Блекаут

Showing posts with label Ерменија. Show all posts
Showing posts with label Ерменија. Show all posts

08 November 2012

Ерменија: Дрвја претворени во скулптури

Примери за тоа како дрвјата може да останат вклопени во урбаната околина дури и по нивната смрт. Фотографиите се направени по улиците на Ечмиаѕин, Ерменија во октомври 2006 година.




За ова веќе пишував (на Блогспот и Блогерај) во 2009 година, кога почна првата сеча на дрвјата на Илинденска. Градот е духовно средиште на ерменската култура заради тоа што таму се наоѓа седиштето на нивната национална црква. Целиот отворен комплекс во кој се наоѓа и главната катедрала е во вид на парк со многу зеленило.






22 November 2006

Овчарски кучиња од Евроазија, обединете се

Пред некој ден, едно ерменско кученце го споредив со шарпланинче. Во коментар на видеото на Ју тјуб, извесен Ерменец ми пишал дека името на видот е „чобани шун“.

Зборот чобан и кај нас (и во македонскиот и во албанскиот) се употребува за овчар, понекогаш.

Дополнение: проверив со други Ерменци, ваистина „чобан“ на ерменски е овчар, а „шун“ е куче. Ваквите кучиња ги сметаат за многу силни, способни да се справат и со волци.

20 November 2006

Ерменско шарпланинче = араратинче?

При посета на езерото Севан во Ерменија ме сретна ова мало кученце кое личи на шарпланинче. Ама бидејќи Аратат е главната ерменска планина, можеби таму ги викаат араратинци. Не прашав, до душа.

07 November 2006

Катедралата во Ечмиаѕен + Гугл видео наспроти Ју тјуб

При посетата на катедралата во Ечмиаѕен, седиштето на поглаварот на Eрменската Апостолска Црква направив кратко видео-клипче со ентериерот на црквата. Според Ерменците, нивните цркви не се многу накитени заради нагласување на духовното над материјалното, па и главната катедрала не е исклучок. Ерменското кралство прво во светот го прифатила христијанството како државна религија во 301 г., десет години пред Рим/Византија.



Клипчето е во форматот за мобилни 3gp, и не беше проблем да се качи и на Гугл видео и на Ју тјуб. Обата сервиси прават автоматска конверзија, со следните разлики:
  • На Гугл видео клипот е достапен јавно веднаш, на Ју тјуб се чека подолго време.
  • Од оригиналната големина 176х144 пиксели едниот го шири на 400х326, а другиот на 425х350.
  • Кај Ју тјуб е полесно да се види пермалинкот, а и кодот за вметнување е подостапен, нема потреба од дополнително кликање.
  • Гугл видео има копче за автоматско вметнување на видеото во блог, кое бара да внесување логин и лозинка за блог-сервисот, а потоа не прави ништо.

06 November 2006

Ерменско гостопримство

Ерменците се многу гостопримливи луѓе. Ова не го тропам само онака, туку затоа што во тек на неколку дена престој во Ереван можам да наведам барем три јасни типови случаи, што е прилично голема инцидентност.

Thank you Artak, Mery, Ani and Hakob!

1. Пристигнувам на аеродром во 3 и кусур сабајле, троа уморен. Поради недоразбирање, не ме чека превоз, а поради Т-мобајл, немам роуминг (!!!) и не можам да стапам во контакт со домаќините. Навалентни таксисти како секаде во источна Европа ми нудат 20 евра за превоз до хотелот. Арно ама, младиве работници од компанијата за мобилни „ВИВА сел“ (не е партнерот на Т-мобајл) се обидоа да ми го проработат телефонот, и кога не успејаа, се јавија кај што требаше, ми средија да дојде такси од компанијата што нив ги вози на/од работа и да ми наплати 4 пати помалку, а и го пратија овој батката од обезбедувањето да ми прави друштво до таксито.


2. Се шетам по чаршија (добро де, немаат класична чаршија, оти градот кој е стар 2700 години бил стопати разурнуван и реизградуван, особено во советските дваесетти) и гледам едно дуќанче за сувенири кај што имам купено маички при претходната посета. Си викам ај да ѕирнам како е. Дуќанот се состои од две стари сопчиња, во првата има килими, во втората џиџи-миџи. Си влегувам јас, кога внатре седнати неколку домаќини, мезат печено сецкано мевце со зеленчук. „Еее добре дојде, земи од ова, повели вотка од праска, оригинална од село (од пластична туба)“ - „Не не фала“ - „Земи земи, ај еве ти чаша. Од кај си, како си, ти се допаѓа месцево?“ И така, пијалокот беше перфектен и ептен загреваше, ама мислам многу повеќе загреваше човечката топлина.

Келнерката од ресторанот Долмама3. За по кафeани, накратко: во случајот кога не нарачав алкохол со ручекот, ме почестија „од куќата“ со вино од кајсија (исто перфектно вкусно). Другиот ден за вечера, на една оближна маса се славеше роденден, на кој, како одговор на куртоазна честитка, набрзо бевме поканети да се вклучиме со сите придобивки од танц до торта. Другата вечер во трета кафана, нарачуваме кој што сака, и ни носат два бокали вино - суво и слатко. Да дегустираме... без никаква дополнителна наплата.

29 October 2006

Ѕирнување во современото ерменско сликарство


Шетајќи се по Ереван, наидов на галеријата „Араме“, сместена во ниско приземје во близина на главниот плоштад. Луѓево не само што се трудат да презентираат квалитетни слики од современи автори, туку велат и дека доста продаваат во странство благодарение на интернет, а и со учество на меѓународни настани како Артекспо во Њујорк. И... нудат достава било каде во светот. Е зошто нашиве галеристи не прават така?


Сликите се „Револуција“ и „Натпревар“ од Армен Геворгијан...

...и „Надеж“ од Давор Моурдијан.

28 October 2006

Ерменија на прв поглед (по втор пат)

Ерменија веќе ја имам посетено во 2004 година и од тогаш до сега барем надворешно има елементи на напредок. Аеродромот тогаш беше во типичен „советски“ стил и со хаотичен прием на гостите - немаше ред, за да поминеш требаше да се буткаш, инаку ако си чекаш, ќе чекаш. Полицијата со огромни шапки воопшто не интервенираше.

Сега е заменет со нов терминал, со перфектен изглед, голем, мермерен, со сите матракуки како оние јажињана за застанување во ред, многу шалтери за вадење виза (на лице место - 30$) и со убави фотографии на кампања за ребрендирање на земјата, како и млад и симпатичен персонал кој следи што се случува и прашува да не треба нешто. Овој терминал бил само за влез, а градат и други, со цел да прераснат во транзитна точка до околните и далечни дестинации, наместо „слепо црево“.

Низ центарот на Ереван има многу повеќе продавници за облеки од дизајнерски конфекции, меѓу кои и од „Тера нова“. Иако повеќето мажи сеуште се облекуваат во црно, или во костуми или во подолги јакни, народот не изгледа тмурно дури и на облачново ноемвриско време.

Плоштадот на Републиката е огромен и опкружен со репрезентативни зданија.

Веројатно затоа што е сабота, низ центарот на Ереван во текот на пладнето ечеше од сирени на автомобили. Свадби. Изгледа имаат обичај да свртат по неколку кругчиња на главниот плоштад, како овие на фотографијава. Младенците се во белата лимузина, а во таа што вози пред нив низ отворениот покрив е проврен камерман кој ги снима...