Блекаут

29 April 2007

Топ листа надреалиста за веронаука во образованието

Во скечот за градинката „Сложни браќа“ од култната серија „Топ листа на надреалисти“ (Top lista nadrealista) се обработуваат многу од темите кои се поврзани со нарушувањето на секуларниот карактер на државата преку мешање на религијата како дел од етничкиот идентитет во образовниот систем:
Kao što znate, vjeronauka već tri godine funkcioniše u našim osnovnim i srijednim školama. Ali mi smo upozoravali da će s tim predmetom biti stanovitih poteškoća zato što djeca još u osnovnoj školi ulaze prilično nepripremljeni za tako značajan predmet kao što je vjeronauka. Stoga smo u saradnji sa Ministarstvom za prosvjetu, kulturu i genetski inženjering odlučili da u ovo naše obdanište koje se zove "Složna braća" uvedemo posebnu vrstu podjele djece na kategorije. Naime, dosad smo imali tri grupe. To su bili mala, sredna i velika grupa...

...a sada imamo tri kategorije, u duhu demokratskih promjena. Kategorije su srpska, hrvatska i muslimanska kategorija djece. Da vidite kako ovaj modjerni metod, u duhu demokratskih promjena, funkcioniše u našem obdaništu, pokazaćemo vam u praksi...


24 April 2007

Употребливоста обезбедува поуспешни веб-сајтови

Употребливоста е дел од кој било процес на изработка што обезбедува корисникот да може лесно да го користи крајниот производ. Особено е важна при изработката на компјутерски апликации, оти експлозивниот развој на новите технологии понекогаш оди толку брзо што се занемаруваат потребите на самите корисници

Филип Стојановски

За жал, употребливоста не е голем приоритет за дизајнерите на веб-сајтовите во Македонија. За тоа има две основни причини, кои природно потекнуваат од карактеристиките на луѓето што ги нарачуваат веб-сајтовите и карактеристиките на луѓето што ги извршуваат тие нарачки.

Да не се остане покусо

Основен фактор за успешност на еден проект е тој да има јасна и мерлива цел. Во голем број случаи при одлучување да се изработи веб-сајт, сопственикот нема јасна претстава што сака да добие од таа операција. Тоа се должи на се уште ниското ниво на свест за придобивките од користењето на Интернет, но и на објективно се уште неразвиените можности за е-трговија во Македонија.

Во голем број случаи основен мотив за изработка на веб-сајт не е да се унапреди работењето на фирмата, туку да не се остане покусо од конкуренцијата, односно барем формално да се покаже дека фирмата или организацијата користат нови технологии. Поради тоа, голем дел македонски комерцијални веб-сајтови ги содржат основните информации за организацијата и можеби еден вид каталог со основните производи и услуги. Нивото на презентирани информации е она на визит-карта, оглас во весник, леток или, во најдобар случај, брошура за брзо претставување на фирмата.

Често, раководителите не планираат вложување ресурси во ажурирањето на веб-сајтовите, па тие оставени сами на себе играат улога на своевидни реликти, негибнати со години, кои сведочат за степенот на развој на фирмата во моментот на поставување. Многу често се случува бизнисмените воопшто да не ги посетиле сопствените сајтови, а во случаите кога ја увидуваат потребата за нивна изработка или ажурирање попрво да посегнуваат по барање надворешна помош, а не развој на капацитет во сопствената организација. Тоа што минимално го користат во секојдневната работа им оневозможува да проценат дали производот што го добиваат исполнува какви било критериуми за употребливост.

Опортунистички и приучени занаетчии

Од друга страна, употребливоста како концепт не е голем приоритет ни кај голем дел од македонските фирми што изработуваат веб-сајтови. Дел дизајнери доаѓаат од светот на ликовната уметност или графичкото уредување на печатени медиуми со многу мала или никаква образовна подлога за потребите и техничките аспекти на употребливоста. Главен приоритет на ваквите дизајнери е да направат производ што ќе изгледа како што сакаат, без притоа да потрошат време да научат нови техники и алатки, што често доведува до изработка на решенија што се „убави“, но не се оптимизирани според потребите што се дел од комуникацијата преку Интернет.

Основен резултат во овој поглед е создавањето огромни датотеки што се вчитуваат многу бавно, што е основна пречка при гледањето еден веб-сајт. Ако вчитувањето не е доволно брзо, корисниците ќе си отидат на друго место, кое повеќе ќе го цени нивното време. Многу често ваквите веб-сајтови не се тестираат преку Интернет, туку на локалниот компјутер на дизајнерот, каде што нема проблеми со брзината. Како такви им се прикажуваат на муштериите, кои дури откако ќе ја платат фактурата и ќе решат да го погледнат поставениот веб-сајт дознаваат дека е пребавен.

Некои дизајнери се правдаат дека со воведувањето широкопојасен Интернет (АДСЛ) се губи потребата од обрнување внимание на оптимизирање на големината на датотеките, оти тие сеедно се вчитуваат доволно брзо. Ваквиот однос покажува елементарна негрижа за доброто на посетителите на сајтот, кои плаќаат за определени квоти на пренесени податоци и кои трпат финансиска штета ако примат повеќе податоци од оние што им се потребни.

Остатокот од веб-дизајнерите претежно доаѓа со програмерска образовна подлога и искуство. Ваквите дизајнери пак често не се мешаат многу во графичкиот дел на работата и во таа област се потпираат на готови решенија од горенаведените колеги или штанцаат нови производи врз основа на постојни шаблони. Образовниот процес на овие лица им нема обезбедено доволна подготвеност и за решавање на проблеми од областа на употребливост, која се базира на психологијата, како и од областа на комуникација со муштериите. Во случаите на „краток спој“ од овој тип, дизајнерот е најчесто вљубен во некое технолошко решение кое му го наметнува на муштеријата, без разлика на тоа дали тоа навистина одговара на неговите потреби.

Подвид на ваквите дизајнери се оние што сакаат да експериментираат и учат на сметка на клиентот, па преземаат изработка на веб-сајтови со техники што не им се доволно познати, но претставуваат нешто ново и интересно. Така, на пример, пред неколку години кај нас се појавија многумина „флеш-дивелопери“ што недоучено ја промовираа употребата на алатката за анимација и мултимедија Флеш и кај што треба и кај што не треба.

Заведени од едноставната блескавост на ефектите, голем број клиенти имаат прифатено поставување на флеш-апликации на нивните веб-сајтови, особено во вид на банерчиња или анимации на воведниот екран што не пренесуваат никакви полезни информации. Всушност, ваквите џиџи-миџи често и го попречуваат пристапот од машините за пребарување до страниците што содржат информации во вид на текст или само служат да го одвлекуваат вниманието на читателот од нив, ако се вградени во дизајнот на таквите страници.

Така на пример, голем број веб-сајтови на македонските музичари имаат облик на мали сликовници, во кои иницијално се поставени неколку основни информации, фотографии и звучни записи, завиткани во непробојна обвивка од Флеш, која оневозможува поставување длабински линкови до индивидуалните страници. (Примери: Бојана и Дани - прим. ав.). Згора на тоа, тие многу ретко имаат оддел за вести, а тие уште поретко се ажурираат. Зачудува тоа што музичарите ја пропуштаат можноста на своите фанови да им ги најават барем своите наредни настапи, со време и локација, но тоа е македонската реалност.

Некои од најкатастрофалните примери на лошо изработени или почнати, па недовршени веб-сајтови доаѓаат поради желбата на муштериите да поминат евтино. Наместо да инвестираат во професионална услуга, многумина на помош го викаат братучедот или внукот кој „растура компјутери“. Ваквите роднини бараат многу пониска цена, а обезбедуваат уште понизок квалитет. Во слична ситуација се и оние што добиваат спонзорирани веб-сајтови, при што подарокот е нефункционален, но „се брои“. Со ваквите постапки се прави дополнителна штета, оти кај разочараните нарачатели се создава одбивност во врска со интернет.

Употребливоста не е дополнителен товар, туку сојузник

Главен промотор на модерното сфаќање на употребливост е Американецот Јакоб Нилсен, кого често го прогласуваат за гуру на оваа област. Неговиот веб-сајт е честа појдовна точка при испитувањето на прашања од оваа област, а угледот го има стекнато со повеќедецениска континуирана работа како научник-истражувач и консултант во повеќе гранки на софтверската индустрија.

Во последните неколку години, покрај приватните иницијативи употребливоста стана актуелна и на ниво на влади, особено во развиените земји каде што поголемата употреба на Интернет доведува и до поголема потреба од употребливост. Ова е проследено со донесување политички одлуки и конкретни препораки во чија основа се резултати од научни истражувања и анализи на однесувањето и потребите на корисниците. Употребливоста се споменува и како дел од формалните ИСО-стандарди за квалитет на софтверски производи (ISO IEC 9126, ISO 9241-11).

Најчестите утки против употребливоста кои ги споменува Нилсен во неговата легендарна листа на „10 најчести грешки во веб-дизајнот“ често се забележуваат и на видни македонски веб-сајтови.

Така на пример, повеќето медиумски-веб сајтови немаат добар систем за пребарување. За среќа, некои од нив имаат воспоставено соработка со пребарувачот Најди!, кој им обезбедува целосно индексирање и пребарување на нивните содржини како бесплатна услуга. Оваа шанса ја користат и многу македонски блогови.

За жал, на голем број владини веб-сајтови, како што е порталот за услуги, како и невладини веб-сајтови наменети за дистрибуција на документи, како што е Право, документите се достапни само во форматот ПДФ (поточно во ПДФ и во Ворд, формат кој како исто така не наменет за на веб - прим. ав.). Во најлошите случаи се работи за скенирани хартиени верзии, кои се всушност слики а не текст. Таквите документи се огромни, тешки за симнување и невозможни за обработка од типот копирање делови на текстот, цитирање и слично.

Според искуствата од рубриката „Веб-сајт на денот“, која функционира од основањето на весникот „Време“ - речиси три и пол години, покрај горенаведените неменувањето на бојата на посетените линкови и отворањето нови прозорци се веројатно најчести грешки на македонските дизајнери. Отстранувањето на овие недостатоци не само што му обезбедува на корисникот подобро снаоѓање во рамките на веб-сајтот, туку и ментален континуитет.

Среќа е што кај голем број македонски сајтови веќе не се користат рамки (фрејмови), една демоде-практика, која Нилсен строго ја осудува. Оние што користат со право се незабележителни на Интернет, и како брендови и како производи. Работите полека се менуваат, но сепак и природниот тек на прогресот ги подига стандардите на квалитет. Тука голем удел има и тоа што употребливоста е приоритет при изработката на системи за раководење со содржини (CMS), кои често доаѓаат во форма на слободен софтвер (Joomla, PHP Nuke, Drupal).

Некои дизајнери се спротивставуваат на овие ставови поради тоа што тие „отсекогаш“ работеле на тој начин. Најдобро решение на ваквите дилеми е ако секој се запраша не дали да го примени она на што е навикнат/а, туку она што го применуваат најуспешните. Едноставноста често е поефективна. При донесување одлуки, најполезно е човек да се праша што би направил Гугл. Не случајно е што веб-сајтовите на Гугл, и на Јаху, и на низа други успешни профитабилни лидери на пазарот на Интернет ги следат препораките за употребливост во случаите кога не се придржуваат слепо до нивната основна форма, тоа го прават со добра причина и во функција на конкретната задача. Така, на пример, делот на Гугл за пребарување слики користи рамки, но со можност веднаш да се излезе од нив штом се најде потребниот податок.

Што треба да се направи

Поголемото интегрирање на употребливоста во изработката на македонските е-содржини ќе придонесе кон нивна поголема видливост и влијание на Интернет, а со тоа ќе се зголеми и моќта на македонските граѓани, институции и фирми.

И нарачателите и изработувачите на веб-сајтови треба да станат посвесни за предностите што ги нуди оваа област со континуирано самообразование и неприфаќање на спуштање на нивото на квалитетот на изработка.

Текстов е објавен во „Неделно Време“ (21.04.2007).

Полскиот трејлер за „Прашина“ на „Ју тјуб“

Со дело надоврзувајќи се на претходниот муабет, Ана го качила полскиот трејлер за „Прашина“ на „Ју тјуб“. Секој може да придонесе во промоцијата преку гласање и препорачување.

Во трејлерот преводот е со еден ист монотон глас кој го чита, слично како и на полските сателитски канали. Тој аспект на полската телевизиска култура секогаш ме зачудувал.

Полезни линкови за употребливост

23 April 2007

Денот на глинената табличка

Може без најмало претерување да кажеме дека да ја нема глинената табличка, ќе ја нема ни нашава возвишена цивилизација. Да, секако постојат и други начини да се запишува, како на стели и столбови, на ѕидовите на палатите и храмовите, па дури и по ќупови. Но глинената табличка е ненадминлива. Може да се носи во џеб. Може да се чита в кревет. Ефтина е, па може да се користи за запишување и на секојдневни работи, како сметководство, а не само за религиозни списи и прогласи на пресветиот владетел.

Записот не бледнее, а ни глувци не ја јадат како што може да го изгрицкаат пергаментот. Не гори како онаа луксузна западна новотарија, папирусон. Впрочем, ја користиме веќе две, па можеби и три илјади години. Затоа со посебен указ на царот Хамураби, денешниот ден се прогласува за Ден на глинената табличка.

...

Поздрав до Би, и до сите што не слават ден на ЦДто, винилската плоча, ДВДто, ласерскиот диск, касетата, магнетофонската лента... односно оние кои сваќаат дека не е поентата во физичкиот медиум на кој се запишуваат информациите, туку во создавањето и пренесувањето знаења. Тоа што во во Скопје имаме Саем на книгата, наместо саем на информациите (информатичко/циско општество), значи дека издавачите не се гледаат себеси како продавачи на содржини, туку како продавачи на физичките предмети книги, весници итн. И после се чудиме зошто има малку содржини на интернет.

Основни прашања за употребливост

Употребливоста разгледува прашања од типот:
  • Кои се корисниците, што знаат, а што може да научат?
  • Што сакаат корисниците или што треба да направат?
  • Кои се општите информации за корисниците?
  • Во кој контекст работи корисникот?
  • Што треба да се препушти на машината? Што треба да се препушти на корисникот?
  • Дали корисниците можат лесно да ги извршат поставените задачи?
  • Колку треба да се обучуваат корисниците?
  • Каква документација или други придружни материјали се достапни како помош за корисниците?
  • Какви и колку грешки прават корисниците при интеракција со производот?
  • Дали постојат мерки за задоволување на специјални потреби на корисници со хендикеп? (пристапност)

Десет најчести грешки во веб-дизајнот, според Јакоб Нилсен

Ова е ептен концизно пренесување на главните точки од текстот (Top Ten Mistakes in Web Design) на Јакоб Нилсен.
  1. Лошо пребарување – пребарувачот не треба да биде само буквален, туку треба да ги зема предвид печатните грешки кои корисникот може да ги направи
  2. Објавување на документи само како ПДФ датотеки за читање на интернет – за разлика од ХТМЛ, овој формат е наменет за печатење на хартија, а не за читање од екран
  3. Неменување на бојата на посетени линкови – корисникот не знае што сè има посетено
  4. Непрегледен текст – читањето од екран е потешко отколку од хартија, па текстот треба да биде разбиен на пократки пасуси, со празен простор, јасно означени наслови, поднаслови и важни термини, а при набројување да се користат листи и „булети“, не континуирани реченици.
  5. Фиксирана големина на фонтови – оневозможува корисниците со послаб вид да го прилагодат изгледот преку менито на разгледувачот.
  6. Наслови на страници со ниска видливост за машините за пребарување – насловот треба да ја одразува содржината преку клучни термини и да биде дел од кодот, вметнат во тагот title.
  7. Употреба на рекламни елементи – корисниците не доаѓаат да гледаат реклами и сесрдно ги избегнуваат сите банери, мали анимации и прозорци што искокнуваат (поп-ап).
  8. Непридржување до конвенциите за дизајн – секој обид да се измисли топла вода губи времето на корисниците кои се навикнати на стандардни функции.
  9. Отворање на нови прозорци на разгледувачот – троши дополнителни компјутерски ресурси без дозвола на корисникот, оневозможува природно враќање на претходните сајтови и го нарушува текот на сурфањето.
  10. Неодговарање на прашањата на корисниците поставени преку е-пошта и нудење недоволно информации. На пример, објавување каталог на производи без цени.

22 April 2007

Потреба од поголема промоција на „Прашина“ и др. МК содржини

Постот на Ана за тоа што по 6 години од објавувањето, филмот „Прашина“ почнал да се прикажува во Полска, ме потсети на тоа дека пред неколку месеци кога видов дека нема скоро ништо за македонската кинематографија на Ју тјуб симнав трејлеров токму за тој филм од сајтот на режисерот и го качив таму.



Пред некој ден забележав дека извесен Македониер во меѓувреме има изнаставано еден куп клипчиња поврзани со Македонија, дел од нив и од филмското творештво. Браво за него, поддржете го со гласање, коментари и вметнување на клиповите во ваши постови, особено ако се на англиски.

Едновремено, Дарко би сакал подотворање на архивите, за кои сметм дека би требало да се дигитализираат во висока резолуција погодна за понатамошна обработка и материјалите да се стават директно на веб. Не само „ролните“ од МРТ, туку и од фамозните сефови, како оној на Виктор Аќимовиќ, на кој „сеуште не му дошло времето“.

19 April 2007

Ново продолжение на Петар Пан, на македонски и хумано

На времето, Џејмс Метју Бери (1860-1937) го доделил приходот од авторските права од Петар Пан на Детската болница „Грејт Ормонд Стрит“. На седумдесетгодишнината од неговата смрт, кога авторските права на истекуваат, спроведен е конкурс за официјално продолжение на кој победила Џералдин Макоркран со „Петар Пан во црвено“ (Peter Pan in Scarlet).

Издавачката куќа Вермилион го има објавено преводот на македонски, а во духот на зачетникот на сагата доделува по 10% од секоја купена книга на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле, Скопје.

Убав биографски филм за Џ.М. Бери е „Наоѓање на Недојдија“ (Finding Neverland) со Џони Деп и Кејт Винслет.

Крадењето на „парите“ од „Тепај време“

Да се надоврзам на постовите на Волан и Вуна за тоа како Вечер ја преземал комплет содржината од еден блогерски пост без дозвола и без да го наведе изворот со една дополнителна информација. За разлика од изданието на интернет, во печатеното издание (стр. 14. 19.04.2007) има наведен извор, ама погрешен - www.kajgana.com.mk.

На веб-сајтот Кајгана пак, го нема целиот напис, туку културен линк до оригиналниот пост и во описот на линкот недвосмислено стои дека се работи за друг сајт:
Денарите со нов дизајн
Парите кои ги користиме се премногу монотони, па затоа дечките од "Тепај време" решија да ги редизајнираат! :)
Изгледот на новите денари - ТУКА.
Се работи за сличен случај како кога содржини од блогот Фотошоп беа пренесени во Утрински весник (10.04.2006) благодарение на линк до блогот на Он.нет, при што новинарот имаше напишано дека содржините се на Он.нет.

И овој случај на елементарно незнаење да се разграничи веб-адреса од веб-сајт од страна на професионалци чија професија по дефиниција е обработка и пренесување информации укажува дека треба да се работи на образование на македонските медиумски личности.

Содржините на „Тепај време“ се заштитени со лиценца Криејтив комонс (Creative Commons Attribution - NonCommercial - NoDerivs 2.5 License) што значи може да се преземаат неизменети, за некомерцијални цели и со наведување на изворот. Во овој случај „Вечер“ има пробиено два од трите услови и „Тепај време“ има можност да се повика на Законот за заштита на авторски права и да ги тужи за бесправна употреба на нивното авторско дело. Вакви спорови се разрешуваат преку приватна тужба.

Блогерите ја промовираат Наградата на Светскиот самит

Поттикнати од желбата за промовирање на македонските е-содржини во светот, неколку блогери почнаа со свој придонес за ширење на гласот за Наградата на Светскиот самит за информатичко општество - Македонија.

Благодарност до Комуникации и Маркет тинк кои имаат поставено банери, како и до Спартак, Кичево и е-Рајдери кои се вклучија со постови.

Сите кои помагаат преку линкување имаат можност да бидат вброени меѓу промоторите, со пријавување на веб-сајтот на НСС.

Исто така, ако Вашиот блог е посветен на една од категориите во кои се доделува Наградата, може да го пријавите. Оти фокусот не е на технологии, туку на е-содржини.

18 April 2007

Препорака: Економската митологија на Сатаниел

Во текстот Економска митологија I - адвертајзинг, Сатаниел вели:
Компаниите имаат целосна слобода да го ебаваат вашиот ум, и никој не може да стори ништо против тоа. Комерцијалното перење мозок на овој начин се сведува на две работи: создавање на побарувачка која инаку не би постоела и создавање вештачка неелестичност за некој производ, не поради неговиот квалитет, туку поради потсвесни причини, на ниво на инстинкти во нашиот рептилен ум. И двете се негативни за ефикасноста на пазарот на свој начин.
Потсетувам и на пропагандните техники на Би, а посочувам и на чистењето на Сао Паоло од билборди како пример за отпор.

Поддршка за подобрување на медиумските меѓуетнички односи

Благодарение на Комуникации дознав за веста на „Дојче веле“ за тоа како два белгиски весници започнале тесна соработка за да ги подобрат меѓуетничките односи меѓу Валонците (кои зборуваат француски) и Фламанците (кои зборуваат холандски).

За жал, со важниот исклучок на ТВ АлСат која емитува програмата и на македонски јазик, ми личи дека кај нас сеуште важи констатацијата од пред година дена дека повеќето Македонци и Албанци живеат во одвоени (медиумски) светови. МЦМС на времето имаше еден проект со слична намена како белгискиов, Страници за меѓусебно разбирање и мислам дека треба уште повеќе да се работи на истото поле.

Е-содржините - Шанса за промоција на Македонија

За светот на информатичко-комуникациските технологии, Наградата на Светскиот самит за информатичко општество има исто значење како доделувањето на Оскар и Натпреварот за песна на Евровизија – заедно. Софтверски производи од 168 земји ќе се такмичат место во финалето. Вторпат во историјата на Македонија, производителите на е-содржини од земјава имаат можност да се споредат со најдобрите од целиот свет. Ако мудро ја искористат шансата, покрај досега невидениот престиж, пред нив се отвораат и нови можности за пробив на странските пазари.

Филип Стојановски

Наградата на Светскиот самит (НСС) е глобална иницијатива за избор и промоција на најдобри е-содржини, која почна да се доделува во 2003 година во рамките на Светскиот самит за информатичко општество. Процесот се одвива преку национални избори и еден глобален избор, кои се одржуваат на секои две години. Во активноста спаѓаат и голем број национални и меѓународни конференции и работилници посветени на е-содржините - наречени Патувачко шоу на Наградата на Светскиот самит.

Наградата на Светскиот самит е проект што поканува на учество и глобален центар за сите, кој го гледа клучното значење на креирање одлични е-содржини во рамките на новото информатичко општество. До денес 168 земји активно се вклучени во Наградата на Светскиот самит.

Целта на оваа иницијатива е надминување на дигиталниот јаз (неможност на пристап до придобивките од новите технологии), кој се пројавува и како содржински јаз (недостиг од квалитетни содржини, кои можат да им го променат животот на подобро). Преку избирање, презентирање и промовирање на најдобрите производи од целиот свет од областа на е-содржини, Наградата на Светскиот самит придонесува за надминување на дигиталниот и содржинскиот јаз.

НСС го става фокусот на решенија што ги промовираат културниот идентитет и диверзитет на државите-учеснички, истовремено се бараат мултимедијални проекти, кои на креативен начин ги користат предностите на дигиталните технологии.

Пријавувањето проекти се врши преку националните организатори, кои примаат пријави од производители на е-содржини до определен датум. Потоа национално жири одбира по еден претставник на државата за секоја од категориите. Избраните национални претставници, со помош на националниот организатор, ги испраќаат своите производи до големото жири, кое од пристигнатите 1.344 предлози избира 40 - по пет во секоја категорија.

Победниците се стекнуваат со промоција на светско ниво, учество на низа настани, а преку нив се промовира и државата што ја претставуваат. На национално ниво, учеството во изборот придонесува за јавната перцепција на организациите како модерни, динамични и општествено одговорни компании, кои даваат свој активен придонес во процесот на трансформација на Македонија во општество базирано на знаења и информации.

Искуството од 2005 - Хрватска го собра кајмакот

Македонија првпат учествуваше во изборот за Наградата на Светскиот самит во 2005 година, кога во Тунис се одржа и втората фаза од самитот. Доделувањето на наградите на глобално ниво се одржа на гала-приредба во главната хала, со учество на членови на владите на земјите-добитнички и други дипломатски претставници.

Професорот Питер А. Брук, организатор на глобалниот Натпревар, австрискиот државен канцелар Франц Морак и водителката на гала-приредбата во 2005 година, кувајтската е-претприемачката и колумнистка Манар Ал-Хашаш.

За жал, и покрај сесрдните напори на тогашниот национален организатор, г. Љупчо Трајковски, во 2005 година ниеден од осумте македонски претставници не влезе во финалето.

За разлика од Македонија, Хрватска целосно ги искористи можностите што ги понудија овие два настана за промоција на државата како модерна, европски ориентирана економија, која со сопствени сили го издига и светскиот просек. Ова, пред се, се должи на проактивноста на политичкиот врв, а во комбинација со освојувањето две награди во финалето на наградата, за проектите Национален парк Копачки Рит и Фауна.

На хрватскиот претседател д-р Стјепан Месиќ му беше укажана чест да зборува прв во пленарниот дел на самитот, веднаш по генералниот секретар на ООН Кофи Анан. Месиќ учествуваше и на церемонијата на доделувањето на наградите, на дело покажувајќи ја посветеноста на изградбата на информатичко општество.

Како продолжение на искористувањето на процесот на наградите на Светскиот самит за потврдување на лидерските позиции на Хрватска, тие се понудија и ја добија честа оваа година кај нив да се одржи оценувањето на светско ниво. Веројатно Хрватска ќе биде домаќин и на доделувањето на наградите кон крајот на оваа година.

Од нашето пошироко соседство, покрај хрватските, добитник беше и романскиот проект Напредни објекти за е-учење. И други помали земји го издигнаа својот углед во светот на ИКТ преку освојувањето на наградата на Светскиот самит во 2005 година, меѓу другите Бахреин со апликацијата за е-визи и Женската порта, Ерменија со цеде за животот и делото на Арам Качатуриан, Тунис со сервисот за изпраќање телеграми преку веб или Гватемала со проектот за општествено вклучување.

Меѓу наградените беа и проекти од Холандија, Канада (3), САД (2), Франција (3), Австралија (2), Британија (4), Бразил, Ирска, Кина, Јапонија... заокружувајќи ја сликата за тоа кој е кој на полето на иновативен развој на е-решенија во светот.

Наградата за 2007 - шанса што не се пропушта

Годинава македонските фирми, универзитети и самостојни автори на е-содржини имаат шанса да ги промовираат своите дела и нашата севкупна заедница на едно ново ниво. Со тоа на најубав начин ќе го покажат за домашни потреби често фалениот потенцијал на нашата ИТ-индустрија, како и виталноста и креативноста на нашите човечки капацитети.
Наградата на Светскиот самит нуди можност и преку производи од сферата на културата да се промовираат и низа стопански гранки ориентирани кон странство, а на политичко ниво преку дела да се обезбеди афирмација на современиот македонски идентитет.

Дури и фирмите што до определениот термин (31 мај) не би биле заинтересирани да понудат сопствени производи, може да учествуваат во процесот на Наградата преку вклучување како спонзори и поддржувачи. Годинашниот организатор, фондацијата Метаморфозис, за зголемување на можностите за вклучување исто така ги покани и сопствениците на веб-сајтови да се пријават за поддршка, преку ставање линкови до веб-сајтот на Наградата на Светскиот самит за Македонија. За возврат ќе добијат линк од сајтот назад кон нивните сајтови, што ќе придонесе за издигнување на нивниот ранг на машините за пребарување, но пред се морална сатисфакција преку асоцирањето со оваа благородна иницијатива од висок јавен интерес.

По затворањето на конкурсот за учество, во текот на јуни е закажано оценување на пристигнатите предлози и избирање на македонските претставници за глобалниот избор. За таа цел е составено мултидисциплинарно жири, кое го сочинуваат експерти од области поврзани со развојот на информатичкото општество.

Во текот на летото, избраните проекти се подготвуваат и испраќаат до централата на НСС во Салцбург, по што следува глобалното оценување од големото жири, во текот на септември во Загреб. Наградените учествуваат и на официјалното доделување на наградите, а ако се проактивни и на сите други последователни настани.
Учеството во процесот на Наградата на Светскиот самит нуди голема можност за задоволување на потребата на Македонија да се брендира како средина што го поттикнува креативниот развој на индустријата за ИТ и информатичкото општество во целина. На индивидуалните фирми со квалитетни производи им обезбедува шанса за промоција и маркетинг на светско ниво. Проектот е од општа полза, оти сите граѓани имаат интерес за промоција на нашето заедничко културно наследство во светот.

е-Содржини + креативност = иновација и развој

Бардил Јашари Бардил Јашари, Националниот експерт за НСС, вели: „Градењето инклузивно информатичко општество не значи само обезбедување пристап до интернет. Тоа подразбира дека сите граѓани, каде и да живеат имаат пристап до дигитални содржини кои се локализирани, релевантни и употребливи. Така што, создавањето, дистрибуцијата и обезбедувањето пристап до оригинални, интересни, разновидни и локализирани содржини е битен чекор во напорите да се изгради инклузивно информатичко општество во Македонија.

Културното наследство, образовните и научните содржини се само дел од богатството што секоја земја го има и може да го направи достапно преку интернет со дигитализација. Технологијата тоа го овозможува, но содржината е таа што инспирира и води кон иновација и развој. НСС се обидува да го направи токму тоа-да поттикне креативност и да инспирира. Фокусот се става во содржината, односно во креативното и иновативното користење на новите технологии за промоција на содржини од културното богатство на секоја земја.“

Написов е првпат објавен во „Неделно време, 15.04.2007 и на веб-сајтот на Метаморфозис.

Намалете го глобалното затоплување и заштедите на сметки за струја

Две релативно мали инвестиции може долгорочно да ви заштедат прилично пари од сметките за струја, а со тоа ќе помогнете и во намалувањето на глобалното затоплување.

Првото е заменување на светилките („сијалиците“ по скопски) со поефикасните модерни модели како што препорачува д Резидент. Такви веќе има и по некои од поголемите скопски супермаркети. Се препознаваат по чудните извртени форми. Поскапи се од „обичните“, но траат многу подолго и трошат помалку струја. Исто така, испуштаат помалку јаглерод во атмосферата.



Второто е директно исклучување од струја на уредите како телевизор, компјутер и слично кога не работат. Ваквите уреди може да трошат и по 70% од електричната енергија кога се „во мирување“ и чекаат да ги активирате преку далечински управувач.

Еден пријател кој ги применува двете методи веќе подолго време ми кажа дека сметката за струја во зимските месеци му била по околу 700 денари. За второто решение, тој има определено кои штекери му се поврзани на која фаза и тие што треба да ги исклучи ги исклучува директно преку разводната табла со осигурувачи.

Јас сеуште не сум дојден до тој степен, но за компјутерот, телевизорот, дивиди плеерот и сараундот си купив од Дигиком еден продолжен кабел со 10 штекери и копче за исклучување. Сеуште немам ја немам измерено заштедата, но кога гасам светло навечер пред спиење и кога ќе го видам само копчето дека ми свети црвено во темната дневна соба, големо задоволство е и самиот чин на гасење, проследен со зборовите „Take that, ESM/EVN!“. ;-)

Повеќе информации за овие теми може да најдете во „Вајерд“ или на специјализирани сајтови како Енергетскиот крмак.

17 April 2007

Рокери с Мораву кај ВББ (многу јако ;-))

ВББ има направено компилација од видео-спотови на Рокери с Мораву.

Ептен препорачливо!

Промовирајте ја Македонија преку Наградата на Светскиот самит

World Summit Award MacedoniaНаградата на Светскиот самит на информатичко општество за 2007 година нуди голема можност за македонските фирми и автори на софтверски решенија да се промовираат на светската сцена.

Ако имате квалитетен и креативен производ од некоја од наведените области, пријавете го.

Ако мислите дека македонската култура и е-содржини треба да се промовираат на светско ниво, помогнете во ширење на гласот за натпреварот со ставање пост со линк или банер до сајтот. Освен доброто дело, со тоа се здобивате со право да добиете линк назад од сајтот - со што ќе се подигне вашиот рејтинг.

16 April 2007

Стрипче за „300“ и „Зајди зајди“

365 објавиле пародично стрипче во врска со аферата за „300“ и „Зајди зајди“, за кое дознав преку Кајмак.от. За тие што не го гледале филмот, еве ја оригиналнатa сцена. А може и не била оригинална, може е земена од некој роман на Славко Јаневски за Кукулино, кога доаѓаат Бугарите во селото, па кај бунарот - или вака било со Добромир Хрс и
Византијците во тоа клисурата кај Демир Капија (Просек). ;-)

Најава на идни рецензии на „Веб-сајт на денот“

Во согласност со уредувачката политика „Веб-сајт на денот“ која пропишува дека предлозите на читателите имаат предност, освен во случаите кога се работи за бесрамна комерцијална промоција, во текот на неделава ќе бидат објавени рецензии на следните македонски веб-сајтови:
Редоследот на објавување е сеуште неопределен. Сајтовите влегоа во конкуренција оти беа пријавени преку коментари на блогот на рубриката. Ако имате омилени линкови што одговараат на насоките, повелете, предложувајте. Најголеми шанси имаат предлозите од неанонимни предлагачи, кои покрај линкот кажуваат што го прави нивниот предлог посебен или интересен.

Предизвици на конверзијата од печатено во издание на интернет

Волан покрена дискусија за адекватното претставување на содржини преземени од блогови во печатените медиуми и нивните изданија на интернет.

Имено, често се случува во веб-изданијата на весниците да недостасуваат некои делови од написите кои ги има во печатеното издание како дел од рамката, како наднаслов и слично. Конкретно, тоа им се случило на адресите на блоговите од кои со дозвола на автор(к)ите се преземени постови за „Шпиц“.

Врз основа на моето искуство со печатени медиуми, сметам дека ваквата појава се должи на несовршености во процесот на преземање на текстовите од страна на техничарот кој го подготвува изданието за веб. Претпоставувам дека грешката настанува при извезувањето од Кварк или некој друг програм за ДТП, каде што можеби нема автоматско групирање на елементите на еден напис кои во печат одат како одделни елементи на дизајнот (боксови). Такво нешто, на пример, ми се има случено со текстовите „Во потрага по совршена стратегиска игра“ и „Станете махер/ка за е-пошта“ во „Неделно Време“.

Дополнително, во повеќе весници имам забележано дека и кога во самите текстови се наведени веб-адреси, техничарите кои прават копи-пејст во сајтот ретко кога ги претвораат во активни линкови.

Препорака: Уредниците и директорите би требало да испланираат дополнително време на техничарите за усогласување на печатеното и изданието на интернет. Конзистентноста и активирањето на линковите во текстовите може да биде од голема полза за сајтовите на весниците на долгорочна основа: за подобрени односи со блогерската јавност, подигнување на рангот на нивниот веб-сајт, зголемен углед кај нивните читатели кои сакаат да сурфаат и ќе ценат тоа што токму весникот ги упатил соодветно...

15 April 2007

Моето маало во блогрол

Не ми е јасно како од мојот блогрол избегал линкот до Моето маало, еден од подолговечните и најсимпатичните македонски блогови. Ама еве, го вратив. :-)

Препорака: Варварите на Тери Џоунс

Меѓу многуте добри емисии за стариот Рим кои се вртат на Дискавери сивилајзејшн, „Варварите“ на Тери Џоунс (Terry Jones' Barbarians) се истакнува со комбинирање на приказните од историјата со аналогии од денешницата и духовити коментари.

Меѓу другото, во третата епизода може да се види и реконструкција на механизмот од Антикитера, еден вид аналоген компјутер за астрономски пресметки. Попатно, Џоунс работи на разбивањето на некои предрасуди и стереотипи кои стотици години се дел од западниот дискурс и идентитет.

14 April 2007

Блог за стрипови - Шапка

Еден македонски блог посветен на авторски стрипови е Шапка стрип.

Мене најмногу ми се допаднаа пародијата на Ѕвездени патеки МЕВ - Македонска експедиција во вселената и Пљу, поради непретенциозниот и непосреден хумор - кој се граничи со деконструктивистичка анализа на разноразните жанровски стереотипи.

Голема потреба од ИТ-стандарди за Владата

Една од верзиите на грбот на РМБлогери укажуваат на потребата за стандизирање на работата на Владата: Струмјан - дека одговорните од надлежното министерство Законот за високо образование го објавиле со застарени фонтови. Жарко Трајаноски открива дека покрај форматите на записи, туку и графичките претстави на државните симболи и содржините на клучни документи се неусогласени.

За првото, технолошки решенија нуди текстот „Кирилица на два начина“ од Николче Мицкоски, но суштинскиот проблем е на ниво на применета политика (policy). Токму затоа, компонентата за ИКТ на проектот за добро владеење во еден дел работи на воспоставување стандарди при работењето на владините служби поврзано со информатичките технологии.

Пијте боза, светски пијалок. А не оние штетнине...

Гуд Бајтс го превел на македонски познатиот текст за тоа што им се случува на нашите тела при пиење Кока-Кола - не многу убави и здрави процеси.

Заклучок: Пијте боза!

Според анализата на „Вефа бозаџиси“, 1 литар боза има 1000 калории, витамини A, C и E, како и четири вида витамин B, како и млечна киселина која го помага варењето.

„Вефа“ е најпознатата бозаџилница во Истанбул. Ја прават бозата малку поинаку од нашата, но методот и крајниот резултат се слични. Нивната боза е жолта а не сива, погуста и не толку блага како на пр. од „Апче“, но претпоставувам дека се на слично ниво со благотворност.

Инаку, фирмата „Вефа“ е основана 1876 година, од Албанецот Хаџи Садик Беј, а денес ја водат неговите потомци. Имав прилика да го посетам локалот (на сликата) минатиот викенд. Се наоѓа во близината на прекрасната џамија Шехзаде и најлесно се стигнува преку нејзиниот двор. Во околина се и средното школо (лицејот) Вефа, а не многу далеку е и античкиот аквадукт. Атмосферата е многу гостопримлива и тврдат, автентична како и во времето на Хаџи Садик.

13 April 2007

Популарното женомрство на Џастин Тимберлејк

Најпопуларни песни/видео спотови од Џастин Тимберлејк на „Ју тјуб“ се „Мај лав“, „Секси бек“, „Ват гоуз араунд“, „Крај ми а ривер“ и „Лајк ај лав ју“. Ми го привлече вниманието тоа што во барем два од нив има прилична доза на женомрство (misogyny) - наспроти претпоставената популарност на интерпретаторот кај женската популација.



„Ќе ми лееш солзи како река“ (Cry me a river) - Џастин пазачот (stalker) провалува во куќата на млада жена за која смета дека му згрешила, ја следи, а од тоа што следи таа ќе има многу за плачење („now is your turn to cry“). Спореди со наши примери.
„Сè се враќа, сè се плаќа“ (What goes around) - и овој пат Џастин нема среќа со избраничката, несудена невеста. Казната за нејзините гревови кон него е ќутек и смрт (и тоа преку божја казна: не е директно крив фраеров, сама си ја слупа Скарлет колата).

Инспирирани од смртта на Курт Вонегат

Кога престануваш да се гледаш во огледало, дали огледалото барем за милисекунда ја задржува твојата слика?



Смртта на Курт Вонегат ја одбележаа Ана, Вуна и девојката која се претставува како д Резидент. Таа се вика Лори Харфенист, има свое видео-шоу „на интернет“ и една од неговите епизоди е посветена на цитати за современието од Вонегат.

Два женски блога за книжевност и сродни теми

Преку Букаро дознав за блогот ОКК, а преку блогролот на ОКК за Страјкинг бјути.

Обата од различни аспекти и во општ случај ја покриваат книжевноста. Водени се интелигентно и аналитички, од лица што оддаваат впечаток на инсајдерки, или барем познавачки на темите.

Речник на блог-сленг

Ана, која неслучајно е лингвистка филолог (филоложица) по професија, укажува на зачетокот на речник на македонски блог-сленг. Ептен препорачливо!

Конкурс за Салонот на стрип во Белград

Peti Medjunarodni Salon StripaСтрип-автори, јуриш! Не само што примаат кандидати од било која земја, туку за таму не ни треба ни виза.

Петтиот меѓународен салон на стрип ќе се одржи во Белград од 27 до 30 септември, а конкурсот за излагачи е отворен до 1 јули.

12 April 2007

Улична сцена од Истанбул

Чисто фаќање сеир при јадење ашуре во излог на слаткарница на улицата Истиклал во Бејолу во Истанбул.



Отсекогаш ме фасцинирало тоа како една иста, макар и најсекојдневна работа различни луѓе може да ја прават секој на свој уникатен начин. Еве на пример - чекорењето. Башка тоа што тој процес ако земете да го реконструирате и не е баш едноставен, што го увидов при цртањето на анимациите за играта Лонгбоу.

Хакирање на социјално вмрежување, за пари

Еее кој читал на времето за придобивките и визиите овде, читал. Сега може да чита и во „Вајерд“ (Herding the Mob) за значењето на софтверите за социјално вмрежување, како може да се манипулираат и од тоа да се заработуваат пари.

Пародија на веб-сајт на денот на Фризерај

Ме изнасмеја пародијата на рецензија на блогот Фризерај во стилот на Веб-сајт на денот, веројатно инспирирана од рецензијата на блогот Фемгерила.

Да нема забуна - работата е сериозна, ама тоа не значи дека е без хумор. :-)

Немам време... да живеам

Текстот од Вашингтон пост (Pearls Before Breakfast) за врвниот виолинист кој се согласил да свири во метро како дел од експеримент за социјална психологија го препорачувам за читање на сите што знаат англиски.

Покрај тоа што скорива јадови за важни прашања како смислата на нашиот стресен стил на живот и природата на убавината, тој претставува и одличен пример на новинарство на интернет, кој ги комбинира текстуалните и мултимедијалните елементи во една целина. Да, долг е, но сметам дека вреди да се одвои време и да се вложи во концентрација. Стилот на раскажување со постепено градење напнатост и опуштање е исто така перфектен.

Фала многу до Би што ми го препрати линкот, за кој дознала од Џам, а и Мисос го споменал.

11 April 2007

Рекорден број сеирџии...


Истанбулскиот филмски фестивал постигнал рекордна гледаност (Film festivalinde seyirci rekoru). Меѓу „сеирџиите“, односно гледачите, беше и Вашиот известувач ;-). Повеќе информации следат наскоро.

Го препорачувам Кајмакот


Кајмакот е македонски Диг. Со американскиот Диг знаете што може да се направи. Кајмакот беше и веб-сајт на денот вчера.

Во нашата средина, ваков систем за социјално вмрежување може да го дигне вебот на ново ниво, ако се создаде критична маса на корисници. Дури може да помогне да се наруши антилинкувачкиот статус кво.

Придружете се, фатете позиции, искористете го Кајмакот. Поврзувањето е добро.

10 April 2007

Триста чуда: рекапитулација за аферата со „Зајди зајди“

Неколку исправки и сознанија во врска со аферата за музиката во филмот „300“ и песната „Зајди зајди, јасно сонце“.
  • Песната не е народна - за тоа не бев во право. Испадна дека е авторско дело на Александар Сариевски, па не се работи за приватизација на светското културно богатство, туку за нарушување на индивидуалните авторски права. Инаку, на албумот од Тоше, кој исто ја исполнува „Зајди зајди“, пишува по пропис дека е авторско дело на Сариевски.

  • Стојам на ставот дека било кој автор треба да наведе од кај „се инспирирал“, случајно да не се приватизираат и народни песни.

  • Трендо не бил првиот кој свртел внимание на прашањево. Информацијата прво се појавила на 365, па во Шпиц, па на Он.нет - и тоа со mp3, не само со прераскажување. Но лидерската улога на Трендо не треба да се занемари оти токму тој ги мобилизира масите и покрена акција за граѓанско учество за искажување на незадоволството. Јас сум нередовен читател на македонските „забавни портали“ и не бев во тек со тоа „кој прв почна“.

  • Филмот го гледав, се продава по Скопје на ДВД за од 70 (пред ГТЦ, страната кај Југодрво) до 100 денари (ТЦ Буњаковец). Слично како и со „Син сити“, духот и визуелниот дизајн на стрипот е пренесен во целина - од аспект на технолошко постигнување го препорачувам. Приказната и пораките се генерализирани во насока на консензусот кој подолго време постои во западниот дискурс („Грција, колевка на демократијата и рационалната западна цивилизација“) и не го помага промовирањето на посебен македонски идентитет. Не се навлегува во детаљи, на пример дека грчките борци за „слобода“ биле истовремено и буквални робовладетели, за што може да се најде аналогија и кај војната за независност на САД. (Вуна оди и чекор подалеку: „300“ е нацистичка пропаганда)

  • Како и политиката што ни го донесе „проблемот со името“, и проблемите со авторските права произлегуваат од тоа што „Моќните го прават она што можат, а слабите она што мораат“ (Тукидид). Тековниот репресивен глобален систем за авторски права го креираат корпорациите, државните администрации и други ентитети кои ако граѓаните не ги натераат да го променат, никогаш нема да го сторат тоа.

Една причина за ширење страв преку е-пошта

Размислувајќи зошто луѓето препраќаат пораки-синџири, особено оние што очигледно шират страв или одвратност, наидов на цитатов од писателот Роберт Грини:
Корпорациите и политичарите знаат дека тие не може да ја заведат нивната публика да го купи она што сакаат да го продадат, или да го стори она што сакаат да се стори, ако прво не разбудат чувство на потреба и неспокој.
Ми изгледа дека некои луѓе сакаат да ги емулираат (имитираат) овие центри на моќ. Не со некоја особена цел, туку затоа што гледаат дека тие предизвикуваат страв и можеби потсвесно мислат дека ако постапуваат како моќните и тие имаат чувство на моќ (иако без целта која првите ја имаат во позадина).

Се сеќавам додека во 1999 година бев во странство, кога настапи психолошката криза околу војната за Косово се изначитав најстрашни работи од луѓето кои беа во Македонија. Некои како да уживаа на тие што не се тука да им пренесуваат колку е страшно и катастрофално, особено преку ИРЦ: „Србите ќе возвратат - Волкови (ракети земја земја) може секој момент да полетаат накај Скопје“, „сега прелетуваат хеликоптери над нас, ептен ниско се слуша“ и слично.

Станете махер/ка за е-пошта - импресионирајте ги колегите, пријателите и роднините

Важен дел од впечатокот кој го оставаме на другите луѓе, особено во деловните кругови, се темели на нашето користење на е-пошта. Со секоја порака ние, покрај што испраќаме информации, и се претставуваме себеси – го градиме или рушиме нашиот имиџ и углед. Перцепцијата на нашите е-соговорници зависи од само неколку фактори, кои често се единствените нешта кои тие во тој момент ги дознаваат за нас. Затоа, вреди да се вложи малку напор да се заблеска, наместо заради мрза или немарност да нè сметаат за сајбер-дунстер.

Пристапот на интернет има цена

Без разлика дали за користењето на интернет плаќаме „од свој џеп“ или тоа го покрива работодавецот, постојат и дополнителни трошоци на кои може да се влијае со стилот на користење на е-пошта. Тие најпрво се однесуваат на трошењето време, кое е нешто што никој не може да го надокнади, што го прави многу скапоцено. Исто така, со нашето однесување може да придонесеме за заштеда на други ресурси, кои влијаат на функционирањето на компјутерската и мрежната опрема на соговорниците. Оние кои се свесни за тоа, знаат и да го ценат напорот што ќе го вложиме за да им овозможиме заштеда.

Пишувајте пораки кои ќе се читаат

Дел од македонските корисници на интернет прават голема грешка со тоа што го занемаруваат насловот (subject) на нивните пораки за е-пошта. Некои ова поле го оставаат празно или пак ако препраќаат порака го задржуваат некој стар наслов кој можеби нема врска со поентата. Најбесполезна постапка е ако во насловот се стави своето име – оти личноста која ја прима пораката веќе го знае тоа, оти името на испраќачот стои во списокот на примени пораки.

Од клучна важност е насловот на пораката концизно да ја одразува нејзината содржина и суштина. Заради добивањето несакани пораки, особено комерцијален спам, многу од корисниците само накратко го ѕирнуваат списокот на добиени пораки пред да ги пратат во ѓубре. Некои не го прават ни тоа, поради активираните филтери против спам вклучени од нивниот провајдер – сите сомнителни пораки автоматски се носат во ѓубрето. А особено сомнителни се оние без или со чудни наслови, без содржина и слично.

Доколку треба да се разговара на повеќе теми, најдобро е една е-порака да не се пренатрупува со сите нив. Подобро е темите да се поделат во засебни пораки, секоја со посебен наслов.

Ако пораката го помине овој прв тест, тогаш соговорникот кој ја отвора заслужува да ја добие информацијата брзо и прецизно. Гуруто за употребливост Јакоб Нилсен препорачува кога се пишува за интернет да се користи принципот на „превртена пирамида“ – најважното да биде прво (најгоре). Најдобро е прво да се каже поентата, а потоа, ако има потреба, да се објаснува и аргументира. Луѓето често немаат време да читаат долги воведи, елаборирање, накитени фрази без значење. Во просек, на читање на една порака за е-пошта или веб-страница се спремни да вложат неколку секунди – ако не ги заинтересира веднаш, веднаш се откажуваат и преминуваат на наредната.

Луѓе со стил пишуваат со стил

Се исплатува да се обрне внимание на граматичките и печатните грешки. Иако во Македонија сеуште недоволно се цени доброто изразување, па дури и јавни личности си дозволуваат да употребуваат сленг и дијалекти (на пр. многумина го користат србизмот „така да“, наместо стандардното „така што“), па оние што се одлучуваат за елоквентност се чекор пред времето. Користењето стандарден јазик е норма во професионалната комуникација на запад, а грешките во изразување водат кон перцепција за недоделканост или необразованост. Уште полошо, ако напишаното е недоволно јасно, соговорниците ќе треба да губат време во анализирање што всушност сакал авторот да каже со за нив неразбирливите изрази. Концентрирано препрочитување на пораката пред да се испратите може да заштеди многу понатамошни маки.

Исто така, добра форма е пораките да имаат јасна структура: љубезен поздрав („Почитувана д-р ...“, „Драга Мила“), празен простор, содржина, празен простор, потпис. Тоа можеби изгледа ригидно и преформално ако се употребува во сите случаи, но добро е да се создаде навика оти – има само една шанса да се остави прв впечаток. Ако тоа се пропушти во некој клучен момент, во очите на читателот може да изгледа грубо, па дури и невоспитано.

Повеќето системи за е-пошта нудат можност да се вклучи претходно дефиниран потпис со контакт-податоци. Искористете ја што посеопфатно. Освен вашето цело име и презиме, функција, име на фирмата, ставете ги сите можности за контакт што ги користите: поштенска адреса, веб-сајт, адреса за е-пошта, телефон, факс, па дури и адресите за контакт преку системи за директен муабет (ICQ, MSN, Google Talk, Yahoo, Skype...). Многумина ги користат овие системи како замена за телефон и ќе им направите услуга ако може да ви се обратат на овој далеку поефтин начин.

Прилози, атачменти или привезоци

Закачувањето дополнителни датотеки или документи на пораките мора да се прави со големо внимание. Испраќањето преголеми пораки може да доведе до пренатрупување на сандачето на примателот, заглавување на мрежата или блокирање на системот за е-пошта.

Се оддава многу лош впечаток кога се насетува дека како некој што користи интернет нема основно знаење за мерките на големина на податоците. Оние што не разликуваат дека 100 килобајти (KB) се помали од 2 мегабајти (MB), не само што може да предизвикаат најразлични штети, туку може да станат мета на скриен потсмев. Големината на датотеките може да се дознаете ако во списоците што ги прикажуваат во фолдерите се вклучи деталниот приказ, или ако од менито кое се појавува со клик на десно копче на иконата се одберат детални податоци за нив (properties).

Најголем „грев“ при користењето на е-пошта е да се прати датотека чија големина не се знае. Многу од системите за е-пошта во Македонија имаат ограничена големина на сандачињата. Ако се преполнат, тогаш тие не може веќе да добиваат нови пораки, до моментот на празнење. Ако веќе мора да се прати голема датотека по е-пошта, основен бон-тон е да се праша примателот дали воопшто може да ја прими.

Некои системи поставуваат ограничување и на големината на е-пораките што може да се испратат. Во такви случаи, пораката ќе патува од компјутерот на испраќачот до серверот, кој ќе ја одбива и враќа назад. Овој процес може да се одвива во позадина и да ја потроши целата квота за проток на податоци која е закупена од интернет-провајдерот.

За оние кои мора да пратат големи датотеки (над 5MB), има две алтернативи. Првата е да се искористи некој од странските системи за бесплатна пошта кои овозможуваат пренос на големи датотеки, како оној на Гугл.

Втората е датотеката да се постави на веб, а на примателот да му се испрати само линк до неа. Ова е особено полезно во случаи кога се работи за јавни конкурси и слично. Многу е поефикасно и поефтино сите потребни документи да се објават на веб-сајтот на организацијата, наместо да се определи лице за контакт со задача постојано да им одговара на заинтересираните и да им ги препраќа. Заштедата во време е неспоредлива, за сите страни, особено што веб-сајтот е имун на паузи, подзаборавање, крај на работното време и слично.

Препраќајте - линкови

Во сите случаи кога е тоа можно, подобро е да се препраќаат линкови, наместо цели датотеки. Ваквата пракса го јакне имиџот како личност која е опитна со новите технологии, оти секој испратен значи создавање на нов линк. Истовремено, таквите пораки се со минимална големина, ја зголемува и нивната брзина, а и можноста да се пробијат дури и кај делумно блокираните сандачиња – во кои може има некој мал преостанат простор.

Понекогаш се случува читател на некој веб-сајт да сака да сподели некој текст со пријателите. Во минатото, често се случуваше да добивам ископирани колумни или постови од некој блог, во телото на самата порака, но без наведување на изворот. Многу поелегантно е да се испрати линкот до веб-страницата со текстот, со кратка порака зошто се препорачува. Ова е и многу пофер и кон авторот, на кого му се прави услуга со зголемување на бројот на посети на неговиот веб-сајт, а и кон примателот на пораките, кој има можност да ја види содржината во оригинална форма.

Кога препраќаат било какви содржини, пријателите се грижат за приватноста на своите пријатели. Ако пораката оди до повеќе луѓе, најзгодно е да се користи полето BCC за нивните адреси. Така некој од наредните приматели нема да може да ги злоупотреби. На пр. пред некое време добив порака од пријателка од која можев да извадам дури 30 адреси за е-пошта од луѓе што не се познаваме, оти три-четворицата кои претходно ја препраќале пораката ги ставале сите свои пријатели на јавниот дел на списокот на примателите.

Видео-клипови и презентации со поуки

Она што навистина ги издвојува луѓето кои ги бива за интернет од (ахм!) „вечните почетници“ е односот кон видео клиповите и разновидните пауер-поинт презентации со поучна или смешна содржина. Притискањето на копчето за препраќање (forward) без размислување може да има несакани последици. Ваквите пораки може да бидат огромни и да го задушат системот за е-пошта.

На пример, да речеме дека организација која има 15 вработени користи една мејлинг-листа за интерна комуникација. Ако се прати порака до листата, ја добиваат сите вработени. Со оглед на тоа што праќањето пораки по е-пошта всушност значи нивно копирање од еден компјутер на друг, или од едно сандаче во друго, испраќањето на една порака „до сите“всушност создава нови 15 копии на истиот видео-клип во сандачињата на колегите, плус една нова копија кај испраќачот - во сандачето за испратени пораки, покрај онаа во сандачето за примени. Доколку било кој од колегите реши да го испрати клипчето/презентацијата до некој друг вон фирмата, тој така најверојатно ќе направи уште неколку копии во своето сандаче за испратени пораки. Ако клипчето има на пример, „само“ 2 MB, големината на заземен простор поради само едно препраќање може да значи непотребно заземање на десетици, па и стотици мегабајти.

Преполнувањето на дисковите може да доведе до успорување на компјутерите. Некои програми за е-пошта не се снаоѓаат баш најдобро со преголеми сандачиња, оти при вклучување мора да вчитаат повеќе податоци отколку што имаат простор во работната меморија. Тоа може да доведе до заглавување и губење на сите податоци. Во најдобар случај, последицата е финансиски трошок, односно потреба од купување дополнителни дискови.

Многу поелеагантно и пофраерски е ако наместо клипот се испрати директен линк до местото каде што може да се симне. Така, нема потреба да се препраќаат копии од легендарниот „Пато“, ако секој може да го симне од адресата http://www.on.net.mk/video/Pato.mpg.

Дури и ако изворот на дадено клипче е непознат, информацијата сепак може да се пренесе со оставање на добар впечаток. Доколку целна група се колегите од работа, најдобро е клипчето/презентацијата да се стави на заеднички мрежен диск до кој тие сите имаат пристап и потоа да се прати известување по е-пошта. Така ќе се направи само една копија, сите ќе добијат само ненападна порака со минимална големина, а содржината ќе ја видат само оние кои навистина им е кеиф – на општо задоволство.

Ако примателите се е надвор од работната околина добронамерниците имаат шанса навистина да ги импресионираат со користење на некој од популарните сервиси од типот веб-два-нула. Добиен видео-клип може да се качи на „Ју тјуб“, а презентација во пауер-поинт, на „Слајд шер“. Во обата случаи, потоа се испраќа порака со линк до качената датотека.

Пријавувањето и користењето на обата сервиси е едноставно како користење на е-пошта, а вложувањето на дополнителен напор и време е минимално. Оние кои вака постапуваат се вбројуваат меѓу најнапредните корисници на интернет во Македонија, стекнувајќи статус на гуру меѓу познаниците.

Пораки-синџири

Најлош начин да го нарушите својот углед како корисник на е-пошта е со препраќање на пораки-синџири, односно пораки кои користат суеверие или измама за да ги натераат примателите да ги препратат до „сите“ нивни пријатели.

Во последно време, освен на англиски, се зголемува и бројот на вакви пораки преведени на хрватски или српски. Нивната поширока разбирливост придонесува кон нивното поголемо ширење, оти повеќе луѓе може да разберат дека „ако не го прераскажете текстов на најмалку пет луѓе, ќе ви порасне рогче или опашка“. Замислете каква слика за себе создавате кај оние кои од вас добиваат порака за која знаат дека сте ја пратиле под притисок на суеверна закана.

Друга варијанта на ваквите пораки се оние кои овозможуваат чувство дека е направено добро дело без мака. На пример, дека некое неизлечиво болно дете ќе добие донација од некоја добротворна невладина организација за секоја препратена порака. Со оглед на тоа што не постои систем кој би обезбедил следење на така пратените пораки, реалниот ефект од препраќањето е што посочената организација често мора да троши време на објаснување на измамата на сите кои ќе им се обратат по тој повод, наместо да си ја врши добротворната дејност. Со тоа, вистинските болни деца губат можност да добијат помош која инаку би ја добиле.

Слични се и пораките кои велат дека некој богат човек ќе сподели дел од своите крваво стечени пари со сите што ќе ја препратат пораката. Макар и да се работело за туѓа крв, здравиот разум вели дека тоа е ептен малку веројатно – инаку споменатото лице не би било мултимилионер.

Друга варијација се предупредувачките пораки во врска со здравјето – те рак се добивал од некој тип шампони, те од деодоранти, и слично. Единствено што сигурно овозможуваат ваквите пораки е ширење параноја. Испраќачите најчесто и „немале време“ да го проверат параноидното тврдење со некој релевантен извор на здравствени информации, потпирајќи се на сугестивниот текст во кој најчесто наводно некоја авторитетна фигура (доктор, адвокат) рекол нешто некому, па тоа се пренесува „од колено на колено“ како жива вистина.

Подвид на пораките-синџири се пораките во кои има слика на искасапено, изгорено или на друг начин повредено детенце. Ваквите пораки покрај другите негативни последици, уште и предизвикуваат шок кај примателите. Дали пријателите ја искажуваат својата наклоност со тоа што меѓу себе си го уништуваат утрото со тоа што се тераат да гледаат одвратни слики?

Освен ако не се работи за информација која вие лично сте ја провериле и знаете дека дејстувува, препраќањето на вакви пораки претставува губење време. Испраќачот пред примателите, во најдобар случај, се претставува како наивна личност подложна на негативни влијанија кои создаваат чувство на вина.

Бесполезни петиции и активизам од фотелја

Таканаречениот активизам од фотелја се базира на учество во кампањи преку препраќање на петиции по е-пошта или потпишување петиции на веб-сајтови. Со оглед на тоа што не бара многу напор, оваа практика е добра за луѓето кои сакаат да имаат добро мислење за себе, но се мрзливи и кога би требало да направат нешто повеќе за каузата, всушност и не би го направиле. Таквите „активисти“ веројатно не би отишле да потпишат петиција на плоштад или да демонстрираат во врска со некое важно прашање.

Во најголем број случаи, петициите по интернет се неефективни оти не даваат јасна слика за бројот на потписници. Методите кои би овозможиле точно следење на потписниците истовремено би ја загрозиле нивната приватност, па нема смисла да се применат. Затоа петициите преку интернет се еквивалент на петиции на кои сите потписи изгледаат како да се со ист ракопис – било кој може да додаде колку сака имиња на нив. Ниеден сериозен политичар не би ги зел предвид како глас на народот.

Особено бесполезни се повиците за петиција кои немаат краен рок. Така, една порака за спас на амазонската џунгла може да се врти по интернет со години откако бразилските парламентарци (за кои ѓоа била наменета петицијата) ја донеле клучната одлука – за која никому од тие што потпишуваат препраќаат всушност и не му е гајле, оти да му е гајле би бил во тек со состојбата на теренот.

Сајбер-домаќин/ка: чистење на сандачето

Начинот на кој ја користиме е-поштата, како и било кој друг медиум за комуникација, зборува многу за нас самите, ја одразува вашата личност и може да го зголеми или намали нашиот углед. Кога една личност од било кој пол се појавува во неизбричено лице или нозе, со лошо искомбинирани парчиња облека во јавни или деловни прилики, луѓето кои ја среќаваат најчесто го игнорираат тој факт. Но, им останува впечатокот и лошата слика.

Има разлика ако со неодговорно и неопитно користење на е-поштата им се помага на спамерите, се овозможува нарушување на приватноста, а со тоа и ширење на вируси и други штетни нешта.

Првиот чекор што секој може да го направи е чистење на своето сандаче од сите непотребни стари пораки. Оние смешки кои вреди да останат е најдобро да се снимат во посебна папка (фолдер, директориум), од каде што може да се префрлат и на ЦД ако има потреба да престанат да го оптеретуваат дискот. Или да се качат на некој бесплатен веб-сервер. Информатичарите немаат и не треба да имаат монопол врз добрите пракси за користење е-пошта. А тие, како и основните постапки за нејзино користење, може да се научат од било која друга личност.

Написов е првпат објавен во „Неделно време“, 01.04.2007.

02 April 2007

Вистинската опасност во случајот со „Зајди зајди“ и „Триста“

Всушност, земањето на „Зајди зајди“ без да се каже дека е народна може да има многу страшни последици.

Ако му се дозволи, „авторот“ Бејтс ќе ја заштити мелодијата како негова, со целата тешка артилерија на адвокати за авторски права на Ворнер брос и музичката индустрија зад себе. Всушност тој веќе го има сторено тоа. Сега, ако некој ја пее народната песна, или пак објави своја обработка на истата, може да му се сипат со целата сила, моќ и пари што ги имаат - како демек тие се жртви на пиратство. Дур да се објасни по судови дека има право, ќе му се смачи и живот и музика.

Замислите што ќе биде ако (кога ќе!) развијат и компјутерски системи за автоматско детектирање на плагијати - од една страна ставаш аудио фајл, од друга излегува тужба. Нешто слично како во „Меланхолични слонови“...

У триста... Требало да кажат дека е македонска народна!

300 soundtrackТрендо повел акција за демаскирање на авторот на музиката на филмот „300“, кој ја искористил песната „Зајди, зајди јасно Сонце“ без да наведе дека се работи за македонска народна песна.

Во овој случај не се работи за нарушување на авторски права, оти мелодијата е јавна сопственост (public domain), но се работи за прилика за промоција на македонското културно наследство во светот, како и промоција на практиката да се наведе изворот на инспирација, а не да се присвојува колонијалистички.

Може да помогнете со тоа што ќе го проширите гласот, на пример со ширење на линкот за веста на англиски јазик (300 the Movie Fails to Attribute Use of Macedonian Folk Song in Soundtrack), особено ако гласате преку Диг или ја промовирате преку Стамбл апон. Веќе имам објаснето како одат тие работи...