Блекаут

30 November 2006

20 основни е-услуги на ЕУ

20 основни е-услуги на ЕУ се состојат од 12 услуги наменети за граѓаните и 8 услуги наменети за деловните субјекти кои први треба да ги обезбедат владите на земјите членки и земјите кандидати.

Услугите наменети за граѓаните (G2C) се:

  • данок на личен доход
  • барање работа
  • плаќање социјално осигурување
  • лични документи за идентификација
  • регистрација на приватни моторни возила
  • барање за градба
  • известување на полицијата
  • јавни библиотек
  • лични документи
  • запишување во средно училиште или универзитет
  • промена на постојана адреса
  • медицински услуги

Услугите наменети за деловните субјекти (G2B) се:

  • социјално осигурување за вработените
  • известување и пријавување на даноци за претпријатија
  • данок на додадена вредност (ДДВ)
  • регистрирање на ново претпријатие
  • поднесување податоци до државните органи
  • царинска декларација
  • дозволи за загадување на животната околина
  • јавни набавки
(Ја имав ставено статијава како никулец на македонската Википедија, ама е предложена за бришење без образложение, па си реков, да ја зачувам како бекап и овде.)

„Филмски водич за перверзни“ - проекција вечер во Точка

Ме поканија на проекцијата на филмот “Филмски водич за перверзни”, што ќе се одржи во Културниот центар Точка, во четврток (30.11) со почеток во 20 часот. Наратор и водич во филмот е Славој Жижек, а режијата е на Софи Фајнс.
„Филмот е врвна уметност. Тој не ти го дава она по што копнееш - тој ти кажува како да копнееш.“ - Славој Жижек
Мислам дека е фер и поштено да ја споделам информацијата и со пошироката јавност. Со кликнување на сликата се добива поинформативна верзија.

29 November 2006

Шега за галичкиот дијалект

Радосната вест за отворањето на блогот Галичник ме потсети на една анегдота на која бев сведок во пред едно 15 години. Разговараат зајадени галичанец и прилепчанец:
П: Дали знаеш како е галичката азбука?
Г: ?
П: О, б, в, г, д, ѓ....
(Ова дека во галичкиот или мијачкиот дијалект на многу места една форма на „о“ стои место „а“, на пример за „рака“ се вели „рока“.)

Нов блог за Галичник и пословечкиот говор

ГаличанкаМногу ме израдува отворањето на блогот Галичник, чија цел е зачувување на пословечкиот говор:
Овој жаргон, според нашите први сознанија, го користеле Галичаните откога се отселиле по градовите низ Македонија, како таен, шифриран јазик, за побрзо и/или полесно да ја избркаат работата, притоа користејќи се со познанствата (и кредитите!) од стариот им крај.

Според некои, говорот го развиле гурбетчиите, кога при враќањето дома донесувале новини во говорот што ги разменувале и надополнувале.
Јас не сум галичанец, ама многу ми е мило и местото и многу луѓе што потекнуваат од него. На времето направив и една репортажа од Галичка свадба (на англиски), од која потекнува и фотографијата од десно.

Поддршка за Вуна во промоцијата на Опен офис

Браво за Вуна што го промовира Опен офис. Тој вели и дека тоа што е на македонски „може за некого и да е проблем, рака на срце“. Се согласувам дека за оние кои се навикнати на англиски интерфејс, веројатно не им е толку удобно наназад да преведуваат разни технички опции и имиња на менија и копчиња.

Арно ама, истражувањето од 2004 ги има дадено следните резултати:
Во која мера го познавате англискиот јазик? Само 23,8% се со активно познавање на англискиот јазик (разбираат, читаат и пишуваат).
..додека на прашањето „дали недоволното познавање на англискиот јазик го чувст-вувате како хендикеп (недостаток) во користењето на компјутерите?“:
Дури 2/3 (68,6%) од сите анкетирани одговорија потврдно, а само 22,3% негативно (9,1% не знаат). Притоа, не може да се издвои ниту една категорија според социо-демографските карактеристики на која тоа не ѝ пречи. Оттука, не изненадува што голем процент од граѓаните сметаат дека компјутерските програми (софтвер) треба да бидат достапни и на македонски јазик. Овој став го делат 59,5% од анкетираните, 25,8% сметаат дека е добро компјутерските програми да бидат достапни и на македонски јазик, иако незадолжи-телно, а само за 7,2% тоа не е потребно (7,5% не знаат).
Токму затоа, како што пишав во коментарот на постот на Вуна, покрај активностите за локализација:
Метаморфозис има подготвено упатство за Опен офис на македонски јазик во форма на печатена книга и е-книга. Во електронска форма може да се добие бесплатно (лиценцирано е под Криејтив комонс 2.0) и е ставено на ЦД-то „Заврши си работа“, а во печатена форма по поволна цена на ниво на трошоци за изработка (тел. 02/3109 325) - и поефтино од фотокопирање.

Стамбл апон: изненадувачки ефективен при промоција на блог

Како што веќе известив, за викендот отворив нов блог посветен на научната фантастика (на англиски) за да го тестирам Блогер ин бета (и затоа што се интересирам за областа, секако).

Според неговиот Сајт митер, вчера блогот имаше над илјада посети. За промоција на блогот ги користев следните техники:
  • известување преку Стамбл апон - кое се покажа исклучително ефективно: повеќето од реферерите беа/се од овој сервис
  • известување преку Диг - мал процент од посетите се со реферери од овде, но сепак сметам дека има голем потенцијал
  • известување на администраторите на Маседониа срч и Дигимак за отворањето на блогот - ефект неопределен
  • ставање на линкот во блогролот на обете верзии на Развигор и на СНД - минимален ефект.
Мислам дека голем удел во успехот има јазикот на блогот, оти благодарение на него повеќе луѓе можат да ја прочитаат содржината, да им се свиди, па да го препорачаат.

И покрај тоа, мислам дека има голем потенцијал ако се зберат македонските корисници и на Стамбл апон и на Диг и се организираат и координираат за заеднички промотивни активности, некој вид македонско лоби за социјален нетворкинг. Влијанието потоа би се ширело на нивните странски пријатели или истомисленици и пошироко. Пишете коментар на постов или мејл ако сте заинтересирани за учество во таква иницијатива.

28 November 2006

Тестирање на Блогер ин бета со отворање нов блог - SF Observer

За да ја тестирам новата верзија на Блогер (Blogger in Beta) отворив нов блог посветен на научната фантастика, на англиски јазик (Science Fiction Observer). Новиот систем нуди неколку предности, а ги задржува сите особини на стариот:
  • елементите на дизајнот на блогот може модуларно да се вадат и ставаат по список, со нивно вклопување во избран темплејт
  • има можност за категоризирање на постовите преку тагови, ткн. лејбели
  • корисничкиот интерфејс е редизајниран да биде по „јузер-френдли“ и да изгледа „поубаво“
  • сепак може да се чепка во кодот и тој да се прилагодува рачно
Вкупниот впечаток ми е исклучително поволен. Кога ќе има можност, веднаш ќе ги префрлам постоечките блогови од стариот на новиот Блогер. Има задршка за блогови со голем обем и во други случаи.

PS
Помогнете во промоцијата на блогот за научна фантастика и сродни работи со тоа што ќе ставите линкови до него(вите постови), од вашите блогови или ако сте член/ка на Стамбл апон или Диг (за Хајлендер и Амбер, Матрикс и Дина, Меланхоличните слонови и авторските права).

27 November 2006

Википедија на англиски достигнала милион и пол написи

На 24 ноември на Википедија осамна известување дека англиската верзија има 1.500.000 написи, „точно два месеци откако постигнале 1.400.000“.

Се согласувам со Томислав Медак и Марсел Марс од Мултимедијалниот институт од Загреб кои на работилницата за интелектуална сопственост на конференцијата е-Општество.Мк изјавија дека појавата на Википедија ќе зазема високо место во историјата на науката и знаењето воопшто, рамно на она што го држат разни генијални умови.

Kолку е тоа милион и пол написи? Па, ако ви требаат само пет минути да прочитате еден напис, ќе ви требаат скоро петнаесет години непрестајно читање за да ги испрочитате сите.

24 November 2006

Препораките и заклучоците од е-Општество.Мк објавени на веб

На веб-сајтот од конференцијата е-Општество.Мк се достапни заклучоците и препораките направени врз основа на излагањата и дискусиите од сите пленарни сесии.

Покрај преводот на сите јазици, наскоро ќе следи и објавување на дел од видео-материјалот на веб.

Демант за „Форум плус“: не е Влага, туку Улага во Вратница

Во најновиот број на „Форум плус“ (бр. 60 од Александар Писарев има објавено прекрасен напис за с. Вратница. Меѓу другите, во написот се зборува и за мојот роден тетин Драго, чие крстено име е Карло Улага. Во тој дел се направени неколку ненамерни грешки, на кои ќе укажам директно преку поправки во цитатот:
Влеговме во дворот и во куќата на Словенецот Карл Влага Улага од Марибор. Го прашав: „Од каде вие во Вратница?“, а тој ми рече: „Во раните шеесетти години во Македонија немаше хемичари и јас дојдов во Југохром како стручњак, млад хемичар. Тука се оженив со Трпана од Вратница Јегуновце, се вљубив и во неа и во селото, па решив тука да останам да живеам. Јас сум восхитен од овој крај и од убавината на ова село. Сега сум во пензија и уживам собирајќи печурки“.
На сликата (од лево кон десно): тетин Драго и Стојче Крстевски.

PS
Презимето е истото како на скијачот Примож Улага - но не се блиски роднини.

23 November 2006

Идеална локација за поетско читање на Букарски

Се работи за дуќанот „Буковски“ во скопски „Рамстор“. Местото е исполнето со асоцијации за кои верните читатели на Алекс Букарски ќе најдат допирни точки-чакри со неговото досегашно творештво.

Од алузијата на презимето на омилениот писател, преку контрастот со мачоизмот и вешто употребената самоиронија, до близината на козметичките продавници и нивните конзумерски расположени муштерики - потенцијални припаднички на ордата обожавателки.

22 November 2006

Препорака: трикот со картите и аквариумот

Трикот со карти што го препорачува Гудбајтс е навистина одличен.

Препорака: Детективска приказна од ВББ

ВББ има направено истрага во врска со девојка од фотографија што се појавила на интернет, за која наводно му тврделе дека се работи за „Бисера од Скопје“. Процесот и резултатите се многу поучни. Дигресија: тие Бисери од Скопје што лично ги познавам се дури и поубави од дотичната.

Што да правите ако по е-пошта ви стигне winmail.dat

ТандербрдАко како мене користите Тандербрд и ви се случи како атачмент да добиете еден чуден фајл winmail.dat, за кој Виндоуз ви препорачува да пробате да го отворите со Корел дроу, имајте го на ум следното:
Кога корисникот на Аутлук (Outlook) составува и праќа порака со користење на форматите Рич текст или ХТМЛ, Аутлук автоматски генерира датотека со име winmail.dat и ја закачува на крајот од пораката. Оваа датотека содржи информации за форматирањето во формат кој не може да се чита од луѓе, кои Аутлук ги користи при примање на таква порака за соодветно да ја прикаже пораката. За жал, Аутлук е единствениот клиент за е-пошта што може да ги користи овие информации.
Решение: искористете ја програмата WMDecode, која може да ја симнете од www.biblet.com.

Овчарски кучиња од Евроазија, обединете се

Пред некој ден, едно ерменско кученце го споредив со шарпланинче. Во коментар на видеото на Ју тјуб, извесен Ерменец ми пишал дека името на видот е „чобани шун“.

Зборот чобан и кај нас (и во македонскиот и во албанскиот) се употребува за овчар, понекогаш.

Дополнение: проверив со други Ерменци, ваистина „чобан“ на ерменски е овчар, а „шун“ е куче. Ваквите кучиња ги сметаат за многу силни, способни да се справат и со волци.

21 November 2006

Објавен Индексот на граѓанско општество, прво во е-форма

Пред малку ми стигна известување дека МЦМС го објавил Индексот на граѓанското опстество во Република Македонија (ИГО):
„По 15 години транзиција-од стабилизација кон граѓанско учество” е насловот на македонскиот извештај што можете да го најдете на www.mcms.org.mk; www.gragjanskisvet.org.mk, на македонски јазик и на www.civicworld.org.mk и www.civicus.org/new/CSI_country_reports.asp на англиски јазик.

Граѓанското опстество во Македонија во моментов се приближува кон крајот на својот период на стабилизација. Изградено околу силни вредности, граѓанското општество, дури и ако се базира на ограничена граѓанска поддршка, е вкоренето во некои опстештвени групи (жени, лица со посебни потреби, млади), и игра важна улога. Граѓанското општество треба да се гради на овој успех и да се обидува да го прошири граѓанското учество во своите иницијативи. Овде, граѓанското опстество ќе мора да одговори на два клучни социјални проблеми – борбата со сиромаштијата (невработеноста) и корупцијата.

е-Општество.Мк: Лаптопите на Метаморфозис се со дуал бут ;-)

Заедно со добриот впечаток, Игор Стаматовски има една замерка во врска со конференцијата е-Општество.Мк:
Денот 1 од конференцијата ми беше навистина интересен и возбудлив. Организацијата беше добро изведена до страна на Метаморфозис, со исклучок на тоа дека лаптопите беа со инсталиран Windows, а организацијата тврди дека се промотори на слободен софтвер. Тоa им беше кикс.
Метаморфозис го промовира слободниот софтвер, поттикнувајќи и негова локализација, дистрибуција, јакнење на јавната свест, како и ширење практични знаења за него. Но не гледам зошто тоа мора да биде поврзано со исклучивост. Според мене, развојот на информатичко општество не се базира на догматски пристап, туку на флексибилност и примена на решенија кои најмногу одговараат во дадениот момент.

На пример, да го објавевме ЦД-то со слободен софтвер „Заврши си работа“ во верзија за Линукс, мислам дека немаше да има таков успех кај широката публика која претежно користи Виндоуз. Вака овозможивме ширење на слободен софтвер кај неколку илјади нови корисници, кои исто така станаа активни учесници во движењето, вложувајќи сопствени ресурси преку плаќање на симболичната цена.

Инаку, лаптопите на Метаморфозис кои се користеа за презентациите се со дуал бут - лиценциран Виндоуз и Убунту Линукс.

PS
На веб-сајтот од конференцијата е-Општество.Мк континуирано се дополнуваат фотогалериите, а веќе е ставена онаа од сесијата во која учествуваше Игор како претставник на Слободен софтвер Македонија, овозможувајќи афирмација и промоција на самата организација.

Препорака: Анкетата на Моби за Ирак и Авганистан

Мислам дека прашањето кое Моби го поставува во најновата анкета:
е исклучително важно и ги поттикнувам сите да земат учество во неговото јавно разрешување. Јас веќе го дадов својот глас за една од понудените опции.

20 November 2006

Конечно - категории на Блогер

Новата верзија на Блогер, Блогер ин бета, нуди и динамичка категоризација преку тагови, кои тука се нарекуваат лејбели. :-)

Ерменско шарпланинче = араратинче?

При посета на езерото Севан во Ерменија ме сретна ова мало кученце кое личи на шарпланинче. Ама бидејќи Аратат е главната ерменска планина, можеби таму ги викаат араратинци. Не прашав, до душа.

Кога светлата ќе згаснат...

Дали знаете дека ако ставите светилка (сијалица) во устата, потоа нема да може да ја извадите без да ја скршите?




Игор Кобилеански, култниот молдавски режисер, до неодамна студент на универзитетот во Букурешт, има направено филм (cind se stinge lumina / when the lights go out) на темата кој е објавен на Ју тјуб. Одличен метод на културна промоција!

19 November 2006

Изложба на фотографии на Бојана во клубот „Лудница“

Вечерва во 21 часот во кафеаната клубот „Лудница“ ќе биде отворена изложба на фотографии од патувањата по Африка на Бојана Димитрова, дизајнерка и диџејка позната во скопските елитни кругови. Каталогот што имав прилика да го ѕирнам ветува одлични визуелни доживувања.

17 November 2006

Звукброда во Точка

Ми се направи многу кеиф на концертот на Звукброда во Точка, оти наспроти тоа што влегов прилично уморен музиката суптилно ме „подигна“ и развесели. Концертот беше надоврзан на конференцијата е-Општество, еден вид практичен пример на темата нов пристап кон авторските права во дигиталната ера.

Песни на оваа група од Загреб може да се симнат од нивниот веб-сајт, во mp3-формат и лиценцирани под Криејтив комонс со лиценцата GNU GPL (copyleft).

16 November 2006

Голем интерес за конференцијата е-Општество.Мк

Искуството од првите два дена на меѓународната конференција е-Општество.Мк е дека има огромен интерес за темите од информатичкото општество што ги покрива. Беше поставен систем за регистрирање преку интернет и повеќето од пријавите во Метаморфозис ги добивме на тој начин. На конференцијата се пријавија над 350 учесници, од кои 250 во рокот.

Оние што се пријавија по истекот на рокот не беа одбиени, туку исто така можеа да земат учество во пленарните сесии, но не и во работилниците кои се одржуваат во помали групи во текот на утрешниот ден. Овие два дена на секоја од сесиите учествуваа буквално стотици луѓе и добив доста коментари дека благодарение на настанот можеле да научат многу нови работи или да воспостават контакти.

11 November 2006

Падот на комунизмот и Алан Форд во него

Вчера во Бугарија некои ја прославуваа годишнината од падот на комунизмот (10.11.1989). Луѓето си имаат и точен датум, оти кратко време по паѓањето на Берлинскиот ѕид, бил официјално симнат од власт Тодор Живков...

Коинцидентно, во трафика наидов на ново издание на десеттата епизода на Алан Форд - „Формули“ на српски (Magnus & Bunker, „Formule“, Alan Ford Special, br. 17, ISSN 1820-5178, оригинално објавена во јануари 1970 година) за која во поговорот пишува дека иако требало да се појави и кај нас (на хрватски) некаде на почетокот на седумдесеттите:
...заради скокотливата тема во која авторската двојка се зафркава со тогашниот СССР, владеењето на пролетеријатот и работничката класа, но и поради ликовното решение на главниот руски шпијун - Бруски (за кого тогашните издавачи утврдиле дека со ликот потсетува на Јосип Броз) оваа епизода на нашите простори се нема појавено сè до мај 1990 година. Тогаш, после падот на разноразни стеги и цензури, конечно се појавува во тробројот на „Вјесник“.

Во онаа бивша Југославија нејзиниот комунистички режим ни стрипот го немаше поштедено од цензура, па и тој како и книжевните и ликовните дела, филмските остварувања и уште многу други нешта, минуваше низ рацете на ткн. „цензорски комитети“ кои му ја кроеја судбината. Секако, цензурата не го заобиколи ни стрипот Алан Форд во кој беа преправани одделни кадри, се вршеле интервенции на цртежот, корекции во текстот, а дури се применувал и наједноставниот метод - исфрлање на цели страници или слики! Баш таква судбина ја снајде и оваа епизода...

Иронично е што овој стрип на Запад доживеал бојкоти поради исмејувањето на капиталистичкиот систем (особено власта и богатите) доживеал да го забранат и на Истокот, штом отровната стрела на Магнус и Бункер се насочила кон неприкосновените бољшевичко-пролетерски односи.
Не сум изненаден, оти цензурата не зависи од тоа дали системот е „лев“ или „десен“, туку дали општеството е отворено или склоно кон тоталитарност.

09 November 2006

Киргистан се подотвори

Претседателот Бакиев го потпишал новиот Устав, а коинцидентно проработе и пристапот до веб-сајтовите од Киргистан што не беа достапни во текот на политичката криза. Првите два линка се до некои од таквите, наведени во претходниот пост на темава.

Македонските блогови во „Соѕвездија“ на ТВ Телма

Вечерва од 21 часот во емисијата „Соѕвездија“ на ТВ Телма беше прикажан и прилог за поврзаноста на македонските блогови и културата.

Фото: Развигор

Во емисијата зборувме јас и Дарко Булдиоски (на сликата), а на екран беа прикажани и веб-сајтови, како Маседониа срч и Дигимак, а особено блогови, како Археолошки дневник, ВББ, .аНТИ, Вуна, Букарски, М-соулз и неколку други...

Скрин-шотови: Волан

Репризи - ноќеска во 1:30 и утре во 10:30 часот.

Протестот против визниот режим

Волан има објавено извештај и фотографии од добриот протест против злиот визен режим.

Фото: Волан

Останувам на ставот: да ја извадиме гредата од нашето око, пред да бараме другите да ги извадат раските.

07 November 2006

Анкета: на кој јазик читате списанија за информатика?

На веб-сајтот на Метаморфозис е поставена нова анкета, со прашање:
  • На кој јазик најчесто следите печатени компјутерски списанија?

Блокирање на интернет и во Киргистан

На Комуникации има пост за Тринаесетте земји непријатели на интернетот, според Репортери без граници. На списокот не е Киргистан, но веројатно ќе влезе во наредната итерација. Како што веќе извести Веб-сајт на денот во написот за нивниот претседателски веб-сајт:
За жал, ниту сајтовите за вести на руски или на англиски, како ни оние на повидните невладини организации не се достапни за посетители од странство од почетокот на антивладините демонстрации минатата недела.

Катедралата во Ечмиаѕен + Гугл видео наспроти Ју тјуб

При посетата на катедралата во Ечмиаѕен, седиштето на поглаварот на Eрменската Апостолска Црква направив кратко видео-клипче со ентериерот на црквата. Според Ерменците, нивните цркви не се многу накитени заради нагласување на духовното над материјалното, па и главната катедрала не е исклучок. Ерменското кралство прво во светот го прифатила христијанството како државна религија во 301 г., десет години пред Рим/Византија.



Клипчето е во форматот за мобилни 3gp, и не беше проблем да се качи и на Гугл видео и на Ју тјуб. Обата сервиси прават автоматска конверзија, со следните разлики:
  • На Гугл видео клипот е достапен јавно веднаш, на Ју тјуб се чека подолго време.
  • Од оригиналната големина 176х144 пиксели едниот го шири на 400х326, а другиот на 425х350.
  • Кај Ју тјуб е полесно да се види пермалинкот, а и кодот за вметнување е подостапен, нема потреба од дополнително кликање.
  • Гугл видео има копче за автоматско вметнување на видеото во блог, кое бара да внесување логин и лозинка за блог-сервисот, а потоа не прави ништо.

06 November 2006

Ерменско гостопримство

Ерменците се многу гостопримливи луѓе. Ова не го тропам само онака, туку затоа што во тек на неколку дена престој во Ереван можам да наведам барем три јасни типови случаи, што е прилично голема инцидентност.

Thank you Artak, Mery, Ani and Hakob!

1. Пристигнувам на аеродром во 3 и кусур сабајле, троа уморен. Поради недоразбирање, не ме чека превоз, а поради Т-мобајл, немам роуминг (!!!) и не можам да стапам во контакт со домаќините. Навалентни таксисти како секаде во источна Европа ми нудат 20 евра за превоз до хотелот. Арно ама, младиве работници од компанијата за мобилни „ВИВА сел“ (не е партнерот на Т-мобајл) се обидоа да ми го проработат телефонот, и кога не успејаа, се јавија кај што требаше, ми средија да дојде такси од компанијата што нив ги вози на/од работа и да ми наплати 4 пати помалку, а и го пратија овој батката од обезбедувањето да ми прави друштво до таксито.


2. Се шетам по чаршија (добро де, немаат класична чаршија, оти градот кој е стар 2700 години бил стопати разурнуван и реизградуван, особено во советските дваесетти) и гледам едно дуќанче за сувенири кај што имам купено маички при претходната посета. Си викам ај да ѕирнам како е. Дуќанот се состои од две стари сопчиња, во првата има килими, во втората џиџи-миџи. Си влегувам јас, кога внатре седнати неколку домаќини, мезат печено сецкано мевце со зеленчук. „Еее добре дојде, земи од ова, повели вотка од праска, оригинална од село (од пластична туба)“ - „Не не фала“ - „Земи земи, ај еве ти чаша. Од кај си, како си, ти се допаѓа месцево?“ И така, пијалокот беше перфектен и ептен загреваше, ама мислам многу повеќе загреваше човечката топлина.

Келнерката од ресторанот Долмама3. За по кафeани, накратко: во случајот кога не нарачав алкохол со ручекот, ме почестија „од куќата“ со вино од кајсија (исто перфектно вкусно). Другиот ден за вечера, на една оближна маса се славеше роденден, на кој, како одговор на куртоазна честитка, набрзо бевме поканети да се вклучиме со сите придобивки од танц до торта. Другата вечер во трета кафана, нарачуваме кој што сака, и ни носат два бокали вино - суво и слатко. Да дегустираме... без никаква дополнителна наплата.

Вечерва повторно се отвора „Точка“

  • Вечер (6.11.2006) во 20 часот ќе започне отворањето на новата локација на Културниот центар „Точка“.
  • Најавен е настап на Фолтин, Драгана Костадиновска и Трајанка Илиевска - Таци.
  • Новата адреса е бул. Климент Охридски 15 - позади Соборниот храм и Светиот синод.

05 November 2006

Махир сака да го тужи Борат

Без разлика што го почитувам ликот и делото на Борат, како и правото на слобода на говор на Саша Барон Коен да тропа глупости за Казахстан (па и за Македонија - ако смени мета), останувам на ставот кој пред година дена го изнесов во рецензијата на неговиот веб-сајт. Имено тогаш реков дека ликот на Борат се темели на две нешта:
Првото е директно копирање на искрениот маалски стил на Турчинот Махир Чагри кој стана светски познат благодарение на смешноста на неговиот недоучен англиски јазик, при неговотo барање пријатели низ светот преку интернет.

Второто е тоа што главниот тек на хипер-политички коректната јавност во САД и ЕУ дозволува еден исклучок при спроведувањето на непишаната забрана за стереотипизирање врз база на културниот идентитет: во случајот на луѓе од бившиот комунистички блок.
Арно ама, додека бившите комунисти, скоевци и пионери си ќутат, Махир страјкс бек. Во интервјуто за Вајерд (Mahir to Borat: I Sue You!), го повторува мојот горенаведен став и вели дека ќе го тужи Коен.

Јас да сум уредник на македонски весник, би пратил новинар да направи интервју со две личности:
  • Махир, разбира се. Сигурно одговара на е-пошта преку неговиот веб-сајт.
  • Есма и Кочани оркестра, за тоа што мислат за филмот со кој се афирмираат нивни песни и дали добиле пари за тоа.
  • Кај две, таму и три - истражувачка сторија за каде е сега Васка, девојката што изворно ја пееше „Едерлези“ во „Дом за бесење“ и која учеше во моето о.у. „Васил Главинов“ од Топанско Поле.

Чисто процедурално: игри, а не игрици (пак)

Во постот на .аНТИ за обидот за цензурата на една игра ми боцна око тоа што го користи терминот „игрица“ наместо „игра“ - а треба обратно. Истакнувам процедурална забелешка. ;-)

И Македонија е дел од чуварите на визното гето

Кај Рибарот забележав преглед на дискусии за некои протести околу визниот режим. Со оглед на тоа што бев во странство додека траеле, некако ми се далечни ;-), па ќе се вклучам со неколку прашања:
  • Дали нашата држава сака да ни доаѓаат гости од странство или не?
Ако сака, тогаш зошто е екстремно тешко за поголемиот дел жители на светот да добијат виза за Македонија? Според правилата за визен режим од сајтот на МНР, тие мора да ја извадат во некоја од малубројните амбасади.
  • Зошто да не може странците да добиваат (и плаќаат визи) на граница?
Колку што ми е познато, жителите на ЕУ ја имаат оваа привилегија, но на официјалниот веб-сајт не го пишува тоа, па не може да бидам сигурен. Зошто да мора човек што сака да стигне во Македонија да троши денови плус во некоја дополнителна странска земја заради чиста бирократска формалност? Особено што не е наведено што треба да прават граѓаните на земјите кои не се наведени во списокот.

Забележав и барем една нелогичност. За давање визи за Молдавија, надлежна е амбасадата во Бугарија, а не онаа во многу поблиската и за Молдавците подостапна Романија. Особено поради тоа што со влегувањето во ЕУ, Романија ќе им овозможи бесплатни визи, додека за Бугарија, немам чуено.

Опасност за приватноста со Фајерфокс

Доколку новиот Фајерфокс не го затворите преку копче во неговиот прозорец, туку автоматски со гаснење на компјутерот, наредниот пат кога ќе го пуштите ви се појавува прашање дали сакате да ја продолжите претходната сесија (Restore Previous Session).

Арно ама, ако речете да, тогаш ги продолжува и сесиите на веб-мејл и сличните сервиси од кои не сте биле одлогирани во моментот на гасење. Со ова се отвора можност ако истиот компјутер го користи друга личност, да има пристап до вашите приватни работи.

За жал, во подесувањата на Фајерфокс не најдов како може да се исклучи оваа опција.