Блекаут

30 December 2018

Филмот „Variola Vera“ како образовна програма за антиваксери на македонските телевизии

На почетокот на 1972 година во Југославија се случила последната голема епидемија на голема или црна сипаница (Variola Vera) во Европа.

Познатиот истоимен филм кој нуди уметничка интерпретација на овие настани да се погледне цел на Јутјуб.




Последен претходен случај на големи сипаници во Југославија бил во 1930 година, па во СФРЈ се сметало дека болеста големи сипаници е искоренета.

(Арно ама, во 1971 г. големи сипаници уште имало во региони без функционална држава, како Авганистан. Според ББЦ последен случај бил во Сомалија 1977 година, а благодарение на масовната вакцинација болеста била прогласена за искоренета на светско ниво во мај 1980 г.)

Вo 1972 година, вирусот на Variola Vera во СФРЈ го внел донел свештеник од Косово кој на 15 февруари се вратил од аџилак на Блискиот Исток, а потоа го проширил еден учител од Санџак кој веројатно случајно бил во допир со него или некој негов близок.

Учителот прво погрешно го дијагностицирале како алергиска реакција на пеницилин и го шетале по болници од Чачак до Белград додека не ја утврдиле вистината. Умрел на 10 март.

Откако било утврдено дека се работи за големи сипаници, на 16 март била воведена воена состојба, со карантин во загрозените региони (Косово, Белград). Во текот на април, со помош на Светската здравствена организација под итно биле ревакцинирани 18 милиони граѓани на СФРЈ.

Во мај бил прогласен крај на епидемијата. Вкупно 175 луѓе биле заразени од кои 35 починале.

Првиот преносител на инфекцијата, свештеникот, кој бил вакциниран два месеци претходно, целосно се опоравил по неколку дена со треска и осип. Според белградско „Време“, веднаш по вакцинирањето, под влијание на некој антиваксер, тој го имал намалено дејството на вакцината со чистење на раната со алкохол.

1982 г. е снимен филмот „Variola Vera“ за случувањата со епидемијата (поедноставени и романтизирани).

Кадар од филмот „Variola Vera“.

Со оглед на епидемијата на антиваксерски дезинформации, би било добро телевизиите во Македонија да го емитуваат во функција на образовната програма (што ја немаме).

EUvsDisinfo објави дека во 2018 година, наводната опасност од вакцинација  е една од главните теми за дезинформации ширени од пропагандната машинерија на Путиновиот режим, која работи преку интернет-тролови, медиуми и политичари.

(Преведено на македонски: вмровски медиуми промовираат надрилекари и сејачи на смут наспроти медицинската етика.)

Министерството за здравство изнесе алармантни податоци дека многу родители имаат подлегнато на таквите кампањи (кои се дел од популистичката пропаганда) и не ги вакцинираат децата и за други слични болести.

Податоците се од Википедија на англиски јазик (1972 Yugoslav smallpox outbreak). Според наведените извори (ББЦ) ми изгледаат точни. Може да има мали дискрепанци во датумите, но генерално временските рамки се тие.

Е сега, зошто на оваа тема со Гугл не се наоѓа ништо на македонски јазик, на пример на веб-сајтовите на македонските медицински, академски или државни институции - не знам.