Блекаут

Showing posts with label Македонија. Show all posts
Showing posts with label Македонија. Show all posts

19 September 2016

Првата светска војна во Македонија е табу-тема


Стогодишнината од Првата светска војна (1914-1918), односно периодот 2014-2018 година на ниво на Европа се користи како повод за потсетување (remembrance) на ужасите на модерното тотално војување и како основ за нови форми на помирување и поврзување меѓу земјите учеснички - страдалнички.

Историјата како учителка на животот, а не како слугинка на пропагандата.



Освен нашиов регион. Особено не во Македонија, земја во која идол на владетелот е неформален шеф на бугарското воено разузнавање, кој бил од истото село како прадедо му и кој војната ја завршил како воен злосторник на страната на губитниците. Таквиот, кој целиот живот го посветил на други цели и „обединување“ со една соседна земја, додека лажел дека се бори за независна Македонија, во последните неколку години власта го промовира како национален херој. Предочување и испитување на фактите и контроверзите е непожелно, па затоа...

Отворањето широка и искрена, издржана дискусија за Првата светска војна во Македонија е табу-тема.

Политички настани и гестови кои наизглед (пред странците) изгледаат помирително, како комеморации на битки и обнова на споменици од минатото заедно со раководство на соседни земји, се протнуваат реда ради. Испаѓа дека тие случувања се повеќе во функција на пропагандата за интерна употреба на режимите во тие земји. Поради лицемерието на истовременото ширење омраза кон тие нации во земјава таквите настани неофицијално се користат за разгорување етничка нетрпеливост меѓу нашите граѓани.


Неопходно е да го смениме ова. Сакале или не, нашите директни предци биле опфатени со Првата светска војна на сите можни начини. Нашата земја била едно од главните боишта. Дури и да не сме биле, таа војна е дел од историјата на континентот и на заедницата кон која повеќето од нас имаат желба да припаѓаме.

21 December 2015

Добро е да се споделуваат сопствени фотки од протести - и селфи и туѓи

Пак ‪#‎НеСеДише‬ во ‪#‎Скопје‬. Затоа - следниот протест треба да сме помногубројни!

Океј, кога сите што беа вчера на протестот против загадувањето во Скопје би објавиле свое селфи од лице место или фотка на која што се пронашле, веројатно и би се нарушил впечатокот дека беа „само шака луѓе“.

Пред Град Скопје сретнав многу пријатели и познаници, но уште повеќе од нив што не ги сретнав таму ги видов на ретките снимки од настанот вечерта на некои од вестите.

Очекувавме повеќе сограѓани, но во ситуација на „спирала на молкот“ секогаш промената почнува од мало јадро кое одбива да молчи и неправдите не ги прифаќа како „нормални“.

Посрамување на тие што би требало да дојдат но не се појавија преку попување обично не успева, оти директно удира на најчовечката особина - суетата. Затоа мислам дека е подобро кога (како беше она со песните) ...Фејсбук „да го поплавиме“ со позитивни примери на најосновно граѓанско учество, наспроти малограѓанските критизерства од типот ’види ја отишла на протест позерски направила селфи‘ (со цел да се оправда сопствената пасивност). Такво селфи во земја во која министри ти се закануваат дека ќе изгубиш работа заради еден лајк е чин на лична и граѓанска храброст.

И тоа не само на денот на протестот, туку и во деновите после него (како денес), како и во деновите пред следниот протест.


#НеСеДише

Ако не си направивте селфи (како мене - сега ми е криво) побарајте се на фотките или по видеата од настанот што други ги направиле, па постирајте ги нив. На пример од галеријата на Ванчо Џамбаски која е објавена под лиценцата Криејтив комонс, што дава дозвола за споделување под услов да го наведете изворот, односно авторот...

Секако ставајте и линк до изворот ако издвоите посебни фотографии, а и не го заборавајте хаштагот или хаштаговите.

Споделете го статусов ако се согласувате.

16 September 2015

Зошто има многу млади мажи меѓу бегалците од Сирија?

„Вратете ги нашите синови!“ - се сеќавате на протестите на мајките од Македонија кои не даваа нивните деца да бидат регрутирани во ЈНА за да ги водат војните на Милошевиќ?

Одамна беше, кон 1990 година, голем број на корисниците на Фејсбук од Македонија не беа ни родени тогаш. И не знаат што значи другар ти од маало да биде заглавен во Вуковар, на пример.

Прашајте се ако сте се родиле случајно во Сирија дали би сакале вие или вашиот син да биде регрутиран во армијата водена од диктаторот Асад, или пак да биде регрутиран од „Исламската држава“, или пак да биде регрутиран од некоја од десетиците други паравоените формации што владеат со делови од Сирија?

Една од теориите на заговор кои се дел од пропагандата против бегалците е дака меѓу нив има многу млади мажи на возраст која е најпогодна за воена служба, па спремаат некаква си инвазија.

И кога таквиот млад маж би бегал од присилна регрутација, дали би останал во бегалски камп во соседна земја која е на некој начин инволвирана во конфликтите, каде во најголем дел владее и локална диктатура и каде бегалските кампови се на дофат на горенаведените, или би се обидувал да отиде на побезбедно место..? Ми изгледа логично што одат во Западна Европа каде што животот не им е загрозен и имаат какви-такви шанси на други полиња.

02 July 2015

Дали Скопје 2014 укажува дека востанијатата од XIX век не успеале поради дефект на оружјето?

Со Скопје 2014 навистина сè е можно. Еве видете на пример како му клапнал пиштолот на Димитар Поп-Георгиев Беровски од барељефот „со соборците“ под еден од лавовите на мостот „Гоце Делчев“ - најблискиот до поштата.

Скопје 2014 го скрнави споменот на херојот преку приказ со омлитавен пиштол.
Син ми претпоставуваше дека ако пукне со ваков пиштол, куршумот ќе му отиде во земја. Додека јас, со моето скромно познавање од областа на воена техника, мислам дека би му експлодирал во рака.

Немам чуено до сега дека излиена бронза се топи сама од себе како сладолед, па дури и на жешките температури карактеристични за скопските лета. Бронзени споменици биле дигани и на многу пожешки и посончеви места, без да се искривоколчи нивното значење поради фушерај. Можеби има нешто во сомневањето на босанскиот уметник Дамир Никшиќ, кој во оваа репортажа за Скопје укажува дека под слојот на бронза можеби се користеле и некои други материјали.



29 May 2015

Какви се тие „панел-дискусии“ со по еден учесник?

Убавините на вмровскиот новоговор:

Во нормалниот свет, панел-дискусија (анг. panel-discussion) е кога неколку панелисти дискутираат на дадена тема, како во слободарскиот камп пред Влада.

Пример за панел-дискусија, одржана на 25.05.2015. на тема
„Каква Македонија сакаме по излезот од политичката криза?“ 
Фото: Ванчо Џамбаски

 Во контра-кампот пред Собрание, под „панел дискусија“ подразбираат кога еден говорник им држи говор на присутните „чувари на демократијата“.

Новокомпонирана „панел-дискусија“,
со еден учесник, 28.05.2015.
 Целиот пропаганден пристап на контрапротестите организирани од владеачката партија е исклучително интересен. Ги копираат и извртуваат активностите на граѓанските протести. Почнувајќи од дизајнот на логото, што беше плагијат на лого објавено од поддржувач на протестите, до поставувањето камп, организирање копија на активностите, дури и дизајнот на распоредите... Изгледа забегано, но изгледа поентата е да се збуни народот, па тогаш забеганиот да му остане на збунетиот.

12 May 2015

#Протестирам против полициска бруталност, не против полицајците како луѓе или полицијата како професија

Женски учеснички на протестот на 6 мај 2015 г. со жив ѕид ја штитат полицијата
од провокатори,  спречувајќи ескалација на насилство. Фото: Meta.mk.


Кога протестирам, не протестирам „за“ или „против“ некоја категорија луѓе: Македонци, Албанци, Бошњаци, Срби, Власи.., вмровци, сдсмовци, пожарникари, полицајци, твитерџии, кондураџии...

‪#‎Протестирам‬ затоа што мислам дека не смее во власта да седат криминалци и да ја користат позицијата и моќта за прикривање и вршење злосторства.

Затоа и оние што протестираат против полициска бруталност (општествена појава) ги бранат  и полицајците (луѓето, нивни браќа и сестри).

(Колку од „големите“ „патриоти“ што ги клеветат протестите го изложиле своето тело, своето здравје и живот да заштитат било кој друг? Насилниците-провокатори фрлаа со стаклени шишиња, некои од луѓето од живиот ѕид беа повредени од удар во глава, во око.)

Сакам Македонија да биде нормална држава во која е нормално да се спроведе истрага кога и најмоќниот е фатен во криминал, а не феудален пашалак во кој мафијашката врхушка од „незаменливи“ може буквално да прави што сака, да си игра со животите и судбините на два милиони смртници. И кога институциите се окупирани, должност на граѓанинот е да востане, а не повеќето од нивните жртви кукавички да се прават наудрени.

Има разлика меѓу граѓани и поданици.

Каква улога им оставаш на своите деца?

08 May 2015

Дали Македонија е во воена состојба?

Веќе неколку дена полицијата го ограничува правото не само на протест, туку и на движење низ делови на центарот на Скопје.

Устав на Република Македонија, Член 21:
„Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола.
Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.“
Блокада на бул. Илинден и бул. Св. Климент Охридски, 07.05.2015.

  • Врз основа на кое законско овластување и чива наредба полицијата има блокирано неколку скопски булевари и не дава „пиле да прелета“? 
  • Дали претседателот или друг висок државен функционер има издадено указ со кој е прогласена воена или вонредна состојба?

25 March 2015

Препорака во врска со известување за ‪#‎бомба‬ и ‪#‎тиктактиктак‬

„Приватизирале државно земјиште што припаѓа на сите граѓани - за да си изгради шефот хациенда или замок...“
или
„Заграбиле парк-шума каде што веќе нема да смееме да се шетаме, оти ја претвориле во приватна прчија, негов личен имот...“
оти звучи поразбирливо од...
„Промена на ГУП и ДУП за пренамена на зелен појас...“
Ова последново на обичен граѓанин, особено помлад, не му значи ништо, само куп бирократски кратенки. И затоа е лесно да се релативизира.

Скица на дотичниот имот. Фото: МЕТА.мк

07 April 2014

Дали жените имаат заслуги за развојот на Република Македонија?

Зар единственото важно што направиле жени за државава од 2009 до 2014 година било да бидеш позната пејачка или 1/12 од стручен тим на машка репрезентација?

Според неговиот „Отчет“, Ѓорге Иванов во текот на неговиот мандат како претседател на Република Македонија доделил медали на 185 личности. Официјалното образложение е следното:
„Сето ова го правев за да пратам силна порака до македонската јавност дека сè што е постигнато во културата, спортот, општествениот живот е вреднувано и забележано од државата.“

4% од добитниците на вакви признанија се жени.

Тие 4% ги сочинуваат 8 лица. Две се државјанки на РМ - сопартијката Есма Реџепова-Теодосиевска и Ива Чадиковска - членка на стручниот тим на машката ракометна репрезентација која добила орден во пакет со дузина други лица од таа екипа. Другите 6 се странски државјанки, од кои една професорка по славистика и 5 претставнички на етничката македонска дијаспора.

1% добитнички државјанки наспроти околу 50% жителки ми се чини прилично несразмерно, особено поради амбициозната декларација дека се давало признание за „сè што е постигнато“. А вам?



PS
Ако се оди и по области, еве на пример според тоа кои министри биле одликувани постхумно, испаѓа дека „сè“ се состои од - полиција.

Сличен нејасен критериум е применет и кај инстуциите. На пример, во приоритетната област образование, одликувани се цели две високообразовни институции Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје и Универзитетот на Југоисточна Европа - Тетово.

12 March 2014

Неколку прашања во врска со субвенционираните бракови




Дали добитниците на субвенции за склучување брак во Лозово потпишуваат дека ќе ги вратат тие 500 евра народни пари во случај на развод?

1. Ако не, постои ли опасност за развој на шема за перење пари преку фиктивни бракови?

2. Ако да, дали се прекршува Уставот на РМ Член 40.б кој вели дека „Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.“ - а не со општинска одлука или декрет на градоначалник.

3. Ако да, бидејќи поентата е зголемување на наталитетот, дали има клаузула која кажува колку деца треба да родат сопружниците во даден рок? Дали може компензација со посвојување?

4. И најнакрај, дали објавата дека добитниците на субвенциите треба да се „стари беќари“ важи и за женски жителки на општината - има ли основ за родова/полова дискриминација?


18 March 2013

Скопје 2014, споменикот на Цар Самуил: Печатни грешки излеани во бронза

Еден од примерите за фушерај во проектот Скопје 2014 е и плочата со објаснување пред споменикот на Цар Самуил. Плочата е излеана во бронза, на македонски и англиски јазик.

 
Преводот е прилично буквален, со конструкции на реченици целосно пресликани од македонскиот и како такви прилично несмасни ако се споредат со вообичаените на англиски.


Очигледно е дека пред да се излее во бронза текстот никој не го погледнал два пати, дури ни самиот преведувач. Кај делот за автокефалноста има и апла печатна грешка кај што им останало и некое претходно „autoce-“ пред „autocephalous“. Во нормални околности ваков запис, наменет да остане трајно и вечно да комуницира со странските гости, би требало да го погледне и локален стручњак (лектор-коректор) и можеби роден говорител на целниот јазик. А овде не бил вклучен ни автоматски спелчекер.

Под претпоставка дека поставувањето вакви споменици е оправдано, одговорните би морале да одговараат и за самата презентација на содржината и изборот на јазици. Дискутабилно на пример зошто баш се фалиме со пљачкашкиот поход и уништувањето на Задар, а не е спомнат грабежот на Лариса. Покрај основниот македонски е избран само неслужбениот англиски, наспроти на пример албанскиот со кој би помогнало да се индоктр... образуваат голем дел од локалните жители и е службен на ниво на Скопје. Контекстот на Самуил го прави интересен и за туристите од соседните балкански земји, па би било логично и ним на нивниот јазик да им се промовира официјална верзија на историјата, што е суштинската причина за дигањето на тој споменик, меѓу другите.

Башка што има тука и фактички „недоследности“, за разлика од Саудиска Арабија која е наречена според владеачкото семејство, државата не се викала Самуилова - референца која се користи во современото македонско творештво по 1945 година, ниту Гаврило-Радомирова според син му и наследникот после смртта на основачот... Но тоа е друг муабет.

17 March 2013

Квазиисторија: Аристотел демек го учел Александар за демократија

Во градот Скопје, на брегот на реката Вардар, под лавот од типот „Грингер“ најблизок до Кале, има релјеф на кој навидум се прикажани филозофот Аристотел и младиот принц Александар на час. Аристотел држи свиток на кој пишува „ΔEMO КРАТИYАТА Е ОСНОVA НА СΛОBOΔATA“ што би можело да се прочита „Демократијата е основа на слободата“. 

Антички ученик кој наликува на идниот крал Александар III и
антички учител кој наликува на филозофот Аристотел на релјеф од Скопје 2014.


Нема податоци за тоа кој е Накнадно дознав дека Коки Јанев е авторот на ова пропагандистичко дело од проектот Скопје 2014, но поуките што ги пренесува се тотално спротивни на историските податоци. Од општа култура ми изгледаше нелогично да се прилепува учење за слобода и демократија на кралот Александар, чија цела кариера се базирала на воспоставување и одржување апсолутна власт. Тој не само што се сметал за апсолутен земски владетел, туку се сметал и за бог, или барем во поскромните моменти, син на бог.

За повеќе информации за Аристотел се обратив и до проф. д-р Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки, оти знаев дека нејзиниот научен опус опфаќа и анализи на тој историски период. На пример, едно од нејзините дела е книгата „Хелените и смртта“. Таа ми пиша:
„Ако учителот на овој релјеф навистина треба да го претставува Аристотел, би му препорачала на авторот да прочита нешто од Аристотел или, барем, да истражи на интернет. Аристотел ја темели својата политичка мисла на критика на демократијата и ја брани идејата на аристократскиот/монархистички поредок.“
 Македонските кралеви кои подоцна станале и персиски шахови власта ја практикувале тотално недемократски. Александар, а и татко му, отворено се однесувале деспотски и тирански, а нивното кралство и немало некаква робовладетелска демократска традиција како некои грчки градови-држави или Рим. На пример, додека слободата на говор била една од основите и на античките демократии, Александар во една прилика со своја рака го убил еден од најблиските пријатели, Клит, затоа што му пререкол. 

Треба да поверуваме дека во античко време луѓето зборувале на денешен македонски јазик само користеле комбинација на писма од тоа време и од иднината? Кирилицате е измислена повеќе од 1000 години подоцна.


Дополнително нелогичен е и начинот на претставување на „поучниот“ натпис со измешани 3 писма: латиница, кирилица и грчко. На релјефот е прикажано и сонце кое личи на античко македонскиот симбол кој би требало да има 16 краци, но ова има само 8.

Релјефот на предната страна на истото подножје на статуата на лав.

Релјефот на спротивната страна, свртена кон коловозот на бул. Гоце Делчев.



24 October 2012

Препорака за блогери: Ставете банер од #АМАН

Во знак на поддршка за движењето АМАН, го поставувам следниов банер во мојот блогрол. Сторете го и вие истото ако сметате дека поскапувањата што се под контрола на државата се неоправдани и треба да се развијат и спроведуваат транспарентни и отчетни механизми за добро владеење.


Линкот на банерот е препорачливо да води кон настанот на Фејсбук, а повеќе информации за движењето има на нивниот блог Граѓанска иницијатива АМАН и на твитер преку хаштагот #АМАН.

Башка, блогов беше меѓу првите што извести за протестите на македонски (Блогспот, Блогерај) и англиски јазик.

12 October 2012

Интернет мора да падне - наредба од Штабот на Комитетот | #член16

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај:  Интернет мора да падне - наредба од Штабот на Комитетот | #член16
- English: Macedonia: The Internet must Fall - an Order from the Committe HQ | #член16


Потплати, откупи, присвој, заплаши или ако не може, уништи постоечки медиуми. Отвори портали „кои често објавуваат навредливи информации и директни напади на поединци, фирми, компании“. Спроведувај хајки против неистомисленици - лажни лустрации, дискредитации, чистки. Не спроведувај Кривичен законик кога твои пропагандисти со говор на омраза поттикнуваат раздор и меѓуетничка нетрпеливост. 
Доведи ја ситуацијата со слобода на изразување до бедно ниво.

Потоа објави „решение“: Интернетот „мора да се регулира“!

Накратко: Унгарско сценарио во банана-држава.

***


Затоа што со новите законски „решенија“ опфаќаат поттикнување цензура преку законот за навреда и клевета, измени на Кривичниот законик со кој се намалуваат казните за говор на омраза и ограничувањето на можностите за работа на странски дописници... Дознајте повеќе за напорите на активистите од Македонија кои настојуваат законодавниот процес да се постави на демократски основи и приклучете се!






10 September 2012

Скопје 2014: Утната година на изградба на зградата на МНР

Дали кога се подига зграда на неа се пишува годината кога била замислена, или кога била изградена? На новата зграда на МНР, дел од Скопје 2014, стои римскиот број MMIX = 2009, а сега е 2012 година и уште се гради...

Зградата на МНР во изградба, 18 август 2012 година.

Според фалшливиот натпис, стои дека зградата е изградена
во MMIX, односно 2009 година. Ретроактивност?
 Бесплатна поука за безмилосните фушерајски трошители на народни пари:
  • 2012 = MMXII
  • 2014 = MMXIV

Оваа математичка неписменост како да се надоврзува на неписменост во врска со користење на латинскиот јазик на споменикот „мала копија на Бранденбуршка порта“ со четири коњи, односно случајот со Justicia (вид цвеќе) наместо Justitia (правда).
Бонус: Погледот на Камени Мост, симболот на (старо?) Скопје.

Други луѓе укажуваат дека зградата на МНР покажува и други примери на некомпетентност од видот „покондурено сељаштво“ преку статуите (ФБ):

15 August 2012

Протести против поскапувањата во Скопје и Битола

На 14 август 2012 година во Скопје и Битола беа одржани истовремени протести за укинување на одлуките на Регулаторната комисија за енергетика заради кои граѓаните на Македонија треба да плаќаат повеќе пари за струја, гориво и парно греење. Мото на мултиетничките протести беше извикот Аман! и на секој од нив се проценува (1, 2) дека учествуваа по околу 2000 луѓе. Учесниците изјавуваа дека ова е сериозна бројка за прв протест, организиран само преку Фејсбук и Твитер (#АМАН, претходно #струја), без поддршка на други структури и за време на летните одмори, кога голем број од населението е отсутно од овие градови.

Аман! Протест во Скопје - транспаренти, камери
На почетокот на протестот Аман! во Скопје, учесник зборува пред камери. Во позадина транспаренти со цитат од Кочо Рацин, на турски „Исклучи го телевизорот/вклучи го мозокот/исклучи го звукот/пушти глас!“ и  „Пази да не видат твоите дека твиташ на скапа струја!“
 Меѓу контроверзните одлуки на „независната“ комисија, чии членови ги има назначено семоќното мнозинство во Собранието се и укинувањето на периодот на поефтина струја во текот на работните денови и воведувањето обврска за плаќање еден вид арач по квадратен метар стан на скопска Топлификација дури и од луѓето кои немаат склучено или имаат раскинато договор  со нив. Еден од мотивите за поскапувањето е тоа што со зголемениот приход од ДДВ ќе се поднаполни државниот буџет кој постојано се празни преку разни преценети градби, фасади и споменици, како и за плати за пренатрупаната јавна администрација - 164 илјади службеници за 2 милиони жители.

(Додаток: Еден анонимен читател ми прати линк до сајтот на Собрание кој покажува дека актуелниот претседател на РКЕ, за кој Утрински весник вели дека е кадар на најголемата владеачка партија, е избран на 60 седница на Собранието од 15 јуни 2009 г., без расправа, со 56 гласа за, без против и без воздржани. Ме интересираше дали меѓу тие што гласале за имало и претставници на опозицијата, но ПДФ-документот со резултатите ми е нечитлив, има некоја грешка во конверзијата.)   

Аман! Протест во Скопје - луѓе чекорат по бул. Климент Охридски
Аман! - протест во Скопје,  чело на поворката на бул. Климент Охридски со транспаренти на македонски и албански јазик

Ден пред протестите, блогерот Кирил Ефремовски напиша:
Повеќето од нас знаат дека цената на електичната енергија е инпут во секоја економија. Зголемувањето на цената на истата повлекува низа поскапувања кои многу наскоро (во септември) ќе ги почуствуваме сите, а најмногу ќе страдаат оние со најниски примања. Дополнително, од денес ќе плаќаме и поскап бензин (за еден месец поскапе скоро 15%) чија цена нужно ќе предизвика дополнитени поскапувања. Дали ќе останете рамнодушни на сето она што веќе почнува да се чуствува? 
Истиот ден, беше најавено дека наскоро ќе поскапи и лебот, а и дека ќе има нови задолжувања.

До сега, немам чуено за одговор од властите на барањата од граѓаните. Официјално ги игнорираат, во комбинација со тактика до сега беше да ги темпираат поскапувањата во сред одмори и да пуштат пропагандна офанзива за одвлекување внимание со лустрацијата, или замајувања со споредби со други земји од нивните мегафони.

Организаторите најавуваат дека протестите ќе продолжат и наредниот вторник.

Во продолжение следат уште фотографии од протестот во Скопје и линкови кон други извори.

Аман! Протест во Скопје - подготовки од птичја перспектива
Народот се собира пред почетокот на протестот во подножјето на Триумфалната Капија и „под нозе“ на зградата на ЕВН

Аман! Протест во Скопје - транспаренти, ГТЦ
Транспаренти: на албански „Исклучи го телевизорот, вклучи го мозокот...“ и „Доста е! Аман!“, а и на македонски, плус „Парите не се проблем/Пари нема!“... „Струјата моли/не пали ме/ќе те боли!“.

Аман! Протест во Скопје - плоштад
Поглед од под триумфалната капија Порта Македонија

Аман! Протест во Скопје
Придвижување кон оближниот влез на зградата во која е сместена Регулаторната комисија за енергетика.

Аман! Протест во Скопје
Чукање на портите на Регулаторна.

Аман! Протест во Скопје - реклама
Поворката поминува покрај реклама со натпис „Воздржи се ако можеш“
Аман! Протест во Скопје - улица
Народот оди по бул. Димитрије Чуповски

Аман! Протест во Скопје
Поворката се движи по бул. Климент Охридски кон Владата.

Аман! Протест во Скопје - леток
Леток за протестот закачен на излог на пропадната аптека на бул. Климент Охридски. Налепниците известуваат дека локалот се издава и дека претходно аптеката соработувала со државниот Фонд за здравство.


Аман! Протест во Скопје - Илинденска б.б.
Раскрсницата пред Влада. Дел од поворката е преминат на бул. Илинден...

Аман! Протест во Скопје
...додека останатите се на бул. Климент Охридски.
Аман! Протест во Скопје - Влада
Поминување пред Влада. Наскоро фасадата ќе била заменета со барокна.


Линкови (ако знаете и за други, особено на блогови и други јавни веб-сервиси, додадете линк во коментар или со линкбек кон овој пост)