Блекаут

30 September 2009

Најдобрата македонска реклама - Бимилк со девојчето

Рекламата за Битолско млеко во кое едно мало девојче радосно шетка по полето веќе неколку месеци е најомилена визуелна содржина за син ми, кој има 15 месеци. Рекламата ми се допаѓа и мене, оти мисламдека дека изработка на ликот е одлична и изведбата на анимацијата во 3Д е солидна, во најдобра традиција на Дизниевата „Снежана и седумте џуџиња“ (делот со птичките кога му помагаат на детето).



Рекламата ја има правено студиото Визио и на нивниот сајт има фајл со портфолио и од други нивни анимации. Ми се чини дека има потенцијал за цела анимирана серија околу малото млекарче, можеби со комбинирање на мотиви од народните приказни.

За жал, веројатно овој потонецијал тешко дека ќе се исполни, оти последниве недели на ТВ забележувам нови реклами со истиот лик, наизглед правени од друга фирма, со не толку успешна анимација во 2Д во стилот на Караѓоз.

28 September 2009

Енциклопедијата на МАНУ е плагијат на Википедија?!

(Забележете дека во овој пост воопшто не навлегувам во точноста на информациите изнесени во енциклопедијата на МАНУ оти таа и за мене е непрочитана книга.)

Дневник во саботата објави нешто сензационално: за некои од текстовите во контроверзната „Македонската енциклопедија“ објавена од МАНУ биле користени материјали од Википедија, без да се наведе изворот (мои италици).

Слободната енциклопедија „Википедија“, која може да ја испишува секој, била главен извор за спорните наводи во Македонската енциклопедија дека американските и британските офицери обучувале припадници на ОНА. Татјана Петрушевска, професорка по меѓународно јавно право и право на ЕУ на скопскиот Правен факултет, за „Дневник“ истакнува дека целта и' била да се даде ново видување за улогата на западните сили во конфликтот во 2001 година.

Потешки квалификации

- Наводот што предизвика најголеми бранувања е буквален цитат преземен од Википедија, кој на сајтот за ОНА стои со години и нема никакви интервенции во него. Дури ни во поглед на многу потешките квалификативи за ОНА како „терористичка, востаничка и герилска организација“. Намерата ми беше став, кој не е на линијата на западниот мејнстрим за улогата на западните сили во конфликтот од 2001, да биде внесен во изворно дело, кое понатаму во други, туѓи цитирања би било наведувано како извор. Зарем тоа не би требала, уште посилно, не би морала, да биде една од главните функции на првата Македонска енциклопедија - објаснува Петрушевска.

Таа истакнува дека сајтот не е цитиран во посочената литература од која е црпена содржината на спорната енциклопедиска одредница, но како извори се посочени текстови од дневниот печат. Тоа, истакнува, Петрушевска, не е недозволено во научни трудови, и се' зависи од фактот „која е посакуваната цел“. Освен неа, авторот на спорната одредница за ОНА е и нејзиниот колега, професорот по уставно право Светомир Шкариќ.

Во написот во весникот немаше линк, а јас го додадов до англиската верзија оти на македонската верзија не најдов таков напис. Делот што го истакнав со италик укажува дека не само што се прекршени условите на лиценцата под која се објавени содржините на Википедија (Криејтив комонс наведи извор сподели под исти услови 3.0), туку и праксата за пишување научни дела надвор од Македонија, каде што секој извор треба да се наведе како дел од редовната постапка. Во „белиот свет“, Википедија се прифаќа како корисна алатка за пребарување, но никако како авторитетен извор поради нејзината природа. Во најдобар случај се користи како место каде што може да се најдат линкови до референтни извори.

Еве и една корисна дефиниција од Википедија:

Plagiarism, as defined in the 1995 Random House Compact Unabridged Dictionary, is the "use or close imitation of the language and thoughts of another author and the representation of them as one's own original work."

Плагијат, според дефиницијата од (речникот) Рандом Хаус компакт анабриџд дикшнари од 1995 е „користење или блиска имитација на јазикот и мислите на друг автор и нивно претставување како свое оригинално дело.“

За прекршувањето на лиценцата Википедија може да ја тужи МАНУ. Ако не знаете англиски, може да ви се најде локализираната верзија на претходната верзија на лиценцата, односно договорот за неекслузивно пренесување на авторските права: Наведи извор-Сподели под исти услови верзија 2.5 Македонија.

Инаку, низ медиумското покривање за енциклопедијата на МАНУ се провлекува уште една интересна неточност - тоа не е прва македонска енциклопедија. Многу години пред неа МИ-АН и Семос, а мислам уште некои издавачи, имаа објавено енциклопедии за Македонија.

Исто така, не видов ни информации дали оваа енциклопедија било кога ќе биде објавена на интернет, оти за подготовката на содржините веќе имаме платено и заслужуваме да бидат бесплатно достапни во дигитална форма (без скоро никакви додатни трошоци, кои зависат од печатењето). Најавена е баснословна цена од 8000 денари по примерок. Како што коментира Зоран Андоновски од Нова Македонија:

Ако Енциклопедијата е правена со државни пари, таа треба да биде достапна на Интернет за да не се плаќа два пати за нешто за што ние граѓаните веќе сме дале пари. Она што е направено - финансирано од државата нема авторско право, а со нејзиното ставање на Интернет малку ќе се ублажи огромниот недостиг од електронски содржини на македонски.

Кој поединец или заедница ќе ја купи за да ја прелистува? И зошто таков и толкав том? Да не зборуваме дека корекциите на едно интернет-издание е многу поедноставно да се направат. Нели ќе беше нормално сето тоа да го ставеа и на цедеа или на дивидија?

Сигурно тој што мисли да ја користи Енциклопедијата има компјутер, а тој што нема компјутер сигурно нема да има пари за да ја купи. И што е всушност идејата зад едно вакво издание, да фаќа прав или да се користи и да биде секому достапна, што во ваква квазирепрезентативна форма не е можно.

Башка што дури и ако другите написи во енциклопедијата на МАНУ да се само преводи на англиската Википедија, ако се достапни ќе може да послужат за многу потребното надополнување на посиромашната Википедија на македонски, која википедијанците ја градат практично без реална поддршка на академскиот естаблишмент.

27 September 2009

Поразот на Србија од хомофобни хулигани

Популарната блогерка Ирена Цветковиќ во новата колумна „Непрочитана книга“ ја објаснува понижувачката капитулација на државата Србија пред група насилници.

Толерантноста на различноста, социјалното вклучување и видливоста останаа да бидат за ова општество непрочитани книги и непознати четива. Правата и слободите на припадниците на маргинализираните групи како и принципите на еднаквост пропаднаа како тема од нашиот јавен дискурс. Сега засега во ова тажно општество единствено е важно кој прв го населил Балканот. Додека тоа не се реши, може слободно да поцркаме.

За разлика од македонските медиуми незаинтересирани да обработуваат вакви теми, по повод овој настан пост има објавено и Ненад Јовановиќ. А и текстот на Канализација за одредот „Баба“ е во контекст.

Пригодно видео: спот со парада.

Alanis Morissette Hand In My Pocket

Замислете како група „загрижени граѓани недостапни за полицијата“ поттикнати од „традиционалните вредности“ упаѓаат во спотов со цел да ги истепаат сите. Такво нешто е можно само во силеџиски држави.

26 September 2009

Сведоштвотот на Александро од „Осуммината“

Пред неколку дена со големо интересирање го прочитав постот на Александро „Осуммината - дваесет години потоа...“ и поради неговата содржина, ама и како документ - примарен историски извор. Ме радува што блогот како медиум и во Македонија станува средство за пренесување директни историски сведоштва од важни настани, од прва рака.

Исто така, многу ми е интересно, но и загрижувачки што за блиското минато имаме многу малку јавно достапна документација. Без разлика каде се досиејата, барем повеќето од директните учесници се сеуште живи. Дали некој ги интервјуира? Дали пишуваат мемоари? Што ќе остане по нашава генерација?

Си приспомнувам на еден исклучително важен пост на блогот Маседониан тенденси од 2006, во кој беше укажано дека ако Васил Тупурковски, како член на последното претседателство на СФРЈ, во деведесеттите напишеше книга на англиски за распадот на Југославија, цел свет ќе го читаше. Ем ќе имаше огромно влијание оти странците навистина се обидуваа да сватат што се случило и дури по десетина години нивни автори почнаа да нудат објасненија... Ем ќе ја промовираше земјава во клучен момент.

Наместо тоа, тој се беше решил да раскажува за античка Македонија... За домашен пазар. Немам чуено ниеден од денешниве „антиквизатори“ ниту да ги спомене тие книги.

24 September 2009

Куманово: Најава за предавање за електронските уметности - денес


Денес во 20:00 часот во 20.00 часот, во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“, Куманово, познатиот критичар на уметноста и куратор Мелентие Пандиловски ќе се одржи предавање за електронските уметности.

Цел на предавањето е запознавање со современите тенденции во визуелните уметности е замислен како предавање на кое со примери од светските и македонски искуства од оваа област ќе се презентираат најновите согледувања и анализи.

Мелентие Пандиловски работи во Македонија и Австралија. Директор е на Центарот за визуелни и културни истражувања на Институтот Евро-Балкан од Скопје, а бил директор на Експериментал арт фоундејшн од Аделаида (2003-2009) и Центарот за современа уметност Скопје (1999-2003).

Повеќе информации на Калчр.ин.мк и Фејсбук.

За следната година, во Македонија се подготвува SEAFair 2010 со наслов Апаратот на животот и смртта, за био-политиката, био-философијата и био-уметноста.

22 September 2009

Новокомпонирање на празникот Вера, Надеж и Љубов

На Фејсбук има група со која се тврди дека празникот „Вера, Надеж и Љубов“ што се слави на 30 септември треба да се слави и како Ден на вљубените, демек како македонски пандан на Св. Валентин од 14 февруари.

Православниот празник „Вера, Надеж и Љубов“ нема врска со вљубените, туку со љубовта како милост, дарежливост - како човекољубие. Оригиналното име на Љубов во Новиот завет (кој бил напишан на грчки) е Агапи, што има многу пошироко значење од она што оваа група сака да му го припише. Девојчињата биле крстени според трите доблести на кои укажал Св. Павле во Првото поослание до Коринтјаните (13).

Бидејќи ја знам приказната за маченицата Св. Софија и нејзините ќерки (St. Sophia) оваа иницијатива ја гледам како патетичен обид помодарски да се истакне дека ние не сме биле „покусо“ од „Запад“. Исто како самобендисаниот шовинизам на српските националисти од филмот „Лепа села, лепо горе“: „Док су они јели рукама, ми цап - виљушком“.

Новокомпонираното поврзување на љубовта од православниот мит со романтичната љубов и модата од XIX век за нејзино изразување преку комерцијални картички е навреда за светите маченици, кои биле мали девојчиња, девици и не помислувале на никакви љубовници. Срамота!

20 September 2009

Сексуално образование неместо конзервативно лицемерие

Македонија е сексуално заостаната земја. Ако е утеха, истото може да се каже и за САД. Медиумскиот сензационализам околу насоките на УНЕСКО (ПДФ) за воведување на образование за сексуалност е само уште еден показател дека сексуално образование треба да се воведе час поскоро. И тоа не само за средношколците, основците и децата од градинка туку и за новинарите, политичарите, а богами, и за некои професорки по педагогија.

...вели Жарко Трајаноски во неговата колумна „Медиумско самозадоволување“, чија содржина може да се поврзе и со претходни муабети сексуалното образование и оргазмот. Во видеото од ТЕД во претходниот линк се искажуваат сознанија дека дури и неродени бебиња мастурбираат. Природно си е природно.


Музичка илустрација „Стејсиз мам“ од Фаунтанс оф Вејн.

19 September 2009

Затворена „отвореност“

Пред некој ден дознав дека колегите блогери Кими, Букарски и Карека (се извинувам што не знам португалски па може го утнав изговорот) на 18.09.2009. ќе гостувале во емисија наречена „Отворено со народот“ на Jавниот сервис МРТв.

Во нормални држави би било парадоксално што постовите во кој го најавуваат тоа кај првите двајца набрзо беа затворени за коментари, оти повеќето од коментарите што ги ѕирнав во едно магновение не содржеа ни навреди ни закани (иако некои не беа пофални).

Сопственик и водител на таа емисија е извесен Томиќ кој не го познавам лично, само имам чуено

Емисијата не ја гледав оти почна сувопарно и имав нешто друго да правам, па да прашам: дали има нејзина верзија на интернет?

(Можеби ако самите блогери ја објават снимката, оти Томиќ колку што гледам нема сајт, дури и фотката искористена во еден од постовите на неговите гости е од сајтот на неговата конкурентска телевизија А1).

Би било интересно да се дознае дали блогерите-гости, како наводни претставници на народот и потенцијален коректив на традиционалните медиуми, покренале некоја од погоре наведените контроверзни теми од висок јавен интерес, за која на народот е ускратен отчет. Особено што третиот блогер пред кусо време ја имал покренато темата „лицемерие и полтронство“.

Исто така, ме интересира дали покрај со претставници на самонаречената конзервативна опција, на Јавниот сервис ќе има и

  • емисија во која ќе настапат само блогери блиски до СДСМ,
  • други емисии за секоја од поголемите партии,
  • а особено емисија во која ќе настапат блогери кои не се блиски со ниедна партија и декларирана идеологија, а имаат што да кажат на општествени и политички теми. Еве како Фемгерила на пример, која е претставник на мнозинството од народот што не им верува на сите тековни истакнати политичари - ако судиме по излезноста на изборите.
Патем, да повторам дека ако не сакате да ви ги бришат коментарите, пишувајте си ги во пост на вашиот блог во кој ќе ставите линк до постот од туѓиот блог што го коментирате.

12 September 2009

Бесплатни стручни совети за заштита на приватноста

Како дел од меѓународното движење „Слобода наместо страв“ денес од 11 до 14 часот десетина невладини организации, Дирекцијата за заштита на лични податоци на РМ и Град Скопје организираат јавни консултации во Градски парк, кај споменикот на Гоце Делчев. Целта е на граѓаните да им се овозможи да добијат бесплатни правни и технички совети од стручни лица за нивните права според важечките закони, со цел да може да си ја заштитат приватноста на интернет.

Меѓу експертите кои ќе волонтираат се и луѓе од Дирекцијата кои директно работат на решавање на проблеми по пријави од граѓаните и фирмите, па ова е одлична прилика за добивање директни информации и упатства за целиот процес.

Повеќе информации:


Пренесете ја информацијава до вашите пријатели, особено ако планираат да се прошетаат денес. И повелете во парк! :-)

06 September 2009

Македонски сајтови со највисок Гугл-ранг

Линкот до список на македонски сајтови со највисок ранг на Гугл што се генерира автоматски го добив од Александар од Селотејп, во текот на разговор за форумизацијата на македонската блогосфера и важноста на меѓусебното линкување.

Може да ви се најде, нели?

04 September 2009

Најзначајниот настан на МК интернет во 2009.

Нели е интересно што ниту комерцијалните медиуми, ниту блогери го одбележуваат најзначајниот настан на македонскиот интернет годинава.

МАРНет има почнато акција за исклучување на домените што немаат платено претплата. Според неофицијални информации, околу такви 2000 веб-сајтови се недостапни веќе неколку дена.

Забележав дека има и такви што се обидуваат да спасат ситуација со известувања дека нивната содржина може да се најде преку ИП-адреса.

Мислам дека овој потег е позитивен, оти голем дел од исклучените веб-сајтови се заборавени или занемарени од нивните сопственици. Се надевам ќе добијат поттик да станат поажурни, не само во плаќање претплата, туку и во грижата за е-содржините.

Е да, проверете си дали ви работи сајтот. И платите МАРНет-у, МАРНет-ово.

marnet-zatvoren-domen.jpg

Ексклузивно! Ова првпат го прочитавте овде!

03 September 2009

Македонија вечна: Каде е спотот на Изи?

Дали некој знае од каде може да се симне квалитетна копија на спотот Македонија вечна од Игор Иванов Изи? Оној што добил награда на некој фестивал во Португалија.

За разлика од спотовите на Милчо Манчевски, овој го нема за симнување на официјалниот веб-сајт што се рекламира во самиот спот, ниту на сајтот на агенцијата Пристоп МК која била владин подизведувач за овој проект.

Му треба на еден другар со цел промоција на Македонија на некој собир пред странци, па симнување од Јутјуб не е задоволително.