Блекаут

24 March 2009

Денот на Ада Лавлејс

Денот на Ада Лавлејс е меѓународен ден чија цел е со блогирање да се обрне внимание на жените кои придонесуваат во областа на технологијата.

Ада ЛавлејсАвгуста Ада (Ејда) Кинг, грофицата од Лавлејс (Augusta Ada King, Countess of Lovelace, 1815-1852) е првата програмерка на светот, која работела во времето на стимпанкот (steampunk) со Чарлс Бебиџ, творецот на „аналитичката машина“ - првиот модерен компјутер на парен погон.

Била и ќерка на Лорд Бајрон и со душа и тело учествувала во аристократско-интелектуалниот свет на „секс, дрога и рокенрол“ на своето време, кои тогаш имале форма на „секс, дрога и романтизам“.

За да ја поддржите меѓународната акција за подигање на свеста дека и жените имале и имаат важна улога во технолошкиот напредок, потпишете го заветот ;-) и објавете пост на вашиот блог посветен на една од вашите техно-хероини.

Ова е многу важно за жените во светот, особено девојчињата, кои се пренатрупани со непропорционална застапеност на машки авторитетни ликови во сите области на општественото живеење. Во Македонија, таквиот притисок е сеприсутен, од основното образование (погледнете го само односот на машки и женски ликови по учебниците, на пр. по литература) до политиката.

Конкурс за изработка на апликација за Фејсбук, 2.0

Поради недоволен број квалитетни понуди, го повторувам конкурсот за веб-програмер/ка за изработка на апликација за Фејсбук, со нов краен рок за поднесување пријави 1 април 2009 година во 16 часот.

Следи текстот на конкурсот:

facebook developer wantedОбјавувам конкурс за ангажирање веб-програмер/ка кој/а ќе треба да ми изработи апликација за Фејсбук, за потребите на магистерско истражување за улогата на социјалните мрежи на полето на интернет маркетинг.

Апликацијата ќе треба да биде поврзана со веб-апликација со база на податоци за чување на информациите. Целиот систем ќе се работи од почеток. Апликантите треба да испратат

  • работна биографија (CV) и
  • нацрт-план за работа на проектот со буџет со сите потребни трошоци

по е-пошта на развигор ет џимејл точка ком.

Услови на конкурсот:

  • еднократен хонорарен ангажман (исплата преку авторска агенција)
  • нарачателот ги задржува авторските права на спецификациите, кодот и документацијата
  • рок за пријавување: 01.04.2009 во 16 ч.

Критериуми за избор:

  • квалитет на планот за работа
  • способност за спроведување на побарувањата од нарачателот
  • добро познавање на англискиот јазик и способност за прецизно писмено изразување на англиски и македонски
  • претходно искуство со веб-програмирање и програмирање апликации за Фејсбук.
  • висина на буџетот

Сите квалификувани лица без разлика на пол, род, етничка, национална, верска или расна припадност се поканети да земат учество на конкурсот. Најголем дел од комуникацијата ќе се одвива преку интернет, така што географската локација не е одлучувачки фактор.

Заинтересираните може да ја користат горенаведената адреса за е-пошта или можноста за оставање коментари за дополнителна комуникација.

19 March 2009

Проблемот на самоубиство

(Текстов го имав објавено на Агора на 29.09.2002 година, но сеуште ми се чини актуелен, особено со последните настани во Скопје и Охрид.)

Основното прашање е колку ние сме засегнати од информациите кои допираат до нас. Влијанијата може да дојдат во разни форми, од културата во која сме израснати, до она што го примаме преку медиумите.

Дилемите од типот „дали стиховите на Еминем го предизвикале самоубиството на тринаесетгодишната Кејли Дејвис [Kaylieh Davies]“ се стари повеќе од двесте години. Основното прашање е колку ние сме засегнати од информациите коишто допираат до нас. Влијанијата може да дојдат во разни форми, од културата во која сме израснати, до она што го примаме преку медиумите. Текстов ги изложува основите на темава, преку обезбедување низа полезни информации.

Културата како фактор

Луѓето кои се под влијание на религиите кои потекнуваат од јудизмот, христијанството и исламот, го осудуваат самоубиството. Ретки исклучоци се ситуациите во кои со самоубиството се помага на другите, како на пример, партизанот кој се самоубива за да не падне жив в раце на непријателот и со тоа спречува предавство на другарите изнудено преку мачење.

Но, осудата на самоубиството не е универзална пракса. На пример, јапонските традиции не го сметаат чинот на одземање на сопствениот живот за грев, па и бројот на самоубиства во Јапонија бил значително поголем од оној во Европа и во Америка. Со отворањето на Јапонија за странски влијанија, се почувствувало намалување на бројот на самоубиствата.

Медиумите и ефектот Вертер

Во 1774 година, Јохан фон Гете го објавил романот Страдањата на младиот Вертер (Die Leiden des jungen Werhers, превод на англиски), кој за кусо време постигнал огромен успех кај публиката. Во романот, главниот јунак се самоубива поради несреќна љубов. Продажбата на романот била проследена со бран самоубиства извршени на начин сличен на оној со кој Вертер си ги скратил маките. Состојбата станала толку аларамантна што романот бил забранет во неколку западноевропски земји (Cialdini, 1988, 137-138). Овие проблеми не влијаеле на Гетовата популарност, кој е запомнет како великан на германската литература. Како последица на овој случај, појавата кога медиумите предизвикуваат самоубиства е наречена "ефект Вертер".

Вертер е измислен лик од роман, но ефектот Вертер е документиран и во денешно време. Социологот Дејвид Филипс од Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего докажал дека бројот на самоубиства драматично се покачува по објавувањето вести во медиумите за самоубиства. Според него, луѓето кои се наоѓаат на работ на самоубиство го толкуваат објавувањето на такви вести како сигнал дека чинот на самоубиство е одобрен и прифатен од општеството, дека е во ред и тие да го сторат тоа.

Што има тоа врска со мене?

Дали гореневедените резултати укажуваат дека треба да се воведе цензура која би ги „чистела“ медиумите со цел да пренесуваат само весели вести? Не. Ефектот Вертер во нормални околности има влијание на релативно мал процент од вкупната популација, и колку се луѓето посвесни за него, толку полесно може да им се помогне на таквите лица. Тоа се обично луѓе кои се во некој вид криза, кои имаат нарушувања на расположението (на пример, депресија), или се вознемирени на некој друг начин, на пример од општествените и хормоналните промени во адолесценцијата. Така, иако не значи дека Вие ќе се самоубиете по слушањето на песните на Еминем, можеби некоја личност Вам блиска е на работ на самоубиство. Со оглед на негативните психолошки влијанија во денешна Македонија, би било вистинско чудо да нема такви луѓе.

Според американскиот психолог Вејн Вејтен (Weiten, 1997, 414-146) „Секој може да изврши самоубиство. Ниеден сегмент на општеството не е имун“. За да се помогне некому кој е во опасност, основното нешто е да се расчисти со неколку предрасуди, односно „митови“ за самоубиството.

  • Мит 1: Луѓето кои зборуваат за самоубиство всушност нема да се обидат да се самоубијат. Не може да се погоди дали некој ќе се обиде да се самоубие врз основа на тоа дали зборува или не зборува на таа тема. Иако луѓе се закануваат дека ќе се убијат без да го сторат тоа, некои „успешни“ самоубијци во периодот пред самоубиството ги обзнанувале своите намери.

  • Мит 2: Самоубиствата обично се извршуваат ненадејно, без предупредување. Во 80% од документираните самоубиства, жртвата давала некои предупредувачки знаци. Можноста да се работи за најава на вистинско самоубиство расте кога заканата е јасна, што укажува на веќе оформен детален план. На пример, девојчето од почетокот на написов кое се обесило, опишувало бесење во своите записи.

  • Мит 3: Луѓето кои се обидуваат да се самоубијат имаат цврста решеност да умрат.

    Само 3-5% од самоубијците го прават тоа со јасна намера да умрат. Околу 30% самоубијци се двоумат, и затоа кога вршат подготовки, ги поставуваат работите така што оставаат случајот да пресуди. Остатокот (67%!) самоубијци всушност и не сакаат да умрат, туку да пратат „драматичен сигнал за опасност“. Ваквите луѓе оставаат поголема можност да бидат спасени. Психолозите сметаат дека токму поради овој фактор само една осмина од самоубиствата завршуваат фатално.

  • Мит 4: Оние кои се обидуваат да се самоубијат остануваат такви засекогаш. По изминување на кризата, најголем дел од луѓето продолжуваат нормален живот.

Што треба да се стори?

До колку се сомневате дека некој од вашата околина е на работ на самоубиство, преземете ги следните чекори:

  • Обрнете сериозно внимание на зборувањето за самоубиство. Директно прашајте ја личноста дали размислува да се самоубие.
  • Обезбедете емпатија и поддршка. Покажете му на самоубиецот дека се грижите за него/неа. Често луѓето кои се решаваат на овој потег го гледаат светот околу нив како студен и се чувствуваат дека никому не му е гајле за нив. Дури и ако не ја познавате добро личноста, покажувајќи дека ви е важно што се случува, може многу да помогне. Некои луѓе самоубиството го користат како повик за помош. Понудата да се помогне може да го спречи.
  • Расчистете што е клучниот проблем. Самоубијците се често збунети и изгубени во множество од фрустрации и проблеми, така што тие им се чинат бескрајни. Ако проблемите се расчистат, се именуваат, притисокот се намалува, а со тоа и збунетоста којашто ја намалува моќта конструктивно да се расудува.
  • Предложете алтернативни решенија. Самоубијците го гледаат самоубиството како решение на нивните проблеми. Предлагањето порационални решенија може да помогне, бидејќи во својата збунетост, самоубиецот можеби и не помислил на нив.
  • Искористете го сомнежот. Самоубијците најчесто се сомневаат во одлуката за самоубиство и споменуваат причини да се продолжи да се живее. Зајакнете ги сомнежите кои ја разјадуваат одлуката да се умре.
  • Поттикнете барање професионална помош. Со оглед на степенот на вознемиреност на потенцијалниот самоубиец, вашата интервенција може да не биде доволна. Охрабрете ја личноста да се обрати на психолог, психијатар или социјален работник. Брз начин да се стапи во контакт со професионалци од тој тип е преку некој од многубројните С.О.С. телефони. На пример, бројот на Центарот за кризни состојби за деца и млади во Скопје е 136-400.

Користена литература

Cialdini, Robert B. (1988). Influence - Science and Practice, Second Edition. HarperCollins Publishers.

Weiten, W. (1997). Psychology: Themes and Variations, 3rd Ed., Briefer Version. Pacific Grove, CA: Brooks/Cole.

17 March 2009

Помош за бебето Ангел Костовски

Преку група на Фејсбук за помош на бебето Ангел Костовски дознав за неговата потреба од помош за да може да му оздраве срценцето. Ако сакате може донирате 100 денари со повик на тел. 070 - 143 153 за да се покријат трошоците за итна операција.

Ракот на дојка и алкохолот - опасна комбинација

На А1 е објавена вест за истражување во кое е утврдено дека вината не се исклучок од другите алкохолни пијалоци во однос на ризикот од рак на дојка. Тоа е во согласност со друго истражување за кое известува Рак.мк, според кое конзумирањето на било кој алкохолен пијалок го зголемува ризикот од заболување од рак.

Напис во Вајерд за важноста на рано дијагностицирање на ракКако што пренесува и Вајерд во бројот од јануари 2009 година, тековниот тренд во врска со ракот е да се посвети внимание на превенција и рано откривање, оти на тој начин се спасуваат најголем број луѓе.

  • Зошто раното откривање е најдобриот начин да се победи ракот: ако го откриеме ракот рано, 90% преживуваат. Ако го откриеме доцна, 10% преживуваат (Why Early Detection Is the Best Way to Beat Cancer: If we find cancer early, 90 percent survive. If we find cancer late, 10 percent survive.)

Повеќе информации за најновото истражување со виното има на веб-сајтот на Истражувачкиот центар за рак „Фред Хачинсон“ од Сиетл:

16 March 2009

Избори 2009: Анализа на користењето на интернет во кампањите

Постер во врска со гласањеДраги читатели, колеги блогери и партиски војници,

Како и во 2004 и 2005 година, Метаморфозис и за овие претседателски и локални избори спроведува истражување за употребата на интернет во предизборната кампања, со фокус на претставувањето на кандидати кои лично преземаат определена функција, наспроти партиски и други листи.

Како и во минатото, анализата ќе опфати посебни веб-сајтови на индивидуалните кандидати за претседател и градоначалник, а новина е што оваа година ќе биде опфатено и користењето на социјални мрежи (Фејсбук).

Потешкотија во истражувањето претставува определувањето дали даден веб-сајт е официјален или само направен од обожаватели кои немаат директна врска со кандидатот, поради тоа што не сите политички партии на своите официјални веб-сајтови имаат објавено список на своите градоначалнички кандидати и линкови до нивни сајтови, ако ги имаат.

Дополнително, Државната изборна комисија освен што ги објавува списоците на кандидати на многу непристапен начин (слики на скенирани хартиени документи), не објавува нивни контакт информации, меѓу кои би бил и официјалниот веб-сајт или адреса за е-пошта.

Затоа, доколку имате сознанија дека кандидатите (од било која партија или независните) во Вашата општина имаат официјални веб-сајтови и страници на Фејсбук кои ги водат тие или нивните изборни штабови, ве канам да ги наведете преку коментари.

11 March 2009

Понови истражувања за користење интернет во Македонија

Од време на време пријатели ми се обраќаат на тема свежи податоци за нивото на користење, односно пенетрацијата, на интернет во Македонија.

Овој пост се надоврзува на претходниот на истата тема, кој ги опфаќа истражувањата и документите за состојбите со ИКТ во Македонија направени до почетокот на 2007 година.

Конкурс за веб-програмер/ка за апликација за Фејсбук

facebook developer wantedОбјавувам конкурс за ангажирање веб-програмер/ка кој/а ќе треба да ми изработи апликација за Фејсбук, за потребите на магистерско истражување за улогата на социјалните мрежи на полето на интернет маркетинг.

Апликацијата ќе треба да биде поврзана со веб-апликација со база на податоци за чување на информациите. Целиот систем ќе се работи од почеток. Апликантите треба да испратат

  • работна биографија (CV) и
  • нацрт-план за работа на проектот со буџет со сите потребни трошоци

по е-пошта на развигор ет џимејл точка ком.

Услови на конкурсот:

  • еднократен хонорарен ангажман (исплата преку авторска агенција)
  • нарачателот ги задржува авторските права на спецификациите, кодот и документацијата
  • рок за пријавување: 16.03.2009 во 16 ч.

Критериуми за избор:

  • квалитет на планот за работа
  • способност за спроведување на побарувањата од нарачателот
  • добро познавање на англискиот јазик и способност за прецизно писмено изразување на англиски и македонски
  • претходно искуство со веб-програмирање и програмирање апликации за Фејсбук.
  • висина на буџетот
Сите квалификувани лица без разлика на пол, род, етничка, национална, верска или расна припадност се поканети да земат учество на конкурсот. Најголем дел од комуникацијата ќе се одвива преку интернет, така што географската локација не е одлучувачки фактор.

Заинтересираните може да ја користат горенаведената адреса за е-пошта или можноста за оставање коментари за дополнителна комуникација.

10 March 2009