Блекаут

31 January 2006

Споредба на блоговите и ирцањето како нова мода

Се согласувам со Новица, кој вели дека „Кај нас блоговите се ИРЦ на 21 век!“:
Кога бев средно ирцање беше главна фора... Денес за средношколците главна фора е (или многу наскоро ќе биде) блогирањето.
Ова и други го чувствуваат инстиктивно. Така на пример, на Блогот на Теа стои:
За мене
Ова нешто ко АСЛ му доаѓа а:) С-то мислам дека е јасно, имам 26 години и сум од Скопје. Фала,пријатно:)
Минатата пролет бев во САД и тогаш ми беше речено дека доминантна форма на интернет комуникација за тинејџерите се инстант месинџери (ИМ) и блогови. Мислам дека многу се користат приватни блогови, односно блогови кои не се автоматски јавни, туку пристапот (читањето) до нив може да се ограничи на група на луѓе (друштво, одделение, клас) со пасворди и слично. Не знам дали ја има таа опција на Блогерај, но може добро да им послужи, особено за ограничување на тоа што сите постови автоматски одат на фидови.

За филтрирање според квалитет, може само да се повикам на заклучокот од „Вашингтон пост“ што го посочи Дарко на Комуникации, дека „правењето на робот што ќе надгледува и ќе лови флејмери, тролови и други кретени што пречат на интернет-форумите“ би било корисна примена на вештачката интелигенција.

Инаку, претпоставувам дека во САД, ИМ секогаш биле помоќни од ИРЦ: јак маркетинг (Јаху, АОЛ, Мајкрософт), полесен интерфејс фокусиран на индивидуата (наспроти канали), повеќе заштита за клиентската машина (преку ИРЦ можеше да се гледа ИП) итн. Корисниците на ИМ воопшто немаат потреба да знаат што е тоа АСЛ - тие податоци се на увид преку опцијата персонал инфо.

Кај нас баш заради ИРЦ беа отворени многу интернет кафеа, од кои голем дел сега се испозатворени. Мислам дека опаѓањето на кафеата почна кон 2002 година, а и ИРЦ каналите се со опаѓачка популарност. Дали тоа значи дека голем дел од оние кои оделе по кафеата си купиле компјутери по дома? Во мојот случај, скоро сите пријатели со кои комуницирав редовно преку ИРЦ преминаа на ИМ (Ајсикју, Јаху или МСН).

Поинакво прашање за името на Македонија: како к станува ц или с

На Скопски времиња беше поставено прашањето зошто Македонците во Австралија се нарекуваат „Масо“ (Maso).

Оригиналните жители на „Македонија“ ја нарекувале „Македониа“. Во времето кога земјава била дел од Римското царство, тоа на латински се пишувало „Macedonia“, оти тогаш „ц“ се читало „к“. Додавањето на ј во нашата варијанта е поради некое едначење по звучност од денешната граматика.

Латинскиот останал јазик на писменоста во Западна Европа и во средниот век, што влијаело на писменоста и на тамошните денешни јазици. Изговорот во некои случаи се задржал (car, cure, clean - англиски), а во некои мутирал. Така латинскиот Caesar, што веројатно се изговарало Каисар, на германски станал Кајзер, на сите јужнословенски јазици станал Цезар, а на англиски Сизар (city, cigar).

Затоа на денешен англиски „Macedonia“ се изговара „Маседониа“, а Македонците се пишуваат „Macedonians“, а изговараат „Маседонианс“. Масо е само скратена форма од Маседониан.

Портрет на антикомунистка: Ајн Ранд

Ајн Ранд (Ayn Rand, 1905-1982) е контроверзна американска писателка која ја возвишува индивидуалноста и претприемачкиот дух. Во интервјуто што го дала за „Плејбој“ во 1964 година ја објаснува својата филозофија на објективизмот, почнувајќи од изјавата на нејзиниот најпознат книжевен лик, идол на многу Американци, Џон Галт:
Се колнам во својот живот и во љубовта кон него дека нема да живеам заради никој друг, ниту пак ќе барам од друг да живее за мене.
Од целото интервју, мислам дека ова ми остави најголем впечаток:
Садизмот, диктаторството или било која форма на зло, се последица на човечкото избегнување на реалноста. Последица на неговата неспособност да мисли. Човекот без цел е човек кој им се препушта на случајните чувства или неидентификуваните нагони, и кој е способен на секакво зло бидејќи тој нема никаква контрола врз сопствениот живот. За да можете да го контролирате вашиот живот потребна ви е цел - продуктивна цел.
Родена во Петроград во агностичко еврејско семејство, а во 1926 година пребегала од Советскиот сојуз во САД. Голем дел од нејзините дела се проткаени со длабок антикомунизам и критика на сите форми на колективизација.

(Некое време по објавувањето на интервјуто на Агора, на Багра се поведе дискусија за Ајн Ранд, но поради заглавеноста на интернетот спомената во претходниот пост не успеав да го најдам линкот.)

Напади ли се, што ли се - ама за нигде се

Цел ден денес врската со интернет преку АДСЛ е на принцип „падни-стани“. Се јавив во МТ.нет на 080012345 и ми рекоа дека тоа е поради напад на нивните ДНС-сервери и дека набрзо ќе биде санирано.

Покрај тоа, и на blog.com.mk на моменти можев да му пристапувам, ама имаше подолги периоди кога беше недостапен (а истовремено можев да сурфам по странски сајтови). Последниот таков период сеуште трае додека го пишувам ова.

Подготовка за споредбата на македонските блогови

Споредбата на посетеност на избрани македонски блогови планирам да ја извршам ноќва. Како подговка, правам табела со линкови до соодветните графикони од нивните сајт-митери. Колоните одговараат на категориите на измерена посетеност.

Над 30001000-3000До 1000
Анти
Букаро
Вицотека
Јован
Моби
НБА
Секс
Ана
Веб-сајт на денот
Горан Андреев
е-Бизнис
Етна
Мозговјанов
Озборувач
Панта реи
Тајни
Тетово-онлајн
Фотографик дајери
Би
Болва
Будна правда
Државник
Е-рајдери
Ивотека
Комуникации
Развигор
Скопски времиња

30 January 2006

Журка со Карл Кокс: е вака се промовира Македонија

Можеби е стара вест, но во саботата видов дека на сателитската Плеј ТВ (playtv.ca) оди прилично долг видео-клип на настап на диџејот Карл Кокс, „лајв ет д Колосеум, Скопје, Маседониа“. Видеото изгледа супер, со Карл во форма, полуголи танчерки и публика - сите со „раце у вис“. Импресиониран, кликнав неколку фотографии со мобилен.







Истражувања и документи за состојбата со ИКТ во Македонија

Следи список на квантитативни истражувања и документи од разни извори, поврзани со употребата на ИКТ и изградбата на информатичко општество во Македонија. Подредени се по хронолошки редослед и може да послужат при дебати за пенетрација, ама и за предигра.

Истражувања
Официјални документи на ниво на РМ

29 January 2006

Препорака: „Слобода што почнува да боли“ на веб-сајтот на „Форум плус“

Конечно, истражувачкиот текст на Ивица Антевски „Слобода што почнува да боли“ е поставен на веб-сајтот на „Форум плус“ (бр. 18, 21.01.2006).

Како еден од консултираните, се придружувам на оценките на Јован и Букаро дека се работи за одлично дело. Тоа не само што нуди вовед во концептите на слобода на говор на интернет и загрозување на приватноста со користење на разновидни извори, туку тоа го прави на пристапен начин и со нагласок на човечката димензија.

Се надевам дека ќе има продолженија, оти скоро во секој параграф се отвора материјал за дополнително истражување и разјаснување. На пример:
Лила М. Стојановска вели дека не заборавила на лошото искуство со веб-форумите. "И ден-денес ме интересира кој го сторил тоа. Она што прво ми падна на памет е да ги нападнам администраторите. Не знам дали тие беа виновни, но не испаднаа џентлмени кога се обидував да откријам кој го направил тоа", тврди таа. Вели дека за себе читала секакви работи и дека ги прифаќа како дел од нејзината работа.
Како жртвата на злоупотреба да дознае кој ја напаѓа, а при тоа да не се направи ново загрозување на приватноста? Ако технократите одбиваат одговорност, која започнува со дефинирање на обврските и правата – нивни и на корисниците на веб-сервисите, дали треба да се вмешаат и други чинители?

Правила и стандарди или се носат интерно, како код на однесување во рамки на еснафот, или се наметнуваат однадвор, на пример од страна на државата со носење закони, често со дополнителни мотиви и несакани последици по слободата.

Можеби демагозите кои негуваат култура на авторитарност по македонските форуми, потсвесно токму тоа и го посакуваат. Авторитарниот тип на личност се карактеризира со суровост кон послабите и понизност кон посилните... и често има потреба од таква „татковска фигура“.

Препорака: „Вечен Фашизам“ од Умберто Еко

Во есејот „Вечен фашизам: 14 начини на гледање на црнокошуљаш“, култниот италијански интелектуалец Умберто Еко ги набројува основните особини кои ги имаат фашистичките движења.
Наспроти извесната замагленост во однос на разликите помеѓу разните форми на фашизмот, мислам дека е можно да се направи список на особини кои се типични за она што би сакал да го наречам Ур-фашизам, или Вечен фашизам. Овие особини не можат да бидат организирани во систем – многу од нив се контрадикторни една на друга. Исто така, тие се типични и за некои други форми на деспотизам или фанатизам. Но, доволно е една од нив да е присутна за да се дозволи на фашизмот да коагулира околу неа.
Одлична појдовна основа за размислување. Освен на македонски, текстот е достапен на албански и на англиски. Поздрав до Ивица и Ивица.

28 January 2006

Мартин Ниемулер: Прво дојдоа по комунистите...

„Прво дојдоа по комунистите,
но јас не бев комунист, па не проговорив против тоа.
Потоа дојдоа по социјалистите и синдикалците,
но јас не бев ни едното ни другото, па не проговорив против тоа.
Потоа дојдоа по Евреите,
но јас не бев Евреин, па не проговорив против тоа.
И кога дојдоа по мене,
немаше останато никој да зборува во моја одбрана.“

Мартин Ниемулер (Martin Niemoeller)
Извор на цитатот и кусата биографија што следи е Еврејската виртуелна библиотека.

Мартин Ниемулер бил протестантски пастор (свештеник) роден на 14 јануари 1892 г. во Липштат, Вестфалија. Во текот на Првата светска војна служел како капетан на подморница. Во почетокот, тој како антикомунист ги поддржувал нацистите, се додека црквата не била ставена во подредена положба во однос на државната власт.

Во 1934 година, тој ја основал ’Пасторската лига за справување со кризи‘ (Pastor's Emergency League) за одбрана на црквата. Бунтовните проповеди и популарноста на Ниемулер го налутиле Хитлер, кој наредил негово апсење на 1 јули 1937. Наредната година тој бил осуден на седум месеци затвор и глоба.

По завршувањето на казната, Хитлер наредил повторно апсење. Ниемулер ги поминал наредните седум години по концентрациони логори, наводно заради негова заштита. Во 1945 година бил ослободен, а во 1947 г. бил избран за претседател на Протестантската црква на Хесе и Насау. Титулата ја држел до 1964 г. Во текот на шеесеттите бил и претседател на Светскиот совет на цркви.

Ниемулер бил пацифист кој се залагал за укинување на нуклеарното вооружување. Најпознат е по неговата моќна изјава за неуспехот на Германците да го дигнат својот глас против нацистите.

Умрел во Визбаден на 6 март 1984 година.

Демант на дел од текстот за МАНУ во „Форум плус“

Во денешниот број на „Форум плус“ (бр. 19, 28.01.2005.) во рубриката „Блогинг ин д фри ворлд“ при обработката на темата „Што работи МАНУ“ зачнатата од Јован, се споменува и моето цитирање на дел од Предлог-буџетот на РМ за 2006 година, по што пишува:
Тој за веб-страницата www.manu.edu.mk иронично вели: „...погледнете каков страотен сајт имаат...“ и соопшти дека се понудил да им помогне да направат подобра интернет-страница.
Во оваа реченица е направен ненамерен превид, при што мене ми е припишано нешто што не сум го напишал. Цитатот е од првобитниот пост на Јован, додека соопштението за понудена помош е од последователниот коментар на Бурглар ( |BURGLAR|).

Официјално изјавувам дека јас досега не сум понудил на МАНУ да им помогнам да си го подобрат веб-сајтот.

PS
Благодарност до „Форум плус“ за промоцијата на блогерството. Чувствував потреба да го издадам демантов оти не би сакал јавноста мене да ми припишува заслуга за туѓ интелектуален труд, особено не оној од ценетите колеги.

Македонски стриповски аналфабети и нивната „Илустрована политика“

Во последниве две недели имав прилика два пати да чујам како, при јавен муабет за стрип на македонска национална телевизија се повикуваат на „Илустрована политика“.
А ова е Забавник, дунстери!Прво, во емисијата „Зебра“ од 8 јануари на тема околу-наоколу насилство во анимирани филмови, на прашањето на водителката за омилени стрипови, Срѓан Јаниќиевиќ се истакна со начитаност, особено со преферерирањето на „Стрипотека“ и на „Принц Валијант“. Дарко Мијалковски пак, потона со изјавата дека како дете баш и не читал стрипови, промрморувајќи нешто за „Илустрована политика“.

Второ, синоќа на „Кој сака да биде милионер“ на прашањето за тоа која е титулата на Командант Марк од Есе Гесе, една девојка која инаку прилично високо се пласира, исто спомена дека не читала баш стрипови, повторно промормувајќи за „Илустрована политика“.

Сироти Трендо и Срѓан, ставени во незгодна ситуација пред камера на соговорниците да им објаснуваат дека можеби мислат на „Политикин забавник“.

Ова е „Илустрована политика“Каде, како и во какви семејства растеле овие стриповскиве дунстери? Како побогу може да ги помешаат „Илустрована политика“ и „Политикин забавник“?

Првиот е трачерски весник, троа пософистицирана верзија на „Свет“ или „Сабор“ - ред естрада, ред политичка пропаганда, ред потресни судбини од црна хроника. Освен издавачот, има малку заеднички работи со легендарниот „Политикин забавник“, кој сеуште излегува и покрај низа други рубрики барем третина му е посветена на разни и често врвни стрипови, но и новости од науката и техниката, катче за научна фантастика и други занимливи и поучни содржини. А и „Стрипотека“ излегува редовно, со месечен ритам.

На времето во Топанско поле и најсиромашните деца чии родители не купуваа ни книги ни весници имаа поголеми знаења од оваа област од горенаведените лоши примери.

Командант Марк инаку излегуваше во „Златна серија“, а Есе Гесе е име на тимот автори што го правеше, настанат од нивните иницијали (EsseGesse: Sartoris, Guzzon, Sinchetto). Кои оптимисти ги прават прашањата во квизот „Милионер“, како на такви незнајковци да им прави разлика дали авторот е Магнус или Мебиус. Титулата на Командант Марк приучените ја мешаат со онаа на Капетан Мики, ренџерот вундеркинд, ама тоа е друга приказна.

На оние кои би сакале да си го освежат или изградат знаењето од оваа област, за теориски знаења им го препорачувам одличниот Стрипови.ком или барем написот „Стрип за блефери“ од ХИЕС, а може да ја ѕирнат и рубриката за стрип на Агора.

26 January 2006

Препорака: Претставување на половите во ТВ-рекламите

Инспириран од забелешката за тепањето на мажи по рекламите, Дарко од Комуникации овозможи пристап до текстот „Претставување на половите во телевизиските реклами“ од Сеад Џигал. Трудот кој накратко ги објаснува принципите на правењето реклами ептен ми се допаѓа и топло го препорачувам за секој кој сака да гледа подалеку од носот. Анализата на типологијата на машките и женските ликови во рекламите е исцрпна, а истовремено забавна за читање.


За жал, не успеав низ текстот да најдам [Дарко ми објасни дека текстот намерно не содржи] информации за методологијата на оригиналното истражување, односно за тоа кои и колку реклами [авторот] прегледал за да дојде до бројки како овие претставени на графиконите земени од текстот. [Сеад решил да ги скрати академските елементи за да го направи почитлив за општата публика.]

Особен впечаток ми остави следниот цитат:
Реален е заклучокот дека денес во време на стандардизирано производство разликите со конкурентските производи и не се така големи. Тоа е главната причина зошто рекламните субјекти го преориентирале начинот на рекламирање од информативен во убедувачки т.е. трансформационен. На богат пазар разликите помеѓу производите добиваат на вредност исклучиво тогаш кога на потрошувачот му нудат нешто повеќе од трошење. Тоа е токму тогаш кога тие му ветуваат поинаков начин на живеење кој донекаде го отсликува светот на имагинарното на потрошувачот. На тој начин разликите помеѓу производите се сведуваат на начинот на нивното рекламирање, на естетиката на малите разлики, додека во реалниот свет состојбата е далеку поуниформна.
...кој одлично се вклопува во расправите за глупите бестселери и издавачкиот маркетинг што ги водат Анти и Букаро.

Анкета: Кој Ви е омилен „праисториски човек“, односно хоминид?


Хепи фемили



Australopithecus Africanus
Paranthropus Boisei
Homo Georgicus
Homo Heidelbergensis
Homo Floresiensis
Australopithecus Robustus
Homo Habilis
Homo Erectus
Homo Neanderthalensis
Homo Sapiens

Константин Кавафи: Чекајки на варварите

Што чекаме, собрани во форумот?

Варварите треба да пристигнат денес.

Зошто Сенатот не дејствува?
Зошто сенаторите не заседаваат и донесуваат нови закони?

Затоа што варварите треба да пристигнат денес.
Кои закони би требало уште да ги донесат сенаторите?
Кога варварите ќе пристигнат, тие ќе бидат закон.

Зошто нашиот император се разбуди толку рано,
и седи на најголемата порта од градот,
на престолот, свечен, со круната на глава?

Затоа што варварите треба да пристигнат денес.
И императорот чека да го прими
нивниот поглавар. Навистина, тој се подготви
да му даде еден пергамент. На него се испишани
многу титули и почесни имиња.

Зошто нашите два конзули и преторите излегоа
денес облечени во нивните црвени извезени тоги,
зошто носат нараквици со аметист,
и прстени со блескави, светкави смарагди,
зошто денес носат скапоцени бастуми,
прекрасно изрезбарени, со сребро и злато?

Затоа што варварите треба да пристигнат денес,
а такви работи ги заслепуваат варварите.

Зошто заслужните оратори не доаѓаат како секогаш
да ги држат нивните говори, да го кажат своето?

Затоа што варварите треба да пристигнат денес,
а нив бргу им здодева од елоквентност и орации.

Зошто одеднаш се јави овој немир
и конфузија. (Колку лицата стаанаа мрачни).
Зошто улиците и плоштадите брзо се чистат,
а сите се враќаат по домовите, задлабочени во мисли?

Затоа што ноќта е тука, но варварите не се дојдени.
И некои луѓе дојдоа од границите,
и рекоа дека повеќе нема варвари.

И што ќе стане со нас сега без никакви варвари?
Тие луѓе беа некој вид решение.

Константин П. Кавафи (1904)

(Превод од англиски, а при рака е и оригиналот на грчки.)

Кои блогови ќе влезат во наредната „Споредба на посетеност на македонски блогови“

Решив последниот ден од месецов да направам нова верзија на Споредбата на посетеност на најпосетените македонски блогови, која ја објавив на 20.01.2005.

Основен критериум за еден блог да биде земен предвид е да користи бројач Сајт митер чии резултати се јавно достапни. Ваквиот бројач лесно се интегрира и ако имате блог на Блогер (опција во самите подесувања на бројачот) и ако имате блог на Блогерај (опција во подесувањата на блог-сервисот).

Споредбата ќе биде извршена во три категории, одбрани заради низа причини од графичка природа. Категориите се поделени според максималниот број на посети на месечно ниво постигнати во некој од последните 12 месеци
  1. Над 3000: ветераните Анти, Букаро, Јован, Моби, НБА Маседониа и новите „златни дечки“ Вицотека, Секс.
  2. 1000-3000: Ана, Веб-сајт на денот, Горан Андреев, е-Бизнис, Етна, Панта реи, Тајни, Тетово-онлајн, Фотографик дајери.
  3. Под 1000: Будна правда, е-Рајдери, Развигор, Скопски времиња.
Секако, доколку во меѓувреме има скок на посетеноста на некој од наведените блогови, ќе бидат соодветно преместени по категории.

Ако сметате дека постојат блогови поврзани со Македонија коишто не се наведени, а треба да влезат во конкуренција, пишете коментари со линк до нив (може и анонимно).

Етна додадена во блогрол

Додадов линк до Етна во блогролот. Не можам да се пофалам дека сум ги прочитал сите постови таму, но некои секвенци што ги имам ѕирнато ми се видоа симпатични - по стил и содржина.

Панта реи додаден во блогрол

Panta Rei by GoodBytesДодадов линк до Panta Rei, еден од за мене најинтересните македонски блогови во блогролот. Не ми е јасно како сум го испуштил досега.

Неговиот автор уште одржува неколку други блогови, од кои многу ми се свиде оној со македонски народни песни.

Ме потсети на иницијативата која околу 1997 година ја почнавме во рамките на градењето на студентскиот веб на Институтот за информатика, а во соработка со волонтери-корисници на Информа ББС организирав изградба на една „Спонтана збирка на македонска поезија“ со препеви на англиски, која беше на интернет неколку години. Пред некое време ги најдов оригиналните фајлови во „нафталин“ (личен бекап), па штом можам ќе ги презентирам повторно на веб. Треба да се дообработат, оти беа објавени во времето пред да се рашири кириличната поддршка, па за максимална компатибилност со сите читатели и песните на македонски јазик се пишувани со транскрипција на англиска латиница.

ТВ-Траума: Смешно е кога жената тепа

Во барем неколку реклами што се вртат по македонските телевизии главната финта е како женско тепа машко. Таквиот чин е претставен како нешто смешно. Неколку примери:

Чин на насилство Производ Нешто од рекламата
Помодрување со бејзбол-палка Кафе Браво „Он на мене - Цуцо“ (К-15)
Шлаканици Фанта „Џими Хуму Хуму Нуку Нуку Апуа му помага на Малиот Батка у романтика“ (Бамбуча)
Кршење од ќутек Пепси „Седиш на мојата чанта“ (Џенифер Лопез, Бијонсе и Дејвид Бекам)
Истурање ладна вода на глава Пела роса Луѓе шетаат наоколу со растенија во саксии.
Шлаканица Фруктал „Само во подобри локали“

Мислам дека оваа појава е показател за нерамноправноста на половите, без разлика што семејнотото насилство кај нас е дефинирано неутрално, на пример со член 98-109, од Законот за семејство (ПДФ, 464 КБ).

Дали рекламиве би се сметале за смешни и прифатливи со обратен распоред на улоги?

Веројатно рекламните агенции што ги прават ги дефинирале жените како главна целна група (главен „шопер“ у фамилија) чие его треба да се подигне. Има и многу реклами во кои нема насилство, особено за производи поврзани со „женски работи“, ама во кои машкиот лик испаѓа смотан, а жената вешта: „Па добро бе Горане, не знаеш ли дека...“ или она кога жената намерно истура кечап на чаршавот откако мажот по грешка ќе бутне чаша, да му покаже дека со тој и тој прашок не е страшно.

Исклучок од овој тренд се некои од рекламите за хигиенски влошки, во кои понекогаш е определено срамот, а не суетата, да се искористи како емоција-„тригер“. Има една таква со девојка што се огледува во темно прозорско стакло од автомобил.

25 January 2006

Најмалиот политички квиз на светот

Препорачувам да го пробате „Најмалиот политички квиз на светот“, кој е денешен „веб-сајт на денот“ на „Време“. Квизот се состои од само 8 прашања, кои откако ќе ги решите добивате графикон со вашата позиција на политичкиот спектрум за степенот на мешање на државата во приватниот живот и економијата.
Во САД, квизот има стекнато репутација како валидно мерило на личната политичка ориентација и статистички агенции го користат при анкети, особено пред избори.
На копијата од рецензијата на блогот „Сајт на денот“ може да оставате коментари за вашите впечатоци. Впрочем, може и тука :-), или на ваш блог - кај сакате.

Македонија: 32% од граѓаните користат интернет, вака или онака

Најновото истражување на Центарот за развој на медиуми, за кое известува Метаморфозис, укажува дека
Од вкупниот број на испитаници 68% изјавиле дека воопшто не користат интернет. 14% користат интернет во интернет-кафеа, а 11% сурфаат од дома. 9% користат интернет на работното место, додека 4% од испитаниците користат кај пријатели и 1% одговориле дека користат на друго место.

Големо внимание при првото јавно презентирање на резултатите предизвика податокот дека 50% од македонските домаќинства се приклучени на кабелска телевизија.
Преку написот може да се симнe зипувана презентација во Пауер поинт од 860 КБ, во која јавниот дел од резултатите на истражувањето се претставени подетално.

Инаку, вкупната бројка на проценти за користење на интернет е 107%, оти некои од испитаниците користат интернет на повеќе места - на пример, дома и на работа.

Затоа пак, процентот на некористење е еднозначен и сличен со оној добиен со истражувањата на Метаморфозис од 2004 (67% не користат, 3% одбиваат да одговорат) и 2005 (70% не користат).

Ивица Боцевски отвора блог: Скопски времиња

Ивица Боцевски, најпознат во јавноста како елоквентен и аналитичен колумнист на „Утрински весник“, отвори блог наречен „The Skopje Times - Скопски времиња“. Блогот ќе се занимава со:
[Г]лобалната, македонската и скопската борба со идеи. Во наредниот период авторот на овој weblog, во соработка со своите пријатели и критичари ќе го гради концептот на овој електронски медиум.
Ме радува отворањето на блогов, особено што со првиот пост авторот ја декларира својата отвореност за соработка со читателите.

Недостасуваат домашни содржини? Намалете ги цените на хостинг!

Случајот со Блогерај обезбедува сигурен доказ дека еден од факторите кои го кочат развојот на македонскиот веб-простор е високата цена на хостингот. Кон крајот на октомври, Он.нет јавно понуди по 50 МБ бесплатен веб-простор за секој блог преку овој сервис, а вчера објави дека досега се отворени 700 нови блогови.

Се работи за 700 нови веб-сајтови. Ова постигнување е мерливо, што уште повеќе ја потенцира неговата големина. МАРНет регистрира околу седум илјади поддомени. Бројот на веб-сајтови поврзани со Македонија кои не се регистрирани под .МК доменот е голем, но не верувам дека ја надминува оваа бројка. Дури и да е приближен, се работи за зголемување од околу 5-10% на ниво на државата/културата, постигнато за само 3 месеци, поради отворање на една нова услуга.

Во општ случај, комерцијалните цени за веб-хостинг кои во Македонија се прилично повисоки од оние на светскиот пазар. Со парите што кај нас некои фирми ги бараат на годишно ниво за пакет со 10 MB веб-простор, на Јаху се добиваат 5 GB (500 пати повеќе) – резултат на реалното и драстично паѓање на цените на диск простор низ годиниве.

Секако, свесен сум дека Блогерај не е совршен (особено во споредба со Блогер), а во моментов немам увид во правата и обврските кои се содржат во договорот за користење. Мора да се спомене дека некои од македонските провајдери, меѓу кои Унет, Сонет и МТ.нет имаа/т пракса да спонзорираат, или да прогледуваат низ прсти за претплатата на, непрофитни веб-сајтови хостирани кај нив. Но тоа не го намалува значењето на преседанот.

Истражувањата на Метаморфозис, Националната стратегија за развој на информатичко општество (ПДФ), а и искажувања од претставници на провајдерите, меѓу кои и Предраг Чемерикиќ од Он.нет и Огнен Фирфов од МТ.нет на „Чуму“ (28.06.2005), укажуваа дека недостатокот на содржини на локалните јазици влијае на ниското ниво на користење на интернет кај нас. Блоговите помагаат, но мислам дека ќе настане огромен скок кога ќе се спуштат цените по мегабајт до ниво приближно на светското, за сите видови веб-сајтови.

24 January 2006

Јавни веб-камери: можности за туризмот, ризици за приватноста

Од повеќе аспекти е добро местата на кои се поставени веб-камери да се означат. Имено, според Дневник, покрај Битола и Скопје, и во Охрид се подготвува таков проект:
Сите заинтересирани корисници на Интернет наскоро ќе можат во живо да гледаат панорами од Охрид, езерото и од позначајните историски споменици, преку камерите што ќе бидат поставени на повеќе локации.
Оваа шема може да послужи и за поттикнување на туризмот, а и зголемување на посетеноста на веб-сајтот. Луѓето од општина Талин, Естонија забележале дека многу туристи или локалци на пријатели и роднини им праќаат СМС-пораки за тоа каде може да ги видат и потоа им мафтаат преку веб.

Затоа, би било добро и пристојно, на местата кои што се под надзор на камери да се стават ознаки дека тука се снима (натписи, постери) , на кои ќе биде јасно назначен и веб-сајтот на којшто се прикажува снимката.

Ова е важно и од аспект на зачувување на приватноста, оти видео-снимањето е еден вид „прислушкување“. Кој гарантира дека тие снимки нема да се чуваат и анализираат, можеби на штета на снимените граѓани - и од кого. Особено ако целата операција ја вршат органите на власта, со пари од народот, кои богами не ги кријат можностите за примена на репресивни мерки:
Покрај тоа што Охрид преку Интернет ќе се промовира во светот, локалната власт ќе ги користи камерите и за санкционирање на несовесните граѓани, кои не се грижат за хигиената во градот и фрлаат отпадоци на јавни површини. Истите ќе бидат казнувани според одлуката за комунален ред на Општината Охрид. Се очекува камерите позитивно да влијаат и врз почитувањето на јавниот ред и мир и врз намалувањето на криминалот во градот.
Ефектот од последново може и да не биде особен, оти на местата на кои е најавено поставувањето веројатно поради големото присуство на минувачи ионака има помали можности за насилство.

Ако добро се сеќавам, во еден муабет, Иан Браун, стручњак за е-општество од Лондон (кој е прилично прекриен со камери) ми има кажано дека ефектот кои ваквиот вид на надзор го има врз криминалот е занемарлив, а ризикот од злоупотреба и загрозување на приватноста од страна на властите е голем, наспроти, да речеме поставување на добро улично осветление по сите мрачни сокаци.

22 January 2006

Кабелските телевизии стануваат самостојни интернет-провајдери

Примерот од блогот е-Бизнис, за тоа како Телекабел ја раскинал соработката со Он.нет и решил „сите корисници да ги префрли кај себе“ не е осамен. Од прва рака (монтерот) дознав и дека охридска ТВ Зора, која во Скопје го покрива Карпош, веќе не нуди кабелски интернет преку МОЛ, како досега, туку „свој“.

Според МАРНет, регистриран сопственик на поддоменот www.zora.com.mk е Зора ДOO Oхрид, но адресата во моментов директно пренасочува кон веб-сајтот на МОЛ. Претпоставувам дека МОЛ го хостирал како дел од соработката. На каналот на Зора за информации одат реклами за кабелски интернет под слоган „Најдобри! Единствени!“ (второво е доста индикативно) и ВОИП, но не е наведен нивен веб-сајт.

Стратеџик маркетинг (СММРИ) по нарачка на Центарот за развој на медиуми има извршено квантитативно истражување, финансирано од ФИООМ и ОБСЕ, на тема „Технички услови и потенцијал во радиодифузната дејност во Р. Македонија“ според кое околу 50% од домаќинствата во замјава изјавиле дека имаат приклучок на кабелска телевизија.

Наредната година за Водици место телевизор - компјутер

Предлагам од наредната година за христијанскиот празник Водици, главна награда за човекот што ќе го извади крстот од водата, наместо телевизор да биде компјутер.

Не ми е познато каков модел на „традиционален“ телевизор се доделуваше досега. И да има разлика во цената, мислам дека ќе биде оправдана со силината на позитивната порака што МПЦ ќе ја прати до верниците, домашната и светската јавност - дека се работи за црква што го цени знаењето, демократијата и припаѓа на 21 век.

Нема потреба дополнително да се аргументира, но добро е да се наброи дека ТВ-приемникот е средство за
  • еднонасочна комуникација,
  • контролирана од центри на моќ
  • поттикнува пасивност, униформност и конформизам,
наспроти компјутерот, кој нуди и
  • моќ за креирање,
  • размена и споделување на информации,
  • поттикнувајќи интерАктивност и самостојното размислување.

20 January 2006

Споредба на посетеност на најпосетените македонски блогови

Споредба на јавно достапните податоци за посетеност на најпосетуваните македонски блогови. Во конкуренција влегоа само блоговите кои, според за мене достапните сознанија, во некој од изминатите месеци имале над 3000 посети: Анти, Букаро, Јован, Моби и НБА Маседониа.



Споредбата се однесува на број на посети (visits) и е направена со користење на податоците од Сајт митер кои се однесуваат на последните 12 месеци, состојба од 20.01.2006. околу 17:30 часот. За комбинирање и обработка на сликите беше користен Фотошоп ЦС.

Споменување на информатички развој во Буџетот на РМ за 2006

Извадок од Предлог-буџетот на РМ за 2006 година поднесен во ноември 2005 г. од страна на нашата Влада. Барајќи експлицитни ставки и заложби во однос на информатичкиот развој, во хартиената верзија успеав да го пронајдам единствено ова, во делот „04001 Влада на Република Македонија“:
Програма 3 - Информатичка поддршка на Владата. Оваа буџетска програма ги опфаќа активностите поврзани со организација, планирање, развој, подобрување на информатичката инфраструктура, експлоатација и поддршка на веб-страница на Владата на Република Македонија и усвоениот концепт за Е-Влада. Во текот на 2006 година се предвидува преуредување на канцелариски простор во систем сала со електростатски под, набавка на информатичка опрема и изработка на соодветни апликативни решенија во согласност со усвоениот концепт за Е-Влада. Основна цел на оваа буџетска програма е обезбедување на соодветна информатичка поддршка на работењето на Владата на Република Македонија.
Предвиден расход: 21.627.000 денари.

Штета што во моментов не постои јавно достапна електронска верзија од донесениот буџет ниту на веб-сајтовите на Владата и Собранието, ниту кај Министерството за финасии и Канцеларијата за контакт помеѓу НВО и Собранието. На последните две институции со колегите се обративме и телефонски - без резултат. Со дигитална верзија пребарувањето по клучни зборови ќе беше многу полесно и се надевам, поуспешно.

19 January 2006

Форумизација на блоговите од Македонија

Во текот на 2005 година забележав една појава за која условно ја нарекувам „форумизација на блоговите“ од Македонија, односно користење на блоговите како еден вид на „дисперзиран форум“ (© Јован). Блогерот игра улога на модератор: зачнува тема со својот пост, а потоа посетителите - меѓу кои и голем број блогери - даваат коментари, понекогаш водејќи обемни полемики.

Во тоа нема ништо лошо, само по себе, но е различно од праксата во светот, каде што голем дел од блогерите, особено оние најуспешните, ги користат своите блогови за да коментираат постови или написи, објавени на други блогови односно веб-сајтови. Ваквите коментари обично се состојат од:
  • кусо резиме/мислење на блогерот,
  • цитат и
  • (обврзно) линк до изворот.
Токму меѓусебното длабинско линкување (покрај блогролот) овозможи блоговите да се издигнат во нов и влијателен „бран на иднината“. Меѓусебните линкови влијаеја на зголемување на рангот на блоговите на Гугл, со што тие „испливуваа“ меѓу резултатите од пребарувањата. Едно време се зборуваше и за „блоговска бучава“ како проблем што овој пребарувач се обидува да го реши. Нејсе, Гугл го купи Блогер, блоговите се изборија за свое место под сонцето, а потоа беа забележани од македонската јавност.

Најголем дел од македонските блогови што се појавија во последниве година-две се интроспективни и служат за објавување на лични ставови, согледувања или литературни творби, со забележливо отсуство на длабински линкови до други блогови и веб-сајтови.

Сметам дека поголемото длабинско линкување не само што ќе доведе до ширење на видиците на самите блогери, туку ќе овозможи подигање на рангот на Гугл на целиот македонски веб* - што ќе значи поголема посетеност на тие веб-сајтови од страна на оние кои не ги знаат - особено на оние наменети за странци.


* Досега немам видено македонски веб-сајт (правен во или на тема Македонија) кој има поголем ранг од 6, а и таквите се бројат на прсти.

Повеќе за МАНУ (надоврзување на Јован)

Со првиот пост што ќе го поставам по реактивацијата на блогов ќе се надоврзам со една информација на темата за МАНУ што ја зачна Јован на неговиот блог.

Го разгледував Предлог-буџетот на РМ за 2006 година и во него стои дека МАНУ „е јавна установа од особено значење за РМ и е највисока самостојна, научка и уметничка установа“, во чии постигања во 2005 година се вбројува тоа што „изработи околу 60 научно-истражувачки проекти, одржуваше научно-истражувачки собири, меѓу кои некои со меѓународен карактер, реализира повеќе уметнички изложби, а во тек е изработката на првиот том од Македонската енциклопедија“.

Приоритети и цели за 2006 година за МАНУ ќе бидат „во насока на организирање фундаментални, применети и развојни истражувања, посебно на комплексни и мултидисциплинарни истражувања“.

Буџет на МАНУ за
2005: 61.000.000 денари
2006: 78.000.000 денари