Блекаут

29 October 2006

Ѕирнување во современото ерменско сликарство


Шетајќи се по Ереван, наидов на галеријата „Араме“, сместена во ниско приземје во близина на главниот плоштад. Луѓево не само што се трудат да презентираат квалитетни слики од современи автори, туку велат и дека доста продаваат во странство благодарение на интернет, а и со учество на меѓународни настани како Артекспо во Њујорк. И... нудат достава било каде во светот. Е зошто нашиве галеристи не прават така?


Сликите се „Револуција“ и „Натпревар“ од Армен Геворгијан...

...и „Надеж“ од Давор Моурдијан.

28 October 2006

Ерменија на прв поглед (по втор пат)

Ерменија веќе ја имам посетено во 2004 година и од тогаш до сега барем надворешно има елементи на напредок. Аеродромот тогаш беше во типичен „советски“ стил и со хаотичен прием на гостите - немаше ред, за да поминеш требаше да се буткаш, инаку ако си чекаш, ќе чекаш. Полицијата со огромни шапки воопшто не интервенираше.

Сега е заменет со нов терминал, со перфектен изглед, голем, мермерен, со сите матракуки како оние јажињана за застанување во ред, многу шалтери за вадење виза (на лице место - 30$) и со убави фотографии на кампања за ребрендирање на земјата, како и млад и симпатичен персонал кој следи што се случува и прашува да не треба нешто. Овој терминал бил само за влез, а градат и други, со цел да прераснат во транзитна точка до околните и далечни дестинации, наместо „слепо црево“.

Низ центарот на Ереван има многу повеќе продавници за облеки од дизајнерски конфекции, меѓу кои и од „Тера нова“. Иако повеќето мажи сеуште се облекуваат во црно, или во костуми или во подолги јакни, народот не изгледа тмурно дури и на облачново ноемвриско време.

Плоштадот на Републиката е огромен и опкружен со репрезентативни зданија.

Веројатно затоа што е сабота, низ центарот на Ереван во текот на пладнето ечеше од сирени на автомобили. Свадби. Изгледа имаат обичај да свртат по неколку кругчиња на главниот плоштад, како овие на фотографијава. Младенците се во белата лимузина, а во таа што вози пред нив низ отворениот покрив е проврен камерман кој ги снима...

Препорачана авиокомпанија: Чешки аеротранспорт (Czech Airlines Rules!)

По што се разликува Чешкиот аеротранспорт (České aerolinie | Czech Airlines) од
  • МАТ и Ал Италија? - Не наплаќаат за храна во авионот.
  • ЈАТ? - Екипажот е многу пољубезен и списанието е скоро целосно неоптеретено од политика.
  • Сите горенаведени? - Чехињиве служат алкохол (чешко вино и пиво) во авионот без дополнителна наплата, а храната на долги летови е топол оброк + вкусна.

27 October 2006

Чесите скромно се фалат дека им оди добро

Според весникот „Праг пост“ (The Prague Post) што го прочитав во авион, на Чесиве добро им оди, ама се гледа дека не се навикнати да се фалат баш, па и кога изложуваат нешто пофално, во истата или соседната вест ставаат и информации за некои потешкотии. А и во вести за лоши работи ставаат по некој поволен аспект.

На пример, Чешка наводно има невиден економски подем во последниве 15 години, што довело и до имаат огромен пораст на корисници на широкопојасен интернет-пристап (300 илјади нови годинава, 1 милион вкупно од 10 милиони жители), доволно за Скајп да се локализира за чешки и да отвори подружница. Арно ама Ромите сеуште не ги почуствувале придобивките, оти локалните власти ги пренасочуваат парите од централната власт наменети за нивна дегетоизација.

Како дел од процесот на ослободување од комунистичкото наследство, ги прибираат сеќавањата на бившите комунистички раководители од периодот кој го нарекуваат „нормализација“, односно - враќање од комунизам кон нормалност.

Офлајн имаше и напис за тоа како Чехињите биле многу убави, паметни и еманципирани, како тековната Мис на светот, ама види беља - откако се придружиле на ЕУ, најубавите одат да работат како манекенки позападно.

А со ЕУ имаат и друг проблем - покасно ќе влезат во Шенген, па испаднало дека предвреме пренасочиле 500 гранични полицајци за кои мислеле дека нема да им требаат. Сепак, од тоа немало последици врз криминалот, па дури забележуваат намалена трговија со луѓе. Полицајците развиле и софтвер за идентификација преку òдот, ама засега никој не сака да го употребува.

И најпосле, во Прага има Фестивал на стрипот (Komiks Fest). Ама чешкиот стрип не се извезува.

На пат за Ереван, поздрав од Прага

Патувам за Ерменија на Конференција за улогата на слободниот софтвер во развојот на информатичкото општество. Таму ќе го презентирам истражувањето на Метаморфозис за софтверот во општините.

Моментално сум на аеродромот во Прага, во една кафеана што истовремено служи како интернет-кафе. Услов за седнување на компјутер е да купиш пијалак. П'лзењско пиво = 4 евра.

Аеродромов сигурно не е еден од најефтините што сум ги видел, но за аеродром на западна земја е сигурно најрелаксиран. Нема цело време предупредувања од типот „не го оставајте багажот сам“ и слични пораки за дигање параноја, како по американските, швајцарските или италијанските аеродроми што сум ги посетил во последниве неколку години. Има и канти за ѓубре. Значи, не се плашат нешто од оставени бомби, а не прават ни проблем со неколку кила течности во рачен багаж. Луѓето се љубезни, а единствените пораки преку разглас се до оние кои доцнат на своите летови, па ги молат да се качат инаку ќе отидат без нив.

Виндоузот на машинава е на германски, но може да се додаде азбука на тастатура, па еве пишувам директно на „Mazedonisch (FYROM)“. И интерфејсот на Блогер е на германски.

Забрана за користење мобилни во училиште

Случајно се најдов во едно скопско училиште и не одолеав на дискретниот шарм на забранава за користење мобилни телефони во него.

Внимание ми привлече поуката: „Не заборавајте дека доколку поседувате мобилен телефон сте потенцијална жртва на крадците. Затоа чувајте го на безбедно место!“

25 October 2006

Тривијализација како средство за привлекување публика?

На блогот Трибун има обид за анализа на македонската блогерска заедница, особено на факторите кои влијаат на посетеноста. Авторот ги категоризира мотивите за блогирање (љубопитност/помодарство, издувен вентил, искажување ставови), па вели:
Во контекст на ваквата поделба, преку мојот случај се покажа дека квалитетот на текстот и времето поминато за негова подготовка е обратно пропорционално со бројот на посетите и коментарите. Односно колку поиздржан текст, толку помалку интерес кај публиката.
Заклучокот е дека тривијализацијата, краткоста, едноставноста на јазикот и познатоста на темите позитивно влијаат на посетеноста. Авторот препорачува „најдобро е своите лични ставови преточени во текст да ги миксате со тривијални теми“.

Целата анализа звучи многу логично и ја препорачувам како појдовна точка за критичко размислување, со забелешка дека примерокот постови е многу мал и ограничен, дека нема споредба меѓу повеќе блогови на повеќе сервиси, како ни квантитативни и демографски податоци за испитуваната популација, со помош на кои би можело да се определи валидноста.

Детална агенда за конференцијата е-Општество.Мк (e-Society.Mk)

На нејзиниот веб-сајт е објавена детална верзија на агендата (нацрт) на конференцијата е-Општество.Мк. Доколку сте заинтересирани за учество, не чекајте до крајниот рок на 6.11 да се пријавите. За некои од настаните, бројот на места е ограничен.

24 October 2006

Мал фонт => мал ефект

Дарко од Комуникации ми посочи еден текст (Small Fonts Spell Trouble Online) со вест дека најновото истражување извршено во Норвешка потврдило дека користењето мали фонтови ја намалува продуктивноста на корисниците. Препорачлива големина е 12 или 10.

Стипе Месиќ низ Скопје. Внимавајте на пајакот

Стипе Месиќ, еден од главните балкански фраери, денес го посетува Скопје. По рутата по која треба да помине има распоредено силно полициско обезбедување.

Внимавајте како паркирате низ центар!

На другар ми, кој бил паркиран прописно, но во близина на рутата, сепак му ја собрале колата со пајак. Требал да плати 2000 денари да му ја вратат (цена на услугата на пајакот), а не морал да плати уште 1500 денари колку што би изнесувала казна за непрописно паркирање.

Нова сорта на атеизам - фундаменталистички и мисионерски

Уредникот на „Вајерд“ Гери Вулф има преземено лично патување по врвиците на новиот вид атеизам, чии промотори без срам и перде се залагаат за целосно отфрлање на верувањата во натприродното од нашата цивилизација. Текстот дава пресек на различните фракции и важни автори од ова движење, како и за неговиот однос со тврдите и меките теисти (верници).

Аргументациите од текстот може да бидат од полза во при дебатата околу не-воведувањето веро-наука во јавното образование:
  • „До кој степен треба децата да ги сметаме за сопственост на родителите? Едно е да кажеш дека луѓето смеат да веруваат во што сакаат, но дали смеат да ги наметнуваат тие верувања на нивните деца? Дали општеството треба да интервенира? Што кога децата се присилуваат да веруваат во очигледни невистини?“
  • Всушност, тој се залага дека неутралното образование за сите религии во светот, базирано на научниот метод, треба да биде обврзно во училиштата. Најпосле, тој вели, „ако треба на децата да им ги врзете очите за да обезбедите дека ќе се вклопат во нивната религија кога ќе пораснат, таквата вера треба да исчезне“.
  • улогата на религијата и политиката: „Секој знае дека атеист не може да добие на избори.“
  • а и нешто што може да ја заинтересира и Би: „Дали интелигентните роботи ќе бидат религиозни?“

23 October 2006

Авиони и мрежи - екстраполација

Брус Стерлинг ги комбинира своите омилени теми - за мрежите и млазните авиони (Barbarians at Gate 8), раскажувајќи за визијата на британскиот адмирал Крис Пери, кој шпекулира за верзија на иднината „околу 2030 година, во која војната против тероризмот сеуште се влече, а терористите победуваат“, бидејќи благодарение на глобализацијата, имигрантите наместо да бидат асимилирани, го задржуваат својот културен идентитет.

Насловот на текстот секако, буди сеќавања на песната „Чекајќи на варварите“ од К. Кавафи.

Повеќе информации за конференцијата е-Општество.Мк

Надоврзување: на официјалниот веб-сајт на Втората меѓународна конференција е-Општество.Мк е поместена агендата со распоред на сесиите, работилниците и другите настани. Накратко, планот е следниот:
  • 15 ноември - пленарни сесии:
    - Најдобри пракси за изградба на институцинална рамка
    - Е-владеење и граѓанско учество
    - Слободен пристап до информации и заштита на лични податоци
  • 16 ноември - пленарни сесии:
    - Е-трговија, компјутерски криминал и законска рамка за сигурност
    - Влијание на новите медиуми на применетите политики (digital switchover)
    - Изградба на синергија: Премостување на јазот еЕУ-еЈЕЕ (тркалезна маса)
  • 17 ноември - работилници:
    - Интернет-новинарство
    - Родова евалуација на ИТ проекти
    - Слобода на изразување на интернет
    - e-Пристапност: Вклучување на луѓето со посебни потреби во информатичкото општество
    - Авторски права во дигиталната ера
    - Слободен софтвер
    + концерт: групата „Звук брода“ од Загреб, која објвува под Криејтив комонс
Сите активности ќе се одржат во „Холидеј ин“, освен концертот кој ќе биде во „Точка“.

Доколку сте заинтересирани за учество, пријавете се преку формулар на самиот веб-сајт, или со пополнување и испраќање документи со пријава. Котизацијата ја покриваат спонзорите, но поради ограничениот број места учеството на определени настани од конференцијата ќе биде на принцип кој попрво се пријави, тој (таа) добива резервација.

Благодарност до Комуникации, Панта реи и Археолошки дневник за поддршката.

22 October 2006

Кибицер - Том Хенкс, Анета В. - Мег Рајан

Извор на оригиналната слика: некој кинески блог.

Ај белким ќе тргне работава со помошта за Кибицер, што си ја бара саканата преку блогот свој. Ако сте блогер/ка, ставете пост за ова со линкови до другите од клапата, како што тоа го сторил ВББ.

Е сеа, иде бест-кејс сценарио: Зале и Анета се наоѓаат и тако томе, ама и целата МБЗ може да има полза. Слично како оној со црвената спајалица, тој после пишува книга, или ја продава приказната во Холивуд или овде се прави филм на темата (прв блогоцентричен филм во светот, а можеби и втор догма-филм во Македонија) па Холивуд ги откупува правата и прави римејк. „Јув гат мејл 2: Гат блог - вил лав“ (Got Blog - Will Love*). Па нели и најновиот филм на Милчо е урбана драма. А тоа е баш за 21 век!

Не само што Том Хенкс и Мег Рајан може пак да ги играат главните улоги, туку за да биде филмот интересен освен главната приказна ќе има и многу микроприказнички за блогерите кои ја пренеле информацијата и се вклучиле во потрагата. Нешто како „Пи“ или „Продавачи“, со галерија интересни ликови, само без Џеј и Сајлент Боб. Барем за оние пофотогенични што се, или што се женски. Еврибади винс.

* Homage to Have Space Suit-Will Travel by Robert A. Heinlein

Фикомирање да, но да не ги заборавиме фајромирање и фајромизирање

Dont you fikom meТреба да се оддаде признание на Владо од „Канализација“ што официјално го врти вниманието на јавноста на појавата на нов збор во нашиот јазик:
Фи - комира значи да продадеш ист стан на повеќе луѓе. Тоа да го правиш подолг период, а на никој да не му е гајле. Сепак, подолго фи-комирање кошта затвор.
Како што објаснува Владо, значењето на глаголот е пошироко, а се однесува на сите ситуации во кои некој е излажан дека нешто му е наменето само нему, а всушност било продадено и на многу други.

Уште да се договориме дали подобар превод на претходниот нов збор, настанат од слоганот „Don't you FYROM me“ е фиромизира, фајромизира, фиромира или фајромира.

Сите дела на Дарвин на интернет, со и без линк


„Вест“ има пренесено вест од „Ројтерс“ во која се раскажува дека сите дела на Чарлс Дарвин се објавени на интернет. Полезно за сите заинтересирани за еволуцијата.

Од овие две вести, оригиналот го содржи линкот до веб-сајтот (darwin-online.org.uk), а македонскиот превод не.

21 October 2006

Што ќе ни е образование, природно сме си паметни

„Вест“ известува за извештајот на УНИЦЕФ кој укажува дека Македонија е неписмена, a нивото на способности на учениците е во опаѓање.
Во Македонија дури 34% од учениците не се запишуваат во средно школо и се задоволуваат само со основното образование.
Во веб-изданието на весникот не е поместен инсертот кој укажува дека околу половина од работната сила ни е без завршено средно образование.

Оригиналното известување за медиумите на УНИЦЕФ содржи и линк до извештајот (Innocenti Social Monitor 2006), кој може да се симне во ПДФ-формат на англиски и руски.

Анета В., јави му се на Зале, односно Кибицер

Познавате некоја Анета В.? Прашајте ја дали има другар од средно што испаднал малку смотан и не ѝ го побарал бројот кога се виделе неодамна во ГТЦ, но сепак е симпатичен и можеби вреди да се проба ш-б-б-к-б-б. Особено што така ќе влезе во историјата на интернет во Македонија, а може ќе стане и јавна личност. Без зезање.

Ако одговори потврдно, нека јавне бела кобила и нек му се обрати на Кибицер. Ја бара чоекот. За оваа романтична и урбана иницијатива дознав преку Рибаро. Порака до Кибицер: распрашај се и по луѓе, особено тие што оделе во средно заедно со вас. Може знаат. Или најди ја адресата на мајка ѝ преку дневниците од средното, што се вадат на 5, 10, 15-годишнини од матурска.

20 October 2006

Пример за грл-пауер: турбофолк песната „Гачице“

Ерика се жали на патријахалните предрасуди поврзани со секс на прва вечер. Па такви работи се надминуваат дури и кај турбофолкерките.

Стручњаците за родови односи што ги консултирав, песната за долна облека оставена кај машкиот партнер (Goga Sekulić: Gaćice) ја сметаат за жив пример за еманципација, наспроти минатата мода (Tina Ivanović: Bunda od nerca) да се слави занаетот спонзоруша или песни за жените што можат сè да поднесат (Slavica Ćukteraš: Prevari me; Seka Aleksić: Dođi i uzmi me), само да не бидат оставени сами.

Благодарност до ТВ БТР што преку нивната СМС-емисија овозможуваат увид во најновите главни текови на популарната култура.

Сте ја пробале „Rome Total War - Alexander“?

Rome on AlexanderСлично како и „Алан Форд“, основната верзија на „Рим: Тотална војна“ го признаваше посебниот антички македонски идентитет. Дали некој го има пробано нејзиното продолжение, кое е на тема походите на Александар?

„Роум“ (што би рекле ние што одиме „со каро по стрито“) е најдобрата стратешка видео-игра направена досега, со одличен баланс меѓу стратегија и тактика. А ги спојува и поджанровите на стратегија на потези (turn-based) и во реално време (realtime).

Alexander + companionsГреота е играта на ова ремек-дело да се загадува со читови, кога на официјалниот сајт има збирка од неколку тактички финти кои не се очигледни. На пример, онаа како да се послужиш со чумата како средство за био-хемиска војна: преку праќање на свој шпијун прво во заразен град, а потоа на екскурзија кај противниците.

Критиките за за „Александар“ се поволни, иако на ГејмСпот нагласуваат дека елементот на дипломатија е минимизиран, за сметка на потребата да се брза да се заврши мисијата пред неговата рана смрт.

Препорака: Парнократија

Плаќам парно, а тие со мене си играат „топло-ладно“. Повеќе ладно. Затоа ми изгледа дека „Парнократија“ е една од најважните работи што ја прочитав неделава.

Постојат македонски блогерки со слики: Марија(та)

ПријателиПреку реферерите дознав дека Рибаро ме споменал во една дискусија на тема „Секс, правете го сè почесто и повеќе“ (се согласувам! во таа област, квантитетот + IQ => квалитет) оти Марија(та), домаќинката на блогот објавува нејзини фотографии на нет.

Имено, јас неодамна се пожалив на тоа што „ретко кои од македонските блогерки ставаат доволно свои фотографии на своите блогови“.

Фотогалеријата на Марија е светол пример, иако според пренагласеното рекламирање на нејзиниот блог ми личи дека има некаква подлабока поврзаност меѓу неа и веб-сајтот „Пријатели“. Ќе има уште?

19 October 2006

Не им се компјутерите криви на стриповите

Коинцидентно во ист ден прочитав два текста во кои прилично технофобно се ИКТ посочуваат како непријатели на стриповите. Првиот од „Дневник“ (19.10.2006) за Ване Трајков, стрип-ентузијаст од Велес:
Со носталгија Трајков зборува за времињата кога стрипот бил актуелен, а сега компјутерите го истиснале на маргините. За него е неразбирливо како денешните млади се откажале од задоволството да го почувствуваат мирисот на хартијата и бојата од стрипот, да го читаат пред спиење и да се бидат со него, и повторно да го препрочитаат, да се внесат во животот на јунаците, кои само во стриповите се непобедливи.
Нешто слично прво навести Сатанокио, во постот „Стрип култура (прв дел)“:
Што е тоа што ги уби стриповите во Македонија? Модернизацијата, технологијата, компјутерите? Децата/младите имаат друга забава денес. Никој не чита стрипови. Секоја чест на исклучоци.
...ама потоа се повлече чекор наназад низ коментар на истиот пост:
Да не се разбереме погрешно, не ги кривам компјутерите. Само прашав/дадов заклучок.
Во истата дискусија, јас претходно истакнав дека:
Не се криви компјутерите - тие токму помагаат оние што сакаат да читаат стрипови да ги најдат, како тебе. Македонија немаше многу силна автохтона стрип-продукција. Повеќето изданија беа од другите делови на бивша Југославија. Кога се распадна СФРЈ, пазарот се фрагментираше, некои врски се прекинаа, а некои од тие издавачи згаснаа. Младите немаа соодветна понуда, затоа се преориентираа на други медиуми.
Како аргумент, ја препорачувам збирката на веб-стрипови што ја препорачува еден од најважните современи стрип-автори, Скот мек Клауд. Приказните се далеку од еднодимензионалните црно-бели ликови и приказни по кои копнее Трајков во горенаведениот цитат. На пример, ѕирнете го „Пирсинг“, стрип без зборови од Дејвид Гедис.

Облечете го Рамбо Амадеус

Флеш-апликација во стилот на „Цицин кутак“ од „Политикин забавник“, со Рамбо Амадеус во главната улога..

18 October 2006

„Не лути се човече“ во Флеш - репринт

Не лути се човече.аНТИ препорачува една верзија на играта „Ризико“ изведена во Флеш.

Тоа ме потсети дека и јас еднаш препорачав една верзија на „Не лути се човече“ во Флеш. Па дури го ставив и линкот во блогрол, до толку ми се свиде.

Ептен е блиска до „оригиналот“, за разлика од (квази) Ризикото. Кога сме веќе кај името, буквален превод на оригиналното име е „Ризик“ (Risk). Не ми е јасно зошто ја преименувале „Ризико“, кое ми звучи како членувана форма на прилепски дијалект. А за да се преведе со „Ризикот“, оригиналното име треба да биде членувано исто (The Risk).

Океаните ни се во опасност! Еј!

Опрости ми КатринКај Би ја прочитав листата на де факто цензурирани стории, односно нешта за кои медиумите не сакаат да пишуваат. Без разлика што немаме море, и ние итекако ќе ги почувствуваме последиците на оваа појава (набрзински превод од првобитниот напис):
Нивото на морињата расте. Арктикот се топи. Владите одбиваат да признаат дека се случува глобално затоплување додека брзаат да го истражат океанското дно надевајќи се дека ќе заграбат права на користење нафта, гас, злато, дијаманти, бакар, цинк и последните неискористени подрачја за рибарење на планетата...

Проблемот е дека ако светскиот океан, кој опфаќа 70.78 проценти од нашата планета е во опасност, сите сме зафркнати. Според написот на Џулија Вити од „Мадер Џоунс“ (март/април 2006) истражувачите од Скрипс институшн оф осеанографи и од Националната лабораторија Лоренс Ливермор во 2005 го откриле „првиот јасен доказ дека светскиот океан се затоплува“. Меѓу другото „највисокиот слој од половина милја во последните 40 години е затоплен драматично поради гасовите кои го креираат ефектот на стаклена градина предизвикани со човечка активност“.
Во написот истражувачите бараат Владата на САД да отпочне масовен научен проект да утврди дали е воопшто можно да се спречат последиците од оваа ситуација, но новинарот заклучува дека таа институција досега не подигнала ни прсте во таа насока. А нашава? А вие?

Отворено писмо до Пинчер Барнет

Забележав дека повеќето постови на блогот Пинчер Барнет се со наслов „Јавниот дневник на Пинчер Барнет“.

Би било поинтересно за публиката, особено за оние кои може да дојдат од агрегатори како Дигимак блог, кога насловите на постовите би имале директна поврзаност со активноста во содржината. Ова се одразува и на употребливоста, оти ваквите наслови имаат помала видливост и кај машини за пребарување, а посетителите мора да вложат екстра напор за да видат што има во новиот пост.

Ако веќе е многу важно да стои името Пинчер Барнет во насловот, може да бидат и како холивудските филмови од на времето „Пинчер Барнет оди во самопослуга“, „Пинчер Барнет фаќа убава девојка“ итн.

Но поефикасно е да не стои, оти името на блогот автоматски се додава во насловите (ХТМЛ-тагот тајтл) на секоја индивидуална страница од блогот, па нема потреба да се дуплира. Исто би било поефикасно слоганот на блогот да не биде дел од насловот, туку да се премести, оти ја пребукира микросодржината (microcontent - вити точка 6 од текстот на Нилсен).

17 October 2006

Пантиќу, Сингапурќани: Од блогерка до фото-моделка

Венди Ченг, млада сингапурска блогерка станала фото-моделка за конфекциската фирма „Локален бренд“.

Наводно, сопственикот на фирмата кога ја сретнал и чул дека е блогерка, „ја земал“ за заштитно лице. Можеби помогнало тоа што таа има 21 година... и просек од скоро дваесет илјади посети дневно на блогот.

Ме чуди што ретко кои од македонските блогерки ставаат доволно свои фотографии на своите блогови. А има многу привлечни моми меѓу нив!

Најава: конференција е-Општество.Мк во Скопје 15-17 ноември

Со цел подигање на јавната свест и свеста на носителите на одлуки, добивање на поквалитетна легислатива и креирање на соодветни применети политики преку широко граѓанско учество, како и поттикнување на регионална соработка како елемент на евроинтеграцијата...

Second international conference e-Society.Mk
...Фондацијата Метаморфозис ја организира Втората меѓународна конференција е-Општество.Мк, која ќе се одржи од 15 до 17 ноември во Скопје, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Институтот отворено општество и Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите.

Повеќе информации за конференцијата се достапни на нејзиниот сајт (www.e-society.org.mk), а во најскоро време ќе биде овозможено заинтересираните да се пријават за учество.

За зголемување на влијанието на блогерите во Македонија

RiskВо врска со моето прашање за влијанието на блогерите во Македонија, Рибаро ме спореди со неверниот Свети апостол Тома. Дискусијата се прошири и кај Вклучи се.

Воопшто немам сомнеж во потенцијалот на блогерството како медиум. Арно ама, добро е да расчистиме: мислев на тековното влијание на блогерите во Македонија. Иако имавме скоро „скандинавски избори“, сепак како што рече и Дарко во коментар кај Рибаро, случајот од Шведска не може да се искористи како аргумент. Во поразвиениот свет има многу случаи на блогери што предизвикале политички и општествени ефекти, од кој најопиплив е финансирањето на кампањата на американскиот претседателски кандидат Хауард Дин во 2003-4 г. Арно ама, прашањето ми е до кој степен е стигната моќта на блогерите во Македонија - и како таа да се зголеми.

Мислам дека оние кои имаа коментари за емисијата „Сузе“ на А1 би требало истите да ги испратат и по е-пошта до редакцијата - да видат тамошните одговорни лица дека темата побудува интерес. Тоа би можело да доведе и поголема промоција на блогерите што ќе реагираат. Може да стават и коментар на својот блог, а да им пратат линк...

Дигресија: денот на Св. Тома е задутре, на 19 октомври.

Пејџранкот ми се качил на 4

Долго време пејџранкот на овој блог беше 2. Денес забележав дека рипнал на 4.

Дали имате забележано случна промена и на вашите блогови? Дали се работи за општ апдејт на ниво на Гугл, кој конечно почна да ја есапи македонската блогосфера и нашите меѓусебни линкови?

Блогери, да не се преценуваме

Know thyselfМе радуваат поволните критики што ги добивме за настапот во емисијата „Сузе“ на А1, со кој дружно се потрудивме да го афирмираме блогерството.

Не мислам дека во последно време се забележува „пораст на влијанието на македонските блогери“, односно дека реакцијата на блогерите на самоубиствената реклама на Т-мобајл доведе до нејзино кратење. Верувам дека Советот за радиодифузија реагираше поради реакцијата објавена во класичен медиум - печатеното издание на „Дневник“. Впрочем, и првиот блог пост на темата беше врз база тоа писмо...

Но, би сакал да бидам разубеден. За тоа да се случи, ќе треба случај во кој нешто што изворно ќе се зачне во блогосферата ќе има реперкусии на општиот медиумски, а и општествен простор. Имаме ли таква тема?

16 October 2006

Планирање како основа за успех

I have a plan so cunning you could put a tail on it and call it a weasel.Американците велат „ако не успееш да испланираш, планот ти е да не успееш“ (If you fail to plan, you plan to fail). Во врска со планирањето има една мала хумореска (The Plan), која е добра за потсетување дека не сите имаат ист поглед на работите...

Ми се чини дека во нашата култура помалку се дава важност на рационалното планирање, а повеќе на ирационални фактори - спонтаност, коинцидентно средување на околности, судбина, вроден талент, лична среќа... Можеби затоа и има разлика во успешноста на американската и македонската цивилизација?

„Сузе“ денес за блоговите

Според веб-сајтот на А1, емисијата „Сузе“ за блогови ќе биде прикажана денес во 12:50 часот.

Написот од „Форум плус“ објавен на веб

Написот за општинските веб-сајтови „Без визија и стратегија“ кој го споменав пред некое време е објавен на веб-сајтот на „Форум плус“.

Би било добро штом веќе намерно доцнат со објавување на содржините, да објавуваат најави на написите со истиот пермалинк кога излегува весникот.

Креирање временски ленти со Симила

Симила нуди одлична алатка за создавање хронолошки временски ленти, со можности за „зумирање“ на одредени периоди, за која дознав преку Лајфхакер. Лентите може да послужат за визуелизација на историски, но и организациони или лични следови на настани.

Животот на МонеПример: Хронологија на животот на сликарот Моне.

Сè е прилично веб-два-нуласто. Апликацијата нема некој јак кориснички интерфејс, за да се направи лента треба малку кодирање со јаваскрипт и подготовка на податоци во иксемел. Се работи за отворен софтвер, па доколку некој има желба и можност да поработи на негово доразвивање, го/ја поканувам да ги здружиме силите од разни аспекти.

15 October 2006

Што ќе има на сателитска?

TV 1000Доколку сте на некоја од скопските кабелски телевизии, а сакате да дознаете што ќе има на сателитските канали што ги пренесуваат, веројатно најдобар извор е романскиот веб-сајт Програмул ТВ.

Стјуардеса отпуштена поради (фото) блогирање

Во 2004 година, стјуардесата Елен Симонети била отпуштена од Делта ерлајнс поради тоа што на својот блог објавила свои фотографии во работна униформа. Симонети дотогаш блогирала анонимно, со псевдоними наместо вистински имиња на луѓе и фирми. Во меѓувреме врз база на блогот го има издадено книга.

Ако се интересирате за морничави работи, може да симнете и снимка од разговорот во кој ја отпуштаат преку телефон.

14 October 2006

Долгата опашка на македонската блогосфера

Како што веќе беше објаснето во написот за блогот Долгиот Опаш:
Долгата Oпашка е термин со кој се опишуваат деловните и економски модели на компании како Амазон или Нетфликс. Потекнува од статистиката и се однесува на дистрибуции кај кои прво има популација со висока амплитуда, по која следува „долга опашка“ од настани со ниска амплитуда, кои кумулативно може да бидат повеќе или потешки од оние „високите“.

Во однос на Интернет, Долгата Oпашка (The Long Tail) првпат е употребена од уредникот на списанието „Вајерд“ Крис Андерсон во 2004 година, врз база на есеј од Клеј Ширки, кој забележал дека релативно мал број блогови имаат многу линкови кон нив, додека до долгата опашка од милиони други поединечни блогови водат релативно малку линкови.
Изгледа дека овој модел може да се примени и на блоговите што се регистрирани на Технорати Мак Топ. Арбитрарно, почетокот на опашката го поставив на 100 линкови/врски до даден блог, а црвените ги има четири пати помалку од жолтите.

Би било добро што повеќе блогови да се пријават на сервисов, оти така ќе се добие поточна слика... а тие ќе имаат повеќе можност за себепромоција.

Може да видиме и некој аир од спамот

ВоденицаВо септемврискиот „Вајерд“ има напис за спамот и блоговите (Spam + Blogs = Trouble) во кој се раскажува за разните видови блоговски спам:
  • автоматско оставање спамирачки рекламни коментари
  • отворање сплогови (спам + блог + едначење по звучност)
  • спам со трекбек, итн.
Ваквите лошотилаци имаат алармантни размери (сите болдирања се од мене):
Според студијата на Тим Финин и двајца негови студенти објавена во мај, околу 56 проценти од активните блогови на англиски јазик се спам. Проф. Финин е истражувач од Универзитетот на Мериленд од Балтимор Каунти и вели: „Блогосферата расте брзо. Но сплогосферата сега расте побрзо.“
Во текстот забележав и нешто што ја навртува водата на „мојата воденица“:
Статистиките собрани од Акисмет, систем поставен од авторот на ВордПрес, Мет Миленвег, чија цел е филтрирање на спам од блогови, укажуваат дека повеќе од 90 проценти од коментарите во блогосферата се спам. Делумно како резултат на ова, видни блогови како „Инстапундит“, „Д корнер“ и „Токинг поинтс мемо“ едноставно одбиваат да дозволат коментари.
Добро за нив! Ама добро и за блогосферата, оти оние кои сакаат да коментираат тоа го прават на своите блогови. Како што веќе реков - коментарите играат улога на графити на блогосферата, а негативните појави што произлегуваат од нив може да се минимизираат или избегнат ако се искористат основните особини на блогот како медиум.

12 October 2006

Наскоро: емисија за блогови на „Сузе“ на А1

СузеКако што веќе извести Дарко: тој, Дамјан и јас земавме учество во емисијата „Сузе“ на тема блогови. Се зборуваше за тоа дали блоговите се нова форма на графити или нешто повеќе - секако, ние рековме дека се предвесник на нешто многу поголемо.

Емисијата ќе се емитува во текот на наредната недела, а за време на снимањето имаше фина атмосфера. Во неа е вметната и анкета со млади луѓе направена мислам во ГТЦ, каде што на прашаето дали знаете што е блог се добиваат најразлични одговори...

Инаку, неделава баш имав медиумско присуство - по појавувањата во „Форум плус“ и „Граѓански свет“, ова ми беше трет контакт со главните текови (мејнстримот) на македонската јавност. Затоа, не е лошо да го препрочитам расказот „Великан пред малиот екран“ од Ефраим Кишон, кој говори баш за слична ситуација. А го препорачувам и на горенаведените колеги, а и вам.

Интервју за „Граѓански свет“

Во најновиот број на месечникот „Граѓански свет“ во рубриката „Луѓе“ е објавено кусо интервју со мене, насловено „Не (се) лажете“, преку стандардизирана група прашања. Насловот доаѓа од тоа што едно од прашањата беше да дадам совет.

Мислам дека е фина идеја кога на повеќе луѓе им се поставуваат исти прашања, оти потоа може да се соберат на куп и споредат одговорите од различни личности.

Галерија на слики направени со сечење хартија

Од аНТИпункт дознав за иранскиот блог „Жива насмевка“. Не можам да откријам кој е автор на оваа галерија слики направени со сечење хартија, ама многу ми се допадна.

Јапонски џезери пеат „Јовано, Јованке“

Не знам ни кои се, ни кој ги снимал, ама звучат многу шизички.


11 October 2006

С.Ф.С.Н.

Ако деновиве добиете пораки што завршуваат со „С.Ф.С.Н.“, да знаете дека тоа е кратенка за „смрт на фашизмот - слобода на народот“.

Честит 11 октомври!

10 October 2006

Добивање список на фајлови од фолдер под Виндоуз

Како и обично, Гудбајтс објаснува една полезна процедура:

Дали постои начин во рамки на оперативниот систем Windows XP да се направи листа на фајлови кои се наоѓаат во даден фолдер и неговите подфолдери? Да, може со помош на една DOS команда.

09 October 2006

Годишнина на блогот на Горан Андреев

Блогот на Горан Андреев го слави првиот роденден. Честитки! :-)

Порнографија во дневен весник?!

Еден пријател ми укажа на печатење порнографски текстови во македонските весници, со експлицитни описи на сексуални чинови и слично. Наводно, пример за тоа е некојси текст од рубриката „Style“ насловен „Поправен испит“ (во веб-изданието има само вовед), издаден Во „Вечер“ на 6.10.2006 година. Баш ќе го побарам печатеното издание да се уверам, од воведот личи на раскажување на случај на проституција во академските кругови.

Дали тоа се коси со Кривичниот законик на РМ, кој вели:
Прикажување на порнографски материјал на дете

Член 193

(1) Тој којшто на дете ќе му продаде, прикаже или со јавно излагање на друг начин ќе му направи достапни слики, аудиовизуелни и други предмети со порнографска содржина или ќе му прикаже порнографска претстава, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

(2) Ако делото е сторено преку средства за јавно информирање, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(3) Со казната од став 2 ќе се казни тој којшто ќе злоупотреби малолетно лице за изработување на аудиовизуелни слики или други предмети со порнографска содржина или за порнографска претстава.

(4) Предметите од ставовите 1 , 2 и 3 ќе се одземат.
...веројатно ќе остане мистерија. Дали некој правник може да помогне со укажување како е дефинирана порнографијата во нашиот правен систем?

Ако не се расчистат овие работи, заканата од кривична постапка ќе виси како демоклов меч над слободата на говор кај нас, оти и разни други македонски весници (и веб-сајтови) објавуваат мека порнографија, пардон еротика, при што на ниеден од нив не стои дека се наменети само за полнолетни граѓани, постари од 18 години.

Еве, и јас сум објавувал голотија. Можеби не би било лошо за секој случај, јас на блогов да си додадам едно знакче „забрането за мало*.*“ или слично. Можеби така ќе бидам чист пред духот на законот.

07 October 2006

За општинските веб-сајтови: појавување во „Форум плус“

Во денешниот број на „Форум плус“ е објавен напис од Хусамедин Гина, насловен „Без визија и стратегија“, за тоа како општините комуницираат со граѓаните. Се обработува функционирањето на општинските весници и веб-сајтови.

Дадов мислење врз база на истражувањата на Метаморфозис:

Написот во моментов не е достапен на веб, па ќе го линкувам кога ќе биде.
Дополнение (16.10.2006): линковите се поставени соодветно.

05 October 2006

Замав за е-трговијата со платежните картички?

Мијалче има направено збирка од неколку линка за воведувањето банкарски картички за буџетарите. Импликација:
Значи сега од една страна може да се каже дека ги имаме клиентите оспособени (само да им дозволат и онлине да може да купуваат). Сега останува да се поработи на понудата која за жал не содржи ништо повеќе од забава и секс портали.

Нов доброволен прилог на Википедија

Врз база на неодамнешните постови, ставив три написи на википедија на македонски

03 October 2006

Проверете го своето познавање на ЕУ

Најдов двa четири шест квиза со кои може да го проверите своето знаење за ЕУ:
  • Britain in the EU - разбирливо, некои прашања се брито-центрични, но и нивните одговори се многу поучни.
  • EU4Journalists Quiz - сеопфатен.
  • Квиз од Гардијан - има некои брито-центрични прашања, но надокнадува со доза хумор.
  • На сајтот на нашиот Секретаријат за европски прашања има квиз, ама без пермалинк. Треба да се кликне на банерчето долу десно, по што се отвора ново прозорче во флеш. Интерфејсот е прилично комплициран, а одговорите на некои од прашањата се неактуелни или нелекторирани - „Латвија“ на македонски е Летонија, а „Обединетото Кралство“ ние го викаме Велика Британија.
  • Stop-discrimination Europe Quiz - спор интерфејс што бара многу кликање и не дава преглед на точниот одговор ако погрешите. Интересно ми е што симболот на ЕУ го дефинира како христијански, а не универзален.
  • Europa Go - прекрасно издизајниран флеш-интерфејс со едукативни игри и квизови, наменет за деца од 10-14 години, но нека не ве ограничува тоа.
Знаете за други вакви слични апликации?

Банерчиња до блогот „Македонски народни песни“

Преку Баждарџијата дознав дека Гуд бајтс направил и копчиња за линкување до блогот со македонски народни песни. Конзистентно со мојот претходен став, давам поддршка и за оваа иницијатива!

Со оглед на банерското слепило, дали знаете за студија која укажува на ефективноста на маливе (80 х 15) „блоговски“ банерчиња, наспроти поголемите?

Пентагон на „Мај спејс“

Вуна веќе спомена за авијацијата, а Ентајвор има објавено опширен напис (The Pentagon Befriends MySpace.com) како сите родови на војската на САД се обидуваат да го искористат „Мај спејс“ за регрутирање млади.

Доколку ви се допаднаа моите претходни постови на темава и се интересирате за темата социјално вмрежување, написов ќе ви биде исклучително информативен, оти е напишан од човек кој не е премногу воодушевен од таа технологија. На пример:
Како морничав одраз токму на оној свет, кој многу корисници на „Мај спејс“ се обидуваат да го избегнат преку нурнување во сајбер-просторот, мерката на успехот на овој веб-сајт е колку може да ја зголемите популарноста на вашата страница. Ова го правите преку објавување содржини кои заграбуваат внимание, без здив молејќи ги другите корисници, објавувајќи провокативни слики за да привлечете внимание, праќајќи „билтени“ до вашите постоечки „пријатели“ и барајќи од нив да ве „искурваат“ на нивната листа на пријатели. Со мултимилионите „пријатели“ што ги нуди, сајтот ужива широка популарност - и тоа не само меѓу несигурните адолесценти.

Гејтс: Предвидување на последиците од информатичката револуција

Во веќе споменатата книга „Патот напред“ (или „Патот пред нас“ – нема официјален превод на македонски) Бил Гејтс го споредува влијанието на тековната информатичка револуција со влијанието на пронаоѓањето на печатењето во Европа, околу 1450 година:
Пред Гутенберг, во целиот континент Европа имало само околу 30 илјади книги, а скоро сите биле или Библии или коментари на Библијата. До 1500 година имало над 9 милиони книги на најразновидни теми. Летоците и други печатени материјали влијаеле на политиката, религијата, науката и литературата. За првпат, луѓето кои биле вон црковната елита имале пристап до пишани информации.
Глобалната интерактивна мрежа ќе ја трансформира нашата култура исто толку драматично колку што печатарската преса на Гутенберг го променила Средниот век. (стр. 8-9)
Арно ама...
Информатичката технологија не е лек за сите проблеми. Ова ги разочарува луѓето кои сакаат да знаат како персоналните компјутери и интернет ќе ги решат сите човечки проблеми. Се прашувам дали во времето на Гутенберг луѓето се прашувале: „Која е ползата од оваа преса? Дали ќе ги нахрани луѓето? Дали ќе помогне да се излекуваат болести? Дали ќе го направи светот поправеден?“ Со време, таа навистина ги овозможила овие нешта, но во 1450 година веројатно било тешко да се предвиди дека ќе го стори тоа. (стр. 10-11)

02 October 2006

Препорака: Лудите римски цареви на ХТВ

Како и секој граѓанин на Македонија со свест за нашето наследство на старата римска традиција, ме воодушеви хрватската документарна серија „Лудите римски цареви“ која ХРТВ премиерно ја емитува секој понеделник во 21:40. Во целост се согласувам со оценката која за авторот (сценарио, режија и композиција) Божидар Домагој Буриќ ја дал еден форумџија:
Mislio sam da BBC to radi, dok sam gledao prvu epizodu, kadli krenuše odjavna špica i totalni šok - ovo je hrvatski proizvod!

Fenomenalno, sjajno, genijalno, zanimljivo i vizualno atraktivno. Koja priča, ljudi, nevjerojatno.

Buriću
Делото изобилува со одлично вклопени глумени секвенци и компјутерска графика, како и изјави од историчари од универзитетски центри расфрлани по (и) нашето бившо царство, како Оксфорд, Париз, Касел, Загреб... кои зборуваат на англиски, германски, француски, италијански и хрватски. Коментарите се аналитички, врз база на современите научни сознанија и наспроти широко прифатените предрасуди и стереотипи.

О, срце лудо, луди сни...

МСН тврди дека написот за патријахална индоктринација во педесеттите бил лажен и базиран на фантазија.

Пак за црвените очи

Релевантост на блогирање, според Моби

Моби има подолг пост на тема анонимност, автоцензура, слобода на говор... Во кој особен интерес и успех кај мене постигна со реченицата:
Сакав да коментирам, ама подобро нека биде пост.
И подобро е!

Трите Њутнови закони на движењето

Модерни формулации на трите закони на механиката на Исак Њутн (Newton's laws of motion), за кои денес знаеме дека се однесуваат на движење на тело со брзини значително помали од брзината на светлината:

  1. Инерција: тела во движење настојуваат да продолжат да се движат, додека телата кое мируваат настојуваат да ја задржат состојбата на мирување доколку на нив не дејствува надворешна сила.
  2. Забрзувањето на едно тело е правопропорционално со силата која дејствува на него, а насоката на векторот на забрзувањето е иста со насоката на силата.
  3. За секоја акција (примена на сила) се јавува еднаква, но спротивна реакција (сила со иста јачина и спротивна насока).
Законите Њутн ги објавил во неговото дело Principia Mathematica во 1687 година.

Трите Кларкови закони на предвидувањето

Артур Кларк (Arthur C. Clarke) ги формулирал трите „закони“ на предвидувањето (Clarke's three laws):
  1. Кога угледен, но постар научник тврди дека нешто е возможно, тој скоро сигурно е во право. Кога тој тврди дека нешто е невозможно, многу веројатно е дека тој греши.
  2. Единствен начин да се откријат границите на можното е да се отиде малку преку нив во невозможното.
  3. Секоја доволно напредна технологија не може да се разликува од магија.

01 October 2006

Тефтерот и ТМТ

За блогот Тефтерот дознав преку Технорати Мак Топ. Мислам дека заслужува поголем ранг од тековниот, па затоа и го линкувам.