Блекаут

30 October 2011

„Вест“ со платно е-издание: предизвици за е-маркетинг

Нафрлање на неколку првични перцепции… Од вчера, весникот „Вест“ ја ускрати можноста сите негови написи да се читаат во електронското издание бесплатно, а наспроти тоа воведе плаќање за пристап до е-издание кое изгледа исто како печатеното, достапно преку друг сајт наречен е-Прес.
Со регистрација и избирање на некој моделите на претплата, можете да го читате “Вест” во автентична форма, односно со идентичен изглед како и печатениот весник.
Основната претпоставка е значи дека луѓето толку многу го сакаат изгледот на печатениот весник, што би платиле екстра за да го имаат на увид.

Преку истиот систем достапни се и такви изданија и на другите два дневни весници на МПМ, „Дневник“ и „Утрински весник“, но за разлика од „Вест“ кај нив нема најава дека ќе има ускратување на содржините кои досега се објавуваа во ХТМЛ-формат на нивните сајтови. Можеби се работи и за еден вид експеримент да се види дали тактиката која е применета сега на порталот на „Вест“ е поефективна – за некои написи има тизер и повик да се прочита целата содржина во платното издание.
Изданието во форма на флипинг бук е оптимизирано за прегледување на компјутер или преносен уред.
Со оваа премиум услуга можете да пристапите до вашиот омилен весник веднаш штом ќе излезе од печат, каде и да сте во светот!
Флипинг бук (анг. „книга која се прелистува“), односно флеш-интерфејс за прикажување ПДФ-фајлови, се нема покажано кујзнае како на веб. Го сакаат дизајнерите навикнати да работат за принт, но не го користат најголем дел од познатите весници кои имаат рентабилни производи што ги продаваат на нет. На пример, „Вајерд“, еден од водечките светски магазини – има печатено издание, има „обичен“ веб на кој се достапни сите написи и има издание/апликација за ајпад кое се наплаќа. Иако во печатеното издание де факто тие беа пионери во примена на иновативен визуелен дизајн, немаат воведено флип-бук издание – кое бара многу поголеми ресурси за прикажување од обичен, класичен ХТМЛ. Слично и со „Њујорк тајмс“ – немам видено флипбук таму, туку се наплатува за пристап до одредени содржини во ХТМЛ-формат и/или апликации за таблети (не апчиња) и „умни“ мобилни телефони.

До сега не ги имам пробано опциите за претплата, па не знам дали под флипинг бук МПМ подразбираат и посебни апликации/формати за преносни уреди. На тоа гледам со резерва и бидејќи во моментов не ми се достапни податоци за користење на такви уреди во Македонија.
Сепак, и да има специјално прилагодување за мобилни уреди, ми се чини дека и со тоа целната група останува прилично ограничена. Ваквиот пристап може да биде интересен за членовите на дијаспората што се корисници на таблет-компјутери (ајпади, на пр.) и веќе биле навикнати на печатеното издание, па сега им недостасува.

Прашање е и колку дијаспората ја интересираат вакви содржини од Македонија. Од тој аспект, веројатно не е случајно што еден од ударните недостапни написи во денешното издание е оној за забраната за влез на пејачката Гавазова во Австралија.

vest_gavazova_paywall

(Дополнителен предизвик во натерувањето да почнат да плаќаат е фактот дека ако дијаспората ја интересирале содржини од Македонија, тие низ годиниве се навикнати да имаат бесплатен пристап до нив во „обичен“ веб-формат.)

Форматот на „Вест“ кој е со слична големина како ајпад може и да нуди смисла да се чита на тој начин, но за успешно и кеифско читање на „Дневник“ и „Утрински“, кои се со далеку поголеми димензии, веројатно би требало да не се потпираат само на експорт во ПДФ, туку да се прави посебно издание за овој формат (и за на екран од лаптоп или десктоп ПЦ).

’Екстра‘ содржината што се добива со ваквите електронски изданија наспроти досегашното е увид во огласите од печатеното издание. Тоа им значи на огласувачите и издавачите, но не сум сигурен дека е пресуден фактор за купување претплата кај обичниот читател. Историски гледано, единствено „Утрински“ има правено обиди да пренесе дел од огласите од печатеното во изданието на веб и тие функционираа океј… информативно, но не и нападно – можеби затоа што пренесените огласи беа некролози.

Во промотивните пораки на „Вест“ се насетува потпирање на лојалноста на читателите. Читателите се перципираат како потрошувачи кои не можат без својата дневна доза на весникот, па ако не ја добијат е-изданието им се нуди како надокнада за снемувањето на печатеното.
Иде­ја­та, впро­чем, е да го нап­ра­ви вес­ни­кот што по­дос­та­пен: ако не го нај­деш “Вест” во тра­фи­ка, ку­пи го на Ин­тер­нет!
И на крај, ценовникот. Цената на трафика за сите овие весници е по 15 денари. Цените за пристап до електронските изданија се исто така исти, и изнесуваат:
Ценовник:
Едно издание: 10 денари
Неделна претплата: 60 денари
Месечна претплата: 250 денари
Три месечна претплата: 700 денари
Шест месечна претплата: 1100 денари
Годишна претплата: 2100 денари
Разликата во цена меѓу печатеното (15 денари) и е-изданието (10 денари) не е голема. Ако се земе предвид дека на македонскиот пазар токму цената е пресудниот фактор за успех на било кој производ за масовна потрошувачка, би очекувал поголемо намалување. Особено ако се земе предвид дека трошоците за печатење и дистрибуција имаат лавовски удел во цената на весникот на трафика. Откако ваквото електронско издание ќе се подготви (што го прават бездруго, на англиски sunk cost) тогаш секој дополнително купен примерок е чист ќар (видете на англиски термин economies of scale).

Од друга страна, читателот на весник на хартија не го купува само поради огласите, туку најпрво затоа што му одговара хартијата како медиум, го купува доживувањето на прелистување на различни места и положби… итн. Но, можеби од „Вест“ или МПМ процениле дека ќе имаат многу читатели и со ваква цена. Ако таа проценка е точна, тогаш и нивниот профит ќе биде поголем.

На сајтот на „Вест“ линкот од менито насловен „Претплата“ води кон празна страница, на „Дневник“ нема никаква информација за претплатување, а само на сајтот на „Утрински“ има понуда за претплата во следнава форма:
месечна: 390 денари,
тримесечна 1.170,
шестмесечна 2.340,
годишна 4.680 денари.
За претплата во странство информации на тел:
            +389(0)2 3089-306      
Очевидно, добивање нови преплатници за печатеното издание преку веб-изданијата не е приоритет за одделите за маркетинг при весниците на МПМ. „Утрински“, кој има најмногу направено на темава, не нуди електронски контакт за заинтересираните за претплата во странство, ниту основни информации, туку бара заинтересираните да платат меѓународен разговор за да дознаат. Ако цените и за другите весници се исти (би требало да бидат, оти и се исти и по примерок) може да заклучиме дека претплатата на е-изданието е поефтина.

Дали повлекувањето на овој потег сега е поврзано со најавите за скора продажба на МПМ, како елемент на проширување на портфолиото што би требало да ја зголеми вредноста на целата куќа при финалната проценка е нешто во кое немам увид. Како потег од страна на „Вест“, редакција која за многу работи имала храброст прва да воведе разни иновации е интересно од многу аспекти.

Со оглед на тоа што голем дел од содржините од странство на сите весници на МПМ се слични (агенциски вести од големи агенции веројатно набавени „на више“ преку повисоки нивоа на тековниот сопственик, германскиот ВАЦ), важно е кои ќе бидат фактори на диференцијација.

Оти, голем дел од потенцијалните муштерии постапуваат според правилото „зошто да плаќам за пристап до нешто што го има бесплатно на други сајтови?“. Така, платеното (платното, платежното?) е-издание се соочува со незамислива конкуренција за луѓе кои се навикнати да размислуваат само во рамки на македонскиот пазар за печатени весници, оти оние содржини кои тие ги поставуваат зад „платежен ѕид“ (paywall) се оддалечени само клик подалеку на други сајтови.

Предност на „Вест“ е што во минатото имал храброст да се спротивстави на диктати да не се објавуваат некои информации од јавен интерес прогласени за табу-теми (како за инцидентот со навивачите кои ќе го урнеле авионот за Литванија и последователните обиди да бидат замолчени). За тој весник пишуваат некои од најпопуларните и меѓу мислечкиот дел од народот најцитирани колумнисти во земјава („Сакам да кажам“ и „Ефтини приказни“).

Таквата репутација за ексклузивност може да ја надградат на пр. со објавување сеопфатни истражувачки стории само во платеното е-издание. Така платеното е-издание би имало дополнителна вредност и во однос на печатеното и на бесплатното веб-издание, а не како што е сега само во однос на второто. „Вест“ се исто така популарни кај младите поради добриот микс на покривање на естрада, а јас ги ценам поради покривање на културата. На пр. имаат најдобри филмски рецензии – кои за жал не се многу чести, а и најдобри и најинтересни препораки за филмови во рамките на ТВ-водичот во петок.

Дискусии на темава се развија на:

16 October 2011

Ден за блогерска акција: Храна

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Ден за блогерска акција: Храна
- English: Blog Action Day 2011: Food


Како што беше претходно најавено преку Глобал војсис, денес е Денот за блогерска акција (Blog Action Day). Блогерите од цел свет се поттикнуваат да се придружат и да дискутираат за тема од глобална важност. Оваа година тоа е храната, оти денес се паѓа и Светскиот ден на храната. На Твитер : @BlogActionDay и #BAD11.
Не е предонца и вие да пишете пост за било кој аспект на храната, од гладот до рецепти. Јас се обврзувам дека ќе известам за учеството на македонските блогери во пост за Глобал војсис. Досега, според  списокот на учесници, се имаат пријавено тројца, а еден објавил и пост:
Еве примери за други постови од целиот свет...
Како мој придонес, еве неколку фотографии снимени денес на пазарчето Буњаковец во Скопје, Македонија.

13 October 2011

Умрел информатичарот Денис Ричи

Умрел легендарниот информатичар Денис Ричи (Dennis Ritchie) чие трајно наследство дало огромен придонес за развојот на нашата цивилизација во последните децении на XX век.

Според Ксени Жардин од БоингБоинг, веста прв ја пренел Роб Пајк преку Гугл плус. Таа напиша за Ричи:
Тој беше дизајнерот и оригиналниот автор на програмскиот јазик C, како и централна фигура во развојот на Јуникс (Unix). Голем дел од својата кариера помина во Лабораториите на Бел (Bell Labs). Добитник е на Туринговата награда во 1983 година и на Националниот медал за технологија (на САД) во 1999 г.
„Влијанието на Ричи е слично на Џобс, само помалку видливо,“ забележал Џејмс Гримелман на Твитер. „Неговиот поинтер сега покажува кон void *; неговиот процес заврши со излезан код 0.”

Dennis MacAlistair Ritchie
Една од ретките јавни фотографии на Денис Ричи (1941-2011). Извор: Википедија, во јавен домен.


Таксгедо ги искористил зборовите од класичниот учебник за C (The C Programming language) напишан од Ричи да создаде облак со термини во негова чест, пишувајќи:
Денес изгубивме еден технолошки џин. Денис Мекалистер Ричи, сосоздавач на Јуникс и на програмскиот јазик C со Кен Томпсон, почина на 70-годишна возраст. Ричи има огромен придонес за компјутерската индустрија, директно и индиректно влијаејќи (подобрувајќи) ги животите на повеќето луѓе во светот, без разлика дали се за тоа свесни или не.
Ендигојап понуди уште поексплицитна споредба (на англиски):
[Исак Њутон] еднаш рекол дека тој стои на рамењата на џинови. Денис Ричи беше џин на чии рамења стоеја луѓе како Стив Џобс.
….
Не го знаете? Тој е таткото на C, без кој не би биле напишани оперативнити системи како Виндоуз и Епл. Игри, програми, апликации на вашиот Епл и Андроид не би постоеле. Многумина го нарекуваат татко на информатиката, поради неговите многубројни постигнувања…
За читателите кои на факултет не полагале Вовед во програмирање со некоја верзија на C како нивни прв објектно-ориентиран програмски јазик можеби ќе биде потешко да го осознаат влијанието на овој скромен и повлечен човек, кој не се фалел со своите подвизи, ниту се претворил во бизнис икона. На пример, повеќето модерни оперативни сисистеми како ГНУ/Линукс и Мек ОС на Епл потекнуваат од Јуникс. Компјутери кои работат на Јуникс или ГНУ/Линукс во основа ја одржуваат инфраструкурата на Интернет, служејќи како сервери или рутери, или како платформи за работа на апликации како пребарувачот на Гугл.

12 October 2011

Стрип-работилници со Џамал Игл во Скопје, Битола и Велес

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Стрип-работилници со Џамал Игл во Скопје, Битола и Велес

- English: Macedonia: Comics Workshops with Jamal Igle from DC Comics



Американското катче организира работилници со авторот на стрипови Џамал Игл (@JamalIgle) од ДЦ Комикс. Звучи како одлична прилика да се научи нешто повеќе за оваа уметност. Првата беше најавена за Скопје, а потоа  Макстрипови информираше дека ќе има и една во Битола.
Значи, распоредот е:
За повеќе информации весникот Дневник објави и интервју со Игл, а во линковите од Макстрип има и негови цртежи и насловни страници, како оваа со Младите Титани.

За постов може да дискутирате и на Пинг.мк.

PS
Преку Гугл плус дознав дека за активностите во Велес е поставен и  настан на Фејсбук.

04 October 2011

Суредување медиуми во стил на режимот на Милошевиќ

На 24.09.2011. на Алфа ТВ – Вести во рамки на коментарот „Неделна сабота(жа)“* беше емитуван инсерт од вест од РТС од 1999 г. Во веста се означуваше одреден човек како предавник кој се радува на несреќата на својата земја, што многумина го сфатија како алузија на тековните практики во Македонија.

Во инсертот се работи за Славко Ќурувија (српски Славко Ћурувија), новинар и издавач, кој се осудил во лице да им плесне на властодршците што мисли за нивната лузерска политика. Набрзо потоа е убиен под официјално неразјаснети околности.

Бидејќи голем дел од нашата јавност и не е баш запознаен со поновата српска историја (освен за продукцијата на турбофолк-озборувања), мислам дека Алфа требаше да обезбедат дополнителни информации и за последиците од практиката за прогласување за предавници на луѓето кои имаат храброст да изразат несогласување со ’јаките патриоти‘ во власта.

Затоа, доколку разбирате српски, ви препорачувам да го погледнете следниот документарен филм од 2006 година:
Напомена: филмот е доста потресен, оти ќе ве поттикне на размислување!

Повеќе информации за Ќурувија. Меѓу другото, сега се смета за херој и борец за слободата на изразување, а неговото име го носи и една улица во Белград.

02 October 2011

Грција: Барокот повторно во мода - буквално

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Грција: Барокот повторно во мода - буквално

- English: Greece: Baroque In Vogue Again – Literally



Дописниците на блогов открија дека кај Јужниот Сосед се појавува интерес кон барокот. Августовското издание на грчки „Вог“ донесува напис со наслов „Модерен барок“ на тема очила за сонце во квази-барокен стил.


Не е утврдено дали за тоа се заслужни критериумите на тендерите за градбите и украсите на фасадите од Скопје 2014 (од министерства, фасади, до катни гаражи). Ако, како што потврдува Анастас Вангели во неговата студија „Античка сегашност“, нашиве лидери може да учат антиквизација од нив, можеби и нивните модни работници ја увиделе вредноста на барокот поради нас!