Блекаут

31 January 2008

a book meme: swimlanes

» U+240B »
Obviously, in this case, time will accumulate from the top downward.
We have always found it much easier to picture the flow of activities and to fit the information into process diagrams with horizontal swimlanes, and we will use them throughout the book. But, ultimately, this is just a matter of personal preference and readers can just as well draw process diagrams with vertical swimlanes if that orientation works better for them.
Paul Harmon. (2003). Business Process Change: a Manager's Guide to Improving, Redesigning, and Automating Processes. Morgan Kaufmann Publishers, San Francisco, CA.

Упатство:

  • земи било каква книга која се наоѓа во твоја непосредна близина, а која има над 123 страници
  • отвори на 123-та страница
  • прочитај ги (не мора на глас) првите пет реченици кои почнуваат на таа страница
  • следните три реченици (после тие пет) запиши ги на блог
  • наведи ја книгата и авторот
  • тагни пет следни блогери

Табелата за пенетрација на Интернет Македонија - потреба од дополнување

НВО Интернет Македонија има објавено табела за интернет-пенетрација на Балканот во периодот од 1999 до 2007 година.

Во текот на 2007 во Македонија беа направени барем две истражувања поврзани со интернет-пенетрација,
Првото вели дека 24% од популацијата на возраст над 14 години користело интернет, второто дека 32% од популацијата на возраст над 4 години користело интернет во моментот кога биле прашани - пред околу една цела година.

Ме чуди зошто тие резултати не се споменати, ниту земени предвид во постот, како ни резултатите од низа истражувања направени во периодот пред тоа. Иако тие не се правени врз еднозначен примерок или со исти критериуми, сепак по прашањето за користење интернет (во било која форма), сите „се вртат“ околу триесетина проценти.

Тоа што е користен само еден извор, без притоа да се аргументира зошто оние што исто така се достапни не чинат, мислам дека не може да го квалификува овој пост на Интернет Македонија како „истражување“.

Дополнително, тој едниот извор директно се референцира на друг извор, кој тврди дека во Македонија во 2006 година пенетрацијата била 19,1%. Е сега, овој другиов се повикува на погрешно пренесени податоци од Завод за статистика на РМ (пдф, 211КБ) од 27.07.2006. Во документот на страница 3 стои дека за популацијата на возраст 15-74:
  • Корисници на интернет (кои било кога употребиле интернет)
    за 2004 - 26,9%,
    за 2006 - 31,3%.
Препорачувам поригорозен пристап при собирањето и обработката на податоците, за да се зголеми релевантноста на оваа НВО, оти сосем ја поддржувам нејзината декларирана кауза во нашата земја да има подобар интернет. За да се подобри, треба да се знае каква е всушност состојбата. Да се има почетна (тековна состојба) и крајна точка (посакуваниот исход).

Блог за мачењето животни во скопската зоолошка

Новоотворениот блог Skopje ZOO Torture е посветен на мизерното живуркање на животните во Скопската зоолошка градина се обидува да ја дигне свеста на светската јавност за тамошните состојби.

Како поддршка, покрај линкот до блогот, потсетувам на мојот напис од 2002 година на слична тема „Македонското животинско царство“, кој го преобјавив и на англиски (Macedonia's animal kingdom).

Во написот ја застапувам тезата дека зголемувањето на посетеноста на зоолошката ќе влијае поволно на грижата за животните.

Веб-стрипови за религија (христијанство)

Три актуелни и многу популарни веб-стрипови се занимаваат со религијата, особено со некои основни претпоставки на христијанството, како една од главните теми:
  • Синфест - има сè и сешто, но особено се разработува односот на индивидуата кон божественото, визави консумеризмот.
  • Светата библија - интерпретација на Стариот завет, поглавје по поглавје. Интелектуално и неортодоксно.
  • Џек - приказни за „ангелот“ на смртта, животот во Пеколот во форма на очовечени животни, ткн. ф’риз. Не се баш басни, некои од „лаковите“ (arcs) се комплексни емоционални драми.
  • Еден од честите јунаци на Том д денсинг баг е и Год-мен.

30 January 2008

Препорака: Интервјуто со Мухиќ кај Букарски

Баш убаво од Букарски што го преобјавил интервјуто на Ѓоко Трајковски со Ферид Мухиќ за „Елфаско“ од мај 1996 година. За жал, Македонија има многу муабетџии, но многу малку мислители. Без разлика на тоа дали јас се согласувам или не со нивните ставови или сознанија, мислам дека е важно да поминеме низ процес на запознавање со нивните дела - во крајна линија и за да може аргументирано да ги оспориме. Мухиќ е бездруго еден од тие етаблирани интелектуални творци.
Елфаско: Глобалните комуникации, демократизацијата на системот се одвива одвнатре. Не мислите ли дека информацијата како атрибут и носител на реална моќ се дисперзира многу повеќе отколку што би сакал самиот систем?

Мухиќ: Тоа ви се привидува. Нема информација која не е под контрола. Самиот факт дека информацијата може да влезе во етерот значи дека таа е под контрола. Но добро. Системот во сегашни услови е можеби подобронамерен во искрена смисла, така што создава впечаток дека е отворен и демократичен. Тоа е принципот на Хајд Пар. Знаете, доколку сакате да зборувате таму - тоа е најпрвин одбрано место, каде еднаш неделно морате да стоите на клупа и да ставите хартија врз себе, затоа што она што вие би го рекле не смее да се кажува на англиска почва. Дали е тоа слобода, се разбира дека е, но дали е заборавање дека ово зборува (sic). Просто кажано, тоа значи дека не е направено без контрола на системот.
Во интервјуто се покренуваат најразлични теми, од хипиците и екологијата до приватноста.

29 January 2008

Препорака: Најновата инкарнација на Археоблог

:-)

Археолошки дневник е повторно во акција, со нов дизајн, со свој независен домен arheo.com.mk. Значи, со сите мастрафи.

Препорака: Најстариот македонски блогер

Од Би дознав за постот на Струмјан за Ѓорѓи Лафчински, најстариот македонски блогер (го има и на Кајмакот). Мислам дека примерот е ептен кул, особено за мотивирање на постарите луѓе да користат интернет и со тоа животите да им станат полесни, поинтересни.

Тоа што Лафчински ги меша термините блог и брендот Блогерај не го сметам за проблем. Многу од корисниците на тој сервис ги користеа како синоними, од Јанко до некој хипотетички Станко. Пракса пред теорија сосе терминологија.

28 January 2008

Кои се основните претпоставки и визии на нашите политичари?

1973 година, во книгата „Космичката врска“ (The Cosmic Connection, an Extraterrestrial Perspective, ISBN 0440133017) Карл Саган изложува визија за искористување на истражувањата на вселената со цел пренасочување на смртоносниот ритам на трката во вооружување, наведувајќи и други примени:
...јасно е дека развојот на софистицирани уреди за истражување на другите планети без присуство на луѓе ја организира истата технологија потребна за производство на корисни роботи на Земјата. Возилото без возач кое ќе слета на Марс до раните 1980ти многу веројатно ќе има способност да ја анализира својата околина многу потемелно од човек, да се движи по теренот, да носи претходно програмирани одлуки и одлуки врз основа на новите информации што ќе ги прибира. Првите братучеди на таков робот, кои може да се произведуваат и масовно, би биле многу полезни овде на Земјата. Од една страна мислам на операции во недостапни предели како што се провалиите на дното на океаните, но исто така мислам на индустриски роботи кои би ги ослободиле работниците од повторливи и неинтересни задачи, како и домашни роботи кои би ги ослободиле домаќин(к)ите од доживотното р’мбање.
Импликација: луѓето би имале повеќе време за човечки активности, особено креативен труд. Како контраст на ова, ми остана во глава цитатот кој по повод на смртта на првиот премиер на РМ го изнесе уредникот на „Вест“ (19.01.2008), Горан Михајловски:
„Во овие тешки времиња треба да се воздржиме од раскошното однесување со купување фрижидери, перални, гардероби, чевли, телевизори, коли што лежат по улиците недоволно искористени, а некои дури купуваат и перални за садови“, рече тогаш Кљусев.
Кљусев докторирал економија во 1960, можеби во некои други времиња и системи, а веројатно идејата зад оваа препорака за применета политика биле: (1) граѓаните да штедат наместо да трошат, ама нивото на продуктивност да се покачи, па истовремено да се создава повеќе вредност од потрошената, (2) граѓаните да имаат со што да си го пополнат времето, особено ако се жртви на масовните отпуштања.

Јас имам среќа што си наоѓам работа, па тие 7-8 саати што на ниво на домаќинство ги заштедуваме неделно со користење на пералната за садови ептен добро ми доаѓаат. Во контекст на основни претпоставки за градење стратегии, ми текна и на изјавата од еден друг премиер, Георгиевски, дадена за „Капитал“ (23.02.2006) од која разбрав дека овој лидер информатичката револуција пред се ја сваќа како производство на компјутери:
Ние 30 милиони евра да имаме плус од она што е во Буџетот на Македонија земјоделието ќе биде препородено, обновено и конкурентно. Ако велиме дека ние тешко можеме да станеме држава која ќе извезува компјутери, тешко да развиваме тешка индустрија во Македонија, остануваат неколку гранки кои треба да бидат основи на кои треба да се потпреме. Тоа се градежништво, текстилна индустрија, земјоделие, и ако успееме сервисните услуги да ги издигнеме на едно повисоко ниво.
Многу е добро да произведуваме компјутери, меѓутоа гледате не доаѓаат тие што произведуваат компјутери кај нас. Кога е веќе така реалноста е тоа. Ако е тоа значи потребни се субвенции во земјоделието.
Camplogo Кога можам, ги следам тековниве партиски избори во САД. Скоро сите сериозни кандидати за некоја политичка функција, пред да се впуштат во политика, пишуваат книги за нивниот поглед на свет, за нивниот живот и настаните што ги направиле она што се, како и за нивната животна филозофија, од која потекнува нивната лидерска визија. Особено, со тоа на јавен увид ја ставаат својата способност за стратешко анализирање, отвораат дебати, а и докажуваат дека знаат да пишуваат.

The Audacity of Hope: Thoughts on Reclaiming the American DreamLiving HistoryGold, Peace, and Prosperity

Без разлика дали се согласувам со идеологијата на даден политичар или друга јавна личност, со оглед на тоа што неговите постапки влијаат на мојот живот, мене како граѓанин би ми било важно го запознам преку негова книга, или друг вид лично писание.

26 January 2008

Препорака: ТВ програма 2.0

На Комуникации во последно време само редат интересни постови, а ќе издвојам еден меѓу многуте да го искоментирам и тоа оној од Сеад за информирање за програмата на телевизиите преку дигитални технологии.
  • Откритието на одличниот хрватски сајт ТВ Профил кој агрегира информации за програмите на станици од регионот е за поздравување и букмаркирање. Инаку за програмите од кабелска/сателитска досега го користев романскиот Програмул ТВ.

  • Телетекст: и ова е област во која е важна употребливост. Ако имате можност, споредете го телетекстот на ХТВ1, А1, Канал5 и Сител. Нивото на употребливост им опаѓа по тој редослед. На пример, на ХТВ кога ќе се влезе во некоја секција, има можност за претходно-следно на обоените копченца. Кај А1 „менито“ со копченца малце потешко се прилагодува на тековната позиција во навигацијата, но е мислам најдобар македонски телетекст, иако ги нема сите можности во сите секции. Мислам дека вестите е најодржувана. Кај Канал 5, за да се дознае програмата за тековниот ден треба да се поминат неколку страници (да се влезе во дел за програма, па да се одбере денот во неделата, итн.). Телетекстот на Сител досега ми беше целосно бесполезен.

  • Недоверливост: Сител и Канал 5 не ги освежуваат содржините на нивните телетекстови и веб-сајтови за промени во програмата. За новогодишните празници, на Сител требаше да игра вториот Хари Потер и Гладијатор - најавено преку програмата во весниците. Ниеден од нив не прикажаа, ниту имаше било какво известување за промените. Во неделата на Канал 5 не ги дадоа Еднооки во рекламираниот термин од 19:10, туку само пред полноќ. А рекламите одеа до саат време пред терминот...

22 January 2008

Урнек за писмо - одговор на спам (antispam template)

Следниот текст може да ви послужи како основа за ваши писма со кои им одговарате на спамери кои ви рекламираат производи и услуги кои не сте ги побарале. Со објавувањето го ставам на располагање на јавноста (public domain), не мора да се споменува дека јас сум авторот при негово користење. Ваквите пораки е добро да одат и со CC до info@dzlp.gov.mk, што е наведено во текстот.

Почитувани претставници на ___ (фирмата што спамира),

Во име на ___ (вашата фирма), би сакал да Ве замолам да ги избришете сите адреси поврзани со неа од Вашата евиденција, со цел престанување на добивање рекламни пораки во Ваше име и име на ваши коминтенти.

Морам да нагласам дека ние немаме побарано да добиваме вакви пораки и тие се непожелни, оти ни предизвикуваат дополнителен трошок на време и пари, како и непотребно трошење на квотата за проток на податоци.

Тука пред с’е спаѓаат сите адреси од доменот ___ (вашиот домен), како и било кој друг домен кој е во сопственост или под раководство на ___ (вашата фирма).

При тоа, би сакал да ви напоменам дека во согласност со важечките законски прописи, рекламни пораки може да ни праќате само врз основа на експлицитно барање од наша страна. Тоа што нашите адреси се достапни јавно на веб не значи автоматска согласност за добивање непобарани рекламни пораки. Исто така, немате право нашите адреси за е-пошта да ги пренесете или продавате на други ентитети и лица кои би ги користеле за спамирање или било која слична намена.

Вклучувањето на наши адреси во Ваши бази без претходна дозвола е спротивно на Законот за електронски комуникации, а неисполнувањето на барањето да бидеме изземени од вашите мејлинг-листи се коси и со тој закон и со Законот за заштита на личните податоци, кој стапи на сила на во декември 2007. Обата ја покриваат и областа на комуницирање преку интернет и употребата на адреси за е-пошта како личен податок, при што предвидуваат ригорозни санкции кон прекршителите, па би сакал да Ве замолам за експедитивност при обработката на нашево барање.

На пример, според член 117 и 139 на Законот за електронски комуникации, предвидените казни за ваков престап се 4 до 7% од вкупниот годишен приход за правни лица, плус глоба во износ од 1500 до 8000 евра за одговорното физичко лице. Законот е достапен на веб-сајтот на Министерството за транспорт и врски (www.mtc.gov.mk) и Агенцијата за електронски комуникации (www.aek.mk).

Поракава е препратена и до Дирекцијата за заштита на личните податоци (www.dzlp.gov.mk) за нивна евиденција и понатамошна обработка.

Со почит,

(име, презиме,
функција, фирма)

14 January 2008

Каква домаќинка! За потеклото на Бил Гејтс

Во денешниот „Дневник“ има вест за тоа како Бил Гејтс ќе замине од Мајкрософт, во која се провлекува една многу интересна дезинформација:
Гејтс, кој е син на правник и домаќинка од Сиетл, ја основа компанијата „Мајкрософт“ во 1975 година заедно со пријателот од детството Пол Ален.
Од секогаш ми било интересно како разни луѓе од незнаење, ама и од други побуди, на Бил Гејтс се обидуваат да му припишат скромно потекло. Веројатно еден од факторите е желбата да се одржува митот за американскиот сон (per aspera ad astra - низ трње до ѕвездите), а можеби се работи и за маркетиншка стратегија која најбогатиот човек на светот има за цел да го претстави како човек од народот.

Неспорно е дека Гејтс е еден од најспособните луѓе на светов, но исто така треба да се знае дека тој е роден во најпривилегираниот слој на американското општество и дека уште од детството, според можностите кои ги имал, бил „предодреден“ за успех.

На пример, мајката на Бил, Мери Максвел Гејтс, е опишана како „домаќинка“. Таа „домаќинка“, била ќерка на директорот на национална банка. Прво работела во образование, па во невладиниот сектор, па потоа била во управни одбори на низа фондации и јавни институции, како и неколку корпорации - банки, осигурителни друштва и телекоми (First Interstate Bank of Washington; Unigard Security Insurance Group; Pacific Northwest Bell Telephone Company, which became US WEST Communications; and KIRO Incorporated).

Како дел од одборот на родители му овозможила на синот да има пристап до компјутери уште во елитното основно училиште кое го посетувал, а се шушка и дека помогнала при основањето на „Мајкрософт“.

Од друга страна, Бил (Вилијам Хенри Гејтс III) е наследник на династија Гејтсови која веќе била дел од богатите слоеви неколку генерации пред него. Според Википедија, бројката „трети“ ја наследил од татко му, кој не ја прифатил во своето име, инаку требало да биде „четврти“.

03 January 2008

Празноверна инвазија во главните текови на македонските медиуми

Македонското новинарство доживеа нов пад на интегритетот како средство за критичко размислување со ставањето на гатање на местото за вести од Македонија на третата страница од „Дневник“ од 2.1.2008. Беа објавени непотпишани годишни хороскопи за Никола Груевски и Бранко Црвенковски. Во крајна линија, се работи за изразување на нечие лично мислење кое според основни новинарски стандарди максимално би можело да влезе во колумна:
Меѓутоа, неговиот владетел и ковладетел Меркур, кој е најнагласен во хороскопот, е во конјунукција со Плутон и го обдарила со рафинираност и со мудрост, брзина на рацете и мислите и дипломатичност.
За ова лековерно известил и ББЦ, кој авторот на овие небулозни написи ги означил како „астролозите“. За жал, „Дневник“ не е осамен во овој тренд. Како една од главните вести на 31.12.2007, „Канал 5“ ги пренел црните предвидувања на „јасновидката“ Глорија.

Како што може да се види од примерот на минатата година, предвидувањата за катастрофи ептен утнале. Сега особено морничаво звучат августовските предвидувања дека „Тоше ќе се ожени на 33 години со постара жена“. Зошто уредниците на овие „мејнстрим“ изданија решиле да промовираат таков неефективен начин за осознавање на иднината - кој попат и влијае на заглупавување на публиката - е отворено прашање.

Башка што и според официјалното христијанство и исламот, гатањето (во кое спаѓа и астрологијата) е магија во служба на Лукавиот, што би рекла покајничката, бивша гатачка и сегашна блогерка Мина. Според црковните великодостојници кај нас:
Нема социјална категорија со поголема концентрација на суеверие, денес, од еснафот на интелектуалците.
Како и во Таџикистан, злоупотребата на празноверните достигнува размери на нова стопанска гранка, не само „во провинција“ туку и во Скопје. Пред некое време беше најавена државна интервенција против гатачите, но никому ништо - во тоа сме и зад Босна, Србија и Русија. Дури некои имале шанси да станат туристичка атракција, па Топаана да се дигне на ниво на Барајево и тоа не во иронично-пародичната турска варијанта.

Во комбинација со десекуларизацијата на државата, ни останува само да си посакаме добредојде (назад) во средниот век.