Блекаут

Showing posts with label Употребливост. Show all posts
Showing posts with label Употребливост. Show all posts

09 April 2008

My hero: Chuck; the Poetic Prophet/the SEO Rapper

Фала многу Би што го претстави Чак, Поетик профет и СЕО рапер. Човекот е одличен, и неговиот стил, лик и дело тек ќе дојде на свое. Покрај каналот на ЈуТјуб има и блог.


My 2 cents:

PS
Да не беше „Дизајн кодинг“, видео на неделата ќе ми беше најновата верзија на „Ко то тамо пева“.

12 May 2007

Општеството е информатичко кога ги вклучува сите

Пристапноста на веб како светски стандард: Градењето информатичко општество подразбира инклузивност, особено овозможување на маргинализираните групи да ги користат неговите придобивки. Владите на земјите што го ценат технолошкиот развој истовремено вложуваат и реални средства и политичка волја во овозможување пристап до новите технологии за споделување знаења на луѓето со хендикеп.

Филип Стојановски

Човечноста и цивилизираноста на едно општество се мерат според тоа како се однесува кон неговите членови што имаат хендикеп. Праисториските неандерталци биле класифицирани како луѓе (Homo Sapiens Neanderthalensis) врз основа на доказите дека се грижеле за своите стари и болни, кои не би можеле да преживеат сами, без помош на другите. Во текот на историјата, големите пророци и основачи на светските религии проповедале помагање на ближните. Еден од основните идеали на просветителството и рационализмот од 18 век, чиј резултат се и научниот поглед на свет и политичките промени кон поголеми граѓански права и слободи, е дека сите луѓе се раѓаат со неотуѓиво право на еднаквост, живот и потрага по среќата.

Од друга страна, милитаристичките општества, како античка Спарта и нацистичка Германија, систематски ги истребувале сите што не одговарале на прокламираните идеали за „совршенство“. Ваквиот пристап водел кон стагнација и пропаст на таквите држави, не само поради задушувањето на креативноста на преживеаните, туку и поради очигледното губење на моралната основа што е во срцето на секоја голема цивилизација. Практичната полза и капацитетот што се добива со постоењето на кое било човечко суштество се незаменливи, но уште поважно е остварувањето на начелото дека секое човечко суштество, без разлика на неговиот капацитет, има право на човечки живот.

Вклучување во информатичкото општество, или е-инклузија

Новите технологии, особено од сферата на информатиката, драматично ги зголемуваат потенцијалот и можностите за сите луѓе. Индиректно, овозможувањето знаењата да се шират и развиваат поефикасно и побрзо, со надминување на границите и другите ограничувања, доведува до брз развој на биониката, генетиката, фармацијата и други научни гранки што овозможуваат луѓето со хендикеп да имаат подобар живот. Директно, преку овозможување пристап до информациите и знаењата, за нив се отвораат нови можности во образованието, остручувањето, интелектуалната и духовната надградба.

Да земеме предвид една обична секојдневна работа како читање весник на хартија. Во минатото, за слепо лице да може да го стори тоа, текстот треба прво да биде препишан на Брајово писмо. Цената на оваа технологија е огромна, дури и печатење со Брајов печатач чини 1 евро и по страница, а самиот уред има цена од 7.200 евра. Во Македонија има само една таква машина.

Од друга страна, за слепо лице да има пристап до текст објавен во дигитална форма е потребна обична компјутерска опрема со неколку додавки. Брајовиот терминал чини околу 3.500-4.000 евра (во зависност од бројот на карактери во Брајовиот ред, уред без кој слепото лице може да работи на компјутер), а дури и комерцијалниот софтвер за пренос од текст во звук не ја надминува цената од 270 евра. Доколку веб-сајтот на весникот е направен според стандардите за пристапност, кои овозможуваат негово читање од соодветниот софтвер, слепото лице нема дополнителни трошоци за преведување на секоја страница во формат соодветен за негова употреба, а истата опрема може да се користи од повеќе луѓе.

Тони Пајдаков од Здружението на слепи лица на општината Велес напоменува дека за да се користи софтверот (синтеза на глас) претходно е потребно да се набави комерцијален софтвер (JAWS for WIN), кој чини околу 1.800 долари. Постојат и алтернативи од областа на слободниот софтвер, базирани на хрватската верзија на Линукс, но тие се уште не се приспособени за македонскиот јазик оти таквиот потфат бара поголема финансиска помош и програмерска експертиза.

Дури и во најлош случај, кога е потребна поголема иницијална инвестиција за опремата, со примена на дигиталната технологија на долгорочна основа, се овозможуваат огромни заштеди и континуирана употреба и пристап до сите можни дигитализирани содржини што може да се најдат во текстуална форма.

Македонскиот веб е главно непристапен

Пајдаков објаснува дека Интернет за слепите лица е често единствениот начин на добивање благовремена информација на начин достапен за нив. Дури и кога ќе се реши проблемот на хардверска и софтверска поддршка, за слепите лица останува проблемот на пристапноста на апликациите што ги прикажуваат содржините.

Според него, „повеќето изработувачи на софтвер и веб-апликации, не обрнуваат големо внимание на некои, за слепите најважни, детали во нивниот производ. Така, и покрај можноста, поради ова невнимание, слепите лица остануваат повторно да не можат самостојно да добиваат и разменуваат информации. Односно, веб-страниците што се без алтернативен текст за сликите, особено ако тие се користат како линкови, користењето структурални елементи за изглед на страницата, неопишани мултимедиумски елементи (без алтернативен текст за звук и видео), неможноста за алтернативен преглед на страниците, за слепите лица предизвикуваат проблеми.“

Анализите изведени од Здружението на слепи лица на општината Велес укажуваат дека македонскиот веб-простор во однос на пристапноста не е на високо ниво, оти владините сајтови, сајтовите на електронските и печатените медиуми, сајтовите на некои институции итн., „се уште се половично или воопшто недостапни за слепите лица“. Основен начин за надминување на оваа незавидна состојба е почитување на стандардите на Конзорциумот за вебот (W3C) при изработката на апликациите.

Закони за пристапност низ светот

Најнапредните технолошки општества се и најнапредни во однос на овозможување пристап до технологиите. Во САД, Делот 508 од Актот за рехабилитација ги обврзува сите сојузни агенции и нивните подизведувачи да им овозможат на вработените во државната администрација и сите други граѓани со хендикеп пристап до информациите (вклучително и веб-сајтовите) во иста или слична мера како пристапот овозможен за сите други.
Законот Акт за Американците со хендикеп од 1990 година забранува дискриминација врз основа на хендикеп, а делот 255 од Актот за телекомуникации од 1996 година ги обврзува производителите да ги прават телекомуникациските продукти и услуги достапни во сите случаи, освен кога тоа бара надминување значителни тешкотии или значително ги зголемува трошоците.

Во 1999 година, еден слеп Австралиец го тужел Организацискиот комитет на Олимписките игри во Сиднеј со примена на Актот против дискриминација на луѓето со хендикеп од 1992 година, бидејќи нивниот веб-сајт не бил пристапен за слепи лица. Брус Мегвајер барал да може да пристапи на сајтот преку Брајов терминал и ја добил тужбата една година подоцна. Олимпискиот комитет одбил да ја спроведе и бил казнет со глоба од 20.000 австралиски долари.

Во Ирска, како додаток на Актот за хендикеп од 2005 година, во јули 2006 година Националната управа за хендикеп објавила Код на практика за пристапни јавни сервиси. Се работи за практичен водич со кој им се помага на владините служби и над 500 јавни тела да ги исполнат своите законски обврски.

Никој не смее да биде изоставен

Градењето информатичко општество подразбира инклузивност, особено овозможување на маргинализираните групи да ги користат неговите придобивки. Владите на земјите што го ценат технолошкиот развој истовремено вложуваат и реални средства и политичка волја во овозможување пристап до новите технологии за споделување знаења на луѓето со хендикеп.

Доколку Македонија сака да го постигне нивното ниво на развој, сите релевантни фактори од нашата земја, како и самите граѓани, треба да обезбедат поддршка за ваквите напори.

Текстов беше објавен во Неделно време на 6.5.2007.

02 May 2007

Употребливоста на веб-сајтовите на некои весници

Во коментар на текстот „Употребливоста обезбедува поуспешни веб-сајтови“, Лавот рекол...

Ашколсун за муабетов, само би сакал да знам што ќе кажеш за сајтот од Време и од Шпиц.

Ова е добро прашање. Мислам дека веб-сајтовите на обата овие весници, како и повеќето други од Македонија, може дополнително да се развијат да обезбедат подобра употребливост. За тоа им имам обрнато внимание и на сопствениците и на фирмата што ја има направено техничката изведба. За некои работи ме послушале, а за некои - не, или не стигнале сеуште да си ги спроведат намерите за поправки.

Особено тежок проблем за горенаведените (споменат и во текстот) е што моментално не им работи пребарувањето. Лесно и брзо решение за тоа е да постапат како Вест, Утрински весник, Он.нет и уште еден куп пофрекфентни сајтови кои се соочуваа со слични предизвици - за пребарување да го користат Најди!.
(Следат одговори и на другите прашања.)

24 April 2007

Употребливоста обезбедува поуспешни веб-сајтови

Употребливоста е дел од кој било процес на изработка што обезбедува корисникот да може лесно да го користи крајниот производ. Особено е важна при изработката на компјутерски апликации, оти експлозивниот развој на новите технологии понекогаш оди толку брзо што се занемаруваат потребите на самите корисници

Филип Стојановски

За жал, употребливоста не е голем приоритет за дизајнерите на веб-сајтовите во Македонија. За тоа има две основни причини, кои природно потекнуваат од карактеристиките на луѓето што ги нарачуваат веб-сајтовите и карактеристиките на луѓето што ги извршуваат тие нарачки.

Да не се остане покусо

Основен фактор за успешност на еден проект е тој да има јасна и мерлива цел. Во голем број случаи при одлучување да се изработи веб-сајт, сопственикот нема јасна претстава што сака да добие од таа операција. Тоа се должи на се уште ниското ниво на свест за придобивките од користењето на Интернет, но и на објективно се уште неразвиените можности за е-трговија во Македонија.

Во голем број случаи основен мотив за изработка на веб-сајт не е да се унапреди работењето на фирмата, туку да не се остане покусо од конкуренцијата, односно барем формално да се покаже дека фирмата или организацијата користат нови технологии. Поради тоа, голем дел македонски комерцијални веб-сајтови ги содржат основните информации за организацијата и можеби еден вид каталог со основните производи и услуги. Нивото на презентирани информации е она на визит-карта, оглас во весник, леток или, во најдобар случај, брошура за брзо претставување на фирмата.

Често, раководителите не планираат вложување ресурси во ажурирањето на веб-сајтовите, па тие оставени сами на себе играат улога на своевидни реликти, негибнати со години, кои сведочат за степенот на развој на фирмата во моментот на поставување. Многу често се случува бизнисмените воопшто да не ги посетиле сопствените сајтови, а во случаите кога ја увидуваат потребата за нивна изработка или ажурирање попрво да посегнуваат по барање надворешна помош, а не развој на капацитет во сопствената организација. Тоа што минимално го користат во секојдневната работа им оневозможува да проценат дали производот што го добиваат исполнува какви било критериуми за употребливост.

Опортунистички и приучени занаетчии

Од друга страна, употребливоста како концепт не е голем приоритет ни кај голем дел од македонските фирми што изработуваат веб-сајтови. Дел дизајнери доаѓаат од светот на ликовната уметност или графичкото уредување на печатени медиуми со многу мала или никаква образовна подлога за потребите и техничките аспекти на употребливоста. Главен приоритет на ваквите дизајнери е да направат производ што ќе изгледа како што сакаат, без притоа да потрошат време да научат нови техники и алатки, што често доведува до изработка на решенија што се „убави“, но не се оптимизирани според потребите што се дел од комуникацијата преку Интернет.

Основен резултат во овој поглед е создавањето огромни датотеки што се вчитуваат многу бавно, што е основна пречка при гледањето еден веб-сајт. Ако вчитувањето не е доволно брзо, корисниците ќе си отидат на друго место, кое повеќе ќе го цени нивното време. Многу често ваквите веб-сајтови не се тестираат преку Интернет, туку на локалниот компјутер на дизајнерот, каде што нема проблеми со брзината. Како такви им се прикажуваат на муштериите, кои дури откако ќе ја платат фактурата и ќе решат да го погледнат поставениот веб-сајт дознаваат дека е пребавен.

Некои дизајнери се правдаат дека со воведувањето широкопојасен Интернет (АДСЛ) се губи потребата од обрнување внимание на оптимизирање на големината на датотеките, оти тие сеедно се вчитуваат доволно брзо. Ваквиот однос покажува елементарна негрижа за доброто на посетителите на сајтот, кои плаќаат за определени квоти на пренесени податоци и кои трпат финансиска штета ако примат повеќе податоци од оние што им се потребни.

Остатокот од веб-дизајнерите претежно доаѓа со програмерска образовна подлога и искуство. Ваквите дизајнери пак често не се мешаат многу во графичкиот дел на работата и во таа област се потпираат на готови решенија од горенаведените колеги или штанцаат нови производи врз основа на постојни шаблони. Образовниот процес на овие лица им нема обезбедено доволна подготвеност и за решавање на проблеми од областа на употребливост, која се базира на психологијата, како и од областа на комуникација со муштериите. Во случаите на „краток спој“ од овој тип, дизајнерот е најчесто вљубен во некое технолошко решение кое му го наметнува на муштеријата, без разлика на тоа дали тоа навистина одговара на неговите потреби.

Подвид на ваквите дизајнери се оние што сакаат да експериментираат и учат на сметка на клиентот, па преземаат изработка на веб-сајтови со техники што не им се доволно познати, но претставуваат нешто ново и интересно. Така, на пример, пред неколку години кај нас се појавија многумина „флеш-дивелопери“ што недоучено ја промовираа употребата на алатката за анимација и мултимедија Флеш и кај што треба и кај што не треба.

Заведени од едноставната блескавост на ефектите, голем број клиенти имаат прифатено поставување на флеш-апликации на нивните веб-сајтови, особено во вид на банерчиња или анимации на воведниот екран што не пренесуваат никакви полезни информации. Всушност, ваквите џиџи-миџи често и го попречуваат пристапот од машините за пребарување до страниците што содржат информации во вид на текст или само служат да го одвлекуваат вниманието на читателот од нив, ако се вградени во дизајнот на таквите страници.

Така на пример, голем број веб-сајтови на македонските музичари имаат облик на мали сликовници, во кои иницијално се поставени неколку основни информации, фотографии и звучни записи, завиткани во непробојна обвивка од Флеш, која оневозможува поставување длабински линкови до индивидуалните страници. (Примери: Бојана и Дани - прим. ав.). Згора на тоа, тие многу ретко имаат оддел за вести, а тие уште поретко се ажурираат. Зачудува тоа што музичарите ја пропуштаат можноста на своите фанови да им ги најават барем своите наредни настапи, со време и локација, но тоа е македонската реалност.

Некои од најкатастрофалните примери на лошо изработени или почнати, па недовршени веб-сајтови доаѓаат поради желбата на муштериите да поминат евтино. Наместо да инвестираат во професионална услуга, многумина на помош го викаат братучедот или внукот кој „растура компјутери“. Ваквите роднини бараат многу пониска цена, а обезбедуваат уште понизок квалитет. Во слична ситуација се и оние што добиваат спонзорирани веб-сајтови, при што подарокот е нефункционален, но „се брои“. Со ваквите постапки се прави дополнителна штета, оти кај разочараните нарачатели се создава одбивност во врска со интернет.

Употребливоста не е дополнителен товар, туку сојузник

Главен промотор на модерното сфаќање на употребливост е Американецот Јакоб Нилсен, кого често го прогласуваат за гуру на оваа област. Неговиот веб-сајт е честа појдовна точка при испитувањето на прашања од оваа област, а угледот го има стекнато со повеќедецениска континуирана работа како научник-истражувач и консултант во повеќе гранки на софтверската индустрија.

Во последните неколку години, покрај приватните иницијативи употребливоста стана актуелна и на ниво на влади, особено во развиените земји каде што поголемата употреба на Интернет доведува и до поголема потреба од употребливост. Ова е проследено со донесување политички одлуки и конкретни препораки во чија основа се резултати од научни истражувања и анализи на однесувањето и потребите на корисниците. Употребливоста се споменува и како дел од формалните ИСО-стандарди за квалитет на софтверски производи (ISO IEC 9126, ISO 9241-11).

Најчестите утки против употребливоста кои ги споменува Нилсен во неговата легендарна листа на „10 најчести грешки во веб-дизајнот“ често се забележуваат и на видни македонски веб-сајтови.

Така на пример, повеќето медиумски-веб сајтови немаат добар систем за пребарување. За среќа, некои од нив имаат воспоставено соработка со пребарувачот Најди!, кој им обезбедува целосно индексирање и пребарување на нивните содржини како бесплатна услуга. Оваа шанса ја користат и многу македонски блогови.

За жал, на голем број владини веб-сајтови, како што е порталот за услуги, како и невладини веб-сајтови наменети за дистрибуција на документи, како што е Право, документите се достапни само во форматот ПДФ (поточно во ПДФ и во Ворд, формат кој како исто така не наменет за на веб - прим. ав.). Во најлошите случаи се работи за скенирани хартиени верзии, кои се всушност слики а не текст. Таквите документи се огромни, тешки за симнување и невозможни за обработка од типот копирање делови на текстот, цитирање и слично.

Според искуствата од рубриката „Веб-сајт на денот“, која функционира од основањето на весникот „Време“ - речиси три и пол години, покрај горенаведените неменувањето на бојата на посетените линкови и отворањето нови прозорци се веројатно најчести грешки на македонските дизајнери. Отстранувањето на овие недостатоци не само што му обезбедува на корисникот подобро снаоѓање во рамките на веб-сајтот, туку и ментален континуитет.

Среќа е што кај голем број македонски сајтови веќе не се користат рамки (фрејмови), една демоде-практика, која Нилсен строго ја осудува. Оние што користат со право се незабележителни на Интернет, и како брендови и како производи. Работите полека се менуваат, но сепак и природниот тек на прогресот ги подига стандардите на квалитет. Тука голем удел има и тоа што употребливоста е приоритет при изработката на системи за раководење со содржини (CMS), кои често доаѓаат во форма на слободен софтвер (Joomla, PHP Nuke, Drupal).

Некои дизајнери се спротивставуваат на овие ставови поради тоа што тие „отсекогаш“ работеле на тој начин. Најдобро решение на ваквите дилеми е ако секој се запраша не дали да го примени она на што е навикнат/а, туку она што го применуваат најуспешните. Едноставноста често е поефективна. При донесување одлуки, најполезно е човек да се праша што би направил Гугл. Не случајно е што веб-сајтовите на Гугл, и на Јаху, и на низа други успешни профитабилни лидери на пазарот на Интернет ги следат препораките за употребливост во случаите кога не се придржуваат слепо до нивната основна форма, тоа го прават со добра причина и во функција на конкретната задача. Така, на пример, делот на Гугл за пребарување слики користи рамки, но со можност веднаш да се излезе од нив штом се најде потребниот податок.

Што треба да се направи

Поголемото интегрирање на употребливоста во изработката на македонските е-содржини ќе придонесе кон нивна поголема видливост и влијание на Интернет, а со тоа ќе се зголеми и моќта на македонските граѓани, институции и фирми.

И нарачателите и изработувачите на веб-сајтови треба да станат посвесни за предностите што ги нуди оваа област со континуирано самообразование и неприфаќање на спуштање на нивото на квалитетот на изработка.

Текстов е објавен во „Неделно Време“ (21.04.2007).

Полезни линкови за употребливост

23 April 2007

Основни прашања за употребливост

Употребливоста разгледува прашања од типот:
  • Кои се корисниците, што знаат, а што може да научат?
  • Што сакаат корисниците или што треба да направат?
  • Кои се општите информации за корисниците?
  • Во кој контекст работи корисникот?
  • Што треба да се препушти на машината? Што треба да се препушти на корисникот?
  • Дали корисниците можат лесно да ги извршат поставените задачи?
  • Колку треба да се обучуваат корисниците?
  • Каква документација или други придружни материјали се достапни како помош за корисниците?
  • Какви и колку грешки прават корисниците при интеракција со производот?
  • Дали постојат мерки за задоволување на специјални потреби на корисници со хендикеп? (пристапност)

Десет најчести грешки во веб-дизајнот, според Јакоб Нилсен

Ова е ептен концизно пренесување на главните точки од текстот (Top Ten Mistakes in Web Design) на Јакоб Нилсен.
  1. Лошо пребарување – пребарувачот не треба да биде само буквален, туку треба да ги зема предвид печатните грешки кои корисникот може да ги направи
  2. Објавување на документи само како ПДФ датотеки за читање на интернет – за разлика од ХТМЛ, овој формат е наменет за печатење на хартија, а не за читање од екран
  3. Неменување на бојата на посетени линкови – корисникот не знае што сè има посетено
  4. Непрегледен текст – читањето од екран е потешко отколку од хартија, па текстот треба да биде разбиен на пократки пасуси, со празен простор, јасно означени наслови, поднаслови и важни термини, а при набројување да се користат листи и „булети“, не континуирани реченици.
  5. Фиксирана големина на фонтови – оневозможува корисниците со послаб вид да го прилагодат изгледот преку менито на разгледувачот.
  6. Наслови на страници со ниска видливост за машините за пребарување – насловот треба да ја одразува содржината преку клучни термини и да биде дел од кодот, вметнат во тагот title.
  7. Употреба на рекламни елементи – корисниците не доаѓаат да гледаат реклами и сесрдно ги избегнуваат сите банери, мали анимации и прозорци што искокнуваат (поп-ап).
  8. Непридржување до конвенциите за дизајн – секој обид да се измисли топла вода губи времето на корисниците кои се навикнати на стандардни функции.
  9. Отворање на нови прозорци на разгледувачот – троши дополнителни компјутерски ресурси без дозвола на корисникот, оневозможува природно враќање на претходните сајтови и го нарушува текот на сурфањето.
  10. Неодговарање на прашањата на корисниците поставени преку е-пошта и нудење недоволно информации. На пример, објавување каталог на производи без цени.

25 May 2006

Препораки на Владата на САД за веб-дизајн и употребливост

Research-Based Web Design & Usability Guidelines

Дополнение: оригиналниот пронаоѓач на линкот е Јован.

01 March 2006

Заборавање дека пишувате за вашиот иден шеф

Стручњакот за употребливост Јакоб Нилсен, во неговите „Употребливост на блогови: Десетте најчести дизајнерски грешки“ (Weblog Usability: The Top Ten Design Mistakes) советува:
Заборавање дека пишувате за вашиот иден шеф
Секогаш кога објавувате нешто на интернет, било на блог, во дискусиона група, или дури и преку е-пошта, помислете за тоа како тоа што сте го напишале ќе му изгледа на директор што би ве вработувал за десет години. Штом напишаното излезе од вашиот компјутер, тоа се архивира, кешира и индексира на многу сервиси за кои вие веројатно и не сте свесни.

За многу години, некоја фирма може да ја разгледува можноста да ве вработи и како мерка на претпазливост ќе провери што има за вас на интернет. (Ако мислите дека Гугл е опасен, знајте дека во иднина ќе се појави некој супер-шпијунски сервис што ќе може да ископа сè за вас што било кога било ставено во дигитална форма.) Што ќе може да најдат објавено под вашето име: наивно чисти „анализи“ или гадни навредливи пораки по дискусии?

Размислете малку пред да ставите нешто на блогот. Ако не сакате вашиот иден шеф да го прочита, не го објавувајте.
За споредба: „Сталин во душата“ од Урсула К. ле Гвин.

11 February 2006

Насоки за употребливи блогови

Ја поздравувам иницијативата на Анти за пренос на знаења за блогерите кои негуваат амбиции за надминување на „примордијалната фаза“, во која „сè уште не можат да артикулираат разбирлива порака, читлива содржина, а со тоа не можат и да привлечат постојана публика“.

При тоа, го препорачувам написот „Употребливост на блогови: десет најчести грешки во дизајнот“ (Weblog Usability: The Top Ten Design Mistakes) на гурото на употребливоста, Јакоб Нилсен, кој смета дека:
Блоговите се често премногу интерно фокусирани и ги игнорираат клучните прашања од областа на употребливоста, со што им отежнуваат на новите посетители да го разберат и да му веруваат на авторот.
Нилсен изложува низа емпириски проверени работи со кои поголем број од разумните луѓе би се сложиле оти се многу логични, но ретко кој на нив обрнува внимание. Некои од нив веќе биле предмет на дискусија кај нас, како потребата од зголемено линкување, а за четвртото прашање „линкови кои не кажуваат каде водат“ може да прочитате во блогерската рубрика од денешниот број на „Форум плус“ (за жал моментално недостапен на интернет).