Блекаут

12 November 2014

Поинтересната приказна за карикатурите на Ердоган - #erdogancaricature

Дали ова е пример на спин?

1. Режимот Ердоган се обиде да осуди карикатурист на 9 години робија за навреда и клевета на Султанот. При тоа карикатуристи од цел свет почнуваат да објавуваат карикатури од Ердоган дека „сам си го барал“.
2.  Муабетот за Ердоган и карикатурите ги преплавува социјалните медиуми.


„Реџеп Тајип Ердоган одговара на неправедните критики“
- карикатура од Мартин Роусон.

Судот посрамено го ослободува карикатуристот. Муабетите си течат, фрчат карикатури, известувања...

 3. Потоа на Турција ’и текнува да упати дипломатска нота на протест до Германија за карикатура од 2011 година! Личи како мачкање очи и пренасочување на претходниот муабет за Ердоган и карикатурите. Медиумите и кај нас ја лапнале „јадицата“ и пишуваат дека германската карикатура е таа што го навредила Ердогана.
Инаку, на посочената германска карикатура има Турчин иселеник во Германија, а неговото куче е наречено Ердоган (често турско машко име). На времето К-15 кога имаа скеч во кој иселениците во Австралија, чии деца имаат англиски имиња, кучето го имаа наречено Гоце (често македонско машко име) како доказ дека претставниците на дијаспората си ја сакаат матичната земја за нас немаше проблем. 


Би било убаво ако медиумите ја пренесат приказната со објаснение заради кои карикатури точно „збеснал“ Ердоган...

05 November 2014

Три цртани филмови актуелни во Македонија

Неколку цртани филмови може да ви помогнат на децата околу вас да им објасните некои работи од македонското секојдневие.

Демократија наспроти фашизам: Штрумпфски крал

Штрумпфовите се караат меѓу себе кој да биде главен во отсуство на Веле Штрумпф. Еден од нив ја презема власта и со ласкање и разни ветувања гради авторитарен режим. Така, наместо да се грижат за реални проблеми (браната) Штрумпфовите се присилени да му градат велелепна палата на водачот. Веднаш страда и слободата на изразување, шегаџијата Вицко е фрлен в затвор. Една мала група Штрумпфчиња дисиденти почнуваат движење на отпор. Дел се прогонети. Како и кај други диктатури, ситуацијата ескалира до ниво на (граѓанска) војна меѓу жителите на селото... 




Иако е поучен и интересен, цртаниов филм е нецелосна адаптација на одличниот стрип. Во стрипот исто така се обработува темата на предизборната кампања. А кралот не е Текнувало, туку еден друг, полукав Штрумпф популист, што ќе открие дека ако им кажуваш на другите она што сакаат да го чујат...

De Smurführer
 
Забелешка: На француски епизодата се вика „Штрумпфизам“ (Le Schtroumpfissime) а на холандски „Штрумпфовски фирер“ (De Smurführer). 


Даночна политика и придонеси: Робин Худ (од Дизни)

Кукавичкиот, суеверен и размазен лав Принц Џон ја има преземено власта во државата и ги малтретира другите жители со арачи, даноци, казни, глоби и други форми на угнетување. Даноците најтешко ги погодуваат сиромасите, кои не смеат да писнат заради силата на полициско-судскиот апарат составен од волци. Само храбрите дисиденти Робин Худ и Малиот Џон, и нивните јатаци, некои од класни побуди, некои од љубов, се спротиставуваат на страховладата.

Овој цртан филм содржи и опејување на маките на народот притиснат од даноци...



Важно се гради: Пајо Паторот како „голем градител“

Пајо во својот двор си гради макета на град и околина, при што ги уништува вистинските дрвја за да „посади“ вештачки. Тој сака комплетна контрола врз територијата на која се има намерачено и од неа ги брка дотогашните жители - верверичките. Пајо сака да спроведува и социолошки експерименти со цел да го реформира општеството според своите хирови каприци, па во еден момент им дозволува на верверичките да поживеат малку во неговиот свет. Но, не за долго. Решителниот отпор против недостоинствениот третман го тера на компромис.


(Out of Scale, 1951)