Блекаут

30 October 2007

Џампстајл - нов европски тренд

Џампстајл (jumpstyle) е вид на техно-танц за кој Холанѓаните велат дека се појавил во „Холандија и Белгија“, а Белгијанците дека се појавил во „Белгија и Холандија“.



Личи дека потекнува од некои нивни народни танци. Кај да е, може ќе го видиме на Евровизија, штом веќе се шири и по школи и по други западноевропски земји.

29 October 2007

Дигитални клубови во Македонија

На мапава се претставени дигиталните клубови кои низ РМ ги има отворено Фондацијата Метаморфозис.

16 October 2007

Распродажба на болката?!

Повеќето македонски весници со веб-сајтови ја прекинаа праксата да чекаат до наредниот ден да ги објават вестите од тековниот и на насловната страница попладнево имаа објавено вест за смртта на Тоше Проески.

Крајно време беше да им текне (веројатно можеби виделе еден од друг) дека веб-сајтовите не мора да им служат само како дигитална архива за дел од написите од печатените изданија. Штета што со ваков повод. А Тоше создаде толку поубави прилики, па и многу неодамна, со добротворниот концерт за собирање средства за училиштата.

Дискусијата кај Анти за експлоатацијата на смртта на познати личности (конкретно музичари) е поврзана и со една стара (1978) песна на српски - „Распродаја бола“ (mp3).

МК-сајтовите за вести на колена поради смртта на Тоше

Слично се случи и дента кога погина претседателот Трајковски - повеќето македонски сајтови за вести не беа достапни, оти изгледа беа преоптеретени со барања за пристап од читатели во врска со погинувањето на Тоше.

A1 пред неколку минути постави обична ХТМЛ страница со веста како насловна, со што штеди локални компјутерски ресурси и проток, а истовремено овозможува на повеќе луѓе да ја прочитаат.

Ова е редок пример на адаптабилна реакција. МИА има тајм-аут (преоптеретеност), а Макфакс е недостапен (моментално им пристапувам од Холандија).

За разлика од самостојните веб-изданија како Он.нет и Иди види, на веб-сајтовите на печатените весници нема ни трага од веста. Ако биде како во претходниот случај, ќе чекаат до утре да ја објават...

Греота. Не сме само луѓето шокирани.

14 October 2007

Како Владата да постиге успех со трите издавачки проекти

Премиерот Груевски најавил три издавачки проекти за подигање на културното ниво во земјава:
Владата на Република Македонија ќе финансира објавување на 60 тома македонска книжевност, ќе помогне да се издаде по една книга од сите автори кои во последниве 100 години добиле Нобелова награда и ќе направи превод на околу 500 книги кои се користат на петте најпознати универзитети во Англија, САД, Франција и во Германија.
Идејата изгледа одлично, а за да има вистински ефект и одек, сметам дека треба да се
обрне внимание на следните нешта:
  • „Класичните“ дела на домашни автори што ќе влезат во избор за реобјавување да бидат вклучени под услов сопствениците на авторски права да дозволат нивно објавување на интернет за некомерцијални цели. Така ќе им се помогне на оние кои сакаат да го користат македонскиот јазик и нема да имаат пристап до самите физички книги да го стекнат или усовршат своето знаење. Таква целна група ни е скоро цела дијаспора. Со ова ќе се помогне и во обезбедување дефицитарните содржини за учениците кои ќе ги користат придобивките на проектите како „Компјутер за секое дете“.
  • Дигитализацијата има и друга предност - кој има простор за 60 нови книги дома? Треба и цел нов шифоњер да се купи - а има полесно решение - ЦД или ДВД. Подобро е да се вложи и во конверзија на делата во разни формати за е-книги, да може да се читаат на секакви уреди, особено мобилни.
  • Со оглед на квалитетот под знак прашалник (ако се толку добри, што не се пробиле во светот досега) и политичката искомпромитираност при изборот на „бардови“ во минатото можеби ќе бидат доволни и 6 тома, а не 60. На пр. од случаите со Ченто и Јован Котески дознавме дека и некои од највидните дејци станале највидни по други линии, а не некој објективен книжевен.
  • Парите за препечатување на ангро на книги што никој ионака не ги чита во последниве 50 години и од кои веројатно постојат купишта непродадени по депоа на издавачките куќи е подобро да се пренасочат за квалитетен превод на навистина квалитетните автори (да речеме, Петре М. Андреевски) на светските јазици и дистрибуција на тие книги преку големите книжарски фирми или универзитетски библиотеки.
  • Да има јасна отчетност во однос на тоа каде ќе отидат парите. Ако некои издавачи произведат преводи со низок квалитет најмувајќи инфериорни преведувачи за да лапнат од разликата во цена, прво да мора да ги вратат парите што државата ќе ги вложи во тоа издание, а потоа да мора да ги издадат делата со квалитетен превод.

11 October 2007

Македонскиот мејнстрим против феминизмот

Додека во белиот свет феминистички авторки добиваат нобелови награди, кај нас добро етаблираните музичарки Калиопи Букле и Олгица Христовска кои „ни подариле“ нова песна насловена „Мирише нам љубав“ за која сакаат да стане „химна на сите жени“. Арно ама:
Олгица: Жената е жена само ако има вистински маж покрај себе. Сега, да се разбереме, за да не се свати дека оваа песна е феминистичка. Песната зборува за чистата љубов - кон денот, кон сонцето, љубов кон вистинскиот пријател, моќ да се препознае сето тоа околу нас и во исто време да се сака и негува.
(според интервјуто со обете во „Теа модерна“ од 10.10.2007)

Се бара: книгата „Стратегиски менаџмент“ од Шуклев и Дракулевски

Ја барам, на заем или за откупување, книгата „Стратегиски менаџмент“ од проф. д-р Бобек Шуклев и проф. д-р Љубомир Дракулевски, издание од 2001 или поново.

Рок: најдоцна до сабота 13.10.2007. - јавете се на razvigor ет gmail.com или оставете коментар - ќе стигне известување за тоа на истата адреса.

Ја немаше по книжарниците низ центарот на Скопје, a поради празнициве не работи ни Економски факултет во чија книжарница наводно ја имало.

Расчистување со меѓународната уцена со ајварот

Денес купив ајвар од Бонум само заради тоа што го викаат „ајвар“, а не „ајвЕр“ како оние од Випро, кои важат за најквалитетни - наводно попржен бил нивниот ајвар.

Ми падна криво кога на гондолата за ајвари во Веро на прв поглед единствен ајвар, со А, беше некојси странски, а македонските беа со Е. Кога го видов тој од Бонум се израдував.

Со оглед на тоа што сметам дека кој и да го регистрирал зборот „ајвар“ како заштитен знак - немал право, како што никој нема право да регистрира генерички имиња на храни како свои (меѓу кои и зборовите „леб“, „мастика“, „боза“ итн), решив да дадам поддршка на Бонум во спротивставување на главниот тек за мислењето во однос на овој тивок спор околу интелектуалната сопственост.

Сигурен сум дека ако некој ги тужи за користењето на зборот ајвар ќе го изгуби спорот, ако не во Македонија, тогаш на некоја повисока судска инстанца. Но колку што сваќам, голем број македонски производители се плашат воопшто да влезат во судница, па се откажуваат од и го видоизменуваат своето во овој своевиден „спор со името“.

06 October 2007

Развигор на Панорамио

Отворена е испостава (што би рекле во Алан Форд: подружница) на Развигор на Панорамио.

Ја пуштив во промет пред два месеци, со цел да промовирам фотки од Македонија за Гугл ’рт. Ако го поминат модерирањето, фотките се достапни за јавноста за од прилика толку време.