Блекаут

25 August 2004

Смрт за нас е таа „вијагра“

Секој од клиентите на Агапи, главна дама од битолската "Долина на проституцијата", чија исповед ја пренесува "Дневник", е посебна приказна.

- Сега најголема мака имаме од австралиските и од американските пензионери. Оти пијат "вијагра". Смрт за нас е таа "вијагра". Летово имав три такви случаи.

24 August 2004

Во црквите од 19 век се пеело на македонски јазик

Време известува дека „Значаен документ од 19 век, пишуван на македонски јазик со грчка азбука, откриен во Александриската библиотека во Египет минатата година, е презентиран на Научната конференција на Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид.“

14 June 2004

Охридски палавштини и неволји

Според написот „Езерска битка пред очите на полицијата“ од Вест од 14 јуни 2004 г...
Во саботата уривањето на дивоградбите во селото Трпејца заврши со езерска битка. Урбаната полиција воопшто не успеала да влезе во селото, бидејќи жителите на Трпејца, организирано, со повеќе кајчиња направиле заседа во вода во близина на првата вила - дивоградба. Ги пречекале работниците кои уриваат и не им дозволиле да се доближат до вилите. Почнале да им се закануваат дека ќе ги потопат и ги нападнале со веслата од кајчињата. Работниците биле распаметени, бидејќи само два - тројца знаеле да пливаат.
Понатаму...
Како што раскажуваат работниците, нападите на трпејчани повеќе биле насочени кон сопствениците на кајчињата.
"Кога почнаа да фрлаат со веслата тие сакаа да ги погодат сопствениците на кајчињата кои беа со нас. Не сакајќи ги погодија нашите работници", велат од урбаната полиција.
Трпејчани им се лути на пештанци, бидејќи тие со своите кајчиња секојдневно ги носат до Трпејца работниците и нивната опрема.
Кај со оној Јован и официјално влеговме во времето на маѓии, уште и поморски битки од времето пред Саламина ни фалеа по езероно. Во написот се споменува дека тие дивоградбите можеби ќе ги уништувале со динамит.

Башка, гледам на Утрински весник со банерче се рекламира некаква организација „Сончев зрак“, коишто тврдат дека „природната рамнотежа“ не се нарушува ако градбите да се градат во пирамидален стил, од долу широки, а угоре потесни. Кај што испаѓа дека дрвјата со широки крошни се неприродни, треба да земеме пример од „старите народи“ кои...

Практикувале формата на објектот во целина да не ја нарушува природната рамнотежа.
На пример: Во природата планините се со благо издигнување во висина. Така е и со растенијата, со долниот дел се пошироки, а во висина се стеснуваат. Сите тие форми создаваат една енергетска хармонија во самата природа.
Денес сe почесто сретнуваме објекти во спротивен однос од природните законитости.
На пример: Високи објекти со рамни покриви, пошироки и од самиот објект.
Објектите повеќе прилегаат на силоси, а не на објекти за живеење.
Исто така сe почести се објекти со поизразена ширина на горните катови, за разлика од долните катови - во форрма на обратно свртена пирамида.
Во овие објекти се создава мошне негативен енергетски интензитет, кај станарите се јавуваат нервоза, главоболки, клаустрофобија и др.
Значи, карактеристичната староградска архитектура во Охрид предизвикува секакви лошотилаци. Сепак, овие од „Сончев зрак“ нема да ги рушат таквите градби, туку шиткаат некакво апаратче што демек ги решава тие проблеми, спречува рак и не знам што сè не друго. Дури пишуваат дека од Владата ги препорачувале, како во случајот со „Истражувачки проект во Велес“:
Во централното подрачје во градот во една повеќекатница зачестиле смртните случаи, особено од малигни и од кардиоваскуларни болести. Станарите мислеле дека тоа било виша сила и дека така требало да биде, сe додека еден ден од иста зграда не тргнале погребни поворки истовремено за двајца млади - девојка од 18 год. и дечко од 23 год. Двајцата починале од малигни болести (канцер).
Станарите се запрашале што била причината што и младите умирале од таа опасна болест. Веднаш побарале помош од Министерството за заштита на животната околина, а оттаму ги упатиле во “Сончев Зрак”. Екипа од “Сончев Зрак”, предводена од д-р Стојан Велкоски, изврши мерење на електромагнетното зрачење во објектот. Резултатите добиени од мерењата го покажаа следното: сите починати од објектот, вклучувајќи ги и двајцата млади, биле изложени на геопатогени и космички извори на зрачења.
Во овој објект се регистрирани корисници на БИО-СПХ, кај нив не беа присутни негативни симптоми, ниту, пак, имало смртни случаи. Ова ни укажува колку е важна заштитата од електромагнетното зрачење.
Ваква темелна аргументација не сум видел уште од времето кога една другарка ми раскажуваше за тоа како некоја гатара ја гњавела на улица да ‘и гледа. Особено плени поткрепеноста со статистички податоци од типот на период на истражување, број на станари без машинче, број на станари со машинче, број на мртви и болни од сите групи и слични ситници.

07 June 2004

„Утрото е помудро од вечерта“

Според Време:
Бајката за Василиса Прекрасна деновиве почна да се подготвува во Театарот за деца и младинци. Новиот проект на куќата е во режија на Димитар Станковски, а текстот е на Русомир Богдановски. Костимите ги подготвува Александар Ношпал. Во претставата е вклучена актерската екипа: Ана Левајковиќ, Изабела Новотни, Марија Кондовска, Катарина Илиевска, Олгица Христовска, Катерина Коцевска и Предраг Павловски.

25 May 2004

Оргазам преку чоколадца

Дневник вели
Доктор Труди Барбер, сексолог, тврди дека за пет години во продавниците ќе можат да се купат чоколади што ќе им помагаат на мажите и на жените да доживеат оргазам и без секс.

Таквите чоколади ќе содржат високо ниво на фенил-етиламин, хемикалија што телото ја ослободува за време на сексот, поради што консумирањето на чоколадото ќе има ефект сличен на оргазам.
Ех, од чоколадо да е, оргазам да е!

21 May 2004

Евровизиска сапуница

Пред некој ден, Он.нет објави една оцрнителна реакција на мојот текст „Лајф из а бич енд ден ју дај“ од некоја си Емилија. Со оглед на тоа што пораката содржеше невистини и клевети, решив да се вклучам во полемикатата. На Он.нет се појави скратена верзија од мојот одговор, а него во целост може да го прочитате тука.

11 May 2004

Како да се користи камера на мобилен

Финти за сликање со мобилен - полезно за сите што имаат такви тракатанци.

10 May 2004

Букаро - нов македонски блог

Преку написот во „Време“ за блогови, дознав дека Букаро, некој дечко што се труди да пишува на сајтот Багра си отворил свој блог. Немам баш време да ја гледам содржината, но само по себе делото е за поздравување - нек се множат. :-)