Блекаут

30 June 2006

Препорака: Копирајтирана меморија

Томе известува за многу важна случка - новиот шпански закон за заштита на авторски права преку арач на дигиталните медиумите. Вакви неправедни тенденции има и во Хрватска и другде, а и кај нас нели почнаа да ги регистрираат медиумите (цедеата) при увоз...

29 June 2006

Медиумски екосистеми во подем

Дарко Булдиоски на блогот Комуникации го употребил примерот на ширењето на сторијата со хотелиерката за да ги изложи новите модели на „медиумски екосистеми“, преку текст, линкови и многу убави сликички. Не е за пропуштање.

Преведувачки маратон за помошта на Опен офис

Викендов во просториите на фондацијата Метаморфозис ќе се одржи Преведувачки маратон за локализација на помошта (хелпот) на македонската верзија на Опен офис (mk.openoffice.org).

На маратонот ќе учествуваат волонтери, лингвисти и информатичари, поделени во десет тимови, а организирани од Слободен софтвер Македонија.

Настанот се надоврзува на минатогодишниот Преведувачки маратон, кога беше преведен корисничкиот интерфејс. Потоа експертски тим составен од лектори по македонски јазик и информатичари, како и други стручњаци, изврши лектура и коректура на преводот чија финална верзија ќе биде вградена во Опен офис 2.03.

Отстранување „црвени очи“ од фотографии

Упатство за средување „црвени очи“, со текст и слики (Remove Red Eye - Red Eye Reduction Done Right), чекор по чекор:

Ова е почетната слика - едно девојче чии убави кафени очи се затскриени од нашите погледи.


Направете чанел миксер аџастмент лејер (мени Layer/New Adjustment Layer/Channel Mixer). Наместете го црвениот канал на 0%, а зелениот и синиот обата на 50%. Ќе добиете слика со целосно пореметени бои.


Селектирајте ја маската на аџастмент лејерот и исполнете ја со црно така што ќе притиснете Alt+Backspace. Се враќа стариот изглед. Со четката (paint brush) со одбрана бела боја и големина на кругчето колку што е црвената „точка“ кликнете на средина на окото.


Крајниот резултат е природен и убедлив.

Автор на советот Дејк Мек Клиланд (Total Training), упатството го подготвил Иван Разл (CreativeBits). Преводот е објавен со експлицитна дозвола на уредниците на Фотошоп сапорт (www.PhotoshopSupport.com).

Иронија на судбината за тоа со хотелиерката

Нели е иронично што една сторија родена за тој жанр на сајтови требаше на македонски јазик прво да се појави на еден блог (24.6.), па во еден дневен весник (27.6. на насловна), па во друг дневен весник (28.6), за дури по четири дена да заврши и на еден корпорациски „забавен“ „портал“? И таму е една од најчитаните.

Пишувањето на името на еден од главните ликови укажува дека вторите два медиуми не ја нашле веста прво на англиски, туку го искористиле несовршениот превод од првиот весник. Хокеарската лига НХЛ дури има објавено и официјален водич (PDF, 160K) за изговарање на имињата на играчите.

Дали од погоре изнесеното следува дека во Македонија не само што истражувачкото новинарство е во повој, туку и уредниците на „порталите“ кои се креатори на јавното мислење на многумина сурфери, баш и не сурфаат?

Но, што да се прави, освен да се укаже - да сурфаа, ќе можеа овде да го прочитаат тоа со значајна предност пред конкуренцијата.

Потпишана декларација за безбедност на информациите

Пред скоро три месеци, Метаморфозис извести за активноста на УСАИД на тема градење култура на интернет-безбедност во Македонија.

Како продолжение на таа активност, четири интернет-провајдери и МАРНет ја потпишале Декларација за безбедност на информациите најавена тогаш (Иди-види го пренесува соопштението за медиуми). Посакувам нејзиниот текст што побрзо да стане и јавно достапен преку интернет, оти мислам дека е важен чекор во изградбата на информатичко општество.

27 June 2006

Развигор пишува, Моби реагира - сеир за сите

Моби со пост реагира во врска со користењето глад за порно за зголемување на посетеност, оти поради привремена техничка грешка не можел да го прочита цело и да стави коментар на продолжението од муабетот за посетители и читатели како различни категории, особено во контекст на манипулации со бројачи.

И подобро. Коментарите може да се „заташкаат“, а постовите се под целосна контрола на блогерот што ги пишува.

25 June 2006

Како да го излажеш Сајт-митер и зошто да не го сториш тоа

Го пишувам ова за да ја подигнам свеста за можни негативни влијанија врз македонските блогери. Ризикот од тоа некој да ги злоупотреби информацииве ќе се намали ако знаењето се прошири, па затоа, ако сметате дека постов е полезен за јавноста, ставете линк до него во пост на вашиот блог.

Иако го спремав постов на ум од порано, директен повод за негово објавување е што Би, која има реална висока посетеност, си го затвори бројачот под притисок на тие што им е поважно да си го мерат отколку да се потрудат да понудат поквалитетни содржини. Мислам дека е штета, оти високото рангирање на листите, како онаа на Дигимак го зголемуваше бројот на нејзини читатели, а и интересно ми беше да следам од време на време колку луѓе од кај мене отишле натаму...

Како да го излажеш Сајт-митер или некој друг бесплатен бројач
Бесплатните бројачи не се непогрешливи, оти работат на принципот „колку пари-толку музика“. Нудат ограничен опсег на податоци и полезни се доколку не ги зезаш. Резултатите мора да се земаат со резерва, оти...
  • Една сесија на Сајт-митер (Sitemeter FAQ) трае пола саат. Ако од истиот компјутер прими посета по истекот на тој термин, ја смета за нова. Теоретски, од само еден компјутер со широкопојасен интернет и стискање на освежи/рифреш, за 24 часа можеш да генерираш 47 посети.
  • Ако си на дајал-ап, твојот провајдер веројатно ти доделува различна ИП адреса на секое јавување. Во комбинација со чистење на кешот на разгледувачот, теоретски би можело да се генерираат и повеќе посети од претходното. И поприлична телефонска сметка.
  • Ако си провајдер, можеш да си играш со варијации на претходните две. На еден компјутер да му доделуваш различни ИП адреси, во комбинација со програмче што ќе го активира разгледувачот да го отвора твојот сајт.
  • Горенаведените методи не може лесно да се докажат, но нивна примена може да се насети преку комбинирање на податоците од рубриките „By referers“ (премногу непознати или од твојот сајт) и „By details“ (посетители од премногу исти или слични ИП-адреси).
  • Имаш пристап до кодот на повеќе сајтови? Кодот на сајт-митерот може да се вметне во секој од нив. Брои вчитувања на сликичката, а не може или не сака да провери дали е повикан од регистрираниот домен. Во секој случај, коалиција на сајтови што буквално ќе си ги испоразменат бројачите може да има корист од секоја посета на секој од нив. Ова лесно се открива ако некој ѕирне во рубриките „entry pages“ и „exit pages“. Информацијата за криење на компромитирачките сликички не е бесплатна.
Други сомнителни активности
што може да направат да изгледа дека блогот ти е влијателен. Со нив се генерираат посети од други луѓе, но посетителите не се читатели. Реалното влијание е помало од она што го покажува бројачот.
  • Имаш повеќе машини под твоја контрола, на пример во фирма, училница, организација, интернет кафе? Ставање на сајтот за хоум-пејџ ќе го разбуди бројачот, но посетителите веројатно нема да се задржуваат доколку имаат избор да сурфаат надвор од него.
  • Пренасочување од други сајтови преку нивно хакирање. Зло и опасно, доаѓаш во директен конфликт со законот и можеш да заработиш неколку години затвор.
  • Пренасочување од други сајтови со ставање линк кон твојот, ама во него стојат неточни податоци за поставените содржини. Може да биде дури и платена реклама, полнење отворени листи за линкови од типот на Мамсбокс, или спамдексирање (спамирање индекси - spamdexing) преку бутање клучни зборови (keyword stuffing). Посетителот кој бара нешто друго (најчесто порно), обично си оди веднаш, без да се обиде да ги прочита постоечките содржини.

Зошто да не го сториш тоа
  • Не е убаво.
  • Не е здраво. Лесно можеш да изгубиш осет, да заборавиш колку и што лажеш, па да почнеш да се лажеш и себеси. На разни полиња.
  • Не е фер. Нема меѓучовечки односи без доверба, која е основа за соработката. Цел интернет, со вебот и сосе бројачите, функционира со пресметан ризик, но и врз база на оптимистичкиот став дека повеќето луѓе нема да ја злоупотребат довербата. Злонамерните се сепак малцинство. Ако нивниот број доволно се зголеми, набрзо нема ни да можеш да го читаш ова, буквално. Затоа не придонесувај кон тоа.
  • Ризично е. Постои голема можност било која ујдурма да се открие, со што се загрозува најважниот капитал на еден блогер - репутацијата и интегритетот. Дури и да ставиш спамдексирачки пост што подоцна би го тргнал, веројатно веќе е кеширан на неколку места, како Гугл и Јандекс. Може и сам/а да се пофалиш некому, па таа личност да излае несакајќи или ако се скарате.
  • Штетно е. Еден ден можеби ќе имаш толку многу посетители што ќе можеш да заработуваш со продавање простор за огласи на блогот, на пример преку Адсенс (AdSense). Ако се навикнеш на лажење, ароганцијата може да те натера да пробаш да ги лажеш и нив. А ним им е работа да го спречат тоа. Ќе си ја ускратиш заработката, а сите горенаведени проблеми можеш да ги помножиш со некој гооолем број – корпорациите имаат прилично добра меморија, а веројатно ќе никне и некој закон поради немалите суми што се во игра во бизнисот.

24 June 2006

Италија: Бесплатен влез во музеите за луѓе со посебни потреби

Туристичкиот одбор на Владата на Италија известува дека
...од ова лето, сите лица со посебни потреби ќе имаат бесплатен влез во сите музеи, споменици, галерии, археолошки локации, паркови и монументални градини во сопственост на државата. Влезен билет нема да се наплатува и за придружникот кој обезбедува грижа, ако е волонтер, член на семејството или социјален работник.

Рекламите на држави на Си-Ен-Ен - сајтови и содржини

Како што веќе реков, наместо да се потпира на пребарувачите или на интуицијата (www.macedonia.com), Македонија треба да го следи примерот на
и во рекламата што се врти на Си-Ен-Ен да вметне своја веб-адреса. Не е предоцна!

Конечно успеав да ја видам рекламата - еднаш. Во периодот додека го гледав тој канал, поминаа десетина реклами од Хрватска, барем по три-четири од Грција и Црна Гора, две од Кипар, Египет... Државите со изграден туристички бренд немаа сајтови во рекламите, но оние кои допрва се пробиваат на пазарот имаат - освен нашата.

Македонската реклама изгледа прилично неефективно, особено во споредба со грчката, која блика од млади убави жени и мажи кои весело танцуваат и се забавуваат (сексот продава!). Наспроти неспорно поголемото влијание на ГПЦ во Грција во споредба со МПЦ+ИВЗ во Македонија, во грчкиот спот немаше ниеден верски објект. Дури ни манастирите во Света Гора, или Метеори. Неслучајно.

Нашиот спот по концепција е најсличен со црногорскиот, со пејсажи и градби (кај нас претежно верски објекти), но далеку посиромашен со убави и разголени млади, со видливо отсуство на жени. Зошто!? Зар рекламните агенции кои докажаа дека не го есапат интернет како медиум, исто така не го разбираат концептот на фотогеничност?

Можеби целна публика на спотот се аџии? Зар Македонија ќе им конкурира на Израел и Саудиска Арабија, неспорните гиганти во овој вид туризам? Дури и Италија, со Рим - центарот на западноевропското христијанство, немам забележано дека игра на картата на црквите како примарен адут при туристичкиот маркетинг.

Македонско момче за Парис Хилтон

Тие што сакаат да ја промовираат Македонија, може ја искористат веста дека тековниот тековното момче на сиротата мала богаташица Парис Хилтон е со македонско потекло - хокеар од Квебек чие име не можам да погодам како се изговара, а се пишува José Théodore.

Од РМ дајџест, најголемата МК-група на Јаху, дознав за веста (фото). Таа изгледа сеуште не е стигната до изворите од кои македонските мејнстрим медиуми ги црпат содржините. Најновата Теа, на пример сесрдно известува дека богатата наследничка била „сама“.

Кравјо, не кравско

Ако млекото е измолзено од крава, тогаш сирењето е кравјо.

PS.
Овчо, не овчко.

Посетители наспроти читатели

Благодарност до Моби што ми укажа на застарениот линк во неговиот коментар на постот „Искористување глад за порно за зголемување посетеност“. Уште една потврда на правилото на Јакоб Нилсен за потреба од воставување стабилен идентитет на веб преку сопствен домен.

Поентата на постот е да укаже на несаканите последици од примена на контроверзна техника за привлекување посетители, а имплицитно и на тоа дека кога-тогаш сè што се објавува на веб е подложно на разгледување и анализа. Јавното објавување значи дека а наменет е за сите читатели.

Добронамерноста е очигледна, особено од употреба на благ, ведар тон и еуфемизми при известувањето за експериментите опишани во постот, наместо нивно карактеризирање како неетички обид за паразитизам преку спамдексинг (spamdexing), односно киворд стафинг (keyword stuffing).

Дали сум јас цвеќе за мирисање? Со тоа што пишувајќи на темата ги вметнувам клучните зборови кои се докажале како мамки во мојот пост, создавам можност преку Гугл да дојде и некој посетител што не сака да ми го чита блогот, туку упорно бара видео-клипови со фиљан познатите личности! Иако шансите за тоа би ми биле далеку поголеми доколку ги ставам термините во наслов и на латиница за да влезат и во пермалинкот... буахааха :-]

Но, ова што го пишувам е без никаква намера да залажам било кого. Сепак мислам дека во однос на темава на блогов немам потреба од деодорант, за разлика од запотеното секојдневие. “:-)

23 June 2006

Морето со боја на мрчење

Кога внесувам нов пост, Блогер го става овој блог на список за прикажување кога некој ќе кликне на она копчето „некст блог“ на некој друг блог. Тој другиот блог во тој случај игра улога на реферер и неговата адреса ја забележува Сајт-митер.

Ретко ги ѕиркам тие блогови, ама еве, пред малце кликнав на линкот до еден од нив (The Whine Colored Sea). Го држи некој Бен од Лос Анџелес, кој објавува рефлексивни впечатоци за филмовите што ги гледал.

Тековниот насловен пост му е за Судир (Crash, 1996) на Дејвид Кроненберг, направен според романот на мајсторот за создавање атмосфера Џејмс Г. Балард (J. G. Ballard). Не оној новиот истоимен филм (2004) - и тој е натпросечен, ама овој е баш добар. Го гледав во кино на времето и иако го немам „повторено“ на видео или диви(кс)ди, прилично добро ми е останат во сеќавање.

22 June 2006

Дали за ББЦ на македонски е важно колку луѓе биле силувани во Руанда?

Bеста „Расправа за сексуалните злоупотреби“ на ББЦ на македонски која вели:
Но, ОН проценуваат дека 600 жени биле силувани во Руанда во 1994 година, а две третини од нив биле заразени со ХИВ/СИДА. (мој болд)
...ми падна чудно, оти знаев дека при геноцидот во Руанда биле заклани стотици илјади луѓе (поточно - 800,000!), па бројката од 600 жртви на силување ми се чинеше премала. Малку се помачив додека да го најдам англискиот еквивалент на веста (Rape in war 'a growing problem'), во кој е изнесено дека:
Во Руанда, властите проценуваат дека 60,000 жени биле силувани во текот на конфликтот од 1994 година, а УНФПА смета дека две третини од нив биле заразени со ХИВ/СИДА.

Во Босна, бројот на силувани се проценува на околу 40,000.
(пак мој болд, втората реченица е испуштена во македонската верзија на веста)
Промашување од сто пати. И претходно укажав на на ББЦ на македонски му треба лектор. Ама изгледа им треба и јакнење на капацитетот за математика. Можеби ќе биде пополезно ако на таа тема почнам да пишувам на англиски?

Тема: историја.

Монти Пајтон и Саут Парк

Се придружувам на препораката на Чоте за видеото за Саут Парк и Монти Пајтон. Многу ми е смешно! :-)

Искористување глад за порно за зголемување посетеност

Луѓето што работат на интернет и не се бават професионално со порнографија, обично таа област ја сметаат за посебен предимензиониран свет, чии параметри се со редови на величина поголеми во однос на други содржини: посетителите се побројни и поверни, профитите поголеми и посигурни...

Во февруари 2006 година, еден хрватски блогер открил дека негов пост во кој споменал порнографски филм со Сузана Манчиќ имал значителна посетеност. Потоа направил експеримент и напишал пост со текст според кој од таа страница може да се симне видеото, а потоа гледал сеир како преку машини за пребарување му доаѓаат илјадници посетители.

Месец дена подоцна, за тоа дознал Моби и го повторил експериментот три пати, еднаш со клучните зборови Suzana Mancic (9.3.2005.), па со Download Jelena Veljaca video (17.02.2006.) и со Download Maja Bugaric video (17.03.2006.).

Мислам дека во поглед на привлекување посетители и нивно зафркавање - ги тера да пишуваат некои смешни пароли - и експериментот на Моби поминал успешно. Но, со голема жртва од негова страна - за тоа платил висока цена, оти за навек си го компромитирал бројачот, кој иако дава реална слика за бројот на посетители, не дава реална слика за бројот на читатели, оневозможувајќи проценка на влијанието на блогот врз неговата целна публика.

Нешто слично може да постигнете и со искористување на архивите на линкови кај кои често се врши мешање на жанровите „забава“ и порнографија. Очекувано, повеќето македонски „забавни“ „портали“, често флертуваат со мека порнографија во нивните галерии...

Значи, може да отидете на Мамс бокс и да ставите линк кон вас, кој може да биде и лажен, но ќе ви донесе посетители кои ќе ви го зголемат-сајт митерот. Ама, зошто? Лажејќи ги другите, во голема опасност сте да почнете да се лажете и себеси...

Колковите не лажат, повторно


Многу пред јас да напишам пост за песната, Бу-бу обрнала внимание на „Колковите не лажат“ од Шакира, ама од друг аспект.

Ми се свиде и фотката што ја одбрала, многу е посоодветна од таа „мојата“, па ја пренесувам.

Што може да се дознае за Македонија преку Гугл

Накратко, за резултатите што ги дава Гугл со англиски интерфејс (резултатите варираат за секој јазик) со пребарувањата што Ѓорѓи ги предлага и под претпоставка дека личноста била толку маѓепсана од рекламата, што има воља да прегледа цели две страници со по 20 резултати.
  • macedonia+tourism - само 3 сајта се од Македонија, 2 за туризам (10%) и еден владин. Останатите се странски, од кои 11 за туризам, 2 енциклопедиски, 1 директориум и 2 PDF документи на УСАИД. Два од тие за туризам се грчки (10% - спореди), во еден се зборува за нестабилноста (recently... explosion rocked a police station), а еден од нив вели „Religions: Serbian Orthodoxy, Islam.“ 27% од странските сајтови нè фајромизираат.
  • visit+macedonia - списокот почнува со сајт насловен „Reasons to Not Visit Macedonia“. Се покажуваат само 4 сајта од Македонија, 2 за туризам (10%) и 2 владини, со протоколарни вести. Кај странските доминираат сајтови со вести (12 = 60%), особено за официјални посети („visit“ е клучен збор, нели), особено од 2001 година (NATO chief to visit Macedonia as arms mission draws to an end, EU leaders threaten to withdraw aid to Macedonia), но има и понови (CIA secret flights). Остатокот се по еден сајт за туризам, една фотогалерија од човек што бил во МК, и еден ПДФ документ од Американската стопанска комора.
  • Па и само macedonia - еден македонски туристички сајт (5%), по еден за вести и директориум, два „енциклопедиски“ - со општи информации и два други, нешто ко нетуритички портали. Вкупно 5 сајта од Македонија. Од странските, по еден туристички, владин, за вести и директориум, 6 енциклопедиски, два други (мапи, телевизии) и по еден грчки и бугарски пропаганден сајт, што велат дека Македонија е нивна.
Значи, ако нашиот добронамерен потенцијален турист се обрати на Гугл, има 90-95% шанси да не „убоде“ македонски туристички сајт, туку да дознае работи што ќе го поттикнат да ја стави Македонија на списокот на земји со преголем безбедносен ризик, или во најдобар случај, релативно здодевни содржини, или содржини неприлагодени за негово поттикнување да ја посети земјата.

Илустрација: првото што го гледа корисник на „Гугл имиџис“ за пребарување Macednia+tourism.

Еве зошто мора да има веб-адреса во спотот за Македонија на Си-Ен-Ен

Во коментар на постот за веб-сајт во спотот MK@CNN, извесен Ѓорѓи го постави следното прашање:
Зашто мора да има специфичен сајт врзан со спотот?

macedonia+tourism
visit+macedonia
па и само macedonia

Даваат повеќе релеватни сајтови за некој патник намерник.
Од аспект на употребливост, неставањето на конкретна адреса значи дека на оној што сакаш да го привлечеш му го отежнуваш пронаоѓањето на информацијата што сакаш да ја восприеми. При тоа се скокаат следните чекори:
  1. на потенцијалниот посетител треба да му текне да оди на некој пребарувач,
  2. да чека да се вчита пребарувачот,
  3. па да внесе зборови за Македонија,
  4. па да чека да му се покажат резултати,
  5. од тие резултати да одбере некој соодветен,
  6. за после неколку обиди да стигне до некој што е наменет за туристичка промоција на Македонија.
Дури и кога ќе стигне до таков, како што е Експлоринг Маседониа, преку него не може да ги изврши нормалните функции на електронска трговија. Западен Европеец или Американец не би се одлучил да патува некаде каде што нема гаранција дека ќе има соба, оти не може да резервира со кредитна картичка. Преку сајтот као имаш можност да букираш лет, преку форма за праќање е-пошта - ни цена, ни потврда, ни компанија, ни картичка не ти бараат...

21 June 2006

Има ли некоја веб-адреса во спотот за Македонија на Си-Ен-Ен?

Иако се имам потрудено да гледам и други емисии освен „Д дејли шоу“ (The Daily Show with Jon Stewart), сеуште го немам „фатено“ спотот за Македонија на Си-Ен-Ен.

Доколку некој го има гледано, ме интересира дали во него има вметнато и некоја веб-адреса, како најекономично средство за оние кои ќе ги заинтересира земјата да дознаат повеќе информации за неа.

Македонски „портали“ ко Мотика - први, ама во лажењето

Денес за првпат го посетив новиот македонски „забавен портал“ наречен Мотика. Содржините и уредувачката политика се веќе видени на десетици слични клонови на Он.нет, кои најчесто работат со преземени содржини и идеи, а се претставуваат како оригинални ненаведувајќи извори и сл.

Она што ми го привлече вниманието е дека „со гордост“ ја претставуваат „првата македонска флеш игра“ - Парламентарни избори 2006. Проклетството на мали средини (во културна смисла) е дека многу нивни припадници сметаат дека светот започнува од нив, а после нив оди потоп. Да се фаќаат во лага е еден вид егзорцизам.

На пример, играта Лонгбоу што ја направивме јас и Васил Буралиев во јануари 2001 година можеби не е првата македонска флеш-игра, но секако е попрва од горенаведената, а и е направена без преземени елементи, се во неа е нацртано „од темел“. На нејзиниот сајт има и фина хронологија за тоа кои медиуми известиле за неа... пред едно пет години.

Десната илустрација е преземена од стрипче на Татсуја Ишида.

20 June 2006

Ситење на туѓа несреќа - не ќе е на арно

За мене, деновиве главна тема во македонскиот блогерски свет е аферата со ситењето на туѓата несреќа. За имотно-правни односи можам да изнесам само принципиелен став: долговите треба да се намируваат, договорите да се почитуваат.

На блогов пишувам и за лични, но дискретен сум во однос на приватни работи, меѓу кои и моите финансиски премрежиња. По аналогија, не го користам блогов да судам и за туѓите состојби од таа област, за кои сум дополнително и некомпетентен, особено оти така може лесно да западнам во ad hominem замки.

Од друга страна, уредувачката политика на блогот на Би, Букаро и Вуна е да го споделат она што ги мачи со јавноста. Нивно право. Во дискусиите што преку коментари се развија на темата на неколку блогови - немав време да ги прегледам сите, покрај неколкуте објективни проценки во обид, се појави доста голема доза на ситење, односно радување на туѓата несреќа. И таквите имаат право да се искажат, но не им служи на чест.

Во напнати ситуации дури и добронамерните совети може погрешно да се сватат (и да послужат за поплочување пат до пеколот), додека злонамерните изјави се отворено недвосмислени. А такви, за жал, имаше многу, поттикнувајќи губење самоконтрола.

На сите засегнати страни им посакувам да си ги решат споровите најповолно можно и да најдат морална сила за закрепнување на сите нивоа. Што добро може да излезе од целата расправа, во тековниот облик - не знам. Полошо може да стане - ама, не мора.

19 June 2006

Колковите на Шакира не лажат – учете јазици

Пред неколку недели вниманието ми го привлече текстот на песната на Шакира „Колковите не лажат“ (Hips don't lie), меѓу другото и неговата улога во промоцијата на шпанскиот како втор јазик:
I never really knew (не бев свесен)
that she could dance like this (дека таа може да танцува вака)
She makes a man (го тера човек да)
wants to speak Spanish (посака да зборува шпански)
Como se llama, bonita, (на шпански: Како се викаш, убавице?)
mi casa, su casa (шпанско клише: мојата куќа е твоја куќа)
...

Oh baby when you talk like that (ох миличок кога зборуваш така)
You make a woman go mad (ги полудуваш жените)
So be wise and keep on (затоа играј мудро и продолжи)
Reading the signs of my body (да ги читаш знаците на моето тело)
Немајчиниот јазик е претставен како алатка да се постигне посакуваната цел. При тоа, не се работи за ситуација „ќе се грчам, ќе се турчам“, оној кој го учи новиот јазик не го губи својот идентитет, туку добива на вредност и ефективност... Дури и во прашањата на љубовта. Замислете дует кај нас, на пример Тоше и Туна, како пеат нешто во стил:
Ах либе твојата убавина
Ме натера да научам албански (или македонски/ромски/српски...)
За да ти читам милозвучна
Слатка љубовна поезија
Инаку, според Википедија, шпанскиот и англискиот јазик им се мајчини на приближно ист број луѓе, на по околу 380 милиони. Помногубројни се само говорителите на кинескиот - мајчин им е 1,08 милијарди, а втор на уште околу 220 милиони. Англискиот наводно како втор јазик го говорат 500 милиони до една милијарда луѓе. Арно ама, Кинезите почнуваат иницијатива за учење на кинескиот како втор јазик (The Mandarin Offensive) на глобално ниво...

Урбанизација и граѓанизација

Ивица Боцевски пишувајќи на тема глобална урбанизација препорачува една одлична анимација од ББЦ. Вреди да се забележи и поради техничките карактеристики.

Индиректно поврзан со процесот на урбанизација е и процесот на изградба на граѓанскиот идентитет, за кој тој пишува во една негова претходна колумна. Не е лошо да се спореди со колумната на археологот Виктор Лилчиќ за потребата од изградба на македонски идентитет.

Дополнение: Потсетување: ролање и урбаност.

Раширеност на широкопојасен интернет во светот

На мапите за раширеност на широкопојасен интернет во светот (World Broadband maps Q4 2005) претежно е прикажан бројот на „бродбенд линии“ на сто жители во последниот квартал на 2005 година.

17 June 2006

Студентски протести во Чиле, некои со нудисти

„Прво че да га бије, после че да га кара!“ - е познатата реплика од филмот Неоправдано отсутен со Жан Клод Ван Дам, која стои рамо до „батери Азиз“ од Вистински лаги со Арнолд Шварценегер.

Чилеанските студенти кои протестираат барајќи реформи кон државна интервенција која би обезбедила еднакви услови во високото образование, прво изеле ќутек, а сега шетаат голи по улици (баш се слатки). Чудно како нема повеќе вести за вториот вид на протест, на ББЦ има само од тепањето, а и Гугл имиџис молчи.

Спотот за Македонија на Си-Ен-Ен, но не и на веб!?

Моби талка со даљинското да го види спотот за Македонија на Си-Ен-Ен, а и Чоте дава предлози на темата.

Зар не е логично тој спот да се стави и на веб?

Основно место за тоа е веб-сајтот на Владата на РМ. И Министерство за надворешни работи (во моментов воопшто не се отвора)? И за економија, кое го покрива туризмот? И „националниот туристички портал“ Експлоринг Маседониа кој е во негова надлежност...

Ваистина, нели е чудно како не им текнува? Требаше Време да ги искара, за одговорните да стават неколку понови написи на официјалниот владин сајт. Може и воопшто да не трошат диск простор и пропусен опсег, ако до тоа им дошло - нека го качат на Ју тјуб и другите слични сервиси, нек се промовира Македонија. Дури и ќе може пари да заработат од даунлоди, ако сакаат.

16 June 2006

Греота! Пештерата во Ласко загрозена од габи и бирократи

Еден од најубавите споменици на уметноста од предисторијата, пештерата во Ласко (Lascaux), Франција, е загрозена од некакви си габи што ја нападнале по инсталирањето на нов систем за вентилација, тврди Тајм (The Battle to Save the Cave).

Кој е крив? - Некој друг!

Препорака: Слободен радикал од Вајерд

Написот „Слободен радикал“ (Free Radical) од најновиот Вајерд го препорачувам за читање на сите што се интересираат за напредок во економијата и науката:
Харолд Вармус ја освои Нобеловата награда затоа што го смени начинот на којшто размислувавме за ракот. Потоа ги зајакна Националните здравстени институти (во САД). Сега се бори да ги направи сите резултати од научните истражувања бесплатни и универзално достапни.
И не губете време на размислување каде се нашите научници на темава. Оставете го тоа за после, откако ќе го прочитате написот.

Кристина Арнаудова не се плаши од емпетројки

Вчера прочитав вест дека Кристина Арнаудова го објавува својот најнов сингл бесплатно на нејзиниот веб-сајт.

Ми се допаѓа и графичкото решение за насловната страница, со напомена дека јас во принцип не сакам такви воведни насловни страници (сплеш скринови) кои не ги презентираат информациите од веб-сајтот веднаш, туку ги тераат посетителите да чекаат да се вчитаат, па да одберат јазик итн.

14 June 2006

Во потрага по извор на цитат од Скарлет Јохансон

Ми се допадна цитатот објавен на Зомбификација пред некое време:
„Луѓето се опседнати со вести за славни личности бидејќи не сакаат да признаат дека во моментов се води војна некаде“ - Скарлет Јохансон
Во постот немаше наведено извор, па си реков да го најдам оригиналот, оти може да послужи во иднина. За жал, употребувајќи преводи на скоро сите клучни зборови, како што би претпоставил дека биле кажани, не успеав да добијам ништо посебно преку Гугл, освен чудната галерија од доделување Златни глобуси од која ја земав сликичката.

Глупости на Македонската википедија

Си правам еден оф-лајн список на поими во врска со интернет, па решив дефинициите да ги земам од Англиската википедија, со тоа што моите преводи би ги вметнувал на Македонската википедија онаму каде што нема веќе постоечки подобри објасненија.

Во статијата за интернет го сменив тотално воведот, оти претходно стоеја некои тешки небулози. Потоа смешно ми падна во што се изродил преводот на оригиналниот текст за историјатот. Еве што вели оригиналот:
The USSR's launch of Sputnik spurred the U.S. to create the Advanced Research Projects Agency (ARPA, later known as the Defence Advanced Research Projects Agency) in February 1958 to regain a technological lead. ARPA created the Information Processing Technology Office (IPTO) to further the research of the Semi Automatic Ground Environment program, which had networked country-wide radar systems together for the first time. J. C. R. Licklider was selected to head the IPTO, and saw universal networking as a potential unifying human revolution. Licklider recruited Lawrence Roberts to head a project to implement a network, and Roberts based the technology on the work of Paul Baran who had written an exhaustive study for the U.S. Air Force that recommended packet switching (as opposed to Circuit switching) to make a network highly robust and survivable. After much work, the first node went live at UCLA on October 29, 1969 on what would be called the ARPANET, the "eve" network of today's Internet.
Додека македонскиот превод сосем ја менуваше улогата на Советите:
Се смета дека најпрвата форма на интернет е направена од СССР со лансирањето на првиот сателит Спутник, но тоа било само една по сложена форма на мрежа. Но вистинската почетна форма е направена од Левранс Робертс и Пол Барн кој во октомври 1969 година година го создадоја АРПАНЕТ првата форма на интернетот кој на почетокот му служеше само на американската војска.
Го сменив ова со едноставното и фактички точното: „Корените на интернет се во АРПАНЕТ, американска одбранбена мрежа создадена во 1969 година“. Инаку, Lawrence се чита и на македонски и пишува - Лоренс.

Експеримент (eksperiment)

Правам мал експеримент. Забележав дека блогер адресите на постовите ги прави врз база на насловот, во случај кога има латинични термини. Ако насловот е на кирилица, тогаш адресата (URL), односно името на фајлот, е составено од комбинација од букви.

Значи, сега го ставам името со намера да добијам пост во чија адреса најверојатно кје фигурира англискиот збор експеримент. Потоа, откако ќе го објавам, ќе го сменам насловот (ќе го избришам англискиот дел) за да видам дали ќе има промени во името. Ако нема, тогаш овој метод ќе може да послужи за оптимизација за пребарувачи.

Дополнение: Заклучок - ако се смени насловот, се менува и пермалинкот. Кога го избришав англискиот експеримент од насловот, името на фајлот стана целото со бројки.

Секој ден есапи блогови

Е-магазинот Секој ден има пренесено вест врз основа на написот за Александар Македонски во Алан Форд од блогов.

Во моментов, веста била прочитана 17 пати, а според Сајт-митер од тој сајт стигнале 4 посети. Ефективност од 24%.

13 June 2006

Александар Македонски во Алан Форд

Најновиот број на Алан Форд („Tobija beži“, април 2006 г. Суперстрип бр. 35, 30 денари по македонските трафики, наслов на оригиналот „Tobia non ci sta“, епизода бр. 284, оригинално објавена во февруари 1993.) содржи и приказна на Број 1 за Александар Македонски.

Се работи за уште една голема победа во промоцијата на Македонија - барем во српскиот превод, Александар („taj nesposobnjaković koji je više voleo vino od žena“) не е наведен како Грк. ;-)
Стрипот добро го погодува и духот на Македонците: во приказната за скоро секоја активност, од избор на цели за напаѓање, преку опремување на војската, до изградбата на Александрија, е поврзана со земање мито и провизија.

Тема: историја.

12 June 2006

Кофи Анан од Гана: ООН завидува на Светското првенство

Генералниот секретар Кофи Анан раскажува за предностите на Светското првенство во фудбал наспроти Обединетите нации (At the UN, how we envy the World Cup): повеќе земји членки, видливост на резултатите, универзалност на интересирањето, јасно покажување на полезноста од мултикултурализам...

Фудбалот како инспирација за веб-решенија

Двајца доајени на македонскиот веб, инспирирани од Светското првенство во фудбал, имаат направено одлични веб-апликации:
  • Сликички.ком - иновативен сајт за размена на самолепливи сликички, од Горан Шлакески.
  • Виртуелен менаџер - прва македонска фудбалска менаџерска игра, од Васил Буралиев.
Сметам дека обете ќе имаат влијание пошироко од границите на македонскиот веб-простор. Авторите најавуваат проширување на сегашните тест-варијанти со нови функционалности и повеќејазичност.

08 June 2006

Наместо врсници, медиумите промовираат средовечни ликови како тинејџерски идоли

Повеќето од личностите кои популарната култура ги наметнува како интересни за тинејџерите не се тинејџери. Ретко може да се сметаат и за млади, а често се и поприлично средовечни.

Еден типичен пример е списанието Тин-шема, кое бездруго презема материјали од странски списанија со иста тематика. На насловната страница на најновиот број (Теа, 7 јуни 2006 г.), примат со најголема фотографија има Памела Андерсон (39), а со помали се претставени Мадона (48), Емили де Рејвин (25), Паркети (возраст неопределена, но тинејџери - не се) и Андриј (30) и Кирстен (28) Шевченко.

Меѓу написите за глумци и пејачи ретко се наоѓаат оние за тинејџери, но затоа има за Мајкл Џексон (48), Ленс Армстронг (35), Дејвид Ли Рот (52), Хит Леџер (27), Бијонсе (25)... и низа други нетинејџери, како Бладхаунд генг, чии членови се родени помеѓу 1971 и 1974 година. (Податоците за возраста може да ги потврдите на англиската Википедија.)

Всушност, единствен напис за тинејџери, покрај одговорите на писма на читатели од психотерапевт, е оној за учениците од Делчево што добиле награда за изработка на веб-сајт.

07 June 2006

Ролање: Како да не се однесуваш моронски на кеј

Време во написот „Опасни прошетки по патеката за ролери“ (22.05.2006) ја пренесува и мојата изјава за опасностите кои ги причинуваат разните „леви сметала“:
- Најчудната работа е што родители ги шетаат своите мали деца на патеката и ги пуштаат слободно да трчкаат по неа. Тоа е многу опасно. Замислете што ќе се случи ако некој велосипед што вози со брзина од околу 20 километри на час удри во тие деца. Тоа би имало катастрофални последици. Прашав некои од луѓето дали не мислат дека е побезбедно да се движат на нивната патека, а тие ми одговорија да си ја гледам својата работа, бидејќи и јас сум возел таму - раскажува скопјанецот (sic) Филип Стојановски.
Тие што ги прашав навистина се однесуваа нелогично и конфронтирачки. Демек, ако јас ја користам патеката, тогаш и тие имаат право на тоа.

Еве поопширно кои ризични однесувања треба да се избегнуваат, поради непредвидливоста што ја создаваат:
  1. Буткање количка или пуштање да си трчка/вози ролерки или точаче дете под 7 години по патеката за велосипеди и ролери, наместо по патеката за пешаци или остатокот од кејот, каде што учесниците во сообраќајот не се движат со брзини од 15-20 километри на час.
  2. Не држење десно, меандрирање околу средината или дури и левата страна на патеката (во насока на движењето).
  3. Шетање по патеката за велосипеди и ролери, наместо по патеката за пешаци или остатокот од кејот.
  4. Трчање по патеката за велосипеди и ролери, наместо по патеката за пешаци или остатокот од кејот.
  5. Водење куче, најчесто без ланец, на патеката за велосипеди и ролери.
  6. Ригидно возење велосипеди или ролерки паралелно, наместо во колона, со што се остава малку или ич место за претркување и разминување.
  7. Не гледање лево и десно кога се стапнува на патеката.
  8. Застанување на самата патека за да се поправи велосипед, прави муабет или слично, наместо да се помести само 1 метар понатаму на тревата.
Инаку, мојот фељтон на тема ролање се состои од следните делови:

Видео: Ден во Македонија

Преку примерот на Литванија, пред два месеци, ја имав споменато можноста да се користат веб-сајтовите со видео архиви за ефтина и ефикасна промоција на Македонија.

Мило ми е што конечно нешто се придвижува во оваа насока: извесен ЗлаткоД (звучи познато, но непотврдено :-) има поставено куси филмчиња „Ден во Македонија“ (A Day in Macedonia Part 1, A Day in Macedonia Part 2) баш со таа намена.

06 June 2006

Прилика за профит со независноста на Црна Гора

Иако би било „правоверно балкански“ да му се силиме на новото дете во маалото (на пример, со правење проблеми околу името, да не имаат претензии кон Скопска Црна Гора), независноста на Црна Гора може да биде и фактор за ќарување на Македонија.

Еве, Србија ги присвои амбасадите на СЦГ, а црногорските службеници треба да ги соберат парталите. Македонија би можела да им понуди на Црногорците користење на услугите на нашите амбасади за конзуларни и визни прашања. Ако може Холандија за Белгија во Скопје, што да не можеме и ние да бидеме аутсорсинг сервис за комшииве. Со легална провизија.

04 June 2006

Земјоделци се закануваат дека ќе употребат интернет!

Целосно пренесен напис од насловната страница на весникот Шпиц, бр. 4, од 3-4 јуни 2006 година:

Неготинци ќе продаваат грозје преку интернет

АКО ВЛАДАТА продолжи да не игнорира, в година грозјето ќе го продаваме преку Интернет, изјавија вчера неготински лозари и за во вторник најавија масовни протести во Неготино, бидејќи не можат да си ги добијат парите за родот што му го продадоа на „Повардарие“.

- И да има средба со премиерот Бучковски, не го откажуваме протестот бидејќи, ако сакаше, тој досега ќе го решеше проблемот. Веќе размислуваме за порадикални мерки. Децата нема да ги пуштаме на училиште, а размислуваме да ја блокираме и пругата – се закани вчера Борис Давидов од одборот на неготинските лозари.

Тие бараат Владата да го земе виното и таа да го продава.

Винарската визба „Повардарие“ на лозарите им должи 1,7 милиони долари за ланското грозје. Тие се лути што Владата го отврза кесето за тиквешките лозари, а за нив не сака ни да слушне. (И.М.)
Иако проблемов е далеку покомплексен од оној на земјоделците што бараат Владата да им обезбеди пласман на кромидот, и пред се се однесува на функционирање на правната држава и односот на властите со de facto-монополските прекупци, сепак е индикативно што нешто што е нормално за современо пазарно стопанство се споменува во форма на закана.

Коњи на поило

За сите љубители на македонската, а и југословенската култура и цивилизација, автентична документарна фотографија на познатиот вилеров гоблен во соодветен амбиент.

01 June 2006

Тајната книга наспроти Кодот на да Винчи

Во лондонски Гардијан има излезено напис (Cannes, Cathars and conspiracy) во кој се позитивно се промовира новиот македонски филм „Тајната книга“.

Авторот Фијахра Гибонс, познат по издржани патеписни репортажи од Балканот, наведува дека наспроти „Кодот на да Винчи“, се работи за
„филм за вистинска еретичка ’библија‘ прикриена од црквата во текот на последните 1000 години, филм започнат уште пред Ден Браун да почне да ја пишува неговата книга“.
Одлична промоција за филмот, штета што сајтот, барем кај мене, изгледа недовршено, при што некои од позадинските слики не се вчитуваат како што треба, па се добива црн текст на црна подлога...

Дигимак нуди графички споредби на посетеност на блогови

Се јавија од Дигимак дека додале нови функционалности за споредба на посетеност во нивниот оддел за блогови. Ова е добар придонес за развојот на МБЗ.

Може да се спореди посетеноста на до три блогови, при што се генерира сликичка која е достапна преку внесување параметри во веб-адреса. Еве на пример како изгледа Развигор меѓу две атрактивни моми, Би и Оксиморон*.

Графикот се покажува малце поспоро, би било добро тоа да се забрза заради повратна врска (feedback, instant gratification) со посетителот.

Штета е што во списокот на блогови што ги следи Дигимак нема повеќе од блогерки! Не би било лошо да се воспостави родова рамнотежа, барем со вклучување на Ана, Археолошкиот дневник, Етна, Макондо, Реф... И да - знам дека во екипите на е-Рајдери, Фини нешта и Фотографски дневник има девојки, ама тоа се сепак колаборативни проекти.

* Имам впечаток дека авторката на блогот Оксиморон е мома, но не ме држете за збор, оти немам информација од прва рака.