Блекаут

30 December 2011

Цензура: Весник само со позитивни вести

Како честитка за Нова година, Никола Бојков од блогот Интернет маркетинг.мк споделил еден…
„…позитивен концепт со кој хрватскиот дневен весник 24sata веќе втора година им се обраќа на читатeлите во очи пред Нова Година.
Така, 24sata во денешното издание ќе содржи само весели вести без трагедии, корумпирани политичари, злосторства, црни хроники итн, со цел позитивно да влијаат на своите читатели, допринесувајќи кон повесела новогодишна атмосфера.“
Такви медиуми, базирани на „позитивност“, веќе постојат. Се викаат провладини медиуми и во нив не се споменуваат одговорните за трагедии, корумпирани политичари, виновниците за злосторства и нивните наредбодавци, соучесници итн, „со цел позитивно да влијаат на своите читатели“ во директна полза на претходно споменатите.

Не случајно „позитивната вест“ од насмеаната насловна на 24 сата е промоција на приватниот живот на корумпираниот политичар/бизнисмен Керум  (градоначалник и сопственик на супермаркети - секоја сличност е ненамерна). Ко што кажа еден пријател „Кога гледам МРТВ се прашувам дали живеам во Македонија или Калифорнија“. Како што некои верни гледачи на СИТЕЛ мислат дека во Кратово нема социјални случаи.

Општествената улога на медиумите е да помагаат во откривањето на вистината, не во козметичкото создавање виртуелни реалности. Ако еден весник сака уредувачката политика да му биде забавни содржини за деца, треба да се прекрсти во „Другарче“, „Росица“ или „Микијев забавник“. Зборуваме за сериозни медиуми или за претпријатија кои ги водат морони?! Или само опортунистички подлизурковци кои сметаат и дека читателите се морони и овци.

Photo: Ben Hopper via I see three


Интересно како некои медиуми постојано наоѓаат изговори да не си ја вршат општествената функција. Те не било убаво да се пишува за малверзациите и заташканиот обид за тероризам од навивачите во авионот во текот на Европското кошаркашко првенство, да не се расипувала општонародната веселба. Потоа, никому ништо. Повторно во интерес на доброто расположение, сеа за празнициве не било убаво да се кажуваат „лоши работи“ за тие што ги прават да не ги пецне совеста (кога веќе законот ништо не им може – ама шшш, и за тоа не треба да се пишува). Што е важно што народот едвај врзува крај со крај, важно на гладните да им се сервираат „добри вести“ за најбогатиот слој население.

Одбивам да ми го перат мозокот, макар и ненамерно како блогеров. А вие?

26 December 2011

Македонија: Новогодишна елка од пластични шишиња

Инспирани од примерот (анг.) на литванскиот град Каунас, на 25 декември во Градскиот парк во Скопје група македонски твитерџии направи Новогодишна елка од пластични шишиња, со цел да ја „подигне свеста и личната одговорност кон средината во која живееме“.

Дрим-тимот пред #елкамк -  on Twitpic
Елката и тимот. Кликнете на сликата за поголема/нескратена верзија.
Фото : Димитар Атанасов.
Организаторите на акцијата ги користеа нивните блогови (Тамара Атанасовска, Душица дебармаалка, Дарјан Раденковиќ, Јована Тозија) како почетна точка за брзата кампања преку социјални медиуми #елкамк.

Дрвото остана да стои и во текот на ноќта, а ако сиромасите кои собираат пластика за рециклирање од улиците и конејнерите за ѓубре не го пожнеат, авторите планираат соодветно да го отстранат по Нова година.

Ѕирнете ја големата фотогалерија од двата дена на акцијата.

22 December 2011

Каде се Бо Мекејлеб, Мухамед Али Јашари и Мартин Нешковски во изборите на личности на годината?

Македонските медиуми ја отпочнаа сезоната на доделување титули за личност на годината. И лево и десно се пропуштаат луѓето кои на овој или оној начин суштински ја одбележаа 2011 година. Е оти така?
За ова претходно пишав на Пинг.мк.

Лестер Бо Мекејлеб. Како може да се пропушти најдобриот играч на кошаркарската репрезентација кој беше избран и за еден од петте најдобри на целото европско првенство? Можеби затоа што не е припадник на „Гоцевата раса“?!

Мухамед Али Јашари и Мартин Нешковски. Другите двајца, млади момчиња, секој на свој начин беа невини жртви на нашето општество, чија смрт укажа на најлошото и најдоброто меѓу нас, а многумина поттикна да се замислат и можеби да си го променат животот на подобро. Нивните случаи беа претворени во табу теми и изигнорирани од послушниците за моќниците да ја избегнат одговорноста, особено командната.

На Фејсбук исто така ја искоментирав веста дека претседателот Иванов доделил одликувања за храброст.

При тоа, не ги оспорувам заслугите на одликуваните луѓе, но мислам дека ќе беше доблесно постхумно да се признае храброста на Мухамед Али Јашари, ученикот кој беше убиен додека го бранел другар му од насилници пролетоска во ГУЦ во Скопје.

Исто така, мислам дека сведоците на убиството на Мартин Нешковски кои не дозволија случајот да се заташка и го покренаа револуционерното движење против полициска бруталност преку социјалните мрежи исто така заслужуваат признание.

10 December 2011

Сирија: Ослободете ја Разан Газави

Овој пост е превод на текстот од Амира ал Хусаини објавен на Глобал војсис на англиски јазик под лиценцат Криејтив комонс-наведи-извор, како дел од специјалното покривање на протестите во Сирија во 2011 г. Преводов наскоро ќе се појави и на Глобал војсис на македонски.

Сириските власти ја имаат уапсено блогерката Разан Газави на сириско-јорданската граница на 4 декември 2011. Газави патувала во Аман да учествува на работилница за слободата на печатот во арапскиот свет кога била уапсена. Апсењето предизвика критики и бес од блогери и активисти од целиот свет, кои побараа нејзино итно ослободување.

Газави е сириска блогерка и твитерџика родена во САД, која има пишувано и за Глобал војсис онлајн и за Глобал војсис адвокаси. Таа е меѓу ретките блогери од Сирија што пишува под нејзиното вистинско име, залагајќи се за правата на блогерите и активистите уапсени од сирискиот режим, како и за правата на припадниците на сексуалните и други малцинства.

Постер „Ослободете ја Разан“ објавен од нејзините поддржувачи веднаш по проширувањето на веста за нејзиното апсењеПостер „Ослободете ја Разан“ објавен од нејзините поддржувачи веднаш по проширувањето на веста за нејзиното апсење


Нејзиниот последен пост, од 1 декември 2011 година, го прославува ослободувањето на сирискиот блогер Хусеин Грер, кој 37 дена бил држен во задочеништво од сириските власти. Таа изблогирала:
Ноќва Хусеин си оди дома, каде што ќе ја гушне силно жена си, а сè ќе биде готово наскоро.
Активните корисници на Интернет кои подигнаа узбуна по нејзиното апсење на платформите за социјални медиуми, го забележаа овој ироничен момент.
Разан Сафур од Сирија твитна:
@RazanSpeaks: Разан Газави ја подигаше јавната свест за притворениците, пишуваше за нив и ги поддржуваше. А сега стана една од нив. #FreeRazan #Syria [хаштагови: Ослободете ја Разан и Сирија]
и додаде:
@RazanSpeaks: Со мислите и срцето сме со тебе @RedRazan. Ти си една од најхрабрите луѓе што сум ги запознал на Твитер. #FreeRazan #Syria
Друг сириски блогер, Саса, забележа:
@syrianews: Скоро секој твит на мојот тајмлајн сега го содржи хаштагот #FreeRazan. Дали нè слушате, сириска полицијо? #FREERAZAN
Колегата од Глобал војсис, Сириецот Анаш Ктиеш се потсети:
@anasqtiesh: Разан ме претстави на прекрасниот тим од @globalvoices и заради неа се придружив како преведувач и автор. #FreeRazan
Сириецот Шакиб ал Џабри гневно се обрати на Арапската Лига:
@LeShaque: Еј Арапска Лиго. Како ви оди со погрешната стратегија? Сè уште верувате дека Башар ќе се реформира? #Syria #FreeRazan
За тоа време, Чанад Бахраини изрази жалење:
@chanadbh: .@RedRazan, @alaa и @abdulemam сите беа на првата Средба на арапски блогери во Либан во 2008. Денес се во затвор или во илегала #FreeRazan
Искусниот египетски блогер Алаа Абдел Фатах е во притвор во Египет под лажно обвинение, а блогерот од Бахреин Али Абдулемам се крие во Бахреин, каде што властите го бараат под обвиненија за неговиот блогерски активизам. Обајцате се меѓу првите блогери во нивните земји.

Во меѓувреме, доверливи пријатели се грижат за сметките на Разан на Твитер и Џимејл, како и за нејзиниот блог. Нејзиниот профил на Фејсбук е исто така деактивиран од пријатели.
Неодамнешнит твит од нејзиниот профил на Твитер вели:
@RedRazan: Разан веќе не го раководи својот профил на Твитер, туку ние, нејзините пријатели и поддржувачи! #FreeRazan
За повеќе реакции за апсењето на Газави, ве молиме проверете го хаштагот #FreeRazan на Твитер. Објавена е и страница на Фејсбук (на арапски) со повик за нејзино пуштање.

01 December 2011

Македонската блогосфера во германски медиум: Цајт Онлајн

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Македонската блогосфера во германски медиум: Цајт Онлајн
- English: Macedonian blogosphere in German media: Zeit Online




Влијателниот германски магазин Цајт (Zeit) објави напис за македонската блогосфера и општата ситуација со медиумите. Јас бев цитиран како извор за развојот на блогосферата.
Написот содржи линк кон пост на англиската верзија на Глобал војсис за говорот на омраза меѓу Македонија и Бугарија. Кога го видов, го посетив написот и го ажурирав линкот до твитер профилот на еден од изворите. Истото беше корегирано и во преводот на шпански од Адриана Гутиерез. За тоа разговаравме на Твитер, што го забележа Внукот, кој потоа објави критика на некои аспекти на цитираниот текст, на македонски и англиски јазик.

Така, германскиот напис предизвика повеќе муабет од она што може да се претпостави само преку читање на коментарите под него.