Блекаут

28 June 2007

Маче бара човек

Можеби ќе го наречат Диоген? Повеќе информации кај Умка.
(На сликата не е Умка, туку мачето кое бара дом.)

23 June 2007

Две интервјуа со Џоичи Ито

Во Неделно Време (23.6.2007) е објавено интервјуто кое со Џоичи Ито на официјалната промоција на Криејтив комонс во Македонија го направи Владимир Николовски. Заедно со интервјуто пренесен е и стрипот „Како функционира Криејтив комонс“ од централниот сајт (How it works) кој го адаптираше тимот на Метаморфозис.

Во вторник во Шпиц треба да излезе уште едно интервју, кое го има направено Владо Апостолов. Џои работи на тоа интервју преку неговиот блог, што е веројатно прв таков случај во македонското новинарство.

Сите гореспоменати дела наскоро ќе бидат достапни и на веб на македонски јазик.

Бистрење политика, vol. 1

Има неколку фундаментални проблеми кои треба да ги надминеме за да го подигнеме нивото на демократија во земјава - нетранспарентно одлучување, договарање на принцип на преговори меѓу главатари (на племиња, кланови, семејства/фамилии) наместо со граѓанско учество, недостаток на јавна расправа за клучни прашања, недостаток на отчетност за тешки гафови (што е со македонскиот државен идентитет во Охрид?), непостоење интерпартиска демократија, независност во носењето одлуки... Оксиморон вели:
Инаку, во сите други држави овие прашања се регулираат преку дискусии во парламентите. Таму народните избраници изнесуваат во јавноста аргументи „за“ и „против“ посочените предлози. И именуваат. Во име на оние кои ги избрале и чиј интерес го застапуваат. Но не и кај нас. Кај нас парламентот е само збир на тастери во рацете на лидерите на партиите. Сони Плејстејшн систем.
Слично сакаше да каже и Горан Михајловски:
Доцна им е да жалат. Ако во НАТО примаат феудални општества тогаш имаме шанса. Оти партиите личат на феуди. Главен е интересот на феудалецот, а не на државата.
И во право е .аНТИ: ваистина сме во војна! :-(

22 June 2007

Википедија на македонски надмина 10.000 статии

Бројот на статии на Википедија на македонски јазик тукушто надмина 10.000! :-)

Со тоа, нашата википедија ќе се вброи меѓу википедиите од наредното ниво, со над десет илјади статии. Нек се множат и нек се шири знаењето.

21 June 2007

Предлог за флаер за Форумот на НАТО, Евровизија во Белград...

Напишав еден краток текст кој го ставам на располагање на сите што би сакале да лобираат за Македонија со користење на хумор и сатира. Текстот прави алузија на песната на Џон Ленон и се надоврзува на она со Дедо Мраз. Насловот е „Imagine all the countries...“

Исто така, предлагам нов слоган за кампања во оваа смисла:

Just Macedonia,
thank you very much!

Македонија станува дел од светот на слободната култура

Светскиот бренд Криејтив комонс влегува кај нас

Филип Стојановски

На многумина навикнати на практиките на првобитната акумулација на капиталот што ја искусиле во Македонија може да им биде чудно што некои од најпознатите брендови во светот на Интернет не се ориентирани кон алчно собирање профит.

Иако некои од гигантите во компјутерската индустрија често ги споредуваат со рекетари и бескомпромисни освојувачи од типот на Борг (од Ѕвездени патики), дури и некои од многу успешните комерцијални играчи, како Гугл, својот деловен модел го базираат на обезбедување бесплатни услуги и индиректна заработка преку реклами. Но, секако вистински херои во приказнава се фирмите и организациите што работат целосно непрофитно, а имаат огромно влијание. Таквите најчесто се идентификуваат со поимот слободна култура.

Членовите на движењето за слободна култура се најразновидни. Од компании што меѓу другото произведуваат слободен софтвер и им овозможуваат на сите да го користат, копираат, приспособуваат и споделуваат, до филантропски фондации и невладини организации кои сметаат дека пристапот до знаење е предуслов за решавање на сите други проблеми во светот. Увидувајќи го потенцијалот на Интернет во таа смисла, тие често формираат меѓусебни сојузи, доаѓаат до заеднички платформи и се помагаат меѓусебно во остварувањето на заедничките цели.

На пример, заедницата на слободен софтвер веќе има произведено неколку светски бренда. Имињата како Линукс, Убунту, Опен офис, Мозила, Фајерфокс или Тандербрд се поврзани со производи во чиј брендинг се заснова на искуствата на корисниците, а не на инвестирање во огромни маркетиншки буџети, особено во споредба со неслободните конкуренти. Тие заземаат огромен дел од пазарот на информатичка технологија и со задоволство ги користат и влади и фирми и милиони индивидуални корисници. На луѓето едноставно им одговара да користат квалитетен, легален софтвер за кој не мора да ги плаќаат лиценците.

Друг важен дел од движењето на слободна култура е отворениот пристап, чии актери се залагаат за целосна достапност на резултатите од научните истражувања, со што се зголемува и комуникацијата меѓу научниците, образовните стручњаци, студентите и сите заинтересирани за ширење на знаењето во таа форма.

Криејтив комонс како светски бренд

Развојот на Интернет го има поттикнато американскиот правен стручњак Лоренс Лесиг да ги примени ваквите и слични искуства и на поширокото поле на авторски права. Организацијата што ја основал во 2001 година заедно со неколку истомисленици ја нарекле Криејтив комонс, а тешкопреводливото име се однесува на добрата во јавна сопственост. Историјата на англискиот јазик не учи дека првобитно зборот комонс се однесувал на јавните простори, како паркови и плоштади, односно на делот од имотите на селата кои биле во сопственост на сите селани, како ливадите на кои сите можеле да ги напасуваат говедата, или шумите од кои сите можеле да собираат дрва за потпала.

Многу брзо Криејтив комонс ја има добиено поддршката на луѓето што веќе го користеле Интернет за објавување на нивните креативни производи. Во прв ред тоа биле автори на текстови, новинари, репортери, писатели, кои често истовремено биле и блогери, луѓе на кои не им пречело ако ги цитирате, под услов да наведете точно од каде доаѓа цитатот, со име и презиме и линк до оригиналот. Од сличен мотив им се придружиле и авторите на други видови содржини, како фотографии, музика, филмови... кои и пред тоа ги објавувале своите дела на Интернет и на кои им било потребно скратување на процесот на одобрување кога некој сакал да ги преземе - а со тоа и промовира.

Имено, според важечките закони за авторски права, секое дело со самиот чин на создавање е заштитено, а авторот се добива со морални и материјални права. Доколку го објави делото на Интернет, авторот не губи ниедно од тие права. Тоа што технологијата на други луѓе им овозможува да симнат и искористат слика од веб-сајт не значи дека тие смеат да го прават тоа. Без експлицитна дозвола на авторот таквиот чин е пиратство, а починителот може да стане цел на тужба за отштета.

Една од целите на Криејтив комонс е на авторите што сакаат на другите да им дозволат да ги користат своите дела, да го направат тоа на еден елегантен, јасен и правно издржан начин. Со примената на некоја од лиценците, авторот всушност склучува договор со своите корисници, кои се обврзуваат делата да ги користат според однапред определени услови, уживајќи определени привилегии.

Така на пример, преку една од лиценците, еден автор-блогер може да дозволи корисниците да користат негови текстови и да ги објавуваат во своите изданија, под услов да го наведат изворот (да нема плагијат) и тие изданија да се некомерцијални. Доколку корисниците прекршат некој од условите на договорот - на пример го објават текстот во комерцијален весник - тогаш авторот може да ги тужи за нарушување на неговото авторско право, поткрепено со лиценцата.

Македонски парадокси

Досегашната практика во Македонија укажува дека голем број објавени дела циркулираат без попречувања меѓу корисниците, во вид на пиратски производи и плагијати. Но, пиратството и плагијатот не се дел од слободната култура. Слободната култура подразбира функционирање на правната држава и почитување и на правата на авторите.
И во Македонија има голем број автори што од промотивни или хуманитарни причини дозволуваат слободен или делумно слободен пристап до своите дела, било преку Интернет, било преку други медиуми. На пример, на сајтот Македонска музичка мрежа има дел МП3 во кој се поставени десетици песни од македонски изведувачи. Арно ама на страницата постои и една контрадикторност - стои текст дека „сите права се задржани". Тоа „сите“ значи и правото на симнување, изведување и дистрибуција. Значи, иако се ставени на располагање, нашиот закон пропишува дека граѓаните што ќе бидат „фатени" да ги поседуваат овие датотеки може прекршочно да одговараат - доколку не покажат документ со дозвола да ги користат или дистрибуираат потпишан од сопствениците на авторски права.

Секако дека уредниците на сајтот немале намера на овој начин да „фабрикуваат" криминалци, но без соодветна законска рамка на нивните корисници може да им се случат многу непријатни нешта. Токму за разрешување вакви ситуации се наменети лиценците Криејтив комонс. Уредниците на сајтот, а уште подобро самите автори, можат да применат некоја од нив преку поставување соодветна ознака на страниците, по што корисниците ќе знаат што точно можат да прават со изложените дела.

Дополнително загрозување на корисниците во Македонија е улогата на фирми што вршат застапување колективни авторски права, како ЗАМП, наплатувајќи глоба од корисниците што пуштаат музика јавно, без разлика на тоа дали авторите на музиката ги овластиле тоа да го прават или не. Работите се придвижуваат и на ова поле, но се уште на државно ниво се чека на решение со кои на авторите ќе им се овозможи право на избор, преку кое ќе може да ја одбијат „заштитата" на ваквите организации. Се најавуваат темелни измени на законската регулатива со кои Македонија уште повеќе ќе се приближи на развиениот свет, а со тоа ќе се овозможи и поголемо поле на дејствување на слободната култура.

Криејтив комонс во Македонија

Како што пиратството е еден од најголемите противници и попречувачи на слободниот софтвер, така и ситуацијата во која не се знае кој пие а кој плаќа во светот на продукција и дистрибуција на културни добра е закана за пошироката слободна култура.

За Криејтив комонс да дојде во Македонија, прво требаше да се создаде критична маса на поддржувачи и организации што би застанале како застапници на движењето. Оти ова е движење кое што е невозможно да се наметне однадвор во средина каде што за него нема потреба или интерес. Големиот број блогери, фотографи, дигитални уметници кои почнаа да ги користат американските лиценци во последните две години укажа дека е дојдено време за тој чекор.

Фондацијата Метаморфозис, која е официјален претставник на Криејтив комонс во земјава, изврши превод и приспособување на текстот на лиценците на македонската правна рамка. Во целиот процес голема улога играа и стручњаците од Центарот за образование за интелектуална сопственост од Правниот факултет во Скопје, како и НВО Контрапункт, чиј културен центар Точка има голема улога во комуникацијата и вмрежувањето меѓу младите македонски уметници и творци. Текстовите потоа беа изложени на јавна расправа, па потоа и официјално одобрени од централата на Криејтив комонс.

Со официјалното објавување на лиценците, закажано за 19 јуни, Македонија на уште еден начин ќе им се приклучи на водечките светски трендови, а сите нејзини граѓани ќе може да ги користат благодатите на слободната култура и за лична полза, но и за промовирање на културните вредности на земјата во која живеат.

Текстов беше објавен и во Неделно Време на 17.6.2007.

16 June 2007

Конкурс за административно-финансиски асистент

Фондацијата Метаморфозис распишува конкурс за отворено работно место административно-финансиски асистент. Крајниот рок за поднесување на пријавите е 22 јуни 2007 г. во 16:00 часот.

15 June 2007

Прилика за промоција на МК - ако сте родени на вистински ден

Белгиска телевизиска екипа бара луѓе родени на следните датуми за учество во документарец за „близнаци-по-роденден“.


Мажи
29 април 1933
20 август 1949
11 февруари 1952
18 јануари 1956
5 мај 1956
27 јануари 1965
5 октомври 1968
5 февруари 1969
6 април 1969
1 јануари 1972
2 october 1972
1 јуни 1973
14 февруари 1975
3 мај 1981
Жени
5 април 1943
2 мај 1950
26 март 1961
20 јули 1963
15 февруари 1968
26 март 1975
4 ноември 1977
27 декември 1979
24 јули 1982


Ако ви го трефнале роденденот или знаете некој што одговара на условите и сака да учествува, јавете им се на twins@docfish.be.

Вторник: официјална промоција на Криејтив комонс во МК

На 19 јуни 2007 година во хотелот Холидеј Ин во Скопје ќе се одржи официјалното претставување на македонската верзија на лиценците Криејтив комонс.

Јоичи ИтоСпецијален гостин на настанот ќе биде Јоичи Ито, претседавач на управниот одбор на Криејтив комонс и член на управните одбори на ИКАНН, Фондацијата Мозила, Технорати и ајКомонс.

Почеток во 18:00 часот. Влез слободен. ;-)

11 June 2007

Дупка во законот за спам?

Во денешниот Шпиц има напис за спамот од Владо Апостолов. Тој открива нешто исклучително интересно:
Сепак, во законот има недоречености. Ниедна државна институција не може да ве сопре ако „спамирате“ некоја компанија од својот личен имејл. Законот за електронски комуникации и дава надлежности на Агенцијата за електронски комуникации да поведе прекршочна постапка само доколку фирми спамираат физички лица или други компании. Дирекцијата за заштита на личните податоци од друга страна ги заштитува само граѓаните што добиваат спам-пораки. Двете институции не можат да заштитат фирма што добива спам од некој личен имејл.
Во написот се има поткраднато и една грешка. Сумите за казните се во денари, а треба да се во евра.

10 June 2007

Ангажирана уметност на тема: визно гето

Дали уметноста има смисла ако не е ангажирана? Ако уметноста е израз на човековите внатрешни чувства,* тогаш би било логично тие чувства да се одраз на реални состојби. Еве два свежи примери преку кои млади, современи македонски уметници се осврнуваат на прашање кое ги мачи и поголемиот дел од нивните сограѓани - визното гето.

1. Зоран Попоски - Граница (30.05.2007, КЦ Точка)

Зоран имаше перформанс со приказ на видео-арт и создавање уметнички дела--визи--за посетителите на лице место.



2. Драган Христов - Anywhere but here (2-9.06.2007, КЦ ЦК**)

Драган нема сајт, па направив една снимка од него пред инсталацијата „Без наслов (61,5 x 1,61,5 x 2...)“ посветена на „математичката операција, наметната во нашето секојдневие да пресметуваме во евра, вообичаено нешто кога патуваме во странство, наместо во денари, зборува за тоа дека ние, Македонците, немаме монетарен идентитет...“ и едно видео од инсталацијата со „балончињата од сапуница, што само што не излегле од прозорецот. Балончињата како метафора на желбата и сонот...“.



Тој имаше и една инсталација од пасоши поставени како домино, но за кои се знае дека нема да паднат, оти се прицврстени за подот. А тоа знаење е дел од поставката.

* Дефиниција што ја имам чуено на час по музичко во петто одделение од наставникот Киро.
** Kај што беше Точка.

03 June 2007

Два одлични белгиски стрипови по скопските трафики

Во „Политикин забавник“ од минатата недела тече новиот стрип на Херман, „Африка“, а пред некој ден стигна и „Стрипотека“ со нова епизода на „Куклата од слонова коска“ на Франц (1948-2003).



„Африка“ е издадена од „Стрип арт фичрс“ - компанија на легендарниот сараевчанец Ервин Рустемагиќ, сега лоцирана во Цеље.

Сад му је матер за слободен софтвер

Државата ја отворила сезоната на лов на корисници на нелиценциран софтвер:
Согласно Законот за заштита на интелектуалната сопственост, вчера во центарот на Скопје било затворено и едно Интернет кафуле каде што инспекторите од Управата за јавни приходи откриле нелиценцирани софтвер на "Мајкрософт".

Акцијата на инспекторите била засилена со полициско обезбедување. Интернет кафето, на чии компјутери бил инсталиран нелиценцираниот софтвер, е затворено на 30 дена. На сопственикот ќе му биде поднесена соодветна пријава, информираат од МВР.
Ова е дополнителен стимул за оние кои се на пиратски, да се легализираат - ако сакаат бесплатно, со користење слободен софтвер.

Доколку има потреба!?!

Во веста за тоа како „Живко Г. (71) од струмичкото село Моноспитово цела година блудничел и вршел полов напад врз 7-годишно девојче од истото село“ се споменува и дека (болдирањето е од мене):
За половиот напад вчера слушна и министерот за труд и социјална политика Љупчо Мешков. Тој преку Центарот за социјални работи вети помош за девојчето доколку има потреба од психолози и педагози.
Реакцијава е катастрофа. Дете што поминало низ такво искуство секако дека има потреба од стручна помош - по службена должност.

Најлошо би било случајот да се забошоти и детето да се остави со такви психички рани без помош - да се бутне под тепих. Исто како што државата мора да го гони и (ако се докаже дека е виновен) да го осуди Морли без разлика на мислењето на роднините на жртвите. Зар ако педофилот „му компензира“ парично на таткото на девојчето, тој треба да биде ослободен? Башка што ослободуваат осомничени злосторници „заради возраста“, ко да нема затвори за малолетници.
Во последно време се почести се случаите на сексуално насилство врз деца. Според експертите траумите од ваквите изживувања трајни и неизбришливи - оставаат трага и жртвите ги следат цел живот.
Дополнително, наспроти предрасудите: Колкав дел од напливот на реални случаи на педофилија и силувања во Македонија за кои во последно време дознаваме од медиумите имаат врска со интернет?