Блекаут

Showing posts with label Криејтив комонс. Show all posts
Showing posts with label Криејтив комонс. Show all posts

21 January 2009

Белата куќа почна да користи Криејтив комонс

Од вчера, содржините на веб-сајтот на Белата куќа се објавуват според лиценцата Криејтив комонс наведи извор 3.0.По тој повод, журка:

Повеќе за лиценците на македонски јазик може да дознаете на Порталот за авторски содржини од Македонија објавени под Криејтив комонс, а за целото движење на веб-сајтот на глобалниот Криејтив комонс кој е на англиски.

15 December 2008

Анкета на Криејтив комонс за некомерцијалното

Криејтив комонсКриејтив комонс истражува како луѓето го разбираат терминот „некомерцијална употреба“ и за таа цел заинтересираните може да пополнат прашалник.

Оваа студија е од големо значење за мисијата на Криејтив комонс за обезбедување на бесплатни, флексибилни и лесно разбирливи лиценци за авторски права коишто се едноставни за користење,“ изјави извршниот директор на Криејтив комонс Џои Ито.

Пораката со повеќе детали ја пренесува Метаморфозис.

18 July 2008

Прашање за Криејтив комонс и Дигиталниот архив на македонскиот јазик

Преку коментар на постот за примената на лиценца од Криејтив комонс за Дигиталниот архив на македонскиот јазик, Дамјан Георгиевски го постави следното прашање:

хмм ... чекај чекај... делата од XIX и правата половина на XX век некој ги лиценцирал под Криејтив комонс???
како е можно тоа? по секое правило овие дела мора да бидат public domain [јавно добро].

М-р Неда Здравева од Центарот за образование за интелектуална сопственост го обезбеди следното стручно мислење како одговор:

Законот за авторското право и сродните права авторско дело го дефинира како индивидуална и интелектуална творба од областа на книжевноста, науката, уметноста и од други области на творештвото, независно од видот, начинот и формата на изразување.

Согласно Законот за авторското право и сродните права, за авторско дело особено се смета и:
- пишано дело, како, книжевно дело, напис, статија, прирачник, брошура, научен труд, расправа и слично.

Збирка на авторски дела, на дела од народното творештво, на други дела или друг материјал (како што се на пример енциклопедии, антологии, зборници, избор на текстови или музички дела, бази на податоци, збирки на документи и други збирки) претставуваат самостојни авторски дела, ако според изборот или распоредот на содржината претставува индивидуална и интелектуална творба. При тоа, треба да се нагласи дека заштитата на овие збирки не ја опфаќа нејзината содржина и не влијае на заштитата на правата кои се однесуваат на содржините на збирката.

Авторот на книжевно дело се стекнува со авторското право во моментот на настанување на делото. Авторското право трае за време на животот на авторот и 70 години по неговата смрт. По истекот на рокот на заштита, користењето на авторското дело е слободно, при што корисниците имаат обврска да ги почитуваат моралните права*.

Издавач е правно или физичко лице што законски ќе издаде авторско дело во книжен облик. Издавачот има исклучиви права на своето издание. Издавачот има исклучиво право да дозволува или забранува неговите изданија да бидат репродуцирани од друго правно или физичко лице, под име на лицето по пат на фотографирање, копирање и било кој друг начин на умножување. Во случај да дозволи репродуцирање, на репродуцираното издание задолжително се наведува името, псевдонимот или ознаката на издавачот на користеното издание. Ова право не влијае на остварувањето на правото на авторот.

Издавач што прв пат законски ќе издаде или лице кое прв пат јавно ќе соопшти необјавено авторско дело врз кое истекло авторското право, ужива заштита еднаква на материјалните права на авторот**.

Правата на издавачот настануваат во моментот на издавањето на авторското дело. Овие права траат 25 години од првото законско издавање на делото. По истекот на рокот на заштита, користењето на изданието е слободно.

Резимирано

Дигиталниот архив на македонскиот јазик е издавач на збирка на дела и според законот ги ужива материјалните овластувања, што вклучува да дозволи или забрани дистрибуција, јавно соопштување, преработување и сл. Одлука е на издавачот е истите да не ги користи во целост т.е воопшто да не ги користи односно збирката да ја направи достапна до јавноста на тој начин што ја „лиценцира“ со лиценцата Криејтив комонс Наведи извор 2.5 Македонија. Делата вклучени во збирката се во „слободно користење“ – public domain, и иако врз нив нема никакви материјални овластувања сепак уживаат заштита од аспект на моралните права на авторите т.е најмалку наведување на авторот.

Во ситуацијата корисниците на збирката „Текстови“ единствено имаат обврска да наведат дека делото е преземано од таа збирка, што впрочем е во согласност и со препорачаните стандарди за цитирање на извори преземени од Интернет.


* Авторското право е единствено право и е неразделно од авторското дело. Тоа содржи лично-правни овластувања (морални права), исклучиви имот¬но-правни овластувања (материјални права) и други овластувања на авторот (други права).

Моралните права го штитат авторот по однос на неговата индивидуална и интелектуална врска со делото. Авторот има морално право:

  • да одлучи дали, кога и како ќе биде прв пат објавено неговото дело;
  • на признавање на авторството на своето дело;
  • да одлучи дали при објавувањето на делото ќе се наведе неговото авторство и со каква ознака;
  • да бара при секое користење на делото да биде наведено неговото име, псевдоним или друга ознака;
  • на зачувување на целината на делото и да се спротивстави на секакво деформирање, сакатење или менување на неговото дело, односно да се спротивстави на секое користење на делото што може да и наштети на неговата личност, чест и углед;
  • да го измени делото, доколку со тоа не се нарушуваат правата стекнати од други лица и

да го откаже правото на носителот на негово материјално право, согласно Законот за авторското право и сродните права.

** Материјалните права ги штитат имотните интереси на авторот. Всушност тие му овозможуваат на авторот да ползува од делото во материјална (имотна, економска) смисла.
Користењето на авторското дело е дозволено кога авторот го пренел материјалното авторско право, согласно закон и согласно условите што ги определил.

Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело. Други лица може да го користат делото ако авторот, согласно закон и условите коишто ги определил, го пренел своето право. Понатаму авторот има право да дозволува или забранува користење на делото за:

  • Издавање
    Издавање е репродукција на авторско дело во доволен број примероци и нивна дистрибуција.
  • Репродукција
    Репродукција е изработка на примерок од авторско дело, или дел од него, снимено на материјална подлога, директно или индиректно, повремено или трајно, независно од видот на подлогата на примерокот, бројот на примероците и постапката)
  • Дистрибуција вклучувајќи и изнајмување и позајмување
    Дистрибуцијата опфаќа пуштање во промет или понудување на јавноста заради продажба или друг вид пренос на сопственичко право, вклучувајќи ги и изнајмувањето и позајмувањето на оригиналот или примерокот на авторското дело, како и нивен увоз за натамошен промет, независно дали биле легално направени.
    Изнајмување е користење на определено време на оригиналот или примерокот на авторското дело, заради непосредна или посредна економска корист.
    Позајмувањето значи користење на определено време на оригиналот или примерокот на авторското дело, без непосредна или посредна економска корист, кога тоа се врши преку организации до кои јавноста има пристап.
  • Јавно соопштување
    Јавното соопштување е користење на оригинал или примерок на авторско дело во нематеријална форма, на следниве начини:
    • јавно изведување, под што се подразбира претставување во живо или со помош на технички средства, вклучувајќи претставување во живо на сцена,
    • јавно пренесување, што е претставување надвор од просторот или местото на изведувањето преку звучник, екран и слично,
    • ставање на располагање на јавноста, што е поединечно користење на оригинал или примерок на авторско дело до која јавноста има пристап, безжично или жично, во место и време коешто корисникот самиот го избира,
    • радиодифузно емитување е претставување авторско дело преку радио и телевизиски програмски сигнали безжично, вклучувајќи сателит или жично, вклучувајќи кабелски или микробранов систем.
    • радиодифузно реемитување што е истовремено, во целина и непроменето пренесување на радиодифузно емитувано дело доколку го врши друга радио и телевизиска организација или се врши преку кабелско реемитување - пренесување преку кабелски или микробранов систем со повеќе од сто кабелски приклучоци, под услов делото почетно да се емитува од друга држава
  • Преработување.
    Преработување е преведување, обработување, приспособување, аранжирање или на друг начин приспособување на изворното авторско дело
Во ситуации, определени со Законот за авторското право и сродните права, и без да се пренесе соодветното материјално право, може да се користи објавено авторско дело. Тоа се случаите на законските дозволи - законски дозволено користење со обврска за давање надомест и слободното користење - законски дозволено користење без надомест.

14 July 2008

Конкурс за најдобра фотографија или видео клип од мобилен телефон

Криејтив комонс МакедонијаКриејтив комонс Македонија објавува конкурс за најдобра фотографија или најдобар видео клип направени со помош на вградена камера од мобилен телефон.

Темата е „лето“ по повод стапувањето на ова годишно време, а конкурсот ќе трае до 23 септември, односно до крајот на летото.

Сите пријавени фотографии и кратки видеа ќе бидат достапни преку веб-сајтот за авторски содржини: www.cc.org.mk под лиценцата Наведи извор 2.5 Македонија. Тоа значи дека секој ќе може да го употреби вашето дело, но при тоа ќе биде обврзан да го наведе изворот на оригиналното дело. Целта на овој конкурс е поттикнување на што поголем број корисници на мобилен телефон од Македонија (и аматери и професионалци), да споделат e-содржини со остатокот од светот.

Посетете ја страницата посветена на конкурсот за повеќе информации околу условите. Ако ја поддржувате слободната култура и развојот на наши локални е-содржини, помогнете во ширење на информацијава преку ставање на линк во пост на вашиот блог.

21 April 2008

Промоција на книгата на Дуле Варваринот

Промоцијата на книгата „Писателот Варски и други раскази“ од Душко Гошевски е закажана за понеделник, 21.03.2008 од 20:30 часот во К.Ц. „Точка“ во Скопје.

pisatelot-varski.jpg

Содржината првпат беше објавена на неговиот блог, а потоа во форма на е-книга под лиценца од Криејтив комонс. Во хартиена (малку изменета и дополнета) форма ја објавува „Темплум“.

11 April 2008

Македонските блогерски реакции на Глобал војсис, за прв пат

Како што веќе пишав на насловна (во својство на уредник на Блогерај за април), пред некој ден беше објавен првиот напис од Македонија на порталот Глобал војсис онлајн, во моментов достапен на англиски, македонски и албански.

Излегувањето на написов ми е многу важно оти овоможува ширење на изворни информации од нашата земја во светот преку медиум кој е влијателен во круговите за човекови права. Ако се согласувате, стамблирајте го, или поддржете го преку Диг или Кајмак.от.

Дополнително, мене лично ми беше важно за да го исполнам ветувањето. Инаку, наидов на потешкотии оти сакав да го украсам текстот со пригодна илустрација, затоа што повеќето од блоговите кои ги цитирав не користат Криејтив комонс со што се отежнува ширењето на такви содржини:

  1. За да преземам фотка треба да трошам и свое и време на авторот за добивање дозвола.
  2. Содржините на Глобал војсис се објавени под лиценцата на Криејтив комонс наведи извор, за да може да ги преземаат и други медиуми. Ако фотката e со целосен копирајт, другите медиуми веројатно нема да ја преземат оти е преголема гњаважа да чекаат на одобрение од оригиналниот автор...

Затоа во идните вакви написи пред сè ќе ги имам предвид блоговите кои користат Криејтив комонс (може и сами да додадете линк во базата).

Повеќето наши автори пишуваат на мајчиниот јазик и за локалната публика, па допирот во странство им е максимално ограничен на дел од дијаспората. Бројот на повеќејазични сајтови од Македонија е сеуште многу мал, особено на оние кои имаат јасен фокус за пренос на вести и тоа го прават редовно, како на пример Метаморфозис на тема информатичко општество. Затоа е важно да објавуваме на што повеќе јазици, и светски и регионални.

31 March 2008

„Мојот Скендербеј“ на Драги Михајловски достапен преку интернет

Мојот Скендербеј од Драги МихајловскиОд денес, во електронска верзија, стана бесплатно достапен за преземање наградуваниот роман „Мојот Скендербеј“ од Драги Михајловски. Со оваа е-книга се заокружува процесот на дигитализација на 14 негови дела, објавени под лиценци од палетата на Криејтив комонс

25 March 2008

Елементи, нова е-книга од Леонова

Леонова објави дел од својата поезија и во форма на е-книга, дело кое го интегрира текстот со визуелен дизајн и фотографски елементи:

Елементи е достапна во ПДФ-формат, објавена под Криејтив комонс.

07 March 2008

Е-книги: Драги Михајловски со три нови дела на Интернет

Оваа недела, на порталот за авторски дела објавени под Криејтив комонс, во електронска форма станаа достапни македонските преводи на уште две драми од Вилијам Шекспир,

како и збирката „Раскази од шести кат“ од преведувачот и писател Драги Михајловски.

За него, Алекс Букарски вели:

Откако, неодамна Петре си замина, тој според моите вкусови е несомнено најдобриот раскажувач во македонската современа литература.

23 June 2007

Две интервјуа со Џоичи Ито

Во Неделно Време (23.6.2007) е објавено интервјуто кое со Џоичи Ито на официјалната промоција на Криејтив комонс во Македонија го направи Владимир Николовски. Заедно со интервјуто пренесен е и стрипот „Како функционира Криејтив комонс“ од централниот сајт (How it works) кој го адаптираше тимот на Метаморфозис.

Во вторник во Шпиц треба да излезе уште едно интервју, кое го има направено Владо Апостолов. Џои работи на тоа интервју преку неговиот блог, што е веројатно прв таков случај во македонското новинарство.

Сите гореспоменати дела наскоро ќе бидат достапни и на веб на македонски јазик.

21 June 2007

Македонија станува дел од светот на слободната култура

Светскиот бренд Криејтив комонс влегува кај нас

Филип Стојановски

На многумина навикнати на практиките на првобитната акумулација на капиталот што ја искусиле во Македонија може да им биде чудно што некои од најпознатите брендови во светот на Интернет не се ориентирани кон алчно собирање профит.

Иако некои од гигантите во компјутерската индустрија често ги споредуваат со рекетари и бескомпромисни освојувачи од типот на Борг (од Ѕвездени патики), дури и некои од многу успешните комерцијални играчи, како Гугл, својот деловен модел го базираат на обезбедување бесплатни услуги и индиректна заработка преку реклами. Но, секако вистински херои во приказнава се фирмите и организациите што работат целосно непрофитно, а имаат огромно влијание. Таквите најчесто се идентификуваат со поимот слободна култура.

Членовите на движењето за слободна култура се најразновидни. Од компании што меѓу другото произведуваат слободен софтвер и им овозможуваат на сите да го користат, копираат, приспособуваат и споделуваат, до филантропски фондации и невладини организации кои сметаат дека пристапот до знаење е предуслов за решавање на сите други проблеми во светот. Увидувајќи го потенцијалот на Интернет во таа смисла, тие често формираат меѓусебни сојузи, доаѓаат до заеднички платформи и се помагаат меѓусебно во остварувањето на заедничките цели.

На пример, заедницата на слободен софтвер веќе има произведено неколку светски бренда. Имињата како Линукс, Убунту, Опен офис, Мозила, Фајерфокс или Тандербрд се поврзани со производи во чиј брендинг се заснова на искуствата на корисниците, а не на инвестирање во огромни маркетиншки буџети, особено во споредба со неслободните конкуренти. Тие заземаат огромен дел од пазарот на информатичка технологија и со задоволство ги користат и влади и фирми и милиони индивидуални корисници. На луѓето едноставно им одговара да користат квалитетен, легален софтвер за кој не мора да ги плаќаат лиценците.

Друг важен дел од движењето на слободна култура е отворениот пристап, чии актери се залагаат за целосна достапност на резултатите од научните истражувања, со што се зголемува и комуникацијата меѓу научниците, образовните стручњаци, студентите и сите заинтересирани за ширење на знаењето во таа форма.

Криејтив комонс како светски бренд

Развојот на Интернет го има поттикнато американскиот правен стручњак Лоренс Лесиг да ги примени ваквите и слични искуства и на поширокото поле на авторски права. Организацијата што ја основал во 2001 година заедно со неколку истомисленици ја нарекле Криејтив комонс, а тешкопреводливото име се однесува на добрата во јавна сопственост. Историјата на англискиот јазик не учи дека првобитно зборот комонс се однесувал на јавните простори, како паркови и плоштади, односно на делот од имотите на селата кои биле во сопственост на сите селани, како ливадите на кои сите можеле да ги напасуваат говедата, или шумите од кои сите можеле да собираат дрва за потпала.

Многу брзо Криејтив комонс ја има добиено поддршката на луѓето што веќе го користеле Интернет за објавување на нивните креативни производи. Во прв ред тоа биле автори на текстови, новинари, репортери, писатели, кои често истовремено биле и блогери, луѓе на кои не им пречело ако ги цитирате, под услов да наведете точно од каде доаѓа цитатот, со име и презиме и линк до оригиналот. Од сличен мотив им се придружиле и авторите на други видови содржини, како фотографии, музика, филмови... кои и пред тоа ги објавувале своите дела на Интернет и на кои им било потребно скратување на процесот на одобрување кога некој сакал да ги преземе - а со тоа и промовира.

Имено, според важечките закони за авторски права, секое дело со самиот чин на создавање е заштитено, а авторот се добива со морални и материјални права. Доколку го објави делото на Интернет, авторот не губи ниедно од тие права. Тоа што технологијата на други луѓе им овозможува да симнат и искористат слика од веб-сајт не значи дека тие смеат да го прават тоа. Без експлицитна дозвола на авторот таквиот чин е пиратство, а починителот може да стане цел на тужба за отштета.

Една од целите на Криејтив комонс е на авторите што сакаат на другите да им дозволат да ги користат своите дела, да го направат тоа на еден елегантен, јасен и правно издржан начин. Со примената на некоја од лиценците, авторот всушност склучува договор со своите корисници, кои се обврзуваат делата да ги користат според однапред определени услови, уживајќи определени привилегии.

Така на пример, преку една од лиценците, еден автор-блогер може да дозволи корисниците да користат негови текстови и да ги објавуваат во своите изданија, под услов да го наведат изворот (да нема плагијат) и тие изданија да се некомерцијални. Доколку корисниците прекршат некој од условите на договорот - на пример го објават текстот во комерцијален весник - тогаш авторот може да ги тужи за нарушување на неговото авторско право, поткрепено со лиценцата.

Македонски парадокси

Досегашната практика во Македонија укажува дека голем број објавени дела циркулираат без попречувања меѓу корисниците, во вид на пиратски производи и плагијати. Но, пиратството и плагијатот не се дел од слободната култура. Слободната култура подразбира функционирање на правната држава и почитување и на правата на авторите.
И во Македонија има голем број автори што од промотивни или хуманитарни причини дозволуваат слободен или делумно слободен пристап до своите дела, било преку Интернет, било преку други медиуми. На пример, на сајтот Македонска музичка мрежа има дел МП3 во кој се поставени десетици песни од македонски изведувачи. Арно ама на страницата постои и една контрадикторност - стои текст дека „сите права се задржани". Тоа „сите“ значи и правото на симнување, изведување и дистрибуција. Значи, иако се ставени на располагање, нашиот закон пропишува дека граѓаните што ќе бидат „фатени" да ги поседуваат овие датотеки може прекршочно да одговараат - доколку не покажат документ со дозвола да ги користат или дистрибуираат потпишан од сопствениците на авторски права.

Секако дека уредниците на сајтот немале намера на овој начин да „фабрикуваат" криминалци, но без соодветна законска рамка на нивните корисници може да им се случат многу непријатни нешта. Токму за разрешување вакви ситуации се наменети лиценците Криејтив комонс. Уредниците на сајтот, а уште подобро самите автори, можат да применат некоја од нив преку поставување соодветна ознака на страниците, по што корисниците ќе знаат што точно можат да прават со изложените дела.

Дополнително загрозување на корисниците во Македонија е улогата на фирми што вршат застапување колективни авторски права, како ЗАМП, наплатувајќи глоба од корисниците што пуштаат музика јавно, без разлика на тоа дали авторите на музиката ги овластиле тоа да го прават или не. Работите се придвижуваат и на ова поле, но се уште на државно ниво се чека на решение со кои на авторите ќе им се овозможи право на избор, преку кое ќе може да ја одбијат „заштитата" на ваквите организации. Се најавуваат темелни измени на законската регулатива со кои Македонија уште повеќе ќе се приближи на развиениот свет, а со тоа ќе се овозможи и поголемо поле на дејствување на слободната култура.

Криејтив комонс во Македонија

Како што пиратството е еден од најголемите противници и попречувачи на слободниот софтвер, така и ситуацијата во која не се знае кој пие а кој плаќа во светот на продукција и дистрибуција на културни добра е закана за пошироката слободна култура.

За Криејтив комонс да дојде во Македонија, прво требаше да се создаде критична маса на поддржувачи и организации што би застанале како застапници на движењето. Оти ова е движење кое што е невозможно да се наметне однадвор во средина каде што за него нема потреба или интерес. Големиот број блогери, фотографи, дигитални уметници кои почнаа да ги користат американските лиценци во последните две години укажа дека е дојдено време за тој чекор.

Фондацијата Метаморфозис, која е официјален претставник на Криејтив комонс во земјава, изврши превод и приспособување на текстот на лиценците на македонската правна рамка. Во целиот процес голема улога играа и стручњаците од Центарот за образование за интелектуална сопственост од Правниот факултет во Скопје, како и НВО Контрапункт, чиј културен центар Точка има голема улога во комуникацијата и вмрежувањето меѓу младите македонски уметници и творци. Текстовите потоа беа изложени на јавна расправа, па потоа и официјално одобрени од централата на Криејтив комонс.

Со официјалното објавување на лиценците, закажано за 19 јуни, Македонија на уште еден начин ќе им се приклучи на водечките светски трендови, а сите нејзини граѓани ќе може да ги користат благодатите на слободната култура и за лична полза, но и за промовирање на културните вредности на земјата во која живеат.

Текстов беше објавен и во Неделно Време на 17.6.2007.