Блекаут

Showing posts with label Боза. Show all posts
Showing posts with label Боза. Show all posts

24 November 2013

Бозата и ќебапите во Сараево

Во споредба со скопската (од „Апче“ како репер), сараевската боза е со посветла боја, со наклонетост кон жолта.  Вкусот е малце покиселкаст, не оди во насока на оној пченкарен заостанат вкус во задниот дел на устата како бугарската. По текстура е слична, но не толку густа. Цена на чаша што кај нас се вика средна е 1,5 марки - околу 0,75 евра.

Боза во Башчаршија
Сараевските ќебапи се прилично слични на скопските. Најпозната ќебапчилница е „Жељо“ во Башчаршија, а наводно е и најскапа. Работниот народ од тој крај јаде во други - ги има многу во околината, иако во нив и ќебапчињата биле нешто помали.

Надвор од Башчаршија, најпрепорачлива е кебапчилницата „Змај“, веднаш до Железничката станица. Цена за десет ќебапи со лепиња и кромид и јогурт (локален обичај) е 7 марки, односно 3,5 евра.

Ќебапи во лепиња со кромид и јогурт во „Змај“

14 April 2007

Пијте боза, светски пијалок. А не оние штетнине...

Гуд Бајтс го превел на македонски познатиот текст за тоа што им се случува на нашите тела при пиење Кока-Кола - не многу убави и здрави процеси.

Заклучок: Пијте боза!

Според анализата на „Вефа бозаџиси“, 1 литар боза има 1000 калории, витамини A, C и E, како и четири вида витамин B, како и млечна киселина која го помага варењето.

„Вефа“ е најпознатата бозаџилница во Истанбул. Ја прават бозата малку поинаку од нашата, но методот и крајниот резултат се слични. Нивната боза е жолта а не сива, погуста и не толку блага како на пр. од „Апче“, но претпоставувам дека се на слично ниво со благотворност.

Инаку, фирмата „Вефа“ е основана 1876 година, од Албанецот Хаџи Садик Беј, а денес ја водат неговите потомци. Имав прилика да го посетам локалот (на сликата) минатиот викенд. Се наоѓа во близината на прекрасната џамија Шехзаде и најлесно се стигнува преку нејзиниот двор. Во околина се и средното школо (лицејот) Вефа, а не многу далеку е и античкиот аквадукт. Атмосферата е многу гостопримлива и тврдат, автентична како и во времето на Хаџи Садик.

22 January 2007

„Дневник“ ја прогласи бозата за пиво

Еден фрапантен пример на преведувачка недоветност е написот во „Дневник“ (20.01.2007) Од бугарското пиво „боза“ растат градите?:
Поради влезот во ЕУ се укинати царините и даноците за алкохол, па затоа мажите од Унијата побрзаа кон Бугарија да купат од познатото пиво „боза“, од кое наводно растат градите.
Имено, некоја странска агенција известува за бозата (Breast-boosting beer) и „Дневник“ го презел написот. Веројатно оригиналниот автор, пијалалоците што се добиваат со ферментација ги смета за пиво, па така ја опишал и бозата.

Арно ама, секој балканец кој не паднал од Марс и не е недоделкан македонски преведувач или преведувачка, знае дека бозата не е пиво. Но, зошто здравиот разум да застане на патот на буквалистичкото преведување, нели?

Макар што тоа значи скрнавење на сите наши идеали. Ех Цезо, Цезо, за што се боревме, за што BozDay славевме... А на цела редакција на „Дневник“ им препорачувам забрзан курс на тема „Што е боза“ во слаткарницата Апче, карши Универзална сала.

Исповед: тоа за градите го сметам за жива вистина. Од моето ограничено искуство, сите жени што сум ги сретнал досега и што сакале боза биле со прекрасни гради!