Блекаут

28 September 2012

Опасност од цензура преку новиот закон за навреда и клевета

Ја пренесувам реакцијата на Метаморфозис и препорачувам сите блогери, форумџии, твитерџии, фејсбукчии и интернетџии да го сторат истото за да се создаде јавна дебата, оти ако се усвои законот каков што е предложен, итекако ќе им влијае директно на животот. Властите реагираат на негативен PR, особено ако реакциите дојдат од многу страни и тие што реагираат не потклекнат под неминовните иницијални притисоци. Еден позитивен пример е недонесувањето на законот за младина во 2011.

Деловите од Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кои се однесуваат на комуникација преку интернет може да доведат до целосно затворање за можностите за јавна дебата преку сајтови регистрирани во Македонија и преку поттикнување цензура го кршат Член 16 од Уставот на РМ, предупредува Метаморфозис, фондација за интернет и општество од Скопје.
Предлог-законот, кој моментално е на прво читање во Собранието, содржи и делови кои се однесуваат на работата на „провајдери на интернет-услуги“ при што како такви експлицитно се споменуваат портали, но самиот термин провајдер не е дефиниран прецизно па може да се однесува и на било кој друг вид онлајн услуга: обезбедување пристап воопшто, апликација за директен муабет меѓу корисници, форуми, агрегирање и пренасочување кон содржини, сервиси за водење блогови, особено оние кои дозволуваат коментирање од трети лица под постовите, итн.
Со оглед на досегашните искуства од примена на нејасно дефинирани поими во пракса, самиот судија ќе треба да одлучи дали „провајдер на интернет-услуги“, односно соучесник ќе го смета и блогер кој „дозволил“ на коментар под негов пост некој непознат да остави коментар кој е навредлив за трето лице, или пак да се појави линк кон некој друг блог или сајт кој евентуално содржи навреди или клевети за трето лице.
Основниот член кој се однесува на интернет е член 11, кој вели:
Одговорност на провајдерот на интернет-услуги
Член 11
(1) Провајдерот на интернет услуги превзема одговорност, заедно со авторот, за надоместување на штетата која произлегува од овозможување на пристап до навредливи или клеветнички информации.
(2) Провајдерот на интернет услуги не одговара за изнесена навреда или клевета како резултат на овозможување пристап до навредливи или клеветнички информации под услов доколу:
1) докаже дека авторот на информацијата објавена на веб порталот не дејствувал под директна или индиректна контрола или влијание од страна на провајдерот на интернет услугата, и
2) докаже дека не бил свесен ниту трeбал да биде свесен дека навредлив или клеветнички материјал е објавен на веб порталот, или, во рок од 24 часа откако станал свесен за навредливиот и клеветнички карактер на објавениот текст или информација, ги превзел сите технички и други мерки за отстранување на таквата информација. Барање за отстранување на информација може да поднесе и оштетеното лице.
Со оглед на тоа што секој провајдер на интернет-услуги, односно администратор на веб-сајт, има технички можности за контрола на сите содржини (во крајна линија форма на контрола е бришење односно отстранување на сајтот од веб) спротивно на принципот за презумпција на невиност, со овој член сопствениците се ставаат во ситуација да мора да ја докажуваат дека биле невини, наместо оној кој ги тужи да треба да понуди докази за нивната вина односно зла намера.

Законов ќе ги обврзе порталите да цензурираат содржини објавени од нивните корисници по барање на „оштетеното лице“, не по судски налог врз основа на докажан и осуден прекршок.   На пример, некој владин функционер може да биде навреден од изнесување докази за негова корупција. Ако провајдерот не може да докаже дека сторил сè да му го спаси угледот тогаш се соочува со иста одговорност за содржините како граѓанинот кој ги објавил.

Со оглед на тоа што се изложуваат на ризик да платат казни до 27.000 евра, многу е веројатно дека  провајдерите на интернет-услуги, за да не ризикуваат тужби ќе оневозможат објавување било какви содржини генерирани од корисниците или во најдобар случај ќе бришат сè за што ќе добијат барање. Во спротивно повторно се изложени на трошоци бидејќи ќе бидат приморани да вработат модератори (адвокати и проверувачи на факти) кои однапред ќе може да проценат за секој коментар дали е навредлив или клеветнички, како и барем по 3 администратори кои ќе бидат на располагање во три смени односо 24 часа 7 дена во неделата (и за време на викенди и државни празници) за навремено да одговорат на сите барања за бришење во рок од законски пропишаните 24 часа .

Можностите за арбитрарна злоупотреба кои би ги отворило донесувањето на ваков закон, преку поттикнување провајдерите на интернет-услуги од сите општествени сектори, а особено од приватниот и од граѓанското општество, да воведат процедури за цензура на содржините генерирани од нивните корисници, го ставаат во директна спротивност со основните принципи на слобода на говор и забраната на цензурата содржани во член 16 од Уставот на Република Македонија.
Член 16
Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Цензурата е забранета.
Метаморфозис ги повикува пратениците во Собранието на РМ да го одбијат усвојувањето на законот во ваква форма. Донесување на законски решенија кои буквално може да влијаат на економскиот опстанок на било кој од корисниците на интернет-услуги, кои сочинуваат над 60% од населението во Македонија, заради искажано мислење на интернет и со кои буквално се наложува на е-издавачите да развијат механизми за цензура доколку не сакаат да бидат изложени на опасност од драконски парични казни се во целосна спротивност на основното човеково право на слобода на изразување и Уставот на РМ.

Поради комплексноста и сеопфатноста на последиците од усвојувањето на овој закон, Метаморфозис смета дека процесот на донесување мора да се изведе инклузивно и во согласност со Упатството за начинот на постапување во работата на министерствата за вклучување на засегнатите страни во постапката за изготвување закони усвоено со уредба на Владата на РМ (Сл. Весник на РМ бр. 150 од 27.10.2011 г.) и достапно на веб-локацијата на Вицепремиерот за економија, согласно правната рамка за Процена на влијанието на регулативата (ПВР), вклучително Кодексот за консултации со јавноста за време на подготвувањето на регулативата и Прирачникот за проценка на влијанието на регулативата, достапни на веб-локацијата на Министерството за информатичко општество и администрација.  Во тој процес мора да бидат вклучени сите засегнати страни, почнувајќи од провајдерите на интернет-услуги до самите граѓани-корисници на интернет-услуги, блогерите, активните корисници на социјални мрежи и читателите на медиумски портали кои го изразуваат своето мислење преку коментари, како и претставниците на приватниот, граѓанскиот и образовниот сектор, особено експертите за човекови права. За конструктивна проценка на ефектите од законот преку споредбени анализи со странство во процесот мора да бидат вклучени и релевантните меѓународни институции, првенствено Високиот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, како и меѓународните организации кои се занимаваат со заштита на слободата на говор.

Таквиот процес отсуствува во случајот на Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој до моментот на објава на оваа реакција не е објавен на официјалните владини веб-локации: ЕНЕР – единствениот национален електронски регистар на прописи на РМ и порталот за модерни јавни расправи е-Демократија.мк. Доколку Владата на РМ и Собранието имаат намера овој закон да има позитивни последици по развојот на демократијата и подобрување на квалитетот на животот во Македонија законот мора да се повлече од собраниска процедура и процесот да се спроведе од почеток.

Метаморфозис ги повикува  сите општествени чинители, почнувајќи од индивидуалните граѓани, преку невладините организации, образовните и научните институции, приватните фирми, особено провајдерите на интернет-услуги, медиумите и е-издавачите, како и владините тела, особено оние задолжени за заштита на правата и слободите на граѓаните, активно да се вклучат во процесот на спречување на донесување на ова и било кое друго законско „решение“ кое нуди и најмала можност за загрозување на слободата на изразување во Република Македонија.

Метаморфозис ја упатува оваа реакција до надлежните институции на Република Македонија и  општата јавност, како и Високиот претставник за слобода на медиумите на ОБСЕ и до меѓународните организации кои работат на заштита на човекови права: ЕДРИ – Европски дигитални права, Амнести Интернешнал, Индекс он цензоршип, Хјуман рајтс воч и Репортери без граници.

26 September 2012

Марвеловиот Тор на арапски - не е бог

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Марвеловиот Тор на арапски - не е бог
- English: Marvel's Thor in Arabic - Not a God


Египетската новинарка и блогерка Аза Могази пренесе интересен интеркултурен факт во врска со арапскиот превод на стриповите за Тор од Марвел, врз кои била извршена религиозна цензура:

Со арапскиот превод воопшто не ни беше кажано дека тој бил еден стар нордиски бог. Арапскиот превод го претстави Тор како борец, не како бог...
Попатно, еве една дискусија од арапски форум за стрипови за Тор. Повеќето учесници се согласуваат дека стриповите за Тор не смее да се преведуваат или објавуваат на арапски затоа што признаваат пагански бог.
Следниов скен од едно стрип-издание за Тор на арапски е од гореспоменатиот сајт, Arabcomics.net. Според Аза, преводот гласи: „Тор... (господарот) на громот. Легендата станува вистина.“ Стрипот бил преведен и објавен во Либан и дистрибуиран низ целиот арапски свет (22 земји во кој арапскиот е мајчин јазик).

Арапска верзија на Марвеловиот Тор
Монотеизмот, односно одрекувањето на постоењето на сите други богови освен еден, е една од основните поставки на јудаизмот, христијанството (Стар Завет, Прва Божја заповед, наведена во Исход 12:1-17 и Второзаконие) и исламот (поглавјата 47:19 и 28:70 на Куранот). За луѓето кои живеат во секуларни општества може да е тешко да замислат како ваквите доктрини може буквално да се применуваат со цел на контрола или изменување на уметнички дела или други производи. Нема докази дека нецензурираните стрипови кои како инспирација за суперхерои користат приказни за старовремски богови водат кон возобновување на античките политеистички религии, било нордиски било медитерански (присутни во Вондер Вуман и Тин Тајтанс на ДЦ, на пример).





Моето лично искуство како дете што растеше во систем кој го нарекувавме социјализам, додека на Запад го викаа комунизам или тоталитаризам, е дека во посебениот случај на Југославија во осумдесеттите барем на стриповите за суперхероји немаше цензура. Иако системот официјално промовираше атеизам, немаше широк прогон на религиозните луѓе - всушност, „националните“ религиозни институции како Македонската православна црква и Исламската верска заедница беа дел од системот. Ниту пак овој официјален атеизам (одрекување на постоењето на сите богови) значеше цензура или менување на приказните за религиозни ликови, било пагански било монотеистички. Особено не во стриповите. Светското наследство, како и митологиите кои историски имале врска со тие простори исто така беа слободно реупотребувани од домашните автори, било да се дел од мејнстримот поддржан од државата или алтернативци. (Забелешка: Искуството на прилично либералниот југословенски комунизам беше многу различно во однос на степенот на угнетување и цензура од земјите на Варшавскиот договор).


--- Во други научнофантастични дела ---

Мотиви од нордиската, германската односно англо-саксонската митологија често се користат од американските автори на научна фантастика, поради очигледните врски на таа култура со англиската. Меѓу најинтересните вакви дела би издвоил две што ги истражуваат врските помеѓу нордиските („викиншките“) и арапските/блискоисточните култури и митологии. Плус случајно користат ист збор во насловот:
  • „Јадачи на мртвите“ (неофицијален превод на Eaters of the Dead) од Мајкл Крајтон, книга која е основа за филмот „Тринаесеттиот воин“ (The 13th Warrior). Во нив се опишува контактот и соработката помеѓу викинзи и човек кој доаѓа од Багдадскиот Калифат. Филмот има некои добри сцени, но книгата е многу побогата со (псевдоисториски и историски) детали што ја прават посочна. 
  • „Јадачи на животот“ (The Life Eaters) - стрип-албум по сценарио на Дејвид Брин со цртеж на Скот Хамптон, заснован на приказната од новелата „Тор го среќава капетан Америка“ (Thor Meets Captain America) добитник на наградата Хуго која во бивша Југославија ја имаше објавено загребски Сириус во бројот 133 (хрв. „Tor susreće kapetana Ameriku“).

10 September 2012

Скопје 2014: Утната година на изградба на зградата на МНР

Дали кога се подига зграда на неа се пишува годината кога била замислена, или кога била изградена? На новата зграда на МНР, дел од Скопје 2014, стои римскиот број MMIX = 2009, а сега е 2012 година и уште се гради...

Зградата на МНР во изградба, 18 август 2012 година.

Според фалшливиот натпис, стои дека зградата е изградена
во MMIX, односно 2009 година. Ретроактивност?
 Бесплатна поука за безмилосните фушерајски трошители на народни пари:
  • 2012 = MMXII
  • 2014 = MMXIV

Оваа математичка неписменост како да се надоврзува на неписменост во врска со користење на латинскиот јазик на споменикот „мала копија на Бранденбуршка порта“ со четири коњи, односно случајот со Justicia (вид цвеќе) наместо Justitia (правда).
Бонус: Погледот на Камени Мост, симболот на (старо?) Скопје.

Други луѓе укажуваат дека зградата на МНР покажува и други примери на некомпетентност од видот „покондурено сељаштво“ преку статуите (ФБ):

05 September 2012

НБА во Микијев забавник, 1982 година

Во „Микијев забавник“ број 399, објавен на 21.V.1982 г., во рубриката за прашања од читателите НБА е претставена како студентска аматерска лига.

Насловната страница од „Микијев забавник“ бр. 399, 21.05.1982.
Кликнете на сликите за поголеми верзии.
Во бивша Југославија, поголем дел од стрип-изданијата наменети за деца беа доста интерактивни (интересно е како денешниот интернет во голема мерка ги одразува потребите кои ги задоволуваа). Во скоро сите имаше или одговори на писма од читатели, како и рубрика за наоѓање пријатели за допишување. Обично беа претставувани прилози од целата земја, со што весниците давале придонес кон развојот на општествена кохезија. Во „Микијев забавник“, издание на белградската Политика (кое беше објавувано на јазикот кој тогаш се нарекуваше српско-хрватски на кирилица и латиница, како и на словенечки) прашањата од читателите беа поделени на подрубрики Мали тајни, Музика и Спорт на 2 страница, а потоа на цела 23 стр. има и слична рубрика „Стајино свезнање“ со прашања од науката („Зашто камилата пие толку малку вода?“).

    На којој кошаркашкој утакмици је постигнут рекордан број погодака и колико он износи?      - Рајко Рудолф, Литија      Кошарка спада међу најпопуларније и најбрже игре лоптом. У сусрету добро уиграних тимова лопта великом брзином прелази из руке у руку и тада се, у скоро сваком нападу, обично постиже и погодак. Рекордни број постигнутих кошева на једној утакмици догодио се у одлучујућем сусрету студентског првенства САД, које окупља најбоље аматерске кошаркаше (sic), а састали су се „Келтикс“ и „Лејкерс“.      Гесло на овој утакмици било је: дати противнику што више кошева. Играчи су пружили максимум јер су знали да ће победник овог сусрета бити и првак. Када је оглашен крај сусрета, на семафору се број постигнутих бодова попео до невероватне цифре од 340 кошева (sic). Овај резултат претставља светски рекорд по постигнутом броју кошева. Победио је „Келтикс“ са 178 кошева према 162, колико су постигли њихови противници.
Стр. 2 и 3 од Забавникот, со рубриката за прашања и одговори.

Во делот „Спорт“ е поместено прашањето од читател од Словенија, во превод на македонски:
На кој кошаркашки натпревар е постигнат рекорден број погодоци и колку изнесувал?
- Рајко Рудолф, Литија

Кошарката е меѓу најпопуларните и најбрзите игри со топка. При средби на добро разиграни тимови топката со голема брзина преминува од рака в рака и тогаш, при скоро секој напад, обично се постигнуваат погодоци. Рекорден број постигнати кошови на еден натпревар се случил во решавачката средба на студентското првенство на САД, на кое се собираат најдобрите аматерски кошаркари (sic), кога учествувале „Келтикс“ (sic) и „Лејкерс“.
Мотото на овој натпревар бил: на противникот да му се дадат што повеќе кошови. Играчите го дале својот максимум оти знаеле дкеа победникот на средбата ќе биде и првак. Кога бил огласен крајот на средбата, на семафорот вкупниот број постигнати бодови дошол до неверојатните 340 кошови (sic). Овој резултат претставува светски рекорд по постигнатиот број кошови. Победиле „Келтикс“ со 178 спрема 162 кошеви, кои ги постигнале нивните противници.
Интересно е да се проверат фактите во врска со овој напис (за што нè лажеле комунистите - како што пародираа на К-15):
  • Не е наведено кога и каде се случил рекордерскиот натпревар. Можеби на редакцијата на „Микијев“ податокот им е од тогашно издание на Гинисова книга на рекорди. Не успеав да најдам на нет нешто повеќе за неа. Можеби колегите од Мак НБА или Оф-сајд може да посочат извори?
  • НБА не е и не била аматерска студентска лига, туку професионална.
  • Пишува дека на натпреварот наводно биле постигнати 340 (178 + 162) кошови (анг. field goals), ама изгледа дека се мисли на поени (анг. points)? Еден кош може да донесе 1, 2 или 3 поени.