Блекаут

02 July 2015

Дали Скопје 2014 укажува дека востанијатата од XIX век не успеале поради дефект на оружјето?

Со Скопје 2014 навистина сè е можно. Еве видете на пример како му клапнал пиштолот на Димитар Поп-Георгиев Беровски од барељефот „со соборците“ под еден од лавовите на мостот „Гоце Делчев“ - најблискиот до поштата.

Скопје 2014 го скрнави споменот на херојот преку приказ со омлитавен пиштол.
Син ми претпоставуваше дека ако пукне со ваков пиштол, куршумот ќе му отиде во земја. Додека јас, со моето скромно познавање од областа на воена техника, мислам дека би му експлодирал во рака.

Немам чуено до сега дека излиена бронза се топи сама од себе како сладолед, па дури и на жешките температури карактеристични за скопските лета. Бронзени споменици биле дигани и на многу пожешки и посончеви места, без да се искривоколчи нивното значење поради фушерај. Можеби има нешто во сомневањето на босанскиот уметник Дамир Никшиќ, кој во оваа репортажа за Скопје укажува дека под слојот на бронза можеби се користеле и некои други материјали.