Блекаут

Showing posts with label Визно гето. Show all posts
Showing posts with label Визно гето. Show all posts

10 June 2007

Ангажирана уметност на тема: визно гето

Дали уметноста има смисла ако не е ангажирана? Ако уметноста е израз на човековите внатрешни чувства,* тогаш би било логично тие чувства да се одраз на реални состојби. Еве два свежи примери преку кои млади, современи македонски уметници се осврнуваат на прашање кое ги мачи и поголемиот дел од нивните сограѓани - визното гето.

1. Зоран Попоски - Граница (30.05.2007, КЦ Точка)

Зоран имаше перформанс со приказ на видео-арт и создавање уметнички дела--визи--за посетителите на лице место.



2. Драган Христов - Anywhere but here (2-9.06.2007, КЦ ЦК**)

Драган нема сајт, па направив една снимка од него пред инсталацијата „Без наслов (61,5 x 1,61,5 x 2...)“ посветена на „математичката операција, наметната во нашето секојдневие да пресметуваме во евра, вообичаено нешто кога патуваме во странство, наместо во денари, зборува за тоа дека ние, Македонците, немаме монетарен идентитет...“ и едно видео од инсталацијата со „балончињата од сапуница, што само што не излегле од прозорецот. Балончињата како метафора на желбата и сонот...“.



Тој имаше и една инсталација од пасоши поставени како домино, но за кои се знае дека нема да паднат, оти се прицврстени за подот. А тоа знаење е дел од поставката.

* Дефиниција што ја имам чуено на час по музичко во петто одделение од наставникот Киро.
** Kај што беше Точка.

09 November 2006

Протестот против визниот режим

Волан има објавено извештај и фотографии од добриот протест против злиот визен режим.

Фото: Волан

Останувам на ставот: да ја извадиме гредата од нашето око, пред да бараме другите да ги извадат раските.

05 November 2006

И Македонија е дел од чуварите на визното гето

Кај Рибарот забележав преглед на дискусии за некои протести околу визниот режим. Со оглед на тоа што бев во странство додека траеле, некако ми се далечни ;-), па ќе се вклучам со неколку прашања:
  • Дали нашата држава сака да ни доаѓаат гости од странство или не?
Ако сака, тогаш зошто е екстремно тешко за поголемиот дел жители на светот да добијат виза за Македонија? Според правилата за визен режим од сајтот на МНР, тие мора да ја извадат во некоја од малубројните амбасади.
  • Зошто да не може странците да добиваат (и плаќаат визи) на граница?
Колку што ми е познато, жителите на ЕУ ја имаат оваа привилегија, но на официјалниот веб-сајт не го пишува тоа, па не може да бидам сигурен. Зошто да мора човек што сака да стигне во Македонија да троши денови плус во некоја дополнителна странска земја заради чиста бирократска формалност? Особено што не е наведено што треба да прават граѓаните на земјите кои не се наведени во списокот.

Забележав и барем една нелогичност. За давање визи за Молдавија, надлежна е амбасадата во Бугарија, а не онаа во многу поблиската и за Молдавците подостапна Романија. Особено поради тоа што со влегувањето во ЕУ, Романија ќе им овозможи бесплатни визи, додека за Бугарија, немам чуено.

05 September 2006

Визно гето за Македонија: спасот да ни падне од небо

Најновиот напис на темата визно гето од А1 вели:
Вкупно 148 земји во светот бараат визи за македонските граѓани. 117 од нив немаат амбасади во Скопје, па македонските државјани за добивање виза мораат да патуваат во Белград, Рим, Виена, Париз, Осло, Букурешт, Прага и други градови, за каде исто така им се потребни визи.

Странските дипломати оценуваат дека Македонија поагресивно треба да инсистира на укинувањето на визите, а не само да чека некој тоа да и го понуди.

04 March 2006

Визно гето: до кога со понижувачките ѕидини и глоби?

Поттикнат од написот За визи арчиме 10 милиони евра (Дневник, 3.3.2006) Волан предлага да учиме од раководството на Бугарија, кое наводно своевремено ултимативно се заканило дека ќе го прекине процесот на приближување кон ЕУ ако веднаш не се олесни визниот режим за нивните граѓани „со навредени национални чувства дека само заради тоа што се Бугари, наметнато им е да омаловажено чекаат во ред и ја молат ЕУ да им даде виза за да ги посети.“

Во оригиналниот пост се има развиено солидна дискусија на пошироката тема со визното гето со разновнидни ставови: од нескриен евроскептицизам, до објаснувањата на Јован за критериумите за укинување на визниот режим и појаснувањето:
Од моја страна без навреда - не може Македонија да дава ултиматиуми на ЕУ. Бидејќи ЕУ не ја моли МК да дојде кај неа, туку обратно - МК ја моли ЕУ да влезе во неа. Исто така Договорот од Шенген е вон класичниот концепт на ЕУ и е договор кој е потпишан од само определен број на членки.

По ослободувањето на визниот режим за Романија и Бугарија (кој следеше по исполнување на критериуми, а дефинитивно не со ултиматум од било која страна) 4 милиони Романци и 2 милиони Бугари се иселија...
Друг предлог од постот на Волан е:
Под итно да се поапсат сите луѓе кои не си ја завршиле работата (пасош, гранични премини, реадмисија) или најмалку да се отпуштат од работа. И да им се забрани со судска одлука идно запослување на државни јасли.
Ова е невозможно во тековнава партизирана Македонија, туку само во земја која навистина ги исполнува европските критериуми за правна држава. Проблемот добива облик од класата „кој е постар, кокошката или јајцето“.

Инаку, во однос на одливот на пари за визи Боби Христов во написот Осум милиони евра годишно за визи (Време, 3.3.2006) известува дека „нема прецизни податоци, но пресметките покажуваат дека меѓу осум до десет милиони евра годишно се одлеваат од земјава за визи во касите некоја од странските амбасади.“ Интересно е дека „Дневник“ за наслов ја одбрале поголемата, а „Време“ помалата граница на интервалот. Причина за излегување на овие написи е најавеното двојно покачување на глобите.