Блекаут

27 February 2009

Најава: Трибина на ГЕМ во Скопје

Движењето „Граѓани за Европска Македонија“ упати покана за трибина која ќе се одржи во сабота, 28 февруари 2009 година, во х. „Александар Палас“, конгресна сала 3, со почеток во 18 часот.

Ако сте по Фејсбукот, може да ви послужи и отворениот настан за трибината, како и каузата за ГЕМ.

На мојот претходен пост поврзан со движењево имаше многу коментари, некои интересни и информативни, а некои напишани само врз база на предрасуди и повторување туѓи непроверени гласини, без логика или реална основа. Решив да не ги бришам туку да ги чувам сите такви прилози, да послужат како доказен материјал при преземање соодветни правни мерки, по желба и потреба.

Се надевам дека ќе може да земете учество на трибината, би требало да биде многу интересно, а и прилика е за оние што навистина сакаат да дознаат каква е ситуацијата да го сторат тоа.

Во меѓувреме, две песни кои ми се мотаат по глава уште откако прв пат чув за иницијативата, отсликувајќи дел од расположенијата... „Ако не сега, кога?“ (If not now, then when) од Трејси Чепмен и „Иднината“ (The Future) од Леонард Коен.


25 February 2009

И Дневник за срамните патокази

dnevnik-filip-vtori.jpgОсвен веќе посочените одгласи во врска со патоказите, денес и весникот Дневник објавил напис под наслов „Филип Втори падна по англиски“ со кој на највисоко стручно ниво се потврдени тврдењата од мојот пост „Патокази кои го скрнават античкото наследство за подсмев пред светот (Nationality Arena Filip II Macedonian)“.

Химна на гасната криза

Како порано не ми текна дека песната „Абид“ од Забрањено пушење може да се прогласи за химна на кризата со снабдување со гас зимоска.

Граѓани за Европска Македонија - веб присуство

Со оглед на тоа што Граѓанскиот манифест за Европска Македонија побуди голем интерес кај читателите на блогов, обезбедувам дополнителни информации за присуството на иницијативата на веб, како за оние што сакаат да се придружат, така и за оние кои ги интересира темата од други мотиви:

23 February 2009

Патокази кои го скрнават античкото наследство за подсмев пред светот (Nationality Arena Filip II Macedonian)

Волан „ме претрка“ со пост за новите патокази кон градскиот стадион во Скопје (фотката е негова). Тој се осврнал на нерепрезентативниот и ефтин изглед и изработка, а мене ми падна в очи дека текстот е сосем неписмено преведен на англиски. На таблата стои:
Национална Арена
Филип II Македонски
Nationality Arena
Filip II Macedonian
Општиот впечаток е „сакам кажам не знам речам“, сосем непримерен на важноста на преименувањето на стадионот, особено од политички аспект. Башка што како на граѓани треба да ни е важно историските личности да се претстават со почит - како што е ред.

Дури и да не беше политичкиот контекст, ако Владата дава име на некој објект тогаш не смее да се дозволи импровизација - текстот на било кој јавен натпис мора да биде лекториран, на било кој јазик да е. За текстовите на македонски јазик Владата е и законски обврзана да ги лекторира. Доказ дека немало лектура во случајов зборот „арена“, кој по правопис треба да е со мала буква.

Она „Nationality arena“ некој што не знае македонски ќе го прочита како „Националност арена“ (буквално неточно во било кој контекст), додека Филип II Македонски на англиски се пишува Philip II of Macedon. Зборот Македон на овој јазик ја означува историската „античка Македонија“. Вака напишано говорител на англискиот би го прочитал како „Филип II Македонецот“. Технички не е неточно, но ако веќе пишуваш нешто на странски јазик, треба да биде препознатливо за роден говорител, а не да мора да си го допреведува со цел да свати што сакал авторот да каже.

Башка што има разлика меѓу самиот стил на градба - се знае што е стадион, а што е арена... Иако се работи за своевиден синоним, сам по себе зборот арена повеќе буди асоцијации на римска арена за гладијаторски борби отколку на модерен спортски објект, особено стадион. Во модерна смисла, арена (анг. arena) повеќе се однесува на објекти кои се помали од стадиони, со слична намена но покриени со покрив (на пр. како спортската сала „Борис Трајковски“). Во англискиот јазик арена најчесто се користи за места каде што се игра кошарка (покриени), а зборот стадион (stadium) за места наменети за фудбал, американски фудбал, или атлетика (со теренот под отворено небо).

Но ајде, да речеме дека и описниот дел од официјалното име на стадионот треба да има антички призвук... Иако старите Грци (оние истите што не дозволувале антички македонски натпреварувачи на Олимписките игри - еден од доказите за различноста) не одржувале спортски натпревари во арени, а немам сознанија за тоа дали другите антички народи освен Римјаните граделе баш арени и за што ги користеле.

Како и да е, ако наместо стадион се користи терминот арена, би можело да се додаде и дополнителна придавка, како спортска арена и слично, да се намали збунетоста на читателот. Така, правилниот текст на натписот на англиски би требало да гласи:
National Sports Arena (или National Stadium)
Philip II of Macedon
И чудно е што Влада која прва во историјата на Македонија на највисоки позиции вработи луѓе на кои англискиот јазик им е мајчин или го зборуваат како родени говорители да дозволува да се поткраднуваат вакви грешки, кои странските злонамерници може да ги искористат дополнително да го нарушат угледот на земјава.

Илинденска, „трупци“ и дрвја, Македонија и Ерменија

Испадна дека протестот на Илинденска против сечењето на дрвјата беше организиран од иницијативен одбор на локални граѓани кои повикувале преку едноставни плакати залепени по улицата. Во блогосферата информацијата ја пренесе Би, додека дел од присутните дознале преку настанот на Фејсбук, или од уште неколку блогови.

Во краткото време додека бев на лице место имаше неколку десетици луѓе кои потпишуваа петиција и меѓу себе разговараа за ситуацијата и наредни чекори. Одбивањето на локалната власт да искомуницира со граѓаните за најавеното сечење на дрвјата беше една од главните теми. Исто така се зборуваше и за тоа дека во понеделник изутрина ќе почнела сечата, наводно заради местење на атмосферска канализација.

За денешниот протест пообемни вести објавија: Моето мислење:
  • Дел од ул. „Орце Николов“ неодамна беше целосно реновиран, сосе канализацијата, коловозот и нов тротоар наменет за паркирање. При тоа, не беа испосечени дрвјата.
  • Ако проширувањето на булеварот „Илинден“ е клучниот фактор за решавање за проблемите со сообраќајот во Скопје, наспроти сеопфатна модернизацијата на јавниот превоз, отворање и проширување на други патни правци, воведување и други еднонасочни рути и слично, радо би чул аргументи за тоа.
  • Ерменија е посиромашна и позабутана земја од Македонија, но со висок степен на свест за своето наследство, па дрвјата од улиците не ги отстрануваат дури ни откога ќе умрат, туку ги претвораат во статуи. Фотографијата е од гратчето Ечмиаѕин, седиштето на нивната црква (кликнете на неа за поголема верзија).

22 February 2009

Смешно

Irregular Webcomic!Не, не, овој пат не е коментар за некој политичко-медиумски производ. Само го препорачувам веб-стрипот Irregular Webcomic! Ако знаете англиски, почнете со читање од почеток.

21 February 2009

Протест против сечењето на дрвјата на Илинденска

Со нејзиниот пост „Проект Илинденска (Нашата локална беда и ситни души)“ Би повикува на протест против сечењето на дрвјата на скопскиот булевар Илинден, кај аптеката Оскар и карши Пионерскиот дом Карпош, во недела 22.02.2009 г. во 13 часот.

  • Ако сте за спасување на дрвјата, искористете го вашето со Устав загарантирано право за мирно собирање и дојдете на протестот.
  • Ако имате блог, пишете пост на темава веднаш и ставете линкови до постовите на другите блогери што ја шират информацијава.
  • Ако користите Фејсбук, приклучете се на настанот отворен по повод протестот и поканете ги вашите пријатели и контакти да дојдат и да ја шират информацијата.

Сојот Андромеда

Преку Дигимак забележав дека има значително зголемена посетеност на мојот блог за научна фантастика, поради тоа што Дејли грејл објавил линк до еден пост. Го имав занемарено тој блог, ама ова ми беше добредојден поттик да го реактивирам со поврзување на неодамнешните вселенски инциденти и познатиот научно-фантастичен роман „Сојот Андромеда“ (The Andromeda Strain).

Колку што знам книгата не е преведена на македонски. Ми стана интересно тоа што англискиот збор „strain“ кој може да има повеќе значења, како дел од името на книгата, во вестите за авторот Мајкл Крајтон, кој почина неодамна, во македонските медиуми е преведен на многу начини, сите погрешни.
Ова е класичен пример дека преведувачот не е само човек кој има при рака речник, туку треба да има широки, па и специјалистички познавања за тоа што го преведува. Ако се прочита книгата, ќе се разбере дека името се однесува на „сој, лоза“, оти се работи за вид на микроорганизми кој го добива тоа име додека траат истражувањата врз него.

19 February 2009

Струга: Насилно прекината трибината на Граѓани за Европска Македонија

Жарко Трајаноски известува дека во Струга организирана група насилници го попречила одржувањето на трибината на движењето Граѓани за Европска Македонија.

Видеото е снимено на лице место.Организаторите на трибината велат:

Да биде уште пострашно, инцидентот се закануваше да премине во вербална, а бездруго и физичка пресметка меѓу присутните. За атмосферата во која требаше да почне оваа трибина живо сведочат и видео-снимките што нашиот снимател успеа да ги сними, соочен со остри закани и притисоци.

Увидувајќи дека настанот може да прерасне во сериозен инцидент, каков што не му е потребен на градот каде што меѓуетничките тензии еруптираа во изминатите недели, решивме да ја откажеме трибината и да им се извиниме на добронамерните учесници. Во однесувањето на хулиганите лесно препознавме сценарио подготвено во партиско-полициски штабови нашата трибина да се престори во уште една кавга и крвав пир меѓу Стружани.

Истата полиција која со години не ја заштитува безбедноста на учениците во средните училишта пропуштила да го заштити правото на мирно собирање и слободата на говор загарантирани со Уставот на Република Македонија.

Член 16

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.
Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање.
Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Цензурата е забранета.

За настанов написи објавија А1 ТВ и Волан. За дискусија има простор и на Кајмакот.

17 February 2009

МПЦ бара народни лекови за кожни болести

На надворешниот ѕид на Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје е поставена плоча со слика од Богородица со мал Исус и следниот текст:

АПЕЛ
до граѓаните кои се излекувале од болести или рани на кожата со помош на народни лекови

да ги достават своите искуства во лекувањето на овие болести во писмена форма во најблискиот манастир на Македонската православна црква, со контакт телефон за комуникација
бесплатно да ги користат
лицата кои сега боледуваат од истите болести

информации на тел: 072 560 130 секоја недела од 06-12 часот
со почит и благодарност
од манастирите


Во прилог е и фотографија од огласот. Кликнете на неа за поголема верзија.

16 February 2009

Фејсбук те поседува... ова не тебе, твоите содржини

It.com.mk објави доста полезна статија под наслов „Фејсбук ги има правата над вашите содржини, засекогаш“. Со измената на условите на користење сè што ќе закачите и објавите може да биде искористено од страна на компанијата не само додека сте член, туку и по вашето откажување на корисничкиот профил.

Па вие, видете. Памет у глава.

15 February 2009

Еволуција во обратна насока

devolve meОд написот „Деволуирај се!“ од Нова Македонија дознав за веб-апликацијата за обратна еволуција на британскиот Отворен универзитет преку која може да искористите ваша фотографија за да добиете како би изгледале во улога на некој човеков предок.

Софтверот е многу лесен за користење и користи техника на морфинг која ја комбинира вашата снимка со елементи од ликот на хоминиди како Australopitecus Afarensis или Homo Erectus.

Придонесувам со неколку идеи за слични апликации за кои има побарувачка на македонскиот и околните пазари, а може да се употребат и како основа за оние фотографски скаламуции нацртани на картон или даски, со дупка за вметнување на главата. Кликнете за поголеми верзии.


Александар и Букефал во нивниот најславен момент, според филмот на Оливер Стоун

Неразделни другари: Хефајстион и Александар

1% од населението на САД се затвореници

Доколку на Нејшнал џиографик ги следите документарците за казнено-поправниот систем во САД, ќе ви биде интересен написот за пропорцијата на затвореници во разни земји во светот (One Out of Every One Hundred Americans is Now In Prison..Largest Prison Population in the World).

Емисиите се емитуваат обично околу 10 часот навечер во работни денови.

Написот се повикува на истражувањето World Prison Brief на Меѓународниот центар за затворски студии при Кингс колеџ Лондон.

На листата која ја сочинуваат 218 земји, Македонија е на 139 место според апсолутен број на затвореници (2000 луѓе), а на 125 место според број на затвореници на 100.000 жители (107).

Наградите Оскар како стар медиум

Еден напис за Оскарите (Why the Academy Awards are so great) може да биде интересен за сите баратели на закономерности за градење модели...

13 February 2009

Попот што стана арамија - македонска народна приказна

Една од полегендарните македонски народни приказни, собрана од Марко Цепенков и драматизирана од доајените на нашето телевизиско актерство - Ѓорѓи Колозов, Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски, Џемаил Максут...

Во „Попот што стана арамија“ се испреплетуваат низа општествени мотиви, од корупцијата кај клерот до родовите односи и борбата за рамноправност, како и наметнувањето идентитети.






11 February 2009

Препорака: Македонците и пандите

Хомер Симпсон киднапира и дави мала пандаСекс, бела чума, размножување, политика, клерикализам, заглупавување, фундаментализам, анти-абортус, женски права, фантазија наспроти реалност - ако ве интересираат тие теми, прочитајте го текстот на Жарко Трајаноски за Македонците и пандите.

Бонус линк: епизодата на Симпсонови: Хомер против достоинството, во која тој има едно сексуално искуство со панда во заробеништво. За жал во моментов не можев да ја најдам таа сцена на Ју тјуб, па сликичката/линк до клипче погоре е од некоја друга епизода.

10 February 2009

Граѓански манифест за Европска Македонија + трибини

Карикатура „Ти си Македонија“ од Дар-Мар

Минатиот петок (06.02.2009) во НВО Инфоцентарот беше промовиран Граѓанскиот манифест за Европска Македонија. Текстот на Манифестот (ПДФ, 315 КБ) беше објавен во неколку весници, а за него, меѓу другите на своите блогови со поддршка или негодување пишаа Бранко Героски, Јован Петров, Александар Димитријевиќ - Волан, Томе Христов и Жарко Трајаноски.

Имаше и неколку други реакции кои не ги линкувам поради покажаното ниско ниво на домашно воспитание, со детинесто наметнување имиња и прекари, лични навреди, клевети и закани, оцрнувања од типот ad hominem, а без никакво аргументирано расправање за содржината на манифестот. И на блогов и на трибините низ Македонија на кои ќе се претставува оваа иницијатива се добредојдени спротивставени мислења. Со нагласок на мислења, а не на папагалско повторување на копии на ставови на разни мегафони, кои никој и не ги чита. Свесен сум дека на некои толку им сече, ама исто така сум свесен дека давање моќ на таквите само овозможува да ни го губат времето.

Распоредот на првите трибини е следниот, а пред почетокот на изборната кампања ќе се одржат и во неколку други градови:

  1. Скопје: 10.02. (вторник) од 18:00 ч. во Детски театарски центар, Стара Чаршија,
  2. Велес: 11.02 (среда) од 18:00 ч. во сала на Општина Велес,
  3. Штип: 12.02 (четврток) од 18:00 ч. во сала на Општина Штип,
  4. Струмица: 13.02 (петок) од 18:00 ч. во Дом на АРМ.

Се одлучив да дадам поддршка за целото движење (и со објавувањето на постов) оти сакам да живеам во подобра, а не полоша Македонија, со повеќе и економски и демократски можности. Манифестот е политички документ оти се однесува на политички прашања кои ме засегаат мене како граѓанин, но не е политички во однос на тоа да се агитира за или против определена политичка партија или опција. Верувам дека вредностите кои се промовираат со него, вклучително и вистинска, а не шуплива, заштита на македонскиот идентитет, треба да ги имаат прифатено сите чинители на политичкиот процес.

Со мојава поддршка не навлегувам во тоа кој треба или не треба да биде на власт, туку што треба да прават властите, на што да се фокусираат наместо да ги расфрлаат тешко стекнатите народни пари на непотребни или јалови дејствија. Сосем ми е сеедно дали е Курто или Мурто, или двајцата или ниеден од нив, само лицата што се на јавна функција од портир, преку градоначалник, до претседател и премиер, да си ја вршат работата за која се избрани.

При тоа, свесен сум дека за многу работи од нашето секојдневие не се согласувам со сите потписници на манифестот, ниту дека симпатиите за политички опции ни се поклопуваат, освен за тоа дека во Македонија сите граѓани мора да имаат слободата, без страв и автоцензура, јавно да дискутираат за сите прашања кои им го определуваат животот и личната среќа. И дека политичарите треба да постапуваат според потребите на граѓаните, а не да им натураат ставови преку присила и заглупување помогнато од медиумите. Суштината на процесот кој се заговара со манифестот е дека сите може да имаме различни мислења и ставови, но дека може да се обединиме околу неколку фундаментални вредности кои условно се нарекуваат европски. Европски најмалку во смисла на интегрирањето во ЕУ, туку во смисла на создавање на пристоен, слободен и достоинствен живот во земјава без разлика на кој политички или друг сојуз припаѓаме.

Пред да ставите коментар, ве молам да го прочитате манифестот.

09 February 2009

Човекот што ќе беше крал - филмот

Го повторувам повикот од постот Човекот што сакаше да биде крал, втор дел (по трагедија, фарса) од времето кога Хунзите одеа по земјава:

На телевизија бездруго по стопати да се емитува репризата на филмот со Шон Конери и Мајкл Кејн, „Човекот што сакаше да биде крал“ (The Man Who Would Be King).

Како дополнителен поттик, инсерт од филмот со сцената кога Дени и Пичи сваќаат дека со експлоатирање на митот за Александар може да ја задобијат довербата на домородното население.

08 February 2009

САД им вртат грб на противниците на женските права, МК медиуми молчат

Веста дека претседателот Обама ја укинал забрана за финансирање на интернационални програми за планирање на семејство досега ја немам сретнато во македонските медиуми:

Во првата недела од својот мандат, американскиот претседател Барак Обама ја укина забраната за така нареченото „Global Gag Rule“. Потегот е поздравен од групите за права на жените и јавно здравство, бидејќи со ова ќе се овозможи повторно глобално да се финансираат интернационалните програми за планирање на семејство.

За луѓето кои се интересираат на темава, им го препорачувам извештајот за настапот на ѓоамити претставничките на „НВО“ кое разлепува крволочни плакати против абортусот во емисијата „Јади бурек“ на „Наша ТВ“. Покрај маестрално срочениот пост, многу ми се направи кеиф што сликата ја дополнуваат и читателите со низа важни детаљи, како на пример овој извадок од коментар на Фемгерила:

Јанко прашува- од каде ви е податокот за 60% инфекции и оваа мртва ладна одговара: од гледач-јавувач на гласот на народот кој се претстави како биолог. Ејјјјјјјј где ја то живим!?!?
- Кога почнаа да пукаат со „медицински податоци“, бројки и проценти Јане ги праша од каде тие информации. Еве го одговорот: Од интернет, од Вест, Време и Утрински весник и од комшивките и пријателките.

За оние кои не го сакаат Јанко може да биде важно тоа што во погорните линкови има информации дека неговата улога не е црно-бела (односно, црна), туку дека во неговата емисија овозможил и учество на луѓето кои се борат за права на жените во друга прилика. А дека не се сите македонски медиуми исти, потврдува позитивниот пример на емисијата „Кино око“ на „ТВ Алфа“.

Комикон во Њујорк 2009

Мало освежување од секојдневните историски премрежија и епски теми... Посебно за љубителите на стрипот како медиум: Извештај од Комикон во Њујорк во видео формат од д Резидент.

06 February 2009

Придобивање на Ајрон Мејден да бидат за Македонија

Iron Maiden, Somewhere in TimeНа концертот на Ајрон Мејден закажан за 10.02.2009. во Белград, Авалон продукција и Влатче од Бекстејџ (екс Морал), имаат шанса да исправат една историска неправда и да постигнат една гооолема победа од Македонија.

Авалон се организатори, а на Сител ечат реклами дека емисијата Бекстејџ ќе обезбеди пристап зад сцената на концертот, па обете фирми со здружени сили да излобираат:

  • Стив Харис да го ажурира текстот на Alexander the Great прилагодувајќи го и на мислењето на современиците на Филип II како Демостен, кои го сметале за варварин, како и на модерните неутрални историчари, меѓу кои и американецот Јуџин Борза, кои античките Македонци и античките Грци ги сметаат за различни етнички заедници.
  • На пример, доволно е само делот

    Near to the east (близу до истокот)
    In a part of ancient Greece (во дел на античка Грција)
    In an ancient land called Macedonia (во старовремска земја наречена Македонија)

    да се замени на пример со

    To the north of ancient Greece (на север од античка Грција)

    и за почеток да го испее новиот текст на концертот. Да им направи кеиф на моите пријатели што ќе бидат на лице место.
  • Бекстејџ да објави интервју со Харис, а по можност и со Брус Дикинсон, познатиот познавач на историјата, за овие прашања. Ако не успее планот за промена на песната, барем нека прашаат јавно.
  • При тоа, Харис да се натера да признае дека солото што се свири некаде меѓу 3:50 и 4:35 минутa е направено врз основа на етничко македонско оро. Тоа е оној познатион дел со там-да-дадада-дам-да-дам. Ако не сака да ги прифати погорните предлози, да се конфронтира со прашање зошто не употребил грчко сиртаки како подлога наместо мелодија „од народното творештво на мнозинското население на северниот сосед“.
Како и сите други битки за идентитетот и оваа треба да се води со усул и љубезност, а не со обвинувања и арогантна навредливост. Да се има за цел да се создадат пријатели и сојузници, а не нови и поубедени непријатели, без разлика на нивниот досегашен став или можеби и ненамерна работа против нашата кауза. Измената на песната може да ја прогласат за ремикс, верзија 2.0, итн. При убедувањето да се искористат големи количества македонски производи, па ако треба „и вода од парно ако е над 40 степени“ (топаанска народна изрека).


Концептите на кандидатите за политички функции?

Пред повеќе од една година, во постот

ја загатнав темата на сеопфатно изложување на ставовите кај јавните личности, особено преку примерот на изборите во САД:

Скоро сите сериозни кандидати за некоја политичка функција, пред да се впуштат во политика, пишуваат книги за нивниот поглед на свет, за нивниот живот и настаните што ги направиле она што се, како и за нивната животна филозофија, од која потекнува нивната лидерска визија. Особено, со тоа на јавен увид ја ставаат својата способност за стратешко анализирање, отвораат дебати, а и докажуваат дека знаат да пишуваат.

За потребата да се изложат концепти, наместо ограничување на политичките дебати на лично ниво (ad hominem) меѓу теледиригирани фигури (figurehads) неодамна пишуваа и:

05 February 2009

Два интересни блогови

Неодамна дознав за овие два општествено ангажирани блогови, за кои сметам дека го заслужуваат вниманието на пошироката јавност:


04 February 2009

Гените не може да ја потврдат „чистота“ на нациите

Во врска со генетската генеологија, од еднаква важност е да се знае што може да се дознае и што не може да се дознае. На светско ниво постојат неколку фирми кои нудат испитувања, односно споредување на генетскиот материјал од клиенти со податоците и за современи и за луѓе од минатото од огромни бази на податоци. Меѓу најпознатите се проектот Генографик на Нејшнл џиографик, американската фирма Фемили три и Швајцарскиот институт за генетски истражувања иГЕНЕА.

За некои групи од минатото со испитување на посмртни останки се определени заеднички карактеристики и направени приближни профили со чија споредба во помала или поголема мерка може да се определи степен на сродство.

Арно ама, во ниеден случај не се работи за откривање на некаков „ген“ со кој ќе се определи етничка, па дури ни расна припадност. Да се зборува за „еврејски ген“, „тракиски ген“, „античкомакедонски ген“, „илирски ген“ или слично е целосна фантазија и ретроградна измислица, па затоа генетичарите често одбиваат односи со јавноста поради реалната опасност дека нивните изјави ќе бидат погрешно претставени и злоупотребени од неуки „ентузијасти“.

Денешната технологија овозможува испитување на два вида податоци: оние од Y-хромозомот кој се добива од таткото и митохондриската ДНК која се добива од мајката. Со ваквите испитувања може да се добијат податоци само за директните претци по машка линија (за машки) и за директните претци по женска линија (и за машки и за женски испитаници).

Една од првичните намени на ваквите испитувања е утврдување на татковство за потреби на правни спорови. Споредбата со базите на податоци овозможува пронаоѓање на некои роднини низ светот, доколку тие донирале свој генетски материјал за таа намена.

Испреплетено семејно стебло

Доколку се работи за споредување на карактеристиките на предците со оние на некој историски народ, тогаш мора да се има на ум дека во истиот тој временски период една личност немала само двајца предци, туку многу поголем број – зависно од тоа колку генерации поминале од тогаш и колкав е степенот на меѓусебно спарување меѓу сродници.

На пример, една денешна личност има двајца предци (родители) од пред една генерација, четворица (дедовци и баби) од пред две, осум (прадедовци и прабаби) од пред три и шеснаесет пред четири генерации. Практично е неминовно некои од предците да се роднини, на пр. далечни братучеди, па таквите ќе имаат заеднички предци, со што бројот на предци во претходните генерации ќе расте поспоро од геометриска прогресија. Но сепак, секој од нас е потомок на барем неколку илјади различни луѓе кои сите живееле истовремено во 323 година пред нашата ера – пред околу стотина генерации. Со генетско испитување може да дознаеме нешто за културната припадност на само за двајца од нив, ако имаме среќа нивни сродници да се нашле во пронајдените и испитани гробници.

Затоа, генетското испитување не може да ни даде одговор на прашањето „дали јас сум потомок само и исклучиво на припадник на тој и тој народ“.

Нема корелација меѓу маркерите (карактеристичен дел од генетскиот код) кои се користат за вакво испитување со другите информации кои се пренесуваат преку гените. Затоа, ако некому испитувањето на Y-хромозомот му покаже дека даден прадедо му бил антички Македонец, тоа не значи дека прабабата, или некој од останатите илјадници прадедовци од таа генерација не биле Илири, Хуни, Словени, Готи, Римјани, Тракијци, Пајонци, Банту, антички Грци, антички Турци, антички Кинези, Маји или Толтеци или било која тогаш идентификувана група со сопствена култура. Денешниот човек може да поседува наследен материјал кој потекнува од повеќето предци, како на пример сини очи од Готот или Норманот, темна коса од Хунот, орловски нос од Римјанинот, вита става и рамна снага од античката Македонка итн.

Исто така, треба да се има на ум дека заради процесите на рекомбинација некои од биолошките особини не се пренесуваат во наредните генерации. А особено, нема дилема дека информациите за културната припадност како јазик, историско паметење, религиски верувања, фолклор и други обичаи, не се пренесуваат преку гените туку преку меѓусебна комуникација меѓу луѓето.

Исто така, ако за еден Шпанец се открие дека имал предок Арапин или Бербер, а за еден Германец дека имал предок Евреин, тоа не значи дека сите нивни директни предци биле припадници на тие народи. Колкава важност ќе се придава на тој податок зависи и од степенот на патријахалност на општествената заедница, како и некои нејзини карактеристични обичаи и правни норми. Кај Евреите, припадноста на групата се определува по мајката, така што релевантноста на податоците од митохондриската ДНК ќе биде поголема од онаа добиена од Y-хромозомот.

За жал, во многу случаи, необјективните политички перцепции на луѓето се покажуваат како многу поважни од објективната информација која може да се добие од научно испитување на гените. Токму затоа е важно да се зборува на оваа тема и да се одвојат бабите од жабите. Особено затоа што дури и со жабите имаме заеднички предци, кои живееле пред околу 340 милиони години.

Пак за лектирите и новиот книжевен канон

Во врска со дискусијата за лектирите, од едно врапче во приватно ја добив следната информација:
...професорите сами ги одредуваат лектирите, иако повеќето се држат до класичните лектирни изданија... сепак има инвентивни професори кои даваат за лектира книги како „Кој ми го украде сиренцето“ и слични, а меѓу лектирите во две штипски училишта се најде и книгата на С.Ц. „Последниот македонски хакер“.
Вклучувањето на книги од едицијата Блог-записи е баш модерно и веројатно врв на ледениот брег. Целиот овој развој на настани е многу интересен и штета што нема (воопшто) официјални информации достапни на интернет во врска со улогата и користењето на лектири и дела во нашиот образовен систем.

Арно ама има еден куп реакции по повод проектот за печатење (но не и дигитално објавување) канон на македонската книжевност апропо досадноста на поранешните лектири и квалитетот на канонизираните дела, кои кријат една тајна. Има и други тајни тука, кои чекаат да ги открие Државниот завод за ревизија некогаш, во некоја иднина.

02 February 2009

Автопат на добрососедството

За скандалот со именувањето на автопатот од Коридорот 10 размислувам од аспект на користа за обичните граѓани на Македонија.

Дали јас и другите 2 милиони нејзини жители ќе имаме некаква реална корист од тоа дали автопатот ќе се вика Александар Македонски? Дали со тоа ќе се подобри квалитетот на возењето по него, услугите што се нудат, структурата на подлогата и мостовите, бројот на ленти... Дали тоа што не бил наречен вака досега влијаело негативно на возачите? Ми се чини дека потегот баш сега да се избере такво име нема да доведе до реални подобрувања на патната инфраструктура.

Во однос на политичките импликации и позачестените обвинувања дека Македонија е провокатор во спорот со името кои нашата држава од жртва ја претвораат во нарушувач на добрососедските односи, мислам дека би било интересно Владата да не се инаети ко маалски фраер. Со скандалов има можност да се поентира на меѓународно ниво со примена на принципите на џиу-џицу: да се искористи силината на нападот на противникот и со неочекуван потег да се сврти во своја полза.

На пример, ако официјално да се објави дека автопатот ќе го носи името Автопат на добрососедството, ем ќе им ги затне устите на формалните приговарачи, ем ќе даде една нота на историска иронија на целиот инцидент за пософистицираните набљудувачи на балканските состојби.

01 February 2009

Кајмакот се подобрува - експресно

Можеби како реакција на моите три предлози за подобрување на Кајмакот, а можеби и како остварување на некој претходно започнат план, авторот на Кајмакот Глиша го исполни барањето за воведување персонализирани фидови:

Сега има рсс канали за пријавените и гласаните на страницата на профилот:
http://kajmakot.softver.org.mk/korisnik/...

пр.
http://kajmakot.softver.org.mk/rss/koris...

http://kajmakot.softver.org.mk/rss/koris...

Во моментов има проблем со кирилични кориснички имиња.

Поздрави и честитки од мене за експедитивноста и грижата за корисници.