Блог на најразновидни теми, меѓу кои стрип, анимација, тековни настани, историја, палеонтологија и интернет, со препораки или кудења на нешта што може да се прочитаат, изгледаат или ислушаат. Другото сè е сеир.
Блекаут
18 March 2013
Скопје 2014, споменикот на Цар Самуил: Печатни грешки излеани во бронза
Преводот е прилично буквален, со конструкции на реченици целосно пресликани од македонскиот и како такви прилично несмасни ако се споредат со вообичаените на англиски.
Очигледно е дека пред да се излее во бронза текстот никој не го погледнал два пати, дури ни самиот преведувач. Кај делот за автокефалноста има и апла печатна грешка кај што им останало и некое претходно „autoce-“ пред „autocephalous“. Во нормални околности ваков запис, наменет да остане трајно и вечно да комуницира со странските гости, би требало да го погледне и локален стручњак (лектор-коректор) и можеби роден говорител на целниот јазик. А овде не бил вклучен ни автоматски спелчекер.
Под претпоставка дека поставувањето вакви споменици е оправдано, одговорните би морале да одговараат и за самата презентација на содржината и изборот на јазици. Дискутабилно на пример зошто баш се фалиме со пљачкашкиот поход и уништувањето на Задар, а не е спомнат грабежот на Лариса. Покрај основниот македонски е избран само неслужбениот англиски, наспроти на пример албанскиот со кој би помогнало да се индоктр... образуваат голем дел од локалните жители и е службен на ниво на Скопје. Контекстот на Самуил го прави интересен и за туристите од соседните балкански земји, па би било логично и ним на нивниот јазик да им се промовира официјална верзија на историјата, што е суштинската причина за дигањето на тој споменик, меѓу другите.
Башка што има тука и фактички „недоследности“, за разлика од Саудиска Арабија која е наречена според владеачкото семејство, државата не се викала Самуилова - референца која се користи во современото македонско творештво по 1945 година, ниту Гаврило-Радомирова според син му и наследникот после смртта на основачот... Но тоа е друг муабет.
03 November 2009
Нова авантура на Општина Бутел на интернет

Покрај дизајнот од рана 1996, сосе застарени кирилични фонтови и гифчиња и триста тракатанци, она што им упадна в очи на читатели на блогов е англиската верзија на сајтот на Бутел. Добронамерно се обиделе да им пишат со цел да им понудат помош, ама пораката по е-пошта им се вратила поради преполнета квота. Цитат:
Dear co-citizens and others why viewed this pages,
I�m honor do you presents Web pages of Municipality of Butel. This is one of ten municipality of City Skopje, capital of Republic of Macedonia. Municipality have 36 514 habitants, majority of peoples is Macedonian and have most ethnics minority (Albanian, Turks, Serbs, Montenegrins, Boshnjaks, Rom, Valhi and others).
This Web pages I presents first time and their bee my satisfaction of first mayor of Municipality. March 16, 2005.
My primary principal is excellent Municipality and good satisfaction of people.
Information below and next of pages presents my Municipality and peoples, history, industry, tourisms, projects, infrastructure, urbanism and communal services, statistics, financial report of municipality and many more�
Its Time to test of cites, coming very soon� please bee patients.
Yours truly,
Mayor, Petre Latinovski
Иако постои можност дека се работи за кражба на идентитетот на општината, односно лажно претставување и дека тој сајт го има објавено некое неовластено лице, во податоците за регистрирање како официјален сопственик фигурира токму општината.
17 April 2009
Обама и Спајдермен - изгубени во времето
До душа, само за македонската јавност, ако го земеме предвид написот „Најмоќниот човек на светот како стрип јунак“ на Утрински весник од 11.04.2009 година, кој најавува настан кој се има случено пред четири месеци - дека (следи линк до коректен напис на темава од американски извор) компанијата Марвел објавила пригодна епизода на Спајдермен за инаугурацијата на Обама. Го цитирам написот од Утрински:
Новиот американски претседател Барак Обама дури ни за време на претседателската кампања не криел дека многу ги сака стриповите и дека е колекционер на сите стрипови на „Марвел“, во кој се вклучени и оние за Конан Барбара од седумдесеттите години на минатиот век. Со оглед на тоа дека Обама станал новиот жител во Белата куќа, наскоро на пазарот би требало да се појави стрип со неговиот лик, со што би се зголемила колекцијата на претседатели што добиле свое стрип-издание.
Написот ми го привлече вниманието бидејќи се гледа дека една од работите што преведувачот ги нема разбрано е дека Марвел е компанија која ги издава стриповите со Спајдермен и Конан Варваринот. Затоа, следи возбудлива интерпретација со пресврт:
Но, ова не е прва адаптација на Барак Обама во стрип-издание.
Сама по себе реченицава е точна, но не како што се објаснува понатаму во написот. Додека траеше кампањата Обама се појави во негова стрип-биографија (Presidential Material), исто како и неговиот противкандидат Џон МекКејн.
Пред извесен период и креаторот на „Спајдермен“ посакал да го стави во својата анимација ликот на Обама, но, по се' изгледа, „Марвел“ успеал подобро да го убеди Обама да даде согласност во неговите стрип-изданија.
Па... Марвел е компанијата за која работи ко-креаторот на Спајдермен, Стен Ли. Марвел е сопственик на авторските права. И на крај, шлаг на торта:
Инаку, според концептот на Обама - Спајдермен, неговото алтер-его претставува новинарот Питер Паркер, кој пристигнува на неговата инаугурација со цел да го види чинот на неговото прогласување за претседател.
Ај ќе ја занемариме недоветната конструкција на реченицата, фоторепортерот Питер Паркер е Спајдермен во секоја епизода од стрипот, со Обама или без него, како и во мегапопуларните филмови со истиот лик во главната улога... Го пишувам ова оти еве, доказ дека е можно да има луѓе во Македонија кои немаат основни познавања од општа култура.
Инаку, во галеријата со претседатели на САД во стрипови линкувана во написот од Балтимор сан недостасуваат низа важни стрипови, на пример оној во кој Реган го забранил Супермен, или портретот на Никсон во стриповите за Електра од Френк Милер и Бил Сенкијевиќ (Electra Assassin).
Дополнително, она „Конан Барбара“ е индикатор дека можеби е преведувано од хрватски, со непознавање на функционирањето на падежи. Неодамна Марвел ги издаде класичните стрипови со Конан од седумдесеттите во едиција „Дивјачкиот меч на Конан“ (Savage Sword of Conan) во форма на омнибуси (дебели книги со многу епизоди заедно), а минатата година Дарк хорс комикс започна нова серија со реинтерпретација на неговиот живот со вклучување на неколку врвни цртачи, меѓу кои и Ричард Корбен, под наслов „Конан Симеријанецот“ (Conan The Cimmerian).
23 February 2009
Патокази кои го скрнават античкото наследство за подсмев пред светот (Nationality Arena Filip II Macedonian)
Волан „ме претрка“ со пост за новите патокази кон градскиот стадион во Скопје (фотката е негова). Тој се осврнал на нерепрезентативниот и ефтин изглед и изработка, а мене ми падна в очи дека текстот е сосем неписмено преведен на англиски. На таблата стои:Национална АренаОпштиот впечаток е „сакам кажам не знам речам“, сосем непримерен на важноста на преименувањето на стадионот, особено од политички аспект. Башка што како на граѓани треба да ни е важно историските личности да се претстават со почит - како што е ред.
Филип II Македонски
Nationality Arena
Filip II Macedonian
Дури и да не беше политичкиот контекст, ако Владата дава име на некој објект тогаш не смее да се дозволи импровизација - текстот на било кој јавен натпис мора да биде лекториран, на било кој јазик да е. За текстовите на македонски јазик Владата е и законски обврзана да ги лекторира. Доказ дека немало лектура во случајов зборот „арена“, кој по правопис треба да е со мала буква.
Она „Nationality arena“ некој што не знае македонски ќе го прочита како „Националност арена“ (буквално неточно во било кој контекст), додека Филип II Македонски на англиски се пишува Philip II of Macedon. Зборот Македон на овој јазик ја означува историската „античка Македонија“. Вака напишано говорител на англискиот би го прочитал како „Филип II Македонецот“. Технички не е неточно, но ако веќе пишуваш нешто на странски јазик, треба да биде препознатливо за роден говорител, а не да мора да си го допреведува со цел да свати што сакал авторот да каже.
Башка што има разлика меѓу самиот стил на градба - се знае што е стадион, а што е арена... Иако се работи за своевиден синоним, сам по себе зборот арена повеќе буди асоцијации на римска арена за гладијаторски борби отколку на модерен спортски објект, особено стадион. Во модерна смисла, арена (анг. arena) повеќе се однесува на објекти кои се помали од стадиони, со слична намена но покриени со покрив (на пр. како спортската сала „Борис Трајковски“). Во англискиот јазик арена најчесто се користи за места каде што се игра кошарка (покриени), а зборот стадион (stadium) за места наменети за фудбал, американски фудбал, или атлетика (со теренот под отворено небо).
Но ајде, да речеме дека и описниот дел од официјалното име на стадионот треба да има антички призвук... Иако старите Грци (оние истите што не дозволувале антички македонски натпреварувачи на Олимписките игри - еден од доказите за различноста) не одржувале спортски натпревари во арени, а немам сознанија за тоа дали другите антички народи освен Римјаните граделе баш арени и за што ги користеле.
Како и да е, ако наместо стадион се користи терминот арена, би можело да се додаде и дополнителна придавка, како спортска арена и слично, да се намали збунетоста на читателот. Така, правилниот текст на натписот на англиски би требало да гласи:
National Sports Arena (или National Stadium)И чудно е што Влада која прва во историјата на Македонија на највисоки позиции вработи луѓе на кои англискиот јазик им е мајчин или го зборуваат како родени говорители да дозволува да се поткраднуваат вакви грешки, кои странските злонамерници може да ги искористат дополнително да го нарушат угледот на земјава.
Philip II of Macedon
21 February 2009
Сојот Андромеда
Преку Дигимак забележав дека има значително зголемена посетеност на мојот блог за научна фантастика, поради тоа што Дејли грејл објавил линк до еден пост. Го имав занемарено тој блог, ама ова ми беше добредојден поттик да го реактивирам со поврзување на неодамнешните вселенски инциденти и познатиот научно-фантастичен роман „Сојот Андромеда“ (The Andromeda Strain).Колку што знам книгата не е преведена на македонски. Ми стана интересно тоа што англискиот збор „strain“ кој може да има повеќе значења, како дел од името на книгата, во вестите за авторот Мајкл Крајтон, кој почина неодамна, во македонските медиуми е преведен на многу начини, сите погрешни.
- Вест: „Нишката на Андромеда“
- ТВМ: „Ланецот Андромеда“
- Нова Македонија: „Притисокот на Андромеда“
- додека Утрински весник и Македонскиот НФ портал воопшто не го преведувале зборот, туку книгата ја прекрстиле во „Андромеда“.
21 December 2008
Утнати кајрони

На првата сликичка е кадар со кајронот од емисијата „Опуштено“ на ТВ Сител, во која Туна најави дека ќе пее песна од Дафи со наслов „Степинг стоун“ (анг. stepping stone - камен за стапнување, на пр. што служи како мост во поточе, пренесено некој што му служи на некој друг да го искористи само за една употреба). Резултатот на кајронот е „steping storm“ - ем печатна грешка со првиот збор, ем тотална утка (бура) со вториот.
Втората сликичка е кадар од емисијата „Ексклузив“ на ТВ А1 на која е претставен член на некојси „Ју бенд“. Кајронот го претставува како името на групата како „Yu bend“ - вториот збор на англиски не означува група, туку свијок, или на српски кривина. Ако веќе се користи англиски збор за име на нешто, нека оди комплетно на англиски (Yu band), а не дел да оди со фонетски „кому иде“.
06 December 2008
Каква црна „просидба“, Точки низаедни :-)
Романтичната просидба на крајбрежје завршила трагично кога идната Младенка ја повлекол бран и ја одвлекол во морето.Нема потреба да се рошка по оригиналната вест (која не е линкувана) за да се види дека текстов е нестручно преведен од хрватски. Зборот „младенка“ на хрватски е „невеста“ на македонски, а невестата од веста всушност се викала Лифил Афрок.
Нестручноста се гледа и во тоа што е задржано хрватското правописно правило имињата да се пишуваат во оригинал со англиска латиница. За текст на македонски би требало да стојат на кирилица и тоа како што се изговараат. Оригиналната транскрипција на имињата евентуално може да стојат во заграда на првото појавување како референца, но оставање референци очевидно не е намерата на лицето кое го спремало текстов.
Дали има потреба да се споменува дека и зборовите „запросил“ и „просидба“ се директно увезени од хрватскиот, додека тие на македонски (би требало да) се преведуваат со „ја побарал за жена“ или „ѝ предложил брак“ и нивни варијанти.
07 October 2008
Семејно стебло, а не „фамилијарно дрво“
За онаа реклама на ТВ кога покажуваат бастун со препорака да не дозволиме да не биде тоа нашето „фамилијарно дрво“.
Покрај тоа што зборот „стап“ во македонската култура има сосем определена симболика и значење некомпатибилна со целта на рекламата, користењето на буквален превод на англискиот израз (family tree) за нешто што си постои сосем убав македонски--семејно стебло--делува дополнително одбивно.
Кога веќе Владата на Република Македонија троши неброени милиони евра за реклами, би требало да се потруди барем квалитетот на македонскиот јазик во нив да биде како што треба. Сепак, тие агенциите што профитираат од буџетот може да споделат дел од профитот, цените на лектура по страница се доста прифатливи.
Фушерајот со парите на граѓаните е двоен фушерај, особено за производ од професионалци кои сакаат да ја пикаат придавката „креативно“ како дел од титули.07 September 2008
Не забава, туку лов - на злосторник
Преведувачот или преведувачката на Канал 5 има направено грешка која е ептен без врска кога името на филмот „д’ Хантинг парти“ (The Hunting Party) го превел/а со „Забавата на Хант“.

Вистина дека едно од значењата на англискиот збор „парти“ е забава, но тој има и многу други значења, меѓу кои и друштво, дружина итн. Најсоодветниот превод во случајов е „Ловечка дружина“.
Овој термин кој се поклопува со две значења во овој научно-фантастичен политички трилер: се однесува на дисфункционалната група странци кои се тргнати во лов по воениот злосторник, како и на тоа дека тој често оди на лов со своите колеги по босанските шуми. Преведувачот Личноста што преведувала можеби бил заведена со тоа што еден од ликовите се вика Хант, но за да може да се преведе насловот како што е официјално преведен, оригиналот би требало да е „д’ Хантс парти“ (The Hunt's Party) - со саксонски генитив.
Тоа што во него игра за мене антипатичниот Ричард Гир автоматски му носи минус поени на било кој филм, но вкупната оценка за овој ми е многу поволна. Особено поради тоа што за разлика од повеќето западни гледања на Балканот и Источна Европа кои вклучуваат дупла доза идеологија и апологетска пропаганда, не забележав глупави јазички или културолошки грешки. Напротив, дури и кога Ричард Гир зборува на српски, тоа звучи сосем соодветно, како странец кој навистина го приучил јазикот со престој во земјата.
Сценаристите се труделе да бидат побалансирани во определување на одговорноста, иако сцената во која српските трупи по масакр во босанско гратче пуштаат странци и особено странски новинари да ги снимаат додека се перчат над труповите на убиени трудни жени и старци е сосем нереална.
08 December 2007
Онаа работа наместо онаа скала
Некои жени мора да ја поминат онаа скала за да ја задржат работата...Мислам дека тој израз „онаа скала“ е тотално промашен во македонски контекст. И ако го преведувале од јазик кадешто има значење, не требало да го увезат буквално, туку да го употребат „онаа работа“. Така и звучи поинтересно:
Некои жени мора да ја направат онаа работа за да имаат работа...
Партија и Персија
Иако за нив сеуште нема напис на македонската википедија, на секој полуупатен во историјата на стариот век треба да му е јасно дека Партија (Parthia) е посебна цивилизација од античка (Ахаменидска) Персија.
Иако обете империи покривале слични територии (Persia) чие јадро бил денешен Иран, Парќаните (Партијаните?, Партијците?) ги победиле Селеуктидите (потомци на еден од наследниците на Александар Македонски, освојувачот на Персија) и функционирале како светска суперсила во времето на доцната Римска република и царството. Да се поистоветат е аналогно на поистоветување на Византија и Отоманското царство.
11 February 2007
Вегетаријанска субверзија во „Еквестријан“

Англиско-македонски речник:
- main course = главно јадење
- main corpse = главен труп, главнa мрша
22 January 2007
„Дневник“ ја прогласи бозата за пиво
Поради влезот во ЕУ се укинати царините и даноците за алкохол, па затоа мажите од Унијата побрзаа кон Бугарија да купат од познатото пиво „боза“, од кое наводно растат градите.Имено, некоја странска агенција известува за бозата (Breast-boosting beer) и „Дневник“ го презел написот. Веројатно оригиналниот автор, пијалалоците што се добиваат со ферментација ги смета за пиво, па така ја опишал и бозата.
Арно ама, секој балканец кој не паднал од Марс и не е недоделкан македонски преведувач или преведувачка, знае дека бозата не е пиво. Но, зошто здравиот разум да застане на патот на буквалистичкото преведување, нели?
Макар што тоа значи скрнавење на сите наши идеали. Ех Цезо, Цезо, за што се боревме, за што BozDay славевме... А на цела редакција на „Дневник“ им препорачувам забрзан курс на тема „Што е боза“ во слаткарницата Апче, карши Универзална сала.
Исповед: тоа за градите го сметам за жива вистина. Од моето ограничено искуство, сите жени што сум ги сретнал досега и што сакале боза биле со прекрасни гради!
07 May 2006
До кога политичарите ќе го србизираат македонскиот јазик?
Повеќето од постарите политичари немале ниту прилика да добијат какво-такво образование на стандарден македонски јазик, бидејќи поголемиот дел од животот го поминале по центрите на моќ на СФРЈ. По враќањето во Македонија и вклучувањето на локалната политичка сцена, јазикот со којшто се служеа при јавни настапи може да се карактеризира како мешавина на нивниот роднокраен дијалект и српскиот, отколку како „литературен“ македонски.
За жал, самобендисаноста или неспособноста за учење ги оневозможи да се подобрат, а со тоа и да придонесат во развојот на македонската култура. Во меѓувреме, партиските структури кои ги создадоа воглавно се пополнија со нивни клонови, кои ги имитираат и на ниво на облекување и на ниво на говор. Се покажува дека ваквите клонови имаат малку време и за читање и за пишување на македонски јазик – активности што ем ја подобруваат употребата на јазикот во реториката и ораторството, ем придонесуваат за развој на способноста за критичко размислување. Забележете само колку често го користат србизмот „така да“, наместо македонското „така што“ - особено кога се трудат користат стандарден јазик, надевајќи се дека ќе остават впечаток на образовани и компетентни личности.
Во србизацијата на јазикот на политичарите им помагаат државните органи и електронските медиуми – радиото и телевизијата, кои го кршат Законот за употребата на македонскиот јазик и ги пренесуваат србизираните изјави на политичарите нелекторирани. Кај медиумите кои работат со пишан текст, како весниците и изданијата на интернет, текстовите воглавно се лекторираат, а кај изјавите со србизми се интервенира или со парафразирање, или со интервенција во цитатот.
Така на пример, во врска со неодамнешниот случај со струмичанецот и птичјиот грип, директорот на Ветеринарната управа буквално изјавуваше дека нивната цел е:
„Да ја отстраниме и најмалата сомнеж која постои на терен“ (МТВ1)Во српскиот јазик зборот за сомнеж – „сумња“, е од женски род, така што е логично да се каже „најмања сумња“. Но во македонскиот, „сомнеж“ е од машки род, така што конструкцијата може да се дефинира како србизам. До душа, може е и хрватизам, под влијание на ХТВ, оти исто важи и за хрватскиот, а и за босанскиот. Правилно е „најмал сомнеж“, односно ставање на соодветните придавки во машки род.
Вест, ја исправа грешката на политичарот со парафразирање:
Според директорот на Ветеринарната управа Слободен Чокревски ова било неопходно да се направи за да се исклучи секаков сомнеж дека птиците имаат птичји грип, бидејќи кај нив нашите експерти откриле од Ветераинарниот факултет групен вирус н грипот од типот А.Време, во еден случај парафразира на ист начин:
Од Ветеринарната управа велат дека ова е секојдневна активност на нивните екипи и, доколку има каков било сомнеж, јавноста навреме ќе биде известена.... дополнително збогатувајќи го текстот и со синоними за сомнеж, како сомнение и сомневање. Во друг случај, Време, како и Канал 5 вршат директна лекторска интервенција во цитираната изјава:
Во типот А има стотина подвида, меѓу кои и вирусот на птичјиот грип Х5Н1. Заради отстранување на секаков сомнеж примероците се испратени на анализа во референтната лабораторија во Вејбриџ во Лондон по брза пошта. Се очекува тие да пристигнат во лабораторијата утре, а резултатите да бидат познати за неколку дена - рече Слободен Чокревски, директор на Ветеринарната управа.Интересно е дека, од оваа перспектива, потегот на Али Ахмети, да го признае своето недоволно познавање на македонскиот јазик и со јавноста да комуницира преку (во овој поглед релативно покомпетентни) преведувачи, не само што овозможува ненарушување на неговиот углед, туку и придонесува за зачувувањето и развојот на македонскиот јазик.
Најтрагично е што родените македонски говорители, кои се барем просечно интелигентни (а дел од политичарите се и натпросечно), треба да вложат многу мал напор да ги научат и усвојат конечниот број правописни и правоговорни правила кои ја прават разликата меѓу србизатор и македонист.
06 April 2006
Трагикомедичните преводи на македонски од српски, хрватски и босански (1)
Ова можеби се должи и на уверувањето кај многумина дека го знаат српскиот јазик, поради тоа што воглавно разбираат кога некој друг го користи. Арно ама, „мислити и знати и цвеће брати није исто“.
Ваквите луѓе често недоволно добро го познаваат и македонскиот јазик, па не можат да направат разлика меѓу српските и македонски посебности. Резултат е често користење на српски граматички конструкции и особено, буквални преводи на идиоми, фрази и термини кои врска немаат со македонскиот јазик.
Ваков дилентантизам е причина зошто иако сум голем љубител на стрипот, после два броја престанав да ги купувам македонските изданија на „Марти Мистерија“ и „Дилан Дог“.
На пример, во вториот број на ММ, се раскажува дека Стоунхенџ се наоѓа „во близина на Солзберија“, наместо „во близина на Солзбери“. Тоа „Солзберија“ доаѓа од локативната форма на зборот кој и во српскиот јазик во номинатив е Солзбери („у близини Солзберија“). За жал, кога ќе се комбинираат незнаење на граматика, поточно на падежи, со недостаток на општа култура, испаѓаат трагикомични резултати кои го искривоколчуваат јазикот.
10 March 2006
Трагикомичноста на македонските преведувачи (3)
Што би се случило ако секој филм, наречен според топоним или лична именка, почне да се преведува буквално, по урнек на преведувањето на „Планината Броукбек“ (Brokeback Mountain), со -- како што би рекол Јован -- крш-преводот „Кршенгрб Планина“?
„Бандите на Њујорк“ би станале „Бандите на Новиот Залив на Коњите“, оти името Јорк (York) етимолошки потекнува од старонордискиот збор Јорвик (Jórvík) кој значел „Залив на коњите“, увезен во Британија од викиншките освојувачи.
Секаде каде што се споменува Холивуд треба да се преведе со „Света Шума“, а Сан Франциско всушност треба да е „Свети Фрањо“. И оригиналното значење на „Чикаго“ (Chicago), на домородниот алгонквински (Algonquin) јазик одговара за гламурозен мјузикл – „место кај што смрди на кромид“.
Без иронија, „Филаделфија“ (Philadelphia) е ептен погодено име за филм за меѓучовечки односи – на грчки значи „братска љубов“.
Она „Кршенгрб Планина“ исто така го промашува и правилниот редослед на зборовите во македонскиот јазик, слично како кога корпорацијата Мајкрософт (Microsoft Corporation) се буквално се преведува како „Мајкрософт корпорацијата“.
08 March 2006
Трагикомичноста на македонските преведувачи (2)
Понекогаш преводите укажуваат дека на недостаток на општа култура на преведувачот, во комбинација со бегло ѕиркање во речник и избор на првиот достапен синоним, понекогаш зачинето со хиперкоректност.
Така на пример, во преводот на германскиот филм „Збогум Ленин“ прикажан на Сител, беше измислен изразот „одделенски непријател“, наместо „класен непријател“.
Има случаи и кога преведувачот со тек на време се исправа, прво за некој термин користи погрешен, па правилен превод (му/ѝ текнало). Зачудува што во таквите случаи преведувачот не се враќа да ги исправи претходно направените грешки во преводот. Така, во 15 епизода (Shuttlepod One) на серијалот Ентерпрајз од франшизата „Ѕвездени патеки “ на Телма, микросингуларностите (micro-singularity, singularity) беа прво преведени како „честички“, а потоа поточно како „мали црни дупки“.На МТВ1, во филм за англиската кралица Елизабета, реченицата „Зар ќе го учите владетелот?“ беше употребена како превод на (You need a prince to teach you manners) „Ви треба принц/владетел да ве научи на добро однесување“.
Ова е примерот што го споменува Калина во коментар: еден лик од серијата „Истрага на местото на злосторството“ (CSI) на А1 како држи средношколски алманах во рацете. Колешката на шега го прашува „Бараш партнерска за матурска?“ (You look for a prom date?), а преводот вели: „Бараш датум за матурска?“. Зборот дејт (date) меѓу другото значи и датум и личност со која се излегува.
07 March 2006
Трагикомичноста на македонските преведувачи (1)
Ова е особено важно за преводи кои се објавуваат јавно, и кои во најголем број случаи, спротивно на законот, не се лекторирани - па изобилуваат и со дилетантски печатни грешки. Особено на најмоќниот медиум во Македонија – телевизијата. Следат неколку примери, за поука и за сеир.
Скопската ТВ Алфа често емитува многу интересни документарци, но за жал слабиот квалитет на преводот ги прави скоро неупотребливи за оние кои не го познаваат англискиот јазик. Оние кои го познаваат се во исто така неповолна положба, оти дискрепанцата меѓу она што го слушаат и она што го читаат ептен упаѓа в очи и го одвлекува вниманието.
На пример, во титлот на „Големите романси“ може да се прочита за филмскиот могул „Сесел Бидермил“, наместо за Сесил Б. де Мил (Cecil B. DeMille), емисијата за Џејн Мејнсфилд и Мики Хагерти објаснува дека ги викале „задникот и бицепсите“, наместо бистата/градите и бицепсите (bust and the biceps), а во една емисија за аферата Вотергејт, студентот по право (law student) беше преведен како „лордот“.
Слично и со играната програма, како што беше забележано при претставувањето на веб-сајтот на серијата Фарскејп:
Главниот лик се вика Крајтон, исто како познатиот СФ-писател и режисер („Паркот Јура“, „Тринаесеттиот воин“, „Твистер“) и ТВ-продуцент („Ургентен центар“ на А1) Мајкл Крајтон. Пишувањето на името на англиски (Crichton) е фонетски нелогично и им задава маки на преведувачите-буквалисти.При најавувањето, спикерот името го изговараше како Кричтон, а понекогаш како Крајтон.
За жал, ниту една друга македонска телевизија не е имун на трагикомични преведувачки „решенија“, особено оние базирани на принципот чуено-недочуено.

