Блекаут

Showing posts with label Ролање. Show all posts
Showing posts with label Ролање. Show all posts

07 June 2006

Ролање: Како да не се однесуваш моронски на кеј

Време во написот „Опасни прошетки по патеката за ролери“ (22.05.2006) ја пренесува и мојата изјава за опасностите кои ги причинуваат разните „леви сметала“:
- Најчудната работа е што родители ги шетаат своите мали деца на патеката и ги пуштаат слободно да трчкаат по неа. Тоа е многу опасно. Замислете што ќе се случи ако некој велосипед што вози со брзина од околу 20 километри на час удри во тие деца. Тоа би имало катастрофални последици. Прашав некои од луѓето дали не мислат дека е побезбедно да се движат на нивната патека, а тие ми одговорија да си ја гледам својата работа, бидејќи и јас сум возел таму - раскажува скопјанецот (sic) Филип Стојановски.
Тие што ги прашав навистина се однесуваа нелогично и конфронтирачки. Демек, ако јас ја користам патеката, тогаш и тие имаат право на тоа.

Еве поопширно кои ризични однесувања треба да се избегнуваат, поради непредвидливоста што ја создаваат:
  1. Буткање количка или пуштање да си трчка/вози ролерки или точаче дете под 7 години по патеката за велосипеди и ролери, наместо по патеката за пешаци или остатокот од кејот, каде што учесниците во сообраќајот не се движат со брзини од 15-20 километри на час.
  2. Не држење десно, меандрирање околу средината или дури и левата страна на патеката (во насока на движењето).
  3. Шетање по патеката за велосипеди и ролери, наместо по патеката за пешаци или остатокот од кејот.
  4. Трчање по патеката за велосипеди и ролери, наместо по патеката за пешаци или остатокот од кејот.
  5. Водење куче, најчесто без ланец, на патеката за велосипеди и ролери.
  6. Ригидно возење велосипеди или ролерки паралелно, наместо во колона, со што се остава малку или ич место за претркување и разминување.
  7. Не гледање лево и десно кога се стапнува на патеката.
  8. Застанување на самата патека за да се поправи велосипед, прави муабет или слично, наместо да се помести само 1 метар понатаму на тревата.
Инаку, мојот фељтон на тема ролање се состои од следните делови:

17 May 2006

Ролање: „Држи десно“ за „леви сметала“

Црната патека има две коловозни ленти коишто овозможуваат пристојно одвивање на сообраќајот во двете насоки. Црвената патека е забележително потесна (вкупно 3 метри), доволна од прилика за три лица да се наредат едно до друго. Мафтањето со раце и слично го прави поризично возењето еден до друг, особено за почетниците кои често гравитираат кон средината. Голем број од рекреативците би биле воодушевени доколку „црвената“ се прошири, и им се овозможи без тензија да возат во двојки.

Пристапот го отежнуваат и пешаците (наспроти цела „нивна“ патека на врвот од насипот) или застоените лица што не се тргаат на страна, туку кмичат на сред коловоз. Особено ризични се замуабетените постари луѓе и малите деца, кои непредвидливо реагираат на приближувања.

(кликни на сликата за поголема верзија)

Според приказните „од дедовото луле“, германските окупаторски сили во Втората светска војна многу ги нервирал обичајот на нашево население да возат кој кај стигне, па научиле од своите возила постојано да извикуваат „Држи десно!“ за да ги доведат нашите рабаџии во ред.

Ваквиот вид комуникација често е неопходно дополнување на навиката да се почне со кочење на време, односно штом се забележи можност за ризична ситуација. Покрај со збор, вниманието на луѓето на патеката пред вас може да го привлечете и со „ракоплескање“ удирање на оклопот за рачните зглобови еден од друг.


Претходно: Брзини

15 May 2006

Ролање: Брзини

При отворањата на обете патеки на кејот на Вардар, инвеститорите (град Скопје, односно општина Карпош) изјавуваа дека се долги по 3,3 километри, но Ристо Пенов има изјавено дека вкупната должина на 6 км, а еден чичко Владо што ја мерел со уред на велосипедот ја проценува на „пет и четврт“.

Оваа контроверза оневозможува прецизно пресметување на брзината (15-20 км/ч) на мераклиите кои понекогаш со вклучена штоперка се тркаат „против цела патека“ – возат обидувајќи се да ги престигнат сите што во моментот ги гледаат пред себе.

На мнозинството рекреативци брзината не им е важна, оти сметаат дека ролањето за забава треба да е опуштено. Арно ама, ваквиот пристап не придонесува кон слабеење.

Според медицински извори, оние што сакаат да постигнат губење масни наслаги и подобрена срцева кондиција, треба минимум 20 минути да ја одржуваат таканаречената „целна пулсна вредност“ (target pulse rate). Таа изнесува 60-80% од максималниот пулс, а зависи од индивидуалната тежина, возраст и пол, а најпрецизно може да се дознае при консултација со лекар.

Претходно: Каде да се рола во Скопје | Следно: „Држи десно“ за „леви сметала“

13 May 2006

Каде да се рола во Скопје

Повеќе авторитети, од сајтот „Гет ролинг“ до Сашко од Капиштец (10 години искуство), препорачуваат основните ролерски функции како стоење, движење, одржување рамнотежа на една нога и, најважната – запирање, прво да се извежбаат на некој празен паркинг.

Со оглед на тоа што градскиот парк е најчесто преполн со шетачи, препорачливата „зона за ролање“ во Скопје е кејот на левиот брег на реката Вардар, со поглед на питорескното корито и врбјаците од другата страна. Квалитетот на асфалтот во паркот исто така варира, а во „вториот дел“ е прилично лош (труцкав).

Патеката на кеј всушност се состои од две надоврзани патеки: „велосипедската“ е црна (мазен асфалт) започнува близу до кафеаната „Жабарот“ води до мостот кај хотелот „Александар Палас“, под којшто се спојува со „ролерската“ - црвена (уште помазен асфалт) којашто води скоро до мостот „Обединети нации“. Обете се осветлени навечер (црвената подобро) и на нив има луѓе до околу 21 часот.

Основен предизвик е да се стигне до патеката без автомобил: или треба да се рола од дома или да се носи ранец во кој би се пренесувале ролерките, односно редовните обувки.

Ранчето е згодна работа оти во него може да се стави и шишенце со вода (по патеката нема ниту една чешма) и преслека, а и ветровка за ако залади.

Симнувањето на патеката од насипот е дополнителна компликација: на обата краја има уздолници по кои пуштањето е незгодно. Онаа во Центар е со премногу труцкава калдрма, а во Карпош IV е престрмно и со прениска ограда. На ниедни од степениците што водат долу по насипот нема ограда за држење при симнување „странично“.

Претходно: Основна опрема | Следно: Брзини

10 May 2006

Ролање: Основна опрема

Другарка ми Наташа еднаш изјави дека „не треба да се купуваат најефтини ролери бидејќи така ќе се развие отпор кај потенцијалниот ролераш поради неудобното возење. Со нив не е ни безбедно, може да ти се откачи тркалце, или пружина.“

Според Билјана, која рола веќе четири години, треба да се купат „минимум абек 5“ (број на лагери), оти брзо се учи и се јавува и желба за побрзо возење. Доколку решите да ролате, најважно „е да немаш страв и да не размислуваш многу,“ односно без брзање да уживате во процесот. Според неа, со редовно и постепено учење, особено во друштво, потребни се две недели за совладување на основните вештини.

Сосем употреблива придружната опрема (оклоп) може да се најде и по рибарски продавници по двојно помала цена од онаа што би ја платиле за „марка“. Користењето заштита е строго препорачливо во секој случај. Според сајтот Скејтлог дури и поискусните ролерџии паѓаат барем неколку пати годишно, па затоа носат барем основни штитници (за рачни зглобови, лактови, колена). Шлемовите не се многу популарни во Скопје поради вруќината.

Ако телото не се држи наведнато нанапред со благо свиткани колена, лесно се паѓа на опашка“. Тоа е болно и опасно, оти „природното перниче“ не го штити од удар врвот на р'бетот.

Претходно: Урбаност | Наредно: Каде да се рола во Скопје

09 May 2006

Ролање и урбаност

Си најдов еден необјавен текст за ролањето во Скопје, па решив неколку преработени делови од него да објавам на блогов во вид на фељтон.

Возењето ролерки е многу урбан спорт, од проста причина што е тркалцата на ролерките не се вртат на неурбанизирана подлога, како трева, песок, почва. За љубителите на генерализации, степенот на урбанизираност на едно место може лесно да се одреди преку две работи:
  1. колку може да се рола низ него и
  2. квалитетот на јавниот превоз (точност, достапност) – за тие што не ролаат.
Иако во Скопје поискусните и „поагресивните“ возат и по тротоарите (наспроти дупки, процепи меѓу плочи) освен оние од калдрма, за почетници ова не е препорачливо.

Елементите на урбан и модерен имиџ, во комбинација со забавната можност за унапредување на здравјето и кондицијата се главни мотивациски фактори при одлучувањето да се почне со ролање.

Следи: Опрема