. Клучните делови ги означив со болд:
Човечки скелет што датира 7,000 години пред новата ера открија денеска македонските археолози, кои претпоставуваат дека станува збор за најстариот неолитски жител на Балканот.

Скелетот е откриен на археолошкиот локалитет Грнчарица, кај штипското село Крупиште.

„Ако се земе во предвид дека населбата е една од најстарите на Балканот и ова е погребување во една најстара населба, најнормално дека тоа е најстариот човек на овој простор", изјави археологот Трајанка Јовчевска.
Неолит = младо камено доба, односно најблискиот до нас период од предисторијата. На Балканот луѓе живееле стотици илјади години пред овој жител, од пралуѓето од Петралона, Грција, до последните неандерталци од Крапина, Хрватска.

18 March 2008

Хобитите и кретенизмот

Сироти хобити од Флорес (29.10.2004).

Замислете свет населен со малечки луѓе, џуџести слонови и големи глодачи. Изгледа пофантастично од траварскиот Шајер. Изгледа дека повеќе луѓе би се согласиле дека „Фродо е жив!“ од оние кои би ја поддржале претпоставката за праисторискиот екосистем на изолираниот индонезиски остров.

14 July 2006

Препорака: Кодот на пештерскиот човек

Написот „Кодот на праисториските луѓе“ (Code of the Caveman) од најновиот Вајерд (14.07) раскажува за нова техника на секвенционирање на гените применета на остатоци од неандерталци, со цел да се види дали се предци на некои од денешните луѓе.

Иако се работи за презентација на научно истражување кое сеуште не е објавено во научни списанија, значи е непроверено и неприфатено од заедницата (слично како она со Каменот од Розета), написот вреди да го прочитаат сите што се заинтересирани за генетика, палеонтологија и еволуција.

25 February 2006

Да живее изумрениот цицач!

Саботно „Време“ известува дека во Кина е откриен фосил на цицач што живеел пред 164 милиони години, што радикално ја менува досегашната претстава за цицачите, за кои се сметаше дека пркнале дури по исчезнувањето на гигантските диносауруси, околу 100 милиони години подоцна.
- Живеел слично како денешните цицачи. Веројатно живеел на бреговите на реките или на езерата. Пливал со кучешки движења, јадел водни животни и инсекти и копал живеалишта во земјата - објаснува Же Ѓи Луо, куратор за палеонтологија на ‘рбетниците во природонаучниот музеј „Карнеги“ во Питсбург, САД.

...

Цицачот, кој го добил името Castorucauda lutrasimilis, е првиот доказ дека некои древни цицачи живееле и на суво и во вода, што значи имало поголема разноликост, сметаат научниците.

Според Гејмшаут, од каде што ја собрав сликата на черепот, влакнестото животно имало плосната но скалеста опашка слична на дабар, р’бет како на видра и заби како на фока.

На Плејфулс има уште една реконструкција, но животното на неа личи на клунар, освен ако не е „снимено“ „од зад грб“.