Блекаут

30 April 2009

Шпанија: Награда за дружината на Зоран Попоски

Уметнички проект на македонскиот визуелен уметник Зоран Попоски, во соработка со Ева Петрич (Словенија/Австрија) и Маркуз Вернли Саито (Швајцарија/Јапонија), е награден на меѓународниот конкурс за јавни уметнички проекти во баскискиот град Сондика во Шпанија.

Честитки!

29 April 2009

Сакура 2009 - одгласи во странство

Сакура 2009: работилница за оригамиКако што најавив, Глобал војсис онлајн го објави кусото известување за прославата на Сакура 2009 во Скопје, кое досега е преведено и на англиски и француски, со што се зголемуваат можностите луѓе од поголем дел на светот да се информираат за тоа случување кај нас.

28 April 2009

Приказни раскажани преку компјутерски игри

КериганНа темата на приказни раскажани преку компјутерски игри, се согласувам со Розов зајак дека „Старкрафт“:

...е најдобрата приказна што се има појавено во рил тајм стратегија, жанр каде што обично сите се трудат да скрпат некаква си епска приказна и не успеваат или поради тоа што премногу комплицираат, или поради тоа што на никој не му е гајле. StarCraft некако успеа да раскаже приказна што беше разбирлива и интересна за сите. Додуша, тоа може да се должи на фактот што порано приказната во овие игри се развиваше исклучиво во формата на пишан текст меѓу нивоата, а во StarCraft имавме вистински гласови и интермисии на сред ниво.

Би дополнил дека и „Фриленсер“ (Freelancer) имаше сличен пристап, надградувајќи го системот развиен во „Елит“ (Elite) и „Винг командер“ (Wing Commander) со прилично реалистично градење на научнофантастичниот универзум на играта.

Слично: Во потрага по совршена стратегиска игра

Категорија стрип на Блогерај

Јуху! Блогерај воведе категорија стрип. Засега не е многу пополнета, па линкот е срамежливо малечок во облакот со категории на насловна.

Арно ама, ако сте член на Блогерај и имате пишувано за стрипови и таквите постови припаѓаат во оваа категорија, најдете си ги и означете ги. Нек се множат! :-)

27 April 2009

Хепи брдеј ту ју

На блогот Комуникации е отворена дилемата во врска со идеалистичкиот и реалистичниот пристап кон градењето на современата македонска култура, преку примерите на како комуницира обичниот народ (децата) и владината иницијатива за измислување нови македонски зборови за компјутерски термини.

26 April 2009

Стрип за Спок во Вајерд

Спок свири на млади годиниАко сте љубители на Ѕвездени патеки и/или на стрипот, во најновиот Вајерд може да прочитате стрипче со господин Спок во главната улога, како раскажува за своите рани години и потребата да се усогласат разлики во потекло и стилови на живот.

Апел до управата на Блогерај: би било супер да воведете категорија стрип.
Колеги блогери, поддржете ја оваа иницијатива со пост на истата тема!

Латинска америка како музичка велесила

Passion de Buena VistaПоучно е да се прочитаат два поста во врска со музичко творештво и културна промоција низ светот:

Прашање: што имаат овие институции, а го немаат Македонската филхармонија, Ансамблот „Танец“ или за мене сеуште непознатите друштва во кои млади или други музичари од Македонија би свиреле класична музика или би пееле староградски песни и повоени шлагери низ светот?

25 April 2009

Сакура во Скопје 2009

Пример за културен производ по потекло од ЈапонијаБи објави дека оваа година фестивалот на цветање на црешите Сакура ќе биде прославен во Скопје утре денес, на 25.04.2008, на старо место. ;-)

Овој настан не само што придонесува за разубавување на културната понуда во градот, туку е многу убаво средство за меѓународна промоција на Македонија. Доказ: написот на Глобал војсис за Сакура во 2008 година е преведен и на јапонски, шпански и португалски, покрај првобитните англиски и македонски верзии.

24 April 2009

Науката е следна за одстрел според македонските времепловци

Карикатура: Еволуција на образовните стандардиОд постот на Мојон блог за тоа како учесник на протестот против укинување на веронауката во државниот образовен систем украл паричник на новинарка дознав и за написот во Дневник за самиот протест во кој забележав една симптоматична изјава:

Секаде во светот се учи дека човекот бил создаден од Бог и дека е наследник на Адам и Ева, а кај нас и понатаму децата се учат дека се создадени од мајмуни - ја објасни причината за протестот битолскиот вероучител Плури Велиу.

Ако Авганистан, Саудиска Арабија и некои креационистички енклави збутани на Дивиот Запад од САД се цел свет, тогаш јас сум вонземјанин!

Ваистина има луѓе кои целава земја ја претвораат во еден огромен времеплов... Арно ама: од Теа модерна (22.04.2009.) дознав „Македонија го чествува јубилејот на творецот на теоријата за еволуцијата“, преку изложбата на Британскиот совет „Дарвин сега“ која ќе се отвори во Природонаучниот музеј во Скопје (сместен во Зоолошката градина) на 28 април.

Браво за Британците што го користат целото свое наследство, особено научното (причинител на драматичен напредок во квалитетот на живот на целата планета) и за промоција на нивната земја. Прашање: дали македонската наука е толку падната на колена што нема ниедна домашна иницијатива во слична насока.

Терминолошки забелешки: сметам дека е подобро и појасно

За наравоучение, еден цитат припишан на Чарлс Дарвин:

Незнаењето ја подига самодовербата почесто од знаењето... Токму оние кои знаат малку, наспроти оние кои знаат многу, ќе ги чуете да тврдат дека науката не може да го реши некој проблем.

23 April 2009

Густав - цртани филмови

Густав како службеник што лупа печатиЗа сите што знаат што значи зборот „веге“ на унгарски ќе биде интересен текстот на Окно посветен на цртаниот филм Густав, во кој е вметнат и еден цртан филм - за комплексот на помала вредност.

Ако сакате уште цртани со Густав, на англиски може да го барате како Gustavus, а веројатно најголем број цртани на Јутјуб ќе добиете ако го користите името на неговиот мајчин јазик „Gusztáv“.

22 April 2009

Животна средина? - Баш ни е гајле!

Книга: Како да се самоуништиш (на англиски)На Денот на Земјата, истражувањето за општествената одговорност спроведено од МЦМС открива дека:

Поразителни се информациите за одговорноста за заштита на животната средина. Само еден од пет граѓани чувствува одговорност за зачувување на животната средина. Иако е висока поддршката за мерките за заштита на животната средина, само 21,3% чувствуваат лична одговорност за нејзина заштита.

Со Владата презафатена со други приоритети, ако и на граѓаните не им е гајле (и за нивното лично однесување и на што се трошат нивните пари), тогаш не е ни чудо што Македонија е меѓу најнечистите земји во Европа.

19 April 2009

Велигден: Исус се залагал за секуларност

Една од работите кои се премолчуваат во врска со приказната за Велигден е нејзината поука дека зло настанува кога религијата и политиката се мешаат.

Основата на страданието на Исус е во тоа што организираната религиска организација, лукративно етаблирана во општеството и водена од лицемери го злоупотребува своето општествено влијание врз толпата да ја присили државата да го убие оној кој во себе ја носи вистинската духовност.

Библијата и на други места го прикажува Исус Христос како се залага за одвојување на црквата од државата, на пример во Св. Евангелије по Матеј 22:21 со познатата изрека да му се даде на Цезар што е негово (данокот), а на Бога она што е божје. Иако низ историјата имало различни интерпретации и на ова поглавје (што на светот не е од Бога?), Библијата потоа нуди дополнителни аргументи дека државниот апарат треба да е секуларен.

Пилат го суди Исус, витраж од Капелата Вадам во Оксфорд од 1622 г.Судењето на Исус на Велики Петок е предизвикано од црковните власти (врховните свештеници, како Кајаф) кои влијаат на световните власти, претставувајќи го спорот што го имаат со него на полето на верата како заговор против државата.

Претставникот на државата, намесникот Пилат (Pontius Pilate) бил свесен дека Исус нема политички амбиции да предизвика бунт против римскиот режим и не го крши законот, но подлегнал на притисокот од свештениците воопшто да го суди, а и од толпата народ (контролирана од свештенството) на кои популистички им препуштил да изберат кој да биде распнат.

Како резултат, настанува огромна несреќа, вистинскиот духовник е убиен, а и целото општество по некое време се распаѓа, што кулминира со војната во која е уништен Ерусалим и Вториот храм.

И пред да ја оспорите универзалноста на поракава со обвинувања дека Страданието се однесува само на Евреите и еврејските свештеници, земете предвид дека и Исус Христос бил Евреин, роден во еврејско семејство, го поминал животот како еврејски верник и во ниеден момент не се откажал од своето еврејство. (Христијанството првобитно било движење или секта во рамките на Јудаизмот, која вовела иновација дека не мора да си етнички Евреин за да бидеш член на оваа верска заедница. Таквото отворање, односно надминување на националистичкиот начин на размислување и придонело за ширење на пораката и станување засебна, светска религија.)

Да потсетам на (во Македонија) скриеното значење на Велигден ме поттикна тоа што на Фејсбук видов дека има луѓе кои на своите деца (со најдобри намери) им даваат јајца со нацртани државни или партиски симболи - целосно спротивно на духот на празникот, а и колумната на Горан Михајловски „Северна Ирска“:
Мно­гу­па­ти не се сог­ла­су­вам со ста­во­ви­те на ев­ро­ам­ба­са­до­рот Ер­ван Фу­е­ре. И мно­гу­па­ти се лу­там ко­га ни се ме­ша во ра­бо­ти­те. Ама де­но­ви­ве про­чи­тав не­го­ва из­ја­ва во "Но­ва Ма­ке­до­ни­ја" со зас­тра­шу­вач­ка пре­по­ра­ка: „Ус­та­вот е ја­сен во пог­лед на по­де­ле­нос­та ме­ѓу црк­ва­та и др­жа­ва­та. А се­кој што ќе се оби­де да ја гле­да ре­ли­ги­ја­та ка­ко по­ли­тич­ко сред­ство, тре­ба да оди во Се­вер­на Ир­ска и да ги ви­ди пос­ле­ди­ци­те, од­нос­но она што се слу­чу­ва ко­га ре­ли­ги­ја­та ќе се из­ме­ша со по­ли­ти­ка­та“.
Чо­ве­кот е од Ир­ска, и тре­ба да му ве­ру­ва­ме. Мо­же тре­ба да ги пра­ти­ме на­ши­те пра­те­ни­ци, осо­бе­но тие што на Ин­тер­нет по­ви­ку­ваа на преб­ро­ју­ва­ње, и пар­тис­ки­те ли­де­ри на ма­ла тур­не­ја низ Се­вер­на Ир­ска за да ви­дат на што ли­чи тоа. Ме­не ми бе­ше до­вол­но и ова што ми­на­та­та са­бо­та го ви­дов на плош­та­дот Ма­ке­до­ни­ја.
Не е само до Уставот, туку и до Библијата. Ама, кој ја чита кај нас, или смее да дискутира за неа?

18 April 2009

Чиста Македонија? Не во 2008!

Environmental Performance Index 2008Најчисти земји во светот се Швајцарија, Шведска, Норвешка, Финска и Костарика, според најновото годишното истражување со кое се оценуваат постигнувањата во врска со животната средина на светско ниво (Environmental Performance Index 2008) на Центарот за социоекономски податоци и апликации на американските универзитети Колумбија и Јеил.

Од 150 испитани земји, Македонија е на 75 место, зад сите земји од Балканот и зад сите земји од ЕУ со исклучок на Романија, при што во истражувањето не се влезени Србија, Косово и Црна Гора. Веднаш пред нас е Хондурас, а веднаш зад нас Украина, која со осумдесеттретата Романија и Молдавија која е на 87 место се единствени Европски земји (сосе Кавказ) во кои животната средина е во полоша состојба од кај нас.

За мерење со комшиите:

  • Словенија е на 15 место,
  • Хрватска на 20 (и пофалена во написот на Форбс што го цитираат светските агенции),
  • Албанија е на 27 место,
  • Грција на 44,
  • Босна и Херцеговина на 48,
  • Бугарија на 56 место и
  • Турција на 72 место.

Би сакал барем медиумите да побараат мислење и одговорност од Владата на РМ и од Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ за оваа тажна состојба. Последиците од негрижата за животната средина се ненадоместливи и катастрофални, за целиот жив свет.

Дали некој воопшто го поврзува влошувањето на условите со епидемијата на смртоносни болести, меѓу кои е ракот?

Дали на нашите властодржци воопшто им е гајле дека постои реална опасност да влезат во историјата како фуснота во која ќе стои дека рисот, охридската пастрмка и мечките од Македонија исчезнале „во времето на“ Груевски и Јакупи?

17 April 2009

Обама и Спајдермен - изгубени во времето

Спајдермен со ОбамаДо душа, само за македонската јавност, ако го земеме предвид написот „Најмоќниот човек на светот како стрип јунак“ на Утрински весник од 11.04.2009 година, кој најавува настан кој се има случено пред четири месеци - дека (следи линк до коректен напис на темава од американски извор) компанијата Марвел објавила пригодна епизода на Спајдермен за инаугурацијата на Обама. Го цитирам написот од Утрински:

Новиот американски претседател Барак Обама дури ни за време на претседателската кампања не криел дека многу ги сака стриповите и дека е колекционер на сите стрипови на „Марвел“, во кој се вклучени и оние за Конан Барбара од седумдесеттите години на минатиот век. Со оглед на тоа дека Обама станал новиот жител во Белата куќа, наскоро на пазарот би требало да се појави стрип со неговиот лик, со што би се зголемила колекцијата на претседатели што добиле свое стрип-издание.

Написот ми го привлече вниманието бидејќи се гледа дека една од работите што преведувачот ги нема разбрано е дека Марвел е компанија која ги издава стриповите со Спајдермен и Конан Варваринот. Затоа, следи возбудлива интерпретација со пресврт:

Но, ова не е прва адаптација на Барак Обама во стрип-издание.

Сама по себе реченицава е точна, но не како што се објаснува понатаму во написот. Додека траеше кампањата Обама се појави во негова стрип-биографија (Presidential Material), исто како и неговиот противкандидат Џон МекКејн.

Пред извесен период и креаторот на „Спајдермен“ посакал да го стави во својата анимација ликот на Обама, но, по се' изгледа, „Марвел“ успеал подобро да го убеди Обама да даде согласност во неговите стрип-изданија.

Па... Марвел е компанијата за која работи ко-креаторот на Спајдермен, Стен Ли. Марвел е сопственик на авторските права. И на крај, шлаг на торта:

Инаку, според концептот на Обама - Спајдермен, неговото алтер-его претставува новинарот Питер Паркер, кој пристигнува на неговата инаугурација со цел да го види чинот на неговото прогласување за претседател.

Ај ќе ја занемариме недоветната конструкција на реченицата, фоторепортерот Питер Паркер е Спајдермен во секоја епизода од стрипот, со Обама или без него, како и во мегапопуларните филмови со истиот лик во главната улога... Го пишувам ова оти еве, доказ дека е можно да има луѓе во Македонија кои немаат основни познавања од општа култура.

Инаку, во галеријата со претседатели на САД во стрипови линкувана во написот од Балтимор сан недостасуваат низа важни стрипови, на пример оној во кој Реган го забранил Супермен, или портретот на Никсон во стриповите за Електра од Френк Милер и Бил Сенкијевиќ (Electra Assassin).

Конан СимеријанецотДополнително, она „Конан Барбара“ е индикатор дека можеби е преведувано од хрватски, со непознавање на функционирањето на падежи. Неодамна Марвел ги издаде класичните стрипови со Конан од седумдесеттите во едиција „Дивјачкиот меч на Конан“ (Savage Sword of Conan) во форма на омнибуси (дебели книги со многу епизоди заедно), а минатата година Дарк хорс комикс започна нова серија со реинтерпретација на неговиот живот со вклучување на неколку врвни цртачи, меѓу кои и Ричард Корбен, под наслов „Конан Симеријанецот“ (Conan The Cimmerian).

Е да, кај нас се нарекува Симеријанец, иако во оригиналот би требало да е со К. Нешто слично како Цезар и Кајсар, филозофија и философија - наследство од едно време/меѓувреме и споделуван културен простор.

13 April 2009

Практична употреба на магија во светот и кај нас

Веста на ББЦ за порастот на суеверието во Британија потсетува дека трендот на средновековизирање не е само македонски феномен.

Мора да се земе предвид дека нарушувањата на менталното здравје ги прават луѓето поподложни на сите видови на психолошки влијанија.

Освен во контекст на неодамнешните предизборни препукувања, кај нас клетвите се користеа и во црковно-народна-политички-коруптивната афера со расколот во МПЦ. По својата епска структура на особено интересен е магискиот дуел за кој известува Дневник од 22.07.2002 година:

Пред да го напушти манастирот, Јован држејќи го крстот во рацете ги проколна присутните:
- Аир да не видите - рече тој.
Верниците му возвратија:
- Од твоја уста во твои пазуви - свикаа во хор неготинчани и му ја расчукаа камбаната, за да го запамети нејзиниот звук.
И околу последувателното судење за проневера имало закани од проколнувања, како средство за присила (25.11.2005).

МедузаНадвор од нашите граници, магијата има голема улога во новиот бран на трговија со луѓе во Западна Европа. Организираните синџири за проституција со девојки од западна Африка, особено Нигерија, прво жртвоте ги носат кај врачови кои им прават „џу-џу“ магијски ритуали со кои ги обврзуваат да бидат послушни кон своите макроа инаку им следи несреќа на нив лично или на семејствата. Методот е исклучително ефективен и полицијата на ниво на ЕУ има големи потешкотии во справувањето со ваквите механизми за психолошко поробување. Повеќе на темата во Women Trafficking from West Africa to Europe: Cultural Dimensions and Strategies (PDF).

И најпосле, најсвежото од асортиманот во Македонија:
„Заколни се жими деца дека ќе гласаш за нас!“
Што мислите колкава е ефективноста на ова превентивно средство за осигурување лојалност при гласањето?

„Луѓето се делат, а проблемите се множат.“

Насловот е изваден од колумната „Поделби“ на аналитичарот Мерсел Биљали објавена во саботниот број на Дневник. Препорачувам и за читање и како тема за размислување и дискусија.

Духот на Александар не знае македонски?!

Канал 5 вечерва вечерта на 12 април 2009 г. објави една бизарна „ексклузивна“ „вест“ за тоа како некојси бизнисмени му платиле на еден човек да отиде во Флорида кај некој „јасновидец“ на кој наводно му се прикажал духот на Александар Македонски.


Додавка: Фала на video_poddrska за коментарот со линк до клипчето.

Прилогот ќе беше релативно забавен да не беше истовремено и реклама за книгата која клиентот на врачот демек ќе ја објавел за настанот, а и поради некои штетни политички ставови вткаени во приказната кои во нашава средновековна атмосфера баш не ни се потребни.

Имено, едниот став е промовирањето на монархизмот (наследната диктатура), со нагласување дека токму тој фиљан чоек што отишол со камерман да го снима како му гатаат е потомок на Александра - значи треба да ни стане цар. Башка што според достапните податоци, Александар Македонски имал само едно дете - син убиен пред да создаде потомство.

Второто нешто е многу повознемирувачко. Имено, Александар се претставува како да нема врска со денешните Македонци, оти наводно, според тој медиумот, „сакам да знам за вашата лингвистика.“ Зар на Александар нашата лингвистика му е туѓа?! (Чиви интереси се всадуваат како прикриен црв на сомнеж со овој прилог?)

Според прилогот „духот на Александар“ не знае ништо за современиот македонски јазик и писмо. Исто така не беше објаснето на кој јазик Александар му се обраќал на медиумот, кој во прилогот зборува само на англиски. Дали духот знае англиски и каде научил? Ако можел да научи англиски (јазик создаден пред 700-500 години) додека бил мртов, зошто не можел да го научи современиот македонски?

Друго, разочарувачка е општоста на муабетите што „јасновидецот“ ги пренел од „духот“. Ништо ново, некои мумлања за култура, светот како поле, нива, Персија. Ќе беше интересни ако навистина имаше ексклузивен податок, изјави од типот : „копајте на север од Лихнидос на третиот рид татко ми основа тврдина во која има гробница со три оки азно“ или „мојот гроб е таму и таму“ - што може да се проверат, да се извадат нови докази во полза на Македонија! А ова, ниту свежо-бајати трачови од типот „меѓу мене и Хефајстион немаше физичка привлечност, само бевме ептен добри другари“ или „Селеук ме отру да ја прикрие проневерата од кралската каса, семката да му се сотре, самиот ми призна кога дојде во Адот“.

Александар Македонски во Алан Форд
Илустрација: Александар Македонски во Алан Форд

11 April 2009

Кејти Пери - Топол и ладен (Katy Perry: Hot 'n Cold)

Спотот на Кејти Пери „Топол и ладен“ (Katy Perry - Hot 'n Cold) освен што е симпатичен сам по себе, може да се гледа и како пародичен омаж на неколку култни филмови.



На пример, целата воведна атмосфера со свадбата, како и крајот, се поврзани со легендарниот „Дипломец“ (The Graduate) со Дастин Хофман, а асицираат и на комедиите „Светот на Вејн“ и „Четири венчавки и погреб“ - во однесувањето на старосватиците и старосватите (сосе американската верзија на Боки).

Сцената со вовлекување во ноќен клуб во забутано сокаче потсеќа на случаите со Барот „Сина школка“ (Blue Oyster Bar) од серијата филмови „Полициска академија“ (Police Academy). За жал не успеав да го најдам инсертот во кој буквално ги вовлекуваат.



Сцената со разочараните невести со размачкана шминка бездруго потсетува на борбата со бандата „кловнови“, односно Бејсбол фјурис од култниот филм „Воините“ (кој на времето беше познат и по српскиот превод „Ратници Бронкса“).

Кејти Пери и зебратаИ секако, назад на спотот, деталите како доаѓањето со нозете на зебрата, или дечињата што вртат хула-хоп во сцената со брејденсот, се бесценети.

07 April 2009

Затворен профилот на МВР на Фејсбук

Личниот профил на МВР на Фејсбук, за кој пишував вчера, е затворен од страна на управата на Фејсбук, наводно поради нарушување на правилата за користење на веб-сајтот и заради заштита на приватноста на другите корисници. Повеќе информации за случајот има на ИТ.ком.мк, на претходниот линк.

06 April 2009

Македонија, Колумбија: полиции на интернет 2.0

Амблем на колумбиската полицијаНеодамна Глобал војсис онлајн објави вест дека полицијата во Колумбија отворила канал на Јутјуб со цел да информира за своите активности.

МВРНекако едновремено, Утрински весник ја објави веста дека Министерството за внатрешни работи на Република Македонија отворило профил на Фејсбук, покренувајќи прашања во врска со заштитата на приватноста и влијанието на лично ниво.